Author: Nenad Georgievski

  • Танцувај со мене до крајот на љубовта во Истанбул

    Балкон3 извештај од концертот на Леонард Коен во Истанбул

    Велат дека патувањата ги прошируваат хоризонтите, а патувањата до далечни места неминовно ја зголемуваат способноста за перцепција. Истанбул, неофицијално, град на 20 милиони души навистина ги шири вашите видици и поставува дефиниција на она што е големо. Пулсирачки, густо населен град кој е во постојано движење, дење-ноќе, низ бескрајните лавиринти на улици, згради, сообраќај и реки од луѓе. Невозможно е да се набројат случувањата во текот на денот и недостигаат зборови да се опише особената атмосфера. Истанбул е вистински крстопат каде се среќаваат истокот и западот. Распослан на два континенти, поделен со Босфорскиот теснец, но исто така поделен со контрасти кои ги забележувате на секој чекор. Наоѓалишта кои сведочат дека во минатото бил главен град на две големи империи, додека денес е културен и политички центар на современа Турција.

    Концертот на Леонард Коен беше причина да го посетам Истанбул и не можев премногу да талкам надвор од предвидениот распоред – да најдам сместување близу спортската сала Улкер каде се одржа концертот, да ја пронајдам салата и да стигнам на време а потоа безбедно да се вратам на главната автобуска станица (Buyuk Otogar) во Бајрампаша. Навигацијата низ овој древен мегалополис, низ долгите мрежи на автобуси, метро и мини комбиња е во исто време предизвик и авантура, особено кога ретко се среќава човек кој зборува англиски.

    Поголемиот дел од знаците се напишани само на турски и во таква ситуација најдобро е да не дозволите логиката да ви се испречи во комуникацијата со луѓето на улица. Сè што е потребно е да зборувате течно со раце и гестикулации и да ги знаете имињата на местата до кои сакате да стигнете. За среќа, Турците се едни од најотворените и најпријатните луѓе што сум ги сретнал. Google Maps помага да дознаете каде е точката А и како да стигнете до точката Б, но времето потребно за тој навигациски потфат е многу долго. И повторно мора да се потпрете на луѓето кои ги среќавате по пат. Сите тие се погрижија да останам на вистинскиот правец и во точниот автобус. Нивната неверојатна љубезност ме трогна уште повеќе бидејќи не ја очекував во град како Истанбул.

    Спортската сала Улкер е затворена арена која се наоѓа во населбата Аташехир. Тоа е прекрасно заоблено здание со капацитет од 15.000 седишта и освен што е место на случување на големи спортски настани, салата беше и една од станиците на светската турнеја на Леонард Коен насловена Old Ideas World Tour. Последен пат присуствував на концерт на Леонард Коен во Белград, Србија и тоа беше еден настан за паметење. Претходната турнеја траеше две години и доби одлични критики. Кога заврши во 2010, со 247 концерти зад себе, Коен веднаш започна со работа на неговото следно дело Old Ideas (Стари идеи). Таа турнеја, 2008 – 2010, и новиот албум покажаа дека и покрај своите веќе одминати години Леонард Коен е сè уште  моќен и магичен изведувач и автор. Леонард Коен не свири песни – тој свири чувства. Освен што е благословен со “златен глас”, тој ја има и дарбата да комуницира со својата многубројна публика. Тоа е всушност тајната на човекот чиишто песни, поезија и проза станаа водичи кон најскриените и најтемни длабочини на нашите срца и души.

    За бендот и за публиката секоја песна претставуваше посебен настан. Реакцијата и радоста која публиката ја покажуваше на секоја песна го прави потполно безначаен фактот што тој никогаш немал песна која се наоѓала на Top 20 листите. Не секој ден може да се види 79-годишниот Леонард Коен како немирно потскокнува на сцената и клекнува за да ја испее “Dance Me till the End of Love”. Неговиот хумор, огромна енергија и скромност ја обземаат и хипнотизираат публиката. Бендот ја отвора својата душа, воспоставува цврста врска со публиката и заедно нуркаат во светот на раскошна, тивка почит. Песните кои ги изведоа беа од сите периоди на плодната кариера на Коен заедно со некои нови остварувања кои многу ветуваат. Покрај најпознатите “The Future”, “Bird on a Wire”, “Everybody Knows”, “In My Secret Life”, “Suzanne”, бендот ги отсвире и “Darkness”, “Amen”, “Going Home”, “Anthem” од Old Ideas кои беа одлично прифатени.

    Забележително, Леонард Коен покажа нешто што во овој дел од светот се смета за одлика на големите луѓе. Тој покажа црти на понизност и скромност кои се очекуваат од луѓе од повисок ранг. Во поголем дел од концертот тој беше понесен од самата моќ на музиката и пееше на колена или потпрен на едно колено, љубезно комуницираше со публиката и им се заблагодари на честитките за неговиот роденден. Како вистински лидер стоеше опчинет од изведбата на неговиот бенд, симнувајќи капа на музичарите кои, на моменти, блескаа на своите инструменти. Пратечките вокали исто така имаа прилика да ги покажат своите вокални способности. Сестрите Webb ја испеаја “If It Be Your Will” додека Шерон Робинсон, која Коен ја нарече “неспоредлива”, неколкупати во текот на концертот отпеа прекрасна, трогателна верзија на “Alexandra Leaving”. Концертот заврши после 3 часа и две враќања на сцената. Но ноќта не заврши со концертот. Некој ја искористи оваа прилика да ѝ предложи брак на својата љубена пред вратите на салата. Запознав една убава девојка од Техеран, Иран дојдена специјално за концертот.

    Исто така имав и пропусница за позади сцената. Шерон Робинсон ме пречека и запозна со членовите на групата. Таа е прекрасна жена и беше вистинско задоволство да ја запознаам и интервјуирам.

    Секако најголема возбуда за мене беше личната средба со Леонард Коен. По 3 часа свирење и пеење тој сè уште беше полн со енергија и ентузијазам и најверојатно ќе можеше а свири уште толку. Беше заинтересиран за земјата од која потекнувам, јазикот кој го зборувам, јазиците со кои е поврзан и што е тоа што го прави посебен. Премногу беше кратко времето за да се објасни сè, но им оставив на поклон неколку компакт дискови, нешто што ќе може засекогаш да го имаат.

    Светлата на салата Улкер почнаа да згаснуваат, но впечатоците од музиката на Леонард Коен засекогаш ќе останат како светла точка во сеќавањата, нешто што ние ќе може засекогаш да го имаме.

  • Балкон3 интервју со Ерик Сардинас – најдобриот гитарист кој што стапнал во Македонија

    Балкон3 интервју со Ерик Сардинас – најдобриот гитарист кој што стапнал во Македонија

    Своевремено Џими Хендрикс рекол дека блуз-музиката е лесна за свирење, но е тешка за да се почувствува. Токму тој дел е она што ја одредува големината и влијанието на една музика.

    neno1 i sardinas_balkon3

    Гитаристот Ерик Сардинас е еден од најпознатите блуз-гитаристи кои оваа музика успешно ја пренесуваат во новата доба, со сета нејзина грубост, виртуозност, емотивност и перчење. Неговата музика е преносник на некои стари форми, но преоблечени во ново руво. Многумина го памтат неговиот прв настап во Скопје, далечната 2002, во рамките на Скопскиот фестивал на блуз и соул. Поради неговата виртуозност, љубителите на гитарата сметаат дека тој е најдобриот гитарист кој воопшто стапнал на ова тло, поради што нештата ги делат на оние пред и оние по доаѓањето на Сардинас во Скопје. Едноставно, неговиот стил вдахна нов живот и возбуда во свирењето гитара за новите генерации заинтересирани за блуз-рок музиката. Годинава тој повторно гостуваше во Скопје со својот бенд Big Motor, во рамките на Фестивалот на блуз и соул музика, каде што ги воодушеви љубителите на блуз-музиката.

    Што беше тоа во музиката што ве допре толку длабоко за да ѝ се посветите целиот ваш живот?

    Мислам дека се работеше за изложеноста, а и страста која ја открив на многу рана возраст. Јас живеев на југот, каде што бев изложен на звуците првенствено на блуз и госпел, a потоа на Моутаун, соул и рокенрол-музиката. Кога ќе размислам, сè се акумулираше во мене, а јас имав среќа што се родив во музикално семејство. Музиката ми значеше исто како и воздухот што го дишев. Едноставно не можев да живеам без неа. Навистина бев благословен со тоа што се родив во музичко семејство и во нашата куќа секогаш се слушаше музика, од Елвис Присли и Wild Cherry, па до црковна музика. Секогаш можев да сметам на тоа дека музиката ќе биде тука за мене и таа стана мој пријател.

    sardinas1_balkon3

    Во кој момент музиката стана повеќе од хоби? Кога одлучивте дека занимавањето со музика ќе биде вашиот животен пат?

    Да бидам искрен, тоа е интересно прашање, но за мене таа насока беше нешто сосема природно. Уште пред да научам да свирам гитара, си играв со тениски рекет имитирајќи ја гитарата. Работите се случија сосема природно. До ден-денес не научив да читам ноти, а музиката ја создавам во мојата глава. Неа ја создавам на свој начин, а гитарата ја свирам како десничар, иако сум левучар. Едноставно, имав поврзаност со гитарата. За мене таа претставуваше некаков вид енергија со која се поврзав.

    Кои музичари ви послужија како инспирација и ви го покажаа патот на некој начин?

    Кога станува збор за блузот, првичните звуци беа ’делта‘ блузот, потоа блузот од Чикаго, од Тексас. Ова беше мојот интерес, мојата страст. Кога велам моја страст, тука мислам и на желбата да откријам од каде доаѓа музиката. Секојпат кога ќе заработев некоја пара, веднаш ги посетував старите продавници за плочи и откривав работи. Така ги открив Џон Ли Хукер, Пити Витстроу, Чарли Патон – ги открив тие прекрасни блуз-музичари. Сè што знам доаѓа од страста од движењата на Ти-Боун Вокер до Чак Бери и Бо Дидли, Рори Галагер, Џони Винтер. Исто така, сакам да кажам дека денешниов ден е тажен за мене – денес изгубив драг пријател, а и светот на блузот загуби многу со смртта на Џони Винтер. Во оваа група музичари е и Хендрикс.

    Да имаш да кажеш нешто во рамките на традицијата, притоа знаејќи од каде потекнале работите, потоа љубовта која ја чувствував кога ја спуштав иглата на плочата, кога ја слушав страста и интензитетот, човечките состојби и судбини, иако биле најлошите времиња. Во нив имаше некаква соул суштина која за мене значеше многу и едноставно ја надминуваше гласноста и рокенролот, односно снагата на засилувачите. Се работи за поврзаноста помеѓу вашата душа, музиката, вашиот инструмент и вашето срце. Откривањето на сите тие музичари во манирот „еј, од каде дојде ова или она“. Мојот прв концерт го гледав кога имав 6 години и тоа беше Елвис Присли, а потоа следеа Реј Чарлс, Мади Вотерс. Имав голема среќа, бидејќи налетав на многу интересен микс на гамбо-храна.

    sardinas2_balkon3

    Некои мислат дека многу од денешните нови и надежни блуз-музичари воопшто или недоволно посветуваат внимание на корените на оваа музика. Некако почнуваат од Клептон или Стиви Реј Вон. Какво е вашето мислење на оваа тема?

    Јас на тоа гледам на два начини. Влијанијата се важни – сега пред малку зборувавме на оваа тема. Секој кој го спомнав, а можам да спомнам уште илјада други блуз-уметници – ги познавам детално, сите. Ја знам секоја нота што ја отсвиреле, сум ги слушал и ги сакам. Ова е тоа што треба да се сфати, дека мора да имате свој идентитет. Денес е лесно да се најде некој кој свири како Стиви Реј Вон и тоа е во ред. Како може да не бидете инспирирани од Стиви Реј? Како може да се случи да не бидете инспирирани од Џими Хендрикс или Чак Бери? Во тие моменти, меѓу редовите, мора да направите избор, да се нурнете длабоко во себе и да имате нешто да кажете. Ако немате свој идентитет, свој глас, тогаш ќе звучите како некој друг. За тие влијанија да бидат слушнати, да бидат почувствувани, разбрани, и за да поминат преку тебе, тоа значи дека треба да одвоите малку време за да ја разберете музиката.

    sardinas4_balkon3

    Вие не само што сте ја истражиле сета историја на музиката туку имавте и можност да настапите со некои од најстарите блуз музичари, како што е Ханибој Едвардс. Колку е влијанието на оваа древна музика присутно во денешната музика?

