Author: Mirko Trajanovski

  • UNITED STATES OF BALKANS Е НАШИОТ СОН

    Интервју со грчкиот бенд Baildsa

    Кога за еден и пол час ќе чуете ска, реге и рап „зачинети“ со препознатливи балкански звуци, ромски мелодии и светски поп „евергрини“, кога на еден концерт публиката ќе игра на песни на Горан Бреговиќ и на Ману Чао, бидете сигурни дека пред вас на сцената е солунската дружина Baildsa.

    Идејата за формирање на музичкиот состав Baildsa ја добиле Танос и Јанис Гунтанос во 2007 година. За кусо време успеале да ја реализираат во пракса и една година подоцна започнуваат со концертни настапи низ цела Грција. Нивната музика е енергична, а текстовите исполнети со космополитски пораки и повици за United States of Balkans. Всушност тоа е името на нивниот единствен албум, издаден во 2011 година. Себеси се претставуваат како „жители на U.S.B. (United States of Balkans) кои се обидуваат да бидат присутни со тегнење жици, удирање во кожа, дување во дупки, стискање црна кутија и со организирање на времето.“ Разговаравме со Танос Гунтанос, фронтменот на Baildsa, веднаш по нивниот настап на Д Фестивал, кој се одржа во Дојран.

    Ова беше ваш прв фестивалски настап надвор од Грција. Како ви се допадна реакцијата на публиката во Македонија?

    – Супер, многу топли луѓе. Ние се обидовме да создадеме добра атмосфера. Првпат сме тука и се надеваме дека ќе дојдеме повторно. Инаку да, ова ни е првпат да настапуваме надвор од Грција. Во септември имаме закажано концерт во Турција, а се прават планови и за во Бугарија.

    Имате интересен репертоар. Покрај авторските песни, имавме можност во ваша изведба да ја чуеме евровизиската „For Real“ на турскиот бенд Атена, како и неколку композиции на Ману Чао.

    – Многу ни се допаѓаат Атена. Мислиме дека има заеднички работи во нивната и нашата музика. Ни се допаѓа песната и ја свириме и во Грција. Ману Чао пак ни е пријател. Многу ни се допаѓа неговата музика. Едноставно ни се допаѓа и ја свириме. Ја сакаме енергијата која ја пренесуваат неговите песни.

    Добро, но можевме да чуеме и песни на Горан Бреговиќ, како и вашата верзија на „Мастика“. Од каде идејата да се искомбинираа толку различни музички стилови?

    – Генерално го свириме тоа што ни се допаѓа. Ако ни се допадне некоја песна од Македонија ќе ја свириме. Ако ни се допадне песна од Бугарија ќе ја измиксаме со нешто што ни е заедничко и познато. Звукот во балканските земји не е многу различен. Јас израснав во мало село во близината на Албанија. Имаме членови во бендот кои живееле во Истанбул. Во Турција, во Македонија звуците се многу слични. Сакаме да пееме на различни јазици. Го користиме ромскиот, турскиот, албанскиот јазик. Се е во врска со нашата идеја за United States of Balkans.

    Имате интересно имe. Од она што можев да го прочитам, Baildsa доаѓа од турски збор, и може да се протолкува дека ви е смачено, дека ви е преку глава. Од што ви е смачено, од што ви е преку глава?

    – Името доаѓа од турскиот збор bayılmak, кој исто така се користи и во други балкански земји, меѓу кои и во Грција. Сакавме нашето име да звучи балкански, но во исто време да има значење кое ќе ја симболизира нашата идеја. Baildsa за нас значи дека повеќе не можеме да го поднесеме ова што се случува со војните, со границите. Ние сакаме да има United States of Balkans и тоа е нашата борба.

    Во песната United States of Balkans повикувате да исчезнат државите и границите, никој да не мора повеќе да оди во војна. Мислите ли дека ова е можно на Балканот?

