Author: Darko Çekerovski

  • Во Македонија се што расте е чудесно – Балкон3 интервју со Златко Гал

    Во Македонија се што расте е чудесно – Балкон3 интервју со Златко Гал

    „Да јадеш само интегрални житарици, некои зелени листови, да пиеш Евиан вода и трчаш 50 километри дневно. Ебати таквиот живот, не е тоа живот“ – Балкон3 интервју со Златко Гал, хрватски новинар, коментатор, еден од највлијателните рок критичари во Хрватска, легенда. Љубител на убавата храна и готвењето, убавината во едноставноста, па за оваа втора или прва страст (готвење па музика или музика па готвење) има напишано и повеќе книги, кои по правило, без разлика дали пишува за храна или музика стануваат бестселери во Хрватска.

    zlatko gal1

    Автор на повеќе книги од областа на музиката и готвењето, како Големата светска рок енциклопедија, Музички лексикон, Бродски кувар, Кушај и слушај, итн.  Главен адут на Балканот и на Македонија во светот на храната се чудесните зеленчуци, мирисот на доматот и пиперката се незаменливи, вели човекот страствен поклоник и изумител на стилот „Кушај и слушај“. Вели дека имал среќа, а ние не му противречиме.  И како не би имал, кога работата ти е секојдневно поврзана со квалитетна храна, добра музика, море, риба, вино.. „Да јадеш само интегрални житарици, некои зелени листови, да пиеш Евиан вода и трчаш 50 километри дневно. Е..ти таквиот живот, не е тоа живот“, е тоа е ставот на Златко Гал. Разговаравме по фестивалот за музички документарци во Стариград Пакленица, за храната, за музиката, за новите текови во новинарството, за нив како општествени феномени, за Балканот, за Македонија, за Хрватска, за Далмација..

    Музиката и храната се вашиот живот, тоа е она што го работите. Што го привлекува вашето внимание на тој план во последно време?

    Јас велам дека сум среќен, всушност .  Завршив историја на уметност и пишував некои петнаесет години и критика и аналитика паралелно. И всушност тој апарат на ликовна критика го пренесовме на рок ен ролот бидејќи тоа се работи на ист начин, односно на еден начин го форматиравме тој начин на пишување, за нешто што е наизглед  тривијално, но на јазикот кој го користи една уметничка дисциплина. Реков дека сум среќен човек, со едно формално образование, сите свои пороци, хобија и интереси  навистина ги живеам, еве веќе триесетина години.  Оваа година навршуваат 35 години во кои секоја недела објавувам барем една рецензија. Така што, тоа ме прави некој светски првак,бидејќи некои мои јунаци од Америка и Англија, големи критичари, веќе одамна не пишуваат како критичари, пишуваат големи воведници, стории, но веќе не пишуваат неделна музичка критика и не ја следат продукцијата.

    Гастрономијата, секако е мојата втора страст, ако музиката е прва, гастрономијата ми е втора страст, или може и обратно, зависи како се гледа. И тоа всушност логично се испреплете едно со друго. Јас првата книга на темата гастрономија ја објавив пред едно десетина години, сосема случајно. Од мрза не ги запишував сите тие рецепти кои ми паѓаа на памет, туку почнав  да фотографирам сам за да се сетам што сум готвел пред пар месеци и да правам само по некоја белешка како запис, во еден нотес, па ќе ставев некоја напомена… И така се собра толку многу материјал.. Така, тој прв кувар го напишав случајно, кога се собра толку многу материјал и фотографии, и мислев дека тоа нема кого да интересира, мислев десетина ако се продадат, ама ете се продадоа десетина илјади, па потоа дојде втората книга и третата и така одеше по ред. Паралелно со тоа пишував и книги за рок музиката и музичките феномени.

    Rock enciklopedija Gall

    Бидејќи сум роден 1954 година, само неколку месеци по снимањето на првиот албум во студио на Елвис Присли, ајде да кажеме службениот почеток на рокенролот. Така јас на 50 годишнината од рокенролот и за својот 50 роденден го објавив првото издание на „Големата светска рок енциклопедија“ , тоа беше некаде три и пол илјади картици текст. И таа енциклопедија на одреден начин се роди случајно, бидејќи јас си замислував дека по 30 години од тој стаж на критичар дека имам доста материјал да можам да напишам енциклопедија. И по година дена сфатив дека тоа е една крвава работа, но беше веќе глупо да се откажам, тоа е како кога еден пливач ќе дојде до пола пат и мора да плива до крај инаку ќе се удави. Така направив и јас и тоа пишување траеше три години и тоа секојдневна работа по осум часа. И ги нема тие пари на светот за кои тоа јас повторно би го направил, некој сега да ми понуди и јас да правам нешто слично. Но добро, тоа излезе, па излезе второ издание кое се продаде во 45 илјади примероци и потоа поминаа уште три-четири години и потоа за друг издавач, на нивна желба работев некои дополнувања, така што тука се направија некои книги кои одлично се продаваа, па тоа повлече некои други работи. Така тоа оди кај мене случајно повторно. Кога се правеше новиот речник на странски зборови во Хрватска, ново издание,  мене ме ангажираа за дефинирање на тие поими поврзани со поп културата, ликовната уметност, популарните феномени, рок, џез итн. И бидејќи не сум енциклопедист, или лексикограф јас не знам да пишувам кратки, скратени дефиниции, па јас онака сељачки за себе напишав поголеми дефиниции, по картица или картица и пол, па потоа ги кратев додека не дојдев до некои одредени дефиниции. Кога тоа излезе сфатив дека има некаде триста или четиристотини картици текст, јас дефинирав некои поими и во истовреме се роди тој Појмовник на популарна музика. Исто излегоа три изданија во последните две години во кои се обидов да дефинирам маса поими кои луѓето и оние внатре во струката речиси заборавиле што значат, како на пример што е бекбит, дефинирање на инструментите, како работи педал стил гитарата, што е тоа dub, е тоа two step, што е тоа електронска музика со сите тие жанрови.. и тоа исто така добро помина и тие книги уште доста добро се продаваат, и така јас од една страна пишував за гастрономија, од друга страна за рокенрол и еве тоа исполни некоја моја темелна желба, секако покрај секојдневното пишување, бидејќи јас сум во прв ред новинар.

    zlatko gal3

    Како ги коментирате се поприсутните ставови кај младите, како да се фалат со тоа да кажат дека не знаат да зготват, или знаат само јајца да испржат?

    Мислам дека тоа е глобален феномен, дека и денеска готвењето од една страна е фенси шменси, ептен hype, како маж да не знае да готви е исто како жена да каже, не дека не знае да смени осигурач, туку не знае да вклучи компјутер или свари кафе. Тука работите се сменија, мислам дека постои феномен кој е значително поширок. Во подоцната јапиевската фаза одеднаш се создадоа некои супер богати млади луѓе, кои кога дојдоа на прагот на 30 години сфатија дека е бесмислено да имаш 20, 30 или пар стотици милиони долари, а да јадеш само интегрални житарици, некои зелени листови, да пиеш Евиан вода и трчаш 50 километри дневно. Ебати таквиот живот, не е тоа живот. И тогаш полека, најпрво во Америка, повторно почна да се враќа, црвеното месо, вистинскиот стек, одлежан стек, блек ангус итн.. и некако повторно таа гастрономија, уживањето во гастрономијата, тој некаков хедонизам го замени тој испоснички минимализам животен на таа прва јапиевска генерација. Секако, тој феномен ќе го немаше без масовните медиуми и изобилствотро од гастрономски емисии, програми како 24 hours kitchen, во поново време или феноменот на Џејми Оливер, или локални емисии во поголемиот број земји, и денеска гастрономијата тоа е една топ тема, и исто кај нас и дури на сите простори кај нас тука има се и сешто, во еден плимен бран во кој има и нешто врвно, а сега пак има има и нешто што се шлепаат на овие помодни трендови.

    zlatko_gall_darko22_balkon3

    Каде се спојува медитеранската и ориенталната кујна, ние сме на таков простор, каде се допираат овие две познати кујни, кои се сличности, разлики?

