Author: Aleksandar Manasiev

  • Фотографии кои ја „заробуваат“ душата на Турција

    Случаен фотограф или уметник кој само чекал шанса да се разбуди од длабокиот сон?

    Турчинот Нејдет Дузен не сонувал отсекогаш да биде фотограф и можеби немало воопшто и да се занимава со фотографија ако не бил неговиот син. Дури ниту во 2006 година кога синот му подарил фотоапарат тој не помислил дека неколку години подоцна неговите фотографии ќе го обиколат светот. На социјалните мрежи денес неретко може да се видат неговите дела на кои многумина им се воодушевуваат и ги споделуваат.

    Но, тоа не е случајно. Тој е вистински ловец кој ја „заробува“ убавината на градовите и селата во Турција. Со својот фотоапарат постојано е излезен во потрага по нов „плен“, а ќе се согласиме дека во земјата од која доаѓа има премногу убавина која чека да биде овековечена.

    Храмот на Аполон, Анталија
    Храмот на Аполон, Анталија

    Фотографиите на Дузен се како егзотична храна која ќе ви ги возбуди сетилата и нема да ве остави рамнодушни. Играта со боите и светлината се негова пасија. Вљубеник е во водата, пред се во малите чамци кои осамено пловат по површината на водата. Но, водата или илузијата за вода може да се види на голем број од неговите фотографии, па дури и на оние кои се направени на плоштадите во градовите во Турција.

    Плоштад во Измир
    Плоштад во Измир

    Причината за тоа е што Дузен е вљубен и ја користи таканаречената HDR техника на фотографирање и на обработка на сликите. HDR е кратенка од „High dynamic range imaging“ или во превод „голем променлив опсег на сликање“.

    За Балкон3 Дузен открива кои му се омилените места во Турција за фотографирање, раскажува како оваа уметност го променила како личност, како и за неговата желба да ја посети Македонија.

    – Почнав да се занимавам со фотографија откако синот во 2006 година ми подари дигитален апарат. Од тогаш почнав да ја развивам мојата умешност фотографирајќи претежно пејзажи и историски локации. Откако го открив веб сервисот и онлајн заедница „Фликр“ се запознав со голем број фотографи од целиот свет кои сега ми се пријатели, вели Дузен за Балкон3.

    Нејдет Дузен
    Нејдет Дузен

    На „Фликр“ всушност и првпат чул за техниката HDR која сега е негова опсесија, бидејќи преку неа тој си игра со светлината и со боите.

    Вели дека моментот на фотографирање честопати е спонтан, но за да се стигне до тој момент потребно е големо трпение. Токму тука е сличноста со ловците, но пленот кој тој го уловува со фотоапаратот продолжува да живее и да ги восхитува луѓето дури и откако неговото „оружје“ ќе направи „клик“. Не крие дека едно од омилените места каде минува долго време со фотоапаратот е Ефес, кој бил всушност и еден од најголемите градови во Римската Империја.

    – Местото е премногу близу до мојот дом во Измир и има прекрасна архитектура од Римско време која обожувам да ја фотографирам, вели тој.

    Ефес
    Ефес

    Историските места му се омилени, а на неговите фотографии неретко може да се видат Сината Џамија и Аја Софија во Истанбул. Денот кога започнал да се занимава со фотографија бил почетокот на крајот на животот што претходно го живеел.

    – Фотографијата целосно ме промени како личност. Преку неа научив како да го гледам светот. Сега можам да забележам и најситни детаљи. Без фотографијата потешко би ги забележале и страдањата во светот, со неа се забележува и гладувањето на децата во некои земји, злоупотребите кои некои луѓе ги трпат и слично, објаснува фотографот и додава дека без фотографијата би биле позатворени како личности.

    Измир
    Измир

    Покрај Турција, каде најчесто фотографира, Дузен бил и во соседна Грција. Го сака Балканот и културата на народите кои живеат на овој полуостров.

    – Македонија, Грција и Турција делат заедничка историја. Токму затоа имаат слична култура и слични навики на живеење. Верувам дека луѓето на овие простори се сакаат меѓусебно, вели тој со доза на задоволство.

    Тоа го забележал и при посетата на Грција, поточно на островот Лезбос.

    – Уметностите како што е фотографијата ги зближуваат луѓето, го завршува Дузен интервјуто за Балкон3, велејќи дека би сакал наскоро да ја посети и Македонија.

    Ајвалик
    Ајвалик

    Дотогаш како подарок ни ги остави неговите пет омилени фотографии од храмот на Аполон во Анталија, од магичното место Ајвалик, од библиотеката во Ефес и секако две фотографии од родниот Измир.

    (А.М.)

  • Балкон3 на Бит-пазар во Берлин

    Рачно изработен мебел, чудна колекција на кукли, стар накит, антиквитети, гас-маски, облека од Источна, но и од Западна Германија, свежо приготвена храна и уште илјадници нешта за кои воопшто и не сте помислиле дека може да ги најдете на некој пазар, Балкон3 ги пронајде на бит-пазарот во Берлин, Германија.

