Author: Aleksandar Manasiev

  • Со кои цртани растеле децата во Македонија и Грција?

    Не враќаат во минатото небаре се временска машина. Не потсетуваат на младоста и на безгрижното детство. Тоа е моќта на цртаните филмови. Некои од анимираните филмови со кои растеле генерации како Том и Џери или пак Душко Долгоушко и денес може да се начекаат на некои од телевизиските канали. Тоа се ликови кои ги препознаваат и родителите, но и децата.

    Sport Billy cartoon

    Но голем број на цртани едноставно исчезнаа, главните ликови како и да не постоеле, а со тоа како да исчезна и дел од нашата младост. Ако седнете и со намера да се присетите на сите цртани кои сте ги гледале како деца ќе почувствувате треперење на срцето и голема возбуда по секој цртан на кој ќе ви текне. Балкон3 се обиде да направи листа на цртани кои некогаш беа популарни на овие простори, но сега се вистинска реликвија и ретко може да добијат место на телевизиските канали. Сепак социјалните мрежи овозможуваат тие да се оддржуваат во живот макар и на вештачко дишење. На јутјуб може да се пронајдат голем дел од цртаните на нашата младост. Еве со кои цртани растеле децата во Македонија и во Грција.

    Македонија

    Crtani Meceto Usko

    Мечето Ушко

    Пред околу 20 години сите деца во Македонија, а веруваме и во други делови од Европа седеа пред телевизиските екрани некаде по 19 часот токму пред да се емитуваат најновите телевизиски вести. Не, не децата воопшто не беа заинтересирани за најновите вести како што тоа е случајот денеска, едноставно чекаа да почне омилениот цртан-Мечето Ушко. Полскиот цртан кој е создаден некаде во 70-тите беше едноставен, а мечето Ушко,  главниот херој во цртанот, беше преслатко мече кое и ги учеше децата како да бидат добри, фер со другарите  и послушни кон постарите. Цртанот делуваше како апче за смирување кое децата го консумираа и едноставно откако ќе го изгледаа цртанот заспиваа оставајќи ги возрасните да ги гледаат вестите. Денес Мечето Ушко го нема на телевизиските екрани во Македонија.

    Кенгурчето Опа-Опа

    Crtani Kengurceto

    Уште еден од серијата цртани од Полска кои беа популарни на Балканот е цртанот Кенгурчето Опа-Опа. Овој цртан беше како отворена зоо енциклопедија преку која децата учеа за разните видови на животни, за нивните навики и за нивната исхрана. Преку овој цртан најмладите гледачи се запознаа со лисицата и нејзината итрина, со рисот и со уште десетина други животни. Овој цртан филм е еден од многуте во тоа време кој се грижеше за едукација на децата.

    Професорот Балтазар

    Crtan Baltazar

    Бал, Балтазар, Бал, Балтазар... Пред две децении немаше некој кој не ја знаеше воведната песна на еден од најпопуларните балкански цртани-Професор Балтазар. Беше еден од омилените цртани како на децата така и на возрасните. Овој хрватски цртан преку симпатичниот професор Балтазар, постар чичко со бела брада, очила и црн цилиндар ги поттикнуваше децата да ја засакаат науката, да фантазираат и да им помагаат на луѓето. Верувале или не, пред неколку децении овој тогаш Југословенски цртан беше гледан од Грција и Италија па се до Иран, Канада и Зимбамве.

    Бајум-Бајум (La Linea)

    La_Linea

    Минимална графика, едноставен, без ефекти и без спектакуларни сцени, а сепак исклучително забавен и заразен. Вака накратко може да се опише цртанот кој на овие простори беше познат како Бајум Бајум, а кој во буквален превод значи Линија. Играта со линиите кои авторот од Италија ја игра со главниот лик всушност ја одредуваат и неговата судбина, дали ќе падне во замката која авторот ќе му ја постави или ќе излезе на другата страна со помош на него. Главниот лик е во постојана кавга со авторот кој комуницира со него цртајќи или бришејќи некоја од линиите. Бајум-Бајум стана култен цртан чиј главен лик   се појавил во десетици реклами и спотови меѓу кои и оној на ѕвездата Џамироквај.

    Калимеро

    Crtani-Kalimero

    Уште еден италијански цртан кој стана популарен надвор од границите на својата држава и се вгнезди на Балканот каде совршено легна ознатата реченица на Калимеро-Нема правда. И да, Калимеро ги учеше децата дека светот е неправеден, но на некој начин ги рушеше и бариерите на дискриминацијата. Калимеро беше единственото црно пиле во своето семејство. Могу деца растеа со згодите и незгодите на Калимеро.

