Tag: Косово

  • Убавините на Превала

    Февруари пристигна во Превала без ниту една снегулка. Жителите на овој туристички центар, особено постарите, не паметат дека вакво нешто се случило претходно. Среде зима на ова туристичко место кое се наоѓа на 1500 метри надморска височина, да нема снег.

    prevala01

    Но, Превала воодушевува со својата убавина какава што знае да подари само Господ. Иако оваа ретка убавина е јалова без посетители и гости. Ние бевме во Превала и бевме сведоци на тоа дека посетителите што оваа година планирале овде да останат подолго, поради тоа што нема снег, заминуваат по само еден или два дена престој.

    prevala02

    Превала се простира на Шар Планина од Косовска страна, на само 28 километри од Призрен, а од Скопје е оддалечена околу 80 километри. Освен Косовци, чести посетители на овој туристички центар се и скопјани. Тие велат дека им се допаѓа чистиот воздух  и низ шега велат дека тука секогаш доаѓаат да ги наполнат батериите или да соберат кондиција за да продолжат со работата што ги чека.

    prevala03

    Меѓутоа, годинава Превала е претворена во осамено место, без посетители. Само од време на време ќе наидевме на некој пензионер кој се шета на чист воздух.

    prevala04 prevala05

    Но, како изгледаше Превала пред една година кога дебелината на снегот изнесуваше речиси еден метар. Тешко се наоѓаше слободно место за престој, бидејќи сите викендички кои се издаваа беа зафатени. Превала ечеше од џагорот на децата кои си играа со снежни топки, се санкаа и скијаа…

    prevala06

    prevala07 prevala08

    Во продолжение, за гурманите ја претставуваме оваа погача, бистрата вода на Шара и овој освежителен пијалак кој се наоѓа само во Превала. Ние застануваме тука и не откриваме ништо повеќе. Редот Ви останува вам, да дојдете и да го посетите овој туристички центар.

    prevala09 prevala10

    prevala11

    Ова е вистинската Превала, Превала што ја знаеме сите ние…

    Бедри Реџалари     

  • На српска слава во Косово

    Српските слави се легендарни. По нив се пишувале песни, за нив се снимале филмови.sprska slava kosovo1

    Според православната христијанска традиција на овие простори, православните семејства си избираат светец како заштитник на домот, и денот на тој светец се прославува со семејството, роднините и пријателите. Тоа секогаш значи многу јадење и пиење, а во српските семејства и многу видови месо, повеќе видови домашна ракија од разни овошја итн. Чашите никогаш не се испразнуваат без домаќинот да ги дополни, а чиниите не можат да станат ни полупразни.

    srska slava kosovo2На Света Петка бевме кај српското семејство Сталетовиќ во Брезовица, на Косово. Тие беа наши домаќини, ова беше нивната домашна слава. Како си поминавме? Ни се потврдија сите стереотипи за српските слави, па заклучокот може сам да се изведе. Убаво беше да се види таква позитивна атмосфера во Косово, место од каде што веќе петнаесетина години не доаѓаат многу пријатни вести. Овде немаше непријатности, само луѓе што барем тој ден и тој миг уживаа во животот.

    Но тешко е приказните од Косово да останат позитивни до крајот. Брезовица, која се наоѓа на северните падини од Шар Планина, е еден заборавен скијачки центар. Има и жичници и ски-лифтови, но работи без полн капацитет, а и онака до неа тешко се стигнува по тесниот и недоволно одржуван пат. Локалните жители велат дека кога ќе падне многу снег е супер за скијање, но ако патот не се расчисти, никој нема да дојде. Ски-центарот е се` уште во државна сопственост, работи со тоа што го има и одвај се одржува. Поради познатите политички недоразбирања, властите во Приштина и во Белград не можеле да се договорат кој треба да најде инвеститори и да го приватизира, за повторно да се наполни со туристи и да му се врати стариот дух и шарм.

    srpska slava kosovo planina4

    Брезовица е едноставно прекрасна, особено наесен. Сите тие бои како да не се вистински, како да му дале четка на дете од основно училиште и да му рекле да ја нацрта есента. Дворот од црквата „Свети Стефан“, високо на ридот над Брезовица, е најдобриот видиковец. Врвовите блескаат под ниското сонце, некои од нив веќе уловиле малку снег, а под нив шумите ги шараат падините. srpska slava kosovo manastir8

    Подолу, пак, е самото село. Заспано под Шар Планина. Огромниот хотел „Нарцис“ се уште доминира во средината. Не го носи името залудно. Брезовица е доволно убава за да може да се вљуби во самата себе. Но хотелот, таков затворен и надвор од функција, делува застрашувачки.

    srpska slava kosovo5

    Изгледа дека ќе помине уште многу време додека ова идилично планинско селце стане нов балкански Сент Мориц. За таа титула веќе се борат и некои ски-центри што се многу понапредни од него, каде што се вложени милиони. Но тоа не значи дека не може да се ужива и во оваа Брезовица, каква што е сега. Не е недопрена, била допрена и оставена, па сега е повторно автентична.

    srpska slava kosovo9

    Каде на друго место може да изнајмите скии од киоск што се наоѓа веднаш до кокошарник? Каде може да одите кон скијачките терени разминувајќи се со стадо крави? Каде ќе ве поздрават толку многу домаќини додека работат во своите мали градини, цепат дрва или ги хранат домашните животни? Само овде.

    srpska slava kosovo kravi na pat10

    На крајот приказната од Брезовица сепак е позитивна. Само треба позитивно да се гледа на неа.

    Гоце Трпковски

  • Меѓународна графичка работилница во Богданци

    Шеснаесет млади уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина и Бугарија ќе учествуваат на меѓународната графичка работилница „Софија“, која ќе се одржи од 23-ти август до 3-ти септември во Богданци. Работилницата, која веќе шеста година трафиционално се организира на крајот на август, е една од ретките во регионот посветена на графиката како ликовна дисциплина.

    Од Печатница „Софија“, која е организатор на работилницата, велат дека целта е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и услови за реализација на нивните дела, бидејќи поради условите во кои се работи, графиката како техника е помалку застапена во целиот регион. Ментор на годинашнава работилница ќе биде реномираниот професор Звонко Тилиќ, шеф на одделот за графика на Академијата во Нови Сад.
    gr 2012 4
    Завршните дела ќе бидат изложени во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци, а по завршувањето на работилницата се предвидени изложби во повеќе градови низ Македонија, како и во други земји на Балканот.
    Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. До сега низ неа продефилираа над 90 млади уметници од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија и Хрватска.

    Повеќе за графичката колонија „Софија“ можете да прочитате на фејсбук профилот на работилницата.