    Мислам дека е невозможно кога се зборува за овие простори на поранешна Југославија да се направи цврста разлика. Ајде да речеме дека тука е границата  кога станува збор за поранешна Југославија некаде северозападна Хрватска и ридскиот дел од Словенија, тој дел е изложен на силно влијание на Медитеранот. Но во тој Медитеран има повторно се и сешто. Кога ќе кажат Медитеран обично луѓето мислат на оние црвено бели коцкасти чаршафи на масите, шише вино Кијанти (Chianti), и шпагети на маса, но тоа е помалиот дел од Медитеранот. Поголемиот дел од Медитеранот е всушност Западна Африка, односно целиот потег кој во суштина во гастрономска смисла е дел (изданок) од Ерменската кујна. Луѓето кои сериозно се занимаваат со феноменот на гастрономија велат дека Арменците се заслужни за се, а секако Турција ја прошириле. Тоа е големата Отоманска империја која под една капа ги донела и далекуисточните зачини и маслиновото масло и рибата и јагнешкото, и се она што чини некаква основа на гастрономијата и на овој дел од Медитеранскиот и од арапскиот дел, и во Грција, во Македонија, Далмација, Турција секако, тоа се се совршени зеленчуци од кои се прават различни варијанти, и кои се клучен сегмент на медитеранската кујна. Во Хрватска работите се можеби малку повеќеслојни затоа што на еден релативно мал простор се мешаат три главни цивилизациски влијанија. Од една страна е тој, реков, Отомански дел од Медитеранот, медитерански,   Второ е влијанието од Венеција, јас велам Венеција е таа инка на Медитеранот, некоја точка во која се наоѓаат сите можни влијанија, и француски, континентални европски и целиот медитеран поради трговијата. А Венеција пресудно влијаела врз Далмација, Далмација стотици години била дел Венеција. Сепак не е занемарливо и влијанието од Австроунгарија, тој континентален дел, кој донесува нешто свое, кога се зборува за Далматинската кујна таа е спој на медитеранска и турска компонента. И тоа е величенствено на толку мал простор да има толку многу различности. Еве кога зборуваме за Далмација, од место на место на еден остров има различни варијанти на тие некои автохтони јадења, а тие се повторно некое месо, говедско со маслиново масло, со домати.. И тоа епредност на сите овие простори. Повторно кога го гледате тој дел, Македонија, јужна Србија, Босна и Далмација, и Истра секако, а северозападна Хрватска нема толку влијание. Тоа е незамисливо како на еден мал простор има толку многу различна гастрономија, колку влијанија има, колку јадењата се посвоени и прилагодени на локални намирници и локални обичаи.. Тако што всушност, живееме на еден фасцинантен гастрономски простор, но како што е и вообичаено за нашите земји, за тоа не сме свесни, мора некој од надвор да дојде  и како нешто да ни покаже, ако и тогаш сфатиме што….

    zlatko gal_kniga_balkon3

    Ја познавате ли македонската кујна. Што сакате најмногу од македонската кујна. Не знам дали знаете но, кај нас најмногу се зборува за скара, поретко се знаат вистинските домашни и автохтони јадења..?

    Целата приказна  е во таа таканаречена ерменско либанско турска кујна, односно таа арапска кујна. По што е таа  во суштина позната? Значи не се јаде свинско, и тука голем дел од тие сувомеснати производи може да се тргнат, се јаде јагнешко,главно е тоа. И, веќе тука приказната со месото толку не штима, како што е за разлика од ова, приказната со француската кујна во која се јаде се што лета, ползи, оди на четири или две нозе, тие од се имаат направено гастрономија.. И што тогаш останува?

    Останува во суштина најдоброто кај македонската кујна а тоа се сензационалните зеленчуци. Значи, она што е број еден предност на Македонија е тоа што се што расте е чудесно.  И вкусовите и мирисите на тие домати и пиперки, мислам, јас би се давел во тој зеленчук. Зошто тој зеленчук е толку добар? Тоа повторно влече паралела, слична приказна со Далмација и островите на кои луѓето целосно заборавиле на овие зачини, самоникнати билки кои можат да се киселат, сушат, чуда да се прават со нив, се што расте во поле е извонредно, и тоа на нас некои Англичани Американци ни го откриваат повторно она се што сме заборавиле. Мислам дека тоа се случува на сите овие простори, и дека всушност онаму каде што сме најјаки, каде што сме свои, каде што имаме врвни намирници (производи), тука ние заостануваме, односно не го препознаваме тој квалитет. Денес секој може да нарача некој кувар, книга за готвење, секој хотел ако има доволно пари може да најми врвен шеф, но она што не може да го добие е да подготвува јадења од намирници кои растат кои се тука во тгвоето опкружување. Е тоа е она што е сензационално. Значи, на просторите како што е Македонија, slowcooking, slowfood,  би требало да биде нешто што е логично. Слоганот, кога Карло Петрини го почна слоуфуд прокетот, слоганот беше: „Нека патуваат луѓето, а не намирниците“. Зошто јас би јадел провансалска трева, зачини од провансалски треви во Далмација или во Загреб кога ние тука имаме , еве на ова поле тука, ќе ги набереме истите тие треви. Значи зошто би јадел пиперка од Холандија кога имаме домашна која е подобра и тука расте. Значи да се јаде тука, каде што таа расте. Ама ете, ние не сме толку паметни како овие другите и среќа наша е што ние не сме биле некоја голема земјоделска индустриска сила во Југославија така што нашата земја се уште не е затруена, постои домашно семе кое е далеку пдообро од се штои е создадено во лабораторија. Така што има шанси за нас, но ако сме доволно паметни тоа да го препознаеме. Тоа важи за сите земји од поранешна Југославија.

    gall18

    Да ве прашам сега како новинар за состојбите на Балканот, како субјективно ја доживувате објективната реалност со медиумите на екс  Ју просторот?

    Секако денеска е илузорно да сезборува за објективноста во медиумите, порано тука биле некои партиски комитети, денеска тоа се корпорациите. Значи во Хрватска сосема сигурно во медиумите можете да  го растурите, навредите, исплукате претседателот на државата, премиерот, претседателите на сите партии, но никој нема да се осмели да ги нападне претседателите на три-четири најмоќни корпорации. Медиумската слобода е релативен поим и мислам дека никаде во светот не попстојат апсолутно слободни медиуми, но она што е очигледно е дека не само кај нас туку во светот, новинарството е професија која се урива. Која овде е урната не само поради распадот на Југославија и поради распадот на еден систем, па потоа тие војни, тие срања кои се случуваа на сите нивоа, тие два милиони партии кои имаат едно заедничко, кој и да дојде на власт сака што попрво да испокраде, воопшто не е битно кој, што од каде е. И тоа е всушност нашата стварност. Но наша стварност е и тоа што новинарството како занает умре. Јас не знам дали се уште постоат редакции, зборувам за печатените медиууми, да речеме големите весници кои го имаат оној синџир без кој не можеа да функционираат медиумите. Имаше новинар, потоа некој редактор, па уредник, па лектор, па главен уредник, па потоа се одеше во печатница, па потоа тука имаше некој кој се викаше логичен читач, тоа се оние махери кои би фрлиле само еден поглед на страницата и би забележале каде е грешката. Постеше цел синџир кој проверуваше некоја грешка, некоја глупост, грешен потпис под некоја слика  да не излезе. Денеска тоа, кога зборуваме за занаетот,  го нема, денеска новинарството е апсолутно потценето, и мислам дека во тој корпоративен свет денеска, важи истото правило за кафани за самопослуги и за новинари. Секогаш ќе се најде некој што ќе го довлечеме од улица што ќе пишува за 100 евра. Бидејќи невработеноста е голема, квалитетот не е воопшто битен. Зошто некој да плаќа една две илјади евра кога може да плати некого од улица и да му плати 100 евра, па ако тој не чини ќе дојде друг, ќе дојдат други десет.

    zlatko_gal13_paklenica

    Како почна приказната со Филсмкиот фестивал во Стaриград Пакленица?

    Да, јас требаше да бидам и дел од жирито од првата година, ме повикаа Никша Братош и Чули (Адмир Чулумаревиќ, директор на фестивалот), но јас веќе имав договорено нешто некои хотели авиони, Берлин и така ја прескокнав првата година. Пакленица првенствено е една пријателска приказна. Сите луѓе кои се овде околу фестивалот во Пакленица се всушност пријатели, кои и инаку се дружат. Според мене, Пакленица е многу повеќе од дружење и пријателство но според мене токму таа компонента на дружење  и неформалност му дава шарм на Фестивалот. Тоа е единствен фестивал, без протокол, дури и во Мотовун има некој протокол, без црвени ќилими, иако се работи за сериозни режисери и луѓе кои се занимаваат со филмската продукција, музичките документарци. И она што всушност е шармантно е што овој фестивал е едно опуштено дружење, прилики да се видат некои сјајни филмови и луѓето меѓу себе да се дружат. Без некакви церемонијални протоколарни рамки и формалностии.

     

    zlatko_gall_darko44_balkon3

    Дарко Чекеровски

  • Македонец готви викингшка храна во Норвешка

    Македонец готви викингшка храна во Норвешка

    19 работи што треба да ги знаете за скандинавската кујна – Интервју со шеф Трајче Кралев од Свети Николе, кој со години подготвува специјалитети во ресторан во Норвешка

    Trajce Kralev_balkon3

    Како дојдовте на идејата да заминете за Норвешка? Тоа не е земја која е на врвот на списокот за заминување на работа во странство. Барем што се однесува за Македонците.

    Па добро, можеби не е земја која е на врвот за работа но сепак е навистина прекрасна земја и може да се научи многу, но и секако да се заработи. Норвешка за нас Македонците и не е баш позната земја, на почетокот потоеше во мене некоја неизвесност дали соодветно ке одговорам на зададените обврски околу сканднавската кујна , некои нивни специјалитети, дали соодветно ке се вклопам во нивниот менталитет, но тоа беше само почеток, сега е навистина супер.