     

     

     

     

     

     

     

     

    Грција

    heidi

    Хајди

    Швајцарските Алпи можеби беа далечни за многумина, но децата можеа да патуваат до ова волшебно место во Швајцарија преку авантурите на Хајди и нејзиниот другар Петар. Црнокосото девојче беше главниот лик во популарната цртана серија која произлезе од познатата новела на Јохана Шпири.

    Кенди Кенди

    candy-candy1

    Во Грција беа популарни и анимираните филмови кои доаѓаа од Јапонија, а еден од нив е и  Кенди Кенди. Овој цртан е фокусиран околу русокосото девојче, секогаш убаво облечено и со машнички во косата-Кенди. Малата Кенди е сираче кое се обидува да го живее животот како и секое нормално дете. Кенди Кенди е цртан кој истовремено може да  ве растажи, но и кој може да ве расположи.

    Улис 31

    ulis

    Овој француско-јапонски анимиран цртан филм стана популарен во Грција од едноставна причина што е своевидно сф-продолжение на грчката митологија за Одисеј. Дејството е сместено во 31 век од новата ера што за децата во Грција беше посебен предизвик-да ѕирнат како би изгледале во иднината ликовите за кои учеле или пак читале во книгите. Во него има вселенски бродови, грчки богови и херои и многу акција. Улис 31 е спој на футуризам и митологија, а многу деца ги предизвика да сонуваат дали надвор од границите на нашата планета има живот.

    Популарни и во Грција и во Македонија

    Сепак, после консултацијата со нашите колеги од Грција, влеговме во интересен разговор, евоцирајќи спомени од нашето детство и видовме дека сме имале и цртани кои биле популарни во исто време и во Грција и во Македонија. Еве неколку од оние кои не можеме да ги заборавиме никогаш и кои засекогаш ќе бидат дел од детето во нас, без разлика од која страна на границата сме:

    sportbilly

    Спорт Били

    Ако во првиот цртан имаше хероина во овој анимиран филм главниот лик е храброто и снаодливо момче Били. Спорт Били потекнува од планетата Олимп што е доволна причина цртанот да се емитува и да стекне популарност во Грција. Момчето патува низ времето и просторот и следи разни спортски настани притоа истакнувајќи ги високите морални вредности и фер-плејот. Секогаш со себе ја носи и магичната торба од која вади разни алатки кои му помагаат да излезе како победник во своите авантури. Негови верни другари се девојчето Лили и кучето што зборува Вили. Се борат против лошата кралица Ванда.

    Болек и Лолек

    bolek_i_lolek

    Уште еден доказ за популарноста на цртаните филмови кои доаѓаа од Полска е цртанот Болек и Лолек кој е вгнезден во колективната меморија на децата кои растеле во Грција и во Македонија во текот на 80-тите. За овој цртан не беше потребна синхронизација од едноставна причина што во него воопшто и немаше никаков дијалог. Сепак и без зборување овој цртан беше заразен на свој начин. Серијалот за двајцата браќа и нивните смешни авантури се смета за најуспешен цртан филм кој дошол од Полска, а интересен податок е е дека бил дозволен да се емитува и во Иран по револуцијата во 1979 година.

    http://www.youtube.com/watch?v=QWtlrZ_ULeU&feature=player_detailpage#t=15s

    Веројатно уште стотици цртани се вредни за спомнување овде, но сепак ова се првите на кои екипата на Балкон3 успеа да се присети обидувајќи се да ги вратиме спомените на минатото.

    Повеќе за некои други цртани во следното продолжение на овој текст. До тогаш, пишете ни кои се вашите омилени цртани или серии со кои сте растеле, споделете ги вашите сеќавања и поттикнете не да напишеме за нив. Уживајте во линковите и потсетете се на младоста или пак за прв пат запознајте се со хероите со кои растеле многу генерации.

    (А.М.)

  • Цело село го готви, цело село го јаде – Кешкек

    Оваа традиција е на листата на УНЕСКО како едно од нематеријалните културни богатства на Турција.keskek10_balkon3Неколку жени од мало село на југоистокот во Турција пеат песни околу огромниот аван направен од камен кој е наполнет со жито. Во рацете држат дрвени токмаци и наизменично удираат во аванот дробејќи го житото. Секој удар во аванот како да дава ритам на песната која жените ја пеат. Чиниш работата ја претвориле во песна.

