Го сакам Охрид, иако сум од Скопје. Го сакам Охрид, особено во мај. Охрид во мај е прекрасен. Е сега, некој ќе каже дека во мај сите градови се убави ама Охрид дефинитивно во мај е многу поубав отколку во јули или во август. Некако езерото е помирно, воздухот е почист, рибјата чорба во стариот рибен ресторан на пристаништето е повкусна, охриѓани се погостопримливи… Сеуште нема навалица од туристи, па можете на раат да прошетате по кејот или да го испиете утринското кафе во некое од бројните кафулиња. Во продолжение низ фотографии, погледнете како јас го доживеав Охрид овој мај, но пред тоа ќе ви раскажам една случка. Во еден од локалните маркети не можев низ рафтовите да го најдам производот што ми требаше, па побарав помош од една од продавачките. И таа барем 5-6 минути се мачеше да го најде производот. Преместуваше кутии, отвораше и затвораше фрижидери, ѕиркаше на сите страни. Откако конечно успеа да го најде задоволно се насмевна, велејќи: „Пустина да фатиш, се оправ од барање.“ 🙂 А сега, уживајте во фотографиите…
ПрошеткаНекој пешки……некој со кајче.Рано утро, рибја чорба……задолжително со тазе лепче и макало од лук.Цвеќиња и знамињаАј со среќа…Оваа фотка од Охрид сите ја имаат 🙂И Охрид има споменици…за скопјани да се чувствуваат како дома.Птичја перспективаЖабја перспективаСамуиловата тврдина фотографирана од дворот на црквата Света Богородица ПеривлептаЗад трскитеКајче во пензијаКајче на годишен одморШаренилоОхридски Балкон
Островот Тасос е можеби една од најпопуларните туристички дестинации во Грција. Сепак малкумина од оние кои го посетиле знаат дека во себе го крие еден од најубавите природни базени во светот – лагуната Гиола (Giola). Одделена од морето со тесен појас карпи, наликува на базен со беспрекорно чиста вода, врежан во коралниот гребен кој се издигнува над него.
Оние кои ја посетиле Гиола велат дека е рај на земјата, но признаваат дека не е воопшто лесно да се стигне до неа. Се наоѓа во близина на селото Астрис (Astris), но до неа нема пристап со кола, па помошта од локалното население е неопходна. Сепак кога ќе се нурнете во топлите води на Гиола ќе се уверите дека напорниот пат не бил залуден.
Легендата вели дека базенот го создал богот Зевс и во него пливала Афродита. Токму затоа е познат и како „Солзата на Афродита“.Според друга легенда пак, базенот е окото со кое Зевс ја набљудувал неговата љубовница.
Ремек дело на природата или дар од боговите, сеедно Гиола дефинитивно е место кое треба да го посетите.
Студена зимска приквечерина во ромската населба Шутка во Скопје. Движејќи се со автомобилот низ тесните калливи улички, стигнавме до џамијата. Таму не пречека Фет Џо и пријателски не поздрави. Не поведе меѓу куќите со разнобојни фасади и не внесе во една подрумска просторија. Нашите сетила за слух ги освои весела ромска мелодија. Звуците на труба, саксофон, тарабука, виолина, придружени од жестоки хип хоп рими ја исполнуваа просторијата. Членовите на веселата музичка дружина Шутка Рома Рап се подготвуваа за претстојните концерти во Скопје. Мендо (саксофон и кларинет), Даде (бас гитара), Ице (виолина), Ајнур (труба), Меко (тапани), Туркан (тарабука) и раперите Фет Џо, Ал-Алион, Кеј Уан, Нусрет, Мали и Таки со задоволство ја раскажуваат својата музичка приказна. Зад себе имаат еден албум „I Sutka Tani Mo Than“ („Шутка, моето родно место“) и голем број концертни настапи низ цела Европа. Особено се горди што биле дел од големите фестивали „Зигет“ во Унгарија и „Роскилде“ во Данска. Скромно велат дека имаат желба со нивната оригинална музика да го освојат светот.
