Author: Nenad Georgievski

  • Музиката е како живеењето, но уште подобра

    Интервју со Матс Густафсон

    И авангардната фри импров сцена има свои ѕвезди меѓу кои далеку најпознат е Швеѓанецот Матс Густавсон, еден од гостите на овогодинешниот Скопски џез фестивал. Не постојат доволно зборови кои ќе можат да го опишат тоа што овој музичар успева да го произведе со својот саксофон. Фри импров музиката е тип на импровизација без никакви музички правила освен емоциите и логиката на музичарот или музичарите кои учествуваат во тие колективни импровизации. Како неуморен изведувач на овој вид музика тој зад себе има бројни изданија и настапи, вклучувајќи и соработки со познати авангардни уметници, како што се Питер Броцман, Кен Вандермарк, Еван Паркер, Дерек Бејли, но и со уметници од поинаков калибар како што се Турстон Мур и Sonic Youth, Џим ОРурк и Нене Чери. Бендот со кој најчесто е активен е The Thing, а последно нивно издание е соработката со Нене Чери на популарното издание The Cherry Thing. За Густафсон ова ќе биде втор настап на СЏФ, откако минататa година настапи со својот друг бенд Fire! Оваа година тој и The Thing ќе настапат со една од легендите на фри џез музиката, Џо Мекфи.

    Како воопшто се сретнавте со џез музиката?

    – Со џезот првпат се запознав преку еден 7-инчен винил од колекцијата на мајка ми. Таа музика ми остави голем впечаток. Меѓутоа, моите први вистински средби со креативната форма на џезот, во која спаѓам сега и јас, се случи во џез клубот во мојот роден град Умеа. Тука слушнав огромни количини на фри џез, и таа музика многу наликуваше на панк рок музиката која ја свирев во тоа време: чиста енергија и посветеност!

    Од каде се појави интересот за импровизација?

    – Преку другите луѓе. Тоа е единствениот начин да научите нешто. Суштината на ова е во споделувањето на сите нивоа. Се работи за комуникација. Поради тоа импровизираната музика ќе биде секогаш валидна и како музичка форма и како форма на отпор. Да кажам дека сите ние кои членуваме во The Thing имаме еден куп различни проекти и бендови и имаме различни пристапи кон сето ова. Со овој бенд имаме еден вид список или книга со неколку стотици можни композиции и ние никогаш однапред пред настапот не одлучуваме кои дела ќе ги изведуваме. Тоа е метод кој најдобро функционира за нас, односно да импровизираме само со она што го имаме. Што и да се појави, ние ќе го свириме.

    Кoја беше првата импровизирана музика која ја слушнавте и каков ефект имаше врз вас?

    – Првата импровизирана музика на винил која ја чув беше Little Richard, односно неговата дувачка секција, а после тоа беше Питер Броцман со Machine Gun. Кога се работи за живи настапи, тоа е Пер Хенрик Валин Трио. Кога го чув неговото трио како дете тоа имаше голем ефект врз мене. Ќе признаам дека ние зедовме некои од нивните начини за правење музика и ги направивме да бидат наши. Во суштина, со The Thing секоја музика на која ќе наидеме се обидуваме да ја искористиме, без разлика дали е хардкор, метал, шлагер, гаражен рок. Се обидуваме да ја направиме да биде наша музика.

    Кога за првпат се приклучивте на фри импров/фри џез сцената?

    – Од првиот момент кога ја чув. Заедницата е многу отворена и сака да споделува. Мене ми се допадна фактот дека е тоа многу DIY (направи сам) култура. Самиот морате да ги развиете сите можности, и за тоа не постои друг начин. Направи го тоа! Направи го тоа или остани си дома.

    Зошто е оваа музика важна?

    – Музиката е како живеачката, но подобра. Кога тоа го знаете, го чувствувате, го разбирате, Вие ќе го НАПРАВИТЕ тоа. Музиката е живот. Животот е музика.

    Колку Ви смета таа жанровска поделеност и етикетирањето?

    – За мене именувањето жанрови и класифицирањето музика е негативна работа. На тој начин ги одбивате луѓето и однапред им всадувате идеи во главите. Се работи за МУЗИКАТА. И тие треба отворено да ја слушаат, а тој пристап ќе ги награди. Музиката треба да биде за покажување нови перспективи, да се фрли ново светло врз работите, да се натераат луѓето да слушаат, размислуваат и делуваат. Ако слушате слободно, вие ќе размислувате слободно и ќе ДЕЈСТВУВАТЕ слободно. Ова е основна работа за мене.

    Вашето име е поврзано со голем број проекти поврзани со музиката и други уметности. Се чини дека постојано работите. Што е тоа што Ве инспирира да работите со тоа темпо?

    – Свесноста дека овој вид на алтернативна/бунтовна музика има вредност и моќ да ги промени работите, и малите и големите. Музикава е сама по себе политички чин. Тоа како наликуваат општествата денес, нам сигурно ни требаат алтернативи. Креативните политики и идеологии слабеат. Некои други интереси доминираат со нашиот секојдневен живот. Оваа музика може да биде алтернатива. Таа би можела…и би требала да биде. Се работи за споделување и истражување. Не можам да се заситам од неа. Тоа е факт.

    Во вашата кариера објавивте многу изданија меѓутоа Cherry Thing со Нене Чери е издание на кое за првпат направивте издание базирано на популарни песни. Какво беше искуството да се работи со неа?

    – Јас целиот мој живот работам на музика базирана на песни, вклучувајќи проекти со рок, панк и гаражни групи, а и сеуште го правам тоа. Тоа нема воопшто да се промени. Тоа се моите корени. Проектот со Нене беше одлично искуство. Таа е неверојатна пејачка, веројатно и најдобрата. Сите ние отидовме до крајни граници. Ептен ми се допадна тоа. Всушност, тоа е тоа што големите музичари го прават – тие се потиснуваат кон нови искуства и звуци.

    Како ги избравте песните за албумот? Прочитав дека бендот имал листа од 50 песни.

    – Тоа беше заеднички потфат, односно беше многу демократски. Сите ние избравме различни песни, песни кои не инспирирале. Исто така, напишавме и свои нови песни. Од истата сесија ќе има уште работи. Ќе бидат експлозивни како динамит!!!

    Пред настапот во Скопје ќе имате една мини турнеја со Турстон Мур од Sonic Youth. Со него имате различни проекти, а имате и заеднички проект со Sonic Youth.

    – Ова е различно во однос на Нене Чери. Тој е Турстон Мур, а Нене Чери е Нене Чери. Тие се различни, но во исто време се навистина супер! Всушност ќе настапиме како трио во Лондон за само еден настап. Би требало да биде забавно. Турстон е супер и двајцата боледуваме од иста болест: дискохолизам (собирање винилни изданија). Таа не може да се излечи и тоа продолжува понатаму. Една плоча дневно прави докторот да биде што подалеку. Навистина е прекрасно да се соработува со овие луѓе кои навистина ви се допаѓаат, а воедно и да се истражуваат работи на подолг период. Тука ги вклучувам Броцман, Кен Вандермарк, Бери Гај, Турстон. Со текот на времето се случуваат нови работи, а истите се продлабочуваат и развиваат.

    Што е тоа на што двајцата се восхитувате кај опусот на едниот и другиот?

    – Тоа треба да го прашате г-от Мур. Но, јас му се восхитувам баш поради тоа што тој го прави. Ми се допаѓа и фактот дека боледувањето од иста болест му помага на нашето другарство.

    Друг музичар со кого често настапувате е легендата на фри импров музиката, саксофонистот Питер Броцман. Каков е вашиот однос со неговата музика?

    – Се разбира дека тука постои посебна поврзаност. Питер е посебен. Нема друг кој наликува на него. Тој беше тој кој ме натера да разберам (преку неговите плочи) во што беше и сеуште е суштината на оваа музика. Енергијата и посветеноста. Machine Gun е издание за кое многумина мислеа дека се работи за некаков политички манифести односно анти Виетнам. Меѓутоа Machine Gun всушност бил прекарот на Дон Чери, очувот на Нене Чери. Нема врска со политика. Меѓутоа таа музика ме натера да ја разберам поврзаноста помеѓу фри џезот, панк рок и хардкор музиката, за кои бев заинтересиран во тоа време. Тоа беше тоа што всушност ме инспирираше да се впуштам во фри џезот, но сеуште да ги задржам елементите од панк рок музиката. Оваа музика ми ја отвори секоја нишка од ДНК-та во моето тело и ум.

    Во Скопје ќе настапите со Џо Мекфи.

    – Обично тие соработки ги прикажуваат нашите различни интереси. Со Џо сме соработувале многу пати и тој имаше оромно влијание врз нас тројцата индивидуално и како група. Тој има 70 и неколку години и сеуште растура како да има 20. Всушност ние старееме додека тој се подмладува.

    Ако се земе предвид дека фри импров музиката не може биде толку комерцијално остварлива дали мислите дека еден уметник може да биде искрен кон уметноста, а во исто време да ја одржи комерцијалната страна?

    – Ако не сте искрени кон својата уметност, најдобро ќе биде да си останете дома. Тука нема компромиси. Се додека го изразувате својот глас во било каков контекст, ќе биде се во ред. Меѓутоа, тука не смее да има никакви глупави компромиси. Овој начин на правење музика не е на продажба!

  • Фестивал каде се среќаваат филмот, музиката, морето и планините

    Интервју со Адмир Чулумаревиќ, директор и основач на фестивалот

    Адмир Чулумаревиќ, Никша Братош и Саша Лошиќ

    Во последните 3 години, националниот парк Пакленица во Хрватска, на падините на планината Велебит, е домаќин на филмски фестивал кој се нарекува Стариград Пакленица Филмски Фестивал. Тоа е фестивал чија програма е насочена кон музички документарци славејќи ја музиката и културите од сите страни на светот. Секој август, фестивалот дочекува уметници,  режисери кои дале свој допринос во овој жанр и оваа година не е исклучок со многу нови документарци за прикажување. За фестивалот зборувавме со неговиот основач и генерален директор Адмир Чулумаревиќ.

