Author: Nenad Georgievski

  • Балкон3 интервју со Роб Гарза – Thievery Corporation

    Диџејот и продуцент Роб Гарза е познат како една половина од дуото Thievery Corporation. Оваа година издаде колекција на ремикси кои ги направи за песни на Гогољ Бордело, Tycho, Miguel Migs. Remixes е интригантно издание што во себе спојува разновидни звуци во една интересна целина. Од друга страна, во врска со Thievery Corporation, бендот настапува повремено и штотуку го заврши новиот албум. Препознатливиот звук на бендот, во кој се испреплетуваат трип хоп, даб, лаунџ и мешавина од звуци од разни краишта на светот, е ставен на страна, бидејќи оваа есен дуото ќе издаде целосно акустично издание со звуци на боса-нова.

    garza_cover

    Од каде идејата за албум со ремикси на туѓи песни?

    Пред сè, неколку пријатели, луѓе како Tyco, Megamix, Јуџин од Gogol Bordello, ме замолија да да направам неколку ремикси. Ова ми дојде како некакво хоби. Јас само си играв со некои од стемовите, односно со некои од нивните траки. Сè започна како забава, само за да видам како ќе испадне на крајот. Една ипол година подоцна сфатив дека имам прилично музика и сакав сето тоа да го издадам на еден албум. Ете од каде причината за ваков албум.

    garza plakat3Колку на луѓето им е прифатлива идејата за ремиксување кога тој кој ги ремиксува нивните песни во голема мера скршнува далеку од оригиналните идеи и концепти?

    Мислам дека денес во светот на некој начин сè се ремиксува. Земете една слика и ставете ја низ различни филтри и, на некој начин, со тоа вие правите ремикс на таа слика. Кон сè што правиме, на пример со монтирањето или меш-аповите, луѓето веќе се навикнаа. Мислам дека денес тие полесно ја прифаќаат оваа идеја отколку порано.

    Летото 2013 по објавувањето на ова издание имавте мала турнеја како диџеј. Каква е разликата кога се настапува како диџеј во однос на настапите со бенд како што е Тhievery Corporation?

    Кога настапувам како диџеј, јас пуштам туѓа музика. Всушност, тоа мене навистина ми се допаѓа. Навистина е убаво кога се истражува музиката на овој начин и веќе подолг период немав настапувано како диџеј, поради што немав многу информации што се случува надвор. Всушност, тука се работи за изнаоѓање начин да се поврзеш со публиката, но не преку сопствената музика, туку преку својот избор и вкус за музика.

    Дали пуштате Thievery Corporation за време на вашите сетови?

    Да, го правам тоа. Понекогаш ќе пуштам песна или две.

    Обично диџеите се делат на две групи – од една страна се оние кои работат со плочи (грамофонџии), а на другата се оние кои само пуштаат музика. Се чини дека секоја страна на некој начин ја девалвира важноста на другата. Какво е вашето мислење?

    Јас ги почитувам и двете. Од моја гледна точка, тоа што го прават грамофонџиите е како свирење на инструмент. Тие луѓе се навистина талентирани. На пример, имате некој гитарист виртуоз кој навистина може да свири и да прави ненормални работи на гитарата, што од своја страна е убаво, а понекогаш имате некој кој може да направи едноставна песна од неколку акорди. Не мислам дека тука станува збор за ’едниот против другиот‘. Светот е доволно голем и има место за сите. Постои место и за луѓето кои се грамофонџии, и за тие кои избираат и пуштаат одлична музика.

    garza1Кои се искуствата што сте ги научиле од светот на диџејството и сте ги пренеле во вашата продукција со Thievery?

    Една од работите е свеста за тоа што се случува на музички план и поттикот да се донесат некои идеи во нашата продукција.

    Каков е сегашниот статус на Thievery Corporation?

    Само што имавме неколку настапи по Америка и се подготвуваме да издадеме нов албум.

    TC

    За какво издание станува збор?

    Албумот се вика “Saudade” и на некој начин тој во себе носи женски особини, бидејќи е многу природен и убав. Сите песни се отпеани од женски вокалисти и е еден навистина прекрасен албум. Воопшто не е електронски и беше инспириран од нашата љубов кон боса-нова и кон музиката од старите француски филмови.

    Како гледате на првото издание на Thievery Corporation “Sounds from the Thievery Hi Fi” од оваа дистанца? Тоа издание беше навистина популарно кога беше објавено 1997 г.?

    Во тој период ние навистина не знаевме што правиме точно и она што таа плоча ја направи посебна делумно е дека го имавме вистинскиот дух и став за да ја создадеме, но ние не бевме музичари и бевме малку наивни. Начинот на кој размислувавме во тоа време за музиката, различните култури и различните звуци беше сосема свеж и кога го слушам понекогаш, ме фаќа носталгија за тој период. Бевме млади и убаво се забавувавме. Тоа е тоа што најмногу го сакам кај него.

    tc1

    Thievery Corporation се познати по својата мешавина на различни звуци и култури во својата музика. Дали има некаква политичка порака или изјава која стои зад тие спојувања на културите?

    Ако постои некаква изјава или порака, тогаш таа би гласела „да се остане со отворен ум“. Понекогаш ние се губиме во сопствените култури, посебно кога мислиме дека нашата е најдобра. Во Америка ова ви го продаваат велејќи дека Америка е број 1. Многумина Американци не се запознаени со музиката од Бразил или од Индија. Тие можеби знаат кој е Боб Марли, но многумина не знаат ништо повеќе за регето или за даб-музиката. За нас тоа значи ушите да ни бидат секогаш отворени, а со тоа, се надевам, и нашиот ум.

    Ненад Георгиевски

  • Мирослав Тадиќ – Експонирање на балканската музика

    Мирослав Тадиќ е гитарист виртуоз и професор на престижниот универзитет КалАртс во САД, но на овие простори е без сомнение најпознат како втората половина од дуетот со гитаристот Влатко Стефановски. Со годините, ова дуо, чиј репетоар се состои од македонски народни песни и ора, се прошири во трио, со придружувањето на бугарскиот кавалџија Теодосиј Спасов. На почетокот од оваа година триото беше на турнеја со оркестри, со кои настапуваа во престижни концетни сали во Монте Карло, Лајпциг и Лондон. Овој проект, кој својата премиера ја имаше на Скопскиот џез-фестивал во 1997 година, годинава се врати на сцената на фестивалот, на кој настапи со Македонскиот филхармониски оркестар под водство на диригентот Кристијан Јарви.

    miroslav-tadic 1

    Овој јануари триото со Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов беше на мала турнеја, при што настапивте во Монте Карло, Лајпциг и Лондон. Како дојде до соработката со престижните симфониски оркестри на овие градови?

    – Тоа е проект што постои од порано. Ние имавме еден концерт во Виена, кој беше многу успешен. Него го подготвувавме со еден оркестар кој се вика „Tonkustler Orchestra“. Тој е трет по големина и важност. Значи, имате „Vienna Philharmonic“, „Vienna Opera“ и „Tonkustler“ кои се, да кажеме, најмалку традиционални. Во тоа време тие беа под управа на диригентот Кристијан Јарви од Естонија, еден од најуспешните диригенти од својата генерација. Со него се запознав преку бендот Grandmothers (бенд што ја изведува музиката на Френк Запа). Мојот прв настап со овој бенд беше со оркестар во Берген, Норвешка, со Бергенскиот симфониски оркестар, каде што тој беше диригент. По тој концерт, отпатував да настапам заедно со Влатко и Теодосиј во клубот на Џо Завинул во Виена, „Birdland“. Бидејќи Јарви живее во Виена, го поканив да дојде да слушне што ќе свириме. Тој дојде и беше воодушевен. Тогаш тој спомна дека има оркестар и дека сака да работи нешто со нас. Потоа следеше тишина од една година, за наеднаш да добиеме покана за тој концерт со оркестар. Идејата беше да се свири балканска музика која ја свириме како трио, но да постојат и оркестарски аранжмани во рамките на кои ќе има простор за импровизации. За тој концерт Теодосиј направи неколку интересни аранжмани, оркестрации за цел оркестар, и ние свиревме композиции од помалку познати балкански композитори во разни комбинации. Меѓутоа, главниот дел од програмата беше музиката што ја изведуваме со триото –македонски песни, меѓу кои „Прошета се Јовка Кумановка“, „Елено ќерко“, како и работи кои Теодосиј ги донесе и кои се базираат на бугарски и турски фолклор. Помеѓу сето тоа, настапувавме само како трио без оркестарот. Приемот беше неверојатен. Свиревме во „Златната сала“, каде што се свири новогодишниот концерт во Виена. Тоа е фантастична сала во секој поглед и за тој концерт, таа сала беше распродадена. Публиката ја сочинуваа луѓе од Виена. Значи, ние нe свиревме во некој клуб каде што би присуствувале претежно луѓе од дијаспората. Кога се настапува надвор, најтешко е да се допре до публика која не е наша, односно не е од овие простори. Потоа отсвиревме три биса. Се разбира, кога се разделивме со диригентот се договоривме дека овој проект е одличен и дека треба повторно да го направиме. По ова, секој замина по свој пат. Јарви диригира по целиот свет и минатата година добивме покана од диригентот за овие три концерти кои како да се од бајките – во Монте Карло, Лајпциг, и со Лондонскиот синфониски оркестар, а ете кон крајот на годината и настап во Скопје со Македонскиот симфониски оркестар.

    Стефановски, Спасов и Тадиќ
    Стефановски, Спасов и Тадиќ

    Како е конципирана програмата на концертите со оркестрите?

    – Идејата на оваа програма со симфониски оркестар, од една страна, е да се експонира балканската музика. Диригентот смета дека ние сме едни од најзначајните претставници на оваа музика. Што се однесува на нив, нивна цел е да се прошири оркестарската публика, а притоа да се донесе нешто несекојдневно, односно да не биде, на пример, рок бенд со оркестар, туку нешто што сепак има врска со оркестарската и традиционалната музика. Така што, програмата за овој месец е концпирана така што првиот дел од програмата се состои од дела на балканските композитори, но оние попознатите – Барток, Јаначек, Кодаљ и Енеску. Потоа, следат Барток и негови оркестрации на романски фолклорни игри. Потоа следуваме ние со композицијата „Еј, ти момче охриѓанче“, за после да оди приказната со оркестарот. Бидејќи во голема мера сѐ е запишано, и јас и Теодосиј ги свириме тие работи, а Влатко свири делумно од тој дел. Потоа следат импровизации. Постои одреден дел каде што оркестарот свири одреден луп, прво свирам јас, па Теодосиј, па Влатко или во комбинации. Во меѓувреме оркестарот држи заднина која е многу интересна. Сега свиревме во Монте Карло и сѐ е претставено на врвно ниво. Сѐ е дел од сезоната на оркестарот, односно од програмата за оваа сезона. Свириме во престижни сали. Во Монте Карло свиревме во салата „Renier III“, во Лајпциг свиревме во „Gewandhaus“ и „Weimar“, додека во Лондон свиревме во „Barbican“. Сите концерти од турнејата беа распродадени и на секој концерт свиревме по три биса. Сите тие концерти траат преку два часа, а луѓето бараат да слушнат уште три биса. Што се однесува до мене ова е далеку од она што јас претпочитам да го работам. Јас сакам да работам со помалку луѓе. Што е помало, тоа е подобро и поинтимно, а и размената меѓу нас е подлабока. Повеќе ги сакам тие помали комбинации. Со оркестар е веќе покомплицирано. Да се донесе таа музика и тој свет е комплицирано и тука се појавуваме како солисти. За еден класичен музичар тоа е самиот врв. За да се дојде до тоа да се настапува како солист со Лондонскиот симфониски оркестар треба да се работи здраво, да се победува на натпревари, да се има менаџмент и уште милион перипетии. Нам тоа не ни беше амбиција ако веќе ја отвораме таа тема, но некако така се наместија коцките.

