Author: Goce Trpkovski

  • 10 лица на Скопје – како 10 различни страни на светот

    10 лица на Скопје – како 10 различни страни на светот

    Секој поголем град има многу лица. Некои делови од него изгледааат како да се во друг град, во друга држава, дури и на друг континент.

    Светските урбанисти сметаат дека градовите во последниве 50 години се` повеќе стануваат глобални, наместо национални, вклучувајќи во себе многу различни карактеристики што го отсликуваат нивниот мултикултурен карактер.naslovna2

    Кога на тоа ќе се додаде долгата и сложена историја на Скопје, кое што сите освојувачи го менувале како што го заземале, а големите катастрофи им ги „поправале“ грешките или во поново време отворале можности за експериментирање, шареноликоста е апсолутно загарантирана.

    Еве кои се` делови од светот Балкон3 ги препознава во главниот град на Македонија.

    ОРИЕНТОТ

    Ова е Старата скопска чаршија, позната и како турска чаршија. Најстариот жив дел од градот, полн со трговци, занаетчии (најмногу златари), ресторани, чајџилници, кафулиња, се` до апсинт-барови како од егзотичните патувања на Шерлок Холмс. Срцето на Скопје, според сите критериуми, во кое е длабоко врежан ориенталниот дух.

    skopje orient1 balkon3

    skopje orient4 balkon3 skopje orient2 balkon3

    ИСТОЧНА ЕВРОПА

    Широките улици со еднолични, главно сиви стамбени блокови изградени покрај нив, се карактеристични за многу источноевропски метрополи. Скопје е, сепак, во тој дел од светот и многу негови делови се уредени на тој начин. Вклучувајќи го и овој дел од улицата Илинденска.

    skopje istocna evropa1 balkon3

    skopje istocna evropa3 balkon3 skopje istocna evropa4 balkon3

    ЗАПАДНА ЕВРОПА

    И покрај земјотресот од 1963 година и подоцнежната модернизација, сепак опстојале и докази дека градот пред стотина години се обидувал да го достигне шармот на западноевропските метрополи. Неколку згради на улицата Никола Кљусев (поранешна Максим Горки) сведочат за тоа.

    skopje zapadna evropa3 balkon3

    skopje zapadna evropa12 balkon3 zapadna evropa skopje11 balkon3

    АМЕРИКА

    Живописното американско предградие е симбол за богатството и за економскиот напредок на САД. Но и во Скопје се граделе населби по сличен терк, кои што ја имале истата цел – да ги симболизираат удобноста и пристојниот живот на средната класа. Лисиче е една од десетината такви населби.

    skopje amerika4 balkon3

    skopje amerika2 balkon3 skopje amerika1 balkon3

    ЈАПОНИЈА

    За цутењето на јапонските цреши веќе сме пишувале, а тие се сместени во западноевропскиот дел. Скопје има и друг јапонски симбол, мегапроектите на архитектот Кензо Танге од 1960-тите, особено станбениот комплекс Градски ѕид.

    skopje japonija3 balkon3

    skopje japonija1 balkon3 skopje japonija2 balkon3

    ХОЛАНДИЈА

    Овој град не е премногу пријателски настроен кон велосипедите. Сепак, има барем еден дел каде што тие можат да бидат главни, како во Холандија. Покрај кејот на Вардар има велосипедски патеки долги дваесетина километри. Главно служат за рекреативно спортување, но бидејќи голем дел од градот е распослан покрај Вардар, некои ги користат и како мирен и безбеден пат до работното место.

    tocaci skopje balkon3

    tocaci skopje2 balkon3 tocaci1 skopje balkon3

    БРАЗИЛ

    Овде ја нема ниту Копакабана, ниту спектакуларните облакодери на Сао Пауло, но може да се видат сцени слични на бразилските фавели, на пример во познатата Топаана. Не дека фавелите се слика само за Бразил. Не постои поголем град во светот што нема делови завиткани во огромна беда, но бразилските станале познати поради користењето во поп-културата. Така, и Топаана си наоѓала свое место во филмовите и во музиката.

    skopje brazil1 balkon3

    skopje brazil2 balkon3 skopje brazil3 balkon3

    ИСТОЧНА АЗИЈА

    Раздвижени трговски улици во кои дури и делови од коловозот се претворени во продажен простор, а не постои производ што не може да се најде на нив. Може да се сретнат од Тајланд па се` до Турција, но и во скопски Дуќанџик.

    skopje azija1 balkon3

    skopje azija2 balkon3 skopje azija4 balkon3

    БАЛКАН

    Кога во едно полууредено место се гледаат луѓе од различни класи, кои возат скапи, евтини или никакви автомобили, а живеат во своите големи и мали куќи што не изгледаат ниту посебно привлечно, ниту одбивно, туку сосема, сосема едноставно – тоа е Балканот. Тоа е и населбата Ѓорче Петров.

    skopje balkan2 balkon3

    skopje balkan1 balkon3 skopje balkan3 balkon3

    МЕНХЕТЕН

    Во изминативе десетина години се појавија многу идеи што го носеа истиот работен наслов – скопски Менхетен. Замислата им е да се изградат висококатници на повеќе локации, а се предвидуваа максимални височини и до 500 метри. Засега единствените облакодери во Скопје се двете изградени (од четирите планирани) кули од проектот Sky City, високи по 130 метри. Тешко е да се претпостави дали Скопје ќе продолжи да се развива на овој начин, во височина.

    skopje menheten3 balkon3

    skopje menheten4 balkon3 skopje menhenen2 balkon3

    Гоце Трпковски

    фото: Хусамедин Гина

  • Мусака со карфиол

    Во овој дел од светот не постои мусака, туку мусаки. Тоа е еден од оброците што не` обединува, што знаеме дека секаде можеме да го најдеме. Можеби со различен состав и вкус, но секаде тоа е неверојатна комбинација од вкусен зеленчук и месо, и тоа на слоеви. Дури и месото не е секогаш задолжително. Нашите народи биле толку вешти и инвентивни во експериментирањето со мусаката, што направиле и вегетаријански верзии. Комбинациите се менуваат, името останува. Во продолжение, еве како можете да направите мусака од карфиол.