    Како дојдовте на идеја да го започенете фестивалот СПФФ кој е наменет склучиво на музички документарни филмови?

    Слободно можам да кажам дека можеби малку ги лечев своите детски фрустрации, ха, ха. Мислам дека сите ние кои го сакаме филмот и музиката, барем еднаш во животот сме биле воодушевени кога на филмското платно или на тв екраните сме ги гледале некои од нашите музички идоли во некои потполно невообичаени ситуации, дали дома или во други животни ситуации во кои немаме можност да ги видиме толку често. Посебно ме воодушевуваше фактот дека филмаџиите ја искористиле можноста и направиле филмот за некоја музичка ѕвезда да ја добие и онаа потребната политичка, културолошка, па и социјална димензија. Тоа се одлични филмови и причината е едноставна.

    Стинг на доделувањето на наградата

    Фестивалот се случува на егзотични локации на планината Велебит, кој е всушност познат центар за планинарење.

    Да, Велебит и Стариград Пакленица се одличен избор за локација. Всушност, малку е заборавено деа тука некогаш бил сниман огромен број филмови. Серијалот и филмовите за Винету, потоа Кирк Даглас тука го снимал Вагабундо, Ричард Бартон снимал делови од Сутјеска, Омар Шариф, многу партизански епопеи и копродукции кои ги правел Јадран Филм. Воглавно, од филмска страна, тоа е локација чија филмска традиција мора да се почитува и продолжи. Од друга страна, величествениот амбиентот на Велебит и кањонот на Пакленица каде ги сместивме кината се наоѓаат на само пар стотина метри од плажата, што гарантира уживање за сите, за гледачите, но и за гостите на СПФФ. Тоа едноставно мора да се види.

    Кои се предностите но и недостатоците кога еден ваков профилиран фестивал се случува на такви локации, а кои не се во еден голем центар како што е Загреб?

    Па би рекол дека скоро да нема недостатоци, освен скапото гориво, но Пакленица е близу до Загреб и тоа не ни претставува голем проблем. Тоа е продукциски тешка работа и полесно би било ако се реализира во Загреб, но од друга страна, сметам дека во Хрватска мораме да развиваме културен туризам што е можно повеќе и мислам дека за тоа даваме придонес баш поради тоа што го правиме СПФФ во Стара Пакленица. Тука е секако важен и фактот дека Стариград Пакленица е мало место и дека сите сме некако осудени едни на други на прекрасни дружења и пријателства бидејќи тука публиката доаѓа и си заминува од проекцијата скоро рака под рака со оскаровци и со своите омилени ликови кои до пред малку ги гледале на филмското платно.

    Оскаровецот Роџер Рос
    Зоран Пезо, Зоран Предин и Brian Rasic

    Каков беше одзивот на луѓето за овој вид на филмови?

    Музичкиот документарец стана жанр кој доживува голема експанзија. Пред нас стоеше задача додатно да го промовираме и мислам дека во тоа успеваме бидејќи од година во година имам се повеќе посетители во преубавите кина во Пакленица. Убаво е да се види дека и луѓето од регионот, од околните земји доаѓаат во Пакленица да гледаат филмови. Луѓето често се изненадуваат од квалитетот на покажаното, има тука и солзи и многу смеење, забава, бидејќи сето тоа напросто можете да го најдете и во филмовите од овој жанр.

    Кои се критериумите по кои се избираат филмовите?

    Селекторот Зоран Пезо, кој е режисер на еден од култните филмови од бившата кинематографија „Како пропадна рокенролот„, мојата маленкост и големиот продуцент Никша Братош , се стремиме филмската програма да биде пред се квалитетна и атрактивна. Пезо добива се повеќе и повеќе материјал од сите страни од светот, а оваа година за првпат добивме филм од Австралија, нешто на што сме посебно горди бидејќи тоа беше единствениот континент од кој до сега немавме пријавен филм.

    Каква е продукцијата на музички документарни филмови од просторите на некогашна Југославија?

    На овие наши простори дефинитивно секогаш нешто се случува. Секојдневно се уверуваме во тоа. Секоја година до сега имавме можност да видиме барем еден одличен филм од просторот на некогашната држава, што само потврдува дека ова подрачје е богато со талентирани и креативни луѓе. Тука има многу етаблирани филмаџии кои се бават со овој жанр, ете ќе го споменам Пјер Жалица, кој минатата година ја доби наградата Мала Пакленица за најдобар филм по избор на публиката. Ние доиваме филмови од целиот регион, од Словенија па до Македонија, што само го потврдува она претходно што го кажав дека е ова простор за посебно талентирани и духовити луѓе.

    Што ќе има на репертоарот оваа година?

    Посетителите ќе имаат можност да видат филмови од едни од најголемите режисери денес – Скорсезе, Дејвис Гугенхајм, потоа филмови за едни од најголемите бендови во историјата на музиката. Имаме и богат музички програм каде ќе настапи и Влатко Стефановски. Севкупниот програм е достапен на www.spff.hr. Ќе бидат присутни и некои од протагонистите од овие филмови. Како и да е, сигурно е дека програмата на 3 SPFF 2012 е еден од најатрактивните филмски случувања на овие простори. Ве поканувам Вас и вашите читатели да се уверите во тоа на лице место.

  • Слушајќи ги Chemical Brothers сфатив дека ми недостасуваат Орбитал

    Интервју со Пол Хартнол – Orbital

    Со огромната популарност на техно музиката на почетокот на 90-те се појавија голем број бендови и музичари, но малку од нив останаа толку долго на таа сцена како Orbital. Кога браќата Пол и Фил Хартнол почнаа да прават своја верзија на американската хаус музика и техното кои беа популарни на времето, тие го зедоа името од автопатот кој кружи околу Лондонските предградија. Уште од самиот почеток кога дебитираа со Chime во 1990, една од нивните главни одлики беа рифовите кои ги придвижуваа масите да играат. Ова дуо отсекогаш било познато по одличните живи настапи, а заедно со други состави од овој тип, како што се Chemical Brothers, тие покажаа дека само со неколку рекови електронска опрема тие се во можност да дадат настапи со интензитет на еден рок бенд. Во 90-те станаа една од најеминентните и најпопуларни концертни групи, кои беа присутни на програмата, не само на големите денс фестивали туку и на популарниот Глестонбери. Меѓутоа во 2004, по седум албуми и голем број турнеи, тие прекинаа со работа. Следно, во 2009 по повод 20 годишнината на бендот, тие повторно почнаа да работат заедно првенствено со живи настапи, а оваа година го издадоа своето последно издание Wonky. Додека повеќето такви повторни собирања на бендови звучат неинспиративно, Orbital на новото издание звучат освежено, како времето минато во „привремената пензија“ креативно да ги освежило. Како тоа звучеше во живо се виде на нивниот одличен настап на фестивалот „Скопје Гори“ каде тие настапија заедно со бендови од различен профил, како што се Public Enemy и Партибрејкерс.

    Во промотивните интервјуа по повод издавањето на новиот албум изјавивте дека една од причините поради која запревте со бендот е дека се почувствувавте креативно исцрпени.  Но еве, почнавте да настапувате и снимате повторно?

    – После четири години неактивност на бендот, јас бев среќен поради таа неактивност барем во првите две години. Од креативна гледна точка, тоа баш и не беше многу забавно. Некаде на половината од тој период бев да ги видам Chemical Brothers и тоа беше прекрасно, посебно што нивното шоу многу наликуваше на нашето. Тогаш сфатив дека ми недостасува сето тоа. Друга работа која ме натера да го сфатам тоа беше дека тие се бенд кои се на сцената доволно долго како и ние, и ги знаете нивните песни, бидејќи на концертот се редеа хитови. Кога настапував на мои концерти ми се случуваше да свирам само песни од својот нов албум. Можев да земам уште нешто, но тоа не се вклопуваше толку лесно. Од друга страна, со Orbital имав седум албуми и бев во можност да бирам одлични работи. Тоа ме натера да помислам дека не би треало да се откажам толку лесно од бендот и да го ценам малку повеќе. Тоа беа работите кои во следните неколку години ме натераа да размислувам дека можеби не требаше да прекинеме туку така и дека требаше да ги освежиме работите. После четири години, еден мој пријател кој букираше бендови за Big Chill,  ме праша дали би сакале да бидеме хедлајнери на Big Chill и тоа беше искрата која ме натера да помислам дека настапите во живо беше тоа што најмногу ми недостасуваше. Поради тоа, зошто да не се обидам да ја освежам музиката и да направам повторно да биде возбудлива. Ако не ни беше интересно на тој настап и на неколку други потоа, сосема ќе престаневме. Ќе се концентриравме повеќе на нашите соло проекти. Тоа беше обид да се види дали ќе ни се допадне. И ете не сега тука.

    Се промени ли начинот на кој работевте претходно?

    – Многу работи се променија. Со самиот прекин после некое време ги увидов работите од поинаков агол, посебно оние кои беа погрешни. Кога се вративме, целиот свет се промени. Тоа е нормално, но кога прекинавме ситуацијата беше поинаква во однос на оваа сега, кога повторно почнавме. Светот сега е инспириран и придвижуван од поинакви работи. Чувството е поинакво. Јас сум пет години постар и пет години помудар. Земав и часови по пијано, што даде свој придонес, потоа почнав да користам аналогни синтисајзери. Пред крајот користевме речиси само дигитални и не ми се допаѓаше тоа. Сега е се послободно и користиме аналогна опрема. Сега знам повеќе за музиката и знам што ми треба. Сега уживам во многу работи и ги прифаќам како кога си музичар. Воопшто не се грижам за нив ниту се обидувам да се вклопам. Да не ги прифатев немаше да видам што е тоа Orbital и каков беше неговиот звук. Меѓутоа, кога почнавме неговиот звук беше се уште таму без разлика дали е под влијание на нешто друго. Тоа е добра работа и нешто што трае.

