Author: Kristina Angelleska

  • Ејуп и Пјер Лоти Кафе во Истанбул

    Запознајте ја душата и срцето на вистинскиот Истанбул со Балкон3

    Ако веќе сте заситени од Европскиот дел на Истанбул, Таксим, елегантниот Бејоглу, исполнетата со врева Капали чаршија, ги имате посетено Аја Софија и Сината џамија, тогаш е време да го посетите вистинскиот Истанбул.apple tea_balkon3

    Кога говорам за вистинскиот Истанбул мислам на неговото срце и душа кои се наоѓаат надвор од старите градски ѕидини, на врвот на Златниот рог, таму каде што Пјер Лоти неповратно се заљуби во Цариград и остана тука. Во овој текст дозволете ми да ве  одведам на место каде што веројатно ниеден водич нема да ве донесе, тоа е областа Ејуп во Истанбул.

    Сигурно се прашувате како да стасате до таму, па може да го користите градскиот превоз од автобуската станица во Еминону. Тука имате директни линии до Ејуп (автобусот со број 99), но сепак треба да знаете дека за да го користите автобускиот превоз мора да поседувате електронски билет (Akbil) кој може да го набавите во секоја продавница. Чини 6 турски лири и функционира на кредит систем –  уплаќате средства и имате можност да ги користите сите превозни средства во Истанбул. Кога говорам за сите превозни средства тука мислам на метро, трамвај, ферибот, жичарници и слично.

    Освен со автобус, до Ејуп можете да дојдете со брод крстарејќи по Златниот рог, но и секој таксист може да ве одведе на ова место. Јас сепак ви препорачувам да си направите прошетка која ќе ви овозможи да ги запознаете убавините на градот.

    Pierre Loti3_balkon3

    Што да посетите во Ејуп….

    Кога ќе истражувате на интернет за Ејуп пред сé ќе го сретнете како Ејуп џамија, но тоа е само  сегмент од градот во град, вистински ориентален комплекс со бројни содржини, но да почнеме со ред. Почетната точка на нашата турнеа ќе биде  токму веќе споменатата Ејуп џамија.

    Според верувањата, Мехмет Султан, освојувачот на Истанбул сонувал дека овде е закопан Ејуп, соборецот на пророкот Мухамед  и токму поради тоа на ова  место е подигната џамијата. Станува збор за свето место кое го посетува секој муслиман по враќањето од аџилак.Eyupmosque4_balkon3

    Турбето на Мехмет Паша Соколовиќ…..

    Во дворот на џамијата  се наоѓа гробот на Мехмет Паша Соколовиќ, за балканските народи многу познат лик од историјата, кој е погребан во близина  токму на овој светец со цел да се нагласи неговата величина, неговиот ранг.

    Овој грандиозен објект и свето место не е само дом на муслиманите, секој човек со развиено чувство за верата тука се чувствува како во свој дом. Тука ќе сретнете луѓе кои се молат на различни јазици и ќе ја почувствувате позитивната енергија која се шири наоколу.  Надворешниот дел пред самата џамија ќе ве разлади големата фонтана,  која ја красат многубројните гулабите кои во неа се капат.

    Околу малиот плоштад во близина на џамијата има прекрасни места за седење и за уживање во глетката. Самата област изобилува со многу ресторани и слаткарници, па откако ќе ве напушти духовниот занес, можете да се препуштите на гурманските задоволства што ги нуди турската кујна во вид на Искендер ќебап или во некој тип на месо во сос.Eyup squere_pigeons_balkon3

    Пјер Лоти кафе…..

    За оние кои не знаат, Пјер Лоти е еден од најголемите романописци од првата половина на дваесеттиот век. Овој импресионист во пишаниот збор бил офицер во морнарица по професија и авантурист во постојана потрага по непознати дестинации и истражувања на особено ретки цивилизации.

    Постојат два начина како да стигнете до Пјер Лоти кафе, едниот е да се искачите по скалите  што ве водат низ живописните гробишта, а другиот е да ја користите жичарата која ќе ве однесе директно на панорамата под самата чајџилница.Pierre Loti_kafe7_balkon3

    Доколку сакате да уживате во панорамската глетка на Истанбул тогаш Пјер Лоти кафе е точката на која ќе ве упати секој вистински познавач на градот. Овде Лоти го поминувал своето време загледан во водите на Златниот рог.  Тука го нашол својот мир, впрочем и  самите ќе се уверите дека навистина нема поубав поглед од овој.

    Од овде целиот град ви е на дланка, а доколку се најдете во приквечерина тоа е полн погодок. Самата чајџилница е доста шармантна, не е посебно ексклузивна, секогаш полна со насмеани млади луѓе, одлично место за sohbet (разговор) и за најубавиот чај од јаболко.

    Ова е место каде што Златнот рог блеска од зраците на сонцето наутро и навечер. Место каде што најголемите реалисти стануваат поети и сваќаат зошто овој град владеел со светот, а сепак делува толку смирувачки.Pierre Loti_balkon3

    Доколку кафулето е полно, земете го вашиот фотоапарат, спуштете се на самиот видиковец  и направете незаборавни фотографии.