    Сè е до гледиштето на музичарот. Кога станува збор за мене, јас ги гледам корените на тоа што го сметам за чиста енергија, без разлика дали се работи за Делта, Тексас или Чикаго блуз. За ова не постоело нацрт – едноставно ова била чиста енергија која извирала од срцето. Кога свирам, тоа што сакам да го споделам – во тие моменти кога луѓето ќе ме видат и слушнат со засилувач – тоа што ќе го изразам и, се надевам, ќе го дадам е блуз-рок изведба, но преку неа ќе произлезе суштината на секој камен од патот преку преку којшто сум преминувал почнувајќи од самиот почеток. Ова е местото од каде што доаѓам. Јас сум акустичен свирач. Бев инспириран од Делта блузот – титаните како што се Чарли Патон, Бука Вајт и можам да продолжам понатаму со претставниците од секоја генерација. Тоа што може да се чуе кај мене е почитта спрема нив. Сакам да покажам едно музичко искуство со сите негови нијанси, вкусови, примеси. Тоа што го свирам е класичен блуз и е инспириран од класичен блуз. Таква беше работата и кога живеев на југот, така е и сега, кога го правам ова. Овие блуз титани не се духови и тие се живи во музиката на сите. Јас се чувствувам не обврзан, туку почестен од овие влијанија и што ми значат тие мене. Се надевам дека за време на концертите овие работи ќе бидат очигледни.

    Дали понекогаш се чувствувате дека сте пренесувате нешто древно и старо во овие модерни времиња?

    Мојата поврзаност со минатото е многу силна, а од друга страна, никој не знае што може да се случи во иднина. Ми се допаѓа во која насока одат работите.

    Може да го спомнеме Џони Винтер?

    Да, тој ми беше кум. Овие времиња се добри и сакам да кажам дека без разлика на ситуацијата со состојбата на музиката и со заминувањето на големите луѓе, ова не претставува некаков крај, туку нов почеток. Се сеќавам на сите работи што ми ги покажа. Претпоставувам тој е мојата инспирација.

    sardinas3_balkon3

    Како гледате на вашето прво издание „Treat Me Right“?

    На него гледам со убава наклонетост. Сега кога слегнаа работите, уживам во него. Имавме малку пари на располагање и го снимивме многу бргу. За мене беше еден вид благослов. Возев изнајмено комби низ САД за да го снимам своето прво издание во Чикаго. Вложивме многу љубов и енергија во него, и тоа е искрено издание. На секое издание гледам како на места од кои отскокнувам кон следното место. Мислам дека и ти не би бил истата личност следната година ова време.

    Верувам дека емотивната состојба се променила од времето кога сте ги напишале песните, но дали сè уште сакате да ги свирите тие песни?

    Да, како не. За ова издание донесов одлука да биде поделен 50/50 помеѓу мои песни и омилени туѓи песни кои би покажале од каде доаѓам. Мислам дека тоа беше добар избор и добра работа помеѓу мојот материјал и каверите. Тука имаше песни од Фред Мекдауел. Мојата цел беше на луѓето да им покажам за мојата почит кон традиционалниот блуз и корените, со изборите како што се „I Can’t Be Satisfied,“ „Write me A few Lines.“

    Ненад Георгиевски

    фото: Ангел Ситновски

  • Балкон3 интервју со Ришар Галијано

    Магијата на Галијано носи и тага и радост и оптимизам и загуба

    За Ришар Галијано важи дека за европската музичка традиција го направил тоа што неговиот ментор Астор Пијацола го направил за аргентинското танго – медитеранскиот фолклор го издигнал на ниво на уметничка форма и ги избришал границите помеѓу различни традиции. Тоа што него го издвојува и истакнува од другите е пристапот, односно суптилноста со која освојува или отскокнува од трендовите кога ги претставува современите џез идиоми. Toa и се виде на неговиот настап на Битолскиот world music фестивал каде во неговиот репертоар подеднакво беа застапени и Ерик Сати, Нино Рота, звукот на бал-музет музиката и џезот, на кој ги воодушеви посетителите со убавината на неговиот израз.galiano_balkon3

    „Пред настапите обично не правам програма и се водам по емоциите кои ги чувствувам кога сум на сцена и како и секогаш програмата сама си се направи во текот на концертот. Со овој состав Тангариа настапувам 10 години и ние многу добро се познаваме, а тоа им олеснува да се адаптираат на моментот кога понесен од емоциите ќе скршнам некаде„.

    Бандонеонот со кој тој настапува е интересен инструмент. Неговиот звук совршено добро изразува тажни емоции и не е чудно што двата музички правци кои се интимно поврзани со овој инструмeнт, аргентинското танго и француската музета, често обработуваат теми со лоша среќа, загуби и несреќна љубов. Галијано е креативен композитор и импровизатор, чија што музика во себе носи подеднакво и тага и радост и оптимизам. Тој успеал во нешто што многумина пред него не успеале, а тоа е да направи овој инструмент да биде рамноправно прифатен во различни музички контексти кои претходно го игнорирале – џез фестивали и класични концертни сали.

    Бандонеонот е мојот инструмент. Овој со кој настапувам е стар 50 години е подарок од мојот татко. Меѓутоа, свирам и на други инструменти како што е пијаното, тромбон, но бандонеонот е моето срце„.

    galiano2_balkon3Неговата музика покажува колку џезот ги проширил своите хоризонти. „Се чувствувам добро со сите жанрови и немам проблеми со тоа дали работам џез, аргентински танго или француски музет. По мене, секоја музика е добра доколку е таа мелодична, ако добро свингува и ако е тaа права музика. Мене подеднакво ми одговараат и Каунт Бејcи и Јохан Себастијан Бах. Навистина немам проблеми со тоа и се чувствувам удобно во секој стил. Многумина сакаат да свират исклучиво имитирајќи тоа што другите го прават. Мислам дека тоа e погрешно. Тие можат да бидат одлични имитатори, но музиката која ја создаваат мора да биде нивна. Без разлика на стилот вие морате да се изразите себе си“.

    Галијано настапувал и работел со многу музичари ширум светот со широка палета на стилови. Меѓу останатите настапувал и со великаните на џезот, Чет Бејкер, Рон Картер, Џо Завинул, Мишел Портал, Гери Бартон, со кого го спојува и љубовта кон музиката на великанот на танго музиката Астор Пијацола, каде обајцата или заедно или посебно имаат снимено музика посветена нему.

    За него, Астор Пијацола бил пријател, ментор и духовен отец, а ги споило нивното јужњачко потекло, бидејќи и на обајцата родителите им се по потекло од Италија. Влијанието на Пијацола го инспирирал Галијано да се посвети повеќе на француската традиција и народна и класична. Не само што Пијацола го создал „новиот танго„ или „tango nuevo“, туку го инспирирал Галијано да создаде нов „музет“, односно свој личен израз. „Новиот музет“ е вид на валцер, со една нога во џезот, а со другата во класичната и традиционалната музика. Како и музиката на Пијацола така ни неговата не ја прекинува поврзаноста со традицијата, а во исто време не ја затвора вратата за современата музика.

    Од друга страна класичната музика имала огромно влијание на него. Во 60-те години, тој два пати по ред на „Светскиот куп“ во свирење хармоника освојувал главни награди и тогаш изведувал дела на Бах, Чајковски, Равел и Гершвин.galiano1_balkon3

    „За мене најголем џез музичар бил Јохан Себастијан Бах. Тој е еден од најголемите импровизатори и тој е човекот кој го создал џезот. Бах бил голем и јас не можам да се споредам со таква величина. Меѓутоа, се обидувам да бидам таков каков што бил тој, односно да бидам свој, некој кој многу верува во тоа што го работи. Кога сум во некоја хотелска соба, вежбам Бах. Зошто баш него? Затоа што со својот инструмент свирам музика која Бах ја има напишано, а во негово време тој инструмент не постоел. Значи тоа е толку совршена музика поради што јас можам да ја импровизирам и вежбам со нејзе во една хотелска соба“.

    Галијано не се труди да биде најдобар хармоникаш на светот, туку на публиката секогаш да и го понуди најдоброто од себе, како и да изведува музика „од својот свет„ што значи дека црпи мелодии од разни корени – италијански, француски, медитерански.

    „Јас сум патник, а ова што го правам се мои долги и големи патувања. Сакам да го пренесам тоа што го чувствувам, пред се големата љубов према оние кои доаѓаат да ме слушаат. Сакам преку моите композиции и инструменти да ги пренесам тие емоции и да раскажам некаква приказна“.

    текст: Ненад Георгиевски

    фото: Беким Мустафа

     

  • Балкон3 интервју со „The Necks“ – Музиката не носи по свој пат

    Австралиското џез-импров-амбиент трио The Necks е активно веќе четврт век. Членовите на овој состав, тапанарот Тони Бак, басистот Лојд Свантон и клавијатуристот Крис Абрамс, се искусни џезери кои приоѓаат кон музиката малку поинаку од вообичаеното.necks5_balkon3

    Пронаоѓајќи инспирација и во електронската, системската и рок-музиката исто колку и во џезот, The Necks ја изменија улогата на џез-клавијатурите и со тоа импровизираат и со текстурите и просторот, а не само со нотите и акордите. Тоа што е карактеристично за нив е дека нивните изведби се долги и нивните изданија најчесто се состојат од една долга композиција. Триото е на турнеја по Европа и едно од местата каде што ќе настапат е Скопскиот џез-фестивал.

    Кои се уникатните особини на The Necks?

    Мислам дека тоа што е посебно уникатно за нас е дека сѐ произлегува од нашата одлука кога за првпат се најдовме заедно, односно дека ќе свириме само за себе, само за нас. Очигледно е дека го прекршивме тоа ветување. Но мислам дека тоа, додека сѐ уште важеше, ни овозможи да создадеме некој наш пристап на создавање музика кој е целосно слободен од каков било надворешен притисок и еве, скоро 30 години подоцна, ние сѐ уште работиме по истите принципи.necks_balkon3

    Бендот е активен речиси 30 години и за тој период има издадено 17 изданија. Што е она што е заедничко кај членовите на бендот? Можеби креативниот процес што овозможи да се создаде таа музика?

    Кога настапувам со други музичари, јас не свирам на овој начин како со нив (и така треба и да биде). Можам да зборувам за себе, но верувам дека Крис и Тони исто така имаат многу уникатни стилови на нивните инструменти.

    Така, имаме три посебни гласови, и меѓу нас постои целосна доверба едни во други, како и во нашиот метод на импровизирање. Ние секогаш се обидуваме да го најдеме позитивното во секоја текстура која ја создаваме колективно; да не бидеме премногу критични. Сите ние имаме доверба еден во друг да не ја забрзаме музиката премногу или да ја насочиме кон места каде што таа не сака да се упати. Знаеме како да отстапиме од музиката и таа самата да ни покаже каде се упатила.

    На кој начин еволуирала таа хемија во бендот од дебито Sex, па сѐ до последниот, Open?

    Тоа не е возможно да се опише со зборови, но може многу јасно да се слушне. Повторно ќе кажам, така и треба да биде. Самиот би бил многу загрижен ако сѐ уште звучевме исто по 30 години! Но кога го велам тоа, чувствувам дека постои нешто што ги поврзува Necks од 1987 со верзијата од 2014-та.

    necks4_balkon3

    Дали може да објасните како балансирате помеѓу џез-звуците, импровизациите и сложените амбиенти кои ги создава бендот?

    Повторно ќе речам дека тоа е нешто што не може лесно да се искаже со зборови, но можам да кажам дека ние тројцата слушаме не само џез и амбиент, туку и цел еден широк опсег на музика, а од тие различни типови музика ние создаваме наши идеи за тоа што сакаме да го придонесеме кон музиката на The Necks. Меѓу нас ние тоа никогаш не го дискутираме, но се подразбира дека сѐ што сме слушале или на што сме работеле може да се понуди следниот пат кога ќе се најдеме за да свириме.

    Обично вашите изданија се состојат од една долга композиција. Како дојдовте до овој концепт?

    Откако го откривме начинот како да учиме да не забрзуваме премногу некое дело, ние бргу откривме дека ни е потребен час и нешто за да нафрлиме неколку идеи, да откриеме некои работи кои ни се допаѓаат кај тие идеи, можеби ќе скршневме понекогаш во некоја слепа улица, ќе направевме тоа да се издигне и да земе замав, а потоа го спуштавме на тлото.

    Тоа се однесува на нашите импровизации во живо, но тоа се пренесе и на нашите студиски албуми, а ЦД-форматот се појави токму на време за нас. Иако неодамна издадовме ЛП со две 20-минутни дела во него, во раните денови мислам дека ние немаше целосно да можеме да го изразиме тоа што беше уникатно за нашата музика во 20 или нешто повеќе минути. Ќе беше трагично да пресечевме некое дело на половина за да може да се вклопи на двете страни од едно ЛП, поради што ЦД-форматот беше тоа што нам ни беше потребно.

    necks2_balkon3

    The Necks се познати по своите импровизаторски вештини. Какво е значењето на термините импровизација и композиција за вас, колку стриктно ги одвоите овие две работи?

