Author: Aleksandar Manasiev

  • Лондон го слави спортот, но и добрата забава

    За Лондон, главниот град на Обединетото Кралство, велат дека никогаш нема да ви здосади, дури ни тогаш кога ќе ви здосади и животот. Ова посебно важи деновиве кога градот е метропола на светските спортски случувања. Триесеттите по ред Олимписки игри започнаа во градот кој досега бил домаќин на три Олимпијади, во 1908, 1948 и сега во 2012 година.

    Спортисти, нивните тренери, но и милиони туристи деновиве пристигнуваат во Лондон. За спортистите ова е шанса да ги освојат спортските височини, за туристите шанса за добар помин и можеби средба со нивните идоли. Градот живее 24 часа на ден. Има секојдневни спортски натпреварувања, но и разни изложби, перформанси и концерти на отворено. Оние кои немаат билет за некое од натпреварувањата, секако дека не се досадуваат. Секогаш има што да се прави на улиците на Лондон, а убавото време и сонцето дополнително ја разубавуваат атмосферата.
    Неизбежно е фотографирање пред Олимпиското село, специјално изградено во до пред некое време зафрлениот источен дел на Лондон, Стратфорд. Секако тука е и фотографирањето пред Лондон Бриџ со поглед на олимписките кругови, како официјален и бесплатен сувенир од игрите.
    Ако сте љубител на спортот, во наредните три недели во Лондон се очекува соборување на светски рекорди и достигнување на врвот на олимписката слава. За другите пак, кои сакаатв само добра забава, а спортот им е само изговор да дојдат во градот, Лондон има што да понуди – од спектакуларни концерти на Хајд Парк, крстарење по возбудливата Темза, па се до ноќното лудило во Сохо.

    Специјално за Балкон3 од Лондон

  • Охридско езеро има свој двојник во вселената

    Едно од многуте езера на Титан – најголемиот природен сателит на планетата Сатурн од 2010 година е наречено Охридско Езеро. Поблиску пак до Земјата е планетата Марс, каде еден од кратерите е наречен Ресен, по малиот но, убав град на југозападниот дел од Македонија.

    Охридското Езеро, една од најатрактивните туристички дестинации во Македонија, е оддалечено само околу два часа возење со автомобил од Скопје, околу осум часа од Атина и над 11 часа од Истанбул. Малкумина знаат дека езеро со исто име како едно од најстарите и најдлабоки езера во Европа има и на Титан, најголемиот природен сателит на планетата Сатурн.

    Во 2010 година, на предлог на македонскиот „Планетариум“,  Меѓународната астрономска унија и НАСА решија едно од езерата на сателитот Титан да биде именувано Охридско Езеро. Ова езеро е сосема различно од она во Охрид, и е смешно да се помисли дека таму би можело да се организира познатиот Охридски пливачки маратон, кој секоја година се одржува во водите на Охридското Езеро. Иако езерото на Титан е далеку од нашите очи, сепак охриѓани кои се надалеку познати по љубовта кон своето езеро не сакаат двојникот да стане попознат од „оригиналот“. Не оставаат ништо на случајноста, па веќе почнаа со анти реклами за езерото на Титан и на шега велат дека нивното езеро е далеку потопло и препорачуваат туристите да не размислуваат да одат до Сатурн туку да дојдат поблиску, во Охрид. Како нивни адути засега во ракав ги имаат надалеку прочуените охридски бисери, охридската пастрмка, убавините на планината Галичица и бистрината на изворите на реката Дрим.

    Тука се и стотиците средновековни цркви, праисторискиот град на вода „Заливот на коските“, а ако тоа не е доволно туристите може да ги посетат Античкиот амфитеатар, Светиклиментовиот универзитет на Плаошник и Самуиловата тврдина. Токму поради овие адути Охриѓани засега не се плашат дека туристите лесно ќе им побегнат на другото езеро, бидејќи како што велат на шега „кајчињата уште долго време нема да ги заменат со вселенски бродови“.