    – Па, тоа е нашот сон и мислиме дека е можно. Многу е тешко со луѓето кои живеат на овие простори, но има млади луѓе со отворен ум, кои сфаќаат дека границите не значат ништо, дека сите сме браќа. Музиката обединува, имаме и разлики, но треба да бидеме слободни да одиме во сите држави, низ цела Европа, Азија, светот, секаде. Тоа е нашиот сон.

    Мислите ли дека музиката може да ја добие борбата со политиката, со стереотипите?

    – Се надеваме. Многу ни е мило што на луѓето им се доѓа идејата за U.S.B.

    Какво е чувството да се биде жител на U.S.B.?

    Ха, ха, ха…Чувството е одлично. Се надевме дека еден ден ќе можеме да свириме низ целиот Балкан и да ја споделиме нашата музика со луѓето, и се надеваме дека се поголем број луѓе ќе и се приклучуваат на оваа зедница наречена U.S.B.

    Мирко Трајановски

  • Пат околу Божик и две Нови Години за 15 дена

    Македонија е земја на празници. Жителите на малата балканска земја уживаат да празнуваат со полни трпези, весело расположение и дружење со пријателите. Можеби токму затоа со дваесетина државни и верски празници во текот на годината, Македонија е на врвот во Европа по бројот на неработни денови. Сепак новогодишните и божикните празници се приказна за себе. Распослани во првата половина на јануари го распламтуваат хедонистичкиот дух кој тлее во душата на Македонецот. Музика до рани зори, храна и пиење во избилство, чиниш утре е крајот на светот.

    Славјето вообичаено започнува неколку дена пред 31 декември како загревање за „најлудата ноќ“, како што се нарекува преминот од старата во новата година. Во тој период сите кафулиња и кафеани се полни, нема игла кај да фрлиш. Се слави со пријатели, роднини, колеги, па дури и со луѓе кои воопшто не ги познаваш. Во тие неколку дена не се штеди на ништо. Мора да има пари за подароци, за кафеани и секако најважното, фрижидерот да се наполни до врв со храна и пијалоци. Токму заради потрошувачката треска, јануари е познат како најдолг месец во годината. Обично после две недели домашниот буџет е празен, но тоа и не е толку важно ако празниците поминале како што треба.

    И Нова Година и Стара Нова Година

    Македонија е една од само неколкуте држави во светот чии жители два пати го слават доаѓањето на Новата година. Официјалната прослава, како и насекаде, е вечерта на 31 декември, кога на плоштадите низ сите градови се организираат забави со музика, вино, мезе и огномети.

    Сепак, сите останати празници се одбележуваат според Јулијанскиот календар. Така на 6 јануари се слави Бадник, а на 7 јануари е денот на Христовото раѓање, Божик. Овие празници се минуваат во кругот на семејството и уште од стари времиња важи правилото „Пред Божик, зад Божик – дома да си.“ Големиот христијански празник уште во мугрите на 6 јануари го најавуваат коледарите. Групи од по 5-6 деца одат од врата на врата пеејќи коледарски песни, а домаќините ги даруваат со овошје, слатки и парички. Вечерта семејството се собира и се крши „лепчето со паричка“.

    Се верува дека оној кому ќе му се падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Во голем број домови „лепчето со паричка “ се крши на празникот Василица, односно на 14 јануари, првиот ден од Новата година според Јулијанскиот календар. Претходната вечер се прославува празникот со невообичаено и контрадикторно име Стара Нова Година.

    Бадникарски огнови и Василичарски каренвали

    Јануарските празнувања во Македонија се придружени со низа пагански обичаи, од кои најпознати се бадникарските огнови и василичарските карневали. Бадникарските огнови се палат низ целата држава ноќта во пресрет на Бадник. Оваа појава е многу популаран во последните години и речиси секое маало пали свој оган.

    Соседите се собираат околу огнот, си честитаат Нова Година, се кажуваат шеги, се слави со ора и песни. На трпезата има риба, сарми, салати и пита. Сепак заштитен знак на ваквите собири е греаната ракија која е совршен „еликсир“ за загревање во студените зимски вечери.