    Имавте ли некој тест на работа пред да ве примат, на пример требаше ли да зготвите нешто, па тоа некој да го оцени? Како течеше тој процес?

    Претходно имав некои подготовки, беше потребно да имам барем мало познавање од скандинавската кујна и некои нивни специјалитети и јадења да ги научам, што и не беше така тешко за мене. Секако кога отидов таму имав некои така да ги наречам „предизвици„ преку подготовка на јадења од моја страна кои што многу успешно ги поминав.

    Како ве прими Норвешка? Норвежаните, воопшто Скандинавците овде уживаат имиџ на воздржани луѓе, што со странци потешко остваруваат другарство, блискост?

    Да, уживаат имиџ на воздржани луге. Јас навистина имам добро искуство, со нив контактирам , се дружам , но сепак мислам дека е многу важен пристапот кој што го имаш, тоа ја каректеризира твојата личност а тоа секако се гледа и забележува.

    Од почеток ли работите на исто место или веќе сменивте работа?

    Не, уште од почетокот сум на едно место односно сум во „Hanko Fjordhotell & Spa“ и сега во моментов не планирам да менувам ниту место ниту позиција ххахаха. Се шегувам сега во моментов сум тука но не значи дека постојано ќе бидам ,можеби ке сменам град, ресторан, не знам времето ќе ги донесе промените кога ќе се створат услови за тоа.

    hanko_balkon3

    Што го привлекува вашето внимание најмногу во последно време, што е предизвик да се готви во Норвешка?

    Па не знам, некако во последно време постојано сакам да приготвувам специјалитети кои што не се карактеристични за нашето поднебје. Се трудам секогаш кога ке научам нешто ново да го надградам сето тоа на мој начин.

    Што јадат најмногу Норвежаните? Претпоставувам дека рибата зема важно место во исхраната на луѓето во сите скандинавски земји?

    Нема збор дека рибата е нивниот најнационален продукт. Без оглед дали е сушена, сирова, солена или преработена. На нивните трпези преовладуваат чаден лосос, харинга, сушен лосос, бакалар, сардела и многу други. Исто така рибите ги обработуваат и со додавање на шеќер, оцет и други состојки. Покрај рибата тука се школките, ракот, но и многу специјалитети поврзани со морската храна.

    Можам да кажам дека Норвешка е еден од најголемите консументи на млеко и млечни производи.  Интересно е што произведуваат благо козјо сирење, кое се нарекува Бруност, како и Геитост – козјо сирење со благ вкус на карамел.

    brunost

    Освен рибата кои други специјалитети можеме да ги издвоиме како препознатливи за Норвешка?

    Па вака, мислам дека по консумација на месо заостануваат во однос на другите развиени земји, но сепак кај нив се јаде егзотично месо како она од елен, лос и фазан. Најчесто месото го јадат со сос од павлака.

    Според зборовите на норвежаните, јагнешкото месо кај нив е едно од највкусните меса на светот. Еден од специјалитетите кои се подготвуваат со ова месо е Фарикал. Станува збор за варено јагнешко месо со зелка и бибер. Друг специјалитет во кој подеднакво уживаат се сувите овчи ребра, кои се нарекуваат „Пинешот“.

    Норвешките десерти не заостануваат зад другите нивни специјалитети. Најстариот нивни десерт е „Гоме“ или десерт од млеко, јајца и кафен шеќер. Нивната торта Блоткаке со шумски плодови е еден од највксуните десерти на северот на Европа. Прават и еден вид на палачинки кои се познати како „Лефсе“ а ги подготвуваат од компири и по пржењето се посипуваат со цимет.

    tracje_Kralev4_balkon3

    Што се пие таму најмногу вино, жестоко, пиво?

    Па, добро квалитетно вино никаде не изоставува како пијалак па ни во Новершка не може да се прескокне. Вино не произведуваат и затоа пијат увозни вина. Кога станува збор за други пијалаци, тука е пивото и „Аквавит„ кој е жесток алкохолен пијалак и се прави од компир . Му се додаваат и зачини како анис и коријандер.

    Се јаде ли брза храна, каква е културата на исхрана таму?

    Брзата храна е насекаде околу нас. Ја има и во Норвешка но секако норвежаните се народ кои што сепак се држат до здравата исхрана.

    Патувате ли низ земјата, како се живее воопшто во Норвешка?

    Норвешка е една од најубавите места за живеење и работење,колку ми дозволува времето шетам и уживам во убавините кои се насекаде.

    Од култура, забава, ноќен живот, што би издвоиле како покарактеристично за Норвешка?

    Имаат специфична култура, префинет народ, малку скржав на емоции хахахаха, ама Норвешка е прекрaсна и богата земја и не може да нема фасцинантен и убав живот, но, морам да потенцирам и скап.

    Trajce_Kralev2_balkon3

    Имаат ли слушнато во Норвешка за некој македонски производ, можеби за вината, оваа гранка и компаниите производители во последно време доста вложуваат во реклама, маркетинг?

    Мислам дека како држава треба уште многу да вложуваме во многу наши вистински македонски производи за да можеме да станеме препознатлив бренд на пазарот. Сепак не можам да кажам дека не се сретнуваат македонски производи, има да, но во мали количини. А што се однесува за вината, претежно се од италијанско и шпанско потекло.

    Што мислите, што е најважно, што треба да направи еден производител на храна, да го направи познат својот производ, да направи бренд?

    Квалитет, квантитет, цена, транспорт, сето оваа обвиено со реклама, плус разработени дистрибутвни канали. Тоа заедно би можело да доведе до почетен тек до создавање на брендот.

    Што е најважното да се зготви едно добро јадење, да ги импресионирате и претпоставените шефови но и гостите? Дали е тоа можеби оригиналноста на рецептот, или квалитетот на состојките или пак нешто друго?

    Секако дека квалитетот на состијките споени со добар рецепт играат главна улога, но морам да нагласам дека готвењето со љубов е клучот за вкусен специјалитет J

    Tracje_Kralev3_balkon3

    Имаат ли допирни точки воопшто скандинавската и медитеранската кујна?

    Ми се допаѓа кога се мешаат различни кујни . Тоа секогаш е толку многу забавно и интересно да се најдат нови комбинации . Според мене Скандинавскате кујна е позната по чистиот вкус, едноставна е и СУПЕР здрава , а додека Медитеранската кујна е посложена, со мешање на повеке вкусови, здрава и СУПЕР вкусна.

    Им правите ли на гостите понекогаш некое македонско јадење на пример? Сте пробале ли, како реагирале?

    На гостите не сум, но сега сум во план персоналот да ги изненадам со наша Светиниколска пастрамајлија ……. па ке видеме, импресиите и некоментарите во следна прилика J

    Што најмногу ви недостасува од Македонија кога е во прашање храната?

    Од македонската храна најмногу ми недостасуваат традиционалните јадења кои ние така прекрасно и превкусно ги зготвуваме што мислам дека тие не би можеле толку идентично да ја доловат нашата кујна, па секое слободно време го искористувам за подготвување на македонски јадења.

    Имате семејство во Свети Николе, како остварувате комуникација, доаѓаат или доаѓате?

    Искрено со моето семејство сум постојано во контакт.Имам сопруга и петгодишна керка ,мајка, татко, сестра и секојдневно остваруваме контакти преку социјалните мрежи. Сега бев во Македонија , но секако наскоро и тие ке дојдат тука одреден период, да се запознаат со дел од убавините на Норвешка.

    Какви се плановите за во иднина? Искачување нагоре на лествицата за поодобра работа, можеби отворање сопствен ресторан?

    Во моментов сум задоволен со работата тука,но ми се допага и начинот на живеење.Не ја исклучувам можноста за да живеам тука со моето семејство. Насоката на движењето на животот е непредвидлива J.

    Се трудам да се надоградам со искуства кои би дале добар резултат во кариерата. Секако, имам планови кои не би ги открил сега J……… Којзнае , можеби во иднина и ресторан. Секој готвач има желба за свој ресторан каде ке може да се внесат сите специфични и одбрани специјалитети .

    Повеќе информации за Трајче Кралев на неговата фејсбук страница: https://www.facebook.com/Chef-Trajce-Kralev-1416154238664726/

    Дарко Чекеровски

  • Балкон3 интервју со Горан Гајиќ, режисер на „Како пропадна рокенролот“ и „Ќе се вратат штрковите“

    Балкон3 интервју со Горан Гајиќ, режисер на „Како пропадна рокенролот“ и „Ќе се вратат штрковите“

    Have Gun – Will Travel! goran_gajic1_balkon3Горан, Филмот и музиката се ваш живот, всушност и нема ништо што би можело поблиску да ве опише. Па, како живеете?