    По некое време на нивното место доаѓаат мажите. Пеат „машка“ песна и машки удираат во аванот дробејќи го житото. На овој начин започнува подготовката на традиционалното јадење кешкек кое е вековна традиција која се задржала само во некои делови од Турција. Цело село го готви ова јадење чии главни состојќи се житото и месото, а потоа и цело село со истото се гоштева. Кешкекот се готви за време на свадби, празници и други веселби, а некогаш кога се повикува дожд за годината да биде родна.

    keshkek_balkon3

     

    Во подготовката на јадењето учествуваат сите-од мажи и жени па се до стари и деца. Едните работат, а другите пеат, па потоа вторите работат, а првите свират на зурли и тапани. Подготовката е пропратена со гласна песна и музика, татнеж на зурлите и силниот удар на тапаните. Да се чуе до другото село дека се подготвува кешкек и дека има веселба. Откако житото ќе се издроби, заедно со месото се става во огромен бакарен котел чие дно е намачкано со пепел за да не изгори на силниот оган. Мајстори за ова јадење се таканаречените кешкеци чие знаење за подготовка на кешкекот се пренесува од генерација на генерација.

    Кешкекот се готви цел ден и цела ноќ. Ако денот е исполнет со песни, ноќта се дочекува со шеги и приказни. Наредниот ден кешкекот се меша со дрвени мешалки се додека не се добие совршено зготвен кешкек кој потоа се јаде од еден заднички сад. Долго се подготвува, но брзо го снемува од чиниите, таква е судбината на кешкекот. Толку е длабоко врежан во традицијата на одредени групи што во Турција постои и село кое го носи името на ова јадење. На некои места пак често на неженетите момчиња или пак на немажените девојки „заобиколено“ им се дава до знаење дека им е време за мажење со прашањето „кога ќе го јадеме твојот кешкек“?

    03258-BIG

    Текст: Александар Манасиев

    Видео и фотографии: Министерство за култура и туризам на Турција

  • Музејот во малото турско село Бакси е најдобар во Европа

    Селото Бакси порано познато како Бајрактар е навидум обично село во Турција во кое мирен живот водат преостанатите 480 жители кои засега не заминале во Истанбул, оддалечен 1.100 километри, главниот град Анкара оддалечен 600 километри или пак најблискиот Бајбурт. За разлика од првите две брзи, мултимилионски метрополи, Бакси е мало село каде чиниш времето застанало, но сепак и покрај зафрленоста тоа е надалеку прочуено. Сигурно се прашувате зошто? Ако порано било познато како местото низ кое поминувал легендарниот Пат на свилата или пак по патеписите на прочуените Марко Поло и Евлија Челебија, во денешно време селото е познато по најдобиот музеј во Европа-Музејот Бакси.

    baksi3

    Оваа институција ја доби наградата за најдобар музеј во 2014 година што ја доделува Советот на Европа. По тој повод, во следните 12 месеци во Бакси ќе биде изложена една од бронзените статуи на уметникот Хуан Миро, која е симбол на оваа награда и која секоја година е изложена во најдобрата музејска институција. Модерниот објект на Музејот Бакси во оваа идилична средина изгледа како да е излезен од некој СФ филм.Baksi_cover

    Се издига на брдо кое гледа на реката Чорух и ако случајно патувате низ овој регион тешко дека ќе погодите дека објектот е всушност музеј.

    HusamettinKocanИдејата да се направи ваков објект во село кое е толку оддалечено од метрополите во Турција била долгогодишен сон на уметникот и академик Хусамедин Кочан. Балкон3 разговараше со таткото на најдобриот европски музеј чија идеја да ги спои модерната со традиционалната уметност му донесе светска слава.
    -Идејата произлезе од желбата да го поддржиме регионот и локалното население со оглед на фактот дека се случува отуѓување и исчезнување на локалните традиционални вредности. Еден од причините за постоење на музејот е тоа што сакавме да ја донесеме современата уметност на периферијата. Ги елиминиравме културните предрасуди со изложување на традиционалните културни ракотворби заедно со современата уметност на ист простор-вели Кочан за Балкон3. Признава дека идејата не била веднаш прифатена со воодушевување и на многумина им била чудна.
    -Во некои академски кругови беше оценето како чудно она што го стори Музејот Бакси, да ги спои во музејски рамки традиционалното и современото. Зачудени беа и селаните кога изложивме алатки кои се уште ги користат или пак престанале да ги користат. Знаеме дека тоа што е ново се храни од традицијата, а она пак што ја одржува во живот традицијата е токму тоа ново кое повторно и повторно ја употребува-објасува уметникот.