    Зимата пополека си заминуваше , но студот се уште го обвиткуваше Берлин со сета своја жестина. Така не дочека овој најголем град во Германија каде секогаш има што да се прави. Ако случајно го посетите градот во недела, Балкон3 ви го препорачува бит-пазарот на Мауерпарк отворен во 2004 година. Можеби не сте знаеле, но зборот бит-пазар е турска кованица изведена од зборовите „bit” што значи болва и „pazar” што значи пазар или во буквален превод болвин-пазар.

    На пазарот во Мауерпарк во Берлин (парк покрај ѕидот) нема да најдете болви, но ќе најдете се останато што можеби некогаш ќе ви притреба, но и стотици нешта за кои нема да знаете ниту каква им е намената. Бит-пазарот за кратко време прерасна во една од најзначајните атракции на отворено за време на викендот во Берлин. Во недела илјадници жители на градот, а уште повеќе туристи се упатуваат на улицата Бернауер број 63. Не можете да го промашите пазарот бидејќи сите штом слезат од метрото се упатуваат во тој правец, а ја следат вревата и миризбата, најчесто на купус.

    Иако улицата Бернауер не е многу жива во недела тогаш не очајувајте бидејќи на бит-пазарот буквално е преполно со луѓе. Дента не дочека врнежливо утро, но тоа не беше пречка пазарот да биде преполн со посетители, подеднакно домашни, но и туристи. Првите ќе ги препознаете по фактот што таму одат навистина да се „подноват“ со некој антиквитет или пак да купат користен телевизор, апарат за домаќинство и слично, а вторите ќе ги препознаете по тоа што постојано ја фотографираат секоја тезга, притоа купувањето го оставаат како споредна работа.

    Уште на влезот ќе ве дочекаат разновидни мириси и мешавина на бои од тезгите на кои се продава се и сешто, без некој посебен ред. Не може со сигурност да се каже дали повеќе има облека, користени предмети или пак некоја рачна изработка или друга уметност која се прави пред вашите очи. Има изработувачи на накит, некои плетат облека, некои готват, а некои пак цртаат на отворено. Посебно интересни беа капите изработени од вреќи за кафе чија цена беше од 19 евра па нагоре.

    На пазарот се добредојдени и сиромашните и богатите, всушност тука не се прави никаква разлика бидејќи сите заедно се измешани во масата па секој може да си одбере нешто според тоа колку му е „длабок“ џебот. Сепак, за цената дури можете и да се ценкате. На пример може да се купи капут, скоро нов, кој го користеле војниците од Источна Германија за околу 15 евра или пак раритетни фотоапарати на кои цената им е од неколку десетици евра, па нагоре. Некои производи може да ве изненадат, како на пример колекцијата лего коцки кои Германец ги собирал како дете, но сега одлучил да ги продаде.

    Голем интерес привлекуваше и колекционерот на пивски чаши, кои ги имаше во разни форми, големини и бои.

    Млад брачен пар пред нашите љубопитни очи купи старо парче мебел кое го качија на велосипед и задоволни си заминаа. Тешко дека можеме да понесеме назад во Скопје некој раритетен мебел од Источен Берлин, па затоа се одлучивме за нешто помало, како рачно изработен накит. На повеќе од десет тезги се нудеше разновиден накит, но една од нив посебно се издвојуваше со накит од 60-тите и 70-тите, па купивме обетки за подарок како сувенир од прекрасниот бит-пазар во Берлин.

    Пазарите се одлично место да дознаете за културата на една земја, на мало место да видите уметност која се создава пред вашите очи, да ја пробате локалната храна, да запознаете авангардни луѓе, да го видите минатото, но и да ја почувствувате сегашноста. На пазарот во Мауерпарк можете да го почувствувате токму тоа, убавината на Берлин – некогаш и сега.

    (А.М.)

  • Чешки велеслалом низ Македонија

    Што може да предизвика двајца млади авантуристи од Чешка да ги спакуваат куферите и за само неколку дена да испланираат патување низ Македонија? Одговорот е едноставен – снег, снег, снег… Ондреј и Кети се двајца ентузијасти во фрирајд скијање кои во текот на зимскиот период минуваат часови гледајќи ја временската прогноза на интернет порталите. Ако забележат дека некаде на мапата на Европа има свежо паднат снег, не се двоумат да ја организираат набрзина својата нова авантура. Неодамна на листата земји кои ги посетиле ја додадоа и Македонија.

    Ондреј ја има опишано целата негова авантура на својот блог, а згодите и незгодите се документирани со богата фотогалерија и со интересно и возбудливо видео.

    Накратко, за Балкон 3, Ондреј ја раскажа нивната авантура.

    – Испланиравме да посетиме три ски-центри во Македонија: Попова Шапка, Пелистер и Кожуф. За патешествието од 3.500 километри го одбравме „голфот“ на Кети наместо „транспортерот“ со кој вообичаено патувам, ни вели Ондреј со чувство на каење.

    Дури кога на ГПС уредот напишал Тетово дознал каде точно се наоѓа Македонија на европската мапа.

    – Патувавме низ Словачка, Унгарија, Србија и Македонија, а 90 отсто од патот требаше да биде автопат така што си рековме дека се ќе биде добро, продолжува тој.

    На влезот во Македонија пријатно се изненадил кога видел нови автомобили, убави згради и чиста околина. Но, сликата се променила во Тетово каде, според неговите зборови, забележале голема нечистотија. Набргу ја оставиле оваа слика и продолжиле кон првата скијачка дестинација – Попова Шапка.