    По Пјер Лоти кафе вашата турнеја може да ја продолжите во насока на Еминону или со прошетка низ Ејуп истражувајќи ги ситните детали на исламската архитектура. Може да го посетите интересниот комплекс Feshane кој најдобро би ви го опишала како панаѓур во ориентален стил. Имено, станува збор за еднокатна зграда со дуќанчиња и забавен парк придружен со базени. Овде постојано нешто се случува така да, може да си направите шопинг на текстил, накит, бижутерија, зачини, но и да ги пробате прекрасните слатки кои ги подготвуваат пред вас.Feshane_balkon3

    Ова е град кој се одразува во водата, град на  живописно облечени жени, град полн со живот. Тоа што сакам да ви го препорачам при посета на овој дел од градот е да избегнувате посета во петок, за време на молитва, како и совет, оваа турнеја да ја направите во сопствена режија, за да може да ги избегнете временските ограничувања кои ги поставуваат туристичките водичи, затоа што навистина треба сами да го истражите ова волшебно место и да го допрете и почувствувате овој автентичен дел на Истанбул.

    Уживајте во прошетката со Балкон3!!!!

    Кристина Ангелеска

  • Седум интересни факти за турското кафе

    Пиењето кафе за повеќето од нас е секојдневен ритуал. Љубителите на кафе не го почнуваат денот без оваа „магична“ напивка. Турското кафе е повеќе култура отколку пијалoк, а во светот тоа е познато поради муабетот, начинот на приготвување и традиционалното послужување. Некои би додале и озборување со филџан кафе.

    kafe_tursko3_ubav_servis_balkon3

    Балкон 3 со Вас споделува 7 факти кои можеби не сте ги знаеле за турското кафе:

    1. Турското кафе не доаѓа од Турција

    Првите докази за пиење кафе најверојатно доаѓаат од Јемен. Во 15 век. Од таму се шири во Каиро и во Мека. Во 1640 година, велат дел од познатите хроничари од Отоманскиот период е отворена првата кафетерија во Константинопол. Името потекнува од арапскиот збор qahwah. Значењето на кафето во турската култура се гледа во зборот доручек, на турски – kahvalti што на турски јазик, во буквален превод значи „пред кафе“.

    2. Квалитетот е во кајмакот

    Доколку сакате да знаете дали сте добиле добро направено турско кафе ќе треба го погледнете кајмакот на врвот на филџанот. Овој вид кафе е со карактеристичен мек и кадифен кајмак. Благодарение на кајмакот кафето останува топло подолго време.

    kafe 1

    3. Водата има своја цел

    Турското кафе обично се служи со мала чаша вода. Дали некогаш сте се запрашале зошто е тоа така? Пиењето на вода однапред ќе ви помогне да  го осетите вистинскиот вкус на кафето, додека по консумирањето на кафето ќе ви помогне да го исплакнете вашето непце од нефилтрираните остатоци.

    4. Локумот прави целиот ритуал да биде подобар

    Цело е кога има се, обликот на чашата, бојата на кафето и парче локум на тацната ја прават сликата комплетна кога станува збор за турското кафе. Локумот додава блажина на горчливиот вкус на турското кафе – што е особено важно за оние кои бираат да пијат обично кафе без шеќер. Или како што викаат во Турција “слатко да јадеме, за слатко да зборуваме“.

    kafe seker lokum1_balkon3

    5. Свекрвите оценуваат и судат

    Идни невести пазете се: вашите идни свекрви во Турција врз основа на тоа како сте го подготвиле кафето и врз основа на начинот на кој сте го сервирале кафето имаат право да ве оценат и да ви судат J. Всушност во многу семејства тоа е и првиот тест на новата невеста, таа го подготвува кафето на својата свекрва, а потоа следува и оцена, па потрудете се за да го избегнете срамот и озборувањето во јавностаJ

    6. Невестите ставаат сол

    Во турската традиција еден од начините за одредување на машкоста на идниот зет е да му се стави сол во кафето. Со солта потенцијалната невеста ги сигнализира своите чувства кон идниот младоженец. Имено прекумерната сол во кафето укажува дека девојката не е заинтересирана за момчето, умерената количина укажува на тоа дека момчето е во ред, додека минималната количина кажува дека момчето има добри шанси и дека девојката е подготвена да се мажи. Доколку потенцијалниот кандидат го испие цел филџан солено кафе тој со тоа ја докажува својата машкост, но и подготвеноста да стапи во брак со девојката.

    kafe tursko ubav servis_balkon37. Турското кафе под заштита на УНЕСКО 

    Турското кафе е ставено на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Одлуката е донесена на 8-та седница на меѓувладиниот комитет на УНЕСКО кој се одржа во 2013 година во главниот град на Азербејџан, Баку.

    Велат дека колку повеќе ги правите работите со мерак, толку повеќе и подолго уживате во истите. Уште од минатото, се знаело, кога ќе отидеш на гости, те служат со кафе и локум. Ова слатко задоволство постои долги години како традиција.

    И навистина е лезетски: топло турско кафе и неколку парчиња локум (обичен или со ореви) и полни сте со енергија!

    На здравје кафе со Балкон3!

    Кристина Ангелеска

  • Шиле – бели плажи, мир и релаксација на северот од Истанбул

    Да се посети Истанбул, градот кој 24 часа дише и живее со забрзано темпо е вистински предизвик. Кога ќе стапнете овде брзате да посетите сè, но тоа не е возможно, бидејќи градот има многу музеи, плоштади интересни локации за кои е потребно време за да стигнете да ги посетите и секогаш ќе има нешто што ќе остане за следен пат.