    etnografik-sergi-7b etnografik-sergi-22b

    Музејот не само што ги крши културните бариери туку планира да се фокусира и на социјалните и економските проблеми на регионот. Кочан смета дека наградата ќе го поттикне развојот на регионот со зголемениот број на посетители оти на местото очајно му требаа луѓе, кои за жал се помалку ги има поради големата миграција.
    Некогаш селото било познато по ракотворбите од керамика или пак по ткаењето, а денес овие занаети практично исчезнале.

    atolye-1 baksi atolye-3 baksi

    Традиционалната архитектура ја снемало заедно со столарите и ѕидарите кои се преселиле во градовите. Зборот „бакси“ на локалнииот дијалект значи шаман кој пак симболизира лекување, заштита и помош. А токму тоа му го прави и Музејот Бакси за ова село кое тивко умира-ги лекува раните кои му ги иставило времето.

    Baksi1

    Што да се види:

    Цитаделата во Бајбурт

    Претрпела голем број неуспешни реставрации, но сепак е најдобрата атракција во градот Бајбурт. Потекнува од времето на Кралството Урарту (900-600 п.н.е.), а се спомнува во приказните на Марко Поло и на Деде Коркут.

    Bayburt Kale-Citadel

    Селото на змиите

    На 25 километри оддалеченост од Бајбурт се наоѓа селото Киркпинар. Секоја година селото е домаќин на љубителите на змиите, за кои се верува дека имаат моќ на лекување. Змиите во овој регион се појавуваат во мај и јуни, а потоа ги снемува.

    Водопадите на Сиракајалар

    Водопадите во селото Сиракајалар се прекрасен дар од природата кој е посебно атрактивен во лето кога има огромен број на посетители.

    Што да се прави:

    Фото сафари

    Преку целата година регионот околу Бајбурт е одличен за фото-сафари низ планините на кои има вечен снег или низ долините на реката Чорух и блиските водопади.

    04 Geographical Baks_ Snow

    Рафтинг

    Реката Чорух со својата должина од 260 километри е одлично место за рафтинг авантура. Се смета дека е една од најбрзите реки во регионот и пошироко што ја прави одлична за овој спорт.

    Планинарење и риболов

    Околните планини и недопрената природа се одлични за спортски риболов како и за планинарење на околните врвови кои достигнуваат и до 3000 метри височина.

    bayburt harita

    Уживајте во најдобриот музеј во Европа-Музејот Бакси, во недопрената природа и во авантурите кои ги нуди овој прекрасен дел од Турција.

    Автор: Балкон3

  • И Турција има свој Лох Нес

    Луѓето сакаат неразјаснети мистерии, сакаат да веруваат или пак да читаат за митолошки суштества или пак за натприродни појави. Некои се фанови на овие приказни и ги слушаат и читаат само за забава, други пак веруваат во нив. Токму затоа денес се уште постојат далеку познатите легенди за Бигфут и за чудовиштето од Лох Нес или пак помалку познатите како онаа за Чупакабра во Месико и во Порторико. 

    cover loch ness tr
    Дел од овие приказни се и добар мамец за туристите кои привлечени од легендите и од митовите сакаат самите да ги истражат. Во минатата година тимот на Балкон3 се увери во ова додека го „ловевме“ чудовиштето Неси во езерото Лох Нес во Шкотска.
    loch ness tr (4)
    Истражувајќи на оваа тема дознавме за уште едно, можеби помалку познато чудовиште, но подеднакво интересно кое наводно живее во езерото Ван во Турција, најголемото езеро во оваа земја.

    За разлика од популарната Неси чие прво видување е пријавено во шестиот век, а стана вистински хит во почетокот на 20-тиот век кога се појавија првите фотографии, видеа и масовни сведочења, чудовиштето од езерото Ван е „помладо“ и потекнува некаде од 1995 година.
    loch ness tr (1)
    Во Турција е познато како „Van Gölü Canavarı“ или едноставно како чудовиштето од езерото Ван. Во 1997 година, откако младо момче направи аматерско видео на кое наводно се гледа чудовиштето, од локална приказна таа стана светска вест. Од тогаш има над 1.000 луѓе кои пријавиле дека се сретнале „очи во очи“ со чудовиштето и сите ја преживеале средбата за да може да раскажат за неверојатната авантура.
    lake-van-vidimage lakevan2
    Слично како и двојникот во Шкотска така и турското чудовиште има околу 15 метри должина и грпка која сведоците најчесто пријавуваат дека ја виделе над водата на езерото.
    loch ness tr (2)
    Можеби ова чудовиште денес не привлекува туристи како Неси, но сепак езерото Ван се почесто го посетуваат научници, ловци на авантури и љубопитни туристи во надеж дека ќе го забележат „новото“ чудовиште. Но и да не го видат, патувањето нема да им биде залудно бидејќи околината на езерото Ван, кое патем има солена вода, има неверојатни пејзажи, археолошки локалитети, вулкани…Доживејте авантура и посетето го езерото Ван и можеби ќе бидете еден од малкутемина кои се сретнале со чудовиштето.