    – Беше три попладне, а лифтовите не работеа па заминавме до најблиската колиба. Забележавме дека е некаков тренинг центар на Армијата. Еден од инструкторите знаеше англиски и ни помогна да го најдеме нашиот домаќин Душко кој ни понуди сместување, вели авантуристот од Чешка.

    Имале пријатно искуство со локалниот водич Душко кој покрај сместувањето им ги понудил и своите готвачки способности. Кога Ондреј разбрал дека токму Душко го возел тимот Teton Gravity (продукциска куќа за екстермни спортови од САД) додека го снимале ски-филмот One for the Road имале за што да зборуваат во текот на следните два дена.

    – Душко ни објасни дека многу Норвежани кои сакаат фрирајд скијање ја посетуваат Шапка. Дознавме дека сме во рајот за ваков екстремен спорт и дека сме на правото место во вистинско време, продолжува Ондреј.

    Ондреј и Кети со Душко
    Ондреј и Кети со Душко

    Во замена за вкусната вечера што им ја зготвил, тие му понудиле чешко пиво. По две ноќи минати и кратка скијачка авантура продолжиле кон Пелистер. Преспале една ноќ во „голфот“, а Ондреј повторно се потсетил на удобноста на своето возило кое, за жал, не го зел на ова патување. Повеќе пешачеле отколку што скијале на Пелистер, но и таму имале своевидно фрирајд искуство, пред да продолжат кон Кожуф, каде Ондреј повторно се покајал што не го зел своето возило.

    РЕК Битола во снежен амбиент
    РЕК Битола во снежен амбиент

    Бил пресреќен кога разбрал дека паднал свеж снег на Кожуф, но како што проверил на интернет, не можел да се качи до горе поради временските прилики. Разочарани на ГПС уредот напишале Прага. На излегување од земјава си посакале повторно да се вратат, следниот пат опремени со подобро возило и со поголемо искуство. Чешкиот велеслалом низ Македонија можете да го погледнете низ фотографиите на Ондреј како и низ видеото кое со задоволство го сподели со нас. (А.М.)

    Повеќе за авантурите на Ондреј Пекарек можете да најдете на следниот линк: http://vimeo.com/42155272.

  • Малиот Селдо од Македонија, голем шампион на мразот во Италија

    Дузина деца се насобрале околу дебелиот мраз кој се зафатил на патека во селото Требиште во општината Маврово-Ростуше на границата меѓу Македонија и Албанија. Во селото е весело. Децата се лизгаат на мразот користејќи ги само своите обувки како лизгалки. Се смеат на сет глас кога некој невешто ќе се лизне и ќе падне на мразот. Меѓу нив има почетници, но има и самонаречени експерти за лизгање по замрзнати патеки. Дел од нив сонуваат како би било кога би биле професионални лизгачи, да имаат лизгалки на нозете и да скокаат по мразот.

    Далеку од ова село кое се наоѓа на Балканскиот Полуостров, од другата страна на Јадранското Море, на Апенинскиот Полуостров живее малиот Селдин. Тој има осум години. Она што го поврзува со малото село Требиште во Македонија се неговите родители Алисан и Сумеја Салиу. Тие се по потекло од ова село, а Селдин кога имал само шест месеци заедно со нив се преселиле во италијанското гратче Фелтре, на северот од Италија каде пред три години се родил и неговиот брат Лиман.

       

    За разлика од своите врсници во селото Требиште, кои се лизгаат по мразот само за забава, младиот Селдин Салиу лизга како вистински професионалец. Неговото лизгање е повеќе од забава, тоа е уметност. Селдин, или како што го викаат другарите Селдо, досега освоил неколку награди во натпреварувањата во уметничко лизгање во Италија. Тој можеби е единственото дете со потекло од Македонија кое професионално се натпреварува во уметничко лизгање.

    Неговите родители се горди што тој е виртуоз на лизгалиштата во Италија. Се сеќаваат на неговите скромни почетоци.

    -Започна кога имаше пет и пол годинки со учество на еден мал курс организиран од страна на градинката и актуелната спортска екипа во уметничко лизгање. Веднаш го засака овој спорт и од тогаш не престана да лизга-вели неговиот татко Алисан. Објаснува дека уметничкото лизгање е спорт кој е најмногу застапен во северна Италија, но на шега вели дека повеќе го сакаат девојчињата отколку момчињата. Селдин е еден од ретките.Малиот Селдо за Балкон3 ги откри своите амбиции и соништа. .

    -Мојот сон е еден ден да станам светски шампион. Секој ден нестрпливо чекам да си дојдам од училиште и да одам на тренинг каде што секојдневно учам некој нов скок-вели осумгодишното момче.

    Во Македонија, освен блиските роднини и пријателите, безмалку никој не знае дека Селдо е вистински шампион. Неколкупати се качил на шампионскиот пиедестал освојувајќи прво место на натпреварувањата, но најграда му е една неодамнешна победа.

    -Посебно драг ми е последниот натпревар во местото Клаут во близина на Венеција. . Успеав да го надминам мојот ривал кој го чуваше првото место подолго време и наместо него јас се качив на највисокиот подиум-вели Селдо.