    Лудо и брзо, хахаха   Живеам нормално, се е тоа нормално и тоа е дел од мојата работа, и тие две работи се многу сродни, така што што всушност и чинат една работа. Во филмот ужасно многу е важна музиката, односно еден од најважните елементи, па и филмот на музиката и носи некоја друга и трета димензија, и отвара уште некои врати, но музиката и филмот се тие два најдобри компањони кои постојат во животот.

    На која релација живеете, Америка, Европа, Балкан?

    Па јас цел свој живот сум фриленсер, односно работам кога имам одредена работа и што во Америка со филмски јазик на жанровскиот вестерн би рекле Have gun – will travel, што во секој момент човек мора да биде спремен да излезе од својот живот доколку таа работа не е врзана со местото во кое живеат. Како што тоа ужасно ретко ми се случува со мене, но и генерално со сите режисери да работат во едно место… Така што, мојот живот е патувања, едно два три пати годишно доаѓам во Европа и работам, тука беа „Штрковите…“, по нив работев малку реклами во Србија и тоа ми беше интересно, но и добар начин повторно да доаѓам over and over again..

    kako je propao r&r1_balkon3

    Колку години имавте кога го снимавте „Како пропадна рокенролот“, вашата приказна од овој филм?

    Па тоа беше за сите нас, и на Пезо и на Владимир Славица  и на мене дипломски филм, филм со кој дипломиравме и ја завршивме академијата, значи 1989 беше премиерата, 1988 го работевме, нешто повеќе од една година од како се случи таа смена во Авала филм, значи имав 26 години, хахаха..

    Што се случуваше тогаш, се сеќавате ли во какви услови се работеше филмот, какво беше опкружувањето?

    Па, атмосферата на снимањето беше одлична, работевме навистина со феноменална, професионална екипа, а тоа за нас дебитантите во тој момент беше од големо значење, оти тие ни даваа сигурност и не уверуваа дека се ќе биде во ред на крајот. Значи од таа професионална помош, па до тоа што имавме среќа да работиме со извонредни глумци на почетокот на нивните кариери.,… И така, за многу работи што се случуваа и на филмот, и со филмот после тоа , ние всушност не бевме свесни, но со времето се доби конотацијата, значењето, длабочината острината на тој филм..

    kako je propao rokenrol11_balkon3

    Се согласувате ли дека од една шега иронија, филмот стана потоа стварност, една страшна стварност…

    Да, да, да, ова, мислам тој филм можеби беше единствена шанса, за луѓето… да се запре таа работа, појава која токму тогаш беше на сам почеток и се подготвуваше.. Иако во тој момент не можам да се сетам точно како помина „Како пропадна рокенролот“ во кината, но таа цела варијанта беше многу и сега е многу присутна од сенка до сенка..

    Што ве привлекува денеска на Балканот, што ви го врти вниманието од музика, филм..

    Па јас сум од тука, и тоа се корените, без оглед на ситуацијата, и пред се пријателите, некој со кој сум израснал и на кој не треба многу да им се објаснува.. Многу време во Америка трошам во објаснување кој е кој, кој е што, од каде сум, што сум, што јас сакам, хахаха, тоа тука е далеку поедноставно.. Балканот исто така ги има и сите останати особини кои ужасно не нервираат, но кои на целата работа и даваат толку шарм и неодоливост, организација хаос, лудило, премногу алкохол, премногу тутун, хахаха,..

    Тоа е добро или лошо?

    Тоа е добро, тоа е добро, тоа е добро, хахаха

    vraticerode1_balkon3

    Ја работевте „Ќе се вратат штрковите“, страшно популарна серија која привлече разновидна публика, млади стари, рокери, народњаци.. каква е таа приказна?

    Па јас мислам дека и пријдовме на носталгијата.. поради тоа како почнав да работам на „Штрковите“, кога  Бјела (Драган Бјелогрлиќ) ми се јави и рече: Ајде дај нешто да работиме, и потоа повеќе од година дена го развивавме сценариото, но мене ми се чини дека клучна работа беше таа љубов која на некој начин ја издефинира.. не љубовта меѓу мене и Бјела, хахахаха,.. иако го  имаше и тоа, хахаха … Туку љубовта кон сето она што се овде случувало, кон луѓето, кон емоцијата, изгубените животи, кон изгубеното време, и јас мислам дека тоа е таа емотивна работа и одевме до крај во секоја смисла,.. Што се однесува до јазикот, веднаш ни приговараа дека премногу се пцуе.. и што се однесува до другите работи мислам дека тој еден чесен однос кон работатата донесе популарност.. И не само тоа, и фантастичниот перформанс на секој од глумците, неверојатни улоги направија во моментот кога издефиниравме што се работи и како се работи, после тоа се беше вистинско уживање, иако беше неверојатно физички тешко, бидејќи снимавме во релативно краток рок и со релативно тенок буџет.

    gacic_pezo_rasic_koja_balkon3

    Како почна вашата приказна со Филмскиот фестивал во Стариград Пакленица?

    Па, овде дојдов откако ме викнаа мене и Пезо (Зоран Пезо, режисер на првата од култните три приказни на „Како пропадна рок ен рол-от“), кој тука веќе е староседелец  и селектор на фестивалот, па се сетија и ја организираа таа јубилејна проекција 25 години од премиерата на „Како пропадна рок ен рол-от“. И самиот факт што ова е  се уште релативно мал  фестивал но со добра атмосфера и така специфично дефиниран, овој фестивал е фестивал на музичкиот филм кој опфаќа не само играни туку и документарни филмови и други форми.. Сето тоа многу ми се допадна, а и никогаш во животот не сум бил во Пакленица. Така ова беше прв пат и целосно сум фасциниран со националниот парк, карпите и тоа е навистина феноменално.

    Тука е сниман и Винету..

    Така е, Винету..Бидејќи живеам во Америка  (САД), кога на некого ќе го спомнам Винету, тие немаат поим за кого се работи, затоа што тие романи ги напиша Карл Мај, Германец, хахаха, кој никогаш не бил во Амереика, но можеше да напише одлична серија романи на кои јас израснав, ха ха ха..

    И глумецот Гојко Митиќ кој се прослави играјќи го Винету..

    Да секако и глумецот, и мислим навистина од таа страна овој простор е инспиративен, хахаха

    Ñ

    Кога последен пат сте биле во Македонија?

    Одамна, одамна, бев кога гостувавме со Весела телевизија, хахаха, а после тоа не бев ни на територијата на поранешна Југославија, повеќе од десет години откако отидов во Америка.

    Имате ли постојана врска со овие простори, што ве врзува?

    Имам, имам, како да не, пријатели, семејство, Мајка и брат што живеат во Загреб и сите останати таму, семејство во Белград, во Војводина..

    Во моментот што работите?

    Па во моментот имам неколку работи во различни фази. Напишав сценарио, всушност напишав роман по мое сценарио, хахахаха, тргнав по обратен пат, напишав сценарио и во еден момент изгледаше како да ќе се случи тој филм, и после си реков, чекај, што ако филмот не се случи, сакам тоа сепак на некој начин да остане и тоа да го кажам, да го изречам тоа што сакам да го кажам, и тогаш направив роман и почнав да пишувам.. И некако мислам дека се случи некоја добра чудна хемија повторно.. но ќе видиме..

    Извинете за моето незнаење, но како се вика тој роман?

    Не е објавен се уште. Не е објавен..

    А има ли некој работен наслов?

    Има, има се вика „Јас го носам твоето знаме“.

    Ух..

    Хахахахахаха…

    Зад насловот може сешто да се крие..

    Па тоа е, ова… роман што зборува за тоа што јас мислам дека е единствената надеж за некој напредок на човековото општество и оваа планета.. Бидејќи немаме далеку дотуркано за овие две три илјади години, колку што водиме сметка за времето, хахаха.. се работи всушност за борбата за лична слобода, и тој роман, приквел на војната во Југославија , на некој начин суштински објаснува зошто таа војна беше можна.

    gajic_furlan_balkon3

    Ваша сопруга е Мира Фурлан, не треба посебно да се претставува легенда на ЈУ филмот, со голема меѓународна кариера, имате и син..

    Имаме  син кој се вика Марко, има 15 и пол години, сака музика, компонира постојано, свири клавир, прави бит, соработува со разни рапери и тоа е единствено што во овој  момент го интересира, и мислам дека за сега ќе се занимава со таа работа. Во моментот бидејќи има 15 и пол години се наоѓа среде полагање возачки испит (се смее).

    А, да таму може со 16 години да се вози..

    Со 16 може да вози, да..

    Тоа само локал или..

    Не, не, може да вози секаде, само да има некој возрасен во колата.. иако по некој пат и ги пуштаат:)

    mira-furlan-e1320927681910

    Мира ја гледавме во мегапопуларната Лост, на што работи сега?