    Musaka so karfiol_cover

    Потребни состојки:

    – еден карфиол
    – 500 грама мелено месо
    – една главица кромид
    – 0,3 литри јогурт
    – 2 јајца
    – сол, масло за јадење, сушен магдонос

    musaka so karfiol1 musaka so karfiol2

    Подготовка:

    Пред да се „сретнат“ зеленчукот и месото, прво треба да се подготват. Кромидот се сецка и се пржи со малку масло, а потоа во тавата се додава и месото. За околу пет минути е готово.

    musaka so karfiol3

    Карфиолот се крши на цветови и се става во врела вода за да омекне. Потоа, доаѓа време за спојот, кој е мошне стандарден. Најдолу во тавата (премачкана со масло) се става ред карфиол, па ред месо, па уште еден ред карфиол и сето тоа се полева со малку студена вода. Се пече во покриен сад на 200 степени, околу 45 минути до еден час. Во меѓувреме, се матат јајцата и јогуртот. Во стандардната мусака за Македонија, што се прави со компири, се става млеко, но во таа со карфиол јогуртот е многу подобро решение, дава посилен и побогат вкус.

    musaka so karfiol6 musaka so karfiol5

    Неколку минути пред да биде готова мусаката, оваа мешавина се прелева одозгора и потоа се остава да се пече во отворен сад, додека да зарумени. На крајот, добивате вкусен оброк, кој може да се гледа како полесна варијанта на класичната мусака. Дури не треба ни премногу време за да се подготви. Се може да биде готово за час до час и половина. Но, за секој случај, подобро е да почнете со готвењето додека не сте многу гладни. На здравје!

    musaka so karfiol7

    Автор и готвач: Гоце Трпковски

  • Нашите прекрасни планини: седум сличности меѓу Кораб, Арарат и Олимп

    Планините Арарат, Олимп и Кораб се национални обележја. Тоа што е Арарат за Турција, е Кораб за Македонија. Но не само на еден, туку на дури седум начини. Толку сличности успеавме да пронајдеме меѓу овие две планини. Ако се сетите на уште некоја, дополнете ја нашата листа.

    Korab posledna ugornica

    Највисоки врвови. Ова е најочигледната сличност. Со 5.137 метри надморска височина на врвот, Арарат е највисоката планина во Турција, а Кораб, издигнувајќи се 2.764 метри над морското ниво, е највисоката планина во Македонија.

    Големина на масивот. Планината Кораб се протега околу 40 километри од север кон југ. Почнува каде што завршува Шар Планина и продолжува кон реката Црн Дрим. Арарат, пак, е вулканска планина, поради што, гледана одозгора, има форма на круг, а дијаметарот и е околу 40 километри.

    Korab vrvot

    Мал и голем врв. Арарат ги има врвовите Голем Арарат (5.137 метри) и Мал Арарат (3.896 метри), со простор како порта меѓу нив. На Кораб можат да се најдат Голем Кораб (2.764 метри) и Мал Кораб (2.683 метри), а ги има и Голема и Мала корабска врата, како планински премини.

    Меѓународен карактер (погранична зона).  Голем Кораб не е само највисок врв на Македонија, туку и на Албанија. Највисоката точка се наоѓа на самата граница меѓу двете држави, дури има и граничен камен на неа. И Арарат е во погранична зона. Иако двата врва и најголемиот дел од масивот се наоѓаат на турска територија, подножјето зафаќа и делови од Иран, Азербејџан и од Ерменија. Снежниот врв добро се гледа од сите четири држави, а е исто така дел од нивните култури и традиции.

    Ararat

    Ограничено движење. Бидејќи се во погранични подрачја, ниту на Кораб, ниту на Арарат не може да се искачува слободно. Традиционално, неколку илјади планинари го освојуваат Голем Кораб по повод 8 Септември, денот на независноста на Македонија, а манифестацијата се одржува последната недела пред празникот. За други организирани искачувања треба да се контактираат пограничните власти на Македонија. Од албанската страна нема ограничувања, но пристапот оттаму е многу потежок. И за искачувањето на Арарат е потребна претходна најава и задолжително ангажирање овластен турски водич. Процедурата може да трае и два месеца. Сезоната на искачување е од јуни до септември.

    Ararat kacuvanje

    Лесно искачување. На канцелариски работник што, освен пешачењето од бирото до кафематот и назад, немал речиси никаква физичка активност цела година, ќе му требаат околу шест часа да стигне од караулата Стрезимир (местото до каде што може да се дојде со автомобил) до врвот на Кораб. Најдобрите се фалат дека го поминувале тој пат за два часа, и тоа бидејќи внимавале да не се уморат. Арарат, сепак, не е шега. Таму маршот трае околу четири дена, со спиење во шатори на планината. Но и на едната и на другата планина можат да се искачат и неискусни планинари, не се потребни некои посебни качувачки вештини. Се` што треба е добра физичка кондиција, но и подготвеност да ја издржите честата промена на годишните времиња (од летни во зимски услови и обратно) која веројатно ќе ве снајде на Кораб, а на Арарат гарантирано.