      

    Непознат за македонските меидуми, тој во Италија досега неколкупати се нашол на страниците во локалните весници.

    Дека е вистински талент потврдува и Илариа Давере, некогашен национален шампион на Италија, а сега актуелен тренер во уметничко лизгање. „Селдин е  дете со голем интерес за овој спорт. Секојдневно вложува голем труд, а тоа го потврдуваат и неговите добри резултати. Се надевам дека ќе продолжи со овој ритам, упорност и посветеност со цел да влезе во националната екипа на Италија и да се напреварува на највисоки нивоа во целиот свет“, со гордост ни вели шампионката.Со поените кои ги постигнал сезонава се квалификува за Купот на Италија, закажан за крајот на март годинава, а каде се натпреваруваат оние со најдобри резултати. И додека другите му предвидуваат светла иднина Селдин секојдневно докажува дека е вистински шампион на мразот и дека лизгалиштето е негов втор дом. Со неговите лизгалки тој на мразот веќе ги исцртува своите соништа.

    (А.М.)

  • Азилантски танц преку оградата

    Азилантски танц преку оградата

    Кога денеска ќе го чуеме зборот азиланти, веднаш си помислуваме на илјадниците граѓани од Балканот  кои ги преплавија западноевропските земји барајќи излез од тешката економска криза. Таму ги нарекоа економски емигранти и без воопшто и да размислат дали да им дадат азил ги вратија дома.

    Но, меѓу нив, меѓу лажните баратели на азил ги има и оние чии судбини се губат и се испреплетуваат со тие на економските емигранти. Меѓу нив има азиланти кои немаат своја држава, апатриди, или такви кои поради политичките размислувања и ставови се загрозени и бегаат од својата поранешна татковина и се обидуваат да најдат засолниште во земјата во која заминуваат. Многумина водат тежок живот чекајќи од бројка во некоја фиока да станат име и презиме, да станат човек со своја приказна.

    Овие луѓе некогаш засолниште наоѓаат на чудни места. Таков е и случајот на неколкутемина бегалци и баратели на азил од Чеченија, Грузија, Курдистан и Бурма кои судбината ги довела во театарот „Арка“ во Прага, Чешка. Тие работат како дел од бендот „Бегалци суперѕвезди“ во кој членуваат професионални актери, но и баратели на азил и бегалци. Тие се доказ дека една неформална група актери и бегалци кои се запознале во бегалските кампови, може да стане проект што ќе предизвика сериозно внимание низ цела Европа.

    Во „Арка“ се прикажува нивниот проект „Танц преку оградата“ кој е вистинско ремек-дело на современата театарска уметност. Овој несекојдневен проект ги крши табуата за луѓето без своја татковина.

    http://www.youtube.com/watch?feature=player_detailpage&v=oWXmcqOwEl4#t=19s

    „Танц преку оградата“ е мозаик од пет приказни во кој е раскажана тажната, но понекогаш и комична судбина на азилантите. Приказните претставуваат интимен разговор меѓу азилантите и професионалните актери кои преку нив на публиката и ја раскажуваат нивната судбина. На пет локации во театарот „Арка“ истовремено се одвиваат неколку приказни. Секој дел трае по 15-ина минути, а може да се гледаат без посебен редослед. Има и кратки паузи од две-три минути придружени со перформанс од бендот „Бегалци супер ѕвезди“. Целата слика за овој несекојдневен проект се добива дури по гледањето на сите делови.

    Приказна која можеби најмногу ќе ве трогне е онаа на бегалецот Гугар, по потекло Ерменец кој живеел во Грузија. Гугар е музичар и фризер. Отсекогаш сонувал да има свој фризерски салон.

    – Јас сум музичар и не можам да живеам без музиката. Во мојот фризерски салон јас ќе имам мало пијано. Додека моите клиенти го пијат кафето ќе им свирам на пијаното, а потоа ќе им ја направам посакуваната фризура. Кратењето коса е исто како и музиката, форма на уметност – вели Гугар.

    Поради тешкиот живот и ситуацијата во Грузија, морал да побегне од оваа земја. – Не сакам ни да се сетам на тие денови. Ми држеа вперен пиштол во челото, а јас крвавев. Потоа ме расекоа со нож, еве имам лузна тука – ја раскажува Гугар својата тажна приказна.

    Потоа заминал во Ерменија, но ниту таму не било подобро, па во 2002 година побегнал во Чешка. Не можел да им објасни на чешките власти што е по етничка припадност. Го прашувале дали е Грузиец, а тој на лош чешки јазик им повторувал, не, Ерменец од Грузија.

    Вели дека не можеле да го сфатат. Побарал дозвола за престој во Чешка, а за тоа време бил сместен во три различни бегалски кампови. Тежок живот, исполнет со исчекување што ќе одлучат чешките власти, дали ќе му дозволат статус на азилант.

    Додека ја слушаме приказната на Гугар, десетина метри подолу тече друга приказна, онаа раскажана од државната секретарка која ги работи документите на азилантите. Нејзиниот работен ден се состои од кревање десетина телефони, претежно за приватни работи. Бегло поминува преку имињата и фотографиите на азилантите. За неа тие се само бројки, само фајлови кои треба да се решат. Нивните судбини ништо не и значат. И додека секретарката во текот на работното време повеќе е загрижена за својот приватен живот отколку за животот на бегалците, тие, пак, ги бројат секундите, чекаат повик од неа, чекаат да им каже дека станале азиланти.

