Tag: Чешка

  • Бездомниците се најдобри туристички водичи во Прага

    Бездомниците се најдобри туристички водичи во Прага

    Бездомниците немаат своја куќа или стан кои можат да ги наречат свој дом, но затоа пак го имаат целиот град во своите дланки. Градот под отворено небо е нивниот дом. Вака најлесно може да се опише необичниот случај со Прага, главниот град на Чешка каде, верувале или не, бездомниците се можеби најдобрите туристички водичи. Да, да , добро чувте, во овој град може да добиете уникатна туристичка тура која ја водат бездомни лица.

    Карим, Хонза, Петр и Рамон се дел од екипата задолжена за спектакуларните градски прошетки. За разлика од досадните приказни кои најчесто ги раскажуваат вообичаените водичи овие уникатни туристички водичи ќе ви ја прикажат Прага во едно поинакво светло, онака како што тие ја доживуваат 24 часа во текот на неделата живеејќи под отворено небо.
    А верувајте тие доживуваат комични, но и подедакво драматични и опасни ситуации. Токму затоа туристичките тури кои ги водат бездомниците се преполни со адреналин, комични ситуации, откривање на потенцијално опасни места, но и многу забава.

    Овие тури се дел од активностите на здружението Прагулик кое неодамна доби престижна меѓународна награда за својот уникатен проект наречен „Откријте ја Прага на поинаков начин“. ЕРСТЕ Фондацијата од Виена ги награди членовите на ова здружение со Наградата за социјална интеграција 2013 година.
    За Балкон3 членовите на ова здружение објаснуваат дека не било лесно да се спроведе проектот, но било неверојатно забавно.

    – На почетокот имавме 13 потенцијални кандидати за туристички водичи, но сега имаме петмина. Планираме летово да ангажираме уште неколкумина. Кога некому ќе споменеме каков проект водиме сметаат дека е контроверзен и необичен, но генерално реакцијата на мнозинството е многу позитивна. Туристите навистина ја ценат можноста да бидат во близина на овие луѓе и да го откријат градот од една сосема поинаква перспектива-ни вели Ондреј Клугл и додава дека на туристите им се дава уникатна можност да го спознаат вистионскиот живот на улиците на Прага како и тешкотиите кој тој живот ги носи.

    -Нашите водичи ќе ви раскажат за Прага како луѓе кои живеат таму, но ќе ви ги пренесат и своите искуства од улицата, а токму тоа дел од туристите и го бараат-објаснува Ондреј.

    Вели дека го започнале проектот пред околу една година.

    – Сакавме да прикажеме дека на овој начин, преку нивно вклучување во бизнис , може да помогнеме бездомниците полесно да се интегрираат во општеството. Истовремено им овозможуваме егзистенција и економска независност-додава тој.
    Прагулик е проект на млади луѓе, тројца средношколци кои имале идеја како да направат нешто уникатно, но и да им помогнат на бездомниците.

    – Нашиот проект им пркоси на стереотипите и го менува мислењето за бездомниците овозможувајќи им на останатите да го спознаат светот од перспектива на бездомник-завршува Ондреј.

    Балкон3 топло ви препорачува , ако во скора иднина ја посетите Прага, заминете на туристичка тура со бездомник. Бидете бездомник за еден ден и дознајте каков е светот гледан од нивни очи. Можеби тогаш вашиот дом ќе ви биде претесен па ќе посакате целиот град да го наречете дом.

    Александар Манасиев

  • Чешки велеслалом низ Македонија

    Што може да предизвика двајца млади авантуристи од Чешка да ги спакуваат куферите и за само неколку дена да испланираат патување низ Македонија? Одговорот е едноставен – снег, снег, снег… Ондреј и Кети се двајца ентузијасти во фрирајд скијање кои во текот на зимскиот период минуваат часови гледајќи ја временската прогноза на интернет порталите. Ако забележат дека некаде на мапата на Европа има свежо паднат снег, не се двоумат да ја организираат набрзина својата нова авантура. Неодамна на листата земји кои ги посетиле ја додадоа и Македонија.

    Ондреј ја има опишано целата негова авантура на својот блог, а згодите и незгодите се документирани со богата фотогалерија и со интересно и возбудливо видео.

    Накратко, за Балкон 3, Ондреј ја раскажа нивната авантура.

    – Испланиравме да посетиме три ски-центри во Македонија: Попова Шапка, Пелистер и Кожуф. За патешествието од 3.500 километри го одбравме „голфот“ на Кети наместо „транспортерот“ со кој вообичаено патувам, ни вели Ондреј со чувство на каење.