    Тие се две различни, но поврзани начини на создавање музика. Импровизирањето може да биде компонирање во моментот, обично во јавност, или може да биде начин на создавање материјал настрана од јавноста, за некоја поформална композиција. Од друга страна, композицијата може да биде и појдовна точка за импровизација, а најочигледно за тоа е џез музиката. Импровизацијата е нешто што ми доаѓа многу природно; тешко ми е да замислам како им е на музичарите кои не им одговара импровизирањето.

    Бендот имаше ретка можност да настапува со Брајан Ино на неговиот фестивал во Сиднеј, Pure Scenius? Какво беше искуството да се настапува со него?

    Беше фантастично. Тој е легенда и иако не мислам дека неговата музика имала директно влијание врз нас, едноставно нема шанси ние да започневме да размислуваме за работите кои ги правиме со The Necks да не беше претходната работа на Брајан. Тој е навистина пионер и ние многу сме му должни.

    Тој е многу соработлив, советодавен и отворен лидер. Тој имаше „план за играта“ за нашите настапи на Pure Scenuis, но беше апсолутно заинтересиран да ги чуе нашите сугестии, од кои тој многу запамти и ги примени во процесот.

    necks6_balkon3

    Според вас, што е тоа што сочинува еден добар настап, каков е вашиот пристап кон настапите на сцена?

    Научивме да не се нервираме за кој било настап, добар или лош, но кога го велам тоа, мислам дека добра изведба е таа кога сме се обиделе да постигнеме некои убави работи и тие профункционирале без усилба, како и неколку изненадувања кои произлегле како дополнителна награда за нашиот успех.

    Како котира музиката за филмот The Boys во однос на останатата работа?

    Мислам дека начинот на којшто произлезе оваа музика всушност значи дека ова е албум што звучи малку поинаку од останатите. Филмаџиите ги снабдивме со многу груби текстури за да работат како сакаат, и дури отпосле, откако ги снабдивме со сето тоа и го завршивме нашиот дел, се насочивме да снимиме албум.

    Дали постојат некои музички контексти кои остануваат неистражени од бендот?

    Постои само еден начин за нас да го откриеме тоа, а тој начин е да продолжиме да истражуваме.

    Ненад Георгиевски

  • Обидите за идеални религиозни општества раѓаат суров екстремизам

    Обидите за идеални религиозни општества раѓаат суров екстремизам

    Балкон3 интервју со оскаровецот Роџер Рос Вилијамс, автор на документарните филмови „Музиката на Пруденс“ и „Господ ја сака Уганда“.roger-ross-williams_balkon3

    Кога би направилe поделба на филмовите што ги гледаме, би се појавиле многу подгрупи, но главната поделба би била на филмови кои ни оставиле длабок емотивен впечаток и оние кои ни биле интересни, но не нè вклучиле емотивно. Филмовите на оскаровецот Роџер Рос Вилијамс спаѓаат во првите – оние кои оставаат силен емотивен впечаток .

    Првиот филм на овој некогашен новинар на Си-ен-ен, е Музиката на Пруденс“, чија тема е животот на 24-годишната Пруденс од Зимбабве, лице со хендикеп, кое, наспроти суеверијата и отфрленоста од општеството, заедно со други напуштени деца, се издигнува низ животот и наоѓа утеха и успех во музиката. Овој филм беше награден со Оскар во 2011 година. Следниот негов филм, „Господ ја сака Уганда“, е слика на погубното дејство и влијанието на дел од американските цркви и нивните мисионери во Африка. Идеалната земја со нивните и законите кои ги замислиле овие мисионери не успеале во САД, поради силните движења за слобода, но затоа државите во Африка, посебно Уганда, се нивните утопии. Како резултат на нивната борба против „сексуалната неморалност“, се носат закони со кои се забрануваат сексуалните малцинства, абортусот, антифеминистички закони, се воведува забрана за користење кондоми. Со тоа бројот на заболени од СИДА во оваа земја се зголемува, а припадниците на сексуалните малцинства и активистите се линчуваат.

    roger_ross_nenad_balkon3

    Роџер Рос претседаваше со жирито на филмскиот фестивал во Стариград Пакленица, каде и што го направивме интервјуто. Колеги во жирито на Рос му беа и музичарите Влатко Стефановски и Мањифико. Во рамките на фестивалот, чијшто земја-партнер оваа година беше Македонија, се прожектираше и ревија на македонски музички документарци, Macedonian Week. По прикажувањето на филмот за македонскиот бенд Шутка Рома Рап во продукција на Балкон3, кој предизвика голем интерес кај публиката со истенчен вкус кога станува збор за музички документарци, седнавме на разговор со овој за разговр секогаш расположен господин.

    Како ги избирате темите за вашите документарни филмови? „Музиката на Пруденс“ и „Господ ја сака Уганда“ се навидум едноставни теми, но емотивно длабоки и вознемирувачки филмови.

    Тоа се должи на личностите со кои самиот се идентификувам, а се идентификувам со аутсајдерите. Самиот се чувствувам како аутсајдер, како некој кој бил отфрлен од општеството, исто како и Пруденс, или во случајот со филмот за Уганда, како и жените и ЛГБТ заедницата. Или мојот следен филм кој се занимава со искуствата на едно аутистично дете. Се идентификувам со аутсајдери и темите кои ги избирам мора да ме засегаат лично. „Господ ја сака Уганда“ е многу лична тема бидејќи моите родители се свештени лица. Поради тоа израснав во црква. Тоа се личности кои го отфрлаат секој за кого сметаат дека е грешник. Во нивните очи многумина се грешници. Таа тема беше навистина лична. Пруденс пак, беше класична приказна за личност отфрлена од нејзиното семејство. Јас бев отфрлен од моето семејство и на некој начин, се идентификував со неа. За мене се интересни обесправените кои ја бијат својата битка.

    Како поранешен новинар, кој има работено за повеќето големи новински агенции, меѓу кои и Си-ен-ен, кои искуства од светот на вестите ги имате пренесено во светот на документарните филмови?

    Тоа што го земам од новинарството се фактите, за целата работа да не се базира само врз емоции. Значи, факти и бројки. Филмот е едноставно, гледиште на една личност. Се работи за мој агол на гледање на нештата. Можеби ова што ќе го кажам доаѓа од новинарството, но сакам да ја разберам и другата страна. Сакам да го разберам човекот кој размислува сосема поинаку од мене, и тоа е она што мене ми е интересно. Тоа исто така ми е интересно и како новинар. На пример, да бев израелски новинар, веќе ќе бев во Газа каде што ќе интервјуирав луѓе, обидувајќи се да ја презентирам приказната на другата страна, односно од нивната гледна точка. Тоа е пристапот што го имам кон сѐ. Можеби тоа е она што го зедов од новинарството. Тоа што не го зедов од новинарството се корпоративните ’меинстрим‘ медиуми. Во САД денес, во голема мера, не постои вистинско новинарство. Тука спаѓаат ’меинстрим‘ медиумите – телевизиските мрежи или весниците, како што е New York Times. Сите тие работат во зависност од нивните корпоративни интереси, односно само да заработуваат пари и да му се допаднат на нивниот „Борд“. Според мене, вистинското новинарство се случува во светот на документарните филмови.

    roger_ross5_balkon3

    Зошто мислите дека вистинското новинарство се случува кај документарните филмови?

    Вистината за тоа што се случува во светот е отсликана во документарците. Некои од филмовите што беа издадени неодамна, како што е Dirty Wars, каде што тема е користењето американски дронови  во војните, прикажуваат работи кои не ги гледате по ’меинстрим‘ медиумите, туку ги гледате обработени детално и длабоко во документарните филмови. Ќе дадам уште еден пример, а тоа е филмот Invisible World, кој се занимава со силувањата во американската војска. Американската војска има ненормално висок процент или ненормално висока статистика на силувања. Дел од жените припадници на американската војска се силувани и бројките на ваквите случаи се големи. Тоа војската го прикрива и ја прави целата работа огромна. Кога беше објавен филмот што се занимава со оваа тема, тоа предизвика серија сослушувања во Конгресот, а беше донесен и нов закон. И војската и владата ги вртеа главите настрана, но филмов го насочи вниманието кон овој проблем на начин на којшто тоа би требало да го прави вистинското новинарство.

    Понатаму, мојата пријателка Лора Портрис замина во Хонг Конг и го интервјуираше Едвард Сноуден, а нејзиниот филм ќе биде прикажан оваа година на фестивалот во Торонто. Тука ќе биде раскажана приказната за Едвард Сноуден. Глен Гринвалд е новинарот којшто го следеше случајот за Гардијан. Тој и Лора ја направија приказната, а Лора го сними видеото од Сноуден. Тие снимија филм, и тоа ќе биде многу интересен филм што се однесува на приватноста на граѓаните. Филмот сега се монтира во Берлин бидејќи е постојано под притисоци, посебно од Имиграциското биро. Кога доаѓа во САД, Лора ја задржуваат од 7 до 8 часа на граница. Истото му се случи и на Глен Гринвалд; тој и неговиот соработник беа уапсени бидејќи носеле информации во својата торба. Промените, па дури и промените на политичките закони, овие денови се случуваат под влијание на документарниот филм.

    Вие работевте со прославениот режисер и мајстор за политичка сатира Мајкл Мур на серијалот TV Nation. Какво беше искуството од работата со Мајкл Мур?

    Мајкл две години работеше на овој серијал, за кој се покажа дека постави нови стандарди на тоа поле. Тоа беа политички емисии кои користеа сатира и комедија, со цел да се даде голема политичка изјава. Тоа што го правевме беше изнаоѓање тема и некаков креативен начин да ја обработиме таа ситуација. Обично правевме незамисливо луди работи. Тоа што го научив од Мајкл, додека го работев ова, беше дека комедијата е далеку поефективно средство. Не би сакале да им здосадите на луѓето со сувопарни информации. Поради тоа Мајкл ми помогна да го развијам вистинското чувство за користење комедија, а во истиот контекст, и како да користам сатира. Таа емисија беше пионерска во својот потфат. Сите нејзини продуценти сега стојат зад најпопуларните и најнаградуваните документарци во САД.

    poster-God-Loves-Uganda1„Бог ја сака Уганда“ допира теми за влијанието на свештениците од Америка кои во обидот да создадат идеални религиозни општества, најчесто придонесуваат за корупција и екстремизам во Африка. Каква беше реакцијата за овој филм во САД?

    Имав неверојатни реакции. Не можам да кажам дека тоа беа ’меинстрим‘ медиуми. Имаше реакции од луѓе како што се Џон Стјуарт, од “The comedy Show“, кој прави измислени комични вести, пародии. На ваков начин тој успешно ги третира и се занимава со многу посериозни теми отколку вистинските новински агенции. Тоа го прави на навистина иновативен начин и многу млади луѓе ги добиваат вестите преку Џон Стјуарт. За овој филм дадов еден тон интервјуа, но најчесто тоа се оние медиуми  како Hufflington Post, Hufflington Post Live, MSNBC, кои се либерално насочена кабловска мрежа. Никој од ABC не прави репортажа за филмот, но мислам дека известувањето и информациите за филмот се шират одлично, а тоа се должи на моќта на документарниот филм. Документарците се место каде што луѓето, најмногу тие од САД, ќе се упатат за да научат за разни теми и случувања ширум светот. Од друга страна, стотици цркви во САД потпишаа барање за да се прикаже филмот кај нив или на нивните семинари. Филмот гостуваше на 75 фестивали, самиот јас бев присутен на 30. Кога се прикажуваше на ТВ, имаше рекации од околу милион гледачи, твитерџии, луѓе се собираа да го гледаат во своите домови. Тоа беше едно феноменално искуство и мислам дека филмот помогна да се насочи вниманието кон тоа што се случува во Африка. Бидејќи филмот беше во еден тесен круг за избор на Оскар, постигна дури и повеќе внимание. Ден пред ова интервју ми се јавија од ВВС за интервју, бидејќи претседателот на Уганда е во САД за Самитот на африканските држави, каде што се наоѓаат сите африкански лидери за да се сретнат со Обама.