    Автор: Балкон3

  • „Шарениот град“ на Рајна совршен за летна авантура

    Летно попладне во малото гратче Stein am Rhein ( во превод Камен на Рајна) во кантонот Шафхаузен во Швајцарија. Сонцето пече силно и пополека ги брка туристите да бараат сенка под некое дрво, во некое кафуле или во бар во стариот дел од градот. Високите средновековни објекти со своите прекрасни фрески и мозаици го измамуваат погледот на туристите. Всушност така и ќе дознаете кој е локалец, а кој само посетител во ова необично место. Вторите секогаш со подзината уста ја набљудуваат играта на бои на фасадите од градот, секоја наредна поубава од претходната. Летното сонце всушност им прави услуга бркајќи ги во тесните улички каде може да откријат некој убав ресторан или пак дуќан со рачно изработени предмети. Sten am Rhein е град во кој ќе се заљубите на прв поглед, а не залудно многумина посетители го нарекуваат “шарениот град“.

    DSC00221

    Во меѓувреме локалните жители  имаат поинаква замисла како да се справат со жештината. Можете да ги приметите како трчаат наоколу по градот облечени во костими за капење обидувајќи се што побргу да стигнат до мостот на влезот од градот. И ние тргнуваме во правец на мостот. Пред него дузина деца се подготвуваат да скокнат во Рајна од височина од неколку метри. Децата се наредени од едната страна и чекаат знак од нивниот пријател кој проверува на другата страна да не случајно под мостот поминува некој брод. Одеднаш дава знак дека се е во ред по што  младите скокаат од мостот, еден по еден. Секој се обидува на што поатрактивен начин да скокне во прекрасната Рајна која ако гледате од мостот ќе забележите дека има кристално чиста вода.

    Брзата река ги носи капачите кон брегот, а тие по само неколку минути повторно се на мостот, каде пред очите на десетици љубопитни туристи изведуваат аматерски скокови во вода. Уживајте во галеријата на Балкон3 од скоковите во реката Рајна и од шарениот град Stein am Rhein.

    DSC00267 DSC00214  DSC00227 DSC00233 DSC00235 DSC00247 DSC00249 DSC00253 DSC00261 DSC00262 DSC00264

  • Модерна Атина низ објективот на Константин Манос

    Атина е огледало на денешна Грција. Ова неодамна ни го кажа светски познатиот фотограф Константин Манос во интервјуто за Балкон3 како одговор на прашањето како би изгледала неговата прочуена колекција фотографии насловена „Грчко портфолио“ ако беше направена во денешно време, а не пред 50 години.

    Во текот на 60-тите години на минатиот век Манос ја отслика тогашна Грција преку фотографирање на селата во кои времето како да застанало. Во малите места каде немало ниту струја Манос ги „зароби“ традицијата, обичаите, животот, радоста и смртта на локалните жители. Неговите фотографии запечатија дел од историјата токму пред нештата засекогаш да се променат. Манос вели дека денес селата од неговите фотографии се поинакви места и не можат да ја доловат вистинската слика за Грција.

    Според него, за да се почуствува пулсот на модерна Грција треба да се отпатува во главниот град Атина. Манос го стори токму тоа и децении по излегувањето на „Грчко портфолио“ ја создаде колекцијата „Атињани“. За разлика од црно-белите фотографии, овој пат тој го отслика животот на улиците во Атина преку фотографии во боја, соодветна за новиот милениум. Еве дел од Атина, луѓето, местата, што влегоа во изборот на Манос.

    Автор: А.М.