    Vlatko Theo Miro 3 - dubrovnik

    Какво е значењето на овие концерти што се однесува до популарноста на балканската музика надвор од оние теркови во кои сме навикнале да се проценува и да се гледа на оваа музика?

    – Ова е исто така знак и за сѐ поголемата популарност на оваа музика. Во последните 20 години откако се дозна за мене, постојано во интервјуата ми поставуваат прашања за балканската музика, како е таа примена во светот. Тоа е тешко да се одговори, но ова покажува дека таа навистина почнува да се прифаќа и луѓето да се интересираат на едно поинакво ниво, покрај варијантата на Бреговиќ или други етномузички комбинации или музика која се изведува на т.н. автентичен начин. Ова има поинаков пристап и поинакво видување на таа музика. Тоа што го прави Брега има некои интересни моменти, но на луѓето им остануваат во сеќавање само трубачите, односно таа свадбарска музика која е за забави. Финиот дел од таа музика, кој е многу софистициран и кој од музичка страна е технички многу интересен, всушност е многу ретко претставен. Мислам дека ова е еден од начините тој да дојде до израз. Истото тоа можам да го кажам и за соработката со Теофиловиќ. Тоа е исто така еден потег да се претстави тој друг аспект на балканската музика.

    Сега настапивте во Скопје во рамките на Скопскиот џез-фестивал. Дали планирате оваа музика со оркестарот и триото да ја изведувате и на балканските простори?

    – Тоа ни е во план. Веќе преговараме за настапи во Белград. Многу е тешко сите овие луѓе кои учествуваат да се соберат на едно место. Сите сме ангажирани на своите проекти, но најголем проблем е диригентот. Диригентот е тој кој ја држи целата работа на едно место. Тој не мора да патува со целиот оркестар. Тој може и да диригира со кој било оркестар. Исто така размислувам и за проектот кој сега се работи помеѓу Загребската, Белградската и Љубљанската филхармонија кој се нарекува „Тачка, Точка, Пика“. Ова би бил идеален проект за тоа. Тука може да влезат композитори од овие простори – Мокрањац, Словенац и би било супер. Повторно, диригентот е голем проблем бидејќи е преангажиран. Тој уште сега ги букира 2015 и 2016 година и кога му спомнавме за октомври, тој зачудено нѐ праша, „оваа година“? Наша голема среќа е најде слободен темин и прифати.

    Кристијан Јарви
    Кристијан Јарви

    Дали овие настапи планирате да ги издадете како аудиозапис?

    – Да, концертот во Лајпциг е снимен и сакаме да го издадеме.

    Ако се земе предвид дека со текот на времето проектот Крушево кој започна како дуо, па прерасна во трио и квартет, дали е ова следна еволуција на тој проект?

    – Ова со оркестарот се појави само по себе. Ние не го туркавме проектот во тој правец, туку самиот така се намести. На луѓето кои мислат дека не знаеме што да правиме следно можеме да им кажеме дека ова е нешто што ни е многу значајно. Мене лично, како што кажав претходно, повеќе ми одговара да има што помал број луѓе. Тоа е тоа што од самиот почеток на овој проект му донесе свој живот – бевме само јас и Влатко. Интензитетот на таа комуникација, енергијата со која свириме, бидејќи ако свириш со тројца луѓе интензитетот може да варира, а енергијата да шара наоколу. Ако свириш дуо, тогаш енергијата мора да биде потполно сконцентрирана и тоа веднаш се пренесува до слушателот. Проблем е што живеам во Америка и што не сум тука на овие простори. Влатко многу сака да доаѓа во Америка, но тој е врзан и работно и семејно. Тој е навистина презафатен и тешко е да се договориме. Имаме и планови да работиме во Америка, каде што би ги поканил и браќата Теофиловиќ. Во тоа учество би зел и Мајкл Манринг, познатиот басист, но во акустична варијанта. Тој прави чуда на басот. Свирев со него во едно трио и тоа беше феноменално. Човекот има нула его, а е страшен музичар. Тоа ни се плановите и желбите. Но, како што вели народот, да сме живи и здрави.

  • Стиан Вестерхус: Да се свири со Сидсел Ендресен е како сон

    Стиан Вестерхус е непредвидлив и променлив гитарист, звучен скулптор чија музика е исполнета со необична таинственост. Таа се наоѓа некаде помеѓу фри-импров музиката, експресионизмот на електричниот фри џез и електронската музика. Меѓутоа, тој е повеќе од обичен гитарист. Toj e композитор кој ги потиснал можностите на својот инструмент со крајна цел да ги прошири границите на областите од интерес. Тој е предводник на многу бендови во минатото, од кои најпознат е Пума, а во Скопје има настапено на 30-то издание на Скопскиот џез фестивал заедно со Нилс Петер Молваер. Оваа година на џез фестивалот сцената ќе ја дели со вокалистката Сидсел Ендресен, каде премиерно ќе го изведат проектот „Didimoy Dreams“.

    Sidsel i Stian 1

    Во вашите раце гитарата е убиствено оружје и средство за компонирање, а резултат на тоа се интригантни амбиенти, текстури, мелодии и енергија. Што се случува кога сте само вие и вашата гитара?

    – Целата идеја беше да работам со импровизирана музика без какви било влијанија од други луѓе, активно да скршнам од упатствата и правилата, како еден начин да трагам по „мојата музика“. Гитарата ми служи само како средство за компонирање. Таа е неопходна сила за мене, со цел да се обидам и да создадам музика преку неа.

    Голем дел од вашиот звук се базира на електронски направи, но до кој стпен вашата музика се потпира на интуиција? Во која мерка таа е промислена однапред, а до кој степен е интуитивна импровизација?

    – Јас би го рекол попрво обратното, иако ја гледам вашата поента бидејќи самата гитара е електронска направа, но моите електронски помагала не ја создаваат музиката и претпоставувамн дека добар пример за тоа е моето последно издание. Сета моја музика е импровизирана, исто како што никогаш не планирам какви било соло настапи, а повеќето мои улоги во бендовите биле сосема слободни. Кога го реков тоа, на пример, кај моето ново трио Pale Horses, ние ќе свириме напишани песни со вокали, но тука нумерите ќе функционираат како основа за заедничко свирење на еден слободен начин.

    Stian gitara 1 Stian gitara 2
    Во последните неколку години учествувавте во многу проекти почнувајќи од соработките со Нилс Петер Молваер и Сидсел Ендресен, па се до Јан Банг и Supersilent. Да се каже дека сте само плоден би било големо потценување. Како ја одржувате вашата креативност и свежина кога работите истовремено на толку многу проекти?

    – Преку работата на моите проекти, а посебно на соло проектот, можам да создадам добра основа за својот понатамошен развој, а како не би бил креативен кога свирам со такви фантастични музичари. Навистина сум размазен.

    Како дојде до соработка со Сидсел Ендресен?

    – Пред неколку години имавме одвоени настапи на еден фестивал и направивме заеднички бис. Неколку месеци подоцна Сидсел ме покани да настапиме во дует на Молде џез фестивалот. После тоа продолживме да настапуваме заедно.

    Како таа соработка резултираше со сега познатото и многу наградувано издание „Didimoy Dreams“?

    – Имавме пет настапи кои ги снимивме со надеж дека ќе има доволно работи од кои би бирале за да се направи издание во живо, но кога го слушнав настапот во Берген (на одличниот NattJazz фестивал) престанав да фаќам белешки и внимателно го преслушав целиот концерт. Тоа беше тоа. Сидсел се согласи, го средивме и повторно го преслушав. Ние бевме сосема изненадени кога ја добивме наградата Spellemannsprisen (норвешкиот Греми) за него.

    Сидсел Ендресен
    Сидсел Ендресен

    Какво е чувството да се соработува со Сидсел Ендресен која е популарен импровизтор од постарата генерација?

    – Чувството е прекрасно. Таа поседува многу убав звук и да се свири со неа е како во сон. Никогаш не ми е досадно. Тука секогаш се мотаат беѕброј идеи кои се чини доаѓаат сосема природно. Сето ова е сосема слободно, и ние имаме многу заеднички места каде се среќаваме за време на импровизациите, иако нашите инструменти се сосема различни. Се чини дека размислуваме за звукот на сличен начин.

    За време на 30-то издание на Скопскиот џез фестивал вие настапивте со Нилс Петер Молваер кога го презентиравте албумот „Baboon Moon“ кој Вие и го продуциравте. Тоа беше еден од најдобрите концерти на кои сум присуствувал на фестивалот. Беше очигледно дека со Молваер делите некоја чудна и посебна енергија.

    – Тоа што се случува меѓу нас е тешко за опишување, барем не би можел тоа на кратко да го опишам, меѓутоа тоа што го свиревме таму беше отсвирено сосема слободно во концертна средина. Ние ги земавме нашите композиции и ги обликувавме во нешто ново. Беше навистина убаво да се работи на овој материјал подолг период. Од неговото создавање во студио и продукцијата на звукот на албумот, па се до многуте настапи со него. Нилс Петер е феноменален музичар со смешно одличен пар уши така што тој ќе звучи како себе без разлика што и да му фрлам. Тој беше целосно отворен за моите идеи и тука можев да правам што сакам.

    Еден од проектите на кои неодамна почнавте да работите е и соработката со познатиот норвешки колектив Supersilent. Какво е чувството да се настапува со нив?

    – Многу е интуитивно. Се чувствувам како на некој начин да сум пораснал со оваа музика, така што почувствував дека имаме многу заеднички работи, кога се работи за основното разбирање на музиката. Тие се многу добри музичари на некој свој начин и кога ќе се соберат заедно се случува музика. Кога се работи за Supersilent вие навистина треба да се држите до своето кога сте со нив.

    Stian i Sidsel 2

    На кој начин овие соработки влијаеле врз вашата музика?

    – Претпоставувам дека на ист начин како и другите музики. Навистина не размислувам за тоа и се обидувам себе си да се доведам на исто ниво кај различни проекти.

    Дали можете да ми дадете пресек како сте еволуирале како гитарист во текот на вашата кариера?

    – Хе, хе, ова можеби ќе ви звучи дрско, но мислам дека сум еволуирал како музичар и композитор, но не и како гитарист. Веројатно пред неколку години бев подобар гитарист, бидејќи од тогаш престанав да се интересирам за гитарата. Јас сум повеќе заинтересиран за музиката отколку за инструментот.

  • На Скопскиот џез-фестивал има магија во воздухот

    Интервју со Жига Коритник, долгогодишен службен фотограф на Скопје Џез Фестивал.

    Светот на џез-музиката не би бил истиот без познатите фотографии што ја прикажуваат неговата иконографија. Се чини дека оваа музика и фотографијата одат рака под рака уште од почетокот на 20-от век. На некој начин и имиџот на Скопскиот џез-фестивал не би бил истиот без фотографиите на Жига Коритник. Тој веќе долга низа години е службен фотограф на фестивалот и една од личностите по кои се препознава овој фестивал, а и чии фотографии се изложени во многу престижни галерии ширум светот.

    ziga koritnik 1

    Вие веќе долга низа години соработувате со Скопскиот џез-фестивал како негов службен фотограф. Како започна вашата соработка со фестивалот?

    – Нашата соработка започна во 1996 година, кога ја објавив мојата мини-монографија Jazzy-ga. Неа ја праќав насекаде, по различни фестивали, и Оливер Белопета беше оној што ме пронајде и ме покани да го посетам фестивалот. Така започна таа приказна. Истата година го објавивме и нашиот прв календар. Кога се случува, на Скопскиот џез-фестивал има магија во воздухот, а која повторно ме враќа кон него.

    Кои се некои од најдобрите концерти што сте ги виделе на фестивалот и во истиот контекст, кои се некои од фотографиите од фестивалот на кои сте најмногу горди?