    Во Македонија на 14 јануари се одржуваат неколку Василичарски карневали, од кои најпознат и најстар е Вевчанскиот. Со традиција од 14 века, Вевчанскиот карневал е туристичка атракција која привлекува голем број гости од земјата и од странство. Живописните маски и специфичниот хумор на Вевчанци го прават овој настан уникатен. Најголем дел од маските се страшни со цел да се избркаат злите духови и демони, кои се верува дека во овој период шетаат по земјата.

    Стомакот полн е голема среќа

    Гладна мечка оро не игра. Оваа стара народна поговорка, се чини најдобро го опишува наравот на Македонците. Непишано правило е дека при секое славје најважно е да се обезбеди доволно храна и пијалок, а се друго само ќе си дојде. Најдобра потврда за ова се токму новогодишните и божикните празници. Трпезата е постојано полна, а се менуваат само гостите и специјалитетите. За Нова Година нема дом во кој не се подготвуваат кифлички, руска салата и печено свинско или телешко месо, а се наздравува со домашно црвено вино.

    Руската салата е мешавина од варени компири и грашак, со рендани кашкавал, шунка, јајца и мајонез.

    За Бадник се подготвува посна вечера, на која покрај рибата, задолжителни се традиционалните македонски специјалитети тавче гравче и сарма. Во многу домаќинства на Бадник се варат и костени, кои се одлично мезе со црвено вино.

    Посната сарма е македонски специјалитет кој се подготвува на тој начин што во листови од зелка или од винова лоза се замотуваат ориз, праз и мелени ореви.
    Тавче – гравче е можеби најпознатиот традиционален македонски специјалитет, кој го пробал секој странец кој ја посетил земјата.

    Среќни празници од тимот на Балкон3 и славете со добра храна и во убаво друштво.

  • Ајвар – го обединува семејството, ги стрви соседите

    Ајвар – го обединува семејството, ги стрви соседите

    „Штом есента затропа на твојата врата,

    а директорот ја подели септемвриската плата,

    појди на пазарот со поглед стрвен,

    купи некоја вреќа пипер црвен,

    распали го во дворот ќумбето старо,

    зашто и ти ќе сакаш да јадеш од АЈВАРОТ.“

    Ајварот е една од најголемите опсесии на македонското домаќинство. Да се направи добар ајвар, кој предизвикува и мами, и пред се ајвар на кој ќе завидуваат соседите, е вистински предизвик. Но, не само тоа, правењето ајвар е и вистинско задоволство. Денот, кога во една куќа се прави ајвар, е празник. Едноставно не постои процес кој на полесен начин може да ги обедини сите членови на денешното модерно семејство. Типичната слика на овој процес изгледа вака: таткото ги пече пиперките, мајката ги регрутира децата за лупење, а бабата раскажува како во нивно време ајварот бил повкусен. За тоа време се собираат соседите, почнуваат да се изнесуваат ракии и салати и да се кажуваат маалски мајтапи. Старо и младо, машко и женско, здраво и болно, сите се солидаризираат во печењето, лупењето и мелењето на пиперот. Се разбира, најголемото задоволство предизвикува чувство што се добива при вкусувањето на готовиот ајвар.

    Едно време, пред забраната за правење ајвар на јавно место, неговата подготовка имаше огромно социјално значење, со тоа што придонесуваше за градење на добрососедските односи. Така на пример, цело маало правеше ајвар на само пет ќумбиња, со помош на системот додека еден пече, друг лупи. Се разменуваа дрва, тајни рецепти, разни марифети, па дури и тегли ајвар. Едниот комшија му помагаше на другиот во сабота, а овој му возвраќаше во недела. Дури имаше и такви опсесивни типови – зависници кои шетаа од ќумбе на ќумбе, им помагаа на сите и по цели недели правеа ајвар, а на крај се радуваа на секоја подарена тегла. Маалските деца со леб во рацете, во улога на дегустатори трчаа од ќумбе до ќумбе барајќи малку од црвеното “богатство”.