Интервју со New York Gypsy All-Stars:Возбудливо музичко патување со изведувачи од Македонија, Грција, Турција и Соединетите Држави. Грчки басист наврати во еден мал бар во Њујоршкиот Алфабет Сити и слушна источно-медитерански и јужно-балкански звуци како одекнуваат во преполната просторија. Додека остриот звук на кларинетот го сечеше воздухот тој сфати дека го знае секој тон. Во тој запрепастувачки момент се родија New York Gypsy All-Stars, обединувајќи би-музички виртуози пораснати на раскошните ноти од своите македонски, грчки, турски и американски корени и усовршени низ музичките сали на најдобрите светски музички академии. Со талент за компонирање и дива потреба за прекршени, искривени звуци, квинтетот од “крек” музичари (кои свират со брзо темпо) ги надминуваат границите помеѓу испреплетени корени во регионот на долго очекуваниот албум со оригинални музички парчиња – Romantech (Traditional Crossroads). New York Gypsy All-Stars ги прескокнуваат пречките помеѓу балканските, турските корења и ромската душа со фанки префинетост. NYGAS се: Исмаил Лумановски (кларинет), Тамер Панарбаси (канун), Панајотис Андреу (бас), Џејсон Линднер (клавијатури), Енгин Каан Гунајдин (тапани).
New York Gypsy All Stars е бенд составен од музичари од различни земји: Македонија, Грција, Турција и САД. Кажете ни како дојдовте до идејата за заедничко музицирање. Интересна е приказната како басистот Панајотис Андреу го чул Исмаил додека настапува во клуб и му се придружил на бината.
Исмаил: Пред околу осум години ги започнав студиите по класична музика во Њујорк. Бев многу млад, полн со возбуда и желен да ја искусам мултикултурната музичка сцена во најкосмополитскиот град на планетата. Во текот на мојата потрага по музички таленти и сродни души го запознав Панајотис Андреу во еден од ноќните клубови во кој редовно настапував и кој воедно е во сопственост на нашиот менаџер Сердар Илхан. Кога првпат настапивме заедно почувствував силна енергија во преполниот клуб, која беше најголем поттик за нашето долготрајно пријателство и прв чекор кон создавањето на бенд каков што е NY Gypsy All Stars. Фактот што сите музичари се од различни држави претставува само голем бонус, бидејќи не ги биравме музичарите според потеклото туку врз основа на нивниот талент и мотивираност. 🙂
Како продолжува понатаму приказната на NYGAS? Како дојдовте до сегашниот состав од музичари? Како се најдовте, со оглед на тоа што сите доаѓате од различни земји?
Панајотис: За музичар, животот во Њујорк е еднаков на живот во “светиот град”, бидејќи Њујорк, и во ова време на длабока рецесија, е симбол на толеранција, мирен соживот и инвентивност. Во вакво опкружување неизбежно е музичарите да се среќаваат, свират и создаваат без оглед на нивното потекло и религиозна определба. Во NY Gypsy All Stars нас, пред сè, не зближува взаемна почит кон музичкиот талент на другиот, а тоа што потекнуваме од соседни земји е само јаготката на шлагот, затоа што имаме слични вредности и темперамент. Поедноставно кажано, тука е многу полесно луѓе од ист регион да се сретнат и дружат отколку што си претпоставувате, додајте на ова и музичари и ги добивате NY Gypsy All Stars!
Колку народната музика на Македонија, Грција и Турција е застапена во вашите песни? Дали може да се каже дека сте претставници на т.н. Balkan sound?
Исмаил:Наша музичка идеја и цел е да ја промовираме и претставиме етничката традиција на нашите земји на начин кој би бил интересен за светот. Да, користиме многу македонски, турски, грчки, бугарски, албански, српски и романски нишки во нашите песни но тие не се премногу очигледни. Се обидуваме да го избалансираме и споиме сиот тој богат фолклор и да го вметнеме во еден нов концепт. Се обидуваме да создадеме спој на балканската музика и ритми и хармонии од светската музиката.
Вашата музика е оригинална комбинација од џез и фанк „зачинета“ со традиционални балкански мелодии. Како дојдовте до оваа комбинација, со оглед на тоа што се работи за музичари со различен музички сензибилитет?
Панајотис: Не знам дали е лесно да се категоризираат елементите кои ја сочинуваат нашата музика. Нанашиот прв албум Romantech секоја песна е под влијание на на неколку музички жанрови. Имате електроника (Prodigy, Chemical brothers), има фанк и соул (Earth wind and fire, Tower of power), има кубанска тимба, порториканска салса, мароканска гнава, северноиндиски и јужноиндиски фолклор, огромно влијание на мелодијата од секој агол на Балканот и Блискиот Исток, плус влијанието на класичната музика (од истокот и западот) на звукот и техничкиот приод. Како би можел некој ова да го категоризира? Во однос на нашиот музички спој најбезбедно е да се каже дека ние не ја избравме оваа комбинација на стилови – таа не избра нас!