    Кого сме кај вселенските бродови сигурно се прашувате колку време би ви било потребно да стигнете до езерото на Титан? На вештачкиот сателит Касини-Хигенс кој беше лансиран во 1997 година му беа потребни „само“ околу шест години да стигне до планетата Сатурн.

    Е сега, кога би било возможно патување со брзина на светлината тогаш, во зависност од моменталната оддалеченост на Сатурн во споредба со Сонцето, за повеќе од час и половина ќе можете да го видите двојникот на Охридското Езеро на сателитот Титан.

    КУМОВИ НА ВСЕЛЕНСКИ ОБЈЕКТИ

    Патувањето со брзина на светлината засега е само сон, но соништата често се остваруваат како што покажува и примерот со физичарот и астроном Ѓоре Ценев, долгогодишен раководител на Планетариумот во Скопје, кумот кој му го даде името на езерото на Титан. Тој вели дека засега е единствениот од Македонија кој доставил соодветна листа со имиња на одделни кратери, езера, реки, градови и планини за повеќе тела во Сончевиот планетарен систем, а кои се препознатливи за македонскиот народ и нашата држава. Ценев објаснува како се именуваат телата во Сончевиот систем.

    – Со развојот на технологијата и истражувањата на планетите, сателитите и другите тела во нашиот Сончев систем, се добија голем број информации за сите карактеристики и димензии на телата, но особено се добија голем број фотографии од нивната површина. Како и во случајот со нашата планета, пред Меѓународната астрономска унија се наметна потребата за изработка на соодветна номенклатура на релјефните карактеристики на површината на секое од наведените тела. За таа цел е формирана посебна работна група наречена Working Group for Planetary System Nomenclature (WGPSN) која има за цел да ги определи критериумите и да ги предложи имињата на кратерите, планините, долините и тоа за секое тело во Сончевиот планетарен систем, вели Ценев.

    ЕЗЕРО ОД ТЕЧНИ ГАСОВИ

    – Во принцип секој може да предложи име во согласност со наведените критериуми, но сепак Работната група има дискреционо право да го прифати или да не го прифати предлогот. При тоа се цени компетентноста на предлагачот, предложената аргументација и бројот на веќе прифатените предлози. Колку што знам јас сум првиот кој доставил таква листа со предлози од Македонија. На мое задоволство речиси веднаш беше прифатен предлогот едно од езерата на сателитот Титан да го добие името Охридско Езеро. Веднаш потоа беше дадено и името Ресен на еден од кратерите на планетата Марс, вели Ценев.

    Кратер на планетата Марс

    Охридското Езеро на Титан има пречник од 17,3  километри. Бидејки на површината на Титан има многу ниски температури езерата се составени од течни јагленоводороди како на пример етан, метан, итн. Во овие езера астрономите претпоставуваат дека можеби има живот. И додека тоа не се потврди, Охридското Езеро во Охрид останува единствено кое е поблиску за туристите, но не само поради далечината, туку и поради својата убавина.

  • Слободно летање над урбаната џунгла

    Човекот отсекогаш сонува да лета и да ја победи гравитацијата како што тоа го сторил митскиот летач Икар. Летањето ја симболизира слободата по која секој човек тежнее. Токму затоа секому му се случило, барем на сон, да се вивне во воздух и за миг да ја почувствува слободата на летањето. Но, ако за многумина тоа е само сон за момчињата од македонскиот паркур тим „Try2Fly” летањето е нивно секојдневие. Тие прелетуваат преку огради, скокаат на згради, на кровови, прават салта во воздух од кои може да ви застане здивот, а на дрвја полесно се искачуваат од мачки.

    Драган (15), Даниел (17) и Андреа (15) се меѓу првите македонски државјани кои ја практикуваат вештината наречена паркур. Со нив разговаравме што е тоа паркур и зошто се одлучиле за оваа вештина.

