Tag: Берово

  • Малешевски зелник

    Малешевски зелник

    Во источниот дел на Македонија, во прекрасната Малешевија се прават најубавите македонски јадења. Запишани или запаметени од усните преданија на нивните баби и прабаби, младите домаќинки ги обновуваат старите рецепти и имајќи голема желба да ги споделат со своите најблиски, вложуваат огромен труд во нивната подготовка. Во Берово вештите, искусни домаќинки го прават надалеку познатиот малешевски зелник, специјалитет со неповторлив и единствен вкус. Зелникот на нашата баба Живка, сукан и месен, е тајна со која таа успева да го собере целото семејство на една трпеза.

    zelnik_cover

    Рано наутро ќе го замеси и веќе до пладне предизвикувачкиот мирис сите ќе не намами на трпезата. Тогаш, во убаво расположение уживаме во преубавиот вкусен специјалитет, се разбира комбиниран со бело беровско сирење или со буламач. Овој пат за читателите на Балкон3 отидовме до Берово и ја замоливме баба Живка да ни ја открие тајната како се подготвува Малешевскиот зелник. Таа со задоволство одговори на нашата молба, но овој пат со помош на една помлада домаќинка, која не смееме а да не ја споменеме, Зорка Кускинска.

    zelnik1

    Потребни состојки:

    За тестото:
    – 1 килограм брашно
    – 1 квасец
    – 1 супена лажица сол
    – 1 супена лажица шеќер
    – вода за замесување
    – зејтин за премачкување на корите

    За филот:
    – праз
    – сирење
    – за филот може да се употреби и спанаќ или пржен праз со пиперки и домати)

    Начин на подготовка:

    Се потквасува една коцка квасец со една супена лажица шеќер и една супена лажица сол. Смесата се меша со еден килограм брашно и вода по потреба. Откако тестото убаво ќе се замеси, се остава еден час за да нарасне. Потоа тестото се дели на пет помали и еден поголем дел. Сите делови се сукаат до дебелина од 1 милиметар.

    zelnik2 zelnik3

    Секоја сукана кора се остава на еден чаршав да се исуши, се додека не се заврши секој дел од тестото. Најголемиот дел се засукува во поголема дебелина и покриен се става врз еден плех. На помалите кори се распоредува иситнето сирење и се посипува со зејтин.

    zelnik5

    Потоа се собираат и се редат во поголемата кора. Со краевите на поголемата кора се замотуваат помалите кори.

    zelnik6 zelnik7

    Во средината се става малку запржениот праз со сирење и одозгора се посипува со брашно. Се остава еден час да накисне, а потоа се става да се пече на 250 степени целзиусови.

    zelnik9 zelnik10

    Откако ќе се испече се вади од рерната и се полива со 100 грама вода со зејтин и пак се става во рерна да се допече уште 10 минути.

    zelnik8

    На здравје и добар апетит!

    Автор: Јулијана Димитриевска
    Фото: Дијана Димитриевска

  • Берово – Мала Швајцарија на Балканот

    Берово – Мала Швајцарија на Балканот

    Ако сакате да дознаете од каде изгрева сонцето во Македонија, упатете се на исток кон малото планинско гратче Берово, сместено под падините на Малешевските планини, обиколено со борова, букова и дабова шума. Низ крошните и височините на дрвјата, ѕирка Беровското езеро кое Ви дава чувство на недопрена убавина, која вреди да се види и доживее. Ако решите да го посетите Берово, не брзајте да стигнете порано. Искачувајќи се кон преубавиот зимски планински предел ќе ја поминете Мискиџиовата чешма и ќе стигнете до Обозна – највисокото место, со надморска височина од од 926 метри.

    berovo zima Balkon3

    Тука застанете, излезете од автомобилот и вдишете длабоко. Ќе го почувствувате чистиот планински воздух со највисока концентрација на кислород и ќе ја осетите острината на планинскиот ветер. Во далечината ќе ги забележите планинските врвови покриени со снежната кристална белина и тогаш ќе се уверите во беспрекорната убавина што не е нималку помала од убавината на Швајцарските Алпи. Токму затоа на Берово многумина го нарекуваат и Мала Швајцарија.

    Berovo 2

    Берово како револуционерен град, познат по славните Дедо Иљо Малешевски и Димитар Беровски, има околу 10.000 жители кои го чуваат културно-историското наследство и ја негуваат традицијата, музиката, храната, фолклорот.
    Следењето на старите техники и користењето на современи инструменти за создавање разновидни производи е карактеристика на поголемиот број занаети во Малешевијата. Копаничарите од малешевскиот регион се познати по квалитетната изработка на секаков вид резба – плитка, длабока, скулптурна. Кујунџиството и златарството како занаети биле неразделен дел од секојдневниот живот на Малешевци, а чевларството како занает има длабоки корени во Малешевијата.

    berovo 1 berovo5

    Пробајте оваа зима одморот да го минете во Берово. Модерните хотели кои ја задржале автентичноста на малешевската традиција ќе Ви понудат вкусна, еколошки здрава храна. Препорачувам да го пробате Малешевското (Беровско) сирење, биено сирење, жежено сирење, кашкавал, буламач, урда, матеница, како и специјалитетите од малешевски компир комбиниран со клиси, а за десерт, колач од шумски диви плодови набрани од природата.
    А кога изморени од прошетките низ планинските патеки и од посетата на старовековните цркви Св. Архангел Михаил, Пресвета Богородица и Рождество на Пресвета Богородица, ќе се вратите во топлата соба во која се слуша само пуцкањето на дрвата од каминот, напијте се чај од лековити билки. Тоа ќе Ве опушти и ќе Ви даде енергија за наредниот ден. Ако сте малку настинати и кашлате, воопшто не грижете се. Во Берово речиси на секо чекор може да се најде надалеку познатиот боров сируп кој за ден-два ќе ги исчисти белите дробови и ќе направи да се почувствувате здрави и среќни.
    Да се дочека Новата Година со саканата личност и семејството во планинските вили во туристичката населба Абланица далеку од звукот на градот и цивилизацијата е вистински благодет. Абланица е оддалечена од Берово само четири километри. Таму може да се доживее вистинска планинска бајка и да се ужива во зимската магија, која може да ја создаде само зимата.

    berovo_ablanica

    Уникатен белег на Берово му даваат питите и качамакот на мештаните. Никогаш нема да го заборавам вкусниот зелник на баба Живка Димитриевска, зачинет со нејзината срдечност и љубезност.

    berovo_zelnik

    Таа е една од многуте луѓе во Берово, кои ќе ви понудат гостопримство иако не ве познаваат, ќе ве послужат со слатко од сливи или диви јагоди и со сок од бозел. Ќе ви зборуваат за Берово, а вие ќе посакате уште долго, долго да останете во таа убавина, која нивните приказни ја прават привлечна како магнет.

    Јулијана Димитриевска