    Се враќаме на Гугар. Музичарот, чија страст е потстрижувањето и чувањето гулаби, го чека својот повик, исто така. Тој на гледачите им ја раскажува и својата опседнатост со гулабите. Во Грузија каде што живеел имал десетици гулаби од Чешка, кои, како што вели, се најдобрите во светот. Не може да ги заборави. Тие го чекаат во Ерменија каде што ги преместиле по бегството од Грузија.

    – Гулабите сега ги чува мојата свекрва. Мораше да им ги потсече крилјата бидејќи во спротивно тие ќе одлетаат дома во Грузија. Гулабите носачи секогаш се враќаат дома – раскажува Гугар.

    Ерменецот од Грузија сепак успеал некако да преживее во земјата која тешко може да ја нарече дом. Тој сега има жена и три деца, но како што вели, се уште сонува за сопствен дом и за своите гулаби. – Би сакал некогаш да ги донесам овде во Чешка, но ако тоа се случи ќе морам да им ги пресечам крилјата. Во спротивно тие ќе се вратат назад дома во Грузија.

    Но јас, јас никогаш нема да се вратам таму, јас не сакам да се вратам таму – ја завршува својата приказна Ерменецот Гугар.

    И додека театарската завеса полека се спушта, гледачите размислуваат што помислиле кога последен пат го чуле името азиланти. Што и да помислиле, нивната перцепција по оваа претстава комплетно се менува. Ако азилантите за нив биле луѓе без никаков идентитет, опортунисти без чувство за припадност, бројка, сега тие стануваат обични луѓе, луѓе со приказна, музичари, фризери, луѓе со срце кое лета онака како што летаат гулабите кон својата татковина.

  • Кожуф – Рај за екстремните скијачи од Грција и Македонија

    Сончево саботно утро кон крајот на јануари. Два тима, еден од Македонија, а вториот од Грција, набрзина ги пакуваат скиите, ги подготвуваат автомобилите и ги земаат камерите и фотоапаратите за да го овековечат секој миг од нивната авантура. Трката е кој ќе биде првиот што ќе направи трага на свежо паднатиот снег на планината Кожуф, прекрасната убавица која се протега на границата меѓу Македонија и Грција.

    Грчкиот тим наречен „Powder Hunters” го сочинуваат Елени, Лиана, Стратос, Петрос и Димитрис, а нивните браќа по екстремно скијање од Македонија се Данчо, Бојан, Борче, Ице и Владе. На сите им е заедничка лудата вљубеност кон екстремното скијање.

    И кај двата тима се е подготвено за тргнување. Патот до омилената планина за љубителите на таканареченото фрирајд скијање не е долг и во добро друштво може да биде забавен.

    Тимот кој тргнува од Скопје е оддалечен 210 километри од скијачкиот центар на Кожуф, а потребни му се час и половина за да стигне до скијачките патеки. Тимот од Грција е во предност, но сепак не толку голема. За околу 130 километри колку што е оддалечена планината од Солун на нив им се потребни околу десет минути помалку отколку на македонскиот тим, секако ако се земе предвид минувањето на границата. Но, сепак кој и да стигне прв планината е доволно голема за сите да уживаат во фрирајд скијањето и да почувствуваат дека биле први кои го „извалкале“ снегот.

    Фрирајд е слободно пуштање по снегот каде нема означени стази и каде секој сам ги истражува патеките, а снегот е длабок и носи секакви изненадувања, неретко опасни за скијачите. Овој начин на скијање е вистинска атракција за трагачите по адреналин. А токму такви се нашите десетмина авантуристи. Нивната потрага по возбуда ја скротиле токму на Кожуф. Планината е вистински рај за овие фрирајд фанатици.

    Димитрис ни вели дека Кожуф е таква планина која ги освојува срцата не само на оние кој ја виделе со свои очи туку и на оние кои виделе слика или видео од природните убавини. Тој за нашиот скијачки центар има само зборови за пофалба и го нарекува “магично место за фрирајд скијачите и за сноубордерите“. Грчкиот тим „Powder Hunters” на социјалните мрежи имаат постирано десетици видеа од Кожув, а на нив може да се почувствува дека тие се навистина зависници од оваа планина која ја посетуваат во последниве неколку години.

    За нашиот авантурист Данчо Ѓорѓијевски тоа воопшто не е чудно бидејќи Кожуф е модерен скијачки центар кој може да стане Сент Мориц на Балканот.

    -Непрегледните терени полни со свеж снег се посебно привлечни и претставуваат терен за меѓусебен натпревар кој ке биде првиот што со скиите ќе се „потпише“ на снегот. Скијачкиот центар нуди совршени услови за љубителите на фрирајд скијањето. Ако се додаде беспрекорната услуга на вработените и модерната опрема како и несекојдневите дрвени бунгалови ја прават секоја посета на Кожуф незаборавно искуство-вели Данчо и додава дека секој љубител на зимските спортови мора да го стави Кожуф на својата мапа.

    И ако нашите десетмина авантуристи брзаат кога треба да стигнат на Кожуф на заминување сликата е поинаква. Се одложува секој миг, бараат уште некоја минута или барем уште една секунда за да се поздрават со планината.