  • Бездомниците се најдобри туристички водичи во Прага

    Бездомниците се најдобри туристички водичи во Прага

    Бездомниците немаат своја куќа или стан кои можат да ги наречат свој дом, но затоа пак го имаат целиот град во своите дланки. Градот под отворено небо е нивниот дом. Вака најлесно може да се опише необичниот случај со Прага, главниот град на Чешка каде, верувале или не, бездомниците се можеби најдобрите туристички водичи. Да, да , добро чувте, во овој град може да добиете уникатна туристичка тура која ја водат бездомни лица.

    Карим, Хонза, Петр и Рамон се дел од екипата задолжена за спектакуларните градски прошетки. За разлика од досадните приказни кои најчесто ги раскажуваат вообичаените водичи овие уникатни туристички водичи ќе ви ја прикажат Прага во едно поинакво светло, онака како што тие ја доживуваат 24 часа во текот на неделата живеејќи под отворено небо.
    А верувајте тие доживуваат комични, но и подедакво драматични и опасни ситуации. Токму затоа туристичките тури кои ги водат бездомниците се преполни со адреналин, комични ситуации, откривање на потенцијално опасни места, но и многу забава.

    Овие тури се дел од активностите на здружението Прагулик кое неодамна доби престижна меѓународна награда за својот уникатен проект наречен „Откријте ја Прага на поинаков начин“. ЕРСТЕ Фондацијата од Виена ги награди членовите на ова здружение со Наградата за социјална интеграција 2013 година.
    За Балкон3 членовите на ова здружение објаснуваат дека не било лесно да се спроведе проектот, но било неверојатно забавно.

    – На почетокот имавме 13 потенцијални кандидати за туристички водичи, но сега имаме петмина. Планираме летово да ангажираме уште неколкумина. Кога некому ќе споменеме каков проект водиме сметаат дека е контроверзен и необичен, но генерално реакцијата на мнозинството е многу позитивна. Туристите навистина ја ценат можноста да бидат во близина на овие луѓе и да го откријат градот од една сосема поинаква перспектива-ни вели Ондреј Клугл и додава дека на туристите им се дава уникатна можност да го спознаат вистионскиот живот на улиците на Прага како и тешкотиите кој тој живот ги носи.

    -Нашите водичи ќе ви раскажат за Прага како луѓе кои живеат таму, но ќе ви ги пренесат и своите искуства од улицата, а токму тоа дел од туристите и го бараат-објаснува Ондреј.

    Вели дека го започнале проектот пред околу една година.

    – Сакавме да прикажеме дека на овој начин, преку нивно вклучување во бизнис , може да помогнеме бездомниците полесно да се интегрираат во општеството. Истовремено им овозможуваме егзистенција и економска независност-додава тој.
    Прагулик е проект на млади луѓе, тројца средношколци кои имале идеја како да направат нешто уникатно, но и да им помогнат на бездомниците.

    – Нашиот проект им пркоси на стереотипите и го менува мислењето за бездомниците овозможувајќи им на останатите да го спознаат светот од перспектива на бездомник-завршува Ондреј.

    Балкон3 топло ви препорачува , ако во скора иднина ја посетите Прага, заминете на туристичка тура со бездомник. Бидете бездомник за еден ден и дознајте каков е светот гледан од нивни очи. Можеби тогаш вашиот дом ќе ви биде претесен па ќе посакате целиот град да го наречете дом.

    Александар Манасиев

  • Фотограф кој ја зароби неверојатната убавина на селата во Грција

    MAC64009W00054/21

    Како глас кој како да извира во вашата душа е повикот да го посетите родниот крај на вашите предци. Го чувствувате најпрвин како безначаен шум кој по некое време станува се погласен и погласен, а вашата желба да го послушате станува се поголема. Неверојатна промена во животот може да ви се случи, ако се покорите на тој глас и отидете во потрага по вашите корени. Токму ова го доживеал големиот фотограф Константин Манос, државјанин на САД чии родители, дедовци и прадедовци се со потекло од Грција. Иако роден во САД сепак Манос отсекогаш слушал за селото на неговоите родители, за риболовот, за животот во тоа магично место каде времето небаре застанало.

    MAC_025x_C.Manos@18 w_1st Leica_

    Неговата потрага по корените во Грција пред повеќе од 50 години ја донесе можеби најдобрата колекција на фотографии од грчките села која некогаш е направена.

    -Моите родители се Грци кои живееле на село на мал остров во Мраморното море во Турција. Тие биле бегалци. Во текот на моето детство секогаш слушав приказни за таканареченото chorio односно селото. Во 1961 година конечно дојде денот кога почувствував должност да го посетам селото на моите родители.-вели за Балкон3 фотографот Константин Манос.