    Кои се клучните  и препознатливи карактеристики на звукот на Orbital?

    – Хармонскиот стил. Самите хармонии. Мислам дека ритмовите се поинакви. Мелодиите се сложени, но не како кај Squarepusher. Toa звучи помалку комплицирано и чудно. Одамна ги немам слушано тие албуми, но тие истовремено ми звучат и смешно и чудно.

    Повратничкиoт Wonky е навистина одличен албум на кој Orbital навистина звучат освежено.

    – За да продолжиме да го работиме ова ни беше потребна нова музика во нашиот сет. Пред две години снимивме две песни за еден сингл, кои веднаш ги ставивме на плејлистата. Тогаш Фил предложи да направиме уште. Кога ќе направиме албум, тогаш тој ќе помогне да се промовираат живите настапи. Сега се такви работите, а некогаш беше обратно. Тоа е исто така многу интересно, бидејќи дава поинаков агол на гледање. Ние бевме бенд кој снима албуми и на тој начин заработувавме преку концертите со кои го промовиравме албумот. Сега албумите не се важни. Тие се во основа материјал за живиот настап. Се што е таму се базира на „сакам ова да го свирам во живо и дали би сакал да го изведувам во живо“. Тоа е тоа што ја исполнува нивната намена. Имаме нумери кои сеуште не сме ги изведувале во живо, во смисла дека се побавни. Ми се допаѓаат, но сеуште не сме пробале како звучат на концерти. Тие може да се појават на листата за една година. Тоа беше концептот позади тоа издание, ако така сакаш, односно да звучи одлично во живо. Овој албум беше добра насока во која се упативме, бидејќи навистина ги држи работите. Кога престанавме да работиме, добивме поинаква перспектива за тоа што го правиме. Се вративме кај музичките инструменти кои ги сакавме односно големите аналогни синтисајзери и престанавме да размислуваме за тоа што луѓето би очекувале. После две години настапи во живо знаевме дека многу од тие стари нумери на некој чуден начин сеуште функционираат во фестивалско опкружување. Ние не моравме да копираме, да слушаме  или да правиме работи кои не ни се допаѓаат туку имавме слобода да правиме како ние сакаме.

    Дали кога ги снимате албумите размислувате како тие ќе звучат кога се слушаат во кола, во дневна соба, на стадион?

    – Па, размислувам само како тоа звучи во живо. За албумот размислувам како една целина. Најчесто го преслушувам на слушалки додека шетам наоколу или додека патувам со воз. Ако звучи добро во живо тогаш ќе звучи добро и во кола. Најчесто размислувавме како тоа ќе звучи во живо.

    Каков е вашиот работен однос со брат ви Фил Хартнол?

    – Тоа е интересна соработка. Јас никогаш не сум работел директно со него. Кога го пишувам мојот материјал, иако и тој пишува, обично заедно бираме што останува, а што не. Ако на обајцата ни се допадне нешто, тогаш тоа останува. Тој дава сугестии, зошто не го направиш ова вака, повеќе диско ритам и помалку од истото. Заедно ги продуцираме работите иако најголемиот дел од материјалот го пишувам јас. Тоа е начинот на кој се разви овој однос. Јас се побргу и побргу можам да пишувам музика, а тој не го прави тоа. Но, тој прави она што му одговара, го бара тоа што сака да го слушне. Неговата улога во сето ова е продукцијата.

    Ако на фестивалите нас публиката најмногу не привлекуваат хедлајнерите, што е тоа што хедлајнерите ги привлекува да учествуваат на фестивалите?

    – Да бидам искрен, идеме таму каде што ќе не поканат да настапиме. Ако некој сака, мене ќе ми биде драго да настапам каде било. Супер е да се настапува на места како што е Македонија, каде никогаш не сум бил. Обожувам да патувам. Тоа што открив е дека откако престанавме, после пет години пауза откривме дека нема да настапуваме во Германија, Франција, Скандинавија. Пред да прекинеме со бендот бевме неколку пати во Грција и еднаш во Бугарија. Никогаш не настапувавме во Источна Европа. Сега сме тука. Почнавме да доаѓаме во јужните делови од Европа што е многу интересно, бидејќи е сосема поинаква област. Не знам зошто и како, но во последните пет години некои комуникации се отворија и се повеќе бендови доаѓаат тука.

  • Латиша Садиер – Искреноста е секогаш важен критериум

    Латиша Садиер е француска музичарка која е далеку најпозната како некогашна пејачка во бендот Stereolab, бенд кој за време на своето 19 годишно постоење беше жанр за себе. Заедно со некогашниот сопруг Тим Ган, тие создаваа музика каде на едно место се среќаваа поп звуци, краутрок, тропикалија, музика за реклами, мјузак. Тоа беше реализирано во 10 редовни изданија, голем број синглови, голем број мали ЕП изданија, двојни компилации, бокс-сет изданија, синглови со ограничeн тираж и рачно боени корици, ДВД, а листата продолжува понатаму. Во меѓувреме, ги предводеше Monade, бенд кој постоеше паралелно со Stereolab. Со распуштањето на Stereolab така и тој бенд беше распуштен за да таа своите изданија, почнувајќи од The Trip, објавен 2009 г. почне да ги потпишува под свое име. Оваа година таа ќе го издаде своето ново издание, Silencio кое своја промоција ќе доживее на овогодинешното издание на OFF Fest.Поминаа 3 години како започнавте соло кариера при што вашите изданија ги потпишувате под ваше име наместо Monade или евентуално Stereolab. Беа ли овие години поинакви во однос на претходните 19 кога работевте со овие 2 бенда?

    – Изминатите 3 години го збогатија мојот живот на нови начини. Тие во голема мера ја зацврстија мојата автономија, нешто што се обидував да го сторам со Monade, на пример. Патував многу и бев на места каде претходно не сум била со Stereolab, како што беше неодамнешното патување во Колумбија или генерално Јужна Америка, а еве и во јуни, во Македонија! Јас целосно уживам во оваа фаза од мојот живот како уметник кој ја носи својата музика ширум светот. Ова најмногу се однесува на работите кои исполнуваат, како и на посетувањето разни места, што не мора да значи дека се далечни, да запознавам локални херои кои сакаат да внесат значење и нов живот во нивната заедница преку носење музика за луѓето. Тоа ми е секогаш возбудливо.

    Во Скопје ќе го презентирате вашиот нов албум Silencio. Kaко беше работено ова издание?

    – Креативниот процес е дел од континуумот. Прво, процесот имаше период на инкубација, без да сфатам дека јас со месеци само нафрлував идеи на снимачот пред самиот процес на пишување. После некое време, дојде поттикот да ги ставам сите делчиња на едно место. Тоа секогаш се покажувало како застрашувачки период, но овојпат знаев дека треба да му верувам на процесот и дека се ќе дојде на свое место, се додека го слушав, како да го објаснам, мојот инстинкт кој ми кажуваше што да правам. Беше забавно и знаев со кого сакав да работам, а се погоди дека и тие сакаа да работат со мене. Јас уживав во оваа синергија која ја открив додека работев со Џејмс Елкингтон во Чикаго. И се почувствував дека сум спремна да работам со моите пријатели со Тулуз, групата Aquaserge, кои се неверојатно талентирани, оригинални и вредни луѓе. Тие љубезно го ставија на располагање својот талент за моите песни. Се што требаше да направам беше да го оркестрирам ансамблот, што од своја страна беше големо задоволство. Иако имавме 4 дена за да снимиме 4 песни, мислам дека нешто свежо излезе од таа сесија.Велиш дека песните „истражуваат индивидуалната поврзаност со длабокото јас, кое е сместено во пошироко опкружување, но на сличен и свеж начин„. Што значи тоа?

    – Мислам дека ние самите сме континуум од тоа што се случува внатре и надвор од самите себе си. Надворешноста не обликува, а за возврат ние ја обликуваме надворешноста, што за возврат повторно не обликува нас. За мене комерцијализмот не попречува да воспоставиме подлабока поврзаност со самите себе. Поради тоа мислам дека ова е причината зошто многумина се изгубени, изгубиле верба во животот или на било кој друг начин ова се манифестира. Silencio се обидува да ја изнесе оваа идеја надвор, дека мораме да управуваме со просторите со тишина во нашиот свет со што би можеле да се поврземе со самите себе. Сето тоа е со цел да се поврземе со себе си за да бидеме во склад со тоа што одекнува како вистинито во самите нас. Со тоа ние ќе можеме да воспоставиме поразумни односи со другите и надворешниот свет.

    The Trip е издание кое дојде по еден трагичен настан во вашето семејство и се чини дека тоа влијаеше врз темите на песните бидејќи поголемиот дел беа пишувани за време на периодот на тагување. Дали беше лесно да се отворите на ваков начин?

    – Уметноста служи за различни цели. Да пренесе чувствителност, гледишта и идеи, од било каква природа и тие. Таа може да претставува и катарзичен начин за изразување, комуницирање и пренесување емоции. Каква и да е темата која ја обработувате, искреноста е секогаш важен критериум за мене. Ако пишувам за нешто што целосно не го чувствувам, слушам или воопшто не размислувам, тогаш за мене музиката нема причина да биде и со тоа нема да постои. Не се работи за тоа дали е лесно или не да се отвориш – мотивацијата доаѓа заедно со неопходноста да се направи така.

    Каква е вашата еволуција и развој како автор почнувајќи од првичните денови на Stereolab па до последното издание?

