Tag: Куршумли ан

  • Детоксикацијата со „Македокс“ почнува

    Со проекција на филмот „Скопје 63’“во чест на 50 годишнината од скопскиот земјотрес и со Оскаровскиот филм „Барајќи го Шугармен“ во сабота официјално стартува фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Поделени во четири програмски целини, интернационалните документарни филмови и оваа година ќе не прошетаат низ светот и ќе ни ги доближат емотивните стории на главните ликови.

    Филмовите кои ни раскажуваат приказни од Словенија, Македонија, Хрватска, Албанија, Швајцарија, Финска, Египет, Бразил, Судан, Италија, итн… ќе бидат поделени во категориите: главна програма, нови автори, балкански документарци, краткометражни документарни филмови. Оваа година на фестивалската програма има и четири македонски документарци, филмови на Игор Иванов–Изи, Синиша Ефтимов, Кирил Шентевски, Петра Селишкар и Бранд Ферро.

    Фестивалот ќе се оддржи во Куршумли Ан и МКЦ. Новитет се репризите на филмовите кои ќе бидат прикажани во Младински Културен Центар (МКЦ). Поделени во четири натпреварувачки категории, документарните филмови ќе бидат оценети и наградени од различни жириа. Официјални награди на МакеДокс се:

    – Кромид- за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма

    – Млад кромид- за најдобар филм на нов автор (прв или втор филм)

    – Кокарче- за најдобар филм за деца и млади

    – Награда за филм за најдобри Етички идеи

    „Годинешното издание го нарековме детоксикациско затоа што документарецот, како и кромидот, нè прочистува од токсините, било на културен или виртуелен план, ни предизвикува солзи и ни отвора врати од други светови што сами којзнае дали и кога би ги отвориле“ – велат организаторите на МакеДокс.

    Љубителите на докуметарните филмови ќе имаат можност да бидат дел од „Дискусиите под смоква“, организирани за време на фестивалските денови, секој ден во 18.00 часот. Фестивалот и годинава ќе го продолжи своето патување низ Македонија, во август месец, во Кумановскиот регион. Целта на „Патувачко кино“ е децентрализирање на културните случувања и овозможување на одредена културна доза и на останатите места во земјата.

  • МАКЕДОКС ПО ТРЕТ ПАТ – Почна креативната приказна со 62 документарни филмови

    Дојде и она доба од годината кога во срцето на Скопје, длабоко во Старата скопска чаршија, сѐ e обоено во кромидови нијанси. Море од млади зелени китки плете хармоничен бран по секој допир со древната питома калдрма во автентичен амбиент. На трошни порти, ве пречекува шпалир од насмеани лица. Во Скопје. Во Куршумли Ан.

    Почна Македокс. Трет по ред. Фестивал за креативен документарни филм. Настан кој упорно и горделиво се турка на патот кон традицијата. Онаму каде што и му е местото. Создаден од група луѓе кои со секоја година сѐ повеќе наликуваат на едно големо семејство кое им посакува отворено добредојде на редовните посетители и на намерниците. Во преубавиот амбиент на интимниот карван-сарај, Куршумли Ан, оваа фамилија со млади кромидчиња во високо подигнати раце, го прогласи фестивалот за отворен.

    Патувањето го отвори филмот „Изморениот патник“. Дело на доајенот на македонската документаристика, Благој Дрнков. Мојот некогашен сосед. Човекот со работилницата зад бујниот кордон од црешови дрвја во која се криеше тајниот свет на возбудата на Орце Николов 106, во Дебар Маало, кој целиот свој животен век му го посвети на документирање на македонската традиција, уметност и култура во своето богато творештво посветено и на уметничката фотографија. Легендата која неодамна замина во легенди, ги доби заслужените почит и признание од своите колеги и наследници. Од богата ризница на Дрнков, приказната за возот храбрец, малиот чајник, и за западниот дел на Македонија, снимена во далечната 1961 година, го покрена патувањето кое ќе трае осум дена и со себе носи 62 филмски остварувања од светска и регионална продукција, работилници, изложби и дискусии. Многумина останаа збунети по завршувањето на оваа проекција но, забревтаната локомотива симболично не поведе сите на дестинација на која не чекаат некои поинакви„Бебиња“ во чекор испратени од „Мама Африка“ на патот кон „Копнежливата дивина“ која во сите непоправливи романтични души ќе разбуди „Носталгија за светлината“ чувана од „Ноќен стражар“ таму некаде во светот на фантазијата. На „Плажата Бомбај“, каде што сме сите „Такви какви што сме“, маѓепсани од сопствената „Илузија“ и копнежот осликан во „Една жена – еден век“. Сите под закрилата на мојот драг другар „Редак“. Виножито од разнолики тонови, за сечиј вкус.

    По скопската приказна, која завршува на 22-ри јуни, Македокс ја продолжува авантурата. Патувачко кино, во текот на летото, ќе се насели во малешевијата. Креативните филмски приказни ќе допрат до Берово, Пехчево, Двориште, Ратево, Владимирово, Русиново, Црних, Панчарево, Блатец и Митрашинци.

    Пријатно ветре се пробиваше меѓу раскошните куполи во анот кој некогаш силно светел во олово, а на отварањето на фестивалот светна од позитивна енергија. Над аловите сводови, мирното небо ги сокриваше своите ѕвездени светилки во жешката летна ноќ. За среќа на малкумина, и кај нас полека сила зема нов ветар. Мотор, двигател на едрата на еден силен и квалитетен културен бран. Македокс е приказна која зависи од сите нас. Приказна која еден ден ќе им ја раскажуваме на нашите внуци. Зошто да не. Како што од нашите дедовци слушавме за малиот чајник. Возот храбрец од делото на Дрнков. Човекот кој одамна ни остави аманет да ја негуваме документаристиката.

    Горан Игиќ

    Фото: Галина Страчкова, Фил Лампрон