    MAC_088_GP_P105

    Кога за прв пат стапнал на грчка територија во него веднаш не се разбудила инспирацијата за фотографирање туку постепено ја барал.-Некаде на почетокот од 1962 година сфатив дека најдобрите фотографии можам да ги направам на изолираните и сиромашни села. Конечно падна одлука да фотографирам само во села каде нема струја-објаснува тој.

    MAC64009W00253/22A

    Го запрашавме како би изгледало неговото прочуено „Greek Portfolio“ ако денеска замине во Грција.

    -Не може ваква збирка да се направи во денешно време. Селата од 1962-1963 година се многу различни места денеска. Ако денес би заминал да фотографирам во оваа земја тогаш би заминал во Атина која е огледало на денешната Грција-ни одговара фотографот.

    MAC67014W00038/17A

    Се сеќава дека најуникатното и најавтентично село во Грција било селото Олумбос кое се наоѓало на врв на планина на островот Карпатос.

    -Беше перфектно село замрзнато во времето. Жените носе традиционални носии секојдневно, а сите тие носии и сета облека беше зачувана одлично. Се сеќавам дека живееја во еден свој свет-вели Манос.

    MAC64009W00008/32

    Со својот омилен апарат од марката „Leica“ Манос го има прошетано целиот свет, но признава дека освен во Грција не сликал на друго место на Балканот.

    -Секогаш одбирам да работам на места каде имам лична емотивна поврзаност. Сум имал многу возбудливи моменти во мојата кариера и многу слики минале низ мојот објектив. Сепак најемотивен момент беше кога фотографирав погреб во јужен Пелопонез. Почувствував морници небаре сум во времето на античка Грција-се сеќава Константин Манос.

    MAC_082_GP_P073

    Фотографиите на овој значаен автор денес се изложени како постојана колекција во неколку престижни светски музеи како тој во Њујорк, Хјустон, во Атланта, Бостон, Париз, Атина…

    MAC_081_GP_P067

    Балкон3 во неколку продолженија ќе ги ви прикаже најдраматичните и најинтересните колекции на фотографии направени од Константин Манос-фотографот кој со своите дела ја зароби убавината на селата во Грција.

    MAC64009W00054/21

    MAC64009W00146/12A

    MAC64009W00143/19

    MAC64009W00302/23A

    MAC66016W00013/36

    MAC64009W00011/25

    MAC_74_GP_P038

    MAC64009W00048/13

    MAC64009W00091/17A

    MAC64009W00087/09

    MAC64009W00080/28

    MAC64009W00111/16A

    MAC64009W00122/37A

  • Компјутерскиот Моцарт од Македонија меѓу најпаметните шест тинејџери во светот

    Детскиот сон е кутија златна, ѕвездено кајче што броди.

    Во него може се да се случи, повторно се да се роди…

    Децата го имаат светот на дланка и патуваат секаде и во секое време. Верувале или не доживуваат возбудливи мигови дури и кога се дома со своите родители. Доволно е да ги затворат очите и да доживеат неверојатни авантури кај пирамидите во Египет, на Ајфеловата кула во Франција или пак качувајќи се по големиот ѕид во Кина. Нивната фантазија ги носи на омилените места кои ги виделе на телевизија, на места за кои им раскажувале најблиските или пак за кои прочитале во некоја книга. Токму затоа и како деца ја слушавме прекрасната песна дека детскиот сон е како ѕвездено кајче што броди, а во него може се да се случи повторно се да се роди… Но она што е сон за многу деца е реалност за Марко Чаласан (14) од Скопје. Марко е најмладиот системски администратор во светот и веројатно најмладиот сертифициран системски инженер на Мајкрософт. Организацијата “Best Schools ” го рангираше Марко меѓу најпаметните 50 тинејџери во светот. Тој се наоѓа на шесто место.

    Ова дете од Македонија го нарекуваат гениј, Моцарт на компјутери или пак следниот Бил Гејтс. Тој не престанува да реди успеси и да добива дипломи и сертификати кои не можат да ги добијат ниту многу повозрасни од него. Автор е на една книга, а следната веќе е во по подготовка. Но Марко и покрај овие успеси се уште е дете кое сонува иако дел од соништата веќе му се исполнети. Досега има пропатувано низ многу држави и видел прекрасни места, но младиот Марко за Балкон3, пред летните одмори, ни ги откри своите омилени дестинации. На дел од овие места веќе бил и топло ни ги препорача , а останатите се уште не ги заокружил на неговата мапа, но верува дека наскоро ќе ги посети.