    – За време на раните денови со Stereolab, се сеќавам дека имав соништа за песните. Во нив минував низ зелени полиња во Италија каде Ењо Мориконе заедно со својот оркестар ја изведуваше својата извонредна музика. Потоа, во мојот сон заминував во некоја пештера за да создадам прекрасна песна со помош на 2 лажици, која додека ја слушав се будев, но за жал никогаш не можев да се сетам на сите нејзини детали, освен дека е неверојатно убава и мелозвучна! Тоа беше единственото нешто што ми даваше самодоверба кога бев млад автор. Факт е дека секојпат кога ќе напишев песна значеше дека се случило чудо. Потребно беше време пред свесно да сфатам дека ова е нешто што јас можам да го правам, на свесен начин, дека беше навистина некакво чудо но дека беше резултат на мој труд, страст и способност. Тука немаше нешто кон што би се придржувала во смисол на наоѓање на слични пријателки кои го правеа истото. Во голема мера тоа е изолиран процес, но сега сфаќам дека е се помалку и помалку изолиран и дека постои вистински интерес кај култивирањето на особеноста на женскиот глас, како било чие музичко изразување ќе се манифестира различно и да се најде интерес во тоа, особено кај женскиот начин на музичко изразување кое беше замолкнувано и обесхрабрувано. Сега можам да кажам дека сум тесктописец, па дури и музичар. Но за тоа беа потребни години. Јас секогаш се чувствував како некој натрапник бидејќи никогаш не бев во училиште за тоа.

    Како функционираат новите песни во живо?

    – Тоа ти најдобро ќе го оцениш. Јас сакам да настапувам сама, да го има целиот тој простор за себе, за да бидам целосно слободна да се движам во песните и да дозволам емоциите да превземат. Планирам кога ќе заминам на турнеја по САД да оформам трочлен бенд, но тоа нема да се случи до септември.

    Во Скопје , во рамките на Офф фестивалот во истата вечер ќе настапите со Tortoise. Едно време, и Stereolab и Tortoise беа под закрила на иста издавачка куќа Duophonic, а Џон Мекентаер го продуцираше Emperor Tomato Ketchup, а и гостуваше на Dots and Loops. Каква е поврзаноста меѓу овие 2 бенда? Во 90те тие се сметаа за новина и освежување на сцената.

    – Се сеќавам дека Tortoise ги гледав за првпат во Сент Луис. Тоа беше еден од нивните први настапи. Тука бевме и ги гледавме тие момци како на лице место пред нашите очи и уши создаваат музика. Тие беа како архитекти, овозможувајќи и на публиката да ја види платформата која ја овозможуваше конструкцијата и нивната служена структура. И навистина беа како желки (tortoise), правејќи без брзање. Беа многу инспиративни. Тие се чинеа како правите луѓе на кои им се обративме за некои од албумите на Stereolab. Од тој концерт во Сент Луис ние сме пријатели. Тие ни се како семејство.Што беше тоа што ве поттикна да ги основате Monade во 1996, бенд кој постоеше паралелно со Stereolab?

    – Причината за тоа беше поради тоа што освен Тим никој друг не смееше да пишува песни во Stereolab. Беше јасно дека ако некој сакаше да се изрази музички тие требаше да создадат свој простор за да се случи тоа изразување. По природа сум мрзлива и до ден денес останува мистерија што беше тоа што ме инспирираше да земам гитара, која не знаев да ја свирам, да пишувам песни, да ги снимам и да ги објавам. Многу сум среќна и благодарна за таа сила која ме натера да го направам тоа.

    Каква е разликата помеѓу вашите соло изданија и Monade (бидејќи членовите на овој бенд гостуваат на првото соло издание)?

    – Латиша Садиер соло произлезе од Monade, што всушност беше „проект на автономија„. Ми беше потребно време за да сфатам дека јас настапував со својот партнер во бенд кој се нарекува Стерео и јас си оздадов свој проект кого го нареков Моно! Се чини дека Monade постоеше поради и истовремено со Stereolab. Латиша Садиер носи поголема слобода од тоа и постои сама за себе. Автономијата е постигната – добро„ скоро сме таму„ како што би рекол мојот син.

  • Тиндерстикс – 20 години музика на поинаков начин

    Најдобрата музика на светот е таа која ќе не убеди дека не постои друга музика на светот. Дваесет години после издавање на нивниот албум Тindersticks прават музика која го инспирира баш тоа чувство. Тие се едни од најбрилијантните и најоригинални бендови кои се појавија во Британија во раните 90ти, кога на топ листите доминираа инди бендови со доминантни гитарски звуци. Нивната музика беше убав меланж од суптилни примеси на филмска музика, соул џез, француска шансона, кабаре, поп, а сето тоа беше акцентирано со впечатливиот и треперлив баритон на Стјуарт А. Стејплс. Во февруари, го објавија албумот “The Something Rain,” кој воедно е прекрасно издание и нивен уметнички триумф.

    Бендот е на турнеја во рамките на која го промовира новиот албум, а разговорот со клавијатуристот и еден од оснoвачите на Tindersticks, Дејвид Болтер се случи во Нови Сад после концертoт во Позориште младих кој слободно може да се каже, ги надмина сите очекувања. Бендот изведе сет листа со песни од различни моменти од нивната долга кариера, па дури и неочекувани и непланирани песни кои ги изненадија некои од членовите на бендот, но акцентот беше ставен на новиот албум и новите песни. Изборот беше толку добар што не се ни примети дека поминаа 2 часа. Кога заврши редовниот дел од концертот фасцинираната публика не покажуваше никакви намери да си замине, гласно повикувајќи го бендот да излезе на уште еден сет од песни. На бендот не му требаше многу и се појави за кратко и на публиката и приреди 2 извонредни бисови кои беа воодушевено примени. Се на се, концертот беше од посебно значење како за публиката така и за бендот.

    Новиот албум The Something Rain е навистина одлично издание полно со убави песни. Како течеше процесот на создавање на ова издание?

    Кога го објавивме нашето последно издание “Falling down a Mountain” се почувствувавме живнати и освежени поради новиот почеток со Tindersticks, бидејќи имавме мала пауза сво работата. Но тоа издание сепак имаше доста сличности со работите кои ги имавме правено порано додека кога се одлучивме да работиме на ова издание ние дефинитивно почувствувавме потреба да размислиме за него на поинакви начини.  Поради тоа почнавме да пишуваме поинакви песни, имавме поинакви идеи и купивме стари ритам машини, стари клавијатури и се обидовме да почнеме од поинаква насока. Тој не наликуваше на Стјуарт како свири акустична гитара или не се базираше на пијано или на балади или нешто слично. Се работеше за поинакви идеи и се обидовме да размислуваме за него на поинаков начин.

    Што значи овој албум за Тиндерстикс, отсликува ли некои промени?

    Претпоставувам дека најголемата работа е уживањето.  Ние се најдовме себе си во ситуација каде после 17 или 18 години со издавачка куќа (Island Records) позади себе, повеќе да немаме издавачка куќа, што ни даде слобода да направиме нешто поинакво. Но во исто време, таа ситуација не стави под огромен притисок да сработиме нешто што функционира без да размислуваме за сигурносната мрежа која до скоро ја имавме. Мислам и дека тоа не натера да сакаме да прифатиме ризик и да ја потиснеме музиката малку подалеку. Како кога правите музика за филмови и кога правите различни работи кои ги буткаат музичките идеи понатаму или кога се обидувате да не правите песни за кои ќе помислите дека ќе им се допаднат на луѓето кога ќе дојдат да ве видат. Тука се обидувате да направите нешто што ќе ве задоволи и ќе ве изненади, нешто за што чувствувате дека не сте го направиле претходно. Тоа е најголемиот предизвик.  Тоа е секогаш тешко за нас кога имате некој како Стјуарт кој има посебен глас со што тоа секогаш ќе наликува на Tindersticks, но ние се обидуваме да размислуваме

    Од каде идејата, каква е позадината на песните како што се “Medicine” или “Chocolate”?

    „Chocolate„ беше идеја или приказна која се појави многу бргу. На нашиот втор албум напишав приказна која се викаше “My Sister” и која ја читаше Стјуарт. Овој пат се работеше за друга приказна која ја напишав. Всушност направив едно демо и го испратив до Стјуарт, и кога размисливме за него беше јасно дека овој пат ќе биде најдобро јас да го прочитам текстот и така да остане. Претпоставувам дека до тоа дојде многу бргу бидејќи после нашиот последен албум имаше празен простор и размислував дали да снимам едно ЕР и тоа да биде соло издание. На крајот, таа песна го инспирираше Стјуарт да напише неколку песни, поради што почнавме да работиме заедно неколку дена што резултираше во 5 или 6 песни. Тука помисливме дека ова е можеби почеток на нешто големо и можеби е ова следниот албум за кој треба да почнеме да размислуваме. Уште повеќе, ги  повикавме луѓето од бендот да поработиме на песните и после севкупно 8 дена од период од 2-3 месеци имавме 15 или 16 песни. Од таму започна се.

    Каква е поврзаноста помеѓу бендот и француската режисерка Клер Дениз?  Во последните 10 години, бендот редовно снима музика за нејзините филмови.

    Клер е личност која ја запознавме на еден концерт и таа беше инспирирана од песната “My Sister” да сними филм “Nanette et Boni.” Таа дојде да не види во Париз во периодот кога го објавивме вториот албум и не праша дали би биле заинтересирани да направиме музика или да ја искористи веќе постоечката музика. Мислам дека кога се запознавме веднаш ни се допадна и додека ги гледавме нејзините филмови сфативме дека таа ги снима на ист начин како што ние правиме музика. Тука не се работеше за обид да се направи импресивен филм кој сите ќе одат да го гледаат и кој би заработил многу пари. Тука се работеше за нешто длабоко во неа, што таа има потреба да го изрази што е многу слично со нашата музика.

    Музиката на Тиндерстикс има во себе одлики на филмска музика. Свесно ли одевте на оваа варијанта?