Раскажете ни нешто повеќе за вашиот живот во Њујорк. Каде најчесто настапувате? Дали е тешко да се дојде до свирка во познатите клубови во „Големото јаболко“?
Панајотис: Секој знае што значи “Њујоршка минута”. Ова е град со, благо речено, постојано забрзано темпо. Животот се движи по брзата лента, а не би сакал да ги спомнувам и животните трошоци. Затоа, да се биде музичар во Њујорк значи постојана борба, пожртвуваност и компромиси. Не е лесно да се одржи проект каков што е NY Gypsy All Stars. Имаше тешки денови за сите нас, но нашето пријателство, музиката и, се разбира, времето кое го поминавме настапувајќи заедно, ни помогнаа да ги пребродиме тешките мигови. Што се однесува до клубови и организирање настапи, имавме среќа да бидеме во блиски врски со еден перспективен центар на музичката сцена во градот – Drom. Нашиот менаџер Сердар Илхан е косопственик на Drom и има големо искуство во менаџирање клубови и музички сали од ист калибар во последните две децении (а исто така има лично организирано бројни фестивали), што нам ни ја олесни комуникацијата со големите сали и настани во градот.
Го издадовте вашиот прв албум „Romantech“. Кажете ни нешто повеќе за композициите застапени на албумот?
Енгин: Имаме десет песни на албумот, седум од нив се наши, компонирани од Тамер Пинарбаси и Исмаил Лумановски. Направивме нов аранжман на македонското”Касапско оро” и турската “Nikriz Longa” заедно со “Sen Sev beni” на турскиот композитор Орхан Генчебеј. На овој албум најмногу се придржуваме на фолклорните шеми но создадовме и свој глас и стил што се однесува до звукот и ритамот.
Како бенд имате чести настапи во клупска атмосфера, на разни џез фестивали, а во јули свиревте и со Германската филхармонија за камерна музика. Може ли да направите споредба како реагира публиката од западните земји на вашите свирки, а како публиката во земјите од кои потекнувате?
Енгин: Секој регион на свој начин дели комплименти и покажува почит кон уметниците. Германија претставуваше одлично искуство. Свирењето пред четири илјадна публика на една прекрасна тврдина беше неверојатно. Публиката беше тивка и го следеше нашиот музички израз. Ова исто така се однесува и на просторот во кој се свири, но општиот впечаток е дека на Балканот и Блискиот Исток не се покажува доволно почит кон музичарите како во западните земји. Музиката и уметноста немаат доминантна улога во нашата култура но се надеваме дека работите ќе се сменат во иднина.
До крајот на октомври имате закажано голем број настапи во повеќе турски градови? Кога ќе има можност да ве види и публиката во Грција и Македонија?
Енгин: Со радост го очекуваме настапот во Македонија и Грција исто како и во другите земји. Се надеваме дека ќе се случи во блиска иднина. Единственото нешто што е потребно е покана со ајвар и сирење 🙂
Кои се идните планови? Можеби нов албум?
Панајотис: Наша најголема грижа е како да ја промовираме нашата музика, на кој начин што повеќе луѓе низ светот да ја слушнат и потоа би било прекрасно ние самите да им ја донесеме. Би сакале да отпатуваме до секое место каде се слуша нашата музика, да ги запознаеме луѓето со нашата приказна, со надеж дека ќе инспирира млади генерации музичари во нашите држави и низ целиот свет. Посакуваме сите да знаат дека најлесно нешто за нас е да создаваме заедно и да се дружиме. Посакуваме сите да знаат дека е вистински благослов тоа што се имаме едни со други во животот, што нашите животни патишта се вкрстија. И да, сè уште не сме завршиле со пишување музика, подготвуваме нов, втор албум е се надеваме дека ќе го издадеме следната година.
