Author: Софија Николау

  • Новогодишни празници на грчки начин

    За некои тоа е начин да се избега од мрачната зима и сè потешкото секојдневие, за други е можност за духовно напредување и добротворство. Во Грција претераниот конзумеризам веќе започнува да се подвлекува пред потребата да се прославува заедништвото за време на најпопуларните зимски празници.

    Ѕирнете во нашите зимски празници и добредојдени сте да ги прославиме заедно!

    Колку долго траат празниците?

    Никој не знае! Ниту еден Грк не сака празник кој трае само еден ден. За почеток зимската сезона на празници се вика “Dodekaimero” што во превод значи 12 дена. Се слават три главни празници: Божик (25ти декември), Нова Година (1ви јануари) и Богојавление (6ти јануари). Тие се три државни празници… но децата се најрадосни бидејќи тогаш имаат петнаесетдневен распуст.

    Но тоа не е сè: во текот на зимата се слават најпопуларните грчки имендени. Грците кои по обичај добиле име според некој светец се очекува тој ден да го прославуваат како својот роденден – па дури и повеќе. Вообичаено, куќата е отворена за сите роднини и пријатели, се приредува забава во домот а неретко и во ресторан… кој како претпочита. Здодевната зима се претвора во сезона нанижана со празници како Св. Димитрија на 26ти октомври кој го најавува почетокот на зимата, и Св. Андреј на 30ти ноември кога започнуваат подготовките за претстојните празници.

    Имендени се слават во текот на целата година но најмногу ги има во зима.

    Проблемот со дванаесетте Божиќни денови

    Има само еден проблем: бидете внимателни ако се наоѓате блиску до оган или печка. Демонските суштества Kalikantzari кои живеат длабоко под земјата и се обидуваат да го пресечат Дрвото на Животот кое го држи светот на место, конечно го наоѓаат својот пат од длабочините до површината на земјата и прават секакви пакости, особено кога не гледате!  Одмаздата доаѓа на крајот на дванаесетте денови  – на Богојавление, кога Исус бил крстен, се осветуваат водите, па ако видите некое од тие суштества само попрскајте ги со света водичка. Ефектот е спротивен од оној кој водата го имаше на гремлините – исчезнуваат и проблемот е решен!

    Празнични задоволства

    Во секој дом ќе ве почастат со нешто. Во пекарите и слаткарниците специјалитетите ви се смешкаат од излозите. Малку се разликуваат во различни региони но во основа истите слатки се појавуваат насекаде во тие дванаесет денови.

    Melomakarona се колачиња од маслиново масло, брашно и додатоци, натопени во мед и се валкаат (а понекогаш и полнат) во мелени ореви.

    Kourabiedes се суви колачиња со бадеми, попрскани со шеќер во прав, со арома на портокал и ванила.

    Diples се колачи од лесно, крцкаво тесто испржено во маслиново масло, потопено во сируп со мед и попрскано со ситно сецкани ореви и сусам.

    Vasilopita е колач од кој има два вида:

    a) tsoureki – потекнува од Истанбул и се приготвува со тесто со квасец и арома на мастика и магрива (вид цреша).

    b) сунѓерест колач со бадеми и арома на лимон кој има далечни врски со северна Италија.

    И двата вида на Божиќен колач се многу вкусни.

    Весели утрински песни

    Ноќта пред трите главни празници групи деца одат од врата на врата, ѕвонат на метални триаголници, пеат пригодни песни (kalanda) различни за секој од празниците и секако очекуваат нешто за возврат од своите соседи, како колачиња и ситни парички.

    “Kalanda” од грчкиот уметник Никифорос Литрас, 1872

    Постојат стандардни празнични песни кои се пеат во градовите но во различни делови од земјата се менуваат и песните и инструментите. Во случај децата да пеат фалш (што е многу често), или нè разбудиле премногу рано, се обидуваме да бидеме стрпливи и им дозволуваме да завршат со пеењето – сепак трае само една минута! Каков и да е квалитетот на изведбата на крај секогаш ни посакуваат “Ke tou hronou” – Бидете живи и здрави до следната година! а ние им возвраќаме со “Hronia Polla” – За многу години!