    – Кон крајот на 80-те и почетокот на 90-те во Франција почнува да се развива оваа вештина од страна на Давид Беле. Во почетокот паркурот го изучувале пред се војската, а и пожарникарите бидејки им бил корисен во нивната работа. Паркур е вештина на движењето која се користи за побрзо и поефикасно преминување на пречките што ви стојат на патот, од точка А до точка Б, притоа употребувајки го само своето тело и својот ум. Во денешно време повеќе е застапено таканареченото слободно трчање, во кое се практикуваат салтата, за разлика од паркурот каде што ако направиш салто само се успоруваш себеси, а тоа не е самата цел на овој спорт, вели Драган Стојковиќ.

    ФИЛМОВИТЕ КАКО ИНСПИРАЦИЈА

    Овие момчиња првпат за вештината паркур разбрале преку филмовите ”Yamakashi” и ”B-13”’. Напоредно со ова тие одат и на училиште и не забораваат на своите обврски, но сепак скоро секој ден му се радуваат на слободното летање над урбаната џунгла.

    – За време на школска година имаме тренинзи 2-3 пати неделно, а за време на распустот одржуваме тренинзи скоро секој ден. Во зимскиот период претежно сме во сала, додека на лето повеќето пати сме надвор. Тренинзите отприлика ни траат 2 до 3 часа,освен ако некој не не избрка од местото и ни го уништи целиот тренинг, раскажува Драган.

    Даниел Стојановски објаснува дека нивните родители се загрижени за нивната безбедност, но дека сепак им веруваат.

    – Нормално дека родителите се грижат и се секираат да не дојде до некоја посериозна повреда, но сепак не поддржуваат во тоа што го правиме. При секое излегување кога одам да вежбам ме предупредуваат да бидам внимателен и да не пробувам нешто ако не сум сигурен, објаснува Даниел.

    СО ПАРКУР ПОДАЛЕКУ ОД АЛКОХОЛОТ

    Паркурот се практикува во голем број држави, но сепак малкумина се осмелуваат да ја победат гравитацијата како што го прават тоа овие момчиња.

    – Во соседните земји е поактуелен отколку кај нас, но постепено заинтересираноста се зголемува и овде во Македонија. Кога одиме надвор од државата гледаме да вежбаме со други групи и потоа се трудиме да останеме во контакт за понатаму да вежбаме заедно и слично. Исто така многу често овде во Македонија вежбаме со останатите тимови и сме во многу добри односи, ни вели Даниел.

    За крај Андреа ни објаснува зошто е добро младите во една земја да се занимаваат со оваа вештина.

    – Вежбајќи паркур забораваш на сите проблеми околу тебе, адреналинот се покачува и чувството е бесценето, понастрана си од пороците (алкохол,цигари и др.), а запознаваш и нови пријатели. Исто така можеме да учествуваме на разни настани, филмови, ТВ шоу-а прикажувајки паркур, вели тој.

    Според него, со паркур подеднакво се развиваат телото и умот. На шега завршува и дека ова слободно летање им помага полесно да „фатат“ девојки. Овие тројца другари го остварија својот сон и пробаа да летаат. Со или без крилја, не е битно, слободата за нив веќе е освоена.

    Фото: Тоше Огњанов

  • Билетот на солидарноста буди надеж во Атина

    Солидарноста во грчката метропола Атина денес во време кога светската економска криза се усидри во оваа земја доби своја цена. Зрното надаж за будење на културата на солидарност чини само 1.40 евра. Случајно или не толку чини и билетот за метрото во главниот град на Грција. Сигурно се прашувате каква врска имаат билетот од метрото со солидарноста во една земја. За да го добиете одговорот на ова прашање треба да отидете во Атина.

    Токму тоа го сторив и јас. Во возот од Солун за Атина се запознав со студентот Танас кој на излегување ми рече дека ќе ми ја покаже метро станицата каде треба да слезам бидејќи и неговата дестинација е во близина. За возврат му купив билет за метрото, а тој не ја криеше насмевката поради гестот, но и пради фактот што како студент сега , во време на кризата, има далеку помалку пари.

    ОД РАКА НА РАКА

    Цената за билетот со кој може да се возите околу 90 минути можеби не е превисока за некој што престојува во градот на ден или два, но сумата не е мала за оние кои живеат таму. Посебно сега ,кога платите на граѓаните се значително смалени во споредба со последните три години, дури и билетот за метро може да се смета за товар.