Насилството меѓу децата и тинејџерите од училиштата и улиците се префрли на социјалните мрежи. Интернетот стана простор за задевање, заплашување и исмевање. Токму оваа проблематика е тема на 4-минутниот анимиран филм „Силеџија“, развиен од страна на фондацијата „Метаморфозис“, во рамките на проектот „Приватност на интернет на лесен начин“.Филмот е наменет за тинејџери и има верзии на шест јазици: македонски, албански, англиски, турски, ромски и француски јазик. За идејата за филмот „Силеџија“, но и за сајбернасилството како појава која зема се поголем замав меѓу младите, разговаравме со Ирина Шумадиева, проект координатор во „Метаморфозис“.
Колку приказната која е прикажана во филмот „Силеџија“ е честа појава во реалноста? Дали може да се направи некаква споредба помеѓу Македонија и другите земји од регионот со земјите од Западна Европа и САД?
– Приказната е всушност базирана на вистински случки за кои сме слушале од самите ученици за време на средбите со нив кога обично разговараме на овие и други теми кои се однесуваат на нивната безбедност на интернет. Тоа е всушност едно типично сценарио, кое во реалноста веројатно би изгледало уште пострашно. Оваа приказна има среќен крај, за да биде истовремено и реална и поучна, односно таа го прикажува препорачаното сценарио по кое треба да се води жртвата доколку се најде во ваква ситуација. Во реалноста за жал, само 20-30% кажуваат дека воопшто биле жртва на сајбернасилство (Брошура за сајбернасилство: http://crisp.org.mk/component/option,com_docman/task,doc_details/gid,59/Itemid,38/lang,mk/).
Оваа појава не е нешто што е во релација со територијалната поделба на Земјата. За среќа, овде во Македонија навреме го покренавме ова прашање, работевме со деца, со наставници и со родители, па делувавме на развојот на свеста. На некој начин, ја пресретнавме појавата додека уште беше во рана фаза. Во светски рамки пак, имало случаи со катастрофални последици, кои ги воделе жртвите во состојба на сериозна повлеченост од средината, тешка депресија, па дури и нагон за самоубиство.
Многумина ќе се сетат на детето од Војна на ѕвездите кое се снимало во училиштето додека репродуцирало сцена од Војна на ѕвездите, мавтајќи со палка за голф во улога на меч. Откако неговите пријатели го откриле видеото и го поставиле на интернет, тоа брзо се рашири, со избројани 900 милиони прегледи во периодот од 2003 до 2006 година. И тоа, зборуваме за ерата пред појавата на Јутјуб во 2005. Толку многу прегледи, коментари и ремикси се произлезени, што младината заборава дека додека исмева некого и си го прави животот поинтересен, всушност уништува нечиј друг. Тогаш, момчето по име Гајслин Раза мораше да го заврши своето образование во психијатриска установа, а случајот познат оригинално како „The Star Wars Kid“е феномен и прв случај на масовно консумирано онлајн видео, како и најсилно нарушување на приватноста на интернет забележано во новата ера.
Дали главната причина за растот на сајбер насилството може да се лоцира во брзиот подем на социјалните мрежи и масовната „зависност“ на младите од нив?
– Секако дека има големо влијание. Имено, ако некое дете е навредувано или исмевано на Фејсбук, а притоа тоа ретко кој го чита, проблемот би бил помал, но знаејќи ја моќта на социјалните мрежи во однос на брзото ширење на содржините кои се споделуваат преку нив, како и фактот дека имаат голем број корисници, ја прави работата далеку посериозна. Но, тука мора да се додаде и фактот дека голем број деца доста рано и недозволено (под дозволената возрасна граница) стануваат корисници на социјалните мрежи, без да бидат надгледувани за тоа од нивните родители или наставници. Исто така, мобилните телефони кои се веќе во сопственост на 90% од децата кои ги посетуваат погорните одделенија во основно училиште (според мини-истражување на Метаморфозис) додаваат масло на огнот. Сајбернасилството преку интернет се одвива паралелно и интензивно и преку мобилен телефон.
Дали во Македонија има некаква статистика за случаи на сајбер насилство и дали постои законска регулатива за спречување на ваквата појава и санкционирање на насилниците?
– Секако дека постојат случаи на сајбернасилство и во нашата земја. Некои од нив се евидентирани од Дирекцијата за заштита на личните податоци и случаите се пренесени до јавноста преку медиумите и преку веб-сајтот crisp.org.mk. Сајбернасилството во некои случаи е тешко да се докаже, но со материјални докази, може да се изведе правдата на виделина.