    Инаку ајварот има долга традиција на овие простори. Постојат верувања дека ајварот е еден од најстарите балкански специјалитети и според легендата, тој претставувал редовна закуска на големите умови како Платон и Аристотел. Пред повеќе од десетина години, припадниците на некоја странска мисија, зачудени од фамата која владее околу овој феномен, направија детално испитување во врска со хранливост и корисноста на ајварот. Иако резултатите беа во најмала рака негативни, тоа не успеа на ајварот да му го одземе епитетот “најзимница” и тој и натаму масовно се конзумира во секое домаќинство.

    РЕЦЕПТ

    Потребни состојки:

    – 20 кг. црвен пипер за ајвар (меснат)

    – 20 модри патлиџани

    – 2 литри масло за готвење

    – сол

    Подготовка:

    Со оглед на тоа што процесот за подготовка на ајвар е долг, пред да се почне со работа треба да се направи добра организација и договор кој, што ќе работи. Прво пиперките се мијат, се бришат со крпа, со нож се вадат дршките и семките и потоа се ставаат да се печат. Откако добро ќе се испечат, пиперките се ставаат во најлонска кеса. Модрите патлиџани исто така се мијат, се бришат, им се отстранува дршката, се печат и се ставаат во најлонска кеса. Вака печени, пиперките и модрите патлиџани треба да отстојат барем 2-3 часа за подобро да се лупат. Лупењето е најмачниот процес при правење ајвар. Во оваа фаза ги чистиме и семките кои не сме ги отстраниле претходно. По лупењето следува мелењето на пиперките и патлиџаните, а тоа вообичеано се прави на машина за месо. Потоа во големо тенџере, на дното се става ½ литар масло за готвење, а мелениот пипер и модриот патлиџан се ставаат врз зејтинот. Врз зеленчукот се додава уште 1/2 литар масло за готвење. Ајварот се пржи на ќумбе на дрва.

    Се пали огнот и додека трае процесот на пржење мора постојано да се меша за да не загори, а од време на време се додава преостанатиот зејтин и сол по желба. Потребно е да се пржи некаде околу 2-3 часа со постојано мешање. Пред самиот крај на пржењето, теглите се ставаат во рерна на 100 степени Целзиусови за да се загреат. Откако ќе го тргнете тенџерето од огнот, готовиот ајвар веднаш се полни во жешките тегли. Важно е теглите добро да се наполнат и одозгора да се стави малку зовриен зејтин. Потоа се затвораат капаците и секоја тегла посебно се витка во хартија. Исто така сите тегли се завиткуваат со нешто (черга, ќебе), бидејќи треба да бидат заштитени од надворешната температура од сите страни. Така завиткани стојат 24 часа, а потоа ајварот е подготвен за јадење.

    Најдобро оди во комбинација со сирење или со јогурт.

  • Мастика, узо или раки?

    Мастика, узо или раки?

    Седев во кафеана, мезев грчка салата и ја допивав втората мастика. Беше еден од последните денови на ова долго топло лето. Додека се мислев како да го почнам текстов, наиде мојот пријател Тино, познат и чест посетител на скопските кафеани и искрен љубител на добриот пијалок.

    Што вака во кафена рано сабајле? – ме праша.

    Работна задача – му одговорив. Треба да пишувам текст за македонската мастика, грчкото узо и турската раки, па дојдов во потрага по инспирација.

    Ај части едно узо и ќе го решиме проблемот, рече Тино и удобно се смести на едно од столчињата.

    „Види пријателче. Единствена универзална работа што не обединува нас Балканците, без разлика дали си Македонец, Бугар, Грк или Турчин е тоа што сите на ист начин уживаме во плодовите на ова поднебје. Покрај многуте работи, тука секако мислам и на алкохолот. Мастика, узо, раки… Пијачка која постои на само на ова поднебје, слична, а толку различна. Секој љубоморно ја чува тајната за рецептот. Премногу митови и легенди се кријат во однос на тоа кои се вистинските состојки за изработка на тој аперитив. Ма, ми збореле дека всушност се прави од дудинки, а други пак дека тајната била во премачкувањето на казанот со мед. Тоа воопшто не ме интересира, знам само дека ми се допаѓа. И без разлика, што и да пијам за мене тоа е еден ист пијалок. Не сакам никого да навредам, знам дека секој си има свој вкус, а нели за вкусовите не се расправа. Филозофијата на овој пијалок е многу едноставна. Мислам, ма не мислам, тврдам дека тоа е единствената пијачка што оди со секакво мезе, нормално во зависност од расположението и друштвото.“

    Тино ги изговори овие речници во еден здив, како учениче кое наизуст ја научило лекцијата. Се напивме, јас неколку мастики, тој неколку уза и пријателски се разделивме.

