Tag: Дојран

  • UNITED STATES OF BALKANS Е НАШИОТ СОН

    Интервју со грчкиот бенд Baildsa

    Кога за еден и пол час ќе чуете ска, реге и рап „зачинети“ со препознатливи балкански звуци, ромски мелодии и светски поп „евергрини“, кога на еден концерт публиката ќе игра на песни на Горан Бреговиќ и на Ману Чао, бидете сигурни дека пред вас на сцената е солунската дружина Baildsa.

    Идејата за формирање на музичкиот состав Baildsa ја добиле Танос и Јанис Гунтанос во 2007 година. За кусо време успеале да ја реализираат во пракса и една година подоцна започнуваат со концертни настапи низ цела Грција. Нивната музика е енергична, а текстовите исполнети со космополитски пораки и повици за United States of Balkans. Всушност тоа е името на нивниот единствен албум, издаден во 2011 година. Себеси се претставуваат како „жители на U.S.B. (United States of Balkans) кои се обидуваат да бидат присутни со тегнење жици, удирање во кожа, дување во дупки, стискање црна кутија и со организирање на времето.“ Разговаравме со Танос Гунтанос, фронтменот на Baildsa, веднаш по нивниот настап на Д Фестивал, кој се одржа во Дојран.

    Ова беше ваш прв фестивалски настап надвор од Грција. Како ви се допадна реакцијата на публиката во Македонија?

    – Супер, многу топли луѓе. Ние се обидовме да создадеме добра атмосфера. Првпат сме тука и се надеваме дека ќе дојдеме повторно. Инаку да, ова ни е првпат да настапуваме надвор од Грција. Во септември имаме закажано концерт во Турција, а се прават планови и за во Бугарија.

    Имате интересен репертоар. Покрај авторските песни, имавме можност во ваша изведба да ја чуеме евровизиската „For Real“ на турскиот бенд Атена, како и неколку композиции на Ману Чао.

    – Многу ни се допаѓаат Атена. Мислиме дека има заеднички работи во нивната и нашата музика. Ни се допаѓа песната и ја свириме и во Грција. Ману Чао пак ни е пријател. Многу ни се допаѓа неговата музика. Едноставно ни се допаѓа и ја свириме. Ја сакаме енергијата која ја пренесуваат неговите песни.

    Добро, но можевме да чуеме и песни на Горан Бреговиќ, како и вашата верзија на „Мастика“. Од каде идејата да се искомбинираа толку различни музички стилови?

    – Генерално го свириме тоа што ни се допаѓа. Ако ни се допадне некоја песна од Македонија ќе ја свириме. Ако ни се допадне песна од Бугарија ќе ја измиксаме со нешто што ни е заедничко и познато. Звукот во балканските земји не е многу различен. Јас израснав во мало село во близината на Албанија. Имаме членови во бендот кои живееле во Истанбул. Во Турција, во Македонија звуците се многу слични. Сакаме да пееме на различни јазици. Го користиме ромскиот, турскиот, албанскиот јазик. Се е во врска со нашата идеја за United States of Balkans.

    Имате интересно имe. Од она што можев да го прочитам, Baildsa доаѓа од турски збор, и може да се протолкува дека ви е смачено, дека ви е преку глава. Од што ви е смачено, од што ви е преку глава?

    – Името доаѓа од турскиот збор bayılmak, кој исто така се користи и во други балкански земји, меѓу кои и во Грција. Сакавме нашето име да звучи балкански, но во исто време да има значење кое ќе ја симболизира нашата идеја. Baildsa за нас значи дека повеќе не можеме да го поднесеме ова што се случува со војните, со границите. Ние сакаме да има United States of Balkans и тоа е нашата борба.

    Во песната United States of Balkans повикувате да исчезнат државите и границите, никој да не мора повеќе да оди во војна. Мислите ли дека ова е можно на Балканот?