    Песни се слушаат и на улиците каде пеат групи деца и возрасни.

    http://www.youtube.com/watch?feature=player_detailpage&v=VYBvOTNAH5M

    Новогодишни песни (стандардни)

    Спој на истокот и западот

    Нова Година е единствениот нерелигиски празник во текот на дванаесетдневните празнувања, но има најголема културна и друштвена важност.

    Што се однесува до Божик, раѓањето на Исус Христос се одбележува како еден голем христијански празник еднаков по важност со уште неколку во православната традиција. Најважниот сепак е Велигден кој се прославува на пролет. Голем дел од верниците не присуствуваат на Божиќната литургија која започнува во 5 ч. наутро и луѓето не си разменуваат подароци на овој ден.

    Сепак, очекувано постојат многу сличности помеѓу западната традиција и начинот на славење во Грција. Сите знаат (или барем се сомневаат) дека “Jingle Bells”, санки со ирваси, реплики од сцената на раѓањето во природна големина на градските плоштади, осветлени елки, варено вино, полнета мисирка, лизгалишта со вештачки мраз итн. се увезени од разни западни и северни држави кои го слават Божик како најголем празник во годината. Но насекаде можат да се сретнат нивните обичаи на кои веќе сите се навикнати и ги прифатиле како свои.

    Понекогаш претворањето на туѓите обичаи во свои може да биде многу забавно, како што е оваа верзија на “Jingle Bells” во грчки стил.

    Луѓето кои ја сочинуваат грчката дијаспора од пред независноста се веќе потполно навикнати на западниот начин на славење Божик. Современа Грција исто така има многу попримено во 1830 -тите кога еден Баварски Принц со својата многубројна свита се досели и стана прв крал на современата држава. Еден век подоцна (1924), Јулијанскиот календар, кој се користел уште од византиско време, бил заменет со Грегоријанскиот, па така сите христијански празници, освен Велигден, се слават 13 дена порано – и Божик веќе не е на 7ми јануари.      

     Божиќно село во Атина

    Многу мал број држави, како што е нашиот северен сосед, празнуваат според стариот календар па во овој случај се добредојдени да слават двапати, и како што веќе напомнав се подразбира дека колку повеќе празници толку повесело! Има и бонус: сите кои го носат името на Св. Јован (во сите варијанти)  примаат специјални честитки и подароци на 7ми јануари. Тоа е голем празник на сите кои го носат ова многу често име во Грција, па секогаш ќе се најде некој Јани или Јана да приредат забава.    

    Уште нешто за локалните обичаи

    Елка се кити насекаде, но луѓето многу често декорираат зимзелени дрвја кои растат во нивната област, или пак прават импресивни реплики на бродови (вообичаено на крајбрежјето и островите). Малите бадникари често носат мини модели на бродови.

    Ако Грците ви кажат дека Дедо Мраз не постои, не грижете се. Постои друг светец задолжен за таа работа. Тое е Свети Василиј Велики кој секоја Нова Година доаѓа од Цезареа (град во денешна Турција познат по тоа што нема ирваси) и носи подароци на децата и возрасните без разлика дали биле добри или лоши (барем ние сакаме така да веруваме). Нова Година е ден за разменување на подароци.

    Вистинскиот Свети Василиј е претставен како било кој друг лик во византиската уметност, но понекогаш може да се види и како американскиот Дедо Мраз. И да, Рудолф, ирвасот со црвено носе се пее на грчки, но се преведува само како елен…!

       

    Се разбира 1ви јануари е посветен на тие кои го носат името Василис (м), Василики, Вики, Васо (ж)… во сите варијанти. Веројатно ова е именден кој добива најмалку внимание бидејќи луѓето добиваат само еден подарок наместо два!

