Tag: Бајрам

  • На Рамазан Бајрам во најстарата џамија во Скопје

    Како му изгледа молитвата за Рамазан Бајрам на некој што потекнува од христијанско семејство? Веројатно слично како Велигден, но без жените, за кои знаеме дека според верските правила не се молат во храмовите. 

    dzamija22

    Немам некое многу паметно оправдување зошто првпат го посетив овој објект по триесетина години живеење во неговиот град, од кои десетина години беа студирање и работа во неговата непосредна близина.

    dzamija20

     

     

    Дали можеби ми повлијаело тоа што имам поинакво верско потекло, па бидејќи е џамија, сум го гледал како „нешто што им припаѓа на други и нема што да барам таму“? Нема зашто да се лажеме, за жал, такви ставови преживеаја и до 21 век. Но јас се` уште не сум посетил ниту некои историски цркви или други познати градби во Скопје, а од друга страна, старите џамии ми биле на листата на места што треба да се посетат во секој град во кој што сум патувал на Балканот. Значи повторно се` се сведува на чувството дека вашиот град ќе биде овде и утре и дека не морате да брзате со него.

    dzamija12

    Но дојде и тој ден, кога станав пред зори и на Рамазан Бајрам отидов во Султан-Муратовата џамија, која е изградена во 1435 година и е најстара во Скопје, а според некои извори, дури и на Балканот (споредено само со верските објекти што се во функција). Уште во мугрите верниците почнаа да се собираат. Беше невообичаено да се види колку е се` тивко и смирено и покрај метежот од луѓе. Сме навикнале да ги гледаме муслиманските маала во централните делови на Скопје како многу живи и бучни, со трговци и купувачи на сите страни, но ова беше нешто сосема поинакво. Во пет часот наутро немаше премногу луѓе, се наполни само третина од џамијата. Но таа е мошне голема, дури и за денешни услови, се` уште е една од најголемите во земјата, што е исто така импресивно, знаејќи дека и` конкурираат градби направени со современи материјали и технологија.

    Сепак, кога сонцето изгреа од зад ридот Гази Баба и го осветли нејзиниот источен ѕид по некојси 211-илјадити пат или можеби повеќе, таа се преполни, многу верници останаа во дворот и тука се молеа.dzamija23

    Како му изгледа молитвата за Рамазан Бајрам на некој што потекнува од христијанско семејство? Веројатно слично како Велигден, но без жените, за кои знаеме дека според верските правила не се молат во храмовите. Има молитва, па се одржува говор, па повторно молитва… Тоа што наместо поп има оџа, наместо крст полумесечина и наместо прекрстување поклонување се разлики во формата. dzamija5

    Говорите што ги држат оџите се слични со оние на поповите во црквите, дека секој треба да биде добар верник и добар човек пред се`, луѓето да му бидат благодарни на Бога за се` што имаат, да се грижат за своите семејства итн. Но оџата Џабир во Султан-Муратовата џамија имаше да каже нешто и за современиот начин на живеење.

    – Ѓаволот излегува од вашите компјутери, мора да внимавате. Компјутерите се добра работа кога се употребуваат за нешто корисно, но не и за нешто грешно, како гледање голотија. Родителите треба многу да внимаваат што прават нивните деца кога се пред компјутер – порача оџата.

    dzamija16 dzamija17

    dzamija9 dzamija3 dzamija19

    Фактите за Султан-Муратовата џамија се следни: била изградена пред 582 години како задужбина на султанот Мурат Втори, на местото каде што претходно имало манастир по име Свети Ѓорѓи. Тоа е едноставен квадратен објект, не е ниту пребогато декориран, но и тоа што го има како декорација го влече погледот. Таа е единствената џамија во Скопје чиј ктитор бил султан, другите се на паши, аги и на бегови. Била оштетувана и поправана неколку пати, во пожарот на Пиколомини од 1689 година, во земјотресот од 1963 година и во други времиња, па се смета дека денешниот изглед многу се разликува од првичниот, но и покрај тоа, таа е еден од архитектонски најзначајните објекти во градот. Сместена на врвот од Виргиновиот рид, доминира во целиот околен простор, но не е лесно пристапна низ тесните сокаци. Затоа мештаните се секогаш љубезни да ви го покажат патот.

    dzamija4 dzamija13

    Султан-Муратовата џамија е омилено место на многумина, меѓу кои и на стариот скопјанец Ремзи Шабан. – Се трудиме како граѓани и како верници да ја одржуваме најмногу што можеме, но немаме доволно помош од институциите – ја почна тој својата приказна за џамијата.

    dzamija10

     

    Потоа покажа кон покривот, направен од ќерамиди.

    – Во тоа време не се правеле такви покриви, се знае дека џамија се покрива со купола. Сите стари џамии што ги гледате наоколу што се покриени со ќерамиди биле бомбардирани во Втората светска војна. Тоа е срамно и жално! За среќа се задржале куполите на Мустафа-пашината и на Иса-беговата џамија. Но ќе ги вратиме куполите и на оваа, ќе собереме два-три милиони евра и ќе направиме. Веќе се организираме за тоа – додаде тој.