    Во моментот ја заврши првата од серијата шест филмови кои се викаат Space command, повторно science fiction жанр, во кој таа стана толку популарна, прво поради серијата Бабилон 5, која е култна science fiction серија, а потоа поради Лост, која е на границата на science fiction или некоја fantasy или како би можеле да го нарачеме или жанровски да го дефинираме.. Таа исто така пишува, напиша театарска пиеса, која се вика „Додека смртта не не раздвои“, и направена е претстава која ја режираше Мики Манојловиќ, и која што се игра во Белград, гостуваше во Загреб со голем успех, се надевам дека ќе гостуваат и во Скопје. Тоа е мала претстава со четири глумци, Мики Манојловиќ и три актерки, млади актерки. Пред тоа, напиша книга есеи за Америка која се вика „Тотална Распродажба“, и сега пишува исто така нова книга.

    MICHAEL EMERSON, MIRA FURLAN

    Да, да, се, само уметност не недостасува во вашето семејство, хахаха

    Хахаха, па да, се бориме колку можеме, еве можеби ја видовде и мојата книга „Холивуд и ја“, која зборува за тоа дека без оглед колку и да се обидуваат да не замолчат или игнорираат, и да не постоиме, човек некако мора, мора, мора, да се бори и да најде начин сам да направи нешто, ако не може нешто што чини многу пари, може да седне зад компјутер и да пишува, а ако нема компјутер, тогаш на парче хартија, баш како и Вие (се смее).

    Хахаха, Горане благодарам многу, навистина ми беше големо задоволство

    Благодарам и на вас, благодарам и секое добро и голем поздрав, многу сакам да дојдам во Скопје и во Македонија.

    Дарко Чекеровски

  • Финска најдобра, Украина и Русија најлоши за моторџиите

    Интервју со Константин Јовановски – прес офицер во Канцеларијата на Европската Комисија во Скопјеnordkap_znak_balkon3

    Константин Јовановски е прес офицер во Канцеларијата на Европската Комисија во Скопје. На работа секогаш во костум, насмеан, љубезен. Но ова интервју не го направивме да разговараме за реформи,за владеење на правото, за корупција и слични теми кои со десетици години ги дебатираме со Европската Унија. За Балкон3 поинтересна од неговата кариера како евробирократ е приказната на Константин, алијас Тино, како страствен моторџија. Има солидно моторџиско досие направено за само неколку години.. Па да почнеме со патувањето..arctic_circle_balkon3

    Неодамна возевте моторџиска тура и стигнавте речиси до Северниот пол. И тоа возевте сам? Какво беше патувањето?

    Па, доволно блиску до Северниот пол. Стигнав до најсеверната точка во Европа до која може да се дојде по копнен пат, Нордкап во Норвешка. И точно, ова патување го истерав сам, за среќа без никакви проблеми, но со прекрасни, прекрасни искуства.

    nordkapp2_balkon3 nordkapp1_balkon3

    nordkapp_balkon3 nordkapp5_balkon3

    Колку време траеше патот и која беше рутата на патувањето?

    Вкупно бев на пат 20 дена. Рутата водеше преку 12 земји, на одење преку Србија, Унгарија, Словачка, Полска, Литванија, Летонија, Естонија, Финска и Норвешка, а на враќање преку Шведска, Данска, Германија, Република Чешка, Австрија, Словенија и Хрватска. Се на се, 10,000 километри.mapa_nordkapp_balkon3

    Која земја е најдобра за патување на две тркала?

    Финска! Повторно, Финска! Ве плени во секој поглед, почнувајќи  секако од природата, па до неверојатно приемчивиот народ. Сепак, во секоја земја имате по нешто што ќе ви го одземе здивот: чистината на Бањска Бистрица во Словачка, внатрешноста на Шведска далеку од автопатиштата, непредвидливоста на Северна Норвешка. Но сепак, Финска е неспоредлива.motor_priroda_balkon3

    Сте имале ли одмерување на моторџиски сили и способности?

    Искрено кажано, не, можеби поради тоа што на мотор се качив на зрели години, над триесеттата. Лично, за мене возењето мотор претставува уживање, а не гледам некое уживање во тоа да ја ставате главата в торба.

    Од она што сме гледале по филмовите моторџиите обично се жестоки момци, често во судир со законот, предизвикувачи и учесници на тепачки. Ова е вистина или стереотип?

    Да, и тие момци се горди да се нарекуваат one percenters, бидејќи, нели, тие се вистински моторџии, а ние останатите 99 проценти сме само аматери, викенд возачи. За среќа, кај нас, се уште немам сретнато моторџија кој барем малку придонесува кон тој стереотип. Знаете, најголем дел од моторџиите кај нас, а тука се вклучувам и себе си, се пред се луѓе кои имаат други приоритети кои доаѓаат далеку пред моторот – семејство, работа…моторот му доаѓа нешто како викенд хоби. Понекогаш, кога средствата и времето ќе дозволат, на тоа хоби ќе му дадете повеќе простор, па ќе отидете и до Нордкап, но секако, тоа не може да ви биде основна цел во животот.tino_balkon3

    Колку често возите? Има ли норма?

    Возам секојдневно, моторот е мое основно превозно средство, а мора да кажам, во скопскиот сообраќај моторот е далеку попрактичен. На тура, дневната норма  зависи од тоа што дозволува патот, понекогаш 800-850 километри дневно, понекогаш и 350 се многу. Знаете, 800 километри од Скопје до Будимпешта се возат многу побрзо отколку 300 километри од Ивало до Нордкап да кажеме. Сепак, не дозволувам да поминам повеќе од осум часа на мотор во еден ден.

     Среќававте ли интересни луѓе по пат? Некоја интересна средба, случка?

    Секако, посебно кога патувате сам. Среќавате секакви луѓе, и воглавно луѓето се љубопитни кога среќаваат моторџија. Сакаат да помогнат. Еве една случка од Талин; центарот е пешачка зона, налик на наша Стара Чаршија, каде е мисловна именка да паркирате бидејќи улиците се неверојатно тесни. Запрев пред еден клуб, каде на врата стоеше огромен момак, го прашувам каде да паркирам, човекот буквално ја отвори вратата за да го внесам моторот внатре во клубот, кој инаку беше преполн. Или пак во Будимпешта, каде ме запре полиција, па со полицајците, инаку на мотори, завршив на пиво до четири наутро.motordzii_balkon3

    Патувањето на две тркала подразбира и опасност на патот. Сте се нашле ли во некоја ваква ситуација?

    Да, минатата година со уште двајца пријатели возевме до Москва, преку Украина на одење и преку Белорусија на враќање. Е тоа е веќе опасно кога станува збор за возење мотор! Посебно Русија. Патиштата се очајни, имате ситуации каде патот едноставно престанува, без никаква најава, никаков знак. А и луѓето не се баш најпријателски, посебно не кон моторите. За среќа минавме без поголеми проблеми, но самото чувство дека сте постојано на штрек ви го убива филмот. Единствено полошо од патиштата низ Украина и Русија се улиците низ Киев, каде си ветив самиот себе си – никогаш повеќе.kiev_balkon3

    Колку километри имате извозено на мотор?

    Па, не толку многу, со оглед на тоа што на мотор се качив пред шест години, и до сега имам направено нешто под 60,000. Ама има време…

     Што возите во моментот?

    Имам два мотори, едниот е Хонда Магна 750 В4, мотор кој е и моја прва љубов, и со кој сум секојдневно, од февруари до ноември, и Јамаха Ројалстар 1300, голем мотор со кој што одам на патувања.avtrija_balkon3

    Се дружите ли со другите моторџии од земјава, регионот?

    Секако, посебно со овие од Скопје. Токму тие мои другари, моторџии, ме качија на мотор. Пиењето кафе во Ван Гог ни е дневна рутина.

    Патување кое ќе го памтите цел живот?

    Уште го немам остварено, но планот е да се случи во јуни следната година. Планирам да ги извозам Алпите, по цела должина од Инсбрук во Австрија, преку Лихтенштајн, па превоите во Швајцарија, и големото финале – Стелвио и Кортина во Италија.tino_tanja2_balkon3

    Дали и некој друг во Вашето семејство е љубител на мотори и моторџиски патувања?

    Сопругата ми е верен сопатник на дневни тури до 500 километри. На совозачко седиште има поминато километри на кои можат да и позавидат многу моторџии. Сепак, се нема решено за поголемо патување, но белки ќе ја убедам.

    Дарко Чекеровски

  • Полнети пиперки – јадење со мирис на спомени

    Верувам ќе се согласите. Ништо толку силно, моќно и верно не ве враќа во минатото, не ви буди сеќавања, не ве потсетува на постарите членови на семејството, на личности и случки, како што се мирисите. Посебно мирисот на храната, омилените јадења, кои често се подготвувале во вашиот дом кога сте биле дете. Ñ

    А, за нашето поднебје мислам дека еден од најуникатните и најпрепознатливи и најдраги мириси, со кои речиси емотивно сме врзани е мирисот на пиперките. Печени или пржени, или суви, везени, различни јадења и пинџури со пиперки.

    milcho_manchevski_balkon3

     

    Дури и познатиот македонски режисер Милчо Манчевски кој со децении живее и работи во САД во неговите филмови не пропушта да вметне сцена со пиперки во некоја варијанта. Веројатно затоа што и него мирисот на пиперките дури од САД бргу го враќа во спомените, во детството, меѓу семејството, во Македонија.