    Главната тема во филмот е погубното влијание и дејствувања на дел од американските проповедници и мисионери во африканските земји и општествата во Африка, поради кое таму се зголеми бројот на заболени од сида (бидејќи проповедаат да не се користи заштита). Насилството врз сексуалните малцинства се користи за прикривање на други проблеми…

    Претседателот на Уганда е диктатор којшто со години владее со државата, но сега неговата популарност се намалува и постоеше голема веројатност да ги загуби изборите. Нему му беше потребно нешто што ќе ги поттикне луѓето да гласаат за него. Поради тоа ја искористи ЛГБТ заедницата како жртвено јагне, со цел да добие гласови, за да изгледа дека му се противи на Западот. Тоа беше очаен политички потег што за него испадна многу добар, таму во Уганда.  Но жртви на таа политика се луѓето од ЛГБТ заедницата и бидејќи беа искористени како политичко средство, се случија масовни насилства врз групи за линчување. Луѓето почувствуваа дека имаат оправдување да претепаат некого бидејќи е геј, лезбејка или травестит. Таму се случува насилство во име на Бога. Во Уганда донесоа закон со кој се забрануваат сексуалните малцинства, абортусот,  по којшто се организираше еден огромен собир, на којшто беа присутни стотици илјадници луѓе, а кој беше насочен против ЛГБТ. Тие го славеа донесувањето на законот на плоштадот каде што непосредно пред тоа ја славеа својата независност од Англија. Таму ја славеа независноста, а тука славеа и победа врз хомосексуалците. Претседателот држи говор, добива поддршка, а потоа се тргнува во потера по припадници на ЛГБТ групите, или по лица за кои постои сомневање дека се можни хомосексуалци, за да ги претепаат или да ги убијат.

    God-Loves-Uganda-still-2

    Најчесто се користат како мета со цел да се прикријат други поважни работи кои се случуваат во земјата.

    Тие луѓе е лесно да бидат демонизирани бидејќи ЛГБТ заедницата е перципирана како немоќна, поради што лесно може да се сврти вниманието на луѓето од вистинските проблеми. Тоа е она што се случува во Уганда. Вистинската тема се проблемите врзани за храна, пари, работа и корупција. Тоа е земја која е прегазена од корупција, многу слично на тоа што се случува и на Балканот. На овој начин го одвлекувате вниманието на луѓето од корупцијата охрабрувајќи ги да малтреираат или дури убиваат други луѓе. Ние ги крадеме парите и другите ресурси, додека вие се занимавате со нешто небитно.

    Дали некогаш вие сте бил напаѓан и вознемируван поради темите со кои се занимавате во вашите филмови?

    Да, тоа ми се случува често. Дури и конзервативните евангелисти ми праќаат такви пораки. Но, тоа што ме зачуди е дека не добивав такви пораки во толкав обем како што мислев. Мислев ќе има тони и тони пораки со вознемирувачка содржина, луѓе кои би протестирале пред мојата куќа, итн. Сега е сосема мирно. Само понекогаш ќе добијам таков е-маил. Што се однесува на темите на филмовите, неодамна Џоана Вотсон, постарата мисионерка во филмот, која спомна дека ја привлекуваат жени, ми рече дека филмот ја натерал да размисли за себе и за нивната работа во Африка. Филмот ја натерал да размисли за нивната улога таму. Дури и други мисионери ми имаат пријдено за да ми кажат дека филмот ги натерал да размислат повторно за начините на кои ја шират нивната порака. На некој начин, филмот ја постигна целта за која се надевав дека ќе ја погоди.

    roger_ross2_balkon3Каква е ситуацијата сега во Уганда?

    Уганда има многу силна заедница на активисти која штотуку го попречи донесувањето на законот на суд. Активистите го тужеа парламентот и го урнаа законот во јули. Не отстапуваат вонивната борба што укажува дека има надеж за таа земја. Тие не само што поведоа борба и победија тука, туку им помагаат и на други активисти ширум Африка во борбата во нивните земји кои донесоа исти закони, како што е Нигерија и некои други. Ова наликува на домино-ефект. На крајот од мојот филм може да се види како ги обучуваат проповедниците да одат на места каде што белците не можат да одат. Тие одат во земји како Етиопија, кај муслиманските заедници за да ги преобратат. Таму се создаваат заедници од проповедници, кои се посветени да останат. Тие се Африканци и имаат право да бидат таму како и секој друг.

    Сега работите на два проекти „Traveling While Black“, за начинот и тешкотиите на кој биле изложени црните луѓе кога патувале во периодот пред да се појави движењето за граѓански права во САД и еден филм за аутистично дете „Life, Animated“.

    Traveling While Black“ е мултимедијален проект кој вклучува изложба, игра – играта дава можност да патувате како црнец, каде што треба да патувате од точка А до Б, а притоа тука е полицијата која сака да ве претепа, луѓе кои сакаат да ве линчуваат.

    Работиме на многу работи во исто време, но во однос на „Life, Animated“, овој проект е подалеку во реализацијата. Моментално ги интервјуираме старите музичари чиишто искуства ќе ги споиме со искуствата на младите Афроамериканци денес. Денес многумина ги искусуваат истите проблеми како и некогаш. Следна работа е владата, која вели дека во основа повеќе не постои такво нешто како што е приватноста. Можеме да правиме што сакаме и да немаме оправдување за тоа.

    Како дојдовте на идеја за „ Life, Animated“?

    За приказната првпат слушнав преку книгата на таткото на детето, Саскин. Се работи за неговото аутистично дете по име Овен, кое не можело да зборува, но меморирало многу филмови на Дизни и преку дијалозите од цртаните филмови тоа почнало да ги искажува своите емоции за љубов, тага, среќа, болка. Неговите родители биле принудени да се преоблекуваат во ликови од цртаните филмови за да можат да комуницираат со него преку дијалозите и песните од филмовите. За потребите на филмов, „Дизни“ даде одобрение да се искористат сите нивни филмови, а тој е планиран да биде објавен во 2016.

    roger_ross11_balkon3

    За време на неделата на македонскиот филм во Пакленица, имавте можност да го видите и филмот за бендот Шутка рома рап. Какви беа вашите впечатоци?

    Мислам дека ова е токму тој тип документарни филмови кои би требало да се прават во Македонија. Како што реков порано, намената на документарците е да ви ги отворат очите, да ве известат за нешто што не сте знаеле дека постои и мсилам дека предност на овој документарец е неговиот поглед на светот, којшто не е достапен за повеќето луѓе. Мислам дека тој е фасцинантен не само за Македонците, туку и за луѓето од САД како мене. За филмот мислам дека е прекрасен, забавен и смешен, и прикажува нешта кои луѓето не знаеле дека постојат. Мислам дека овој филм би требало да патува по фестивалите ширум светот и сигурен сум дека луѓето ќе го засакаат.

    Кога станува збор пак, за темите поврзана со човековите права, правата на Ромите е една голема тема ширум светот. Во САД постои една голема хуманитарна организација која неодамна ангажираше еден познат активист за правата на Ромите. Таа доби високо признание поради нејзините активности поврзани со овој проблем. Тука имаме една заедница која е толку маргинализирана. Дури и во САД на Ромите гледаат со предрасуди. Кај нас гледаме многу документарни филмови за маргинализираните заедници, како што се гетата на црнците, латиносите и индијанците. Многу е важно што вие ги правите овие филмови и што талентот на овие луѓе станува поевидентен и со тоа целиот свет ќе може да ужива во нивниот талент.

    Ненад Георгиевски

  • Атанасовски: На концерти со страст и енергија, во театар минималистички

    Балкон3 интервју со Васко Атанасовски –  саксофонист и композитор од Словенија со македонско потекло

    Една од главните одлики на фестивалот ОФФест е претставување на нови луѓе, нови музики, старо-нови традиции. За време на тие неколку денови, Скопје ќе има можност да се почувствува како вистинска метропола кога во него ќе гостуваат музичари од разни меридијани од светот. Еден од гостите кој ќе настапи на фестивалот заедно со бендот Фолтин е и реномираниот саксофонист и композитор од Словенија со македонско потекло Васко Атансовски. Тоа по што е тој познат се неговите соработки со бројни музичари од светот на џезот, класичната и етно музиката. Меѓу многуте заеднички проекти еден од најпопуларните потфати е соработката со Влатко Стефановски и Словенечкиот гудачки камерен оркестар, а непосредно пред настапот на ОФФест, тој ќе замине на турнеја со Фолтин, во рамките на која и ќе настапат во Скопје.

    phoca_thumb_l_vasko i vlatko 2012

    Васко, ти си роден и живееш во Словенија меѓутоа имаш македонско име и презиме. Какво е твоето потекло?

    Јас сум роден во Словенија, но мојот дедо од страната на татко ми беше Македонец од селото Псача, крај Крива Паланка. После II Светска војна тој се оженил со жена од Хрватска и се вдомиле во Марибор, Словенија. Претпоставувам дека била од Хрватска бидеќи во куќата на татко ми никогаш не зборувале македонски поради што ни мојот татко не го научил јазикот, а поради училиштето и опкружувањето тој научил словенечки и хрватски. Од друга страна, мајка ми е од Белград, но татко и е Словенец, а мајка и Србинка. Од ова се гледа дека сум еден измешан екс-ју пример и тоа многу ми се допаѓа.

    photo by Petra Cvelbar, 2010

    Имав можност да соработувам претходно со Драган Даутовски, а сега еве на ред дојдоа и Фолтин. Пред две години започнав една соработка со Влатко Стефановски која сеуште интензивно трае. Контактите ги имам и можеби не цело време но редовно ја следам сцената во Македонија.

    На овогодинешниот ОФФест ќе настапите како дел од проширениот состав на бендот Фолтин. Членот на твоето Трио, Марјан Станиќ, веќе одамна е дел од овој бенд. Како дојде до соработка со бендот?

    Со бендот веќе подолго време се знаеме, пријатели сме, а и блиска ни е музиката која и тие и ние ја правиме. Многу долго ковавме планови и разговаравме дека би било убаво некогаш да соработуваме и наеднаш сега се појави можност.

    Дали за потребите на овој проект напишавте нова музика?

    Не, ќе ја свириме музиката на Фолтин.

    Што е поинакво сега кога си ти со нив?

    Јас сум само гостин кој ќе помогне со аранжманите и ќе има свои соло интервенции.

    Какво е чувството да се настапува со Фолтин? Што е тоа што тебе ти ги прави интересни?

    Кај бендот ми се допаѓа нивната оригиналност во композициите и звукот, како и нивната енергија. За мене тие се едни од најдобрите бендови на Балканот од таа генерација.

    Дали можеби оваа заедничка турнеја ќе биде крунисана и со заедничко издание?

    За тоа се уште немаме зборувано но може да се случи работите да тргнат во таа насока.

     фото: Елена Бојаџиева
    Фолтин – фото: Елена Бојаџиева

    Минатата година го објави изданието Fire and Ice во изведба на Словенечкиот гудачки камерен оркестар и Влатко Стефановски. Како дојде до соработка со Влатко, кој во последните неколку години често работи со класични оркестри?

    Словенечките медиуми имаа желба да направам интервју со Влатко во стилот еден музичар да интервјуира друг музичар. Тоа и беше нашиот прв контакт, а после тоа и се сретнавме музички, најпрвин во дует. Во тоа време веќе имав договорен декемвриски проект со Камерниот гудачки ансамбл на словенската филхармонија каде се изведуваа мои оригинални композиции. Меѓутоа, кога продуцентите го прочитаа интервјуто со мене и Влатко се појави идеја да го поканиме и него. На моите композиции додадов македонски народни песни за кои напишав оркестарски аранжмани, а јас и Влатко настапуваме како солисти. Така настана овој проект кој ја воодушеви публиката.

    Колку луѓето од Балканот се заинтересирани за соработка? Дали си имал можност да соработуваш со други музичари од регионот?

    Што се однесува до Балканот тука имам соработувано со повеќе музичари како што се тамара обровац, Дамир Имамовиќ, Весна Петковиќ, Крунослав Левачиќ, со кого веќе снимивме 3 албуми. Оваа година конечно ќе почнам да работам со Васил Хаџиманов, а непосредно пред настапите со Фолтин ќе настапувам со познатата џез вокалистка од Албанија Елина Дуни.

    Како успеваш да реализираш така изискувачки проекти со бројни музичари, посебно што е ова некомерцијална музика?

    Со работа, љубов и посветеност.

    photo by Ursa Lukovnjak 2010
    photo by Ursa Lukovnjak 2010

    Компонираш музика за оркестри, театар, за разни џез ансамбли, а тука се и бројните соработки.

    Некако примарно компонирам музика за состави кои сам ги бирам и продуцирам. Тука се трудам мојот израз да биде најчист. И со оркестрите главно се работат мои композиции, а во поседно време обработив и некои народни песни (македонски, словенечки). Со театарот не работам толку често. Можеби годишно ќе работам на една или две претстави и тука се ставам себе си во друга улога бидејќи музиката е подредена на сцената, приказната итн. Меѓутоа и тој простор има своја интересна инспирација. Бидејќи мојата концертна музика е полна со страст и енергија, а кај театарската музика можам да ја изнесам само мојата минималистичка страна.

    Често настапуваш во различни земји со различни музичари и пред различна публика. Има ли блиска комуникација со публиката и со музичарите со кои настапувате?