    Да! Тоа и беше причината зошто сакавме да направиме музика за филмови бидејќи луѓето често ги асоцираше на тоа. Лично, јас бев многу заинтересиран за тоа и тоа влијаеше на звуците кои ги користевме на првиот и вториот албум, и од тогаш имам поинако пристап кон структурирањето на песните, да не бидат само строфа, рефрен или само гитари. Се обидував да изнајдам различни бои во музиката и поинакви начини за правење музика. Добрата страна во врска со работата со Клер беше тоа што ни овозможуваше да правиме музика која ние сакавме да ја правиме, додека правењето музика за големи холивудски продуценти, тие би ви рекле точно каква музика сакаат и точно каде би сакале таа да биде, а тоа не е тоа што нас не интересира. На тој начин не ви се дава никаков простор да се изразите себе си.

    Бендот е на голема турнеја во рамките на која го промовира последното издание  The Something Rain. Што ќе се случи кога концертите ќе завршат?

    Оваа година се навршуваат 20 години од Тиндерстикс, и иако за нас започна пред 20 години сепак мислам дека дури следната година ќе направиме нешто што ќе го одбележи тоа. Оваа година е во знакот на албумот кој штотуку беше објавен. Се надевам дека нешто ново ќе биде следната година.

  • Last Expedition подготвени за нова експедиција

    Интервју со Сеад Хаџиќ Сецко – Долгата пауза беше грешка

    Некои бендови се големи бидејќи сите ги сакаат, а кај некои бендови привлечноста е во тоа  што не им се допаѓаат на сите. Односно, им се допаѓа на помала група луѓе, но луѓе кои со посебен интерес и посветено ги слушаат и следат во нивниот музички свет. Таквите бендови ги нарекуваат култни бендови. Од основањето па до сега Last Expedition отсекогаш важеле за гаражен бенд за луѓе со посебни афинитети. Оформени во средината на 80-те, горди жители на Ѓорче Петров, овој бенд позади себе остави трага со над 5 одлични албуми и уште повеќе препознатливи песни. После 6 години пауза Last Expedition се вратија во живот со одличниот настап на  Scream Festivalot каде настапија со старата постава и гостинот, Ади Имери. На нивниот концерт се чекаше долго време, а според гитаристот Сеад Хаџиќ Сецко овој концерт отвора ново поглавје во работата на бендот. Сецко, покрај тоа што е еден од оснивачите на бендот е и пасиониран колекционер на гитари,а воедно е и предводник на повеќе бендови и проекти меѓу кои најважни се Ексик, Мугер Фугер и Авангардистика.

    фото: Димитар Петровски/Кајгана

    Само пар денови по големиот камбек Сецко за Балкон3 зборува за вечерта која многумина ќе ја паметат како онаа кога се врати Last Expedition.

    Какво е чувството да се свири со еден бенд како што е Last Expedition после толку време пауза?

    -Неверојатно и неописливо! Кога ги видовме луѓето во публиката кои се чуствуваат исполнети и среќни, ја сфативме грешката која ја направиме со долгата пауза. Сите ние понекогаш грешиме, но добро е кога имаме време да ги поправиме грешките.

    фото: Димитар Петровски/Кајгана

    Дали бендот за време на повратничкиот настап на Scream фестивалот беше изненаден од реакцијата на публиката која го дочека бендот?

    -Па добро, на свој начин ние сме навикнати вака да реагираат на музиката на бендот. Така беше и 80′ и 90′ Но, сепак ова е нова генерација и убаво е да се видат и слушнат реакции како од тоа време, каде и новите генерации ги пеат нашите песни од 80-тите па наваму. Таа вечер се чуствував горд на себе и на своите другари, и колку и да звучи нескромно, сепак така беше!  Знаеме дека животот ретко ни носи такви ситуации и сега знам дека сето она што сме го поминале и жртвувале за да дојдеме до ова вредело.  Секоја жртва која сме ја направиле за овој бенд вредела.

    фото: Димитар Петровски/Кајгана

    Дали тоа е показател за вонвременоста на песните кои биле напишани многу одмана?

    Ние сме апсолутно свесни за она што сме го постигнале, знаеме за љубовта која луѓето ја имаат према нас, но тоа носи и обврска према нив. Секоја љубов заслужува да биде наградена, а јас лично се надевам дека ќе им подариме барем уште едно ремек дело. За време на пробите постоеше мал скептицизам дали да се свират Песна за песот, Далеку си, песни кои се направени во доцните 80′, но се соочивме со фактот дека скоро целата публика ги пееше во еден глас. Ние сме среќни момци кои сме оставиле убава трага и не сме го протрошиле залудно своето време. Верувам дека убавите нешта допрва доаѓаат и дека ние ќе ви ги подариме. Сега знам дека ќе биде баш така.

    http://www.youtube.com/watch?feature=player_detailpage&v=Xl3jCU8n9JI

    На концертот заедно со вас настапи Ади Имери, еден од најталентираните гитаристи и фронтмен на бендот Јаболко за Даскалот. Како се вклопи тој во бендот?

    Мене лично најмногу ме радува тоа што Ади се радува на секоја одсвирена нота и тоа што со нас е како другар кој како да растел со нас во Ѓорче Петров.  Другото е веќе познато дека тој е еден од најталентираните гитаристи кај нас а со тоа како да е созаден за бенд како што е Last Expedition.

    -Што ке следува после овој прв настап? Дали ќе има и понатаму свирки или евентуално дали ќе се работи на нов материјал?

    Тоа и јас би сакал да го знам. Сега за сега битно е дека меѓу нас владее оној ист ентузијазам како во 80′, а кога ќе договориме да работиме на нешто ново знам дека сите ние ќе дадеме се од себе. Можеби е ова последна експедиција но таа уште долго ќе трае.

    -Како гледаш на проектот со бендот Exic (Ексик) од оваа дистанца? Тој на некој начин беше платформа за твојот актуелен бенд Мугер Фугер (Mooger Fooger)?

    Па она што јас како гитарист посакував да го развивам беше токму проектот Ексик, затоа што можев повеќе да експериментирам со алтернативните гитарски штимови и да дојдам до нови гитарски хармонии. Од тоа излезе прекрасен албум кој има песни како што се So many loves, Странец, Таксист, песни кои ме охрабрија да продолжам понатаму во тој правец, што како резултат ги донесе Мугер Фугер.

    http://www.youtube.com/watch?feature=player_detailpage&v=FFKPmn39LBA

    Позитивните критики и пофалби за последното издание на Мугер Фугер „4 јули“ не стивнуваат иако помина доста време откако беше објавен. Каков е статусот на овој бенд сега кога ги активира Last Expedition?

    Па во Моогер Фоогер покрај мене членуваат и Огнен и Диме, луѓе кои се присутни од почетоците на Last Expedition, а Енко секогаш бил со нас како морална подршка, така што на свој начин Мугер Фугер е продолжеток на тоа што го правевме со Last Expedition. Најважната работа е дека иако успеавме да направиме 5 прекрасни албуми, сеуште имаме желба за нови истражувања и создавање подобри албуми од предходните. Веќе во март, ќе се подготвуваме за снимање на новиот Мугер Фугер албум, така што приказната од 4 Јули продолжува понатаму.

    фото: Димитар Петровски/Кајгана

    -Веднаш после настапот на Last Expedition, следи настап со Авангардистика. Каков проект е ова?

    Вистинските уметници секогаш се желни на својата публика да и поделат подароци, а вистинскиот подарок е кога некој позитивно ќе ве изненади. Ние ќе се обидеме да го сториме тоа свирејќи мандолини, саз, гитари, деф, армоника, noise kit,…додека одат поетските читања на Ронит и Џабир. Верувам дека пак ќе успееме да ја изненадиме публиката и дека пак ќе видам многу насмеани лица.

  • ЕЛЕНИ КАРАИНДРУ – ФИЛМОТ Е ИНСПИРАЦИЈА ЗА СОЗДАВАЊЕ ГОЛЕМИ ДЕЛА

    ЕЛЕНИ КАРАИНДРУ – ФИЛМОТ Е ИНСПИРАЦИЈА ЗА СОЗДАВАЊЕ ГОЛЕМИ ДЕЛА

    Филмската, односно применетата, музика навистина е денес жанр сам за себе. Тука можат да се сретнат многу автори, познати и непознати кои неуморно творат и оставаат свој печат. Поголемиот дел од музиката која е снимена за овие филмови служи исклучиво да ги следи сликите и најчесто таа нема никакво значење или форма надвор од контекстот на сликите кои ги прати. Ретки се тие како Мориконе, Мајкл Најман, Збигњев Прајснер чија музика има свој идентитет во филмовите за кои е компонирана. Мал е и бројот на жени композитори кои работат во светот на филмот. Тука спаѓаат Рејчел Портман, Лиза Жерар, Жозелин Пук, Венди Карлос и особено Елени Караиндру. Караиндру веќе 30 години успешно се бави со музика наменета за филмот и театарот. Меѓутоа, таа е позната и како долгогодишен соработник на познатиот грчки режисер Тео Ангелопулос (кој пред три дена загина во сообрачајна несреќа во Грција), со кој работи повеќе од 20 години.

    Елени Караиндру и Тео Ангелопулос

    Ангелопулос, импресиониран од нејзиниот придонес за неговите филмови има изјавено „музиката на Елени не ги следи само сликите-таа навлегува во сликите и станува неразделна со нив. Поради тоа не може да се каже што е што бидејќи се толку цврсто поврзани. Јас верувам дека во моментов Елени е една од највозбудливите филмски музичари во светот„.

    Елени е родена во Текио, Грција 1939 г. Студирала пиано во Хеленкио Одеон, Атина и историја и археологија во Атинскиот Универзитет. Во 60-те заминува од Грција во Париз. Таму студира етномузиколога, оркестрација и диригирање. Во 70-те по враќањето во Грција основала лабораторија за исполнители на традиционална музика во Атина. Забележливо е големото влијание кое го има народната музика во нејзините дела. Таа ги има карактеристиките кои се типични за балканската музика која во себе носи емоции во контрасти. Истовремено е и весела и тажна, возвишува и е меланхолична.

    Меѓутоа, не е претенциозна или наметлива или мелодраматична. Таа е минималистичка со кршлива и нежна убавина. Денеска Елени Караиндру е еден од најпрепознатливите автори од пантеонот на реномираната издавачка куќа ECM на Манфред Ајхер.