    Ararat kamp

    Митот за Ное. Сите ја знаеме приказната за Ное. Бидејќи луѓето станале грешници, Бог решил да ја потопи земјата. Но Ное изградил брод за да се спаси, и во него внел по еден пар од секој животински вид, од инсекти до големи ѕверови, машко и женско. По долгата пловидба, застанал на планината Арарат. Таа била доволно висока за да остане над водата кога целата Земја била потопена. И планината Кораб го има добиено името според истата легенда, а и зборот кораб значи брод. Ова е најтесната врска меѓу двете планини. Толку импресивно им изгледале со својата висина на народите од минатото, што ги поврзале со библиски приказни.

    Korab 2 Korab 3

    Олимп, пак, е посебна приказна. Не е во погранична зона и за искачување на него не се потребни никакви формални дозволи, освен што не е препорачливо тоа да се прави зиме. Исто така, неговиот масив се протега на околу 80 километри, колку Кораб и Арарат заедно. Но дали оваа планина е целосно посебна приказна? Не. Тука разликите завршуваат, а сличностите почнуваат.

    Olimp znak

    И Олимп, како и другите две, е највисока планина на својата држава, Грција во случајов, с о2.917 метри надморска височина. Кај него височината е и буквално надморска, се издига директно од Егејско Море и неговите врвови се гледаат од плажите во Лептокарија и во околните места.

    – Исто така, и покривот на грчката највисока планина е составен од два врва, Сколио (2.911 метри) и Митикас (2.917 метри). До повисокиот се пристапува преку понискиот. Инаку вкупно има 52 врвови.

    Mitikas

    Планинарите и на Олимп можат да се искачат пеш, без никаква дополнителна опрема, само со голема желба и добра физичка подготвеност. Само последните метри од Митикас се класифицирани како за техничко искачување, но познато е дека и аматери успеваат да го освојат овој врв. Може да се отиде до горе и назад и за еден ден, иако многумина планинари преспиваат во планинарски дом, на над 2.000 метри височина.

    Korab pocetok Olimp od daleku

    Насекаде во светот високите планини предизвикувале восхит, околу нив се граделе митови дека се дом на богови или на супериорни суштества. А има ли попозната таква митологија во светот од грчката, со 12-те богови на Олимп, со Зевс и Хера,  потоа Аполон, Атена, Деметра, Посејдон, Дионис, потоа Афродита, Хермес, Хестија, Хефест, Артемида, Арес… Арарат и Кораб го имаат Ное, но Олимп е можеби најмитската планина на светот.

    Гоце Трпковски

  • Во селото со пет музеи

    Скопје има осум музеи, Охрид четири, Битола два, а повеќето помали градови по еден. Но едно мало село од 200-300 жители, затскриено меѓу планините во централниот дел на Македонија, има дури пет. Горно Врановци е познатото село-музеј, со многу повеќе историја отколку што може да се очекува од еден таков изолиран крај. Но токму тоа била неговата предност во историјата што го направила славно.

    vranovci

    Во еден момент од историјата, во Втората светска војна, ова мало селце на некој начин било главниот град на Македонија. Партизаните се бореле против неспоредливо помоќните окупаторски сили. Но имале добра стратегија, создале голема слободна територија во непристапните планински краишта во централниот и во западниот дел на Македонија. Таа територија, како и целата борба, се раководела од Горно Врановци. Тука бил Президиумот на АСНОМ, значи државното собрание, Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија, која била еден вид влада, Главниот штаб на НОБ, како денешен генералштаб, и ОЗНА, разузнавачката служба.

    vranovci 1

    По конечното ослободување, сите тие институции се префрлиле во Скопје и таму функционирале. Но куќите во Горно Врановци, каде што биле сместени, денес се нивни спомен-музеи. Заштитени и одржани, го чуваат споменот на таа борба.

    vranovci 2 vranovci 3

    Музеите се мали, сите имаат по една-две соби, главно полни со стари документи или копии, големи фотографии од славното борбено минато и понекое парче оружје што го користеле партизаните. На нив точно може да се види колку било тешко, на пример по фотографијата од тројца партизани, сите облечени во различни униформи, кој каква успеал да најде. Но имало и интересни моменти, како тој кога готвачот со црпалката в рака застанал да се слика до борците со пушки.

    vranovci 4 vranovci 5

    Петтиот музеј е поинаков. Тоа е печатницата во која бил испечатен првиот број на дневниот весник „Нова Македонија“. Внатре е печатарската машина тешка еден тон, која партизаните кришум ја носеле в раце од Скопје до таму, преку планини и долини.

    vranovci 6

    Во соседната соба може да се види и како се сложувале страниците за печатење, буква по буква. Тоа што денес се прави за неколку минути на компјутер тогаш било макотрпна работа. „Нова Македонија“ веќе не е ниту партизански ниту државен весник, но се` уште излегува, како најстар во Македонија и еден од најстарите на Балканот, со 69 години. Членовите на нејзината редакција секој октомври го посетуваат музејот, по повод годишнината од првиот број на 29 октомври 1944 година.
    vranovci 7