    Тино има право кога вели дека трите пијалоци имаат многу сличности. Сите се пијат со мраз, имаат неколкувековна традиција, а им се препишуваат и лековити својства. Сепак, балканските народи се особено патриотски расположени кога станува збор за националните јадења и пијалоци. Па така, тешко ќе натерате некого да признае дека пијалокот на соседот е подобар. Но, да одиме со ред.

    Мастиката во Македонија има долга традиција и според некои кажувања, овој пијалок на овие простори се произведува веќе три века. Најдобрата мастика се пече во струмичкиот регион. Струмичани тврдат дека се прави исклучиво од природни суровини, односно од вински дестилат, анасон и багремов мед. Во минатото се вршени испитувања, кои покажале дека конзумирањето мастика во умерени количини помага во уништувањето на хеликобактери. Од1990 година Струмичката мастика е заштитена како национален бренд. И покрај се, во многу делови на земјата, сепак, грчкото узо е попопуларен пијалок од мастиката. Во голем број кафеани не ни можете да најдете струмичка мастика, а ќе ви понудат неколку типови узо. Еднаш за ова разговарав со Дарко, мојот другар од детството, со кого често пати сме ги тестирале лековитите својства на алкохолот. Како и вообичаено, му даде политички контекст на муабетот: Узо или мастика, со грчка или шопска салата, ѕаѕики или таратур. Изгледа само за мразот немаме спор околу името. Но, на крајот, единствено што мене ми е важно е чашата да ми ја донесе љубезна и убава келнерка, Гркинка или Македонка – сеедно.

     

    Узото е најпопуларниот пијалок во Грција. Нема турист кој си заминува од земјата без барем едно шише од волшебниот аперитив. Една стара грчка поговорка вели: „Узото го подига духот.“ (“Оuzo makes the spirit.”) и нема Грк кој нема да се согласи дека чашка мраз ладно узо е совршен придружник за добро мезе и разговор со пријателите. Класичното грчко узо е дестилат од грозје на кој му се додава прецизна комбинација од различни билки и плодови како анасон, нане, бобинки и лешници. Најчесто е со присуство на алкохол од 40 отсто. Сепак вообичаено се разредува со неколку коцки мраз, при што узото добива млечно бела боја, а на површината на пијалокот се појавуваат кристали, појава позната како „узо ефект“. Островот Lesvos го носи епитетот „центар на производството на узо“ во Грција. Ова ми го потврди и пријателката Софија од Атина: „Јас признавам дека најдоброто узо кое сум го пробала беше во Lesvos. Тие не го извезуваат, го чуваат само за локална потрошувачка, па никој не знае ни дека постои освен ако не го посетите местото. Рецептите за производството на узо на овој остров се чуваат како семејна тајна.“

     

    Софија ми раскажа дека узото во Грција се корисити и како лек за болки во стомакот или за главоболка, а на Крит, можеби звучи лудо, но и за разбивање на утринскиот мамурлук.

    Раки е неофицијален национален пијалок на Турција. Во времето на Отоманската Империја, омилен алкхолен пијалок бил виното, но на крајот на 19-от век овој примат го преземала ракијата. Се произведува со двојна дестилација на грозјето и задолжително се додава анасон. Традиционално се пие на тој начин што чашата се става во специјални метални садови со мраз, а на ракијата и се додава вода. При разредувањето добива млечно бела боја, мешавина која популарно се нарекува „лавовско млеко“ (lion’s milk). Мојот пријател …. од Истанбул ми раскажа дека јени раки се пие во комбинација со ајран, како „противотров“ за мамурлук, но има и други, многу послатки дејства.