    Elegy of the Uprooting спектакуларно ги сумира нејзините композиции на поинаков начин – концертна изведба.  Иако темите кои се изведени припаѓаат на различни филмови, темата која ги обединува се „искоренетите“, луѓе кои по свој избор или судбината ги натерала да ги напуштат своите огништа. Оваа музика тагува за нивната несреќа и прогон нудејќи моменти на засолниште.

    Што беше тоа што ве инспирираше да почнете да се занимавате со филмска музика?

    – Киното и филмската музика на некој начин се присутни во мојот живот уште како дете. Кога имав 7 години од мојот прозорец можев да гледам филмови бидејќи во тоа време живеевме покрај кино на отворено. Меѓутоа, додека студирав музика никогаш не помислив дека ќе почнам да пишувам музика за филмови. Мое прво дело беше албум со песни за мојата пријателка Марија Саратури, кој се базираше на поезија на Мидис. Во 1975 година некои мои пријатели кои работеа во светот на филмот ми напоменаа дека моите песни имаа нешто филмско во себе. Уште тогаш луѓето наговестуваа дека ќе почнам да пишувам музика за филмови. Еден од тие мои пријатели, режисерот Димитриј Мавритиос, изјави желба да работиме заедно на еден прекрасен документарен филм Полемонта. Тоа беше во 1975 година. Тогаш ја напишав својата прва музика за филм, Chronicle of а Sunday на еден режисер од Солун, Такис Канеополус. Истата година напишав музика за уште еден филм на еден млад и талентиран режисер Христополус Христофин. Тој филм беше прикажан на Солунскиот филмски фестивал каде што музиката доби посебни пофални критики.

    Кажете ни за вашата рана историја?

    – Тоа е историја голема колку една обемна книга (се смее). Јас потекнувам од едно село во Грција, Моунт. Дедо ми свиреше мандолина и тој постојано пееше песни. Подоцна кога имав 7 години видов некаде пијано и тоа беше љубов на прв поглед. Тоа се случи во Атина, во училиштето каде татко ми работеше како учител по математика. Го замолив да ми најде некого кој ќе ме учи и така започна се. Тоа е моментот кога започна мојата музичка историја.

    Како се заинтересиравте за класична музика?

    – Уште од првите моменти кога почнав да учам музика полека навлегував во светот на класичната музика. Цели 17 години бев изложена само на тој свет и едноставно го обожував. Малку по малку почнав да импровизирам и малку по малку почнав да се интересирам и за други видови музика. Нормално, после толку години поминати во конзерваториум имам посебна љубов кон класичната музика бидејќи во почетокот сакав да бидам само пијанист. Меѓутоа јас сакав секаква музика т.е. добра музика. Класичната музика беше многу важна и нешто што беше тесно поврзано со мојот живот. Ги познавам сите композитори, нивните дела и уште како дете импровизирав на своето пијано. Тогаш не знаев дека импровизацијата е некаков вид компонирање. Сакам поезија и тука најмногу наоѓам своја инспирација. Кога бев млада не бев сигурна дали сакам да бидам поет или музичар. Во тоа време пишував поезија, бев под влијание на поезијата и компонирав музика мислејќи на поезија.

    Во вашите теми се чувствуваат разни влијанија на народната музика. Покрај класична музика, студиравте и етномузикологија.

    Кога живеев во Париз ми се отворија многу врати и патишта. Најпрвин студирав класична музика, оркестрации и диригирање со оркестар. Тука некаде почнав со компонирање. Исто така, започнав и со етномузикологија. Зошто? Затоа што бев фасцинирана со народната музика односно со оралната традиција. За мене беше многу важно што студирав етномузикологија, каде паралелно работев на многу други работи. Во тоа време во Париз ја открив џез музиката. Се вљубив во џез музиката и редовно посетував настапи по клубовите. Во Париз во секое време можеше да се чуе таа музика. Mи се отворија многу патишта. Во тоа време слушав и musica moderna, music concrete, се запознав со Надир Буландир. Во почетокот бев дел од класичниот свет но во Париз моите хоризонти се проширија. Тој период беше важен за мене и како композитор бидејќи тогаш сфатив дека сакам да бидам композитор. Ако сакав да се изразам себе си и моите емоции тогаш тоа беше единствениот начин. Повеќе не можев да се видам себе си како пијанист со кариера. Се случуваше на пријателите да им свирам интересни мелодии и тие постојано ми велеа „ти си композитор и треба да продолжиш во таа насока“. Но, јас сум практично самоука кога се работи за компонирање.

    Каков е вашиот однос со народната музика, а и византиската, и  колку тие влијаеле кај вас?

    – Тој однос со народната музика и со византиското наследство е многу важен. Во селото каде сум родена покрај куќата на татко ми се наоѓа црква. Нивните пеења се слушаа во нашата куќа. Дури и подоцна кога почнав со своите студии, за време на празниците често одев во црква каде бев маѓепсана од убавите мелодии. Ги познавам сите мелодии кои се присутни во вокалната византиска музика. Сигурна сум дека во мојата музика нејзиното  влијание е некаде длабоко. Во византиската музика постои еден дрон кој ние го нарекуваме исократис. Исто така, во филмот Одисеевиот поглед користам и византиски мелодии, а тука е и една жена која пее византиска мелодија, псалмот кој може да се чуе на изданието. Обично во нашата црква само на мажите им е дозволено да пеат такви мелодии. Кога ја најдов жената која пее Ангелопулос беше пресреќен бидејќи нему не му сметаат догмите. Самиот Ангелопулос во своето сценарио посакуваше да има византиска тема, а таа жена со прекрасен глас совршено се вклопи. Често користам народни инструменти како што се лира, сантури, кемане, армоника. Меѓутоа во својата музика не користам народни теми а потоа да се потпишам дека сум автор. Обожувам рембетико музика и кога студирав во Париз темата на мојот докторат беше за рембетико музиката. Таа некогаш била популарна урбана музика. Кога бев многу млада ја имав таа чест да бидам во куќата на (Маркос) Вамвакарис. Тој е еден од најпознатите изведувачи и најголеми автори во оваа музика. Со себе имав магнетофон и имам снимено четири часа негова музика. Вамвакарис зборуваше со мене, пееше, свиреше бузуки. Јас ја обожувам нашата традиција. Дури и работев на радио со Манус Хадидакис шест години со цел да се сочува нашата вокална традиција, како руралната така и урбаната. Сите тие работи се случуваа паралелно со мојата работа како композитор. Во суштина, мене ме интересира секоја музика која е убава.

     

    Во светот на филмот работите повеќе од 20 години. Дали е неопходно во секој филм да има музика?

    – Постојат филмови каде е потребно да се користи музика, а постојат и такви каде не треба. Според мене, музиката не треба да ја објаснува ситуацијата. Таа мора да создаде контраст со сликата и да успее да ја прикаже суштината на работите. Создавањето на вистинската хемија не може да биде однапред одредена, меѓутоа улогата на музиката е многу важна.

    На кој начин работите на музиката? Опиште го вашиот пристап?

    – Пристапот е секогаш премногу сложен да би бил едноставно објаснет. Во повеќето случаи тој се случува инстинктивно, по интуиција. Соработката со режисерот, сценариото, главната идеја, внатрешниот ритам и многу други необјасниви работи се тие кои ме водат кон начините на кои ќе ја прикажам суштината на работите.

    Со прославениот режисер Тео Ангелопулос имате посебен однос и вие работевте музика за повеќето негови филмови. Како се запознавте со него? Како почнавте да соработувате?

    – Со Ангелопулос се запознав во 1982 г. Тогаш работев музика за вториот филм на Христодолус, Роза кој беше во изборот на Солунскиот фестивал. Ангелопулос беше претседател на жирито и ми ја предаде наградата за музиката. После тоа ми понуди да работам на неговиот филм Voyage to Cythera. (Патување во Китера). Тоа беше првиот филм на кој работев со него.

    Тео Ангелопулос

    Во неговите филмови музиката и сцените се практично неразделни. На кој начин работевте со него за да ги вклопите сликите и музиката?

    – Уште од првиот момент меѓу нас се јави посебна хемија, интелектуална, како и заеднички естетски правец. Јас ги обожував неговите филмови, а тоа помогна многу. Меѓу нас секогаш се водат разни дискусии за различни теми. Обично тој ќе ми ги раскаже приказните во филмовите, а потоа ќе ми каже какви се потребите на филмот. Така работиме од првиот заеднички филм. За првиот филм, после таква дискусија, ја компонирав целата музика уште следниот ден. Тоа се случува често кога работиме заедно. Често и главните теми се готови уште пред да почне снимањето. Понекогаш ги користи тие теми по нив да ги режира сцените.

    Според мене, некои од најинтересните и најавантуристичките дела  во светот на класичната музика овие денови се напишани во светот на филмот и театарот. Какво е вашето мислење за тоа?

    – Точно е дека развојот на филмот е тесно поврзан со музичките креации на големи композитори. Денеска, театарот и филмот се инспирација за создавање големи дела во класичната музика. Се разбира, има голем број примери на врвни композитори кои работат во светот на филмот, како што се Копланд, Шостакович, Прокофјев, значи зборувам за композитори на класична музика. Денеска имаме композитори кои работат исклучиво филмска музика, како што се Нино Рота, Мориконе итн. Меѓутоа, денеска постојат многу композитори кои креираат одлични дела а кои не работат во светот на филмот и театарот. Арво Парт е еден очигледен пример на голем композитор кој не е поврзан со филмот и театарот. За мене лично театарот и филмот се место каде што се среќаваат креативни луѓе. Јас верувам во креативноста и колективитетот и во тоа верувам цел мој живот и кариера. Понекогаш е важно да се опкружите со некои други луѓе.

    http://www.youtube.com/watch?v=h1HueddJYqE

    Кои се некои од композиторите на кои им се восхитувате, вклучувајќи ги и оние кои компонираат филмска музика?