Дали почести жртви на сајбер насилство се момчињата или девојчињата? Дали има одредена возрасна група каде оваа појава е најчеста?
– Жртви можат да бидат и момчињата и девојчињата подеднакво, со тоа што според некои статистики, женските почесто ги пријавуваат ваквите случаи. Најчесто оваа појава се случува помеѓу врсници на возраст 12-17 години, но не е исклучена појавата и надвор од оваа возрасна рамка (Податоци од 2012: http://www.covenanteyes.com/2012/01/17/bullying-statistics-fast-facts-about-cyberbullying/).
Што може да преземат жртвите на сајбер насилство за да се заштитат?
– Прво и основно не треба да молчат. Треба да ги известат родителите, а потоа заедно со нив да ги посетат одговорните во училиштето доколку се работи за случај во кој е вклучен соученик или повеќе соученици. Доколку се работи за некаква форма на нарушување на приватноста на интернет, можат заедно да се обратат до Дирекцијата за заштита на личните податоци, а за потешки случаи, треба да се контактира и полицијата. Она што е најважно во ваквите случаи е да не се одговара на сајбернасилството со насилство, да се пријави несоодветно однесување и да се чуваат сите докази на злоупотреба на приватноста на жртвата и нејзиниот углед (имејл пораки, коментари, СМС-пораки, видеосодржини, фотомонтажи и сл.).
Добро познатата гитарска мелодија го распара тешкиот дојрански воздух. За само дел од секундата беше придружена од извици на воодушевување на неколкуилјадната публика, која во еден глас почна да ги пее стиховите „Запеј, запеј бистра водо и ти сонце мило, златно. Запеј птицо и понеси песна нова, мака стара…“.
Бев дете кога се појави „Пушти коси“ и на гевгелиската група Зијан и го „заработи“ статусот на рок легенди. Сега, дваесетина години подоцна, имав задоволство да разговарам со двајца од основачите на групата, Ацо Митрев и Коце Динев. Интервјуто го направивме по нивниот настап на Д Фестивал, кој се одржа минатиот викенд во Дојран. Скромни и непосредни, раскажуваат за нивните почетоци, најголемите успеси, идните планови.
– Зијан постои од 1980 година кога тргнавме на студии во Скопје. Ние пред тоа имавме друга група, која се викаше Трета смена, но се прекрстивме во Зијан. Од тој период би ги издвоил настапите на рок фестивалите во Младинскиот културен центар во Скопје, вели Динев.
Тој е автор на антологиската „Пушти коси“. Вели дека песната настанала во еден здив, но на почетокот воопшто не очекувал дека ќе прерасне во рок – „евергрин“.
– Тоа беше, што се вели, песна „од ракав“. Интересно е што сосема случајно ја снимивме. Имавме договорено снимање за МТВ и ги имавме сите песни што ни беа потребни. „Пушти коси“ влета последна како аутсајдер, но на крајот излезе една од најуспешните на албумот. Песната си остана, добра е, искрена, проста песна.
Сепак Зијан не се само „Пушти коси“. Публиката добро ги памети и „Еј остани“, „Деца бевме“, „Елизабет“, „Обична песна“, за кои сеуште се пишува по музичките форуми и на Youtube. Сите членови на групата важат за одлични инструменталисти, што во 1987 година им ја донесе победата на познатата Гитаријада во Заечар. Сепак, се сеќаваат дека не било лесно да се пробиеш и да бидеш препознаен на тогашната југословенска сцена.
– За нас од Гевгелија, беше тешко беше и во Скопје да се дојде до некаква снимка, некој медиум и ние практично не дојдовме до снимка во Скопје, се додека не победивме во Зајачар, во Суботица. Тогаш си рекоа: овие веројатно се добри, раскажува Митрев. Динев се надодава: Во 1990 година го снимивме албумот и помина како што помина. Тогаш почнаа да се отвораат студијата, инаку пред тоа беше навистина тешко да се влезе во МТВ и да се снима.
Како со нетрпение да го очекуваа прашањето дали планираат нешто ново и дали овој концертен настап во Дојран е најава за повеќе живи настапи и можеби нови песни.
Митрев: Мислам дека веќе е дегутантно да говориме за тие фестивали и гитаријади, треба да видиме што можеме сега да направиме. Интересно е што сеуште добро функционираме на сцена, добро се разбираме, а имаме и млади сили во групата. Тоа се двајцата синови на Коце, кои се одлични музичари. Едниот е гитарист, а другиот тапанар и мислам дека треба да им дадеме шанса.