    Дури кога на ГПС уредот напишал Тетово дознал каде точно се наоѓа Македонија на европската мапа.

    – Патувавме низ Словачка, Унгарија, Србија и Македонија, а 90 отсто од патот требаше да биде автопат така што си рековме дека се ќе биде добро, продолжува тој.

    На влезот во Македонија пријатно се изненадил кога видел нови автомобили, убави згради и чиста околина. Но, сликата се променила во Тетово каде, според неговите зборови, забележале голема нечистотија. Набргу ја оставиле оваа слика и продолжиле кон првата скијачка дестинација – Попова Шапка.

    – Беше три попладне, а лифтовите не работеа па заминавме до најблиската колиба. Забележавме дека е некаков тренинг центар на Армијата. Еден од инструкторите знаеше англиски и ни помогна да го најдеме нашиот домаќин Душко кој ни понуди сместување, вели авантуристот од Чешка.

    Имале пријатно искуство со локалниот водич Душко кој покрај сместувањето им ги понудил и своите готвачки способности. Кога Ондреј разбрал дека токму Душко го возел тимот Teton Gravity (продукциска куќа за екстермни спортови од САД) додека го снимале ски-филмот One for the Road имале за што да зборуваат во текот на следните два дена.

    – Душко ни објасни дека многу Норвежани кои сакаат фрирајд скијање ја посетуваат Шапка. Дознавме дека сме во рајот за ваков екстремен спорт и дека сме на правото место во вистинско време, продолжува Ондреј.

    Ондреј и Кети со Душко
    Ондреј и Кети со Душко

    Во замена за вкусната вечера што им ја зготвил, тие му понудиле чешко пиво. По две ноќи минати и кратка скијачка авантура продолжиле кон Пелистер. Преспале една ноќ во „голфот“, а Ондреј повторно се потсетил на удобноста на своето возило кое, за жал, не го зел на ова патување. Повеќе пешачеле отколку што скијале на Пелистер, но и таму имале своевидно фрирајд искуство, пред да продолжат кон Кожуф, каде Ондреј повторно се покајал што не го зел своето возило.

    РЕК Битола во снежен амбиент
    РЕК Битола во снежен амбиент

    Бил пресреќен кога разбрал дека паднал свеж снег на Кожуф, но како што проверил на интернет, не можел да се качи до горе поради временските прилики. Разочарани на ГПС уредот напишале Прага. На излегување од земјава си посакале повторно да се вратат, следниот пат опремени со подобро возило и со поголемо искуство. Чешкиот велеслалом низ Македонија можете да го погледнете низ фотографиите на Ондреј како и низ видеото кое со задоволство го сподели со нас. (А.М.)

    Повеќе за авантурите на Ондреј Пекарек можете да најдете на следниот линк: http://vimeo.com/42155272.

  • Азилантски танц преку оградата

    Азилантски танц преку оградата

    Кога денеска ќе го чуеме зборот азиланти, веднаш си помислуваме на илјадниците граѓани од Балканот  кои ги преплавија западноевропските земји барајќи излез од тешката економска криза. Таму ги нарекоа економски емигранти и без воопшто и да размислат дали да им дадат азил ги вратија дома.

    Но, меѓу нив, меѓу лажните баратели на азил ги има и оние чии судбини се губат и се испреплетуваат со тие на економските емигранти. Меѓу нив има азиланти кои немаат своја држава, апатриди, или такви кои поради политичките размислувања и ставови се загрозени и бегаат од својата поранешна татковина и се обидуваат да најдат засолниште во земјата во која заминуваат. Многумина водат тежок живот чекајќи од бројка во некоја фиока да станат име и презиме, да станат човек со своја приказна.

    Овие луѓе некогаш засолниште наоѓаат на чудни места. Таков е и случајот на неколкутемина бегалци и баратели на азил од Чеченија, Грузија, Курдистан и Бурма кои судбината ги довела во театарот „Арка“ во Прага, Чешка. Тие работат како дел од бендот „Бегалци суперѕвезди“ во кој членуваат професионални актери, но и баратели на азил и бегалци. Тие се доказ дека една неформална група актери и бегалци кои се запознале во бегалските кампови, може да стане проект што ќе предизвика сериозно внимание низ цела Европа.

