Четири езера, пет планини, две реки, два града, села, манастири, мостови, неверојатна природа… Сето тоа е спакувано во само стотина километри, на патот Маврово-Струга, покрај западната граница на Македонија. Патот воопшто не е лесен, многу е кривулест, на места и тесен, со повремени одрони од камења или со оштетувања на асфалтот. Поради тоа возачите често го избегнуваат. Но ако сте совозач или патник, тогаш ќе уживате. Следете не`, километар по километар, низ 17 обележја на веројатно најживописната патна делница во Македонија.

км 1: Букова шума. Патот можеби се вика Маврово-Струга, но почнува десетина километри пред Маврово, каде што се одвојува од главниот пат од Скопје кон Охрид. Буковата шума ќе ве следи уште од првиот чекор, со своите шарени стебла и зелени лисја.

км 8: Мавровско езеро. Оттука е првиот поглед на најфотографираната вештачка акумулација во Македонија, создадена во 1947 година, кога се изградила браната и таа станала дел од хидроенергетскиот систем на земјата.

км 11: Маврови Анови. Друмската населба е целосно ставена во служба на патниците, со своите ресторани, продавници, бензински пумпи и места за одмор.

км 20: Радика. Првиот поглед на реката што ја сметаат за најубава и за најчиста во Македонија доаѓа кај мостот преку кој се оди кон планината Кораб. Совршена хармонија на брзата и бистра вода со карпите, густите шуми и со растенијата со листови широки и по половина метар.

км 24: Кањонот на Радика. Неколку километри низводно, високите карпи од двете страни на патот создаваат чувство како да се движите меѓу облакодерите на некој велеград. Но со многу чист воздух и со песната на птиците наместо бучава.

км 35: Бигорскиот манастир Свети Јован. Целосно е обновен по катастрофалниот пожар во 2009 година, што му ги уништи конаците. Манастирот е стар речиси илјада години и неколку пати бил уриван и подигнуван. Највредното нешто во него, црквата и иконостасот со бесценетиот дрворез, беа спасени. Внатрешноста на црквата не смее да се фотографира, но има повеќе од доволно мотиви околу неа.

км 37: Ростуше и Дуфскиот водопад. До селото Ростуше има помалку од два километра од патот.

Од него се тргнува по планинарска патека до Дуфскиот водопад, висок 25 метри, специфичен поради огромниот камен што се заглавил меѓу карпите од кои паѓа водата. Знакот дека до водопадот има само 1.020 метри нека не ве залажува. Патеката е тесна и лизгава поради влагата, и движењето може да биде напорно за оние што вообичаено се неактивни. Затоа, одвојте си барем еден час за оваа посета.

км 45: Мостот Еленски Скок. Кај Бошков Мост се врти лево (кон исток) и се патува два километра до овој импресивен мост стар 200-300 години, направен од камен во еден лак, кој виси дваесетина метри над провалијата во Мала Река.

км 47: Каменоломот кај Долно Косоврасти. Лекција по геологија за планините во чие што зеленило ќе уживате целиот пат.

км 50: Центар Жупа и Коџаџик. На почитувачите на Мустафа Кемал Ататурк веројатно нема да им пречи да поминат 17 километри покрај источниот брег на Дебарско Езеро, по пат што е предизвик и самиот по себе, до Коџаџик, родното место на неговиот татко, каде што има и спомен куќа посветена на неговите предци.

км 53: Манастирот Свети Ѓорѓи во Рајчица. Старата црква и беспрекорно уредените конаци што се извишуваат над неа привлекуваат посетители од целиот Балкан. Точка што не смее да се промаши, дури ни на поминување.

км 55: Дебар. Градот за кој во Македонија важи стереотипното сфаќање дека е на изумирање бидејќи секој се отселува од него, изненадува со бројот на новоизградени куќи и згради.

км 60: Дебарско Езеро. Иако езерото ќе го видите многу порано (уште кај Косоврасти), најубавите панорами се на околу пет километри јужно од Дебар. Внимавајте, ако возите кон југ, местата за застанување и за уживање во глетката ќе ви бидат од левата страна на патот и за да го паркирате автомобилот ќе треба да ја пресечете лентата за возилата што доаѓаат од спротивниот правец. Тоа мора да го направите многу претпазливо, за да не се доведете во сериозна опасност.

км 79: Клисурата на Црн Дрим. Втората река на овој пат е Црн Дрим. И таа се пробива низ планините и создава спектакуларна клисура.

км 87: Глобочица. Водата во ова вештачко езеро е толку темна, а околината толку тивка, што тоа делува истовремено воодушевувачки и застрашувачки. Старото село кое било поплавено кога се направила браната не може да се види, но приказната за него само ја зголемува мистиката. Исто како и кај Дебарско Езеро, внимавајте кога ќе се паркирате.

км 97: Вевчани и вевчанските извори. Вевчани е едно од најтуристичките села во Македонија. До него се скршнува околу четири километри од главниот пат, кон запад. Познато е по карневалот на 13 јануари, по убавата архитектура и по вевчанските извори. Споменик на природата создаден од десетици извори и потоци што се испреплетуваат низ карпите и низ зеленилото. Овде или ќе направите илјада фотографии, или едноставно ќе го оставите фотоапаратот знаејќи дека не може да ја долови убавината што ја гледате.

км 107: Струга. Конечно, последната дестинација. Градот на поезијата, на мостовите, на реката Дрим и на Охридско Езеро ќе го прими уморениот патник со целото свое срце.

Текст и фото: Гоце Трпковски























































Овој тренд трае повеќе од една деценија, но неговата популарност не се намалува. Насекаде во светот луѓето ги украсуваат своите градини со велосипедите што ќе ги најдат заборавени во подрумите, откако малку ќе ги дотераат. Треба да се исчисти ’рѓата и да се стави нова боја, за металот да се заштити од понатамошно кородирање. Боите се обично многу силни, а се бојадисува не само рамката, како што било додека велосипедот се возел, туку и рачките, седиштето, педалите, ланецот, дури и тркалата.
Се поставуваат различни велосипеди, и постари и понови модели. Обично луѓето ги користат своите стари и запоставени велосипеди што ќе ги извадат од гаражите, но ако немаат, ги купуваат на пазарите за старудии. Често можат да се најдат за евтини пари, но како што се развиваше трендот, така тој стануваше и бизнис. Колку е постар и поредок некој модел, толку повисока цена може да постигне. За нешто што е вистинска класика се плаќа и по стотици долари.
Стариот црн кинески модел стоеше во гаражата речиси десет години и се поместуваше само кога требаше да се исчисти под него. Препродавачите на старо железо го гледале и нуделе некои мали суми за да го купат. Но нема доволно пари со кои што може да се платат спомените од патувањата со него. Заслужил барем да ја краси градината. Се одлучивме за црвената боја и бојадисавме се` освен гумите. Нив ги оставивме во оригиналната боја, како велосипедот се` уште да може да се вози. Го потпревме до дрво, го врзавме со неколку жици за да биде постабилен. Не штедевме на цвеќиња. Можевме да ги поставиме само на едната страна, бидејќи се наоѓа до оградата на соседите, па му закачивме четири долги саксии. Така, неговото патување продолжи, повеќе низ времето отколку низ просторот, но сепак, тој доби втор живот.


