Динев: Постојано ни се јавуваат организатори, кои слушнале дека ќе свириме на Д Фестивал и ни викаат „Еј Зијан зар уште свирите?“ и не бараат така што ќе мора да ги задоволиме нивните барања.
Митрев: Ние добро се забавуваме на сцена пред се. Трошиме огромна позитивна енергија и мене тоа ми е доволно. Нашиот план е само добро да свириме, а може и да изненадиме со нешто ново.
Бендови од Македонија, Грција и Србија и светски познатата британска музичарка Sonique ќе настапат на второто издание на Д Фестивал, кој ќе се одржи утревечер на дојранското крајбрежје. Туристичкиот центар на југот на Македонија очекува илјадници посетители од Македонија, но и од околните земји.
Музичката шареноликост, која ја нуди фестивалот, ветува одлична забава до раните утрински часови. Д Фестивал ќе го отвори легендарната македонска рок група Зијан. Публиката ќе има ретка можност да присуствува на концертен настап на бендот, кој остана запаметен по песнта „Пушти коси“. Потоа следува настапот на музичкиот состав Baildsa од Солун, Грција. Станува збор за бенд формиран во 2007 година, чија музика претставува мешавина од ска, реге и рап, зачинети со препознатливите балкански звуци.
Трети на бината ќе се качат членовите на српскиот алтернативен бенд С.А.Р.С., кои во последните неколку години, по издавањето на песната „Буѓав лебац“, стекнаа бројна публика во земјите во регионот. После полноќ на сцена ќе стапи ѕвездата на вечерта, Sonique, која стекна светска слава со хитовите It feels so good и Sky, издадени во 2000-та година. Тие и донесоа награда на престижние Brit Awards, како и место во Гинисовата книга на рекорди.
Билетите за Д Фестивал во претпродажба чинат 250 денари (4.00 евра), а на местото на одржување ќе се продаваат по цена од 300 денари (5.00 евра).
Артистите на Д Фестивал ќе настапат по следниот временски распоред:
Почнува трката за највредните спортски одличја. В петок, палењето на олимпискиот оган ќе го означи стартот на триесетите летни олимписки игри, кои ќе се одржат во Лондон. „Колепката на фудбалот“ 17 дена ќе биде арена за над 10.000 спортисти, кои ќе ги одмерат силите во 26 спортови.
Организацијата на Олимпијадата, Велика Британија ја чинеше околу десет милијарди евра. Земјата домаќин очекува да бидат продадени над 6,5 милиони билети. И додека трае одбројувањето до почетокот на најпрестижниот спортски настан годинава, Балкон 3 ви ја раскажува олимписката историја на Грција, Турција и Македонија.
Грција е татковина на олимписките игри и токму затоа во Атина во 1896-та година се одржани првите модерни олимписки игри. Грчката престолнина беше домаќин и на олимпијадата во 2004-та година. Грција е една од само четири земји кои учествувале на сите летни олимписки игри одржани до сега. Исто така, Грција секогаш ја преводи парадата на нациите на церемонијата на отворањето на олимписките игри. Во олимписката историја, грчките спортисти имаат освоено 109 медали (30 златни, 43 сребрени и 36 бронзени), од кои дури 47 на првата олимпијада во 1896 година. Токму тогаш маратонот го освоил, веројатно најпознатиот грчки олимпиец, Спиридон Луис, овчар од селото Маруси. Во Лондон боите на Грција ќе ги бранат вкупно 107 спортисти, кои ќе се натпреваруваат во 16 спортови. Грците најголеми очекувања имаат од натпреварувачите во атлетика, стрелаштво, борење и кревање тежина.
Турција првпат на олимписките игри учествуваше во 1912 година во Стокхолм, кога боите на земјата ги бранеа двајца атлетичари. Сепак спортот кој на земјата и има донесено најмногу олимписки медали е борењето. Од вкупно освоени 82 медали (37 златни, 23 сребрени и 22 бронзени), дури 57 се од боречките дисциплини. На олимпијадата во 1948 година, која исто така се одржа во Лондон, златни медали блеснаа на градите на шест борачи од Турција. Годинава, земјата на Босфорот ќе ја претставуваат рекордни 114 натпреварувачи, а куриозитет е што повеќето од нив се жени. Спортската јавност во Турција очекува да биде срушен и рекордот на освоени медали, а нормално најголеми надежи се полагаат во борачите.