    Шестиот музеј е спектакуларен. Но нели беа само пет? Да, но шестиот не е спомен-куќа важна поради историските настани од Втората светска војна, туку е милиони години постар. Тоа е природата околу Горно Врановци. Малата Врановска река во ова осојничаво место создава толку влага што камењата и корите од дрвјата се прекриени со мов.

    vranovci priroda vranovci priroda 2

    Волшебна зелена земја како од „Господарот на прстените“. Водата се пробива низ камења, карпи, паднати стебла, а со секој чекор љубопитноста расте за тоа што има зад следниот мал водопад. Во природата, со малку среќа, ќе се сретнете и со некои од нејзините жители. Малите гуштери веројатно ќе бидат порасположени да позираат пред вашиот фотоапарат, но верверичките ќе ги снема за неколку секунди.

    vranovci guster

    Низ Горно Врановци не прошетаа две момчиња што веќе се иселиле од таму во Горно Јаболчиште. Велат, има се помалку жители во ова село. Иако е оддалечено по триесетина километри од Скопје, Прилеп и од Велес, до него може да се стигне само преку Велес по тесен планински пат. И покрај тоа што е единствено со толку многу атракции, тешко се наметнува како туристичка дестинација. Дури ни за викенди.

    vranovci cover

    Особено во последнава деценија, откога не работи хотелот „Врановци“. Изграден во 1986 година, дваесетина години ги пречекувал велешките работници од јавните претпријатија и многу други гости. Веќе не е отворен поради судските спорови околу сопственоста. Како секој друг хотел што одамна го испратил својот последен гостин, и овој сега изгледа како сцена од филмот „Сјаење“ на Стенли Кјубрик.

    vranovci 9

    Стар, затворен, напуштен, тивок. Толку тивок што речиси може да се слушнат звуците од минатото, од гостите на големата тераса со поглед на реката или од оние во собите со прозорци завтрени кон планинските врвови. Но се слуша само ветрот, шумот на реката и минатото. Затоа што сегашност таму нема.

    Гоце Трпковски

  • Како да ја направите вашата прва сложувалка?

    Сложувалките – популарно хоби на Балканот 

    Жител на Родос ја има составено најголемата сложувалка на светот, широка е над пет метри, висока два метра и има неверојатни 32.000 парчиња. Еден Солунчанец, пак, има уште само малку место на ѕидовите во својот стан за да закачи нови составени и врамени сложувалки. Полни се од долу до горе, па наскоро можеби ќе мора да ги закачува на таванот. И еден човек од Бурса ги има покриено своите ѕидови со десетици сложувалки, од најмали до најголеми.

    Се` на се`, ова е популарно хоби во нашиот регион, што може да се види и од интернет-форумите или од фејсбук-групите каде што се собираат вљубениците во сложувањето, меѓу кои секогаш има многу луѓе од Балканот. Тоа може и да се очекува од место на кое пред илјадници години старите народи правеле огромни мозаици од ситни камчиња. Нивната традиција продолжува и денес, наместо со камен, со картон, и на неспоредливо полесен начин, но со истото чувство на возбуда и на задоволство додека се прави нешто големо од илјадници мали парчиња.

    Многумина мислат дека никогаш не би можеле да направат сложувалка. Тоа можеби не е лесно, но сигурно не е невозможно. Еве неколку едноставни совети како да ја направите вашата прва сложувалка.

    За почеток, што да се избере, која големина и илустрација? Сложувалките од 1.000 парчиња се прифатени како некаков стандард, доволно големи за да не бидат здодевни, но и доволно мали за да не бидат напорни. Може да се почне и од 500 или од 1.500 парчиња, но со другите големини веројатно би направле грешка во чекори. Исто така, најдобро е илустрацијата да биде шарена, но боите да не бидат премногу испреплетени, за полесно да може да се види кое парче каде припаѓа.

    puzzle 1

    Првата фаза е селекцијата. Земете неколку празни садови или пластични кутии за да ги поделите парчињата во нив.

    puzzle 2

    Постојат неколку форми на парчињата. Тука се оние со една рамна страна, што значи дека се од крајот, од рамката. Другите имаат комбинација од празнини и израстоци што меѓусебно се прицврстуваат како „клуч“ и „брава“. Има со четири „брави“, со три „брави“ и еден „клуч“, со по две „брави“ и „клучеви“ поставени едни наспроти други (овие се најмногубројни ), потоа со по две „брави“ и „клучеви“ поставени едни до други, со три „клуча“ и една „брава“ и со четири „клуча“. При спојувањето може да бидат завртени на која било страна, хоризонтално или вертикално. Освен наопаку, секако. Кај поквалитетните сложувалки, на секоја „брава“ и одговара само по еден „клуч“, па затоа е невозможно по грешка да споите две парчиња што не си одговараат.

    puzzle 3

    Можеби понекогаш е добро парчињата да се поделат според формата, но многу почесто тоа се прави според бојата, по која се препознава каде најверојатно припаѓаат. Овие ги поделивме во пет групи: деловите од рамката (каде што формата сепак беше критериум), птиците и цвеќињата, деловите од пандите, зелената околина и околината што не е зеленило. Ако некое парче не можете да определите каде е, ставете го каде било, и онака ќе му дојде редот. Ако потоа наиде некое слично, ставете го на истото место. Оние што припаѓаат на две групи (на пример имаат и зелен дел и дел од пандата) одлучете каде ќе ги ставате и групирајте ги на истото место. Подобро би било да се стават во помалото купче. Нормално, ако при селектирањето видите парчиња што си одговараат, спојте ги и оставете ги настрана. Посебно издвојте ги ќошевите, оние со по две рамни страни. Тие ќе ви бидат почетокот.