    При секоја моја нова посета се обидувам да откријам некое ново место. Овој пат Балкон3 ве води на една релаксирачка турнеја надвор од градот, на брегот на Црното море, односно на најсеверната точка на Истанбул, градчето Шиле.sile breg ubava balkon3Шиле (Şile) е мало туристичко место сместено во северниот дел на Истанбул на брегот на Црното море. Оваа провинција е дел од градската управа на Истанбул (Buyuksehir belediyesi) и се наоѓа на 70 км. од Ускудар. За да стигнете до таму треба да дојдете до автобуската станца Харем преку Ускудар (во Азиската страна на Истанбул) и да се качите во автобус број 139 или 139А. Билетот во еден правец чини 6 TL.

    sile naslovnaa balkon3

    Поради близината до Истанбул многу луѓе живеат oовде, а работат во Истанбул. Популарното одморалиште Ağva е исто така дел од Шиле. Тука постои рибарско село од 700 години п.н.е. и светилник од Отоманскиот период. Повеќето истанбулчани го користат брегот на Шиле за да се одморат од градската гужва. Ова импресивно гратче е одалечено на околу час и четириесет минути  возење од Истанбул.  Белите песочни плажи, кои се протегаат во северниот дел се лесно достапни од главниот автопат, додека на истокот се сместени повеќе мали одвоени плажи.

    sile more1 ubava balkon3

    Во самиот град има многу карпести врвови кои овозможуваат поглед кон малото пристаниште на брегот. За време на викендите, а особеново жешкиот летен период Шиле е преполн со еднодневни посетители, кои доаѓаат на семеен пикник. Тука има голем број на барови и ресторани кои покрај прекрасната храна нудат прекрасен поглед кон Црно море, посебно паркот околу светилникот.

    sile kafic vo karpa balkon3

    Треба да се напомне дека ова гратче како и другите кои се наоѓаат на брегот на  Црното море  ги делат истите морски услови. Со ова сакам да кажам дека тука струите се многу силни што претставува опасност за неискусните пливачи.

    Шиле исто така е познат по памучниот лен кој се произведува тука, и истиот се продава во многу продавници во градот. Имено, секоја година во летниот период се одржува саем на кој се промовира оваа ткаенина.

    sile naslovna balkon3

    Тоа што не треба да го пропуштите тука е Светилникот кој има историско значење. Сместен на западниот брег од Црното море и сеуште е во употреба. Бил изграден во 1859 година цо овластуање на отоманскиот султан Abdülmecid I (кој владеел 1839-1861 ). Камениот дел од светилникот бил изграден од турски архитекти, додека металните делови и Кристалниот-леќа систем се направени во Barbir фабриката во Париз. Во 1860 година, светилникот е пуштен во употреба. Истиот помага во навигацијата на пловните објекти на брегот на Црното море. Изграден е за време на војната на Крим за прикажување на патот на бродовите кои влегуваат во Истанбул од Црното море.

    sile svetilnik balkon3

    Ова е најголемиот светилник во Турција, сместен на 60 метри (197 стапки) надморска височина. Кулата на светилникот е висока 19 метри (62 ft). Со цел да се види јасно во текот на денот, кулата е насликана со црно-бели хоризонтални ленти. Октагоналната камена кула на својот врв има фенер и галерија. Првично светилникот светел со помош на керозин, за подоцна истиот да биде заменет со Dalen светлина произведена од согорувањето на карбид гас (ацетилен гас). Веќе од 1968 година светилникот работи со помош на електрична енергија.

    sile mala svetilnik sile feneri balkon3

    Светилникот е една од најпрепознатливите и најубави градби на црноморското крајбрежје. Тој е претворен во музеј и е отворен за посетители.

    Исто  така ви предлагам да го посетите и Замокот кој бил изграден од страна на Византијците за заштита на капиталот и крајбрежјето од морските напади. Искусете ја традиционалната турска гостопримливост. Релаксирајте се на крајбрежјето и уживајте во прекрасниот поглед кон морето.

    sile zamok balkon3

    Доколку сакате да преноќите, градот нуди многу можности за сместување во хотели, пансиони и гостилници. Јас препорачувам да го посетите во било кое годишно време. Прекрасната боја на морето која се менува во зависност од временските услови и звукот на брановите ќе ве опуштат и ќе ве исполнат со нов живот и нов почеток, кој ќе ве потсети дека овоземниот живот е вистинско задоволство и уживање.

    sile ubava karpi lisja balkon3

    На крај сакам да и се заблагодарам на мојата пријателка Мели од Осијек за прекрасните фотографии.

    Уживајте.

    Кристина Ангелеска

    фото: Мели

  • 10 факти за Истанбул, градот што флертува на два континенти

    Истанбул! Местото што ги исполнува сите желби на светот и ви ги отвора портите кон непроценлива убавина, историја, шопинг и флерт на два континенти.Besiktas-balkon3

    Главниот град на 3 империи ќе ве освои бидејќи е многу повеке од само име од историјата. Ова е еднинствениот град кој поврзува 2 континенти, град на спротивности и на извонредни традиционални вредности. Многумина го нарекуваат „Главниот град на светот“, други пак „Мостот помеѓу Европа и Азија“. Сепак, Истанбул е најголемиот град во Турција и еден од најголемите градови во светот, со население од над 13 милиони жители .

    Ortakoy_balkon3

    Овој пат решив да споделам со вас некои интересни факти за овој раскошен град на Босфорот, а за да ги откритете неговите убавини ви препорачувам да го посетите, нема да погрешите.