    Изборот на луѓе кои ќе настапуваат заедно ми е многу, многу важен. Мора да се сложи енергијата на групата, комуникацијата, а и да има слични погледи кон уметноста. Затоа изборот на луѓе со кои долгорочно соработувам е мал, иако проектите се многу. Комуникацијата ми е многу битна и со луѓето со кои соработувам и со публиката. Еден настап е успешен кога ќе има комуникација меѓу нас и публиката.

    Ненад Георгиевски

  • Балкон3 во Таинствениот град од Третиот свет на Дарко Рундек

    Балкон3 со Дарко Рундек – поет, режисер, продуцент, глумец и е најмногу познат како некогашен фронтмен на еден од најпопуларните хрватски и екс ју бендови, Хаустор.darko rundek balkon3Минатата година беше промовирана една необична книга „Рундек помеѓу – Книга за песните“, која (наспроти класична биографија) всушност претставува биографија на неговите песни, кои му послужиле на хрватскиот музички критичар Анте Перковиќ како основа за понатамошна инспирација да копа длабоко во нив и во човекот кој ги напишал. Книгата носи интимни, поетски записи и приказни кои на таинствен начин ги отсликуваат световите и ликовите во песните на Рундек. Неговиот бенд Хаустор, со својата музика, ги одбележа ’80-те години, но и децениите кои следеа. Неговата соло-кариера е еднакво богата со одлични изданија и популарни песни, кои тој најчесто ги изведуваше со својот Карго бенд, за потоа тој голем состав да се претвори во Карго трио, со кој тој најчесто настапува. Минатата година тој објави нова песна, Midnight Calypso, која е вовед во едно ново поглавје и издание во неговата кариера, по одличниот „Плави авион“. На 9 мај, Рундек со неговото Карго трио ќе настапи во Универзална сала во Скопје.

    Неодамна беше објавена книгата на Анте Перковиќ „Рундек, помеѓу (Книга за песните)“, која е една неконвенционална биографија за вас и за вашите песни. Како дојдовте до идеја да го ангажирате музичкиот критичар Перковиќ, чиј пристап е сосема необичен?

    Всушност, идејата дојде од дискографската куќа „Менарт“, која веќе некое време издава биографии на музичари; на пример, издадоа книги за Боуви, за Дилан, автобиографијата на Нил Јанг и дојдоа до идеја да објават биографија на некој нивни музичар. Кога ми ја предложија идејата, тоа не ми се допадна бидејќи, според мене, подобро е да се пишуваат биографии за починати музичари, кои го заокружиле својот живот, но бидејќи сакав да им помогнам, предложив таа да биде напишана на предвидлив начин. Потоа се сетив на Анте, чијашто книга „Седма република“ ја бев читал пред тоа. Неговиот пристап кон пишување за музика ми се допадна многу, бидејќи немав сретнато некој кој пишува за музиката однатре, односно некој кој може да ја пренесе или да ја преведе музиката во пишан збор. Така некако се најдовме и многу бргу се согласивме дека не е потребно да се напише биографија која би спојувала објективни биографски факти со песните, туку да се пишува за животите на тие песни кои поминале низ времето, кое влијаело врз нив или врз коешто тие самите влијаеле, чијшто одек се тие самите. Тој пристап ми се виде интересен и мојата референца е една мала книга од Виктор Шкловски за поетот Мајаковски, напишана во ’30-те години, една поетска биографија која многу ми се допадна бидејќи е книжевност, а не есеј. Тука Шкловски, кој е теоретичар на книжевноста, се покажал како многу талентиран писател и со пишувањето за Мајаковски напишал едно прекрасно дело, кое е многу поетско. Тука е и Марциус, кој пишува биографии на музичари, кој се смета за еден од најценетите биографи и чиј пристап е романизиран. Воопшто не е биограф во класичната смисла на зборот. Следна референца беше биографијата на човекот кој го убил Троцки, Рамон Мерцедер, односно „Втората смрт на Рамон Мерцедер“ на Хорхе Семпрун. Тоа се тие неконвенционални референци и оваа книга некако се роди од размислувањето во тој правец.

    Rundek_Izmedju_cover-balkon3Книгата е полна со референци и приказни кои е тешко да се разберат бидејќи приказните се нејасни бидејќи се премногу лични, и многумина кои не ги познаваат симболите и референците во вашето опкружување и околностите под кои настанале песните ќе имаат тешкотии при разбирањето, во однос на авторот Перковиќ, кој располага со нив.

    Мене ми е тешко тоа да го оценам, но е пишувано на начин на кој ретко се пишува денес. По малку тоа наликува на пребарување преку Интернет, каде што наидувате на милион референци и каде што некои работи се прескокнуваат, а некои не. Со ова сакам да укажам на новиот начин на читање, а со тоа и на модерниот начин на пишување. Тука имаме голема брзина на прескокнување на нештата додека поминуваме време читајќи преку екран. Со еден збор, таа е напишана на начин на кој читателот се активира на поинаков начин.

    Како ја насочувате инспирацијата кон пишување стихови и музика?

    Тоа е некогаш многу лесно, но честопати е и многу тешко. Мислам дека „тешко“ не е вистинскиот збор. Најчесто почнувам со музика и пеење досека сè уште немам зборови. Тука користам сè што ќе ми дојде. Пишувам на англиски или на јазик преку кој ми е лесно да ги пренесам тие вокали кои ги пеам или консонанти кои даваат ритам кај некои зборови. Размислувам како ме водат мелодијата и ритамот, и на тој начин пеам песна која сè уште нема зборови. Овде-онде ќе се појави по некој збор. Потоа го преведувам тоа спонтано пеење со помош на музиката која го инспирирала тоа пеење. Тоа е превод од некој јазик кој сè уште нема свое значење во зборови со некакво значење, притоа обидувајќи се да останам доследен до она звучење кое се јавило на почетокот. Се разбира, во тој процес, кога ќе почнат да се создаваат некои зборови, ќе почнат да звучат како непознатиот јазик, кога ќе добијат форма, ѝ наметнуваат логика на смислата која е паралелна со логиката на тоа како звучат. Тоа возење од преводот на звукот во зборови и следењето на смислата на тие зборови полека прераснува во текст.

    Влегуваат ли во пишувањето и лични искуства?

    Па, не секогаш. На пример, имаше песна која делуваше визионерски во времето кога беше напишана, а тоа е песната „Сејмени“, која беше напишана 1987/88, многу пред војната да се случи. Кога започна војната, наликуваше како баш за тоа да сум пишувал. Таа беше инспирирана од филмот „Огнени улици“ (Streets of Fire). Значи, инспирација беше еден филм.  Да кажеме дека песната „Курдистан“ од албумот „Синиот авион“ е инспирирана од документарен филм за илегални емигранти. Личното искуство доаѓа од тоа што сум го гледал филмот. Но тука не влегуваат само моите искуства, туку и оние кои се пренесени преку филмот.

    Дали пишувањето музика и стихови се дел од некоја ваша секојдневна рутина?

    Пишувањето е дел од моето секојдневние, но не е и моја рутина. Тука никако не можам да воспоставам некаква рутина, бидејќи ова е многу возбудлива работа која вклучува моменти на потполна безнадежност и моменти на големо воодушевување. Тоа е како една авантура, потрага. Тоа е како кога ќе наидам на ѕид; тука настапува некоја непозната сила која се појавува и ја решава ситуацијата.

    rundek1 balkon3Каква иснпирација стои зад некои од вашите понови песни, како што е „Сањала си да си сретна“ или „Руке“?

    „Сањала си да си сретна“ не е лоша песна. Самиот рефрен настана за време на една импровизација меѓу мене, Изабел и еден перкусионист од Париз. Го имав рефренот и често ми се случува да наидам на некој рефрен што ќе се појави сам од себе и потоа се обидувам да го конструирам контекстот на песната, кој би му дал контекст и смисла на рефренот. Така се вдадов кон сликите кои имаат врска со будење. Тоа е слика од некоја жена откако сонувала сон за среќа, „Мора да је био леп сан када тако почне дан“. Тука доаѓаат сликите и јас поитав кон тоа чувство на вибрации и отвореност кон таа жена која се отворила кон сонот што ѝ останал во потсвеста. Тука воопшто не е важно што сонувала, туку дека останала таа вибрација кон сè што нè опкружува. Тоа е песна за инспирација за состојбата на некоја фина вибрација. Сакав таа песна да звучи „битлсовски“ и тоа што мислам дека е важно за песната е дека по вториот рефрен, оставив простор за виолината која го кажа тоа што не можеше да го каже текстот. Таа го прикажува воодушевувањето кое стои одзади, а кое може да се види само со музиката.

    А „Руке“?

    Руке е песна која е напишана многу одамна, во раните ’80-ти. Таа беше планирана за мојот соло-албум, додека Срѓан Сахер беше во војска. Всушност, таа песна настана во времето на првиот албум на Хаустор и беше толку одамна, поради што и не се сеќавам многу (се смее). Тоа е приказна која секој партијанер може да ја раскаже за будење по некоја ноќ која била еуфорична и по којашто тоа будење е депресивно – „Јутрос си заборавио све што те држало скупа“. Претходната вечер си се „растурил“ и насабајле си се разбудил и не знаеш кај ти е главата. Еден мој пријател се бунтуваше за стиховите велејќи „па, душата не може да погине од тишина“. Вистина е дека тишината е лек. Меѓутоа, работите не треба секогаш да се сфаќаат буквално, нели? Но тука има нешто што Англичаните го викаат ’neglection‘ и музиката која доаѓа да ја замени тишината како лек, од друга страна, носи некој вид внимание и топлина.

    Кога ги спомнавте Хаустор, дали можете да направите пресек како созреавте како автор почнувајќи од почетокот на вашата кариера досега?

    Сè започна од тоа што сакав да напишам песна на гитарата со оние неколку акорди кои ги знаев. Прво правев музика за текстови кои веќе беа напишани. Првите песни кои ги напишав беа мали, иронични песни, кои произлегле од пубертетот и доцниот пубертет. Има една песна која најверојатно еден ден и ќе ја издадам, а се вика „Коноп за нечиј врат“. Тоа беше текст што го бев нашол во некој стрип за Шејн, во некое скоро напуштено каубојско гратче, каде што ветерот ги носи пустинските грмушки. Потоа, кога почнав да работам со Сахер, уште пред Хаустор, почнав да ги пишувам и првите текстови, кои или беа духовити, или симболични – дожд, оган. Тогаш со песните „Лице“ и „Духови“, кои се на првиот албум на Хаустор, ми се отворија некои нови простори. „Духови“ се сè уште некои заебанции, но со еден поелабориран и поструктуриран пристап, додека „Лице“ беше инспирирана од Брехт и Вајл. Тука, всушност, се отвори еден простор и мојата иницијација е работата на албумот „Трeћи свет“, каде што успеав да преминам од тоа интимно загледување во себе, кои се всушност опсесивно егоистични теми кон нешто што е надворешен свет инспириран од Астуријас, значи од егзотични краеви, Корто Малтезе. Toj некој копнеж, меланхолија, повеќе не ги затвораа моите самогледања, туку најдоа слики во надворешниот свет и тука се воспостави, да кажеме, една поетски метод, со кој го пренесував тој интимен свет во слики што ги делев со другите, без тоа да наликува на „дечково пишува лигави песни како постарите“. Потоа работите се натрупуваа сами по себе. Некој основен начин на транспозиција беше воспоставен и тука работите се движеа по некоја логика.

    haustor

    Како еволуираше тоа кога бендот созреа, а и кога ти почна со соло-кариера?

    На пример, албумот „Апокалипсо“, половина од тие песни беа работени со Хаустор, каде што поставата полека се распаѓаше. Со тој бенд се обидувавме да програмираме разни машини, но тоа повеќе не беше бенд којшто на проба можеше да создаде енергија за песна, туку станаа крпеница. Тогаш музички не можевме да дофрлиме доволно јако за да направиме добар албум и се откажавме од тоа што ќе беше петти албум на Хаустор, кој требаше да се вика „Довитљиви мали чудаци“. Тој никогаш не беше објавен и бидејќи некои од песните беа добри, половина од нив беа „Апокалипсо“, а половина беа од Хаустор. Со текот на времето, кај Хаустор темите станаа малку ограничени и преминувањето во соло-кариера ми делуваше ослободувачки. Тука добив олеснување за планови во коишто Хаустор стилски не би можеле да влезат. Но, „Апокалипсо“ беше еден вид продолжение на Хаустор. Од „Апокалипсо“ па натаму се најдов себеси на поголем бришан простор. Често на албумите се појавуваат барем по 2 песни кои сум ги пишувал за некој филм. Таа паралелна работа на пишување музика за претстави, каде што пишував за контексти кои не се мои, за ликови кои не сум јас, исто така заземаат свој простор. Сега сум повторно на тој бришан простор и повторно измислувам работи и се трудам да ги пробијам сопствените ограничувања. Пример за тоа е „Стојим и гледам се како постојим“. Тука успеав да го пробијам тоа некакво ограничување на начинот на којшто ги пишував песните. Пишувањето песни има јасни закони и оваа оди кон нешто што не е класична песна. Таа излегува од рамките на ритмичкиот стих во структурата на песната во нешто што е послободно.