    – Тешко ми е да изберам меѓу многуте фотографии бидејќи сум приврзан кон сите мои фотографии. Што се однесува на концертите, листата е навистина долга но одбрана, почнувајќи од Рој Кембел, Хенри Тредгил, Џон Лури, па сè до Ентони Брекстон, Вејн Шортер, Fire! итн.

    Како фотограф, вие имате можност да патувате и да ги изложувате овие фотографии насекаде низ светот. Како реагираат луѓето на фотографиите што сте ги сликале тука?

    – Последниве неколку години патувам многу бидејќи често правам изложби насекаде низ светот. Различни фестивали ви нудат различни искуства. На пример, во Кина, тие не ги познаваат сите овие музичари бидејќи таму се популарни некоја друга музика и некои други музичари. Сите тие доаѓаат од Европа, Австралија или други континенти, но тоа е сосема поинаков свет. За време на мојата последна изложба во Зуанг, на луѓето многу им се допаднаа емоциите кои зрачеа од фотографиите. Едно слично искуство имав и кога работев во Љубљана пред 3 години, кога имав изложба во Тиволи. Изложбата се состоеше од 150 фотографии со огромни димензии. Таа привлече разни луѓе, не само оние кои посетуваат концерти, и сите беа воодушевени од емоциите кои зрачат од моите фотографии. Секој ден ме среќаваа луѓе кои ме поздравуваа и ми зборуваа за моите фотографии, а тоа мене ми значеше многу.

    Жига Коритник (фото: Петра Цвелбар)
    Жига Коритник (фото: Петра Цвелбар)

    Што е тоа што ја прави добра една фотографија? На кој начин ја избирате таа една фотографија меѓу многуте кои ги правите за време на концертот?

    – Селекцијата е многу важна и постојат различни типови на селекција. Неа ја правите вие самиот, или некој друг може да го направи тоа за вас. Првата селекција секогаш ја правам јас. Го отфрлам сето она што е вон вкусот, она безживотното, премногу експонираното. Низ годините, можам да препознаам кога нешто е одлично, но на крајот публиката е таа која го прави изборот. Безброј пати сум бил изненаден од нивните избори. Јас сум тој кој ги носи одлуките, но публиката е таа која ме изненадува одвреме-навреме во врска со некоја фотографија за која можеби сум помислил и дека не е нешто посебно. Обично се вели дека од некоја временска дистанца најдобро може да се процени некоја добра фотографија. По 20 години, ги извадив повторно негативите од фотографиите со Џо Завинул и некои други и бев изненаден кога видов многу добри фотографии меѓу оние што не ја поминале селекцијата. Секоја фотографија има своја магија и своја енергија која зрачи од самите нив. Тоа значи дека вие мора да причекате некое време и повторно да ги проверите. Тоа е приказна која нема крај.

    ZIGA 2   ziga 3

    Како ги доловувате тие посебни моменти на концертите?

    – Кога се работи за концерти, енергијата што се шири наоколу ви дава мотивација и влијае врз вашите одлуки. Музиката ја слушам кога сум сам и јас самиот ги збирам сите тие емоции кои сите ние ги споделуваме. Тоа е уште нешто што до одреден степен ме насочува таму каде што сум пошол. Кога некој солира, вие го насочувате своето внимание кон него. Меѓутоа, вие сте често изненадени од работите што ги очекувате, на некој начин, а некаде помеѓу се случува нешто што не сте го очекувале и тоа ѝ дава на фотографијата повисока вредност. Тоа е нешто што сакам да да се случи кај некоја фотографија.

  • Skopje design week – фестивал на креативноста и иновативноста

    Интервју со Марта Наумовска Грнарова – Македонските дизајни не заостануваат од регионалната селекција.

    skopje design week cover
    Преку богатата програма, која вклучуваше креативни работилници, изложби, деловни предавања, експо зона, агол за храна и музика, Скопската недела на дизајнот, се прикажа како фестивал на креативноста и иновативноста. Тој воедно помага младите креативци да се стекнат со ново знаење, а и да го покажат својот талент преку бројните работилници. Истовремено, посетителите добија увид во креативната сцена преку презентациите и предавањата.
    skopje design week (2)
    Фестивалот за дизајн се организираше по трет пат. Колку помогна тој да се зголеми свесноста на посетителите и на луѓето од индустриите за потребите од дизајнот?

    Всушност, пред првата година, постоеше и нулта, во која тимот на фестивалот спроведе темелно истражување за сите аспекти и чинители на процесот дизајн – состојбите во индустријата, образованието, културата на купување производи во кои дизајнот е најважната компонента, економските и правните аспекти на продукција на свој дизајн. Состојбите тогаш не беа добри, но ветуваше тоа што постои потенцијал. Она што го увидовме е дека не постои дизајн сцена, платформа за соработка што ќе овозможи вистински дизајнерски идентитет. Додека пред три или четири години беше исклучок компанијата да инвестира во свој дизајн, а СНД обезбеди бесплатен изложбен простор за сите учесници, годинава имавме полна комерцијална експо зона на приземјето, па дури и некои учесници кои до лани беа на горниот кат, како млади дизајнери на почетокот на кариерата, годинава прераснаа во сериозни дизајн-бизниси. Тоа укажува на значително менување на свеста кај сите, бидејќи кога не би постоела свест за дизајнот кај публиката, таквите бизниси не би можеле да опстојат на пазарот. А и бројот на посетители на SDW, којшто рапидно расте од година в година, како и бројот на учесници и слушатели на работилниците и предавањата, зборува многу.
    skopje design week (9)
    Според вас, во колкава мера организирањето настани од ваков карактер помага за развојот на областа на дизајнот во една пазарно мала држава каква што е Македонија? Колку е фестивалот успешен во промовирање на локалниот дизајн?

    Фирмите кои размислуваат сериозно за својот бизнис, знаат дека всушност е скапо (од законски и економски аспект) да не ангажираш свој дизајнер и да се потпираш на копирање туѓи производи. Пазарот во денешно време не е ограничен само на Македонија и тоа важи за секој вид производи, од накит и ситни додатоци, до технолошки софистицирани производи. Тоа е нешто што мора да се има на ум и да се знае дека на прв поглед, производот го продава неговата естетика, а на втор поглед – неговата функционалност, што е исто така дизајнерска категорија. За развој на сопствен дизајн е потребно постојано усовршување и, што е најважно, постојано држење чекор со најновите информации, а таквите информации ги нудат токму ваквите фестивали како Скопската недела на дизајн и нашите партнери од регионалната мрежа на фестивали на дизајнот. Тука е свежиот дизајнерски ракопис, тука се најиновативните компании и најинтересните идеи, тука е и публиката која е вистински заинтересирана, па со тоа и вистински критериум за тоа што значи добар дизајн.
    skopje design week (7)
    Во колкава мера фестивалот помага во спојувањето и вмрежувањето на дизајнерите и индустриите?

    Тоа е задача на која работиме и во деновите на фестивалот и во периодите меѓу два фестивали. Ако ги погледнавте македонските излагачи од комерцијалната зона, знаете дека тие не се случајно избрани, селекцијата беше мошне строга. Видовте и дека колекцијата на 13 македонски дизајни не заостанува ни по идејата, ни по квалитетот на изработката со моделите од регионалната селекција. Во тек на овој фестивал имавме и работилница на која тоа беше основна цел, да се спојат дизајнер и компанија за заеднички да создадат нов, автентичен производ. Имавме и предавања и работилници што зборуваа за различните модели на финансирање на иновативни производи, за пласман на производи на престижни продажни места, за правна заштита на авторските права на дизајнерите, за маркетинг аспектите … работиме навистина темелно и не изоставуваме ниеден чекор од тнр „синџир на вредност“ на производот, односно се трудиме да ги опремиме со знаење и дизајнерите и производителите и така да ја поттикнеме и олесниме нивната соработка. Овие досегашни успеси се само почеток.
    skopje design week (1)
    Какви се впечатоците за фестивалот од гледна точка на учесниците на фестивалот, самите дизајнери?

    Учесниците од странство велат дека ова, заради структурата на содржините и заради специфичниот амбиент на Куршумли-ан, различен од хангарите во кои обично излагаат, е еден од најубавите фестивали во светот. Првите години, многумина доаѓаа со сосема мали очекувања, не знаејќи ништо за Македонија, не сметајќи дека тука постои сериозна дизајн сцена. Сега е веќе сосема поинаку и за Македонија и СДВ се зборува и на регионалните манифестации и пошироко, а дизајнерите кои веќе биле тука зборуваат за нас во своите земји и ни препорачуваат свои колеги за наредните изданија. Реалноста е дека дизајн сцената полека се создава, односно ја создаваме ние и македонските дизајнери со кои досега сме соработувале се многу свесни за предностите што ги нуди овој тип на претставување и заедничка платформа. Можам да зборувам и од лично искуство, и како програмски директор на фестивалот и како излагач – кој чувствува колку е поинаква енергијата на овој вид претставувања, и ова во Скопје, и оние на фестивалите – партнери во Белград, Загреб, Софија, а од годинава и Тирана и можеби и некои други. Индустриските и комерцијалните саемски манифестации имаат свои добри страни, но сметаме, а со тоа се согласуваат и нашите меѓународни партнери и домашните дизајнери, дека вистинскиот влез во светот на дизајнот се случува преку вакви настани. Еве, годинава за првпат на насловната страница на престижниот сајт за дизајн design42day се најдоа македонски дизајни, фотографирани во амбиентот на Куршумли ан. Уредникот на сајтот Рикардо Капузо е наш гостин за целото траење на фестивалот, импресиониран е од она што го виде и веќе работи на промоција на фестивалот во меѓународните медиумски кругови, а веројатно и конкретно ќе препорача некои производи за извоз.
    skopje design week (15)
    Каков беше концептот на третото издание на фестивалов? Што е тоа што посебно се истакнува на ова издание?

    Главната тема е продукција. Ги споменав веќе производите создадени во тек на работилниците меѓу двата фестивала, а и во тек на овие 6 дена имавме уште неколку работилници кои работеа на конкретни теми. Истовремено, постигнатите успеси ни дадоа слобода да одиме уште повеќе во широчина, па така имавме и сосема експериментални работилници, како онаа за поетичен дизајн, која побуди голем интерес и даде мошне интересни резултати што ќе се доработуваат понатаму.
    skopje design week (6)
    За кој вид дизајн посетителите покажуваа најголем интерес?

    Оваа година, и покрај неочекувано студеното време, имавме рекордна посетеност. Тоа покажува дека посетителите не не’ доживуваат како само уште една атракција и манифестација во градот, туку се навистина заинтересирани за содржините. Навистина не би можела да издвојам – своја публика имаа и изложбите, и работилниците од отворен тип и предавањата, а и музичката програма во чии рамки за првпат донесовме во Македонија прекрасни бендови од регионот, па така имавме и своевиден музички фестивал во рамки на фестивалот за дизајн.
    skopje design week (10)
    Во колкава мера луѓето од дизајнот се поврзани со луѓето од својата бранша во регионот и пошироко?

    Не беа поврзани се’ до појавата на фестивалите за дизајн низ регионот. Една од целите на нашата соработка, што во извесна мерка и ја озваничивме со создавањето регионална мрежа, е токму да ја воспоставиме таа соработка, и заради учење, и заради заеднички претставувања, и заради соработка на чисто пазарна и економска основа. Секоја од земјите има свои реални предности и силни страни, па така и Македонија. И домашните дизајнери и домашните производители мораат најнапред да ги осознаат, а потоа и дополнително да ги развијат своите силни страни и со нив да се наметнат на регионалниот и меѓународниот пазар. Светот денес е и поголем и помал – изборот и разновидноста се поголеми од кога и да е порано, а поврзаноста прави дистанците да можат лесно да се поминат.
    skopje design week (13)
    Ова е моментот Македонија да се позиционира на пазарот со своето знаење, со својата креатвност, со своите ресурси и своите економски политики и да се наметне како држава во која ќе се случуваат многу работи и која ќе придвижува многу работи.