    „Многу добар пијалок во придружба на риба, мезе и пријателски муабети. Раки е легенда која не старее. Во Турција е позната како ефикасен „љубовен противотров“. Најдобра пијачка за да се заборави тагата и меланхолијата. Чувството да се пие јени раки е прекрасно, но уште поубаво е кога ќе се опијаниш од истата. Тоа е пијалок која наместо крвта би посакувале да тече во вашите крвни садови. Највкусно е кога се пие со бело сирење и диња, а без јени раки муабетот не е муабет.“

     

    На крај ќе Ви препорачаме еден рецепт, за кој единствено ви се потребни половина литар мастика, узо или раки, кој што милува и една лубеница со тежина од три до пет килограми. Се сече врвот на лубеницата и таа се полни со избраниот пијалок. Се остава да стои во фрижидер додека алкохолот и лубеницата не се соединат во прекрасен леден десерт.

    Уживајте и се гледаме на ладна пијачка и добро мезе.

    Мирко Трајановски

  • Странци во сопствениот град

    Странци во сопствениот град

    Кога ќе видите група од педесетина луѓе, кои заинтересирано слушаат туристички водич и ревносно фотографираат се наоколу, сигурно ќе си помислите: „еј, некои странски туристи одлучиле да го посетат Скопје“. Сепак во нашиот случај не беше така. Ние бевме странци во сопствениот град.

    Екипата на Балкон 3 едно неделно мајско претпладне беше дел од тричасовната прошетка низ Отоманското наследство на Скопје, која за сите заинтересирани бесплатно ја организира археологот и туристички водич, Василка Димитровска. Посетивме четири џамии, изградени во 15-от век (Султан-муратовата џамија, Гази Иса Беговата џамија, Исхак Бег (Алаџа) џамијата и Мустафа-пашината џамија), а имавме можност да се запознаеме и со историјата на Скопското Кале, Куршумли ан, Даут-пашиниот амам, Капан ан, Сули ан и Безистенот во Старата скопска чаршија. Оние кои го пропуштија овој занимлив и корисен „час по историја“, се надеваме дека ќе почувствуваат барем дел од атмосферата, преку видеото кое го подготвивме. Со Димитровска разговаравме за бесплатните тури низ Скопје и за нејзините искуства со странските и домашните туристи.

  • Меѓународна премиера на Me Sijum Underground во Стариград Пакленица

    Меѓународна премиера на Me Sijum Underground во Стариград Пакленица

    Дојде и тој ден. На 6 август, во прекрасниот амбиент на јадранското крајбрежје, во рамките на популарниот филмски фестивал Стариград Пакленица ќе се случи меѓународната премиера на првиот документарен филм во продукција на  Балкон3, „Јас сум андерграунд“ („MeSijumUnderground“). Филмот ќе биде прикажан во делот од програмата наречен „македонска недела“, во чии рамки публиката ќе има можност да види 13 музички документарци од Македонија.

    Me Sijum vo Paklenica_cover

    Фестивалот во Стариград крај Пакленица, кој ќе трае од 2 до 7 август, се одржува петта година по ред и прерасна во еден од најомилените филмски фестивали во Хрватска и во регионот. Се разбира, за тоа придонесуваат интересната и квалитетна филмска и музичка програма, но и уникатниот амбиент под отворено небо во кањонот Пакленица. Годинава фестивалот ќе биде отворен со проекцијата на легендарниот „Како је пропао рокенрол“ по повод 25-годишнината од премиерата на филмот.

    kino_velika_paklenicaТрадиционално настанот ќе биде зачинет со одлична музичка програма со настапите на: Која & Тресе лупа удара, The Beat Fleet и Тончи Хулиќ & Madre Badessa. Во жири комисијата ќе бидат легендарниот македонски гитарист Влатко Стефановски, словенечкиот музичар Мањифико и американскиот режисер, сценарист и продуцент Roger Ross Williams, кој во 2010 година доби Оскар за документарецот Music by Prudence.

    koja  Me Sijum vo Paklenica_Vlatko

    Филмот „Јас сум андерграунд“ („Me Sijum Underground“) е интересна музичка приказна за еден од најоригиналните македонски бендови, Шутка Рома Рап. Или како што ние во Балкон3 ја опишуваме во една реченица: забавна приказна полна надеж.