    1. Во времето кога Истанбул бил дел од Отоманската Импперија, во градот имало преку 1.400 јавни тоалети, во време кога тоалети не постоеле дури ни во кралските палати во најголемите европски кралства. Околу 1600 тата година  (отприлика времето кога владеел и Кралот Сонце во Франција) во Отоманската Империја биле изградени првите јавни тоалети во новите џамии што се граделе. А, како што знаеме, Версај е изграден без тоалети во него.  Веројатно така било и со другите европски монарси во тоа време.

    2. Подземната линија, претходник на Метрото во Истанбул е една од најстарите во светот, која постои од 1875 година. Постари се само метрото во Лондон (1863) и во Њујорк (1868). Се работи само за една линија која поврзува два плоштада и има само две станици и го носи името „Тунел“.

    3. Во историјата, Истанбул бил главен град на : Римската Империја, Византиската Империја и Отоманската Империја. А во денешно време, Анкара е главен град на Турција.

    Basilica_San_Marco

    4. Четирите бронзени коњи кои денес ја украсуваат катедралата Сан Марко во Венеција биле украдени од Истанбул во 13.век од Крстоносците. Коњите биле направени во 4 век пред нашата ера во Грција и биле изложени во Хиподромот во центарот на Константинопол.

    5. Агата Кристи го напишала својот познат роман „Убиството во Ориент Експрес“ во хотелот Пера Палас во Истанбул, откако самата била патник во познатиот воз кој сообраќал од Париз до Истанбул во периодот од 1883 до 1977 година. Тоа е последната станица на овој воз, на железничката станица Сиркеџи гари (главната железничка станица во Европскиот дел од Истанбул).

    murder on the orient express balkon3 Sirkeci train station 1_balkon3

    6. Големиот пазар во истанбул (Капали Чаршија) е најголемиот покриен пазар во светот, со преку 3000 продавници.

    Kapali carsi 1_balkon3 Капали

    7. Истанбул зафаќа површина речиси колку државата Белгија, со речиси еднаков број население.

    8. Скоро без исклучок, сите жители на Истанбул се жалат за сообраќајниот метеж, за начинот на кој се прават работите итн, но никој не сака да си замине од таму.

    9. „Почвата и камењата во Истанбул се златни“. Оваа позната парола од 50-те години на 20.век донела огромен број на луѓе од селата во овој магичен град.

    10. Во Истанбул се наоѓа најголемата црква-џамија (Света Софија) во светот, која од 1937 година е прогласена за музеј со декрет на Кемал Ататурк и која сведочи за испреплетеното влијание помеѓу двете доминантни религии во регионот.

    Света Софија

    За овој град кој пет пати го има менувано своето име, има многу што да се зборува. Една посета на овој град нема да ви дозволи да ги откриете сите негови тајни. Ќе се воодушевувате, ќе разгледувате, ќе останете без зборови од прекрасната убавина, а сепак никогаш нема да дознаете се за овој бисер на Босфорот. Секогаш останува по нешто за наредна посета и се така до недоглед…

    Кристина Ангелеска

  • „Скаменетите свадбари“ во Куклица

    Помина најдолгиот месец во годината. Гледајќи го сонцето, кое што деновиве иако со „заби“ ни е постојан придружник, можам слободно да кажам дека пролетта ни е блиску. Токму поради тоа сметам дека е време да почнеме да правиме „must visit list“. Затоа ако ви треба идеја за викенд прошетка, мој прв предлог е селото Куклица, близу Кратово, каде ќе ги најдете камените кукли. Во регионот на Осоговието на осум километри северозападно од Кратово се наоѓа една од најубавите природни реткости во Македонија, Куклица. Станува збор за уметничко дело на природата кое е старо над 50 илјади години, настанато со вертикална ерозија на меките вулкански карпи.

    kuklica2

    Локалитетот „Камени кукли“ е всушност комплекс на повеќе стотици камени фигури каде природата направила ремек дела несвојствени ни за најкреативниот човечки ум. Камениот град Куклица е место на кое фигурираат 120 помали и 15 поголеми камени столбови.

    kuklica3 kuklica1

    Тие се навистина изненадувачки природен феномен, а настанале под влијание на ерозијата и климатските промени кои се одвивале во минатото на овој терен. За странците е познат како Камениот град, кого го прати интересна легенда, која нема да ве остави рамнодушни и ќе ве натера да го посетите овој локалитет.

    Легендата вели дека многу одамна во селото Куклица се случила голема трагедија. Момчето, во кое една девојка била бескрајно вљубена, се оженило со друга, поради што разочараната девојка ги проколнала младенците. Кога дошол свадбениот ден, навидум се било во ред: се собрале сватовите, стасале и другите гости, веселбата почнала. Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле. Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка. Меѓу локалните жители местото е познато како „Весела свадба“ зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка.

    kuklica5

    Со малку фантазија, секој посетител може да си ги дополни празнините во приказната, бидејќи не се знае што се случило со девојката што ја фрлила клетвата. Мештаните раскажуваат дека нивните предци се обиделе да ја растурат клетвата на вљубената девојка, но не успеале. Исто така, кажуваат дека на секои 5 до 6 години, и во Горно и во Долно Маало, двата локалитета што се поделени со еден рид, никнува по една нова фигура. „Највпечатливи се невестата и младоженецот, кои се придружени од деверот и деверицата. Тие се најголеми и се гледаат еден со друг во очи“, кажуваат селаните.

