Tag: Гинис

  • Македонија со најголемо оро за влез во Гинис

    Македонија за Гинис – Заедно да го одиграме најголемото оро во светот!

    Со оро во кое ќе учествуваат над 18 илјади луѓе и кое ќе се игра од Струга до Охрид, Македонија планира да се запише во Гинисовата книга на рекорди. Орото ќе се игра на 10 мај точно напладне, од Мостот на поезијата во Струга до месноста Горица во Охрид.

    oro za ginis balkon3

    Проценките велат дека орото од Струга до Охрид да биде долго околу 18 километри и 400 метри.

    Според Насер Хот, советник во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија, сплотеноста на луѓето рака под рака ќе претставува вистинска атракција во двете туристички места.

    „Се надеваме дека целата рута од Мостот на поезијата во Струга до Инекс Горица во Охрид, ќе биде полна со луѓе. Орото е веќе подготвено, така што сметам дека ќе претставува атракција не само за Охридско-струшкиот реигон, туку и воопшто за целата дражва. Дали ќе влеземе во Гинис или не, е помалку битно, важно е да го дадеме оној колорит, и да ги одбележиме 65 години од основањето на ансамблот „Танец“, новата туристичка сезона и Меѓународниот ден на танцот“, вели Хот.

    Граѓаните на двата града, жителите од околните села, како и туристи кои в сабота ќе престојуваат на струшкото и на охридското крајбрежје ќе го изиграат орото „По вазден те гледам“ што го компонира Зоран Џорлев, во кое се споени две стари македонски ора.

    Нема возраст, нема нација, нема никакви критериуми, освен добра желба да се учествува во ова оро и да му покажеме на светот она што ни лежи на душите, а тоа е нашиот македонски такт, додава Хот.

    Најголемото оро во светот го заиграле 17.200 Кинези. очекува орото од Струга до Охрид да биде долго околу 18 километри и 400 метри.

    За подетални информации можете да ги посетите следниве линкови:
    – Официјалната веб-локација: www.mkzaginis.mk
    – Официјалната Фејсбук страница: www.facebook.com/mkzaginis
    – Официјален Фејсбук настан: FB-Event

  • САД и Македонија во војна за најголемиот грав на светот

    Cook beans not war!

    Прашањето кој ќе свари повеќе грав , дали штипско Сарчиево или Пинсон во Алабама повеќе не е прашање само на спортски дух со цел да се биде подобар во натпреварот за правење на монструозниот котел во кој ќе се крчкаат неверојатни неколку тони грав. Ова е прашање на гордост и национално достоинство кое, според доброинформирани извори може да се пренесе и на државно ниво.

    Од каде оваа желба за грав? Старите жители на Сарчиево со кои разговаравме велат дека традицијата на правење добар грав трае со векови и веруваат дека токму гравот им ја дава нивната препознатлива остроумност, мудрост во донесување на секојдневните одлуки, долгото паметење, но и совршениот дигестивен систем.

    Казанот во Саричево во кој беше сварен гравот за Гинис

    Се почна пред многу години кога Сарчиевци и жителите на Пинсон Алабама, дознаа едни за други од Гинис. Од година в година борбата се разгоруваше, но скромните ресурси овозможуваа и скромна победа, со едвај неколку стотици килограми грав повеќе во казанот.

    Годинава жителите на Сарчиево ги засукаа ракавите, заштедија на други ресурси, лозјата останаа непрскани, нивите неизорани, а локалниот бизнисмен Д.С. великодушно помогна со сопствени средства за да му се зададе одлучувачки удар на противникот од кој нема да може со години да помисли на нов котел со грав. И така, добрите Сарчиевци, познати по својата упорност направија 5,5 тони грав, за речиси две илјади килограми повеќе од претходниот рекорд.

    Се чекаше ред за да се проба историскиот грав

    Молк во светот откако се прошири оваа вест. Засрамени веднеа глави дури и Мексиканците познати по своите безброј специјалитети од грав.

    Нацијата беше во исчекување дали претставникот на Гинис, господин Ловен Лангсдорф ќе го признае рекордот. Злобниците побараа да се докаже квалитетот на гравот, кој велат подеднакво е важен како и количината.

    Oчевидци велат дека тогаш се случи чудо пред кое и боговите замолчеа, а не пак Гинис.

    Огромен облак од метан се крена над Сарчиево, Штип и дел од источна Македонија, заканувајќи се по животот на се што лета… Поверодостоен доказ за квалитетот, признат според сите конвенции на Гинис не познава современата наука…

    За жал, екипата на Балкон3 не собра храброст да ја провери оваа информација, па ви раскажува она што други го кажуваа, но со голема сигурност ви тврдиме дека во околните села со денови не спиеле вознемирени од силните  грмотевици кои доаѓале од правец на Сарчиево…  5.5 тони грав…

    Д.Ч.