    До следното видување, односно скијање, уживајте во фото галеријата од ски-авантурата на падините на Кожуф.

    [nggallery id=4]

    Фото: Бојан Петковски

  • Србија два пати слави Нова година

    Во Србија на 1 јануари не пристигнува Новата година. Ако секаде во светот со големи фанфари на 31 декември се испраќа старата година и со насмевки, бакнежи и прегратки меѓу најблиските се дочекува новата, во Србија тоа како да не е случај. И во оваа земја вечерта на 31 декември, како и секаде во светот, сите гласно одборјуваат и извикуваат „10 ,9 ,8 ,7 ,6 ,5 ,4 ,3 , 2 ,1 , среќна Нова година!“.

    Но, сепак, дел од српските граѓани би кажале дека, 1 јануари е само формалност, колку да се биде дел од глобалните трендови кои се немилосрдни кон традицијата. А традицијата во Србија вели дека старата година не си заминува на 1 јануари. Многумина ги чуваат и старите календари по овој датум чекајќи да дојде 14 јануари кога ја слават таканаречената Српска нова година или пак како што е позната во Македонија-Стара нова година. За Србите токму на тој ден започнува првиот ден од годината, па деновиве забрзано се подготвуваат, купуваат намирници, ја штелуваат пиротехниката, ги „светнуваат“ домовите во очекување на гости.

    Всушност на 14 јануари многу православни народи ја дочекуваат Новата година. Ако по Грегоријанскиот календар дента е 14 јануари, според стариот Јулијански календар тогаш всушност е 1 јануари односно првиот ден од годината. На Балканот овој ден покрај во Србија се слави и во Македонија, во Црна Гора, а и во делови на БиХ и во Хрватска. Листата ја надополнуваат Русија, Белорусија, Украина, Молдавија, Грузија… Но, и покрај тоа, на Балканот најзагреани за Старата нова година се Србите. Плоштадите во градовите во оваа земја се уште се украсени со новогодишни светилки и елки, а дел од нив се подготвуваат за организираните дочеци кои се спектакуларни исто како и за 1 јануари.

    Бранимир од Белград објаснува дека станува збор за традиција која се почитува иако во Србија Новата година се слави како и секаде во светот.  „И Српската нова година се одбележува со прослави, концерти на плоштадите, но пред се станува збор за традиција и посебност односно нешто што е наше и специфично, би рекол интимно“, објаснува белграѓанецот.

    Тој вели дека и телевизиската програма е прилагодена и се слична како онаа на Нова година, но, сепак признава дека голем дел од емисиите се всушност реприза од 1 јануари. „За мене и за останатите Срби славењето на Српската нова година е одржување на традицијата и покажување на една особеност, специфичност. Всушност во ова време кога животот е забрзан, динамичен и во време кога постои глобална хистерија за празниците ние имаме нешто автентично кое го славиме во кругот на најблиските“, додава Бранимир и на шега вели дека на 14 јануари се пука повеќе од оружје, за разлика од 1 јануари кога главна е пиротехниката односно петардите.

    Со него се согласува и Ивана (31) од Пирот, секако не за пукањето од оружје, туку за фактот дека Српската нова година е интимна прослава, во кругот на семејството.  „Иако еуфоријата е поголема за „стандардниот“ дочек на 31 јануари сепак Србите масовно, по традиција, ја слават и Српската нова година која се чека вечерта на 13 јануари. Сепак, тоа е многу поскромна прослава, главно во домашна атмосфера, со пријателите и семејството. Има и голем број на понуди за дочек во клубовите, на плоштадите, по рестораните… Колку се држиме до оваа традиција говор и фактот што Владата на Србија за прв пат предложи годинава 14 јануари да биде неработен ден“, вели Ивана. Таа на шега вели дека и менито е исто како за Нова година па некои само го подгреваат прасето кое им останало на 1 јануари. Како и да е, Србите, но и сите оние кои два пати ја дочекуваат новата година имаат двојна можност за забава, но пред се за дружење со најсаканите. Подобро е два пати да се слави отколку еднаш.

    Среќна Стара нова година!

  • НАУЧНИКОТ ОД ДРУГА ПЛАНЕТА – БАЛКОН 3 ВО МУЗЕЈОТ НА НИКОЛА ТЕСЛА ВО БЕЛГРАД

    Милиони луѓе се преголеми за својот град, на илјадници им е претесно во државата во која живеат, а за стотици дури и границите на континентите лесно се прескокнуваат. Сепак, на прсти може да се избројат оние на кои целиот свет не им е доволен. Оние чии очи се вперени кон небото наместо кон земјата. За нив секоја држава е премала, секоја граница само замислена линија, а нивниот лимит не е небото бидејќи тоа што го замислуваат е далеку поголемо од она што го гледаат со своите очи. Името на овие малкумина барем еднаш во животот е изговорено од безмалку секој жител на планетава. Еден од тие луѓе е и Никола Тесла, можеби најбрилијантниот ум кој некогаш чекорел на планетата Земја. Ако ја знаете неговата големина тогаш ќе ви изгледа смешно кога ќе го видите малиот музеј на улицата Крунска во главниот град на Србија Белград.