    – Па, тоа е нашот сон и мислиме дека е можно. Многу е тешко со луѓето кои живеат на овие простори, но има млади луѓе со отворен ум, кои сфаќаат дека границите не значат ништо, дека сите сме браќа. Музиката обединува, имаме и разлики, но треба да бидеме слободни да одиме во сите држави, низ цела Европа, Азија, светот, секаде. Тоа е нашиот сон.

    Мислите ли дека музиката може да ја добие борбата со политиката, со стереотипите?

    – Се надеваме. Многу ни е мило што на луѓето им се доѓа идејата за U.S.B.

    Какво е чувството да се биде жител на U.S.B.?

    Ха, ха, ха…Чувството е одлично. Се надевме дека еден ден ќе можеме да свириме низ целиот Балкан и да ја споделиме нашата музика со луѓето, и се надеваме дека се поголем број луѓе ќе и се приклучуваат на оваа зедница наречена U.S.B.

    Мирко Трајановски

  • Зијан: Се уште добро се забавуваме на сцена

    Зијан – интервју

    Добро познатата гитарска мелодија го распара тешкиот дојрански воздух. За само дел од секундата беше придружена од извици на воодушевување на неколкуилјадната публика, која во еден глас почна да ги пее стиховите „Запеј, запеј бистра водо и ти сонце мило, златно. Запеј птицо и понеси песна нова, мака стара…“.

    Бев дете кога се појави „Пушти коси“ и на гевгелиската група Зијан и го „заработи“ статусот на рок легенди. Сега, дваесетина години подоцна, имав задоволство да разговарам со двајца од основачите на групата, Ацо Митрев и Коце Динев. Интервјуто го направивме по нивниот настап на Д Фестивал, кој се одржа минатиот викенд во Дојран. Скромни и непосредни, раскажуваат за нивните почетоци, најголемите успеси, идните планови.

    – Зијан постои од 1980 година кога тргнавме на студии во Скопје. Ние пред тоа имавме друга група, која се викаше Трета смена, но се прекрстивме во Зијан. Од тој период би ги издвоил настапите на рок фестивалите во Младинскиот културен центар во Скопје, вели Динев. 

    Тој е автор на антологиската „Пушти коси“. Вели дека песната настанала во еден здив, но на почетокот воопшто не очекувал дека ќе прерасне во рок – „евергрин“.

    – Тоа беше, што се вели, песна „од ракав“. Интересно е што сосема случајно ја снимивме. Имавме договорено снимање за МТВ и ги имавме сите песни што ни беа потребни. „Пушти коси“ влета последна како аутсајдер, но на крајот излезе една од најуспешните на албумот. Песната си остана, добра е, искрена, проста песна.

    http://www.youtube.com/watch?v=q4y1enmdwx4&feature=player_detailpage#t=2s

    Сепак Зијан не се само „Пушти коси“. Публиката добро ги памети и „Еј остани“, „Деца бевме“, „Елизабет“, „Обична песна“, за кои сеуште се пишува по музичките форуми и на Youtube. Сите членови на групата важат за одлични инструменталисти, што во 1987 година им ја донесе победата на познатата Гитаријада во Заечар. Сепак, се сеќаваат дека не било лесно да се пробиеш и да бидеш препознаен на тогашната југословенска сцена.

    – За нас од Гевгелија, беше тешко беше и во Скопје да се дојде до некаква снимка, некој медиум и ние практично не дојдовме до снимка во Скопје, се додека не победивме во Зајачар, во Суботица. Тогаш си рекоа: овие веројатно се добри, раскажува Митрев. Динев се надодава: Во 1990 година го снимивме албумот и помина како што помина. Тогаш почнаа да се отвораат студијата, инаку пред тоа беше навистина тешко да се влезе во МТВ и да се снима.

    Како со нетрпение да го очекуваа прашањето дали планираат нешто ново и дали овој концертен настап во Дојран е најава за повеќе живи настапи и можеби нови песни.