    puzzle 4

    Конечно почнувате да редите. Прво направете ја рамката, на некој поголем картон или на друга површина. Потоа решете од која група ќе почнете. На пример, од птиците и цвеќињата. Наредете ги парчињата во линија, за да бидат попрегледни.

    puzzle 5 puzzle 6

    Тука триковите завршуваат и се` се сведува на барање кое со кое одговара. Не мора да одите по некој ред. Секои две парчиња споени се чекор поблиску до големата слика, бидејќи окрупнувањето ја олеснува понатамошната работа.

    puzzle 7

    Не очекувајте дека ќе им го најдете местото на сите парчиња од кутијата. Кога нивниот број ќе се намали, отворете ја следната и додајте нови парчиња. Продолжуваме со деловите од пандата. Кога и нивниот број ќе се намали и ќе почне да ви оди бавно, одете понатаму. Следна група ќе биде незелената околина. Како што ќе ги отворате новите кутии, така ќе ги наоѓате и парчињата што претходно ви недостасувале, односно ќе ги пополнувате дупките.

    08 puzzle 9

    Се` ќе биде полесно кога ќе ја извадите и последната група парчиња и ќе знаете дека кое и да ви треба, можете да го најдете на масата.

    puzzle 10

    Најверојатно во некој момент доцна во ноќта, ќе ја добиете целата слика.

    puzzle 11

    Следно – обидете се да застанете само на една. Тешко, бидејќи сложувалките знаат да бидат вистинска зараза. Можете да продолжите со некој поголем предизвик. Тоа не мора да биде сложувалка со повеќе парчиња. Може на пример со илустрација на која боите се многу слични, па повеќето од триковите што се користат за да се олесни работата, не може да се употребат.

    puzzle 12

    Еден интересен податок. Според Алцхајмеровото здружение на Канада, како и според многу други експерти, составувањето сложувалки е еден од подобрите начини да се спречи развојот на Алцхајмеровата болест, затоа што ја подобрува краткотрајната меморија, создава рамнотежа и синергија меѓу левата и десната страна на мозокот и го поттикнува излачувањето на допаминот, кој ја подобрува концентрацијата и мотивацијата.

    На крајот, погледнете го и ова видео од составувањето сложувалка од 5.000 парчиња. Ќе се шокирате од тоа како завршува.

    Гоце Трпковски

  • Фолегандрос – најубавото село во Европа

    Улиците на Санторини се пренатрупани со вљубеници во островот, но на Фолегандрос, уште еден остров од Кикладите, може да најдете слична архитектура, но без турканиците. Ова го пишува магазинот Travel + Leisure за Фолегандрос, сместувајќи го меѓу 12-те најубави села во Европа.folegandros_hotel_1

    За Фолегандрос се вели дека може да се најде се што се очекува од таков остров, улици поплочени со камен, куќи со блескаво бели фасади украсени со разнобојни цвеќиња, понекоја грчка православна црква со светлосина купола и сето тоа во многу помирна атмосфера.

    695528

    Ако сакате и да пливате, отидете до Катерго, појас од плажи заградени со карпи, каде што брановите од смарагдно-синото море скокаат врз камчињата на плажата. Така Travel + Leisure го опишува Фолегандрос.

    greece-folegandros-katergo-beach

    Другите 11 најубави села во Европа според магазинот се Теларо во Италија, Бибјури во Англија, Халштат во Австрија, Колмар во Франција, Рејне во Норвешка, Телч во Чешка, Албарасен во Шпанија, Пучишќа во Хрватска, Конг во Ирска, Гриер во Швајцарија и Блед во Словенија.

    fol1

    За сите нив се вели дека се како замрзнати во старите времиња, потсетувајќи дека туристите со векови се во потрага по села што се како насликани на разгледници. Поради тоа тешко може некое убаво место на Европскиот континент да остане сокриено подолго време. Кога ќе станат популарни, многу такви села се пренатрупани со посетители па прошетката низ нив тешко може да се нарече уживање.fol

    Но сепак, според Travel + Leisure, останале неколку места каде што може да се доживее шармот на минатото време без патникот да се чувствува како да е среде забавен парк. До некои од овие дестинации не се стасува лесно, но на крајот трудот вреди, заклучува магазинот.

    http://www.travelandleisure.com/articles/europes-most-beautiful-villages

    Гоце Трпковски

  • На српска слава во Косово

    Српските слави се легендарни. По нив се пишувале песни, за нив се снимале филмови.sprska slava kosovo1

    Според православната христијанска традиција на овие простори, православните семејства си избираат светец како заштитник на домот, и денот на тој светец се прославува со семејството, роднините и пријателите. Тоа секогаш значи многу јадење и пиење, а во српските семејства и многу видови месо, повеќе видови домашна ракија од разни овошја итн. Чашите никогаш не се испразнуваат без домаќинот да ги дополни, а чиниите не можат да станат ни полупразни.

    srska slava kosovo2На Света Петка бевме кај српското семејство Сталетовиќ во Брезовица, на Косово. Тие беа наши домаќини, ова беше нивната домашна слава. Како си поминавме? Ни се потврдија сите стереотипи за српските слави, па заклучокот може сам да се изведе. Убаво беше да се види таква позитивна атмосфера во Косово, место од каде што веќе петнаесетина години не доаѓаат многу пријатни вести. Овде немаше непријатности, само луѓе што барем тој ден и тој миг уживаа во животот.