    Токму затоа жителите на Атина, смислено или не, создадоа ефикасен систем како да му се спротивстават на системот. За ефинаскоста на тој систем се уверив самиот. Дента кога пристигнав во Атина повторно сакав да го искористам ефикасниот и добар јавен транспорт. Слегов долу на станицата Синтагма со намера да го истражувам градот. Во моментот кога сакав са купам билет забележав како кон мене се движи млада девојка држејќи парче хартија во раката. Се обиде да ми ја даде, но јас ја одминав без да ја земам мислејќи дека е некаков флаер за ресторан или бутик. Го забележав погледот на изненадување кај девојката. Неколку метри потоа ми се повтори истото, тинејџер ми го понуди својот билет и ми рече дека имам уште околу 50 минути возење. Овојпат го зедов. Со доза на сомнеж го ставив билетот во автоматот и без проблеми го прифати. Влегов во метрото и по три изминати станици слегов за да сменам линија. Тогаш го разбрав системот во кој искористените билети за метрото преминуваат од рака на рака и за 90 минути колку што им е важноста ги искористуваат најмалку тројца.

    И јас на крајот од околу десетминутното возење го понудив билетот на една постара жена. Бев пресреќен, не од тоа што заштедив 1.40 евра туку што бев дел од синџирот на солидарност што беше цврсто обвиткан околу градот. За кратко време ја научив шемата и со задоволство ја применував.

    ЗГОЛЕМЕНАТА ЦЕНА ЈА РАЗБУДИ СОЛИДАРНОСТА

    Новинарката Сања Ристовска која работи во Атина ми објаснува како се започнало и како и таа станала дел од синџирот на солидарност.

    – На грците им пречеше зголемувањето на цената на билетите за јавниот превоз. Цената претходно беше едно евро за час и половина, но цената се покачи на 1.40 евра за возење од 90 минути или 1.20 евра за едно возење. Токму затоа се појави и солидарноста, објаснува Ристовска.

    И таа исто како и јас на почетокот била скептична, но за кратко време започнала да ја игра играта.

    – Интересно е кога влегуваш во метро и застануваш пред автоматот да извадиш билет. Тогаш ти приоѓа непознат човек и ти вели  „повели девојче се уште е валиден и имаш уште 40 минути возење. На почетокот ми беше чудно, но подоцна почнав и јас да го практкувам тоа.

    Еднаш ми се случи да го понудам билетот на едно девојче, а веднаш зад неа еден господин низ насмевка ми кажа, ах како не дојдов порано, вели новинарката од Атина.

    Инаку, економската криза во Грција создаде и граѓански организации кои ја поттикнаа непослушноста на граѓаните во поглед на плаќањето на јавните давачки. Најпознат е примерот со патарините.

    КРЕНАТИ РАМПИ НА ПАТАРИНИТЕ

    На патиштата низ Грција неретко може да се забележат граѓани како ја држат крената рампата од патарината со цел возачите да поминат без да платат. Се почнало во мал град северно од Атина кога локалните жители гневни што треба да плаќаат патарина за 500 метри автопат кренале табла на која пишувало „Не плаќаме“.

    За неколку месеци нешто што се сметало за инцидент прерасна во национално движење. Но за разлика од размената на билети ова се смета за поттикнување на граѓанската непослушност и за избегнување на плаќање на јавните давачки. Токму затоа билетот од 1.40 евра е тоа што влева трошка надеж во Грција. Размената и искористувањето на билетот не е непослушност туку напротив покажување солидарност, а воедно и ефикасно штедење и искористување на системот на јавен транспорт. Критикувани дека трошат премногу Грците со тоа покажуваат дека работите во иднина може да се променат.  Ако едно парче хартија кое преминува од еден на друг човек може да ја поттикне солидарноста и да ги држи граѓаните заедно тогаш синџирот кој се создава меѓу нив лесно ќе издржи секаква криза.