    Едно од тие јадења кои додека ги подготвувате со опоен мирис го исполнува целиот дом се полнетите пиперки. Еден мој пријател вели: Да го почувствувам мирисот на полнети пиперки, стави ме да легнам на кауч и подготвен сум за психоанализа бидејќи ми навираат спомени, ситуации, ме враќаат дома, во старата куќа на баба ми, родителите..

     

     

    Нешто слично се случи во познатиот долгометражен цртан филм Рататуј, кога глувчето кувар на крајот од филмот на озлогласениот оценувач на храната во ресторани, Его, кој може да се одушеви од некое јадење и дава преодна оценка толку често колку што минува и Халеевата комета, му го направи омиленото јадење, го омекна намрштеното лице (во стил ништо не може да го задоволи мојот вкус) го нурна во спомените од неговото детство, безгрижните денови и кујната на неговата баба… Кога се беше лесно и едноставно, а најголема радост беше собирањето околу масата и ручекот со најблиските..

    ratatuj1_balkon3

    Полнетите пиперки можат да бидат широки и кратки (бабури) а можат да бидат и големи и долгнавести. Иако црвените се класика, сепак можат да бидат и зелени по боја. Сум пробал во сите варијанти и сите се неодоливо вкусни. За да не останете со отворена уста и празен стомак, после толку муабети за ова традиционално јадење, еве го рецептот.

    Потребни состојки:

    Пиперки црвени или бабури

    Мелено месо – 400 грама (телешко, а може и мешано)

    Ориз – 300 грама

    Кромид – една главица

    Сол

    Зачин

    Црвен пипер

    Црн пипер

    Зејтин

    Сос од домати

    Домати

    Вода

    Подготовка:

    Пиперките се чистат од семките и рачките и се мијат.

    На зејтин, во тенџере, се пропржува ситно исецканиот кромид. Откако малку се пропржува му се додава меленото месо, па се пржи заедно за да фино се раздроби месото. Потоа се додава оризот и се заедно уште малку се пржи. На крај се додава зачинот, сол, црвен пипер, црн пипер и смесата за полнење е готова.

    Ñ Ñ

    Ñ Ñ

    Со вака подготвената смеса се полнат пиперките, отворот се затвора со округло парче домат или тенко парче компир и се редат во тавче.

    Во тенџерето во кое ја подготвувавме смесата се става малку сос од домати и една чаша вода да зоврие. Со зовриената течност се полеваат пиперките и се ставаат во веќе загреана рерна на 250 степени да се печат. Се набљудуваат од време на време, но печењето трае отприлика околу еден час.

    Ñ

    Може да се јадат и со кисело млеко или павлака (оваа комбинација е особено омилена кај децата).

    Пробајте, и добар апетит со рецептот на Балкон3 кој сигурно ќе ве врати во спомените од детството:)

    Дарко Чекеровски

  • Грав, море, филм и музика под Велебит

    Стар град, мал пекол. Концентрација на Македонци, мирис на грав, море, сарма, пиперки, планина, турлитава, баница, шопска салата и убаво македонско вино. Ова е кадар од Стари Град Пакленица, ситно гратче под крупниот Велебит во Хрватска во кое се одржува Петтиот по ред Меѓународен Филмски фестивал на музички документарни филмови.

    starigrad paklenica_cover

    Место што оваа недела се буди од заспаноста со музички филмови, квалитетни работилници и чудесен амбиент и место во кое оваа недела се прожектираат повеќе македонски музички документарни филмови. Во една коноба под карпестиот Велебит, се готви македонска храна, се пее, се јаде, се пие вино.

    paklenica_SPFF5_balkon3  paklenica_SPFF2_balkon3

    Опуштено со угледни филмаџии, критичари и музичари, Роџер Рос Вилијамс, Зоран Пезо, Горан Гајиќ, Златко Гал, Брајан Рашич, Влатко Стефановски, Ули Шупел, Мањифико.

    paklenica_SPFF4_balkon3  paklenica_SPFF6_balkon3

    А во ноќта, на сцената под ѕвезденото небо на Велебит, меѓу карпите до рано утро се ужива во концертите на Душан Којиќ Која, Фрајле, ТБФ ..

    „Ништа ми нече овај дан покварит, никакви црњаци ни ружне ствари, ништа ми нече овај дан покварит, ни лупежи, барбари нит глупи политичари, ни генерали или светски владари..у царству ладовине не желин видит новине ни музику ни спорт..“ 🙂

    paklenica_SPFF9_balkon3

    Текст и фото: Дарко Чекеровски

  • Ја вративме Неа Саламина на одбојкарскиот Олимп на Кипар

    Интервју со Жарко Ристоски, селектор на Македонската одбојкарска репрезентација

    zarko ristoski_1

    Г-не Ристоски, што е она што е привлечно во одбојката? Не е фудбал, не е кошарка, нема толку страствена публика и навивачки тимови, па што ги привлекува младите да станат одбојкари?

    – Одбојката како спорт е еден од најатрактивните спортови воопшто и е во центарот на вниманието на најголемите спортски случувања во светот. Самата игра е многу поразлична од другите спортови, во кој контакт со противникот или дуел игра не е дозволена, а исто така, брзата реакција и краткиот контакт со топката при што играчот нема право да ја држи топката во негов посед, туку во дел од секундата треба да изреагира, го прави овој спорт да биде и еден од најатрактивните и уникатен! Развивањето на координацијата, брзината на реагирање, пропорционалната активност на сите делови од телото и неговото правилно развивање ги поттикнуваат младите да почнат да се занимаваат со овој спорт.

    Од неодамна сте селектор на македонската одбојкарска репрезентација. Постигнавте неколку победи по ред со сериозни противници. Што се смени во играта со вашето доаѓање?

    – Најважно од се` е што повторно успеавме да ја анимираме македонската јавност со одбојката, постигнавме добри резултати за кои се зборува. Најпрвин успеавме да бидеме први во претквалификациите за ЕП, со три победи во нашата група и максимален ефект. Во квалификациите успеавме да стигнеме до трето место во групата, но прикажавме игра во која беше евидентен напредок и покрај сите проблеми со кои се соочивме, откажувања и повреди на играчите, за да во нашата премиера во Евролигата почнеме со четири победи по ред. Успеавме да наметнеме одлична работна атмосфера, која беше преточена во добра игра на натпреварите.

    zarko ristoski_2

    Со години бевте во Кипар. Како ве одведе патот таму?

    – Во 2010 година првпат заиграв за кипарска Омонија, каде што имав одлична сезона. Но, после завршувањето на сезоната поради повреда, не бев во можност да ја продолжам професионалната одбојкарска кариера како играч. Токму поради тоа ја одбив понудата од Неа Саламина за соработка во 2011 година, за да во 2012 година истиот тој клуб ми понуди договор како тренер, кој сакам да кажам дека со големо задоволство го прифатив. Одработив две сезони, во кои станавме шампиони на Кипар во 2013 година, и тоа после десетгодишен „пост“. Станавме Супер Куп победници за 2014 година, бевме освојувачи на сите турнири (три) од календарот на Кипарската Федерација во овие години. Тригодишниот престој на Кипар мене и семејството не врзува со многу убави спомени, добри резултати, другарување, нови познанства и големо животно и професионално искуство.

    Прочитав дека одбојката е спорт со голема важност на Кипар, особено во клубот каде што бевте тренер Неа Саламина. Веројатно тоа беше голем предизвик за вас?

    – Да се биде дел од семејството на Неа Саламина е голема чест и задоволство, ако се има предвид дека тоа е тим кој што до 2004 година доминирал на Кипар во одбојкарскиот спорт. Но, од тогаш, па се до моето доаѓање, немаа освоено шампионска титула. На голема радост на сите, десетгодишниот пост беше прекинат и го вративме шампионскиот сјај на овој клуб.

    Можете ли да направите споредба во неколку најкарактеристични точки за одбојката во Македонија и одбојката во Кипар. Две различни школи, различен третман, пристап…

    – Самите услови за работа што ги нуди Кипар се на едно многу повисоко ниво отколку што се тука кај нас во одбојката. Гледано од аспект на обезбедување основни услови за работа, сали, реквизити, организациска поставеност.

    zarko ristoski_3

    Опишете ни ја ситуацијата, како дојде до тоа да ви ја поклонат довербата токму на вас ако се земе и фактот дека доаѓате од Македонија? Со кои стереотипи се судривте на почеток, тоа веројатно е неодминлива работа, ваши предрасуди за нив, нивни за вас?