    Влезот на музејот на улицата Крунска

    Гледајќи ја убавата, но скромна вила подигната во 30-тите години на 20-тиот век се прашувате како е возможно иновациите на Тесла да се сублимираат на толку мало место. Но сепак кога ќе ја отворите вратата од малиот музеј ќе ја видите големата слика од светот на научникот кој, меѓу другото , е главниот „виновник“ за  денешната наизменична струја која го напојува малиот лап-топ компјутер на кој е напишан овој текст.

     

    Додека се собира малата петчлена група која во следниот час ќе има тура низ музејот на Тесла набрзина погледнуваме во книгата на впечатоци. Стотици потписи од САД, Германија, Кина, воодушевувања од посетители кои доаѓаат од држави од Африка, Азија, Јужна Америка како и вообичаените кавги, главно од посетители од Балканот, за тоа од каде потекнува Тесла иако овој човек очигледно е поголем од која и да било граница.

    Водичот симулира како работи далечинскиот управувач на Тесла за придвижување на бродот

    Набргу водичот во музејот, небаре по прв пат ги изговара зборовите, со голем жар не воведува во магичниот, мистериозниот и помалку налудничав свет на овој брилијантен научник. За оние на кои физиката и механиката им се шпанско село следи кратко објаснување на некои клучни зборови како индукција, трансформатор, наизменична струја…

    Посетител испробува една од машините на Тесла

    Музејот е интерактивно патување во кое вие како посетител ќе имате можност да ги почувствувате буквално на своја кожа изумите на Тесла. Додека петмина држиме неонки со различна боја кои наеднаш се осветлуваат по активирањето на големиот Теслин калем во центарот на музејот сите, барем за миг, се почувствувавме како Лук Скајвокер од Војна на ѕвездите.

    Макета на првиот брод на далечинско управување

    Следно е искуството со големата макета на брод со далечинско управување кој Тесла, верувале или не, го презентирал во 1898 година, долго време пред телевизорите да ги добијат своите први далечински управувачи. Кустосот го покажува големиот далечински управувач кој е најмалку сто пати поголем од оние денешните, сепак тој и денес го придвижува бродот. Кога пред повеќе од 100 години Никола Тесла си поигрувал со својот брод многумина меѓу кои и новинарите влегле во водата за да видат дали тој скрил некаде кабли со кои го придвижувал бродот. Токму овој и сличните изуми предизвикале новинарите да го наречат магионичар или луд научник. Животот на брилијантниот научник бил исполнет со доживувања кои може да се видат и во филмот на Кристофер Нолан-Престиж, во кој легендарниот Дејвид Боуви го глуми Никола Тесла.

    Но, далеку од филмската „реалност“, животото на Тесла не бил лесен, живеел без голема желба за заработка, за признание или за светска слава. Така и починал, без „скршен денар“. За неговата смрт дознаваме кога влегуваме во темна просторија во музејот во која на средината благо осветлен стои објект во облик на топка. Токму кога мислевме дека од него ќе почнат да излегуваат светлосни зраци, водичот во музејот ни вели „Ова е најблиску што некогаш во животот ќе можете да бидете до Тесла, ова е неговата урна“.

    Си заминуваме од малиот музеј на улицата Крунска во Белград со чувство дека големината на Тесла допрва ќе се открива. Тој можеби бил луд научник за своето време, но секако дека бил пророк на сегашноста, а и визионер на она што допрва следува. Тој едноставно е научникот од друга планета.

  • Балкон 3 во потрага по чудовиштето од Лох Нес

    Детски сон кој се буди по секое прелистување на книгата „Сите мистерии на светот“ од Артур Кларк не донесе до едно од најмистериозните и најпознати езера во светот, езерото Лох Нес во близина на градот Инвернес во Шкотска. Балкон 3 одлучи да замине во навидум безнадежна, но возбудлива потрага по чудовиштето од Лох Нес или пак како што многумина сакаат нагалено да го наречат Неси.

    Можеби ќе бидеме едни од ретките кои ќе посведочат дека го виделе чудовиштето. Како ли изгледа, се прашувавме додека комбито не возеше од Глазгов кон Инвернес и додека слушавме за магичната историја на Шкотска. Ниските полиња пополека ги земенуваат високи планини од кои како од небо извира вода. Едно по едно се редат стотиците езера кои ја покриваат оваа земја. Ни се чини како да сме каменче кое потскокнува по површината на водата и така скокаме од едно кон друго езеро. Иако сите изгледаат прекрасно ниедно не не возбудува како помислата на Лох Нес.

    „Кој меѓу вас верува во чудовиштето од Лох Нес?“, со остар глас ја прекина тишината шармантниот туристички водич од Глазгов кој со децении е верен трагач, но признава дека ниту еднаш не го видел Неси. Додека ние што веруваме срамежливо креваме рака тој со гордост признава дека е верник иако досега многупати се разочарал.

    -Приказната за Неси започнува во шестиот век од новата ера кога група монаси со чамец пловеле по езерото кон Инвернес. Биле нападнати од чудовиште кое излегло од водата и подигнало еден од монасите високо над водата. Во тој момент друг монах со наредувачки глас извикал „пушти го човекот долу“ по што чудовиштето го послушало и исчезнало, ни вели водичот.