    Ова можеби изгледа преамбициозно, но сетете се дека до пред три години ние немавме фестивал на дизајн, а денес нашиот мал тим направи тој да е дел од регионалниот календар, според кој се планираат годишните активности.
    skopje design week (4)
    Годинава уште повеќе од претходните, ја интензивираме нашата работа меѓу два фестивала. Нека слегнат впечатоците на учесниците – индивидуалните дизајнери и се’ поголемиот број компании што ни укажуваат своја доверба ние, преку СДВ, да го обликуваме нивниот нареден дизајниран производ, а ние внимателно документираме и анализираме се’ што се случува. Многу од производите од СДВ 2013 ќе патуваат на меѓународни саеми, некои и претходно ќе се најдат во продажба и на меѓународниот пазар, не само домашниот. Очекуваме соработки на странски дизајнери со македонски компании и обратно, односно очекуваме да се материјализираат некои контакти воспотставени токму во текот на овие шест фестивалски дена во Скопје.

  • Костас Теодору – Откривајќи го животот преку музика

    „Границите се само визуелна реалност. Ако летате со авион, нема да ги погледнете тие граници. Ние ги правиме тие во самите нас.“

    kostas333Музичарот и композиторот Костас Теодору или Дине Донеф е еден од оние музичари чијашто несмалена страст за следење на својата муза го послужила добро. Неговиот некомпромитирачки став и пристап кон музиката му овозможила публика која постојано расте, како и почит од неговите колеги. Неговиот номадски начин на живеење и музичките активности се доказ за успехот на неговите животни филозофии. Поради тие причини, тој е баран соработник и редовен член на неколку реномирани бендови, како што е Савина Јанату и нејзиниот бенд Primavera en Salonico, а работи и со големи ѕвезди во Грција. Освен тоа, тој бил член на неколку all-star бендови кои обединуваа познати музичари од Балканот, меѓу кои најпознати се Balkan Horses и Balkan Wind. Воедно е и еден од ретките музичари на Балканот кој може да се пофали со бројни соработки со колеги од најразлични меридијани на светот. Богатите искуства и ставови на Теодору најдобро се претставени во неговите изданија, каде што звуците на џезот се мешаат со влијанија од балканската и класичната музика.
    kostas111
    Вашата рана музичка историја е обвиена во мистерија бидејќи за вас и за вашиот живот нема многу податоци. Ве молам, кажете нешто повеќе за вашите почетоци во музиката.

    Со музика почнав да се занимавам кога имав 15 години, но тоа беше повремено. Мајка ми донесе дома една евтина гитара и почнав да пеам. Една година подоцна, го напуштив школото и со него, сета формална едукација. Во исто време го напуштив и својот дом поради што не бев во можност да одам во музичко училиште, бидејќи морав да работам секакви работи за да преживеам. Кога имав 22 години, почнав да патувам по светот, свирејќи на улица и снимајќи. Мене ми се допадна идејата за авантуризмот кога се патува и кога се открива животот преку музика. Чувството беше дека музиката е средство, еден вид јазик преку кој би можел да ги изразам моите мисли и чувства засновани врз моето искуство, т.е. ова беше начин да го откријам светот.
    kostas222
    Кои беа музичарите кои имаа некакво влијание врз вас и врз патот што го одбравте за себе и што ве довел до местото каде што сте сега како музичар?

    За мене, како жител на Балканот, имаше многу различни влијанија во музиката поради силните традиции кои останаа или, со текот на годините, беа на минување низ овие предели. Некои луѓе од надвор би доживеале културен шок со самото живеење на Балканот. Вие може да сте под влијание на источната музика, звуците на макамите, а во исто време да слушате добро наштимана западна музика. Сето ова има влијаено врз различни јазици и песни во регионот. Во областа каде што пораснав, музичарите ги свиреа тие типични македонски ритми и мелодии со инструменти како што се труба, тромбон, кларинет, хармоника и тапан. На тој начин уште од мал се навикнав да играм на тие „чудни“ ритми.

    Инаку, моето село се наоѓа многу блиску до границата, помеѓу Воден и Лерин. Некогаш ја слушав многу таа музика. Кога имав 12 години, за првпат видов електрична гитара. Тоа беше културен шок, морам да признаам (се смее). Подоцна, како и многумина на таа возраст, слушав многу рок-музика, а кога имав 17, имав среќа да запознаам некого кој беше од Атина. Тоа беше музичар кој служеше војска во моето место и  беше многу добар пијанист. Инаку, тој беше 8 години постар од мене и заедно делевме соба еден период. Во тоа време, неговиот избор за музика за слушање беа Кит Џерет, Сесил Тејлор, Бил Еванс итн., а јас не можев ни да замислам дека овие работи би можеле да постојат. Почнав да го слушам Чарли Хејден. Бев во голема мера изненаден од звукот на контрабасот. Така почнав да слушам многу џез музика, работи издадени од ЕСМ, Blue Note, а во исто време многу македонска традиционална музика, како и грчка, бугарска, турска, арапска, африканска и многу звуци од разни други поднебја. Некако, сета оваа музика си најде место близу моето срце.
    kostas555
    Во тој период вие се одлучивте да се впуштите во светот и да живеете номадски живот, притоа заработувајќи од свирење по улици.

    Кога бев, условно речено, доволно стар, почнав да патувам по Западна Европа. Купив едно старо комбе, кое јас го претворив во куќа на тркала, и патував во разни земји, од град до град, заработувајќи со свирење музика. Тоа го правев прилично долго. Со текот на времето, од улиците почнав да свирам во театрите, клубовите, да снимам, итн. Подоцна се вратив во Солун и го оформив својот прв бенд, со кој се обидував да ја свирам музиката што ја компонирав попат. Во тој период почнав да работам како аранжер, бидејќи пишував аранжмани за различни снимки. Тогаш работев за изданијата на неколку важни и познати композитори.

    Кажете ми нешто повеќе за вашиот ангажман на грчката музичка сцена!

    За време на периодот од 1993 па сè до 1999, работев како ’сешн‘ музичар. Јас сум потпишан како музичар на повеќе од 80 албуми, а сум продуцирал и аранжирал уште неколку. Од ’93 па до ’99 работев многу. Потоа работите ми станаа многу здодевни. Тоа беше причината поради која престанав да соработувам со сите тие големи ѕвезди.

    И како формално започна вашата музичка кариера?

    Во 1995 г. го снимив својот прв албум, “Nostos,” а го објавив 4 години подоцна. Некаде во тоа време го оформив својот квинтет со неколкумина мои пријатели и оттогаш настапуваме насекаде. Во 2004 г., го снимив својот втор албум, “Rousilvo,” кој е втор дел од трилогијата што започна со “Nostos”. “Rousilvo” беше објавен во 2010 г. (се смее). Него го чував во својата архива цели 6 години. За мене е секогаш тешко да објавам нешто. Денес во светот се објавуваат безброј изданија и јас сакам да бидам сигурен дека ова е вистинското.
    kostas444
    Веќе неколку години сте член на бендот на Савина Јанату и Primavera en Salonico, со кои и настапивте во Скопје. Како станавте член со Савина Јанату?

    Со Савина почнав да работам многу бргу откако одлучив да ја променам својата насока во музиката. Во периодот кога се запознав со Савина, морав да го менувам басистот во бендот за два концерти. Некои од музичарите во бендот беа мои пријатели. По некое време, перкусионистот не можеше повеќе да настапува со бендот, поради што ме замолија да го заменам. На тој начин почнав да свирам перкусии и нивни член сум од 2002. Заедно снимивме 2 албуми за ЕСМ –  “Sumiglia” во 2004 и “Songs of an Other” во 2008 г.

    Колку е важен аспектот на соработување за вас?

    За мене најважната работа во музиката, а и во животот воопшто, е можноста да се споделува. Кога ќе почувствувам дека некој има дарба, што е многу важно, тогаш тоа природно резултира во добра музика или во нешто друго.

    Последните 15 години вие остваривте бројни соработки со многу музичари од Балканот, почнувајќи од проектот Balkan Horses. На кој начин функционираат тие соработки со музичари од Балканот?

    Balkan Horses беше еден навистина интересен проект. Тогаш ги запознав Теодосиј Спасов, Влатко Стефановски, Сања Илиќ, како и останатите од бендот, во периодот околу 2000 г. Направивме еден концерт во Софија, а потоа и балканска турнеја. Мислам дека настапивме во Скопје во 2002. Во тој период, јас настапив и на Скопскиот џез-фестивал, заедно со Теодосиј и Хајг Јаџиан од Ерменија, кога перкусионистот Глен Велез ненадејно откажа, а јас морав да го заменам во последната минута. Тоа беше авантуристички потег, но сè испадна како што треба. Потоа ги запознав Тони Китановски, Зоран Маџиров, Јордан Костов и некои добри музичари со кои сè уште често настапувам.

    Вие сте едни од ретките музичари од Грција кој, всушност, соработува со музичари од Македонија или од други земји на Балканот. Според вас, колку музичарите во Грција или луѓето кои се интересираат за музика, знаат што се случува на музички план во нивното блиско соседство?

    Zemanta Related Posts Thumbnail
    Костас и Ненад 🙂

    Општо земено, луѓето во Грција знаат што се случува на места како што се Лос Анџелес или Лондон, но не знаат за случувањата во Албанија, Бугарија или Македонија. Медиумите во Грција имаат таква уредувачка политика што воопшто не се знае што се случува наоколу. Постои едно големо табу, и тоа е последица на политиката. Тоа, на свој начин, ја урива заедницата на Балканот и ние сме лишени од вестите од нашето најблиско соседство.

    Дали постојат некои други музичари од Грција кои имаат желба да соработуваат со другите музичари од Балканот на начинот на кој вие го правите тоа?

    Во последно време тоа почна да се случува сè повеќе. Во минатото постоеја само неколку музичари кои имаа желба да го прават тоа. Ние, уметниците, треба да размислуваме за политичките теми поинаку од нашите политичари. Ние треба да сме дијалектични за тоа што ни го нуди реалноста. Границите се само еден вид визуелна реалност. Ако летате со авион и ако погледнете озгора, вие нема да ги видите тие граници. Ние сме тие кои ги прават и градат во самите нас.

    Дали можете да предвидите исчезнување на тие граници помеѓу нациите и културите?

    Како што спомнав претходно, не постојат други граници освен тие кои самите ги правиме. Ние имаме многу работи кои ни се заеднички. Тоа е само еден поинаков агол на гледање на работите, каде што ќе се види што може меѓусебно да се сподели, а не што може да се подели. Тоа ќе го објаснам со една чаша вода – можете да кажете дека таа е половина полна или половина празна. Ако кажете дека е половина полна, тогаш сте за споделување и обратно. Меѓутоа, ние имаме тенденција да ги делиме работите. Вистинските уметници ве мотивираат да ги видите тие поделби и ве инспирираат да споделувате. Можеби ќе бидат потребни две или десет генерации за луѓето да го сфатат тоа, но сигурен сум дека тоа ќе се случи, тие ќе сфатат, и тогаш ќе бидеме слободни.

    www.kostastheodorou.com

    Фотографии: Хусамедин Гина и Виктор Соколовски

  • Кимо Похјонен –  бестрашен музички авантурист

    Кимо Похјонен – бестрашен музички авантурист

    Тоа што е Џими Хендрикс за електричната гитара, тоа е финскиот музичар Кимо Похјонен за хармониката. Со користењето електроника, Похјонен ја претвори својата хармоника во пеколна машина.kimmo2

    Некои инструменти допрва треба да го најдат своето место ако се земе предвид како јавноста и музичарите ги доживуваат, но тоа не е пречка некои музичари да бидат препознатливи и славни по тоа што пристапиле кон инструментите на поинаков начин од останатите. Тоа што е Џими Хендрикс за електричната гитара, тоа е финскиот музичар Кимо Похјонен за хармониката: концептуалист и мајстор импровизатор кој храбро го однесе овој инструмент таму каде што претходно се мислело дека е невозможно. Користењето електроника во кој било жанр е највозбудливиот аспект во развојот на музиката во последните декади. Таа им овозможила на музичарите од која било област да ја преиначат својата музика во рамките на „нервозниот“ и „недофатлив“ 21 век. Со користењето електроника, Похјонен ја претвори својата хармоника во пеколна машина.