    kuklica4

    Сепак треба да се спомене и научниот аспект кој е сосема спротивен. Имено, научниците тврдат дека камените кукли се создале уште пред да се појави каква било населеност на планетава, и тоа од вертикална ерозија на вулкански карпи.

    kuklica_cover

    Кратово, односно селото Куклица е најпознато по карактеристичните ерозивни форми наречени земјени пирамиди или камени кукли за кои научниците велат дека се создале пред 10 милиони години. Вертикалната ерозија на вулканските карпи создала „кукли“ повисоки од десет метри, кои и денес доминираат во питомата околина. Со тек на времето природата од нив извајала ретки ремек-дела.

    kuklica6

    Овие процеси, кои почнале пред десетина илјади години, продолжуваат и денес, така што некои земјени пирамиди постепено се уништуваат, а други се создаваат. Со тоа, пирамидите перманентно го менуваат својот облик, но тој процес е бавен и не може да се забележи за еден месец или една година. Феноменот земјени пирамиди или камени кукли, во светски рамки претставува ретка појава и за нивно создавање треба посебни геолошки, геоморфолошки, климатски и вегетациски услови. Тоа особено се однесува за добро изразените, типични појави како во Куклица. Затоа овој локалитет е заштитен како природна реткост. Воедно тука не треба да се преземаат активности би го загрозиле локалитетот, поединечните форми или со кои ќе се намали амбиенталната вредност и природниот изглед на просторот.

    kuklica7

    Природен феномен или легенда, оценете сами, но во секој случај додадете ја Куклица на Вашата листа за пролетни викенд екскурзии.

    Текст и фото: Кристина Ангелеска

  • Шеќерни спомени

    Детство, период во кој живеевме безгрижно и слободно. Период кој никогаш не се заборава и на кој вечно се навраќаме. Кога ќе помислам на тој период ми навираат многу спомени. Саботите речиси секогаш ни беа резервирани за семејна прошетка низ градскиот парк, посета на зоолошката градина или пак лудување во луна парк. Секогаш кога бевме послушни, а бевме :), татко ми ќе не почестеше со шеќерна волна, шеќерно јаболче или шеќерно петле. Знам дека воопшто не беа здрави ни за нас, ни за забите, но секако можевме да си дозволиме малку сладок грев. Сепак тоа беше добар начин да ја одржиме енергијата. Ах, убави шеќерни спомени, колку само го сакам тој мирис на карамелизиран шеќер.

    sekjerni spomeni_cover

    Пред некој месец при мојата последна посета на Истанбул, додека уживавме во глетката на Златниот рог што ја нуди Пјер Лоти, една од моите пријателки на моја огромна радост ми разбуди спомен од тој прекрасен период и пред мене се појави со шеќерно јаболко и шеќерно петле. Па, така носталгична, добив идеја да ве вратам во детството и да ви понудам рецепт за дома да подготвите шеќерни јаболчиња. Впрочем токму сега е периодот на јаболката, па еве еден креативен начин како да ги искористите.

    Потребни состојки:

    – 10 ситни јаболка
    – 500 грама шеќер
    – 110 мл. вода
    – 1 лажица оцет
    – 2 лажици мед
    – црвена прехранбена боја
    – 10 дрвени стапчиња

    jabolce 1petle 1

    Подготовка:

    Прво јаболчињата добро измијте ги и избришете ги со мека крпа. Извадете ги рачките и на тоа место забодете по едно дрвено стапче. Потоа ставете ги водата и шеќерот да зовријат, па додадете ги останатите состојки. Варете 10-15 минути. За да бидете сигурни дека е готово, со лажичето земете од смесата и капнете во ладна вода или пак лажичето ставете го под ладен млаз вода. Смесата треба веднаш да се карамелизира и да не е мека. Во жешкиот сируп ставете ги јаболката и при тоа внимавајте сирупот да е добро нанесен на сите страни. На крај оставете ги врз метален сад (чинија или тава) за да се сушат. Откако ќе се исушат, шеќерните јаболчиња се подготвени за дегустација.

    Зашеќерените јаболка можете да ги завиткате во целофан и да ги подарите на некој и со тоа да го потсетите на убавите детски денови. Тоа нема никој да остави рамнодушен, бидејќи во последно време ретко се наоѓаат места каде што може да го најдеме овој дамнешен деликатес, кој на сите ни буди слатки спомени.

    Кристина Ангелеска

  • Уметност од срма

    Филигранот е една од најубавите техники за обработка на метал. Векови наназад со оваа техника е изработуван накит и украсни предмети на кои и денес им се восхитуваме. Меѓутоа, постојат и други начини за употреба на филигранството, па по среброто, срмата е најдобриот материјал за изработка на филиграни. Оваа специфична техника и редок занает карактеристичен за ова поднебје, бара многу трпение и љубов при рачната изработка на уникатните дела.

    filigran od srma 5

    Скопјанката Роса Маневска по професија правник, изработува слики од срма. Таа е ракотворец повеќе од 10 години и заедно со уште неколку жени во Македонија се единствените изработувачи на филиграни од овој материјал. Нивните производи се уникатни, оригинални, ретки и препознатливи.

    filigran od srma1

    Љубовта кон оваа уметност кај неа се раѓа повеќе од љубопитност, најпрво изработувајќи слики за свое лично задоволство, а подоцна и за продажба. За овој редок занает вели дека не е тежок, но е спор и бара многу посветеност и трпение, но пред се` љубов затоа што оваа работа не може да се работи без љубов.