    Ова се омилените пет дестинации на компјутерскиот Моцарт и неговите кратки коментари.

    -Едно од моите омилени места кои сум ги посетил е токму Љубљана. Главната причина зашто ја сакам е бидејќи е чист град. Воздухот е исто така многу е чист-објаснува Марко.

    Марко во Словенија
    Марко во Словенија

    Вели дека Словенија сака да ја посетува, веројатно исто толку како и Швајцарија.

    -Друго место што многу ми се допаѓа е Цирих бидејќи има многу бујни пејзажи и планините и езерата се многу убави. Прецизноста која ја има во ова место ја нема никаде. Ниеден воз не доцни ни секунда, а улиците се чисти и луѓето имаат висок степен на култура-искрен е младиот компјутерски експерт.

    Марко во Цирих
    Марко во Цирих

    Бидејќи на прагот е летото Марко одлучи да ни препорача и една летна дестинација, а тоа е прекрасниот Санторини.

    -Како дестинација за одмор, јас би го препорачал островот Санторини во Грција. Островот мене ми се допаѓа бидејќи морето е многу убаво, а и самиот остров има богата историја, со сите вулкански ерупции што се случиле таму-ни одржува кратка лекција по историја Марко.

    Санторини
    Санторини

    Но, сепак има и засега неостварени соништа. Ако многумина сонуваат за Хаваи или Индија тој се одлучи за една поблиска дестинација-Австрија. Ни открива дека во септември ќе ја заокружи и Виена на листата на места кои ги посетил.

    -Многу би сакал да ја посетам Виена бидејќ и не е многу голем град, но сепак има многу историски места, музеи и галерии кои се преубави. Во Виена би било лесно да се добие инспирација за било каков проект, а и нејзината економија е многу стабилна-вели Чаласан.

    На читателите на Балкон3 им ја открива и својата желба да го посети најголемиот град во Турција.

    Истанбул
    Истанбул

    -Би сакал да го посетам Истанбул. Истанбул е град кој што држи многу важна позиција во регионот заради неговата географија, има многу уникатни места кои што треба да се посетат и има многу уникатна архитектура. Овие беа местата кои што највеќе ми се допаѓале и тие кои што највеќе би сакал да ги посетам-ја завршува Марко својата листа со омилени дестинации.

    На Марко му посакуваме да покори уште многу компјутерски височини, а Вам ви посакуваме да уживате во дестинациите кои тој ги препорача да ги посетите.

    (А.М.)

  • Селдо од Македонија лизга кон врвот

    Малиот Селдо од Македонија продолжува да ниже големи спортски успеси на мразот во Италија. Осумгодишниот Селдин Салиу, кој потекнува од македонското село Требиште, го освои третото место во уметничко лизгање на големиот Куп на Италија кој се одржа кон крајот на март.

    seldo-medali

    Селдо со своите родители и малото братче Лиман живее во гратчето Фелтре во Италија. Досега во оваа земја, каде и научил да лизга, има освоено многу награди, но третото место на Купот на Италија е многу значаен успех за него, ако се земе предвид дека станува збор за натпреварување на национално ниво. Осумгодишното момче е скромно иако досега многупати се искачилo на подиумот и освоилo голем број признанија.

    Третото место го освои со извонредниот настап и со одличната кореографија, а интересно е што за својот настап ја одбра музиката од филмот „Враќање во иднината“. Целото семесјтво е пресреќно што Селдо успeа да се искачи на пиедесталот. Ако се земе во предвид дека другите две момчиња кои ги освоија првото и второто место се повозрасни од Селдо тогаш неговиот успех е уште позначаен.

    – Многу сме задоволни од овој успех на државно ниво. Што ќе се случи понатаму оставаме да покаже времето, а се разбира да одлучи и самиот Селдо. Го поддржуваме во неговите одлуки, а во исто време сакаме да си го помине детството како и секое друго дете на негова возраст, велат неговите родители.

    Селдо на победничкиот пиедестал
    Селдо на победничкиот пиедестал

    Балкон3 неодамна ја објави приказната за малиот шампион од селото Требиште. Текстот за  Селдо предизвика огромно внимание и беше пренесен од неколку медиуми во Македонија и во Италија.

    Настапот за кој Селдин Салиу го освои третото место можете да го погледнете на следниот линк: https://www.facebook.com/photo.php?v=10200432488088863&set=vb.1656160187&type=2&theater.