    Кимо, бестрашен музички авантурист, е човек со многу проекти кои живеат еден покрај друг. Многу од нив постојат само како концертни перформанси и тие го надминуваат бројот на снимени изданија. Помеѓу 1999 и 2013 тој е иницијатор на неколку различни проекти со најразлични концепти и соработници, почнувајќи од квартетот Kronos и триото KTU, каде членува и ритам секцијата на King Crimson, Треј Ган и Пат Мастелото, па се до Earth Machine Music,  Kluster и Murhaballadeja / Murder Ballads. Овие бројни проекти го потврдија неговиот статус како еден од најталентираните европски хармоникаши, импровизатори и композитори.

    pohjonen1

    Кимо Похјонен првпат настапи во Скопје во 2002 година, на Скопскиот џез фестивал, настап за кој и ден денес се зборува, а во рамките на овогодинешниот Оффест, тој повторно ќе настапи во Скопје. На фестивалот ќе биде прикажан и документарниот филм Soundbreaker за овој уметник во режија на Кимо Коскела.

    Од каде дојде идејата да се направи документарен филм Soundbreaker?

    Се започна кога еден германски продуцент го контактираше режисерот Кимо Коскела со цел да направи документарен филм за мене. Коскела го познавав од еден филмски проект на кој работевме заедно и ме праша за моето мислење. Му одговорив дека воопшто не сум заинтересиран за документарец за мене. Во тоа време имав 39 години и му реков дека во документарците обично станува збор за луѓе кои зборуваат и дека повеќето од нив се однесуваат на стари или умрени лица. Воопшто не видов било каква причина да се направи документарен филм за мене. Потоа тој почна да ме убедува,  имавме многу состаноци, кога најпосле ме праша како би сакал јас да се направи целата работа. Му одговорив дека би бил заинтересиран за некакаов музички или игран филм. Го започнавме сценариото, но никогаш не добивме пари за тоа. Меѓутоа, почнавме да снимаме и на крајот се согласивме да направиме документарец. Најпосле, имавме нешто за спонзорите. Тоа е накратко како се одлучивме да направиме документарен филм.

    Филмот ги прикажува вашите почетоци со хармониката, како и тешкотиите во прифаќањето на инструментот, вашиот однос со овој инструмент.

    Сега работите се сосема поинакви. Почнав да свирам во 70-те кога сеуште живеев на село. Во моето село само возрасните беа тие кои свиреа хармоника и тоа беше музика за возрасни. Никој од мојата генерација не свиреше хармоника. Јас мојата ја добив од татко ми и настапував во локална група која ја сочинуваа постари луѓе. Тука свирев фолк нумери и беше некако убаво, но беше многу не-кул. Не се ни осмелував да им кажам на пријателите дека свирам хармоника бидејќи тоа беше толку не-кул. Во тоа време повеќе ме интересираа спортови и дружење со пријателите, така што, тоа беше компулсивна работа. Јас му го правев ќеифот на татко ми. Меѓутоа, кога имав 15, 16, размислував за тоа да бидам музичар и се преселив во Хелсинки каде почнав да учам класична музика. Во тоа време, се видов себе си како изведувач на класична музика. Подоцна, кога и се вратив на народната музика, тогаш кога формираа оддел за народна музика на академијата Сибелиус, а и за време на студиите, односот со овој инструмент беше малку чуден. Почнав да свирам и бандонеон, како и многу други инструменти. Дури и се откажав од свирењето хармоника бидејќи не можев да го почувствувам инструментот.

    Подоцна, кон крајот на моите студии во доцните 90-ти, некој ме праша да направам соло концерт. Пред тоа учев да свирам на афричка м’бира, бандонеон или органа. Но, тогаш сфатив дека мојот главен инструмент е хармониката која ја свирам од времето кога имав 10 години. Морав да најдам нешто каде ќе се почувствував задоволен. Така, почнав да си играм со електронски ефекти, микрофони, лупови и тоа беше голем момент за мене кога сфатив дека стојам пред портите на еден звучен свет каде можам да создадам било што преку импровизација, односно без пишани партитури, без никакви белешки. На некаков начин тоа отвори еден нов свет за мене. Тоа е свет во кој јас живеам во последните 15 или 20 години и сега можам со гордост да кажам дека хармониката е многу кул инструмент. Тоа беше моментот кога сфатив дека го најдов својот пат, својот звук, мојот начин на правење музика. Од тогаш имам направено многу работи кои не очекував дека ќе ги направам во својот живот и имав многу искуства со различни проекти и различни стилови на музика.

    Kimmo Pohjonen em Estarreja, Portugal. 29 de Junho 2012

    „Не се ни осмелував да им кажам на пријателите дека свирам хармоника бидејќи тоа беше толку не-кул“.

    Како реагираат луѓето на вашиот неортодоксен пристап кон хармониката со сите тие ефекти?

    Се започна кога пробував во училиштето, а луѓето почнаа да зборуваат како го злоупотребувам ова или манипулирам со она. Тој се крие позади ефекти и лупови. Меѓутоа, тоа мене не ме загрижуваше. Имав само едно правило: сакав јас да бидам задоволен, а не некој друг. Без разлика што луѓето кажуваат јас ќе направам онака како што сакам, иако поради тоа ќе правам само еден концерт годишно, ако тоа мене ми причинува задоволство 110%. За време на првиот концерт имаше многу фрустрации и нервози бидејќи имаше толку многу работи кои требаше да бидат сработени, но публиката реагираше веднаш. За многумина тоа беше најдобриот концерт на фестивалот на кој настапував. Многу бргу потоа бев букиран на фестивалот WOMAD во Берлин каде имаше многу нови музичари и почетници, а за мојот концерт најмногу се зборуваше. Наеднаш почна мојата интернационална кариера и можев да ги оставам сите други проекти, бендови и започнав нешто свое. На некој начин ова е како бајка. Тоа беше почетокот.

    kimmo-pohjonen2Вашите концерти се необичен спој на визуелни и аудио ефекти, односно се еден вид театарска претстава. Какво искуство сакате да и пружите на публиката на вашите концерти?

    Повеќето луѓе во светот се навистина зафатени и се најчесто под голем стрес од секојдневниот живот. Сите ние работиме колку што е можно повеќе. Кога се работи за концерт, тоа за мене има посебно значење – за мене тоа е некаков вид ритуал, од почеток до крај. И кога ќе направам концерт кој трае 60 до 90 минути, јас само се концентрирам на музиката и сакам публиката да го искуси истото што и јас. Во тие моменти, публиката може да се опушти и не мора ниту да пее или ракоплеска.  Всушност може да прави што сака. Јас уживам додека сум на сцената и имам убаво искуство, а со тоа сакам и публиката да доживее нешто слично. После концертите слушам разни приказни, најчесто интересни, и секогаш е убаво да се чуе што им минува низ главите на луѓето за време на концертите. Не е само музиката.

    Во една од сцените од филмот сте прикажани како свирите додеа се случува боречки меч. Како дојдовте на идеја да ја оркестрирате музиката наспроти боречки меч?

    Во доцните 90-ти, за време на еден фестивал во Финска, еден постар музичар ми спомна дека некогаш свирел хармоника за време на боречки мечеви. Помислив дека тоа е шега. Никогаш претходно не бев чув за вакво нешто. Следно почнав да пребарувам стари архиви и стари весници, но немаше ништо во врска со тоа, дури и немаше никакви видео материјали.  За мене тоа беше чудна тема и посакувам да сум имал можност да видам хармоникаш кој свири за време на боречки меч. Следно, почнав да интервјуирам стари борачи, стари хармоникаши, и открив дека било корисно да се има хармоникаш за време на тие мечеви. Слушнав многу интересни приказни за тоа што се случувало на времето. Тогаш помислив дека морам да ги повторам тие работи. Најдов 10 борачи и користев стари приказни. Обично кога го работам сето тоа морам да имам чувство дека тоа што го работам е нешто ново и дека претходно не било направено. Потоа создадов некаков вид музички перформанс или театар кој се базираше на стари приказни. Беше супер. Проектот со борачите е пример за тоа што сакам да правам – чисти музички проекти каде јас само свирам музика. Тука спаѓаат и проекти со машини и балерини. Тие проекти прикажуваат една друга страна од мене. Сакам визуелни работи на начин на кој чувствувам дека не биле претходно направени. Во моментов имам проект со една балерина – никогаш претходно не сум помислил дека ќе работам со балерина. Сакам да се забавувам себеси работејќи различни работи и проектот со борачите беше вистинска можност да се запознаам со сите тие луѓе за кои вопшто не знаев дека постојат. Навистина понекогаш е лудо кога ќе се види што се може да биде кул.

    Earth Machine Мusic е проект со поинаков пристап каде се користат звуци кои сте ги снимале на фармите и разни машини, а кои ги вклучувате преку хармониката.

    За Earth Machine Мusic, снимав звуци на село и направив музика од тоа. Некои од звуците се вклучуваат преку хармониката или поинаку, кога за време на настапите со помош на други средства како што се трактори, кои ги вклучуваме пред публиката и ставаме микрофони кај моторот. Користејќи ја сета таа опрема како извор на звуци е убаво и на моменти делува многу визуелно. Публиката може да види кои се тие звуци како и музиката која е компонирана за таа музика.

    Што е тоа што се обидувате да го доловите на ЕММ?

    Јас сум роден во рурален крај и во последните 20 години живеам во град т.е. во Хелсинки. Почувствував дека луѓето навистина не се заинтересирани за тоа што се случува надвор од градските средини. Во повеќето случаи, кога ќе чуеме за вести од руралните предели тоа се или тажни или лоши вести. Поради тоа, на овој проект пристапив од поинаков агол и го направив тоа настапувајќи за луѓе кои живеат по селата. Сите концерти беа изведувани по селата. На пример, за концертите во Англија, луѓето мораа да патуваат од градовите во селата таму каде што се наоѓаа фармите. Почувствував дека морам да бидам таму и да работам со тие луѓе иако тие немаа поим што јас правев. Меѓутоа, тие беа учтиви и отворени, беа расположени да учествуваат и беа благодарни што некој се заинтересирал за нив. Кај овој проект постои одреден општествен аспект.

    murder balladsЕден од вашите скорешни проекти е и соработката со вашиот професор и ментор, Хеики Латинен, на Murder Ballads кое е колекција на народни песни чија заедничка тема се убиства?

    Хеики Латинен е мојот ментор, тој е и мој поранеше професор, и е некој кој секогаш ме охрабрувал да си го најдам својот пат. Добивме понуда од еден фестивал да направиме проект чија тема ќе бидат убиства. Во Финска секогаш постоеле песни со поинаков пристап кон убиствата. Се разбира, убиството е грозен чин, но понекогаш е присутен црн хумор во тие песни. На пример, тие двајца луѓе кои се ставени на предната страна од албумот, јас пеев песни за нив кога бев помал. На некој начин постоеше некакво восхитување за нив. Се сеќавам дека пеев еден стих каде едниот му се обраќа на другиот „Ти убиј го мажот на таа жена, за да можам јас да ја омажам неа“. Се сеќавам, имав 5 години кога ја пеев таа песна и постоеше некаков восхит. Поради тоа кога се одлучивме да го работиме овој проект ние сакавме да пристапиме на повеќе начини кон оваа тема со различни типови балади каде темата е поврзана со убиство. Фактот дека направив издание со Хеки Латинен, кој е мој херој, ми значи многу.

    Што е тоа што ве инспирира да работите толку многу и истовремено да работите на повеќе проекти во исто време?