    Me Sijum_poster

    Неколку дена по проекцијата на фестивалот Стариград Пакленица ќе имате можност да го погледнете целиот филм на нашиот сајт. Дотогаш, ѕирнете го трејлерот 🙂

  • И ние гледаме светско

    Седнав да го пишувам текстов додека на телевизорот спроти мене се надигруваа Аргентина и БиХ. Беше после полноќ. Нема лош период од денот за гледање светско. Неколкуте непроспиени саати се мала цена за задоволството да се биде дел од милијардите жители од сите континенти, кои во истиот момент ја делат истата возбуда, ја чувствуваат истата фудбалска магија. Некој на пиво со пријателите, некој дома со семејството, некој на работа со колегите…

    navivaci3_balkon3

    Сите гледаат светско, дури и оние што не гледаат фудбал. Всушност од сите настани кои пред себе го имаат епитетот светско, токму фудбалскиот мундијал највеќе го оправдува и заслужува.

    Од четирите земји околу кои се врти светот на Балкон3, само Грција учествува на дваесетото светско првенство во фудбал, кое се одржува во Бразил, единствената земја што пет пати го подигнала трофејот Жил Риме.

    Грчки навивачи во Рио
    Грчки навивачи во Рио

    Ова е трето учество за Грција на светските првенства, по оние во 1994 и во 2010. До сега грчкиот фудбалски тим не се прославил на мундијалите. На 6-те одиграни натпревари остварил само една победа од 2:1 против Нигерија во 2010 година. Сепак, не смее да се заборави историскиот успех на грчките фудбалери, кои пред 10 години се искачија на европскиот трон.

    Фудбалската историја на Турција е малку позанимлива и богата со куриозитети. Турција се квалификувала на Светското првенство во 1950 година, но поради финансиски проблеми го откажала учеството. На наредното првенство во 1954 година, Турција станала учесник со фрлање паричка откако и по три квалификациски натпревари со Шпанија не било одлучено кој ќе патува на завршниот турнир во Швајцарија. Најголемиот успех на светските првенства турските фудбалери го остварија во 2002 година кога од Јапонија и Јужна Кореја се вратија со бронза на градите. Во натпреварот за третото место Хакан Шукур го постигна најбрзиот гол во историјата на светските првенства, кога ја затресе мрежата на Јужна Кореја по само 10,89 секунди игра.

    hakan sukur_balkon3

    Албанија и Македонија до сега не успеале да ги минат квалификациите. Сепак, неколку македонски фудбалери во минатото, како дел од репрезентацијата на Југославија го почувствувале „мирисот“ на најважниот спортски настан на планетата.

    world-cup-2014_balkon3

    Олимпиското правило дека „најважно е да се учествува“ во овој случај е само празна фраза. Не мора да се учествува на светско за да се ужива. Најдобар доказ за тоа се полните скопски кафеани, кафулиња, пабови, во кои пред големи видео бимови или телевизори, во фино друштво се навива за омилениот тим.

    navivaci1_balkon3  navivaci2_balkon3

    Гледајте светско и нека победат нашите 🙂

    Мирко Трајановски

  • Поштарот кој трчаше 220 километри

    Поштарот кој трчаше 220 километри

    Сите поштари се маратонци. Секој ден под своите нозе оставаат километри и километри. И главниот јунак во оваа приказна е поштар. Трајче Михов го знаат сите во Велес. И тука нема ништо чудно, бидејќи нема кој не ги знае поштарите. Но, Трајче е веројатно единствениот поштар во светот кој за 24 часа има истрчано 220 километри. Тој е маратонец, и тоа со „тапија“. Во октомври 2013 година Трајче го освои првото место на ултрамаратонот во Белград. Скромен и ненаметлив, за овој успех не сака да говори како за подвиг.

    trajce maratonec

    Трајче почнал да работи како поштар пред 13 години и токму професијата го „нурнала“ во маратонските води. Вели дека си ја сака работата, бидејќи му е мило кога на луѓето им носи добри вести. Екипата на Балкон3 се увери дека Трајче секогаш брза, без разлика дали е во шорцеви и патики или во поштарската униформа. Така беше и додека го снимавме ова видео.