    – Се разбира ми се допаѓаат големите класични композитори. Невозможно е да се направи еден конечен избор на имиња кои би биле ставени на еден список. Мислам дека постојат многу дела од сите тие композитори за кои чувствувам посебна наклонетост. Од современите композитори посебно ми се допаѓа Арво Парт, додека од филмските композитори Нино Рота. Ми се допаѓаат многу други но мојот прв избор е Нино Рота. Моја омилена музика за филм е музика која тој ја компонираше за филмот Амаркорд на Фелини, а ми се допаѓа и музиката за филмот на Годар, Le mépris  на Жорж Делрју. Се разбира има многу композитори чии дела ми се допаѓаат. Тука е и композиторот кој работеше на филмовите на Хичкок, Бернард Херман. Тој е фантастичен и најдобар во овој жанр. Меѓутоа, Нино Рота ми е најдраг од сите.

    Издането Elegy of the Uprooting на едно место ја сумира вашата богата кариера со филмска музика каде што на едно место во живо се изведуваат разни теми од разни филмови.

    – Elegy of the Uprooting е главно концертен проект во кој главната тема е искоренувањето, присутна во два мои проекти, Troyan Women и Weeping Meadow. Покрај композиции од овие проекти тука се вклучени и постари теми а кои на некој начин се вклопуваат со централната идеја. За мене концертите се како театарска претстава. Тука се чувствува силно присуство на Манфред Ајхер со кого создадовме идеална атмосфера за да музичарите и Марија Атмури можат да свират. Идејата да се објави овој концерт дојде покасно, кога видовме што имаме. Во врска со минималистичкиот пристап, тоа е мојот стил на изразување, таков е мојот карактер и таква е мојата идеологија.

    http://www.youtube.com/watch?v=tklXDZlxwjU

    Како почнавте да соработувате со Јан Гарбарек. Таа сорабтока беше почеток и на соработката со Манфред Ајхер и издавачката куќа ECM?

    – Со Гарбарек се запознав во 1986 г. Тоа беше волшебен момент и можеби еден од најважните во мојот живот. Во тоа време ја снимавме музиката за филмот Beekeper. Потоа во 1988 г. во театарот Еродис и во 1993 г.во тетарот Епидаурус имавме заеднички настапи, најважните настапи во мојата кариера, и таа соработка помогна мојата музика да се прочуе надвор. За мене, Јан и Манфред се многу интересни и големи луѓе и се спремам да им посветам една нова композиција. Манфред Ајхер е движечката сила позади мојата работа во последните 20 години. Благодарејќи на него, Гарбарек работеше со мене на моето прво дело. Манфред ја познаваше мојата музика од филмот Voyage to Cythera и му одобри на Гарбарек да дојде и да работи со мене. Од тогаш, а посебно после Music For Films, ECM е сега мојот дом, а Манфред е навистина редок пријател. Досега со него имам снимено седум изданија кои се објавени за ECM и верувам дека имаме уште многу да работиме заедно. Тоа што тој го прави е навистина магија. Откако ќе го завршам својот дел, тоа што тој прави со музиката и со моите теми е еден вид драматургија. Во студиото, тој е многу креативен и сето тоа наликува на музичка изведба. Иако се тоа мои композиции од секој аспект неговото учество дава нова димензија, вон моите очекувања. Бидејќи самиот тој е музичар и е стручен за многу работи Манфред има креативна улога во многу работи во студиото што од моја страна е тешко да се објасни. Кога на исто место работат двајца со иста страст и љубов кон работата резултатите се евидентни, а јас и Манфред сме неверојатно дуо. Затоа ми е многу важен. Обично тој не присуствува кога ја снимам музиката туку после тоа, во студиото. Меѓутоа за снимањето на концертното издание Elegy of the Uprooting тој беше присутен од самиот почеток. Работевме на изборот на темите, драматургијата, ги надгледуваше пробите, го снимаше концертот, односно беше присутен во секоја фаза од работата и ова издание му припаѓа нему. Тешко е да се опише човек како Манфред бидејќи немам со кого друг да го споредам. Не постои друг човек како што е Манфред Ајхер.

    Какви се вашите сеќавања во врска следниве филмови и претстави на кои сте работеле?

    Ulyesses’ Gaze

     

    Одисеевиот поглед . За мене тоа се едни од најсилните моменти во мојот живот. Тоа се емоции кои не можат да бидат споредени со било што друго. Еден од најважните филмови на кои сум работела. Иако сите филмови на Ангелопулос ми се допаѓаат и имам мајчински однос према нив мислам дека за овој филм негувам посебни емоции. Во музиката свој придонес даде и Ким Кашкашијан, која свири на виола. Ако музиката во филмот има добра хемија со сликите тогаш се случува нешто необично и посебно. Нејзиниот допринос во мојата музика за тој филм беше многу важен.

    Weaping Meadow

    За работата на овој филм се сеќавам на многу работи, но првата работа на која се некои посебни луѓе со кои работев. Тоа беше еден харфист од Романија, кој свиреше на лира и армоника. Тоа наликуваше како души да се гушкаат заедно.  За мене тоа беа посебни и незаборавни моменти. Нивниот меѓусебен однос во мене предизвикува восхит.

    Troyan Women

    За мене беше посебно искуство да се гледа изведбата во атинскиот театар Епидаурус. Беше интересно истовремено и да се следи реакцијата на публиката. Целото искуство беше неверојатно и силно. Тие сеќавања ми се особено драги. Целото искуство е неспоредливо со било што друго.

    Voyage to Cythera

    Патот за Китира беше првата соработка со Ангелопулос. Се сеќавам на тоа иако беше одамна. Посебно се сеќавам на денот кога Ангелопулос четири часа ми го објаснуваше сценариото. Бидејќи сум композитор се сеќавам само на деловите врзани за работат во студиото. Работејќи на овој филм се запознав со Христополус Вангелис, мојот обоист со кого редовно работам оттогаш. Тој е присутен на сите мои изданија. Кога ја чув неговата обоа тоа беше силноо емотивно искуство поради што се расплакав. Тоа е важен момент бидејќи секогаш кога компонирам се базирам на неговата обоа. Се сеќавам и на една сцена од филмот, на Катрагис, старецот кој беше затворен во Русија и кој сакаше да се врати во Грција. Сцената за која зборувам е Танцот на Понтос. Тоа е сцена која ме понесе. Се сеќавам на многу работи но ќе треба да напишам книга за сето тоа.

    Wandering

    Wandering е можеби мојот прв вистински игран филм на кој имам работено, на некаков начин. Тој е многу важен долгометражен филм. Кога работев на музиката бев во потрага по Грција длабоко во себе, бидејќи темата го прикажуваше животот на Грците од дијаспората. Поради тоа навлегов длабоко во себе си барајќи ја својата земја. Тука користев стари рембетико ритмови, како што е 9/8 кој е многу стар, но го искористив на еден минималистички начин. Во музиката постои дијалог помеѓу инструментите сантури и ќембало, односно дијалог помеѓу ориентот и западот.

    The Suspended Step of the Stork

    Најважната слика која ми се јавува во мислите врзано за овој филм е свадбата во селото кое беше поделено на два дела бидејќи граничната линија поминуваше низ него. Граничната линија е и река, а младоженецот живее на едната страна на реката, а невестата на другата страна. Друга сцена која ми е посебно драга се наоѓа некаде на крајот од филмот  и таа сцена беше кореографирана на база на музиката. Тоа е темата „Финале„ а Ангелопулос мајсторски ја изработи сцената. Тука глумат Марчело Мастројани и Жана Моро. Од оваа перспектива имам подобро мислење за овој филм отколку на почетокот. Најмногу што ми се допаѓа е темата а тоа се границите. Како и „Одисеевиот поглед„ тој филм зборува за граници, раселени лица, луѓе кои се искоренети. Тоа се теми кои се присутни во ова наше доба. Ангелополус не е голем човек само поради неговите филмови туку поради идеологијата, историјата. Историјата на ова доба е многу важна за него.

    Rosa

    Насловот доаѓа од стихови од една поема каде вели „станав ружа за да го спасам сонот„. Јас ја позајмив својата поезија на Луксембур. Тоа е филм на Христофирис Христофин и каде поред грчките глумци глумат и Андреј Северин и Даниел Олбрицки. На крајот од филмот има една песна, ода на ружата која ја пеам јас. Не ми беше сеедно, но и режисерот и глумците инсистираа исклучиво јас да ја отпеам што и се случи на крајот. Подоцна, кога продуцентот на ECM, Манфред Ајхер, компилираше нумери за изданието Music For Films, многу му се допадна таа песна и ја стави на изданието. Меѓутоа, тоа не беше мое прво искуство како вокалист. На својот прв концерт во Атина пред многу години на локација близу Акрополисот се случи да пеам пред публика од 5000 луѓе. Јас не сум пејачка, но понекогаш се случува да отпеам нешто, а и често го користам својот глас во музиката, како инструмент. Тоа може најдобро да се чуе на музиката која ја имам работено за театарот на 45 претстави. Само во такви случаи го користам гласот. Сепак, не сум пејачка.

  • Grinderman шири поинаква енергија од Bad Seeds

    Интервју со Џим Склавунос  (Nick Cave and the Bad Seeds & Grinderman): „Ние сме музичари со различни интереси“.