    Јас работам со звук и во мојот простор каде што работам се обидувам да изнајдам нови звуци или преку моите хармоники или преку електрониката. Тоа е еден бескраен свет со нови бои и звуци. Тоа секогаш прави да бидам постојано буден и ми дава енергија за нови работи. Во моментов имам ново дуо, но овој пат тоа е со ќерка ми која има 17 години. Таа свири тапани. Тоа е убава соработка и исто така работам и со една балерина. Најбитно ми е што и да работам, морам јас да бидам задоволен со проектот.

     

  • Балкон3 интервју со Питер Хук: “Unknown Pleasures – Inside Joy Division”

    фото Ал Де Перез
    фото Ал Де Перез

    Joy Division постоеше три и пол години, до трагичниот крај во мај 1980 година, но нејзиното музичко наследство е силно до ден денес. Во еден краток период, четири млади момчиња од Манчестер го сменија правецот на музиката, како пионери на она што сега се вика пост панк период, и на тој начин инспирирајќи безброј бендови од тогаш наваму. Борејќи се со епилепсијата, неуспешниот брак, пејачот и фронтмен на групата Иан Кертис извршува самоубиство токму во предвечерието на турнејата во САД која требаше да почне следното утро и после нивниот голем успех со објавувањето на нивниот најпознат синг „Love will tear us apart“ еден месец претходно. Останатите тројца од бендот, Самнер, Хук, и Морис потоа ја формираат New Order, борејќи се да излезат од сенката на Joy Division. Иако на првите албуми тешко се одвојуваат од минатото со Кертис, сепак извонредни како музичари и индивидуалци, успеваат да создадат нова музика, електро, поп денс, а набргу потоа следува и големиот успех. Blue Monday, објавен пред 30 години е најдобар продаван 12-inch сингл на сите времиња. По повеќе од триесет години од создавањето на Joy Division, басистот на групата и еден од нејзините основачи Питер Хук, реши да го потсети светот, а пред се да ги израдува фановите на Joy Division со концерти со новиот бенд The Light на кои се свират песните на Joy Division. Ја напиша и книгата “Unknown Pleasures – Inside Joy Division” со неговите сеќавања за годините во бендот и периодот на создавање на музиката на крајот од седумдесеттите години од минатиот век.

    Балкон3 интервју со Питер Хук

    sto-ed-joydivision_684502c (1)

    Кој беше поводот за да ја напишете книгата “Unknown Pleasures”?

    Претпоставувам, тука имаше две причини за пишувањето – главната причина за пишувањето беше мојата презаситеност и негодување за сите оние книги за Joy Division кои беа напишани од луѓе кои не беа присутни таму кога се случувале работите! Постојат многу книги и приказни за Joy Division, но сите тие се напишани од луѓе кои навистина не беа со нас цело време, поради што како би можеле да знаат? Поради тоа се одлучив да ја напишам оваа книга со што луѓето би добиле сведочење за бендот од прва рака од некој кој бил таму – од мене. Претпоставувам дека втората причина за пишувањето е успехот кој го постигнав со првата книга, за тоа како не треба да се управува со клуб, која беше напишана за клубот Hacienda. Таа помина навистина добро и беше поуспешна отколку што очекував, што ме натера да напишам друга книга, овојпат за Joy Division.

    Joy-Division_Unknown-Pleasures_Shes-Lost-Control-1979  220px-Joy_Division_Closer

    Дали пишувањето беше катарзично искуство за вас бидејќи пишувате за чувствителни теми покрај раскажување на историјата на бендот?

    Навистина уживав во пишувањето на книгата бидејќи ме потсети на многу убави работи и ме потсети на многу позитивни работи. Ми помогна да се сетам на убавите моменти и забавата додека снимавме музика или како Warsaw или како Joy Division, и ме потсети на одличната хемија која четворицата ја имавме како група – се чинеше дека во одредени моменти песните ни доаѓаа многу лесно. Очигледно е дека во приказната за Joy Division има некои чувствителни теми и во одредени моменти ми беше тешко да пишувам за тие работи но имав позитивно чувство додека ја пишував оваа книга.

    jd hookКакво е вашето мислење за сите тие други книги кои се напишани за овој бенд? (вклучувајќи ги и “Touching from a Distance” на Дебора Кертис и “Piece by Piece” на Пол Морли, меѓу останатите).

    Овие две книги се одлични сами за себе, но како што спомнав претходно, повеќето од книгите кои постојат се напишани од луѓе кои не биле присутни, така што воопшто не можеле да знаат за вистинските приказни и теми. Во ред, Дебора очигледно била таму, како сопруга на Иан, но таа не беш присутна на пробите или кога ги пишувавме песните или на некои од концертите, така што мислам дека мојата книга може да помогне да се објасни таа страна на бендот многу поубаво. Книгата на Пол Морли е интересна, но како што реков тешко е да се пишува за нешто што всушност не сте го виделе. Чувствувам дека мојата книга е многу вистинито и искрено сведочење за тоа како било да си дел од Joy Division.

    Се чини дека со секој легендарен бенд, Дорс, Битлси, луѓето се желни за нови информации, нови приказни, и со тој прилив на книги, филмови, интервјуа, дали има простанато нешто ново да се каже за тие бендови?

    Мислам дека со секој бенд што повеќе не постои, секогаш ќе постои желба од страна на луѓето да слушнат повеќе и да откријат повеќе, бидејќи повеќе не постои можност за нова музика, така што единствената работа која е простаната да се открие се приказните, и тоа што повеќе од нив. Таква е желбата секогаш да се има нешто ново. Мислам дека е тоа природна работа. Фактот дека толку многу филмови и книги се направени за толку многу бендови, едноставно е супер бидејќи се имаат сите тие информации лесно на дофат.

    Книгата разјаснува многу, не само за времињата кога музиката на бендот била создавана, туку вие и детално ги анализирате двата албуми на бендот. Кои се вашите размислувања за тие две изданија од оваа временска дистанца?

    Кога гледам на нив, после повеќе од 30 години, можам да кажам дека ги сакам и двете и дека сум посебно горд на нив и така и ќе остане. Навистина е вистинско задоволство да можам да ги изведувам и двата во живо ширум светот. Многумина ми имаат кажано дека најдобриот дел од книгата е кога ја анализирам музиката – препорачувам луѓето да ја слушаат музиката во исто време со мојата анализа, секоја песна посебно – мислам дека тој дел функционира многу добро. Во периодот кога албумите беа издадени ние баш не бевме толку задоволни со нивниот звук и чувство бидејќи се што сакавме е да звучиме како Sex Pistols или The Clash. Меѓутоа, гледајќи назад можам да видам колку сме биле грешка бидејќи тие звучат фантастично иако поминало толку многу време.

    Фото Ал Де Перез
    Фото Ал Де Перез

    Бевте ли свесни тогаш колку револуционерен звук прави Joy Division и бевте ли изненадени од влијанието што го наметнаа вашите песни?

    Не, воопшто, немав поим! како што реков сакав да звучиме како вистински панк бенд, како Sex Pistols или како The Clash, бидејќи всушност ние се гледавме себе си како панк бенд. Нашиот продуцент Мартин Ханет ни го даде тој различен специфичен звук што ние од почеток и не го сакавме толку многу, не го разбиравме. Но очигледно кога станавме позрели, и кога ќе се свртам назад гледам колку ние сме биле грешка, а колку тој бил во право. Мартин ни даде дар кој после 30 години се уште звучи свежо и интересно. Што се однесува до влијанието, знаевме дека имаме некои големи песни, но никој не предвидуваше дека ќе имаат толкаво влијание во светот.

    Дали имаше делови од книгата за кои не ви беше пријатно да пишувате?

    Да, очигледно дека не беше лесно да се пишува за смртта на Иан. Пишувањето за тоа беше една од најтешките работи со кои сум се соочил во целата моја кариера. Времето помага да се преболат некои работи но дури и после 30 години од неговата смрт, тоа е сеуште тешка тема за мене да зборувам.

    фото елмундо
    фото елмундо

    Кои се најдрагите сеќавањата кои ги имате во врска со Иан Кертис?

    Моето најдраго сеќавање за Иан е дефинитивно сеќавањето за Иан како пријател – на крајот на краиштата тој беше ден од моите најблиски и најдобри пријатели без разлика што членувавме во истиот бенд или нешто слично. Тој сепак беше голем пријател. Исто така, секогаш ќе го паметам како прекрасен текстописец и вешт со зборови, многу талентиран музичар, а исто и како бенд лидер – ако нешто лошо му се случеше на бендот тоа секогаш беше Иан кој ќе ви помогнеше и ќе ви кажеше дека се ќе биде во ред.

    Дали мислите дека култот на Иан Кертис го засенува придонесот на останатите членови во бендот?

    Мислам дека е неизбежно нешто такво да се случи – фактот дека Иан не напушти додека бевме многу млади значи дека понекогаш може да се јави култ кој следи или понекогаш може да биде митолошки аспект врзан за бендот. Но сепак е важно да се каже дека Joy Division имаше уште тројца членови кои беа подеднакво важни во смисол на правењето на музиката. Јас успеав да создадам одлични бас линии и почнав да создавам свој звук, додека Бернард и Стивен исто така ги издигнаа можностите на нивните инструменти и создадоа свои многу оригинални стилови.

    Според вас, како би звучел бендот и во кој правец би се развивала музиката на бендот ако околностите со Кертис би биле поинакви?

    Претпоставувам дека ова е големото прашање. Мислам дека ќе продолжевме да пишуваме големи песни и дека ќе напредувавме кон стил на музика кој ќе беше под поголемо влијание на електронската музика, како што се случи со New Order. Уште додека бевме дел од Joy Division ние експериментиравме со електронските стилови, нешто што може да се чуе на песната „Isolation„ а Бернард и Стивен беа посебно заинтересирани за синтисајзери и ритам машини. Поради тоа, мислам дека ќе напредувавме на истиот начин, но очигледно разликата би била дека Иан се уште би бил нашиот фронтмен.

    NEW-ORDER_532_1373475a

    На што се должи популарноста на песните на Joy Division толку години после неговиот крај?

    Претпоставувам дека тоа се должи на големата хемија која ја имаа оригиналните членови – ние создадовме одлична музика, музика која го издржала тестот на времето. Чувството е прекрасно кога се знае дека нешто што сме го правеле пред 30 години сеуште може да ги инспирира луѓето денес. Одлично е да се видат многу млади луѓе на нашите концерти раме до раме со постарите, бидејќи тоа покажува дека секогаш нови луѓе ја откриваат вашата работа.

    Што беше тоа што ве натера понатаму да изведувате песни од вашиот ран период не само со песни од Joy Division туку и првите два албуми на New Order?

    Кога го започнавме ова наше патешествие со изведување на Unknown Pleasures, првиот албум, и кога видовме дека луѓето уживаат во тоа, се одлучивме да го изведеме и следниот албум Closer, а потоа и песни од Still, албумот со необјавен или отфрлен материјал. Исто така, ја изведовме во живо секоја песна на Joy Division за што мислам дека е голем успех и јас сум навистина горд на луѓето од the Light. Ова оди навистина добро и претпоставувам дека беше природно да ја надополниме листата и да изведуваме песни од Movement and Power, Corruption & Lies, како што направивме во јануари оваа година. Со тоа шоу ќе продолжиме да настапуваме подоцна оваа година.

    Во март се навршија точно 30 години од објавувањето на синглот “Blue Monday” на New Order. Како гледате на успехот кој го постигна оваа песна? Таа се уште е популарна денс песна.

    Многу сум горд на Blue Monday, мислам дека е тоа одлична песна и посебно сум горд дека таа останува најпродаван 12” сингл на сите времиња. Таа сеуште звучи свежо покрај модерната денс музика, што е неверојатно достигнување ако се земе во предвид дека првпат била објавена во 1983 г.