    – Моите контакти со Неа Саламина почнаа уште пред десетина години после неколку мои настапи токму против оваа екипа во еврокуповите. Првпат како противник Неа Саламина ја имав кога настапував за Работнички Фершпед. И по втор пат се сретнав со Неа Саламина кога играв во романскиот клуб Динамо од Букурешт. И двата пати излегував како победник во дуелите со нив. Неколу обиди да дојдам во Неа Саламина како играч не завршија со договор, но, на обострано задоволство, тоа ни успеа во улога на тренер и тоа од првпат се договоривме. Кипарците се многу искрен и чесен народ и мора да признаам дека во трите години престој таму, буквално не сум имал никакви проблеми или било каков притисок околу тоа од која земја доаѓам. Токму спротивното, тоа се луѓе што го почитуваат и ценат човечкиот труд и квалитет и секогаш се подготвени да подадат рака на секого, тогаш кога му е потребно.

    Како ве прифатија играчите, соседите, градот?

    – Соработката со играчите беше на едно високо професионално ниво за време на тренажниот процес, додека приватното дружење беше оставено за во слободно време и секогаш по прославување на добрите резултати. Во мојата прва година таму, 2010, како член на кипарска Омонија, запознав многу пријатели со кои сум и ден денеска во контакт, без разлика што изминативе години бевме „лути противници“. Исто така во двете години поминати во Неа Саламина, која е како едно големо семејство, запознав многу луѓе и убеден сум дека поголем дел од нив ќе останат наши драги пријатели засекогаш.  

    zarko ristoski_4  zarko ristoski_5

    Каква е кипарската кујна, има ли сличности со македонската?

    – Да, мислам дека и во двете земји имаме слична кујна, која што изобилува со разни специјалитети на скара. Можеби таму малку повеќе е застапена морската храна, но во целина имаме многу слична храна.

    Во кои јадења најмногу уживате?

    – Дефинитивно, најомиленото јадење на мене и на моето семејство ни беше Козјото сирење Халуми, потпечено на скара, кое всушност е и заштитен знак на Кипарската кујна. Го има само таму и има многу оригинален вкус. Од месо пак, мој фаворит е свинска суфла (свинско печење на ражен на парчиња). Не сум голем љубител на морска храна, но на добро подготвен Салмон не би му одолеал. Благите работи ми се слаба страна, а Кипарската кујна изобилува со домашни колачи и торти, а мој фаворит од нив е cheesecakeторта со прелив од вишна, кој и мојата сопруга многу често го приготвува дома на мое задоволство и на задоволство на нашиот син Лука.

    zarko ristoski_6

    Ако споредите со македонската кујна, што е она што го прават подобро таму, а што пак во Македонија е ненадминливо?

    – Дефинитивно нашето, тетовско „тавче гравче“ и домашната лутеница и ајвар ми се незаменливи, додека пак од друга страна мирисот на кипарското сирење Халуми на скара би сакале повторно и наскоро да го почувствуваме.

    И покрај се, изјавивте дека заминувате од Неа Саламина. Има ли шанса кариерата да ја продолжите во некој друг клуб на југот или плановите се поинакви?

    – Целата моја енергија сега е насочена кон настапите на нашата одбојкарска репрезентација во Евролигата и да бидам искрен, воопшто немам време за размислување на таа тема, каде би била мојата следна дестинација. Со големо задоволство би прифатил работа во клуб кој што има големи амбиции, дали тоа повторно би бил Кипар, Грција или некоја сосема друга земја, останува да видиме до почетокот на новата натпреварувачка сезона.

    Дарко Чекеровски

  • Балкон3 специјалитет – Мечкуевска тава кај Пуже во Свети Николе

    Балкон3 специјалитет – Мечкуевска тава кај Пуже во Свети Николе

    Екипата на Балкон 3 викендов одлучи да ви подготви специјалитет, кој особено ќе им се допадне на оние гурмани за кои „јадење без месо, не е јадење“. За таа цел го посетивме ресторанот „Мечкуевска куќа – Пуже“ во Свети Николе, каде ни го подготвија специјалитетот на куќата. Се надеваме дека ќе уживате во подготвувањето и во конзумирањето на Мечкуевска тава. Добар апетит!

    Потребни состојки за шест порции:

    – ½ килограм свинско месо

    – ½ килограм телешко месо

    – ½ килограм пилешко месо

    (по желба може да се користат само два или еден вид месо)

    – 300 грама свежи шампињони

    – 300 грама сушена сланина

    – 200 грама кашкавал

    – кисела павлака

    – зеленчук: 3 зелени пиперки, 3 домати, 2 моркова, 2 тиквици, 3 чешниња лук,

    2 главици кромид, магдонос, ловоров лист,

    – 1 лажица сенф

    – 200 грама доматно пире

    – зачини: вегета, црн бибер, сол

    – 250 мл. црвено вино

    – 250 мл. вода

    – масло за готвење

    Начи на подготовка:

    Започнуваме со подготовка на месото, кое го сецкаме на покрупни парчиња. Во загреано масло за готвење го ставаме месото да се пржи и го посолуваме по желба со сол, црн бибер и вегета. Пржењето е на стандарден начин со повремено мешање. Земаме две главици кромид и ги сецкаме на ситни парчиња. Истото го правиме и со пиперките, морковите, тиквичките, печурките и лукот. Откако завршивме со сецкањето, исецканиот зеленчук го ставаме да се пржи во длабок сад, додаваме сол по вкус и повремено промешуваме. Ја оставаме смесата да се пржи.

    Кон веќе испржената смеса од морков, кромид и пиперки ги додаваме ситно сецканите домати и доматното пире и го оставаме да се пржи околу 30 минути.

    Месото го ставаме во земјена тава и му додаваме сенф, ловоров лист, магдонос  и испржената смеса. Ги промешуваме. Ја додаваме павлаката и димената сланина и налеваме со црвено вино и вода и ги оставаме да се динстаат. Вака приготвената тава ја ставаме во рерна да се потпече на температура од 250 степени целзиусови. Се остава да се пече околу два часа. Кога тавата е готова се ренда кашкавалот и се остава да се растопи. Завршуваме со декорација на тавата по желба.

    Добар апетит !

    Дарко Чекеровски

  • Патување од Скопје до Атина со автомобил за седум часа

    Внимавај, кога ќе стигнеш во градот ГПС-от можеби нема да работи како што треба, ме предупреди пред тргнување за Атина мојот братучед кој веќе имал искуство обидувајќи се да вози по ГПС во главниот град на Грција.

    lycabetus

    Атина има повеќе од 4 милиони жители и делови од стариот град Плака кои се толку густо населени што автомобилите едвај можат да се разминат по тесните улички. Разбирливо, тука бил стариот град населен околу Акропол, многу многу порано од кога луѓето почнале да имаат потреба од автомобили.Ñ

    Ñ

    Во ред, реков, па и малку се загрижив бидејќи знаев дека ќе стигнеме навечер и дека нашиот хотел е токму во срцето на оној густиот дел што погоре го спомнав, но си реков, прецизно ќе внесам улица, број од нашата дестинација, ќе проверувам неколку пати, и ќе ја намалам веројатноста за грешка на минимум.

    Иако зима, одбравме убав сончев ден за тргнување, а подоцна од нашите пријатели во Атина разбравме дека тоа се деновите во средината на јануари кога таму традиционално времето е убаво и сончево.

    atina znak

    Од Скопје до Атина се стигнува лесно, патот е убав, речиси цело време автопат, се вози само право, и во еден здив околу 700 километри. Нормално за оние кои што уживаат да патуваат, како нас на пример. А, и онака за семејство е најдобро да се оди со автомобил, бидејќи авионска линија помеѓу овие два града, Скопје и Атина, престолнини на две соседни земји, нема. Може да се одбере железнички превоз, ама тоа сепак го препорачувам за помладите авантуристи, на кои менувањето воз во Солун, стоењето на граница, доцнењето, интересните случки со удобноста и условите во возовите, особено од македонска страна им се чини како добра авантура. Автобускиот превоз би го отфрлил од речиси истите причини.on the roadДо границата со Грција (160 км) се патува многу бргу, по автопат, освен некои дваесетина километри низ Демиркаписката клисура (кои набргу ќе станат минато бидејќи се гради автопат и на оваа делница). По два часа возење веќе сте на граничниот премин Богородица (од грчка страна Евзони). Патарината до овде чини 180 денари (3 евра) во еден правец. На граница, бидејќи беше обичен ден во средината на јануари, кога сите верски празници поврзани со Христовото раѓање, крштевање и слично беа поминати и од двете страни на границата, а не беше веројатно ниту почеток на викенд кога Македонците во редици се упатуваат на шопинг во Солун), немаше никаква гужва. Поминавме, што би се рекло, европски преку граница. Лесно, брзо, културно, разменувајќи по некоја фина реченица со пограничните служби за убавото време и добрата идеја и тајминг за пат во Атина.

    granica2 granica

    Тајмингот е добар бидејќи ако летно време дојдете на оваа граница тогаш е живо чудо ако поминете лесно и бргу. Зошто? Затоа што Најголемиот дел од македонските граѓани летуваат на грчките краци Халкидики. Зошто? Затоа што морето е прекрасно, цените се прифатливи, местата се пријателски за одмор на семејства со деца, а ако се додаде и близината (само 360 километри од Скопје или 200 километри од границата и тоа убав пат), тогаш уште подобро разбирате зошто е ова така.