    Grinderman

    После долг низ години предводејќи го својот матичен бенд Bad Seeds, Ник Кејв, се одлучува со својот долгогодишен, неименуван (и претходно ретко виден) соло бенд да оформи поконкретен проект кој ќе има поинаков пристап и кој ќе внесе звуци и пристапи кои Bad Seeds не биле во можност да ги инкорпонираат во нивната работа. Резултат на тоа е Grinderman, бенд со збесната музика која подеднакво и забавува и шокира со својата директност, сировост и бруталност. Grinderman се всушност членови на матичниот состав Bad Seeds и тука се и Ворен Елис, Мартин Кејси и Џим Склавунос.  Оваа еруптивна панк блуз експлозија повеќе го приближи Кејв кон оној одметнички и нерафиниран звук кој одамна го беше запоставил, што се гледа по тоа дека тој го заменил пијаното за електрична гитара. Двете студиски изданија, грстот синглови и одличните настапи се доказ дека бендот има поинаков, посериозен, пристап кон овој проект. За тоа како нивната музика звучи во живо можеше да се види, чуе и осети на 12 издание на фестивалот Егзит, каде нивниот настап беше еден од најдобрите кои фестивалот воопшто ги видел.

    Џим Склавунос е член на Bad Seeds од 1994, а неговото богато CV вбројува работа со разни noise бендови меѓу кои најпознати се  Teenage Jesus and the Jerks на Лидија Линч, во времето на No Wave сцената во Њујорк, како и култните Sonic Youth и the Cramps. Со завршувањето на турнејата во Австралија во декември 2011, Кејв најави затворање на овој бенд/проект барем што се однесува до снимање студиски материјал, но не ја исклучи и можноста за некое понатамошно повторно концертно собирање. За нив следно е нов албум на Bad Seeds кои се во нова фаза после заминувањето на единствениот преостанат оргинален член на овој состав, Мик Харви.

    Бендот Grinderman се состои од членови од познатите Bad Seeds. Што е тоа што го прави Grinderman поинаков од Bad Seeds?

    – Што се однесува до звукот на оваа група луѓе, тука можете да им верувате на вашите уши. Ако ви звучи различно тогаш е различно, но ако не ви звучи различно, што да ви кажам освен да се обидете да направите да биде. Но тоа беше една од работите што се обидувавме да ги постигнеме, да направиме два различни типови на бендови бидејќи ние сме музичари со различни интереси и сакавме да ги изразиме тие различни интереси. Еден бенд не можеше да го постигне сето тоа. До тој момент Bad Seeds веќе постоеја голем број години и поминаа низ многу различни фази, но тука постеја работни методи кои се базираа на работни навики и концепти, а со Grinderman сакавме да ги отфрлиме сите тие навики и концепти и да се присилиме себеси да работиме на поинаков начин. Сето тоа со цел да видиме што ќе произлезе од таквиот приод. Поради тоа, кога заминавме во студиото, немавме замисла дека Grinderman ќе биде нешто специфично туку едноставно еволуираше на тој начин. Исто така, веќе со години истите ние настапуваме како соло бенд на Ник Кејв и со тоа почна да се јавува тој полу-гаражен, полу-психоделичен звук. Потоа, Ник и Ворен работеа на музика за повеќе филмови, па експериментираа со лупови и други работи и идејата за комбинирањето на овие две работи беше тука, а идејата за импровизирањето не оддалечи од тоа да работиме песни.  Се додека не влеговме во студиото и не почнавме да импровизираме не знаевме што ќе се случи. Не знаевме дека дури и ќе можеме да направиме албум. На времето кога го завршивме првиот албум помисливме ајде да направиме уште еден бидејќи бевме навистина задоволни со резултатите.

    Значи енергијата и возбудата од првиот ве натера да го направите и вториот?

    – За вториот ни требаше повеќе време. Кога имате два бенда и кога се обидувате и двата да ги држите активни, тешко е, а и станува помалку конфузно ако тие не се преклопуваат премногу.  Следно што направивме беше да заминеме на турнеја со него наместо да  го запоставиме. Сите ние имаме свои проекти на страна. Ник и Ворен се активни со филмска музика, Мартин Кејси работеше со The Triffids, јас се занимавав со продукција на други бендови и ремикси, а кога не работевме се фокусиравме малку на Grinderman, а потоа на Bad Seeds и обратно.

    Ако се земе во предвид идејата за поинаков пристап кон работа со овој бенд и импровизирачкиот пристап, колку сте задоволни од крајниот учинок со двете изданија?

    – Мислам дека генерално сме задоволни иако имаме една линија на постојано незадоволство која оди под сето ова, бидејќи секогаш гледаме кон следната работа која треба да ја работиме односно што можеме да работиме на поинаков начин. Ние не можеме да седиме мирни, а тоа особено важи за Ник, кој постојано притиска и испитува што е сработено до сега и секогаш е спремен да продолжи понатаму. Мислам дека е многу добро што не придвижува на тој начин. За нас никогаш не можеш да кажеш дека сме сосема задоволни со она што сме го направиле, но сепак сме доста задоволни со двата албума. Тие звучат различно еден од друг, но може да се види заедничката линја која минува низ нив. Првиот е директен, се внесува во вашето лице и не претставува нас кои сме, на еден едноставен начин. Вториот е поширок и поконтрадикторен со повеќе атмосфера, повеќе психоделични текстури. Некои теми имаат повеќе грув или се поапстрактни, како што се да кажеме Evil или Worm Tamer. Понекогаш работиме со тоа што сме го сработиле во студио, како што е случајот со Bellringer Blues.  Тоа што ритам секцијата и Ворен го правиме на таа тема е тоа што го правевме во голема мера кај првиот албум – импровизации врз кои се доснимени делови без никакви додатни промени. Некои нумери, како што се Evil и Worm Tamer ги градевме слој по слој. Тоа се начини на кои Ник некогаш работел во раните денови на Bad Seeds, вклучувајќи го албумот Tender Prеy. Значи користевме многу методи, вклучувајќи и живи настапи, импровизирање.

    Интересно за Grinderman е и гостувањето на култниот гитарист Роберт Фрип од King Crimson на песната  Heaten Child.

    – Ние сме големи фанови на една песна од првиот албум на Брајан Ино, Baby’s On Fire,  каде Фрип свири едно лудо соло и сакавме да имаме нешто такво. Фрип направил многу работи и одамна не е во таа фаза, но Ник го поттикна и наговори да направи нешто во тој дух. Всушност, тоа е мојата омилена верзија од песната. Добрата страна на ремиксите е различниот пристап на луѓето кон ремиксувањето. Понекогаш тоа е сосема блиску до оригиналот, а понекогаш нешто сосема поинакво. Со еден бенд направивме dubstep верзија на Evil. Членот на бендот The Horrors, Ферис направи одличен ремикс на When My Baby Comes. Ова е првпат ние да направиме не само ремиски туку тие ремикси беа и интересни и возбудливи и дадоа поинаква димензија на песните. Видеата исто така беа посебни, особено тоа за Heaten Child. Многу од периферните работи врзани за албумот, како што е дизајнот за кориците, видео спотовите и ремиксите му помогнаа на самиот албум на начин на кој никогаш не би очекувале. Спотовите беа поинакви и чудни, и тие помогнаа со тоа што сугерираа приказна за која не бевме свесни дека е присутна во песните, во стиховите.

    Мене ме потсетија на филмовите од Б продукција од 80-те, како тие на Џон Карпентер.

    – Токму на тие филмови беа базирани овие спотови.

    Дали беше лесно магијата од сесиите во студио да ја пренесете на живите настапи?

    – Се обидуваме да ги одржиме работите свежи, а што се однесува до мене јас се трудам секогаш да имам импровизаторски пристап кон свирењето колку што е тоа можно, со одредени насоки. Со овој бенд и тоа што го правиме не е можно да направиме импровизација која би траела 20 минути инаку не би имале време да го отсвириме остатокот од песните. Што се однесува до самите песни, до она внатре во нив, се обидуваме работите да бидат спонтани. Јас сигурно не свирам на ист начин секоја вечер. Кога веќе го реков тоа, сепак во сето тоа постои голема постојаност и се е зацврстено од басот на Мартин. Тој е тврдото јадро околу кое сите ние осцилираме.

    Џим Склавунoс со авторот на интервјуот Ненад Георгиевски

    Каков е балансот помеѓу Grinderman и Bad Seeds ако се има предвид дека се работи за исти членови. Дали Grinderman во одредена мера ги кочи Bad Seeds?

    Единствено кочење е она кое се однесува на времето, но сигурно тоа не се случува кога се работи за креативноста. Едното го поттикнува другото.  Следниот албум на Bad Seeds ќе биде продолжување и реакција на вториот албум на Grinderman, на ист начин на кој Dig Lazarus Dig беше продолжување и реакција на првиот албум на Grinderman.  Првиот албум на Grinderman беше продолжение и реакција на нешто друго. Бидејќи се работи за исти луѓе тука постои континуитет и бидејќи сакавме да направиме нешто поинаку, а и бидејќи сме поинаков бенд, со поинакви музички цели, следното ќе биде реакција на сето тоа. Но, нема да го наруши или попречи бендот. Единствено попречување е тоа што нема доволно време во еден ден или нема доволно денови во годината за да направиме албуми и со Grinderman и со Bad Seeds, а и за да ги промовираме на турнеи. Тие турнеи нудат повеќе задоволство бидејќи се изведуваат песните на поинаков начин од студиото и тука повеќе доаѓаат до израз првичните идеи кои сте ги имале.

    На кој начин заминувањето на Мик Харви од Bad Seeds ќе се одрази врз овој бенд. Тој беше последниот од првата постава на бендот и еден од најпрепознатливите ликови покрај Кејв. Иако луѓето имаат тенденција на вас да гледаат како Ник Кејв и останатите, сепак бенд е бенд.

    – Да, иако во повеќето случаи луѓето на нас гледаат на овој начин, тоа воопшто не е така.  Со заминувањето на Мик ќе се променат работите, повторно. Бендот веќе има поминато низ многу промени. Мик беше последниот член од оригиналната постава покрај Ник. Мислам дека тој веќе одамна сакаше да си замине и дека чувствуваше потреба да остане уште малку. Сега тој си замина, а ние ќе продолжиме понатаму.  Ќе биде интересно да се види што ќе произлезе од тоа, но Bad Seeds имаат поминато низ неколку фази и ова е претпоставувам ново поглавје во неговата историја.