    Но тешко е приказните од Косово да останат позитивни до крајот. Брезовица, која се наоѓа на северните падини од Шар Планина, е еден заборавен скијачки центар. Има и жичници и ски-лифтови, но работи без полн капацитет, а и онака до неа тешко се стигнува по тесниот и недоволно одржуван пат. Локалните жители велат дека кога ќе падне многу снег е супер за скијање, но ако патот не се расчисти, никој нема да дојде. Ски-центарот е се` уште во државна сопственост, работи со тоа што го има и одвај се одржува. Поради познатите политички недоразбирања, властите во Приштина и во Белград не можеле да се договорат кој треба да најде инвеститори и да го приватизира, за повторно да се наполни со туристи и да му се врати стариот дух и шарм.

    srpska slava kosovo planina4

    Брезовица е едноставно прекрасна, особено наесен. Сите тие бои како да не се вистински, како да му дале четка на дете од основно училиште и да му рекле да ја нацрта есента. Дворот од црквата „Свети Стефан“, високо на ридот над Брезовица, е најдобриот видиковец. Врвовите блескаат под ниското сонце, некои од нив веќе уловиле малку снег, а под нив шумите ги шараат падините. srpska slava kosovo manastir8

    Подолу, пак, е самото село. Заспано под Шар Планина. Огромниот хотел „Нарцис“ се уште доминира во средината. Не го носи името залудно. Брезовица е доволно убава за да може да се вљуби во самата себе. Но хотелот, таков затворен и надвор од функција, делува застрашувачки.

    srpska slava kosovo5

    Изгледа дека ќе помине уште многу време додека ова идилично планинско селце стане нов балкански Сент Мориц. За таа титула веќе се борат и некои ски-центри што се многу понапредни од него, каде што се вложени милиони. Но тоа не значи дека не може да се ужива и во оваа Брезовица, каква што е сега. Не е недопрена, била допрена и оставена, па сега е повторно автентична.

    srpska slava kosovo9

    Каде на друго место може да изнајмите скии од киоск што се наоѓа веднаш до кокошарник? Каде може да одите кон скијачките терени разминувајќи се со стадо крави? Каде ќе ве поздрават толку многу домаќини додека работат во своите мали градини, цепат дрва или ги хранат домашните животни? Само овде.

    srpska slava kosovo kravi na pat10

    На крајот приказната од Брезовица сепак е позитивна. Само треба позитивно да се гледа на неа.

    Гоце Трпковски

  • Панорама стара илјада години

    Кога се патувањата во прашање, есента (како и пролетта) е период за екскурзии. Летото и календарски заврши, а со него и сфаќањето на одморот како пат до плажите. Во наредниов месец, оние што ќе имаат некој слободен ден повеќе, и што успеале да не ги потрошат сите свои пари на летниот одмор, најчесто ќе се упатат кон некој град со убави плоштади, маркантни згради, ќе видат понекој замок, ќе разгледаат некои природни знаменитости итн.
    1000godisna panorama (7)
    Каде да се оди? Па, назад кон плажите и не е толку лош избор. Особено ако живеете во регион во кој крајбрежните подрачја, и езерските и морските, биле привлечни, значајни и стратешки точки со илјадници години, откога постои цивилизиран живот на овие простори. Навиките се такви што, за жал, на лето многу ретко некој забележува дека освен плажата и водата, има и други мошне интересни места што може да се посетат во непосредна близина на летувалиштата. Потребни се само два-три часа и неколку евра.
    1000godisna panorama (6)
    Да ја разгледаме, на пример, Пиерија, една од двете најпопуларни грчки области за македонските летувалци, заедно со Халкидики. Десетици илјади гости ги запоседнуваат нејзините долги и широки плажи секоја година. Колкумина од нив ја виделе панорамата на целото крајбрежје од замокот на Платамона стар илјада години? Повеќето успеваат да го забележат од автопатот додека патуваат кон Неи Пори, но тоа е најмногу што му се доближуваат. Ова интересно здание на највисоката точка покрај морето, со многу зачувани ѕидини и добро обележани патеки за движење се вика Венецијански замок на Платамона. Изграден е во 10-11 век, среде крстоносните војни, а денес е вистински времеплов што води до тој период, откривајќи ги куќите во кои што живееле луѓето во него, храмовите каде што се молеле, резервоарите за вода, и особено ѕидините кои што ги штителе и од чии врвови денес се протега можеби најубавата панорама во овој дел на Грција, со поглед што достигнува и до стотина километри од север кон југ. Позиции направени за стражарите, кои што од нив гледале со страв и несигурност, со внимателност поради можни напади и од копно и од вода, а од кои еден милениум подоцна, на многубројните посетители им останува само да гледаат со воодушевување кон морето.
    1000godisna panorama (1) 1000godisna panorama (8)
    Тоа е само за почеток. Всушност, откривањето на Пиерија може да почне од секоја продавница за сувенири во местата каде што се летува. Кога ќе купите магнет за фрижидер или чашка за текила, едноставно не го фрлајте ќесето. На него има отпечатена мапа од областа со сите интересни точки за посета. На неа ќе видите каде се наоѓа и Литохоро, мошне живописно гратче оддалечено пет километри од брегот, место што ги спојува морето и планината. Се смета за почетна точка на Олимп, една од најпознатите митски планини во историјата.
    1000godisna panorama (3)
    Освен живописните куќи и тесните улички, кои со планинскиот пејсаж зад нив изгледаат како да се во Австрија или во Италија, наместо во Грција, Литохоро нуди и видиковец од кој кога нема облаци (што е реткост за Олимп) се гледа највисокиот врв на планината, Митикас, тронот на богот Зевс, висок речиси три илјади метри. Ќе го најдете и Дион, најзначајната археолошка точка во овој дел од Грција, каде што истражувањата траат четири децении и се далеку од завршени. Кој знае уште колку тајни ќе се откријат на тоа место. Тука се и Пантелејмон, Скотина, Коринос и многу други места поради кои ниту екскурзиите мораат да ја чекаат есента, ниту, пак, кога таа ќе дојде, мора да се заобиколува приморјето.
    1000godisna panorama (5)