    Како гледаш на работата со бендот Хаустор од оваа дистанца и како го гледаш бендот во рамките на музичката историја?

    Тој бенд беше сосема посебен. Да кажеме, Штулиќ е сосема автентичен автор за себе. Бендот беше инспириран од њувејвот и панкот, меѓутоа тоа што го направи излегува далеку од рамките на некои урнеци. Тоа што кај нас беше посебно, од една страна, беше етномузиколошкиот вајб, за кој заслужен беше Сахер и тука беше вклучена музика која никој од авторите на таа сцена не ја беа слушнале или не ги интересирала, како што е африканската музика и ритми, а од друга страна, мојата инклинација спрема театралното, песните од театарот, кабарето. Ги имавме тие два елементи, етномузиколошкиот и театралниот, кои на Хаустор му дадоа боја која другите ја немаа или не ги интересираше. Ние така звучевме во кој било период. Никогаш не бевме врзани за некој тренд. Бендот беше една паралелна појава која исплива со новиот бран, но за разлика од другите, таа музика не беше врзана со духот на времето.

    rundek2 balkon3Минатата година ја објави песната „Midnight Calypso“. Дали новата песна е вовед во некое твое ново поглавје во твојата кариера и нов албум?

    Да, таа е она што во дискографијата се нарекува ’пилот сингл‘, кој е најава за новиот албум, но бидејќи моите песни се стилски многу различни, така и од неа се чита каков ќе биде останатиот материјал. Тоа што е карактеристично е дека се базира врз луп, репетитивна е и нема некој хармонски развој. Но баш ја сакам оваа песна. Ми се чини дека верзијата што е објавена сега сум ја скратил малку повеќе, но на новиот албум таа ќе биде во поинаков аранжман. Тоа е навистина убава песна.

    Кои се мотивите сè уште да се занимавате со музика по сите овие години на сцената?

    Музиката е навистина една област што е неограничена. Со неа можам да се занимавам не еден, туку пет животи. Навистина не гледам дека некој кого го интересира музика би можел да се исцрпи. Ми се чини дека не постои ништо повозбудливо. Но тоа што е битно е дека е тоа двоен процес каде што музиката која свири во главата, која ја снимам на диктафон додека шетам, која се создава додека си играм со апаратите, луповите, програмите. Работата со звукот е алхемичарска работа. Познавам луѓе кои се разведувале од жените бидејќи не можеле да се одвојат од овие направи додека се занимавале со музика и трошеле многу време на нив. Од друга страна, постои и таа соработка со музичарите. Во тој некаков интимен простор, во некаква самотија додека се занимавате со музика која потоа ќе сретне некоја идеја или предлог – од времето на Хаустор па наваму, сите аранжмани настанувале со заедничко свирење, импровизации. Тој дел од процесот ми е многу важен и спојувањето на овие две работи навистина создава еден простор за креирање кое е богато и возбудливо, всушност – неисцрпно.

    Ненад Георгиевски

  • Љубојна: Цел свет израсна од фолклорот, дури и најлудите дела!

    Интервју со Вера Милошеска и Оливер Јосифовски од Љубојна – Тоа што било мит за Македонија, „кога ќе дојдеш во Македонија, немој да играш и немој да пееш“, повеќе не важи.Ljubojna 8 balkon3

    Музиката на Љубојна е музика на истражување. За овие 15 години, бендот мина низ голем број фази во кои музиката, но и членовите од бендот се менуваа многу често, а тоа резултираше во 5 различни изданија досега.  Токму таа „жед“ за истражување направи жесток пресврт во нашите животи, кога одлучувавме секој засебно, а потоа и заедно, дека музиката е она што највистински го живееме и најверно можеме да го сведочиме. За, потоа, истата таа љубов и истражувачки бескрај да нè спојат во еден успешен тим. Некако, имаше потреба да се сплотат различните креативни енергии на неколку луѓе и од тоа да се роди нешто што ќе биде почеток во создавањето на новиот звук на македонската музика. Тука никако не мислам на она т.н. „етно“, туку на вистинска македонска современа популарна сцена. Музиката растеше како што растеа нашите тенденции. Скоро сите нејзини фази се наоѓаат на посебен компактдиск. За сето ова време, Љубојна, не ја менува ами ја гради поставата на групата, и тоа резултира во три музички постави досега: чалгиска, акустично-електрична рокпостава и brass fantasy. На тој начин, Љубојна прерасна во една музички моќна институција. Нејзината музика е мост меѓу младите и старите. Љубојна ја остварува својата мисија уривајќи ги бариерите мегу старото и новото и глупоста „народно“ – „забавно“ и квази естрадно, вели Вера Милошеска за Балкон3.

    Од каде љубовта кон фолклорот?

    Вера: Мислам дека прашањево припаѓа на минатиот век, кога сè уште се експериментираше и сè уште имаше светски нечепната музика. Денес ова е смешно да се праша. Мислам, цел свет израсна од фолклорот, дури и најлудите дела. Тоа е животворно наследство, не можете тукутака да го издвоите само затоа што луѓето во Македонија се однесуваат кон сопствената култура како некои доселени странци со фразите: Wow, how lovely, how pure!? Музиката којашто ја живее Љубојна е музика пренесена од стари мајстори и која најприродно можеме да ја сведочиме. Љубојна не негува и не гради фолклор, таа прави некаква современа популарна музика во стил на ’ортодокс гламур‘. Македонската музика е изворот од којшто сме црпеле сознанија за музиката воопшто. Љубовта кон музиката не се раѓа поради припадност, туку поради личната потреба за реализација. Исто како што не е привилегија да си Македонец за да ја свириш и да ја сакаш македонската музика.

    ljubojna2 za balkon3

    Покрај тоа што сте предводници на бендот, вие сте и брачни партнери, што резултираше и во неколку успешни изданија и бројни концерти, а и музика за некои филмови и претстави. Што е тоа што прави работите да функционираат толку добро и на личен, и на професионален план ?

    Вера: Големата жртва што себеси си ја ветивме кога почнувавме со Љубојна, а и заедно, се разбира. Ние не сме само предводници, ние сме целиот PR на групата, што е ужасно напорно. За жал, ние ја немаме таа привилегија да се грижиме само за музиката, меѓутоа, пак, сè е во наши раце и целото некако лесно се движи. Изгледа се научивме да се носиме со таа одлука на таквиот начин на живот, кој освен што е навидум семеен, не е ни приближно сличен на ниеден секојдневен семеен живот, ниту, пак, на стандардното темпо на живеење. Формулата за успех е многу менлива категорија и многу индивидуална. Кај нас формулата е сочинета од тим: добра пејачка и добар композитор, кои и приватно ја делат истата идеја за музика.

    Ако е нешто карактеристично при вашиот избор на песни од македонскиот фолклор, тогаш е тоа акцентот што го ставате врз песните од Егејска Македонија. Што беше тоа кај овие песни, кои се релативно непознати во однос на стандардните, што вас ве привлече кај нив толку длабоко за да ги вклучите во вашиот репертоар?

    Вера: Навистина песните како „Твојте очи Лено“ и „Мори чупи Костурчанки“ се некако бренд на Љубојна уште од самиот почеток. Има некоја универзална музичка порака во нив, некаква љубовна химна или, ако сакате, скриена еротичност, која публиката ја доживува лично. Од друга страна, од огромниот репертоар на македонски песни којшто јас го интерпретирам, повеќето се егејски песни. А тоа е спонтан избор. Ми се допаѓа медитеранската лиричност во нив и, истовремено, силната словенска емоција. Тоа е музика која за мене илустрира вткаени сончеви зраци и леандри, портокалови градини и златни обетки, на пример.

    ljubojna4 za balkon3Дали со минатогодишниот концерт се заврши ова поглавје со блехмузиката?

    Оливер: Мислам дека премногу тешко ми звучи зборот „заврши“, или „започна“, за мене одговорот е поврзан со музичка фраза, музички стил, насока, не ми е јасно кога започнува, кога зрее, кога завршува. Само знам дека ако слушнам нешто од некаде што ми се допаднало, нешто што ми го потенцирало моментот и ми заиграло срцето, знам дека тоа некаде ќе излезе, во понатамошното креирање на музиката. Како, на пример, синоќа на еден паркинг во Скопје, нè пресретна едно младо момче со касетофон (што свети во многу бои и се носи на рамо, како од ’80-те години), и ни рече, „сакате да ви пуштам една музика?“ Ние рековме, „сакаме“. Рече, „го знаете ли Џемаил пејачот?“, рековме „да, го знаеме“. „Е па, дајте ми 50 денари и ќе ви пуштам.“ И така, на полноќ, на некој неважен паркинг во Скопје, слушавме еден саат музика од Џемаил, на касетофон што свети во 6 бои, притоа неверојатна жива музика, мајсторски испеана, отсвирена, и презентерот, момчето Али, со неверојатен мерак и страст тоа ни го пушташе и раскажуваше за Џемаил. Потоа долго во ноќта се прашував, ја сакам ли јас музиката барем пола колку што ја сакаше Али? Музиката некојпат извира од тотално нелогични простори и времиња.

    Е ај сега, го знаеш ли ти Џемаил? :-)))

    Вашите изданија се јавуваат во време на изместени вредности во ова наше општество, кога веќе подолго време секој негов сегмент е нагризано од кич и од евтина и масовна забава, а вистинските работи се втурнати во некој маргинализиран и темен сокак. Колку вашата музика може да ја врати вербата на луѓето дека не се сите работи изгубени?

    Вера: Љубојна за сите овие години е посветена на тоа како да гради музика од еден добар вокал, кој може да има различни лица, а да е со истата македонска душа. Сите наши изданија имаат различен звук, а таа е сепак една иста музика, што произлегува од истата творечка идеја. Во моментов, Љубојна е институција со постава како една Израелска филхармонија. Располага со акустичен чалгиски оркестар, со рок акустично-електронска постава, брас бенд и сите функционираат. Има авторска програма, истовремено и традиционална. Звучи мошне еманципирано!? Можете ли да го замислите сето тоа во исклучително локални рамки? Освен со герилска романтичност, не знам како поинаку би успеало тоа во денешни услови. Луѓето во Македонија просто не можат да поверуваат како Љубојна ги полни концертите поради музиката, која притоа секојпат е изненадување. Луѓето препознаваат музика, сакаат кога некој таму од сцената ги сака, сакаат да се чувствуваат живи и да се радуваат.

    Според вас дали има простор за креативноста и пораките кои таа ги носи во едно вакво неблагодарно опкружување?

    Вера: Па, тоа опкружување во голема мера сами си го создадовме, нема што да се жалиме. Прво, со години Македонците живееја со срам од сопствената музика, лутајќи по кулоарите на „културната“ музика од светот и тоа е комплекс кој остана во наследство од СФРЈ. Кога дојде време да се соочиме со себеси индивидуално и глобално, за тоа каква култура, какви брендови си изградивме во изминатите години државност, се најдовме во скоро празна кошница. Па почнаа, како-така, да се смислуваат и да се измислуваат брендови, онака најпартизански. На „ура“, без стратегија. Тоа, пак, ја фрли целата култура во еден таков какофонски ендек, во кој сè е на исто рамниште и во кој, за жал, сè уште се препелкаме. Успева само тој што сам се нуди на пазарот, а тоа не секогаш подразбира квалитет. Во денешните услови, снаодливоста е креативност. Во бескритично опкружување сè може да се продаде како креативност, пандан на тоа е дека – креативноста не се исплати. Згора на тоа е затворената политичка насока која нè гуши, инстант-живејачка која нè притиска и нејзиното дете, турбофолк музиката. Затоа е супер кога добра музика ја прави големината на музичкиот производ таква пред која што не можеш да замижеш.

    ljubojna7 balkon3

    Многу е евидентна едноличноста во понудата на музика низ мејнстрим медиумите, како во светски така и во домашни рамки, која се должи, меѓу останатото, на глобализацијата на музиката. Како гледате вие на иднината на македонската музика во 21 век?