    Peter_Hook_&_The_Light_Koko_London_17.Jan (6)Кои се достигнувањата со New Order на кои сте посебно горди?

    Горд сум на фактот дека напишавме навистина одлични песни – Procession, Age of Consent, True Faith, Bizarre Love Triangle, Regret. Навистина се многу за да бидат спомнати сите. Многу сум горд на целата дискографија; заедно постигнавме многу додека работевме како New Order. Навистина е убаво чувството да се врати човек на сето тоа.

    Книгата „Unknown Pleasures„ отворено ги опишува разнишаните односи помеѓу членовите на бендот со референци и споредби со конфликти во New Order. Дали ќе се согласите дека голем дел од популарната музика е резултат на тензии и непријателства?

    Претпоставувам дека е тоа делумно така. Понекогаш најдобрата музика доаѓа од најчудните места! Кон крајот на мојот период во New Order ние имавме многу потешкотии но сеуште правевме одлични псни, како што се „Krafty„ или „Turn„ и кај новото издание „Lost Sirens„ има одличен материјал. Но морам да кажам дека поголемиот дел од нашата музика произлезе од времиња кога сите беа среќни и задоволни.

    Дали можете да замислите ситуација каде вие тројцата или четворицата би ги надминале меѓусебните разлики и би работеле заедно?

    За жал не. Не можам да замислам дека тоа ќе се случи. Срамота е но претпоставувам дека таков е животот. Многу работи се случија за да се случи вистинско собирање. Само се надевам дека еден ден ќе изнајдеме начин каде сите ќе продолжиме со нашите животи бидејќи препукувањата преку медиумите се многу смешни!

    ian-joy-division-16573046-601-389

    Какво е влијанието на Joy Division и New Order врз музичката историја?

    Горд сум на тоа што го постигнавме во двете групи и работата што ме прави најсреќен е дека дури и денес постојат бендови кои велат дека сме влијаеле врз нив. Најдобрата работа е кога знаеш дека вие сте ги инспирирале луѓето, бидејќи за мене тоа е најважната работа кога се работи за создавање музика – да се биде инспириран.

  • Интервју со браќата Теофиловиќ: Песните му припаѓаат на тој што најубаво ќе ги испее

    Браќата Теофиловиќ (Радиша и Ратко) се едни од најпознатите изведувачи на традиционални песни од Србија, но и од сите краишта на Балканот. На репертоарот на овие уметници секогаш биле присутни прекрасни традиционални песни кое времето ги подзаборавило или се тоа песни кои не се така често присутни ни кај изведувачите на народни песни.Нивната ширина и уникатен пристап најубаво е прикажан на минатогодишното заедничко издание „Видарица„, кое е соработка со познатиот американско-српски гитарист Мирослав Тадиќ, во Македонија познат по долгогодишната соработка со Влатко Стефановски. На „Видарица„, чиј наслов има симболично значење„ тие обработуваат песни од Србија, Босна, Далмација и Македонија, носејќи ги овие песни во новиот век. Својата промоција ја имаа во Загреб минатата година, но дури во јануари 2013 се случи неговата промоција во три града во Србија, – Нови Сад, Чачак и Белград, во Коларац, каде овие тројца уметници ги разбудија емоциите на бројната публика која цели два часа уживаше во нивната прекрасна музика и пеење. Интервјуто го направивме во еден посебен амбиент во една од кафаните во Скадарлија, Белград, дента после концертот.

    Заедно со гитаристот Мирослав Тадиќ го издадовте изданието „Видарица„ кое се состои песни од Србија, Босна, Далмација, но најмногу од Македонија. Иако со Тадиќ се знаете од пред 15 години зошто ви беше потребно толку време за да го реализирате овој проект?

    Радиша: Ние се запознавме со Тадиќ преку Влатко Стефановски на промоцијата на албумот „Крушево„ во Белград . Тоа беше 2 октомври 1999 г. Тој му предложи на Мирослав дека за таа пригода би било убаво да има двајца посебни гости. Уште на самата проба имавме многу добро чувство со нив двајцата. Тоа беше појдовната точка и од тогаш поминаа многу години. Во меѓувреме бевме гости кај Раде Шербеџија, па во 2007 бевме гости на фестивалот Guitar Art  во Белград, имавме концерти во Ниш и Подгорица. После извесно време сфативме дека е тоа зрело јаболко кое треба да се собере и да се направи едно ново издание. Мирослав е многу активен во Америка. Тој настапува со бендот на Френк Запа, го сними „Трета Мајка„ со Влатко, потоа два албуми со Шербеџија. Знаеме дека тој е многу педантен и прецизен, и кога работи, тој тоа го сработува до крај и не работи на повеќе проекти наеднаш.  Мирослав чекаше период кога целосно ќе се исчисти од обврски и целосно да се посвети на оваа музика која е на албумот. Ние го имавме тој сон и желба да соработуваме со него. Многумина ни замерија дека со никого не сме сакале да соработуваме не разбирајќи дека ние веднаш знаевме со кого ќе соработуваме. За време на неговите патувања во Европа тој редовно доаѓаше во Белград каде интензивно се дружевме. После снимањето дружбата продолжи и понатаму и бевме кај него во куќата во Хрватска. Поради тоа можам да кажам дека оваа музика произлезе од една убава атмосфера, од убави меѓучовечки односи кои постојат меѓу нас. Јас дури би го нарекол Миро и наш постар брат. Тој е многу свесен каде ние живееме и какви се релациите. Тој живее во уреден систем  додека ние буквално се бориме да воспоставиме некакви вредности во нашиот систем. Кога тој на неговите студенти во Америка ќе им каже дека ние живееме само од acapella пеење, во салата можеа да се чујат гласови на вчудоневиденост. Поради тоа, нему, нашата желба, ентузијазам , внатрешниот дух и расположение му беа инспирација. Тоа беше почетокот на соработката со Мирослав кое беше крунисано со „Видарица“. 

    Каква е симболика се крие зад името „Видарица“?

    Ратко: Од една страна името има некакво етнолошко значење. Видарките се жени кои лекуваат со помош на треви. Тие се исцелителки. Видарките се исто така и лековити извори на вода каде се миете пред изгрејсонце и тогаш ќе се излечите. Така велат преданијата. Малиот текст кој се наоѓа на нашето ЦД го напиша нашиот постар брат и тој малку поетски образложи што е видарица. Тоа е здравствена состојба и рамнотежа на духот и телото. Кога ќе се наруши таа рамнотежа настапува болест. Тогаш луѓето бараат свој лек или своја видарица. Кај нас таа рамнотежа е прикажана преку играта на гласовите и инструментот. На концертот во Коларац ни кажаа дека многумина во публиката плачеа. Верувам дека тие имаа во себе некои емоции кои испливаа  за време на концертот. Мислам дека музиката денес технолошки оди напред,  но таа емотивно стагнира. Тој расцеп односно тоа што се мисли дека не е актуелно и потребно, мислам дека тоа е баш она што е најмногу потребно. Тоа е нешто што ние двајца го согледуваме кога патуваме по светот. Се работи за нашиот звучен исказ кого го пренесуваме, по емоциите кои тие ги препознаваат. Во Полска ни велеа, ова ни е потребно и нам Пољаците, потребно и е на цивилизацијата.  Насекаде постојат луѓе кои длабоко веруваат дека спасот е во музиката.  Кај нас измислија катедра за музикотерапија, што е добро, но вистинскиот контакт меѓу луѓето треба да се случи одвнатре односно интуитивно. Тоа лечење со музика не може едноставно да се намести.  Јас не сум некој кој прифаќа местења, но го прифаќам тоа што се случува во моментот. Исто како и уметноста која се создава во одреден момент. Така и ги бираме песните со кои настапуваме на оваа мини турнеја каде го промовираме ова издание. На трите концерти репертоарот ќе биде сосема различен. Но тоа што меѓу нас тројца се случува, а што луѓето го чувствуваат е емпатија. И енергијата која ни се враќа во тие моменти – тоа можам да го опишам само како катарза. Кога Мирослав ќе удри по жицата мене гласот ми е веќе во грч и чувствувам само што не сум заплакал. Во тој момент тој ве воведува во некој свој емотивен свет кој потоа вие во истиот момент им го враќате на луѓето. Тоа не сум го доживеал често. Тој буквално не носи и се игра со нашите гласови.

    Видарица“ е колекција на песни од повеќе региони на Балканот и обединува различни вкусови на своите учесници. На кој начин го направивте изборот?

    Радиша: Мирослав знаеше за некои наши песни кои ние ги изведувавме, а и не праша дали имаме нешто слично во рамките на тоа. Нему изборот му се допадна и го прифати. Во нашиот избор и ден денес имаме голем број далматински песни, но Мирослав се одлучи за две кои порано ги изведувал како инструментални варијанти. Тој ни предложи да преслушаме и да пристапиме на свој начин, како што обично работиме. Немаше некакви сугестии. Нему не му беше за цел себе си да си олесни преку изборот туку да влезе кај нашите хармонии. Тука лежи суштината. Мирослав првенствено слуша. На пример, песната „ Стојне, сине Стојане„ ние воопшто не ја знаевме. Тоа е песна која се наоѓа на изданието „Лулка„ кое тој го сними со Вања Лазарова, и од Америка тој ни ја прати во изворна верзија која ја пее групата „Распеани Охриѓани„. Мирослав ни сугерираше да ја слушнеме таа песна и ние само таа песна ја вежбавме еден месец. Текстот од песната го повторуваш и повторуваш се додека не дојдеш до техничко ниво каде не размислуваш која е следната строфа. Таква  е природата на оваа работа. Затоа и работиме секој ден. Меѓу нас имаше голема интеракција, а и доверба да го послушаме Мирослав за тоа кои песни се најдобри. Исто така, тој имаше некаква визија за тоа која песна каде ќе стои. Имаше песна од источна Србија за која од некоја причина се предомисливме. Потоа се сетивме на „Моме стое“. Се сеќавам дека таа песна за првпат ја отпеавме во Охрид на фестивалот „Balkan Square.“ Тоа за нас беше неверојатно искуство. Тоа нам ни беше најубав концерт кој сме го имале во досегашната кариера. Во едно такво посебно опкружување со нас пееја 2500 луѓе. Кога таа песна му ја отпеавме на Мирослав, тој веднаш реагираше. Во истиот момент Мирослав почна да свири со нас и да работи на аранжманите. Ни кажа, ова е блуз. Сите сугестии беа прифатени. Исто така, без разлика на тоа што тој не слушал многу далматинските песни, тој знаеше, врз основа на тоа некое музичко искуство, а и самиот долг низ години поминал во Хрватска, како треба да пристапи и знаеше како ние би направиле, и се заедно тоа да има свој печат и поинаква димензија. Од наша страна ние моравме да пееме во дует, а да звучиме како клапа.

    Како би го објасниле вашиот пристап кон песните кои ги интерпретирате? Што е тоа што на овие песни им го дава вашиот печат?

    Ратко: Песната е тројство – ритам, стих и мелодија. Секоја песна има свој пулс. Секоја песна има свое срце. Мора да ја изберете точно онаа песна која е одлучувачка. До песните најчесто доаѓаме преку поезијата. На пример, текстот и мелодијата на„Ој овчарче„ Текстот е метафизика на таа музика  или „Моме стое„ – „Моме стое у ливади, Моме стое, џанам, у ливади, в раце држи огледало, се огледува„.  Не можеш да останеш рамнодушен на тие зборови. И кога ќе ја чуеш мелодијата…Без разлика што е запишано некаде како некој ја пеел таа песна, ти ги држиш тие тонови кои се клучот или срцето на таа песна. Таа секогаш се изведува поинаку. Тоа е исто момент. Секоја песна е момент, но како таа ќе изгледа на крајот, тоа зависи од моментот. Затоа тоа наше доживување на музиката, во тој  момент е искрен бидејќи даваме онака како што во тој момент ја доживуваме песната. Еден тон мајстор кој работеше со нас го опиша тоа на свој начин „Тие не пеат, тие сликаат„. Кога се слика, секој има свој филм или претстава како тоа нешто треба да наликува. Еднаш во разговор прашавме еден пријател кој предава соло пеење, што е тоа што машкиот глас го прави поинтересен од женскиот? Женскиот глас може да постигне повеќе односно има поголем распон, може да постигне неверојатни работи и  убави украси. Да, но тие ги немаат тие бои какви што ги имаат машките гласови. Но, кога учиме некои песни најчесто се стремам да ги слушам женските пеачки односно се трудам да ги изведам на нивен начин. Се трудам нивните гласови да ги погодам. Жените можат се. Тие се виртуози и имаат најфина изведба на песните. Тоа е тоа ниво кон ко се стремиме, да може да се префрли пеењето на женскиот глас во машкиот регистер. На концертот во Охрид гостин ни беш Ристо Солучев, кој свиреше гајда. Тогаш ја отпеавме „Ој Овчарче„ и неговата реакција беше „е ова е уметност„.