Македонија е со куса традиција на олимписките игри како независна држава, а првото учество беше на олимпијадата во Атланта во 1996 година. Од тогаш земјата има свои претставници на сите олимписки игри. Единствениот медал, и тоа бронзен, на Македонија и го донесе борачот Могамед Ибрагимов на игрите во Сиднеј во 2000 година. Сепак македонските спортисти во минатото имаат освоено уште 12 олимписки медали, но под знамето на поранешна Југославија. Со златни медали се имаат закитено фудбалскиот голман Благоја Видиниќ и борачот Шабан Трстена. Во Лондон под македонското знаме ќе настапуваат четворица спортисти, по двајца пливачи и атлетичари. Шанса за учество имаа и машките репрезентации во кошарка и ракомет, но беа поразени на квалификациските турнири за олимпијадата.
Олимпискиот стадион во Лондон
На спортистите од трите земји им посакуваме успешен настап и што повеќе освоени медали и нека не забораваат на олимпиското гесло на Пјер де Кубертен: „Не е важно да се победи, важно е да се учествува!“.
Екипата на Балкон 3 во неделата имаше можност да присуствува на еден навистина несекојдневен и интересен настан. Станува збор за тричасовна прошетка низ Отоманското наследство на Скопје, која за сите заинтересирани бесплатно ја организира археологот и туристички водич, Василка Димитровска. Заедно со уште шеесетина љубопитници посетивме четири џамии, изградени во 15-от век (Султан-муратовата џамија, Гази Иса Беговата џамија, Исхак Бег (Алаџа) џамијата и Мустафа-пашината џамија). Потоа групата се запозна и со историјата на Скопското Кале, Куршумли ан, Даут-пашиниот амам, Капан ан, Сули ан и Безистенот во Старата скопска чаршија. На крајот сите беа среќни што научија многу интересни работи за Скопје, но во исто време и изненадени колку малку знаеле за Отоманското наследство на главниот град. За неколку дена на Балкон 3 ќе имате можност да погледнете видео приказ од прошетката, а засега уживајте во фотографиите, кои ги издвоивме за вас.
Мустафа-пашината џамија, изградена во последната деценија од 15-от век од Мустафа паша, е еден од најубавите споменици изградени во Скопје за време на турското владеење.Туристичкиот водич Василка Димитровска ја раскажува историјата на Мустафа-пашината џамијаПосетителите слушнаа интересни детали и за Скопското калеКалето во Скопје, изградено во шестиот век за време на византиското владеење, импозантно се издига на левиот брег на реката Вардар.Дел од прошетката беше и Капан ан – некогаш преноќиште за трговците и патниците – намерници, денеска место каде што може да уживате во храна, чај и наргиле.Сули ан е изграден во 15-от век, а името Сули, кое значи „воден“ го добил, бидејќи во негова близина минувала реката Серава. Денеска во анот е сместена Ликовната академија во Скопје.Прошетката заврши во Безистенот – еден од најубавите објекти во Старата скопска чаршија, кој има огромна културно – историска вредност.Во Безистенот посетителите имаа можност да дегустираат и да се освежат со неколку видови ладен чајВпечатоци од прошетката пред камерата на Балкон 3
„Цената на дневниот ски – билет чини 55 лева или околу 28 евра, па самите пресметајте дали е тоа скапо или евтино. Сепак ќе скијате на истите стази на кои скијала речиси целата светска елита во овој спорт, почнувајќи од Алберто Томба, Бојан Крижај, Херман Маер, Михаела Дорфмајстер, Ања Персон, Линдзи Вон…“
„Пред почетната станица на гондолата во Банско или како што Бугарите го викаат „кабинков лифт“, во девет часот наутро е вистинска врвулица. Едно февруарско утро и јас со скиите на рамо стоев во долгата колона луѓе, кои говореа на различни јазици. Иако за да се дојде до место во гондолата се чекаше и подолго од половина час, кај луѓето не се чувствуваше нервоза. Веројатно сонцето и снегот, врз нив делуваа смирувачки. Но, сигурен сум дека сите беа нестрпливи што побрзо да уживаат во скијачките стази распослани на северните падини на планината Пирин“.