    Се поздравивме со Ремзи, кој брзаше да појадува, па по цел месец пост да им се врати на вообичаените навики за јадење. Му го честитавме Рамазан Бајрам со желба уште многу години да го слави во Султан – Муратовата џамија.

    dzamija8

    Нека им е честит празникот и на сите пријатели на Балкон3  од муслиманска вероисповед.

    Гоце Трпковски

  • Исчезнуваат старите обичаи на муслиманскиот Мубарек Бајрам

    Од вчера сите верници од исламска вероисповед ширум светот го слават најголемиот верски празник Рамазан Бајрам. По едномесечниот пост, во кој целиот исламски свет се воздржа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, вчера со утринскиот Бајрам – намаз започнаа да го слави Рамазан Бајрам. Овој голем муслимански празник се слави три дена.

    Меѓутоа, денес за разлика од порано, кога се споменува Бајрам веднаш на ум ни доаѓа прашањето: Каде се тие стари бајрами, тие стари обичаи? Тие стари обичаи за кои нашите дедовци и татковци постојано ни велеа дека им недостасуваат, стари обичаи на тие поинакви бајрами… Што имало во тие стари бајрами, а што толку многу ни недостасува? Да, токму тие стари бајрами…

    Има многу обичаи кои порано се практикувале, а денеска полека се губат. Порано се правеле разновидни слатки, а традиционално слатко за време на Бајрам е баклавата. Секој член на семејството ги посетувал соседите и роднините. Пред секоја врата стоела по некоја баба со насмевка на лицето, која ги чекала децата да дојдат за да и го честитаат празникот, а таа на сите им давала по некое бонбонче. Децата со голема радост им ги бакнувале рацете на постарите, а за возврат добивале паричка или бонбонче. За разлика од порано, тоа повеќе го нема. Децата се поретко ги има по улиците, се помалку се радуваат на овој празник. Бајрам за секое дете значеше будење рано наутро, облекување нови алишта и одење кај соседите и најбиските за честитање на празникот.

    Многу добро се сеќаваме на заборавената бајрамска возбуда, која ја имаше во нашите семејства. Порано секој на секому му подаруваше почит, слатка насмевка, љубов… се смируваа сите кои биле налутени еден на друг. Веќе ништо од тоа не е останато.

    Се повеќе ни недостасуваат старите бајрами. Но, тука се поставува прашањето дали бајрамите ги изгубија своите убавини или пак ние ги запоставивме нашите радости за бајрамот? Денес бајрамите не се слават како што налагаат обичаите. Понекогаш човек се двоуми дали е Бајрам или не.

    На сите муслимани им посакуваме овој Рамазан Бајрам да им мине во празнично и пријатно расположение во кругот на најблиските. Ramazan Bajram mubarek olsun!!!

    Нихал Бејадин

  • Баклава – традиционален неодолив вкус

    Баклава – традиционален неодолив вкус

    Сигурно нема некој од нас што не пробал баклава, неодоливиот вкус, традиционален за празниците, посебно за најголемиот муслимански празник Бајрам. Не можете да одолеете на прекрасаниот мирис на маслото, шербетот, ф’стаците, оревот и крцкавото тенко тесто. Баклавата ден денес продолжува да ја држи својата лидерска позиција помеѓу слатките работи. Можеби во денешно време традиционалните обичаи за Бајрам се забораваат, но навиката за јадење баклава продолжува.

    Балкон 3 оваа недела за своите читатели нуди еден специјален рецепт, од прославената турска фирма Гулиоглу. Имено се работи за традиција која започнала во далечната 1800 година, во градот Газиантеп, од Хаџи Мехмед Гулу, познат како Гуллу Челеби.

    Потребни состојки:

    За тестото:

    1 чаша растително масло
    1 чаша млеко
    3 јајца
    половина чаша (за турски чај) оцет
    малку сол
    6 чаши брашно
    1 пакетче скроб
    400 грама ореви
    половина пакетче маргарин
    250 грама масло

    За шербетот:

    1.5 литри плус една чаша вода
    1.5 кг. шеќер

    Подготовка:

    Прво се подготвува тестото од горенаведените состојки и се остава да отстои половина час. Подготвеното тесто се дели на четири дела. Од секој дел се одвојуваат по 15 теста во големина на орев. Во тестото со големина на орев се додава скробот и со помош на оклагија (сукало) се развлекува тестото. Откако ќе се развлечат сите 15 теста, корите се ставаат во тепсија, претходно подмачкана со масло, и се редат една врз друга. Потоа се додава претходно измелениот орев. Истата постапката се повторува и за останатите кори. Откако ќе завршат сите кори, се сечат во коцки/баклави. Потоа се прелива полека со претходно растопено масло. Рерната треба да биде добро зегреана на 220 степени и кога ќе се стави баклавата, температурата треба да се намали на 100-150 степени и да се пече 2-3 часа. Така направената баклава треба да постои барем еден ден за да може шербетот добро да се упие.

    Кога баклавата ќе ја добие златножолтата боја се подготвува шербетот од 1.5 кг шеќер и 1.5 литри и плус една чаша вода. Откако ќе поврие еден час, со топлиот шербет ги преливаме корите.

    Баклавата оди добро со кафе и сок 🙂

    На здравје..

    http://www.gulluoglu.com/