Tag: архитектура

  • Имало ли живот пред туризмот?

    Рибарското минато живее…

    Бела куќа со сини капаци на прозорците. Силни бои и изразен контраст. Боите на небото и на морето, како и на грчкото знаме. Рецепт за совршена фотографија, најдобар начин да се каже – ја посетив Грција. Сепак, тие не биле поставени таму за да им се допаднат на туристите, според некоја логика на тематски забавен парк. Нивната улога е поинаква, и го открива предтуристичкото минато на многу летувалишта.leptokarija4_balkon3

    Насекаде во медитеранот сликата е слична. Шарени куќи со силни бои. Црвено-жолти нијанси во многу места во Италија, сино-бели речиси насекаде во Грција, бели во Шпанија… И насекаде тие се голема инспирација за фотографирање. Секако дека станува збор за традиција, зад која стојат мошне практични причини. Повеќето приморски населби што денес се летни туристички дестинации, во минатото биле само рибарски населби. Некои од нив биле такви до пред само неколку децении. Силните бои на куќите им овозможувале на рибарите полесно да се ориентираат во невреме, да ги забележат своите живеалишта и да се насочат кон нив. Тие за нив биле многу повеќе од животно значење, отколку од естетско.leptokarija1_balkon3

    Дел се зачувале како компактни целини и денес служат како потсетник на тоа минато, и голема атракција за посетителите. Но траги од рибарското минато може да се најдат и на неочекувани места, кои што значително се трансформирале по напливот на туристите. Старите рибарски куќи во Лептокарија, под Олимп, се скриени меѓу новите, големи туристички вили со апартмани за издавање. Некои се целосно напуштени, други се адаптирале да примаат гости во еден порустикален амбиент.leptokarija3_balkon3

    Има и такви што се претворени во кафетерии и ресторани, како и во мали бизниси и во деловен простор, привлекувајќи го вниманието на потенцијалните клиенти со својот невообичаен изглед. Но еден дел се` уште се користат од рибарите. Минатото продолжува да живее, а гостите, пак, ја добиваат можноста да ја направат својата совршена грчка фотографија.

    Гоце Трпковски

  • Познатите куќи на Велес: Чардаци ниту на небо, ниту на земја

    Чардаците, како простори од каде доаѓала светлината и топлината, но и студенилото на бавчите во летните ноќи, како осумесечна дневна и спална соба, градина и балкон, сето тоа заедно, велешани никогаш, на пример, не ги граделе ако пред себе го губеле пејсажот на реката.

    Чардакот на Хаџиконстантинови
    Чардакот на Хаџиконстантинови

    Кога говориме за автеничната градба на семејните куќи обично помислуваме на Охрид, град кој е горд на релативно сочуваното урбано јадро „дојдено“ од пред стотина година во квартот Канео. Заради заостанатиот стопански развој и постојаното иселување, нискиот стандард на луѓето и Крушевчани се согласуваат дека нивниот малер барем во големи сегменти ја спасил уникатноста на нивното урбано милје од пред еден век. Велешани пак, како жители на местото што преставува стилски ретко воедначен пример на градби од втората половина на 19 век, можат само да речат дека нивните претци им оставиле толку многу дух во своите куќи што тие и покрај крајната небрежност, сепак не успеале сосема се да разрушат или да ги „надградат“ со фер-гредички домовите од дедовците. Значи имало толку многу уникатност во градот што дури ни современиците, со тој внатрешен порив да градат „светла иднина“ со токмаците во раце, сепак оставиле нешто и за идните генерации.

    Куќа од комплексот Варналиите

    Дали тие генерации ќе продолжат со ламаринените надградби и со палетата тули што ги продава локалната фабрика и да прават неверојатни возблици на кич-архитектурата или едноставно ќе станат свесни дека со својата практика на ѕидање само наликуваат на копачи кои со лопати полни земја затрупуваат рудник со дијаманти?

    Историскиот музеј на Велес се грижи и за оние куќи кои им се од порано доверени а во кои живееле познати дејци на македонскиот народ. Претворањето на тие куќи во музејска градба како-така дозволува на посетителите, повеќето однадвор, да видат каков неимарски инстинкт имале некогашните велешани.

    Куќа од комплексот Варналиите
    Куќа од комплексот Варналиите

    Како такви се куќата на Солеви (каде живеел Коста Рацин), потоа музејот на Васил Главинов, па на Јордан Хаџи – Константинов Џинот и секако онаа која најдолго се реставрираше, на Касапови.
    Водени од потребата да градат на неповолно тло, главно карпесто и не ретко ерозивно, да ги наредат куќите најпрвин по десниот рид, наречен Којник а потоа да минат и на спротивната страна на реката (на ридот едноставно наречен Отспротива), тие поранешни жители имале, пред се, неверојатна смисла за соживот.
    Чардаците, како простори од каде доаѓала светлината и топлината, но и студенилото на бавчите во летните ноќи, како осумесечна дневна и спална соба, градина и балкон, сето тоа заедно, велешани никогаш, на пример, не ги граделе ако пред себе го губеле пејсажот на реката, нејзината долина и евентуално влезните и излезни карпи-стражари на клисурите на Вардар. При тоа сите велешани имале еднаков пристап до таа глетка, тој огромен прозорец низ кој влегувала светлината на сонцето и синевината на денот.

    Качувањето до чардакот на Џинот бара смисол за „алпинизам“
    Качувањето до чардакот на Џинот бара смисол за „алпинизам“

    Денес, за илустрација, многу од тие чардаци, со многу мали исклучоци, не се употребливи во прастарата намена. Ако веќе не е срушен или претворен во грда имитација на плексиглас архитектурата, чардакот гледа само во сенката на некоја новоградба!
    Старата архитектура имала душа и таа е темелена на големата меѓусебна солидарност на велешани. Речиси во секој двор или куќа од отоманскиот и подоцнежен период постои тајно скривалиште што има подземни ходници кои излегуваат пет-шест куќи потаму, за во злодоба својата челад домаќинот да ја сокрие кај некој од подалечните соседи.
    Денес тој соживот, гледан и низ начинот како жителите-современици ги замислуваат своите домови, едноставно е невозможен, поточно како да е душмански поттикнат да го мувне во слабината првиот сосед со некое ќоше од доградбата.

    Љубомир Костовски