    Вера: Да, глобализацијата го голтна светот, па не ќе ја голтне Македонија. Меѓутоа, нашата сцена не може да се спореди со ниедна светска сцена од проста причина што тука не се мисли глобално, сè е наменето и спакувано за минорен пазар. Не дека секогаш има таква тенденција, но е исклучително тешко да мислиш светски, без поддршка. А тоа повлекува многу одлучувачки фактори за тоа како ќе изгледа финалниот производ. За жал, најголемиот финансиски влог е токму во музика која е ужасно локална и не може да биде хит подалеку од Србија. Го држат светот „во мало“, исклучиво за личен профит. Така е со целиот мејнстрим наречен естрада, особено со турбофолкот, којшто моментално има најдобра аудио и видео продукција. Но тоа е толку силен бран, што му нема рамен противник. Луѓето го забораваат тоа. Каде со враќањето стари хитови и држењето на вештачко дишење на некоја си застарена квазизабавна фестивалска музика „а ла Сан Ремо“? Тоа ли е сè што можеме? Мислам дека не ја сфаќаме сериозно таа закана, која веќе го голтна целиот културен амбитус. Од друга страна, на овој простор има толку музичка оставштина, толку многу што да се прави. Значи, излезот е пред вас, а вие упорно копате страничен тунел. Да не се лажеме, без да се даде шанса и да се направи стратегија, за тој што има идеја за нов и свеж грув да му го понуди на светот, ќе потонеме, и тоа без трага.

    Дали може еден композитор да се занимава со работата која ја знае најдобро и да живее од тоа во земјава?

    Оливер: Па еве, штом разговараме, значи живи сме. 🙂 Друго задоволство како музичката професија засега не планирам да избирам, тоа е професијата што безрезервно ја сакам. Понекојпат, посакував да живеев во друга земја, ама тоа значи и ако требало да живеам во друга земја, ќе се родев таму. Мислам дека ако секој си го работи тоа што најдобро го знае, Македонија ќе биде едно прекрасно место за живеење. Засега јас тоа се трудам да го правам и мислам дека работата со музика е најубавото нешто, но на никого не му ја препорачувам. 🙂

    Со Љубојна имате настапувано често надвор од државата. Што е потребно за еден бенд да се издигне од својата средина и да биде прифатен надвор од неа и од својата држава?

    Оливер: Сите ние треба уште многу да работиме на издигнување и промовирање на нашата музика во светот. Тоа што било мит за Македонија, „кога ќе дојдеш во Македонија, немој да играш и немој да пееш“, повеќе не важи.

    Со Љубојна, од друга страна, сум сосема задоволен во тоа што го правиме и се разбира, има тенденција да се проширува сè повеќе надвор од нашите граници. Тука станува збор за една долгогодишна истражувачка акумулирана енергија. Нашите зацртани цели за периодов што следува е снимање повеќе музички материјал, така што ќе треба да работиме на уште повеќе презентирање надвор од нашиве граници.

    ljubojna3 za balkon3

    Дали би можеле да издвоите некоја публика која ве има дочекано најсредечно?

    Вера: И македонската и странската ме изненадиле многупати. На толку многу концерти, не можам да се сетам… еднаш во Рим се случи да ми пријдат неколку жени и плачејќи да ме прегрнуваат, да ми се заблагодаруваат. Се случува, по клупски концерт, да ми пријдат со цели концепции за карактерот на музиката на Љубојна, што искрено жалам што немаме такви вистински критичари за музика 🙂

    Што е тоа што најискрено допира до некоја публика, без разлика каде и да настапувате?

    Вера: Начинот на обраќање. Публиката сака да биде понесена, да и подадете рака и да и речете „ајде со мене“. Не е лесно да се стори тоа, особено не во денешно време, кога таа е воглавно „заспан“ консумент. Публиката ви верува ако вашата интерпретативна емоција искрено ја упатувате секому поединечно, ако не ја изманипулирате нивната емоција, публиката двојно ќе ве награди на другиот концерт, и тоа е круг кој постојано се зголемува.

    Кога вие би добиле задача да направите компилација каде што би биле застапени најрепрезентативните претставници на балканската музика, кого сè би вклучиле тука и зошто?

    Оливер: Оххх…тоа е тешка задача за мене, ќе погрешам. Мислам дека сè уште секое село има по еден најрепрезентативец што е за покажување и што заслужува да биде дел од компилацијата. Со тоа би се добило музика, музика со вреќи. Ама мислам дека само така ќе се разбере дека тука постојат богати музички региони, рамни на една музичка неистражена вселена што чека да биде осознаена, кога-тогаш…

    Ненад Георгиевски

  • Балкон3 интервју со Раби Абу Калил – човек што ги премостува културите

    Секоја култура е мултикултурна, уште откако човекот ја напуштил Африка и се проширил низ целиот свет. Верувањето во чисти култури е на некој начин фашизоидно, вели музичарот со потекло од Бејрут, додавајќи дека и слепото придржување кон традицијата е погрешно, зашто се` што е традиција денес, било револуција вчера, вели во разговорот за Балкон3, Рабих Абу Калил, човекот кој ги премостува културите.

    DSC_2889

    Истокот и Западот се два различни света и култури, но тие понекогаш се среќаваат. Едно од местата каде што тие доаѓаат во контакт е музиката на познатиот Раби Абу Калил. Тој е еден од најпознатите виртуози на традиционалниот инструмент оуд и реномиран композитор чии интереси и жед за нова музика значително влијаеле врз она што го твори. Неговото сфаќање за музиката како средство за премостување културни бариери му помогнало да освои публика од сите меридијани. Самиот негов бенд се состои од музичари од различни поднебја, а тоа придонело дополнително да се збогати неговата музика. Минатата година по четврти пат настапи во Македонија, на фестивалот за етно музика во Битола, каде го промовираше изданието „Хангри пипл“ (Гладни луѓе), кое ги отсликува желбите и гладта на луѓето на денешницата за нормален живот.

    – Вашата кариера е одбележана со преземање ризици, мултикултурални потфати што на крајот резултирало во посебна музика. Што беше тоа што ве инспирираше да направите нешто поинаку и да не се вкорените и ограничите себе си во рамките на една строга култура и традиција?

    – Можеби тоа што го правам е резултат на тоа што можеби и сум вкоренет во својата култура. Мислам дека е тоа причината. Музичарите со кои настапувам, секој од нив е длабоко навлезен во своите култури од кои доаѓаат. Исто така, мислам и дека ова е единствениот начин на кој ова може да функционира односно еден да се чувствува удобно во својата култура, а потоа да може да ја надмине, со цел да направи нешто повеќе. Кога луѓето ми поставуваат прашања од типот зошто и како, што е нормално, јас навистина немам никаков план, дури не се трудам да направам нешто. За мене музиката е емотивно изразување, а не стилистичко. Поради тоа, нормално, се што ќе слушнам влијае врз мене. Се што ќе видам влијае врз мене. Се што ќе почувствувам влијае врз мене.

    Но јас немав никаков план каде би вовел малку мултикултурализам. Едноставно само работев со музичари со кои можев да работам. Тие се погодија да бидат од сите страни. На пример, ако слушнам некој од Португалија дека добро свири, ќе кажам – супер, би сакал да соработувам со човекот. Тој звучи како некој со кого би можел да се поврзам. Јас долго време живеев во Германија, но многу малку работев со германски музичари бидејќи не мислев дека е неопходно да свирам со нив. Не дека се обидував да ги избегнувам, туку барав вистински личности.

    DSC_2872

    А, кога се зборувам за мултикултурализмот, работите не се промениле уште од времето кога  луѓето ја напуштиле Африка и се рашириле низ светот. Не постои чиста култура. Сите тврдења дека постои се на некој начин фашизоидни. Не постои ништо што е чисто. Сите се селеле од едно место на друго, Грците, Римјаните, секој и секаде. Во Либија можете да видите луѓе кои се русокоси. Дедо ми беше русокос и имаше сини очи, а тој беше роден во едно село во планините во Либан. Мултикултурализмот е основата на човечката култура. Без неа не би можеле да одиме ниту еден чекор напред. Погледнете ги Американците и нивната култура. Тоа всушност и не е култура. Тоа е група луѓе од сите страни на светот и кои се собрале поради своите интереси.

    Како заклучок, средбите меѓу културите, односно меѓу луѓето од различни краеви на светот секогаш предизвикувало културите да растат. Погледнете го џезот – тоа е средба меѓу  Европа и Африка. Целата Римска империја носела робови од сите страни. Во Рим, ако го гледате тој период, било врв на мултикултурализмот. Тие имале робови од сите краишта. Дури и императорите биле родум од различни краишта на империјата – Сирија, Германија, од секаде. И секој од нив додал нешто до работите кои таму постоеле. Така што, кога Мусолини дошол на власт и изјавил дека сака да ја сочува Италијанската култура да биде чиста, мислам, чекај малку, таа веќе беше мешавина од толку многу работи. Размислувањето дека работите треба да ги чуваме чисти е многу, многу погрешно. Ништо не расте кога работите се чисти. Дури и за кафето треба да ставите вода, млеко или шеќер. Ништо што правиме не е чисто. Дури ни емоциите не ни се чисти. Секогаш е мешавина од многу работи.

    DSC_292011– Вашиот роден град Бејрут важел за космополитски град во 1960-тите и во 1970-тите кога вие сте живееле таму пред граѓанската војна. На кој начин животот таму влијаел врз вас?

    – Мислам дека повеќе од растењето во Бејрут, навистина, влијаеше растењето со одреден начин на размислување во моето семејство. Татко ми потекнуваше од едно мало село во Либија и како што е случајот најчесто со луѓето кои доаѓаат од различни краеви од светот, тој беше заинтересиран за се. Тој изучуваше 8 јазици кои ги зборуваше сосема добро. Тоа не беше нешто што очигледно беше карактеристично во фамилијата бидејќи татко му работел со кожа. Но него не го интересирало тоа и воопшто не беше религиозен човек. Веројатно тоа ни помогнало да бидеме отворени за се. Ние воопшто не размислувавме дека сите сме различни, поради што тоа беше работата која допринесе да се почувствувам дека можам да се отворам и да земам се што ми треба и да го помешам тоа со различни идеи.

    Втора работа е дека Либан во тоа време беше многу отворена земја. Всушност, целиот арапски свет беше многу отворен тогаш. Воопшто не беше како што е сега. Денеска кога се гледа на него првата помисла е нешто лошо. Можеби тоа е вистина, но тогаш беше многу отворен свет. Арапските општества знаеа повеќе за Европа отколку што Европјаните знаеа за нас. Тоа, се разбира, ни помогна да ги разбереме. И знаете, татко ми беше поет и беше многу заинтересиран за се што има врска со зборот. Тоа исто така некако се пренесе кај мене и мојот начин на размислување како и кај сите нас. Се разбира, денес тој би бил погрешната личност таму

    – Какви се реакциите на луѓето од арапскиот свет или пошироко на вашите екскурзии во различни музики ширум светот, а кои подоцна ги инкорпонирате во вашата?

    – Сета моја кариера добивам различни рекации, како и за секоја работа во животот. А, кога сите се согласуваат дека нешто е добро, тогаш тоа мора да е лошо. Луѓето никогаш не се согласуваат целосно кога нешто е добро. Има најразлични реакции. Постојат луѓе кои мислат дека ова е одлично и дека е нешто ново, а тука се луѓе кои велат „ да, но ти треба да си ги држиш работите во рамките на традицијата“ што е тема за која сум многу чувствителен, бидејќи кога се работи за традиција, не постои такво нешто. Тоа што е традиција денес било револуција вчера, и ако сте проучувале нешто, ако вашето сеќавање иде подалеку од една генерација ќе сфатите дека ништо не било изградено на ист начин. Дури и ако се обидете и направите работите да испаднат исти тие никогаш нема да останат такви. Се се менува. Размислувањето дека треба строго да се придржуваме кон нешто всушност го убива и го гуши повеќе отколку што го пушта да расте и созрева.

    DSC_2762
    Раби Абу Калил и Ненад Георгиевски

    – Кога навлегувате во културата и музиката на другите луѓе вие тука наидувате на различни духовни елементи кои се вткаени во тие култури. Дали духовното игра некаква улога во вашата музика?

    – Духовноста е еден неверојатно магловит израз кој е многу, многу тежок за да биде дефиниран што всушност тој претставува. Јас се обидувам да создадам семејство од музичарите со кои соработувам. Ние сме семејство. Со овој бенд работам веќе 15 години и се уште сме добри пријатели. Ние јадеме заедно, се дружиме заедно, уживаме во времето кое го поминуваме заедно и правиме музика заедно која е нешто што верувам може да се случи само во рамките на едно семејство. Тука е нашето пријателство, како и потребата за комуникација меѓу нас, каде ние сеуште се обидуваме да претставуваме нови работи секој пат кога работиме заедно. Ние се уште ги свириме некои од старите песни и секој пат е поинаку. Ние ги гледаме од  различна временска дистанца и различна перспектива. Работите се менуваат постојано. Поради тоа, духовноста, во некоја религиозна смисла, за неа нема место во било што креативно.