  • Малта – Земја на дрвените балкони

    Балконите не се само отворени издадени делови од куќа или зграда, кои служат за на нив да го испиете утринското кафе, да испушите цигара, да ѕирнете преку оградата на соседот или да ги прострете испраните алишта. Балконите имаат многу поголемо значење. Тие се сведоци на историјата на секоја земја и секој град. Од нив можете да откриете многу за традицијата, верувањата и обичаите на луѓето во една земја.

    Можеби најдобар доказ за тоа е Малта – земјата на дрвените балкони. Секој кој барем еднаш прошетал по улиците на Ла Валета добро знае за што зборуваме. Изобилство од бои, материјали, текстури и декоративни мотиви се главната причина што токму балконите се едно од најмаркантните обележја на оваа островска земја.

    balkoni malta2

    Има различни приказни за нивното потекло. Едни велат дека се од турско, други од арапско, а трети од шпанско потекло. Иконографските докази укажуваат дека првите два балкона затворени со дрво и стакло во Малта се направени во 1679 година на Grandmaster’s palace, објект кој денес е седиште на Претседателот на државата.

    balkoni malta3     balkoni malta5

    Веќе во 18-от век дрвените балкони стануваат мода низ цела Малта. Овој нов елемент имал големо влијание врз естетиката на малтешката архитектура, бидејќи многу балкони биле додадени на постојните објекти, додека речиси сите нови згради во 19-от век имале дрвени балкони.

    balkoni malta4

    Популарноста на овие балкони никогаш не исчезнала, но во последните децении многу жители на Малта, пред се` од финансиски причини, дрвените балкони ги замениле со копии од камен или алуминиум. Со цел да ја спречи ваквата појава и да ги зачува традиционалните вредности, државата во 1996 година донесе одлука да им дава финансиска помош во висина од 60 отсто од трошоците на сите граѓани кои ќе ги реконстуираат старите или ќе ги заменат новите со традиционални дрвени балкони.

    Текст: Балкон3

    Фото: Бојан Трајановски

  • ИНТЕРВЈУ СО „ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ“

    ИНТЕРВЈУ СО „ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ“

    „Тоа е музика“ (“It’s all music”). Вака еден од најголемите џез музичари на сите времиња, Дјук Елингтон одговорил на бројните дебати за тоа како треба да се дефинира џезот. За џез музиката, за тоа дали има џез сцена во Македонија и дали постои џез начин на живот, за Дјук Елингтон, но и за Елвис Присли, во опуштена атмосфера во клубот МКЦ разговаравме со Иво Солдатовиќ и Бојан Петков од скопскиот џез состав Летечки пекинезери.

    bojan i ivo

    Покрај Иво (кларинет) и Бојан (гитара) во бендот членуваат и Петар Христов (саксофон), Кирил Туфекчиевски (контрабас) и Славчо Коцев (тапани). Џез квинтетот пред неколку месеци го издаде својот деби албум со авторска музика, а веќе работат и на второто издание. Свиреа на неформалното дружење пред почетокот на 30-то јубилејно издание на Скопскиот џез фестивал, кој се одржа во октомври. „Во публиката беа речиси сите гости на фестивалот и забележавме дека ги заинтересира нашата музика. Уживаа, го броеја ритамот“, раскажуваат Иво и Бојан. За настапот добиле комплименти и од новинар од реномираното италијанско списание „Музика џез“, кој дошол да го следи феситвалот.  „Ни беше чест да свириме, бидејќи џез фестивалот во Скопје е еден од најдобрите во Европа и публиката има можност да ги види најдобрите светски артисти. Сепак најважно ни е да уживаме кога свириме, бидејќи токму тоа е целта на музиката.“

    Дарко Чекеровски / Мирко Трајановски