    Во „Арка“ се прикажува нивниот проект „Танц преку оградата“ кој е вистинско ремек-дело на современата театарска уметност. Овој несекојдневен проект ги крши табуата за луѓето без своја татковина.

    http://www.youtube.com/watch?feature=player_detailpage&v=oWXmcqOwEl4#t=19s

    „Танц преку оградата“ е мозаик од пет приказни во кој е раскажана тажната, но понекогаш и комична судбина на азилантите. Приказните претставуваат интимен разговор меѓу азилантите и професионалните актери кои преку нив на публиката и ја раскажуваат нивната судбина. На пет локации во театарот „Арка“ истовремено се одвиваат неколку приказни. Секој дел трае по 15-ина минути, а може да се гледаат без посебен редослед. Има и кратки паузи од две-три минути придружени со перформанс од бендот „Бегалци супер ѕвезди“. Целата слика за овој несекојдневен проект се добива дури по гледањето на сите делови.

    Приказна која можеби најмногу ќе ве трогне е онаа на бегалецот Гугар, по потекло Ерменец кој живеел во Грузија. Гугар е музичар и фризер. Отсекогаш сонувал да има свој фризерски салон.

    – Јас сум музичар и не можам да живеам без музиката. Во мојот фризерски салон јас ќе имам мало пијано. Додека моите клиенти го пијат кафето ќе им свирам на пијаното, а потоа ќе им ја направам посакуваната фризура. Кратењето коса е исто како и музиката, форма на уметност – вели Гугар.

    Поради тешкиот живот и ситуацијата во Грузија, морал да побегне од оваа земја. – Не сакам ни да се сетам на тие денови. Ми држеа вперен пиштол во челото, а јас крвавев. Потоа ме расекоа со нож, еве имам лузна тука – ја раскажува Гугар својата тажна приказна.

    Потоа заминал во Ерменија, но ниту таму не било подобро, па во 2002 година побегнал во Чешка. Не можел да им објасни на чешките власти што е по етничка припадност. Го прашувале дали е Грузиец, а тој на лош чешки јазик им повторувал, не, Ерменец од Грузија.

    Вели дека не можеле да го сфатат. Побарал дозвола за престој во Чешка, а за тоа време бил сместен во три различни бегалски кампови. Тежок живот, исполнет со исчекување што ќе одлучат чешките власти, дали ќе му дозволат статус на азилант.

    Додека ја слушаме приказната на Гугар, десетина метри подолу тече друга приказна, онаа раскажана од државната секретарка која ги работи документите на азилантите. Нејзиниот работен ден се состои од кревање десетина телефони, претежно за приватни работи. Бегло поминува преку имињата и фотографиите на азилантите. За неа тие се само бројки, само фајлови кои треба да се решат. Нивните судбини ништо не и значат. И додека секретарката во текот на работното време повеќе е загрижена за својот приватен живот отколку за животот на бегалците, тие, пак, ги бројат секундите, чекаат повик од неа, чекаат да им каже дека станале азиланти.

    Се враќаме на Гугар. Музичарот, чија страст е потстрижувањето и чувањето гулаби, го чека својот повик, исто така. Тој на гледачите им ја раскажува и својата опседнатост со гулабите. Во Грузија каде што живеел имал десетици гулаби од Чешка, кои, како што вели, се најдобрите во светот. Не може да ги заборави. Тие го чекаат во Ерменија каде што ги преместиле по бегството од Грузија.

    – Гулабите сега ги чува мојата свекрва. Мораше да им ги потсече крилјата бидејќи во спротивно тие ќе одлетаат дома во Грузија. Гулабите носачи секогаш се враќаат дома – раскажува Гугар.

    Ерменецот од Грузија сепак успеал некако да преживее во земјата која тешко може да ја нарече дом. Тој сега има жена и три деца, но како што вели, се уште сонува за сопствен дом и за своите гулаби. – Би сакал некогаш да ги донесам овде во Чешка, но ако тоа се случи ќе морам да им ги пресечам крилјата. Во спротивно тие ќе се вратат назад дома во Грузија.

    Но јас, јас никогаш нема да се вратам таму, јас не сакам да се вратам таму – ја завршува својата приказна Ерменецот Гугар.

    И додека театарската завеса полека се спушта, гледачите размислуваат што помислиле кога последен пат го чуле името азиланти. Што и да помислиле, нивната перцепција по оваа претстава комплетно се менува. Ако азилантите за нив биле луѓе без никаков идентитет, опортунисти без чувство за припадност, бројка, сега тие стануваат обични луѓе, луѓе со приказна, музичари, фризери, луѓе со срце кое лета онака како што летаат гулабите кон својата татковина.