    Од срма можам да изработам се`, освен ликови“, вели Маневска. „Тоа не е можно, бидејќи срмата сама по себе е сјајна, а ликовите се топли и бараат топла боја, па ликот изработен од срма ќе изгледа како маска.“

    filigran od srma2 filigran od srma 3 filigran od srma4

    Освен срма во сребрена и златна боја, во последно време користи срма и во други бои. Срмата ја набавува од Скопје, Гостивар и Тетово, од познати лица во кои има доверба.

    „Работам секојдневно, но оваа работа нема одредено работно време, што значи како професионалец можам да работам час и половина, а потоа едноставно лепакот го прави своето. Срмата е многу жива, рацете по некое време почнуваат да се плеткаат во неа, а и миризбата од лепакот е непријатна и за очите, затоа е неопходен одмор, па потоа се продолжува со работа. За седум – осум часа работа дневно може да се изработи една пеперутка“, објаснува Маневска.

    filigran od srma

    До сега нема пропуштено ниту едно случување на кое била поканета, како во Македонија, така и надвор од неа. Тука спаѓаат базари на ракотворби, разни работилници, изложби на ретки занаети и слично. Зад себе има пет самостојни изложби во Македонија за кои на нејзино големо изненадување интересот бил доста голем. Има огромна желба да ја претстави својата работа и надвор од нашата земја и се надева дека ќе добие покана за такво нешто.

    „За мојата работа има интерес не само кај странците туку и кај нашиот народ од сите генерации. Сум присуствувала на неколку работилници и особено сум изненадена што младите се заинтересирани за ваквиот вид уметност и успешно успеваат да ги изработат зададената задача“, раскажува Маневска.
    Од нејзините уметнички дела, најбаран мотив е пеперутката инспирирана од нашиот национален брош изработен од Вангел Деребан и истата ја има во 15 бои.

    filigran peperutka

    Исто така не помалку застапени се и мотивите од антиката на Македонија, фолклорните елементи како носии, везови и пафти. Меѓутоа има и луѓе кои имаат посебни барања и на нејзино огромно задоволство впечатоците секогаш се импресивни.

    „Младите не прашуваат за цена, доаѓаат, бендисуваат некој мотив, ако немам готов во тој момент се договараме да го изготвам и доаѓаат да го земат. Ги купуваат за секаква пригода: роденден, именден, свадба, вселување во стан. Со задоволство можам да истакнам дека моите дела ги красат домовите на претседателот, премиерот, генералштабот на АРМ, бројни бизнисмени, па и некои турски актери“, додава Маневска.

    Најголемо задоволство од оваа работа и е реакцијата на лицата на клиентите за финалното издание на сликата. Тоа нема цена, вели Маневска, која за крај ни откри дека од овој малку познат и заборавен занает сепак може да се живее.

    Кристина Ангелеска

  • Румели Хисар – тврдина со најдобар поглед кон Босфорот

    Секој кој го посетил Истанбул, сигурно барем неколку пати се запрашал од каде има најубав поглед на Босфорот. Балкон3 Ви ја открива тајната како сите Ваши фотографии од протокот кој ги дели Европа и Азија да изгледаат како разгледници. Едноставно, посетете ја тврдината Румели Хисар, место богато со историја, каде можете да ги разгледате музејските експонати и да уживате во појадок со прекрасен поглед на Босфорот.
    rumeli hisar_cover
    Тврдината Румели Хисар се наоѓа во Саријер, област на Истанбул, на еден рид на европската страна на Босфор. Таа го дава името на населбата околу неа. Румели Хисар е изграден од страна на османлискиот султан Мехмед II, помеѓу 1451 и 1452 година, пред тој да го покори Константинопол. Трите големи кули биле именувани по трите везири на султанот, Халил Паша, Заганош Паша и Сарика Паша.
    rumeli 15
    Сместена е во најтесниот дел од Босфорскиот канал од 660 метри и е во непосредна (спротивна) близнина на Анадолски Хисар кој бил изграден во времето на Бајазит I. Местото било избрано со цел да се спречи помошта на престолнината која престигнувала преку Црното море за време на османлиската опсада. Во претходните опсади на градот, султанот најмногу се соочувал со проблеми поради блокадата на Босфор од страна на византиската флота. Тврдината која на ова место постоела во времето на Римската империја била користена како затвор, а подоцна на ова место постоел и манастир.
    Во рамките на подготовките за освојувањето на Константинопол, Султанот Мехмед II (1432-1481), син на Мурат II, започнал да ја реализира изградбата на тврдината веднаш по неговото второ искачување на тронот во 1451 година. Тој ја одбил молбата за мир со византискиот император Константин XI Палеолог (1404-1453), кој ја разбрал пораката која султанот ја испраќал со изградбата на тврдината. Изградбата започнала на 15 април 1452 година. Секоја од трите главни кули биле именувани по пашите кои ја надгледувале нивната конструкција. Султанот лично на неколку пати доаѓал за да ја надгледува изградбата. Со помош на илјадници ѕидари и работници, тврдината била завршена во рекордно време од 4 месеци и 16 дена, на 31 август, 1452 година.
    rumeli 1
    Тврдината Румели Хисар се состои од една мала кула, три главни кули и тринаесет мали караули поставени и поврзани со ѕидините на тврдината. Тврдината која била дизајнирана од архитектот Муслихидин, во почетокот се нарекувала Богазкесен (Bogazkesen) што значи „тесно грло“ мислејќи на теснецот на Босфор. Подоцна таа била преименувана во денешното Румели Хисар, име кое во превод значи „тврдина на земјата на Римјаните“ т.е. византиска Европа.
    rumeli 8
    Своето значење тврдината го изгубила кога на бреговите биле изградени повеќе тврдини. Во 17 век таа се користела како затвор, пред сѐ за странски воени затвореници. Румели Хисар била делумно уништена од земјотрес во 1509 година, а веќе во следните години била на неколку пати реновирана. Во 1746 година, пожарот кој избувнал ги уништил дрвените делови на главните кули. Во времето на Селим III таа повторно била изградена. Од 1960 година Румели тврдина служи како музеј и отворен театар. Во замокот постои изложба на оружјата што се користеле при освојувањето на Истанбул, како што се топовски зрна и синџири.
    rumeli 4 rumeli 3
    Тврдината е отворена за посетители секој ден, освен во среда, во периодот помеѓу 09.30 и 16.30 часот. Влезот чини 5 турски лири (две евра).