    Нормално дека овие места од истите причини се преплавени и со гости од Србија, а во последно време и од Бугарија. Тука би додал дека ако Македонците го знаат секој камен и секоја кривина каде треба да свртиш и во кој ресторан да јадеш, каде лежалките се најевтини, а кафето најдобро на Халкидики, ретко, ама ептен ретко, некој од нив патува за Атина.

    Како што реков, до Атина се патува непогрешиво. Само право. После граница, за кратко време поминувате покрај Солун (лут ривал на престолнината), па потоа, да не заборавам да ги спомнам за да не ми се налутат сограѓаните, а и дел од потесното семејство кои имаат убави спомени од таму, проаѓате покрај уште две три мали места кои не се на Халкидики, а се ас дестинации за летување на одморџиите од Македонија. Лептокарија и Платамона.

    plaza more Ñ

    И речиси секогаш кога се споменуваат идат и двете заедно. Две места, кои зимно време изгледаат како од филмовите за напуштени гратчиња, но летно време едвај се наоѓа сместување. Се паметат години кога немаше мобилни телефони, луѓето кои не можеа да најдат веднаш сместување, по една или неколку вечери преспиваа во своите автомобили надевајчи се дека утредента ќе најдат сместување.

    balkon3 olympОвде се поминува покрај митскиот Олимп, на врвот обвиткан во магла. Навистина изгледа боговски.Кога се обидов да им објаснам на моите малолетни деца дека тука живееле боговите, не бев свесен дека всушност тоа ќе биде нивниот главен интерес за цело време од нашиот еднонеделен престој во Грција и Атина. Заборавив дека беше исто и со мене како дете кога прв пат ми паднаа во раце Илијада и Одисеја. Така што, почнав да се присетувам, да проверувам дали ме предале спомените, и да раскажувам за семоќниот Зевс, за неговата сопруга Хера, за Атина која се родила од главата на Зевс и тоа со полна борбена опрема, за нејзиниот ривал и бог на морето Посејдон, па за убавата Афродита и.. тоа нема крај. Па на помош ќе ја повикатe фантазијата, филмовите, а малку и свесно ќе измислувате за да одговорите на прашањата, зошто Атина излегла од главата на Зевс, другите како се родиле? Каде се сега тие богови, зошто ги нема, само во Грција ли има богови, зошто нема кај нас. Јас велам има и кај нас. Им редам неколку од словенската митологија, ама не знам многу приказни за нив, само имиња, Перун, Весна, Сварог, Велес..

    Ñ odisej

    Тече муабетот, па речиси незабележително сте поминале покрај Лариса, Ламиа и сте стигнале пред портите на Атина, еден од најстарите градови во светот, со историја од повеќе од пет илјади години.  

    Всушност не баш незабележително. Од Евзони до Атина има десетина патарини и на сите плаќате просек по 2,5 евра, така што само во еден правец патарините чинат од 25 до 30 евра.. А само до пред неколку години немаше ниту една или една до две патарини. Но, криза е,  се обидувам да најдам објаснување.

    И покрај тоа, сите се радуваме што стигнавме, јас што повторно ќе ги сретнам, а моето семејство што ќе ги запознае драгите Софија и Томас, моите пријатели, со кои не сум се видел одамна. Со Софија од средината на 90-тите години од минатиот век, кога бев на студентска програма што таа ја организираше во Вари (едно од предградијата на Атина), а со Томас од 2008 година кога се запознавме во САД.

    darko meri sofija darko i tomas2

    Бидејќи Атина е еден час подоцна од Скопје по средноевропско време, па нормално е дека подоцна се стемнува (ова не сум сигурен дали е така, но тоа е мој проблем со часовите по физика веројатно).

    Влегуваме во градот и стравувањата се остваруваат. ГПС-от полуде (иако во неколку наврати застанував за да ја ставам точната дестинација, улица Kodrou 2 Plaka ) и почна да не води во очигледно друга насока.

    По неколку неуспешни обиди, и еден час кружење низ улиците со густ сообраќај, решивме да се обидеме по старо. Ќе се потпреме на далечниот претходник на ГПС-от. Принципот од човек на човек. Кој прашува не талка. Па така од седум осум одговори во низа, возење по неверојатно тесните улишки низ делови на Атина, стигнавме на поширок булевар, позастанавме и прашавме на каде е Синтагма (главниот плоштад во Атина пред кој се наоѓа и парламентот). Љубезен млад пар со насмевка ни одговори: Синтагма? Па вие сте на Синтагма…

    Ñ

    Ние сме застанале пред хотелот Гранд Бретања, еден од највпечатливите, најстарите и најлуксузни хотели, познат како “Royal Box” на Атина, кој веќе 140 години стои карши грчкиот парламент и Националните градини… Откако ги помнавме вообичаените муабети од типот: „ти велев јас, ти не ме слушаш уште прееска ќе дојдевме тука, ама не, си тераш по свое, не даваш никој да ти каже“, свртевме малку во лево и застанавме.

    ÑТребаше да се влезе во густиот дел со тесни улички, стариод дел на Атина, некои велат вистинската Атина, Плака.

    Овде не се ни обидовме да тргнеме без логистика. Најдов еден таксист го замолив за помош, беше навистина многу љубезен, дури одби и да ги земе понудените пари, и не однесе конечно до нашиот хотел.. И тој исто така не можеше веднаш да ја најде локацијата, но друго е кога локалец ве води, праша лево-десно и за две три минути бевме пред хотел..

    Влеговме, хотелот малку старински, но топол, убав, со многу слики во фоајето и рецепција со рецепционер како во постарите филмови.

    Ñ

    Веднаш ни ги дадоа клучевите од нашата соба.. додека ја разгледувавме заѕвони телефонот во собата.. чудно си реков, веднаш не бара некој. Добар повик беше, од рецепција ни понудија за речиси истите пари, поголема соба, со убав балкон и што е најважно, одличен, што го одзема здивот, милионски вреден.. поглед на Акропол.. или како што Грците од милост го викаат.. Карпата.

    acropol nokeА веќе фати вечер, а Акропол високо, убаво осветлен, подготвен да ни ги раскаже тајните за Партенон, обединувањето под легендарниот атински крал Тезеј, нападите од Персијците, Венецијанците, Турците.. И на шега велиме ако во Италија нешто што се случило пред три четири века е ново, овде се што се случило после Христовото раѓање се смета за ново.. Но за тоа во следната прилика.

    Дарко Чекеровски

  • Комшиска прослава на Ѓурѓовден на скопското Кале

    И православните и Ромите муслимани, на Денот на пролетта излегуваат на пикник на зеленилото меѓу американската амбасада и касарната Илинден. Распалени скари, разиграни деца, љубопитни лица. Со игри, забава за децата и здравици за поберикетна и посреќна година го прославуваат Ѓурѓовден.

    „Ромите муслимани го слават првиот ден на овој празник на 6 Мај, кога се дава јагне за Курбан, додека православните одат во црква за да им се отвори среќата“, раскажува Фатма Бајрам Азеловска една од главните организатори на оваа средба.

    Додека разговараме за адетите, за како било во минатото и како е сега, на собирот забележав и една госпоѓа… Со посебна заинтересираност и космополитска смиреност го следеше пикникот.  Елзи Иванчич, професорка во пензија на Универзитетот во Калифорнија Лос Анџелес, истражувач на традиционални танци и ора. „Прв пат дојдов во Македонија во 1967 година. На местото на сегашната американска амбасада за Ѓурѓовден беа собрани неколку илјади Роми, играа народни ора во носии со зурли и тапани. Пред мене се отвори еден нов свет, стоев, ги гледав восхитено.. Се вратив со многу импресии, доаѓав повторно, но 10 години подоцна снимивме документарец за Ѓурѓовден“, вели госпоѓа Иванчич, родена и порасната во САД од родители Хрвати..

    Како први соседи, на веселбата пристигнаа и гостите од американската амбасада. Амбасадорот Волерс им го честита празникот и седна на софрата да помуабети со присутните, да ја даде неговата поддршка за Ромите и ромските организации кои се борат за нивна подобра интеграција  во општеството, но и да поразговара за полежерни теми, во атмосфера, убава, весела, со топло добредојде, која верувам, како амбасадор, ретко може да ја почувствува при други вакви средби.

    А наоколу среќни и насмеани лица, и, ќе се согласите, многумина од нас треба да учат од своите сограѓани од врвот на Калето, дека можеби и не треба многу за мир, спокојство и задоволство..

    Дарко Чекеровски

    фото: Хусамедин Гина