Понекогаш природата и човекот заедно умеат да создадат прекрасни дела, а Банско дефинитивно е доказ за тоа. Од мал скијачки центар со неколку жичарници и ски-лифотви, и стари хотели, за десетина години, малото гратче со околу 10.000 жители се претвори во балкански Сент Мориц. За тоа придонесоа изградбата на голем број нови хотели и инвестицијата од 130 милиони евра во модерен ски-центар. Денеска Банско е најатрактивната зимска дестинација во Бугарија, но и во регионот, со скијачка сезона која трае речиси половина година.
Од градот до скијачките терени може да се стигне со автомобил или со гондола. И за едното, и за другото се потребни околу 25 минути. Се разбира, возењето со гондола е многу поинтересно, но и поскапо. Билетот за едно лице чини десет евра.
Кога се возите во гондолата или на некоја од жичарниците можете да чуете различни јазици, бидејќи Банско привлекува туристи од цела Европа. Најбројни се Англичаните и Русите, а не заостануваат ниту посетителите од соседните земји Македонија, Грција, Србија и Романија. Годишно Банско го потсетуваат над 600.000 туристи.
Прекрасната природа и дивите планински предели наликуват на зимски пејсаж насликан од рацете на врвен сликар. Особено е импресивен погледот додека се возите на жичарницата кон највисоката скијачка патека, Бундерица, која се наоѓа на надморска височина од 2560 метри.
А, потоа… Е потоа следува ново задоволство додека со брзина од педесетина километри на час се спуштате по одлично подготвените ски-терени. Нормално, следува загревање со кафе или чај, задоволство кое ќе ве чини од едно до две евра или пак освежување со пиво, за кое ќе треба да одвоите три евра. Вкупната должина на 16-те скијачки стази е над 75 километри, а цената на дневниот ски – билет чини 55 лева или околу 28 евра, па самите пресметајте дали е тоа скапо или евтино. Сепак ќе скијате на истите стази на кои скијала речиси целата светска елита во овој спорт, почнувајќи од Алберто Томба, Бојан Крижај, Херман Маер, Михаела Дорфмајстер, Ања Персон, Линдзи Вон…
„Секој февруари светската ски елита ги испробува силите на патеката „Томба“, која името го добила по италијанската скијачка легенда Алберто Томба. Мештаните раскажуваат дека подготовката на стазата трае подолго од еден месец.“
Од 2008 година во Банско се одржуваат натпревари во рамките на Светскиот куп во скијање – најпрестижното натпреварување во овој спорт. Секој февруари светската ски елита ги испробува силите на патеката „Томба“, која името го добила по италијанската скијачка легенда Алберто Томба. Мештаните раскажуваат дека подготовката на стазата трае подолго од еден месец. Ова е еден од најзначајните спортски настани во Бугарија, кој привлекува илјадници гледачи од земјата и од соседството.
И на оние, кои не се по зимските спортови, нема да им биде здодевно. Во сите хотели има затворени или отворени базени, сауни, фитнес сали… Во Банско денес има околу 200 хотели, но сеуште интензивно се гради. Цените се различни и за еден полупансион се движат од 20 евра, па нагоре. Посебна атракција во Банско се популарните „механи“, гостилници во кои може да уживате во традиционални јадења и бугарска народна музика за прифатливи цени. Оние кои се расположени за поинаков вид забава можат да изберат помеѓу големиот број пабови, ноќни клубови и дискотеки.
Посетителите од околните земји до Банско најчесто патуваат со автомобил. Од Скопје до Банско има околу 260 километри и се оди преку граничниот премин Деве Баир. Доколку не чекате на граница и временските услови се добри за возење, патувањето трае четири часа.
Од Солун е малку поблиску и растојанието од 220 километри се минува за нешто повеќе од три часа. Туристите од Грција кон Банско патуваат преку граничниот премин Кулата. Од Истанбул до Банско има 573 километри и веројатно тоа е една од главните причини што таму речиси нема туристи од Турција. Посетителите од подалечните европски земји најчесто патуваат со авион до Софија, а потоа со автобус до Банско. Како и да патуваат, мислам дека сите си заминуваат со прекрасни спомени од скијачкиот центар, кој заслужено го доби епитетот „Скијачкиот дијамант на Источна Европа“ (The ski diamond of Eastern Europe).