    Текст и фото: Кристина Ангелеска

  • „Тавук гогсу“ – десерт со пилешко месо

    Во турската кујна може да се најдат многу десерти кои се прават со млеко, но дефинитивно ретки се оние кои во себе содржат месо. Тавук гогсу (tavuk göğsü) е вид млечен пудинг, дел од традиционалната турска кујна, чие име во буквален превод значи „пилешки гради“. Знам дека звучи малку чудно, бидејќи и јас не можев да поверувам дека од пилешко месо може да се направи толку вкусен десерт. Кога келнерот ми кажа дека станува збор за пудинг од пилешко месо бев изненадена и мислев дека станува збор за шега.
    tavuk-gogsu_cover

    Всушност вкусот на пилешкото месо воопшто не се чувствува, бидејќи пилешките гради се добро зготвени и обработени. Единствено нешто што ќе забележите се парченцата пилешкото месо што го прави овој десерт оригинален.
    Овој популарен десерт, кој им бил служен на султаните во Отоманската Палата Топкапи, денес во Турција се смета за традиционален десерт. Истиот, за оние кои не јадат месо, може да биде приготвен и без месо.

    Состојки:

    – 7 чаши млеко
    – 1.5 чаша шеќер
    – 3/4 чаша густин
    – 1 1/4 чаша оризово брашно
    – 1 1/2 чаша вода
    – 1/2 лажица сол
    – 1 парче пилешки стек
    – цимет

    tavu goksu 1

    Подготовка:

    Пилешкиот стек го вариме се додека не омекне убаво. Го сечеме попречно на ленти со должина од околу 5 сантиметри. Парчињата ги земаме во рака и ги триеме со дланките додека не се претворат во тенки и долги делчиња. Ги измиваме 3-4 пати со жешка вода, менувајќи ја водата секој пат. Потоа ги цедиме убаво за да останат сосема без вода. Во шерпа ги истураме шеќерот, млекото и солта. Го оставаме шеќерот да се стопи. Во посебен сад ги промешуваме брашното и густинот. Полека додаваме од млекото и мешаме дури да се добие мазна паста. Ја истураме пастата во млеко и мешаме додека не почне да се згуснува. Земаме 4-5 лажици од пудингот и ги ставаме во садот со парчињата пилешко месо. Ги промешуваме со виљушка, па ги враќаме во пудингот. Вариме на тивок оган и мешаме се` додека не се згусне. Кога ќе биде готов го истураме во сад длабок 2-3 сантиметри, кој може да се стави и на оган и во фрижидер. Го потпечуваме малку одоздола и го оставаме во фрижидер 2-3 часа. Потоа го сечеме на правоаголници и го виткаме во тенки ролни со печената страна нагоре. На крај му наросуваме цимет.

    Afiyet olsun 🙂

    Кристина Ангелеска

  • Почувствувај ја Преспа

    Високи планини, котлина, езеро, остров. Синило, кое за момент ги засенува зелените површини и карпестите височини. Иако денес, ни одблиску не е она езеро кое го паметат постарите, тоа сe` уште плени и повикува за посета. А Добредојдето кое ќе ве пречека, е момент кој не се опишува.

    Денес, езерото е многу помало, а за тоа сведочат огромните песочни плажи, за кои, по се изгледа никој не се грижи. Но и така оставено, на милоста на природата, тоа сепак успева да ја задржи убавината, која некогаш сјаела како прамен, сончев зрак. Околните села, добро скриени за оние кои прв пат ќе ги посетат, само ја надополнуваат сликата која ќе ја добиете како прв впечаток. Едноставно, вреди да бидете пријатели со овој крај, бидејќи има што да понуди.

    Дупени бич
    Дупени бич

    Pretor

    Почнувајки од источната страна на преспанското крајбрежје прво село на кое ќе наидете е Подмочани. Овде може да го посетите етнолошкиот музеј во сопственост на Јоне Ефтимовски каде ќе имате прилика да погледнете над 3000 вредни експонати: прекрасни примероци на накит, оружје, стари монети и преку 200 различни Македонски национални носии од разни региони на Македонија. На највисокиот рид во селото се наоѓа црквата Св. Петар и Павле, а до неа се издига преспанскиот крст висок 30 метри и широк 20 метри, видлив од сите страни на Преспа.