    Гоце Трпковски

  • Со кајче низ три држави

    Во Европа има само три езера во чии води се спојуваат териториите на три различни држави. Едно од нив е токму во нашиот регион, Преспанско Езеро, каде што се среќаваат граничните линии на Македонија, Грција и на Албанија.

    Вториот пример е на крајниот север на континентот, тромеѓето меѓу Норвешка, Шведска и Финска, и иако е локална атракција за авантуристите, сепак не е место со голем потенцијал. Затоа, пак, многу интересен е третиот случај, езерото Констанца, кое што ги спојува Германија, Австрија и Швајцарија. Буквално ги спојува. Констанца е единствениот европски кондоминиум, што значи територија што е заедничка за повеќе држави и што не е физички поделена. Да, нема гранични линии, ниту замислени, низ езерските води, тие завршуваат на бреговите, а внатре се им припаѓа на сите три истовремено. Туризмот таму цвета. Едноставно е со кајче или со брод да се оди од една држава во друга, па во трета.

    За жал, ја немаме таа привилегија на Преспа. Туризмот овде е замрен и бавно се опоравува. Барем на македонската страна. Грција и Албанија се земји со излез на море, па таму отсекогаш многу помалку се вложувало во езерскиот туризам, додека во Македонија Преспа до 1990-тите беше магнет за летувалци. Затоа е се уште најпрактично ова езеро да се посети од неговиот македонски брег. Особено затоа што неговиот остров, Голем Град, и припаѓа на Македонија и тој не е само единствениот преспански, туку и македонски остров (ако се исклучат неколкуте островчиња на Вардар и на други реки). Змиски остров е второто име на Голем Град, поради големата популација водни змии што ги запоседнале неговите брегови. Но во средината има фантастични археолошки ископини и стари цркви.

    Ако стигнете во селото Стење, можете лесно да најдете превоз со кајче до Голем Град. Оттаму е поскапо, чини околу 50 евра и пловењето трае подолго, најмалку час и половина. Затоа, ако успеете да се пробиете до Коњско по тесниот земјен пат, само побарајте го чичко Танас Петрески, локалниот капетан, кој со своите кајчиња за дваесетина евра често пренесува туристи од брегот до Голем Град и назад.

    Еднаш пловевме со чичко Танас до островот. Тешки облаци ја имаа обиколено Преспа. Се подготвуваше големо невреме. Тој се колебаше дали да тргне, но ние, откако го имавме поминато најдолгиот пат што може да се помине од Скопје до некое друго место во Македонија, бевме упорни. Интересно е што островот е на карпа, како природно утврдување, па до неговата внатрешност се пристапува само од јужната страна. Токму тука се наоѓа тромеѓето, тука се спојуваат границите. И тука се делат државите. Човек да се запраша – како може вода да се подели со линија? Ете така, замислено. Но многу сериозно. Ветрот дуваше мошне силно кога се враќавме од Голем Град, па капетан Танас беше многу уплашен дека брановите може да го истуркаат кајчето во грчкиот или во албанскиот дел, а тој тогаш би можел да биде сериозно казнет за нелегално преминување меѓудржавна граница, дури и за шверц на луѓе! За среќа, ништо такво не се случи, па додека полека се враќавме кон брегот, ги гледавме караулите останати од социјализмот, кога целата област била силно обезбедувана, поради што Коњско ја немало шансата туристички да се развива како остатокот од Преспа, па си останало рибарско селце со децении.

    Чичко Танас се надева дека тоа ќе се смени, а ние се надеваме дека ден поскоро и низ Преспа ќе се плови без граници, и многу луѓе ќе бидат привлечени од можноста со обично кајче за кратко време да поминат три држави.

    Гоце Трпковски

  • На одмор во Грција – вили наместо бели куќички и џипови наместо магариња

    Повторно се подготвувам за годишниот одмор во Грција. Четврта година по ред. Обично не сакам патувања на кои нема ништо ново да се види или да се научи, па секоја година одиме на различно место. По Неи Пори, Полихроно и Неа Врасна, на ред дојде и Лептокарија.

    Polychrono 3

    Никако не успевам да сфатам како може сместувањето за четиричлено семејство да чини од 100 до 130 евра за цела недела. Добро, двајца возрасни и две многу мали деца, но сепак, и така е премногу евтино. Дури и ако имаме во предвид дека почетокот на јуни се смета за предсезонски аранжман, а истите соби чинат двојно или тројно повеќе на преминот од јули во август.