    Митрев: Мислам дека веќе е дегутантно да говориме за тие фестивали и гитаријади, треба да видиме што можеме сега да направиме. Интересно е што сеуште добро функционираме на сцена, добро се разбираме, а имаме и млади сили во групата. Тоа се двајцата синови на Коце, кои се одлични музичари.  Едниот е гитарист, а другиот тапанар и мислам дека треба да им дадеме шанса.

    Динев: Постојано ни се јавуваат организатори, кои слушнале дека ќе свириме на Д Фестивал и ни викаат „Еј Зијан зар уште свирите?“ и не бараат така што ќе мора да ги задоволиме нивните барања.

    Митрев: Ние добро се забавуваме на сцена пред се. Трошиме огромна позитивна енергија и мене тоа ми е доволно. Нашиот план е само добро да свириме, а може и да изненадиме со нешто ново.

    Мирко Трајановски

    фото: Александар Семенпеев

     

  • Балкон 3 на Д Фестивал 2012 (фото галерија)

    На брегот на Дојранското Езеро синоќа се одржа второто издание на Д Фестивал. Топлото време и познатите дојрански комарци не беа пречка за неколку илјадната публика да ужива во концертот. Фестивалот го отворија домашните рок легенди Зијан, кои уште еднаш докажаа дека се мајстори за живи свирки и потсетија на хитовите како Пушти коси, Елизабет, Деца бевме. Потоа на сцената се качија членовите на грчкиот состав Baildsa, кои иако се првпат во Македонија, со својот енергичен настап предизвикаа вистинска еуфорија во публиката. Ваквата атмосфера продолжи и за време на настапот на белграѓаните С.А.Р.С., кои и се добро познати на македонската публика. За крај посетителите има можност да уживаат во сетот на британската музичарка Sonique, која го заврши настапот со хитовите Sky и It feels so good.

    Балон 3 низ куса фото галерија ви ја пренсеува атмосферата од фестивалот.

    [nggallery id=2]

    фото: Александар Семенпеев

  • Д Фестивал на брегот на Дојранското Езеро

    Бендови од Македонија, Грција и Србија и светски познатата британска музичарка Sonique ќе настапат на второто издание на Д Фестивал, кој ќе се одржи утревечер на дојранското крајбрежје. Туристичкиот центар на југот на Македонија очекува илјадници посетители од Македонија, но и од околните земји.

    Музичката шареноликост, која ја нуди фестивалот, ветува одлична забава до раните утрински часови. Д Фестивал ќе го отвори легендарната македонска рок група Зијан. Публиката ќе има ретка можност да присуствува на концертен настап на бендот, кој остана запаметен по песнта „Пушти коси“. Потоа следува настапот на музичкиот состав Baildsa од Солун, Грција. Станува збор за бенд формиран во 2007 година, чија музика претставува мешавина од ска, реге и рап, зачинети со препознатливите балкански звуци.

    Трети на бината ќе се качат членовите на српскиот алтернативен бенд С.А.Р.С., кои во последните неколку години, по издавањето на песната „Буѓав лебац“, стекнаа бројна публика во земјите во регионот. После полноќ на сцена ќе стапи ѕвездата на вечерта, Sonique, која стекна светска слава со хитовите It feels so good и Sky, издадени во 2000-та година. Тие и донесоа награда на престижние Brit Awards, како и место во Гинисовата книга на рекорди.

    Билетите за Д Фестивал во претпродажба чинат 250 денари (4.00 евра), а на местото на одржување ќе се продаваат по цена од 300 денари (5.00 евра).

    Артистите на Д Фестивал ќе настапат по следниот временски распоред:

    21:00 – 21:30 – ЗИЈАН

    21:45 – 22:45 – BAILDSA

    23:00 – 00:30 – S.A.R.S.

    00:45 – 02: 30 – SONIQUE

    02:30 – 04:00 – ANTENNA 5 DJs