    До него селото Грнчари во кое се наоѓа малиот манастир Св. Илија, за кој се верува дека датира од 13 век, сместен во пазувите на Баба на само 3 километри од селото. Фрескописот е импресивен, а природата фантастична.
    Следува селото Асамати каде имате пристап до орнитолошкиот резерват за птици, Езерани. Резерватот се протега на 10-тина километри северно од преспанското крајбрежје и тука живеат 115 ендемски видови птици (пеликан, малиот корморан, белоопашестиот орел, дебелоклунестата вртимушка и фламингото). Истиот е под заштита на разни интернационални организации.
    Во близина на Асамати се наоѓа Претор, прекрасно туристичко место, поделено на два дела, селото (во горниот дел) и туристичката населба (крај езерото) и населбата со вили на ридот кон Сливница. Убаво уредената плажа, неколкуте модерни кафеани, ќе Ве натераат да се чувствувате како на некоја ексклузивна морска дестинација.

    luge na plaza

    На само неколку километри од Претор, повторно во подножјето на Баба, е селото Курбиново, каде се наоѓа познатиот манастир Св. Ѓорѓи. Поделени се мислењата за времето од кое датира, 11 или 13 век. Скромната градба со величествени фрески насликани во 1191 година е скриена во идилична чистинка над Преспанското езеро со импресивен поглед. Ѕидниот декор во самата црква е еден од најдобрите примероци во Македонија. Имено, во овој манастир се наоѓа фреската на Архангел Гаврил, која ја има на банкнотата од 50 денари.

    Следна станица е селото Сливница. И уште еден манастир, кој не смеете да го пропуштите. Манастирот Св. Богородица се наоѓа на три километри од селото. Манастирскиот комплекс содржи скромна црква, изградена и декорирана во 17-от век. Фреските се добро зачувани и ги носат стилските карактеристики на фрескописот од почетокот на 17-от век во Македонија. Во состав на манастирот има конаци во кои може да се преспие. Овде била сместена втората по големина ресавска школа, после Лесновскиот манастир.

    И повторно природа која Ве остава без здив. На самиот брег на езерото е сметена туристичката населба Сливница. Овде се наоѓа една од најубавите плажи во преспанскиот регион, долга околу 400 метри, послана со ситен песок, опремена со лежалки и хавајски чадори. По патот следуваат Љубојно, Брајчино и Долно Дупени. Оддалечени само 15 минути од Преспанското езеро, во непосредна близина на националниот парк Пелистер. Богати со извори на пенлива вода, висока и зелена шума, планински врвови што пленат со својата убавина. Освежени од пелистерскиот воздух од една страна и заплиснати од преспанското сонце од друга страна, со автентична архитектура и љубезни домаќини, овие села и по својата местоположба и по убавините што ги нудат се особени. Ова се едни од најубавите села во Македонија, добро организирани, одлично обележани и со бескрајна чистота.

    Брајчино
    Брајчино
    Љубојно
    Љубојно

    Тука веќе има поразвиен туризам. Може да се сместите во хотелот Стара чешма во Љубојно, во хотелот на Тетка Николина во Брајчино, да изнајмите соба во некоја од локалните куќи или да преноќите во конаците на манастирот Св. Петка во Брајчино. Има одлични гостилници, во кои може да пробате традиционални јадења за овој крај (полнети пиперки, сарма или мусака, тавче гравче, чадено месо, циронки, домашна пита, кисело мелко, питулици, а како најголем специјалитет се предлагаат домашни колбаси, кои во Брајчино ги викаат лукаинци). За странските туристи најатрактивна е шестчасовната прошетка до Големото Езеро, во средиштето на националниот парк Пелистер, на височина од 2.200 метри.

    Brajcino2

    Обележаната патека за планинарење на гостите им овозможува да уживаат во прекрасните убавини на овој крај. Тука можете да ловите пастрмка во реката, да одите на пикник или да ги посетите старите воденици покрај реката. Исто така можете да ги посетите и селските цркви и манастири кои ги има во голем број, од кои најатрактивни се црквата Св. Петка во Брајчино и Св. Петар и Павле во Љубојно. Црквата Св. Петка датира од XVI век, во манастирот има извор кој во текот на цела година е пресушен, а протекува на 7 август, вечерта спроти празникот, и на 8 август кога се слави празникот на манастирот. Црквата Св. Петар и Павле e издигната на околу 800 метри надморска височина, над црквата Св. Танас, на една убава рамнина на височинка, заобиколена со густа шума од сите страни.

    Sv.-Petar-i-Pavle-Ljubojno Brajcinska reka

    Поради близината до Преспанско Езеро, за љубителите на водата и птиците интересни дестинации се и островот Голем Град и птичјиот резерват Езерани. Убаво уредената плажа на границата со Р. Грција, во месноста Маркова нога (која е и најјужна точка на Р.Македонија) во летниот период привлекува голем број туристи. Овој печалбарски регион најголем број посетители има во средината на јули и првата половина на август, кога се одржуваат традиционалните иселенички средби на 2 август (Илинден) во Љубојно и на 8 август во Брајчино.

    Prespa lake

    Затоа Ви препорачуваме, доколку сакате да ги доживеете боите на виножитото, да уживате во најпрекрасното ѕвездено небо, да го осетите духот на традицијата, посете го Преспанскиот крај. За оние кои не биле, пропуштиле да ја доживеат магичната убавина на овој регион, а за оние кои биле, убедена сум дека секогаш останал во нивните срца, со желба да одат повторно и повторно и повторно…

    Кристина Ангелеска