    Чудовиштето како потполно да изчезнало и не е видено стотици години се до почетокот на 20-тиот век кога се појавуваат првите фотографии, видеа, десетици сведочења…

    Езерото Нес наеднаш станува светска атракција, а желбата да го видат чудовиштето подеднакво гори како кај децата така и кај постарите. Додека се приближуваме кон нашата дестинација водичот не прашува нас, но како да се прашува и себеси:

    – Зошто свети луѓе би измислиле ваква приказна, ако тоа не е вистина, вели тој и додава дека што и да има во езерото мора да дошло од морето и подоцна се адаптирало во слатката езерска вода која е прилично длабока.

    Со гордост објаснува дека сите езера од Англија и Велс можат да се сместат во Лох Нес и сепак нема да го пополнат. Може да се стават сите луѓе на планетава во езерото и сепак ќе има место за уште, а дури и Ајфеловата кула едноставно би исчезнала во длабочините на Лох Нес.

    Наеднаш го здогледуваме езерото. Делува мрачно и помалку страшно со боја на шкотско виски. Наоколу има графити со ликот на Неси, а на сите изгледа пријателски расположено. Долу на голема платформа за набљудување има огромна фигура од чудовиштето. Десетина деца се качуваат на неа во желба да бидат фотографирани.

    Сепак ние, незаинтересирани за неподвижната копија на Неси, гледаме во хоризонтот во потрага по она вистинското, по нешто што се движи по езерото. На сите клупи и места за седење има по некој кој или ужива во мирот на езерската вода или пак со погледот бара нешто што го нарушува тој мир. Наеднаш сите покажуваат со прст кон објект што се гледа во далечината. Дефинитивно нешто се движи и оди директно кон нас. Возбудата расте кај туристите. Некој потскокнува од возбуда, а други пак се во потрага по двогледот за да можат први да видат дали тоа е навистина Неси. Чудното суштество се приближува и конечно може да го видиме. На наше големо разочарување забележуваме дека несуденото чудовиште било само птица која ловела риби во матната езерска вода. Ех, колкупати досега срцето на трагачите по Неси потскокнало вака залудно кога ќе здогледале нешто што им изгледало како чудовиштето од Лох Нес. Некогаш ги прелажала птица, друг пат капач, трет пат исечено дрво…

    Си заминуваме назад кон Глазгов. Зад нас го оставаме мистериозното езеро и секако чудовиштето кое, за жал, не успеавме да го видиме. Токму така, еден неуспех не може да не натера да престанеме да веруваме во Неси. Како и Артур Кларк, така и ние, веруваме дека е таму. Можеби дента едноставно Неси одлучи да спие.

  • „Боби“ е најљубезниот домаќин на Олимпијадата во Лондон

    Популарните лондонски полицајци познати како „бобиевци“ верувале или не, но можеби се најдобрите домаќини на Олимписките игри кои оваа година се оддржуваат во Обединетото Кралство. Сте помислиле ли некогаш да го замолите полицаецот во вашата земја да ве фотографира или пак вие да се фотографирате со него за спомен? Сигурно не ви паднало на памет во страв да не поминете, во најблага рака, со некоја казна или опомена дека следен пат ќе поминете лошо.
    Сте забележале ли некогаш како домашниот полицаец наместо да му го покаже патот на некој турист тој да оди со него и да го однесе до посакуваната дестинација? Ни на сон. Но она што во другите земји е научна фантастика тоа во Лондон е реалност.
    Полицајците деновиве се најдобрите пријатели на туристите. Облечени во кратки маички, пантолони и познатиот лондонски шлем, без вообичаеното вооружување тие делуваат пријателски и блиски до граѓаните. Ќе ги видите на улица како даваат совети за безбедност, ќе ве предупредат да не се навалувате премногу додека фотографирате од некој мост, ако заспиете во некој парк љубезно ќе проверат дали сте добро.
    Овие денови кога за време на Олимпијадата Лондон беше опседнат со милиони туристи „бобиевците“ имаа задача и да работат како водичи за изгубените. Тие го покажуваа патот на оние кои не можеа да се снајдат по лондонските улици, а неретко на рамената носеа мали деца кои во метежот се изгубиле. Децата добиваа бесплатен „превоз“, а родителите задоволни што не ги изгубиле своите најмили во олимпиското лудило.
    Овие полицајци секогаш се насмеани па дури и кога се во непријатна ситуација. Така додека се шетаме по Темза една девојка го замолува полицаецот да ја фотографира. Додека мислевме дека љубезно ќе ја одбие бидејќи тоа не му е една од задачите полицаецот со насмевка го зема фотоапаратот во раце и почнува да работи. Небаре е професионален фотограф тој менува кадри, клекнува на нозе и фаќа друг агол, не само ради реда да заврши работа туки за девојката да биде задоволна од неговите фотографии. На крајот и тој се заблагодарува за дадената шанса да ги искаже своите фотографски способности.
    Можеби станува збор за Олимписко расположение кое ќе исчезне за неколку недели, но сепак останува добриот впечаток од однесувањето на лондонската полиција од која можат да научат нивните колеги од другите земји. Но сепак иако скоро сите беа презадоволни од нивната работа за време на Олимпијадата имаше и една помала група на луѓе кои беа незадоволни- криминалците.