    Поголемиот дел од „Видарица„ го сочинуваат македонски песни. Што е тоа кај македонската музика и песна што вам ви е привлечно поради што вие често и пред Видарица на вашите концерти изведувате македонски традиционални песни?

    Радиша: Имаме многу од тоа преслушано. Разни антологии на мноу пеачи. Буквално купувавме се што е објавувано. Потоа кога се запознавате со луѓе, тогаш тие ви препорачуваат некои други песни. Тука се работи за некоја внатрешна емоција која вие ја препознавате кога ја слушате македонската музика. Тоа не е случајно. Нашите родители студираа економија во Скопје, а после мајка ни се вработила во банка таму. Ноќта пред земјотресот таа одлучила  да се породи со нашиот постар брат во Чачак. Планот им бил да се отпатува таму,  па после породувањето да се вратат назад. Утредента кога пристигнале во Чачак слушнале за земјотресот во Скопје, куќата во која живееле била срамнета со земја. Исто така, за време на стара Југославија служевме војска таму. Имаме многу пријатели, а и сопругата на Ратко е Македонка.

    Дали сметате дека има иновнативност кога се работи за интерпретација на туѓи песни?

    Ратко: Тоа е добро прашање. Секоја работа на светот напредува и се усовршува. Во спортот луѓето напредуваат и ги прават работите побрзо и поефикасно. Исто така и пеењето напредува. Постојат начини вие да го надминете тоа што некои луѓе го правеле и ние сме апсолутно свесни за тоа. Затоа нашите песни се изведуваат поинаку во однос на тоа како некои пеачи тоа некогаш го правеле. Никогаш не се пеело во двоглас. Освен во Македонија каде имале храброст да се свртат кон изворните инструменти, кај нас секогаш се стремеле да одат кон некои западни теркови со одредени оркестрации и ставање во одреден контекст. И тој контекст е питок и сладок. Прашање е кај нив да се развиваше тоа на некаков друг начин дали би пеел баш така или на поинаков начин. Секој човек е препознатлив по својот глас. Гласот е личност. Секој човек се претставува со гласот кој го има.

    Песните кои ги изведувате се архаични и не толку познати, но сепак се убави. На кој начин ги приближувате овие песни до својата публика?

    Многу често луѓето ни поставуваат прашања од типот дали сме ние чувари на традицијата. Тоа прашање ми е дегутантно. Какво е неговото значење? Дали традицијата има врска со уметноста? Дали традицијата е работа од која не смееш да исчекориш? Но не можеме да збориме за традицијата ако не се случуваат промени кај јазикот. Кога се појавило првото радио во некоја средина, тоа предизвикало некакви промени кај луѓето, како размислуваат и го поимуваат звукот како таков. Денеска не постои по селата некој кој пее автентично. Тоа не постои. Многу пати имам слушани такви ликови кои едноставно ги сквернават песните. Денеска работите потполно се поинакви во однос на некои други времиња. Не можеме да ги враќаме луѓето во некое друго време. Ние живееме сега и тоа сигурно носи свои влијанија за кои луѓето најчесто не се свесни или не ги гледаат како такви. Таа тема е многу широка каде на секој одговор се отвораат уште неколку други прашања. Традицијата може да се случи во секој момент. Дури и „Видарица“ како такво еден ден може да биде традиција.

  • Истанбул ми дава шанса да се чувствувам како дома

    Музичарот Оливер Јосфиовски е познат како основач на групата Љубојна, која тој ја предводи со својата сопруга Вера Милошеска Јосифовска. Меѓутоа, неговите интереси и активности не почнуваат, ниту завршуваат тука.

    Тој е еден од оснивачите на култниот битолски бенд Фолтин, член е на неколку реномирани македонски џез состави, а воедно е и еден од најбараните композитори за театарска музика. Уште откако заврши академија за џез во Софија, неговите активности на музички план беа врзани со компонирање музика за театар. Всушност и Љубојна, како проект произлезе од ангажман во претставата „Парите се отепувачка„. Зад себе има 60 тина претстави за кои работел музика, а квалитетот на неговата работа беше препознаен од режисерот Нурула Тунџер, со кого веќе втора година по ред во Истанбулскиот градски театар работат на претстави на реномираниот српски драмски писател и режисер Душан Ковачевиќ. Воедно, Јосифовски, секоја година има долги престојувања во Истанбул каде покрај напорната работа во театарот, активно е вклучен во животот во Истанбул. Во разговорот тој го открива својот живот и активности во овој мегалополис. Најавува и ново издание на Љубојна, кое наскоро ќе добие своја премиера, како и нов ангажман со режисерот Павлос Данелатос и театарот Андреас Воутсинас од Солун Грција.

    Јосифовски со режисерот Нурула Тунџер

    Оливер, две години по ред работиш со Истанбулскиот градски театар и со режисерот Нурула Тунџер.

    Ова е веќе втора година како престојувам тука на подолг период, а причината за тоа беше подготовка на музиката на новиот театарски проект на Истанбулскиот Градски Театар, “Живот во тесни чевли”, текст на Душан Ковачевиќ. Режисер на претставата е  Нурула Тунџер. Како што реков, ова е наша втора соработка, а воедно и ова беше последната претстава од трилогијата драмски текстови на Душан Ковачевиќ во Истанбулскиот градски театар, претставени во последниве неколку години, („Генерална проба на самоубиство, „  „Собирен центар,„ „ Живот во тесни чевли„ ). Јас работев на последните 2. Во претставата” Собирен центар” голем акцент беше даден на музиката која што се изведуваше во живо, со оркестар составен од 12 тина музичари. Тоа беше претстава што излезе во театарската сезона 2011 / 2012.

    Со легендата Душан Ковачевиќ

    Во претставата “Живот во тесни чевли” исто така користев музичари што изведуваат музика во живо, но овој пат оркестарот сакав да го сведам на минимум, поради што се решив за тројца музичари во живо. Црна Комедија. Овој пат музиката што ја изведуваат музичарите е со цел да го следат внатрешното чувство кај актерот, а и всушност да го разбудат тоа чувство и кај гледачот.  Во претставата тече и снимена авторска музика. Исто така за крајот на претставата, актерите и музичарите изведуваат една вокална тема, што благодарание на вокалните можности кај актерите и музичарите, создаваат еден навистина грандиозен крај што опишува ситуација помеѓу скандирање на песната на работниците 1ви Мај и како песна што поттикнува среќа и радост на сите убави моменти поминати во детството на многу луѓе во Комунизмот.  Оваа песна посебно му се допадна на писателот Ковачевиќ, кој лично ги изрази своите импресии при средбата после премиерата во Истанбул.

    На проба во еден од најстарите театри во Турција, Кадикои

    Какви се твоите импресии од градот, од Истанбул?

    Истанбул, секогаш ме пречекува гостопримливо секојпат кога патувам таму. Посебно задоволство е дружењето со пријателите стекнати сите овие години, како во театарскиот свет, така надвор од него. Тоа се луѓе од клубовите, продавниците за музика, издавачките куќи, рестораните, така што Истанбул секогаш ми дава шанса да се чувствам како дома.

    Продавница за гитари во Истанбул
    Тезги со овошје

    Кај тезгите со зачини, шаренило од зеленчуци и овошје, безброј мали продавници во сопствена креација за изработка на колачи, улични музичари кои свират насекаде , и секаде ти се дава можност да сретнеш пријател којшто секој ден одново и одново ти го препродава Истанбул, а чудото е дека ти, одново и одново го купуваш. Тоа е Истанбул, еден голем АЛАШ ВЕРИШ. Посебно задоволсвто ми причинува јадењето риба во малите кафеанчиња во Кадикој. Во скорешниов престој, се отвори сезоната на свежа уловена риба, односно во месец Септември, и секој ден се пече риба и се пие Јени ракија. Во тие ресторани наоколу наидуваат музичари што е задоволство да се слушаат.

    Улични музичари

    Една од тие музики, ме опседнуваше за време на целиот мој престој. Имаше неверојатна сличност со фразирањето и подредени музички реченици во песните, што инаку ги слушаме кај охридската музичка школа, на пр. кај Ансаблот Биљана од Охрид. Прашав што е ова? Тие ми рекоа “DUYDUM KI UNUTMUSIN” хм…тоа е песната. А музиката , стана јасно дека е од Драмско. Значи музика од регионот Драма. Таа песна ја порачував скоро секој ден, и тајно ја снимав на мобилниот и сега имам една изложба од различни изведби. Најомилена изведба ми е од двајца улични музичари, татко и син, на кларинет и усна армоника и тарабука. Од многуте посетени места, најмногу ми останаа во сеќавање рестораните на покривите на високите згради. Еден од нив е Галата Конак. Од тука се гледа голем дел на Истанбул, од каде директно се гледна на мостот Галата.

    илјадници луѓе секојдневно минуваат низ Таксим

    Каков е културниот живот во градот? Колку имаше можност да се вклучиш активно во музичкиот свет во Истанбул?

    Дел од времето го минував во клубот Кooperatif на Шафак Велиоглу. Тоа е едно лудо место во Таксим, каде што секоја среда има џем сешн на турска музика, а секој четврток џем сешн на креатив џез музика.

    Клубот Cooperative претставува  попатна музичка станица. Секој музичар што проаѓа во близина, застанува тука на чај, пиво, муабет. Дневно низ Таксим проаѓаат од 2 до 4 илјади луѓе, каде на секој 100 ти еден е музичар.  тоа е пребогато.  Тука се врти и слуша многу музика. Се и сешто. Шафак ( газдата ) зборува многу интересно македонски. Тука се сретнуваат разни луѓе што го знаат на пр. нашиот гајдаџија Стефче Стојковски. Тука запознав Французи што патуваат во Штип за да научеле што е тоа Штипски чочек. Потоа, запознав Канаѓани што транскрибираат Егејска музика, и прават разлика помеѓу Леринска музика и Воденска…

    Иако си ти активен член на многу состави со кои често настапуваш во Македонија и надвор, помина доста време откако со Љубојна ги издадовте и „Песна за мојата песна„ и „Љубојна во живо„. Што се случува со групата? Кои се следните проекти на кои ќе работиш?

    Еден од следните проекти, што е веќе во процес, е проект со театарот Андреас Воутсинас ( Andreas Voutsinas  ) од Солун, во режија на Павлос Данелатос (Pavlos Danelatos). Се работи за едногодишен истражувачки проект, со текстот “Рес” на Еврипид.

    Во моментов го очекуваме новиот материјал на групата Љубојна.  Тоа е материјал што последниве месеци го снимавме и миксавме,  и кој што содржи песни од пребогатиот со музика Егејски дел на Македонија. Го нарековме Љубојна “Brass Fantasy”. Тоа е музика отсвирена на дувачки инструменти, перкусии и 8 женски вокали. Промоцијата на албумот е закажана на 20 ти ноември со голем концерт во Универзална Сала во Скопје, во рамките на Есенските музички свечености.