    DSC_2763

    Имате убави сеќавања од настапот со филхармонискиот оркестар на Скопскиот џез фестивал во 2008?

    Да, беше многу убаво. Јас уживам кога работам во Македонија. Како што знаеш, јас сакам да работам со луѓето и со културите. Воопшто не се трудам членовите од бендот , како што е Французинот да звучи какао Арап или Италијан. Повеќе би сакал да видам да можеме да откриеме нешто за што би можеле сите да зборуваме во исто време. И македонската музика е блиска до моето сфаќање и многу е лесно да се комуницира со оркестарот во врска со тоа. Би било убаво ако би можел да работам повторно со нив.

    Настапот во Битола ви беше четврт по ред во Македонија..

    Чувствувам дека луѓето тука ме сфаќаат и на некој интересн начин, музички сум сфатен. Обично луѓето од разни места ја сакаат мојата музика и секогаш има добра реакција. Меѓутоа, можеби тоа се должи на тоа дека ова место е исто така мешавина од различни култури. Дури и храната. Кога ќе вкусам нешто веднаш помислувам „ова е нешто што и мајка ми би можела да го спреми„. Тука постојат многу работи кои се слични, а во Македонија, музиката има смисла за ритам со која сум многу поврзан. Беше многу лесно да се свири бидејќи секогаш кога настапувам со европски музичари најголемиот проблем е ритамот. Се обидувам да сфатат дека тој не иде 1-2-3-4. Не се работи само за тоа, туку и многу други работи, како и начинот на кој ритамот комуницира. И јас го немав тој проблем со македонските музичари. Се разбира, со нив е лесно да се работи и потоа можеме да се насочиме кон музиката отколку на техничките работи.

    DSC_2866

    Тоа се должи на фактот дека традиционалната музика, која е популарна, е вткаена во нашата ДНК, и сите растеме со неа. Некои од оркестарот и ја изведуваат во слободно време.

    Се разбира, тоа го прават сите и тоа ги прави посебни во Македонија. Навистина е многу ретко да се види некој кој не зна да свири на некој инструмент. И ако не свири, тој слуша, што е иста работа. Ако слушате, не мора да свирите. Доволно е. Ова е многу ретко и не сум го видел во некоја друга земја, дури ни во земјите околу Македонија. Има нешто посебно во врска со тоа. Тој елемент постоеше уште првиот пат кога свиревме тука. Тоа беше едно сознание дека се работи за поинаква публика.

    Фото: Беким Мустафа

  • Балкон3 интервју со Зоран Предин (Лачни Франц)

    Kaриерата на еден од најпознатите и најпопуларни словенечки музичари, Зоран Предин, е сè, само не здодевна и еднолична. На публиката Предин и е познат како главен автор и предводник на култниот бенд  од ’80-те, Лачни Франц од Марибор. Тој неодамна го објави својот 33-ти албум по ред, „Коса со боја на сребро“,а истовремено ја објави и својата книга „Втора жена во харемот“, каде што на едно место се собрани негови приказни, анегдоти, патеписи, размислувања, преписки. Таа книга е преведена на повеќе јазици, меѓу кои и на македонски, а заедно со промоцијата на книгата во Скопје, тој одржа и интимен концерт, каде што го промовираше своето ново издание.

    predin10

    Вашата нова книга „Втора жена во харемот“ е ваше прво прозно дело, по три збирки поезија. Тука се собрани ваши приказни, патеписи, анегдоти, импресии. Што беше тоа што ве инспирираше да ја напишете оваа книга?

    Додека чекав во болничкиот кревет да ме оперираат, направив еден вид „попис“. Се сетив на некои приказни кои никогаш не сум ги напишал, а би било штета да се заборават. Следно беше да ги напишам тие приказни, за потоа да се сетам дека имам некои дневници и претходно напишани патеписи, кои сум ги пишувал за разни весници. Ги прелистав за да видам колку се сега читливи и видов дека се сè уште живи, односно дека се духовити и дека функционираат. Малку ги реставрирав и ги вклопив во проектот. Поради тоа, мислам дека сè течеше нормално. Јас лично немав високи литерарни амбиции, туку сакав да направам тоа што и го направив – џебна книга, со лесна и забавна содржина и без некои обврски. Очигледно е дека ми успеа.

    Во колкава мера автобиографската природа на книгава се вклопува со неодамна објавената биографија за вас  „Од прва рака“?

    Тоа се две различни работи. „Од прва рака“ е биографија која ја напиша некоја трета личност. Тој дојде до тие информации така што со мене правеше некои интервјуа, и не само со мене, туку и со некои други, почнувајќи од членови на моите бендови, па сè до новинарите кои ме познаваа. Меѓутоа, таа книга е нешто друго. Мојата книга е раскажана од мој агол и во неа се мои искуства.

    Сега се актуелни автобиографиите на реномирани музичари и секоја година се објавуваат во голем број. Покрај комичните ситуации, патеписите, тука опишувате и непријатни ситуации. Колку е лесно или тешко да се отворите пред луѓето на овој начин? Порано тоа го правевте преку своите песни.

    Јас мислам дека ова е единствениот начин некого да го заинтересирате за читање, односно да бидете искрени и отворени, а не да измислувате работи. Тоа може само ако пишувате фикција. Меѓутоа, тоа е друга приказна. Ако пишувате за некои ваши случувања, тогаш мора да бидете доследен и чесен. Тука нема опасност дека некој би можел да ве повреди бидејќи не измислувате – тоа навистина се случило. Тоа што го опишувате се вашите емоции. Бидејќи многумина се нашле во слични ситуации или имаат можност да се соживеат со вашата приказна, а со тоа и самите да ги доживеат тие чувства, тоа на крајот се вика победа.

    predin12 predin13

    Книгата е посветена на починатиот хрватски музички новинар Дарко Главан, кој трагично настрада пред неколку години.  

    Тоа е една трагична и непотребна смрт. Бевме заедно во Вараждин (Хрватска) и го гледавме Сантана, и по седмата или осмата песна, кога се завртев, тој повеќе не беше покрај мене и никогаш повеќе не се видовме. Јас и тој бевме многу добри пријатели; ми беше како постар брат. Многу научив од него и многу ми недостасува.

    Книгата беше промовирана, покрај во Словенија, и во Хрватска, во Македонија и на крајот, во Србија. Таа и е преведена на повеќе јазици. Какви се реакциите на луѓето од овие простори?

    Реакциите се главно добри. Тоа се некои нови луѓе, бидејќи со книгава ја проширив својата публика, зарем не? Некои кои ме запознаа преку книгата сега почнаа да ја слушаат мојата музика, а оние кои ја познаваа мојата музика ја зедоа книгата за да видат за што зборувам и мислам дека сето тоа на еден фин начин се поврза и се надгради. Во последно време ме повикуваат во разни библиотеки и книжарници, и јас ги поврзувам работите со тоа што во градот во кој ја претставувам книгата правам и кантавторски концерт во некој клуб или во некој театар. Поради тоа, таа поетика живее и на литературен, и на музички начин. Судејќи по пораките или по Фејсбук, можам да забележам колку луѓето се забавуваат додека ја читаат книгата и еден на друг си ги прераскажуваат приказните.

    predin11Паралелно со книгата го промовирате и вашето ново издание „Коса со боја на сребро“.

    Во суштина не сакам да се повторувам и овој пат направив еден поинаков бенд, каде што малку го променив инструментариумот: наместо бас има туба, потоа има хармоника, електрична гитара, а за првпат во својата кариера, користам и електронски лупови, кои се направени на таков начин што овој тип на музицирање ќе биде претставен функционално. Тој не е за публика која седи, туку за оние кои сакаат да денсаат, што одлично се покажа пред еден месец во „Творница културе“ во Загреб, каде што се покажа дека тој систем навистина функционира. Секоја песна има свое чувство, свој аранжман, поради што изданието е свет за себе. Воопшто не може лесно да се предвиди во какво расположение или свет ги водам слушателите со секоја песна. Според мене, тоа е најважната работа на албумот. Текстовите се на ниво или, како што забележа еден новинар, со нив покажувам дека сум останал бунтовен, но дека сега се бунам на шармантен начин. Тоа што можеме да ја презентираме оваа музика верно во живо и на добар начин е уште една од позитивните работи кај албумот. Според мене, ова е world music, но на сосема свеж начин.

    Што беше инспирацијата зад песната „Коса со боја на сребро“, по која и албумот го носи името?

    Сонував една ситуација. Тоа може да звучи банално, но за првпат се случи да запаметам еден сон кога ќе се разбудам, и едноставно ја запишав таа случка. Сонував дека сум се сретнал во сон со Маргита (од ЕКВ), но бидејќи таа останала млада, каква што ја паметиме сите, а јас во меѓувреме остарев – таа не ме позна. Бидејќи во ушите ми одѕвонуваше нивната песна „Очи со боја на мед“, како алузија на тоа го одбрав насловот „Коса со боја на сребро“.

    Од оваа временска дистанца, како гледате на тој период од музичката историја кога, меѓу останатите, функционирале бендови како што се вашиот бенд Лачни Франц и ЕКВ?

    Тоа беше многу продуктивен и квалитетен период, кога се создавала квалитетна музика која е сè уште жива. Новата музика на новиот бран е сè уште присутна и неа ја слушаат нови и нови генерации. Таа носи нешто во себе што другите видови музика пред неа го немале, и тој интерес на новите генерации за неа покажува дека е таа навистина волшебна и посебна. Зошто е тоа така, веројатно социолозите би можеле поубаво да објаснат. Таа беше храбра, бескомпромисна и искрена. Тоа се, веројатно, нејзините основни доблести.

    Бендот Лачни Франц создаваше посебна музика, а вашите текстови беа критични и провокативни. Дали таков вид креација во вид на критика и протест постои на овие простори?

    Јас мислам дека постои, но дека многу од работите се променети. Да се гледаат некои работи од минатото и денес на ист начин нема смисла. Она што се случува денес мораш да го гледаш со денешни очи и уши. Тука никаква носталгија нема позитивен ефект и апсолутно мислам дека каква било носталгија носи штета, бидејќи ги попречува идеите и им го краде просторот.

    Зарем изданието „Траги во копнежот“ (Tragovi u sjeti) со Матија Дедиќ, каде што го обработивте „кремот“ од југословенските песни, не се базираше врз носталгија?

    „Траги“ намерно носеше некој копнеж и не беше носталгичен. Голема е разликата помеѓу тие два поими. Тоа беше еден експеримент што покажа дека кога слушаме познати песни, кај нас во потсвеста се вртат оригиналите. Каде и да ги слушаме тие песни – на тераса, во кола, во каков било аранжман, во главата ни се вртат оригиналите. Нашата минималистичка изведба на тие песни е, всушност, црвено копче кое се вклучува во потсвеста кога ќе се слушне таа песна.

    http://www.youtube.com/watch?v=4ZizddICr2A#t=26

    Што е тоа што ја прави песната бесмртна? Што е тоа што ја прави слушлива за многу генерации понатаму, а не само во моментот кога е создадена?

    Тоа се случува кога песната ќе допре до емоциите на што поголем број луѓе. Тоа значи дека голем број луѓе во песната, како со шифра, ќе дешифрираат нешто што ним им е многу блиско. И јас на тој начин би го рекол тоа или на тој начин би ја отпеал, бидејќи во мене буди идентични чувства. Ако тие работи се совпаднат, тогаш имаме хит или евергрин. Меѓутоа, тоа не може да се направи намерно. Дури и оние хитмејкерите мора да имаат инспирација, а со тоа и занает и сè друго, но без инспирација, нема ни хит ни евергрин.

    Колку сте во можност да следите што се случува на музичката сцена на просторите на бивша Југославија?

    Па, не многу. Воглавно сум толку преокупиран со својата работа на најразлични полиња, поради што воопшто немам време. Ако некој ми прати нешто или ако ми препорача нешто, на пример, кога сопругата Барбара ќе ми прати некој линк, јас тоа ќе го погледнам и ќе го слушнам. Понекогаш и самиот ќе најдам нешто. Може да се каже дека сум 4-5 чекори зад случувањата, но работите ме стигнуваат. Тие квалитетните ме стигнуваат.

    Дали постојат планови за некоја нова книга?

    Засега не, иако имам некои идеи поради кои можеби би се нафатил навистина да напишам еден роман. Меѓутоа, сега-засега нема, бидејќи не чувствувам потреба за тоа, а мислам и дека немам доволно добри идеи за да започнам со сигурност. Сега повторно настапувам со Gypsy Swing Band и со Дамир Кукурузовиќ создадовме прекрасна програма, за која се надевам дека ќе ја претставам во Македонија или напролет, или налето. Главно, следната година со сигурност можам да кажам дека ќе следат живи настапи и промоција на книгата.

    фото: Ангел Ситновски