    Но да не заборавиме што велат често за Грците, дека се многу добри трговци. А бидејќи секој стереотип е по дефиниција погрешен став, но и покрај тоа неговата точност се потврдува премногу често, така и за оваа работа не треба да се сомневаме дека Грците нашле начин како да им се исплатува. Leptokarya 2

    До 2010 година воопшто не патував во Грција. Не можев да ја поднесам таа европска визна бариера и не ми паѓаше напамет да поминувам низ сложена процедура и да се изложам на потенцијален понижувачки однос само заради едно патување. Да молам за да ми дозволат некаде да ги трошам моите пари? Тоа едноставно не проаѓа.grcka granica

    Кога некој не го посетил соседот покрај кого живее триесетина години, сешто ќе помисли за него. На пример, дека грчките одморалишта обично имаат бели куќички со бели или сини покриви, слични такви црквички и тесни улички поплочени со камен, и сето тоа фино наредено како во некој лего-ленд. И не е само до мене. Се случувало кога сум разговарал со луѓе што живеат далеку од овие простори, ако сум им споменел дека сега редовно летувам во Грција, да ме потпрашаат за прекрасните бели куќички поставени речиси една врз друга на ридот. Се разбира, зборуваме за островот Санторини.santoriniНеверојатно како ова мало место, речиси изолирано на југот на Егејско Море, станало стереотипна претстава за одмор во цела Грција. Но можеби тоа и не е толку големо изненадување, ако знаеме дека тоа е ѕвездата на сите туристички кампањи. Слично како што странците во Македонија би очекувале насекаде да гледаат средновековни цркви изградени врз карпи што висат над езера. Но, еден е Охрид и Свети Јован Канео. Како што е еден и Санторини (добро, не е еден, туку неколку мали вулкански островчиња, но сеедно). Всушност, знаеме дека и Миконос е речиси ист, а и делови од Крит и други места, но нивниот број ни од далеку не е доволен за тоа да биде типично грчко одморалиште, туку само редок пример.

    Дури и во Скопје понекогаш туристичките агенции ќе стават постер од Санторини и под него натпис „Нови аранжмани за Грција“. Местото не само што ретко го има во понудите, туку е и над можностите на просечниот македонски граѓанин. Затоа е интересно кога првиот контакт со Грција ќе ви биде една негова тотална спротивност – Неи Пори.Nei Pori 3

    Особено кога наместо камени сокачиња ќе видите улици широки како њујоршки авении. И повеќе! Неверојатно за едно приморско село. Си велите – значи ова се тие високи европски стандарди. До неодамна, Европската унија, а со тоа и Грција, за многу македонски граѓани важеше за место каде што се е во најдобар ред и совршено испланирано. Но Неи Пори не е одраз на грчките урбанистички стандарди, туку на тие на американската армија. Според локалните приказни, тоа било воена база до пред четири-пет децении, но потоа Американците го напуштиле и ја оставиле целата улична мрежа на располагање. Мештаните дошле, направиле куќи и носеле туристи. Затоа во европска Грција и не се наоѓа друго место толку добро плански изградено како Неи Пори. Дури ни Солун.Polychrono 2

    Полихроно повеќе личи на „вистинската Грција“, мало и ридесто со тесни и криви улици. Но не видовме ниедно магаре – симболот на егзотичната рурална култура во оваа земја, со чии слики и фигури се преполни продавниците за сувенири. Зошто тогаш земјоделецот што доаѓаше покрај плажата продаваше овошје и зеленчук од приколката на неговиот огромен и скап пик-ап со погон на сите четири тркала? Каде се магарињата? Очигледно не се насекаде.

    marijaТоа беа грчките слики што се чинело дека се типични, но излегло дека не се. Но што е со оваа – со крајбрежните вили во Грција обично управуваат газдарици, средовечни жени со малку вишок килограми, кои носат многу шминка, тешко се разбираат со своите гости иако мошне гласно им зборуваат на грчки, и често се викаат Марија. Целосниот опис е премногу карикатурален, но по малку од ова или од она сме сретнале каде и да сме тропнеле на врата. Тоа се смета за наследство од традиционалната улога на жената како столб на домот, која се грижи за него, па со тоа и за гостите во неговите 10, 20 или 30 соби.

    А какви гости сме ние, што доаѓаме од Македонија? Дали навистина сме најлошиот тип туристи, кои ги користат само морето и плажите, а се друго си носат со себе? Навистина, не може секое семејство да си дозволи по три оброка дневно во таверните. Но има и евтини решенија. А и тоа што го носиме од овде не ни го дале без пари. Зошто тогаш сме спакувале ручек за сите седум дена? Одговорот зошто точноста на овој стереотип се потврдува толку често е едноставен. Мали деца. Семејствата со мали деца се меѓу најчестите наши посетители на Грција, поради близината. Децата не сакаат да седат во ресторан, немаат трпение да чекаат ред за гиро, ниту да пазарат во супермаркет. Што подобри подготовки се направат однапред, толку полесно ќе се помине. Но децата растат, ќе речат домаќините, а вие не се менувате. Па, едноставно се ни станало навика.

    Hanioti 2

    Но и не сме толку многу скржави, што се докажува со следната наша карактеристика. Како што пред поаѓањето се си носиме од овде кон Грција, така пред враќањето купуваме сешто од таму за да си донесеме дома. Ако прашате нашинец која му е првата асоцијација кога ќе се спомене Грција, ретко тоа ќе биде Акропол. Поверојатно ќе биде „Лидл“, “Космос“, „Џамбо“ и „Икеа“.4.1.1 lidl

    Се на се, Грција секогаш успева да изненади. Каква и да ви е сликата за неа, таа може да ви ја смени. И тоа ќе ви се допадне!Nei Pori 2

    Гоце Трпковски