    А што се случува со најрекламираниот, специјален момент на годината – полноќ на 31ви декември кога преминуваме во новата година? Во денешно време општините организираат концерти, прават огномети, нешто што до неодамна не постоеше како обичај. Луѓето ја дочекуваа новата година во своите домови со шише пенливо вино, а потоа излегуваа на забава во градот. Но, традицијата налага и да се коцкаат на популарниот Блек Џек до зори. Ако победите ќе имате среќа таа година, а ако изгубите ве тешат со зборовите “Ќе имате среќа во љубовта”.

    Ако многу веројатниот мамурлак ве одмине следното утро, тогаш може да се сетите дека Новата Година се дочекува со смачкување на мандарина на домашниот праг. Мандарината е овошје кое најмногу асоцира на Нова Година како симбол на благосостојба и ветување за обнова на Земјата.

     

     

    Парче торта за “странец/гостин

    Највозбудливиот момент од новогодишниот ручек е десертот: “Vasilopita” – колачот на Св. Василиј. Тој се пече со паричка внатре, па ако ја добиете паричката се верува дека ќе имате среќа во таа година. Без разлика дали сте присутни или не, семејството ќе пресече парче и за “странец/гостин”, па ако сте странец и планирате да патувате, дојдете со првиот авион во Грција и пробајте го заслуженото парче од колачот (или замолете ги да ви ја испратат паричката).

     

    Сечењето на колачот е многу важна работа па можно е да се претвори во забава на работното место или во седиштата на разни компании. Добивањето на паричката со себе носи и подарок, вообичаено некоја мала амајлија за среќа (“gouri”) во годината што доаѓа.

    Скок во замрзната вода

    На 6ти јануари водите се обично замрзнати. Реката Јордан (каде е крстен Исус Христос) е прилично далеку, продавниците се затворени, во домовите не се организира ништо посебно, но ако сте човек кој сака активности на отворено може да присуствувате на еден необичен настан: Мажи (и понекоја жена) во костими за капење нуркаат во водите на замрзнатите реки, езера, море, цистерни, па дури и модерни резервоари на вода во Атина, во обид да го фатат малиот дрвен крст кој свештеникот го фрла. Оној кој ќе го фати крстот се смета за благословен во таа година.

    Богојавление во Пиреја

    Можете и да ги следите настаните низ цела Грција во живо на телевизија. За медиумите ова е шанса за озборување на национално ниво (кој, каде, како и што се случило на крај).

    И да, веќе погодивте: ова е исто така именден за сите кои се викаат Фотис (м), Фотини (ж), Уранија/Ранија (ж), Јорданис (м), Теофанис/Фанис (м), Теофано/Фани (ж)… Забавата никогаш не запира…

    Всушност, нашите сезонски честитки може буквално да ги преведете како:

    Среќни празници! Kales Yortes!

    Софија Николау

     

  • КОГА КИНОТО ОДИ НА ГРЧКИТЕ ОСТРОВИ

    Интернационалните филмски продуценти многупати досега ги имаат искористено пејзажите на грчките острови како сет за многу успешни филмови. Со години тоа претставува добитна комбинација за кино благајните и за промоција на локалниот туризам.

    Ајде да се потсетиме на неколку од нив!

    MCDSULO EC003

    Хидра за Софија Лорен (1957)

    Момче на делфин е првиот интернационален филм снимен во Грција. Главните улоги ги толкуваат Софија Лорен, Ален Лед и Клифтон Веб. Како сиромашна нуркачка која живее на рибарски остров Лорен го отпеа на грчки (надсинхронизирано)  хитот на Такис Моракис “Што е тоа наречено љубов (Ti ine afto pou to lene aghapi) и натера милиони фанови ширум светот да запеат зедно со нејзе. Наскоро елитните уметници и интелектуалци го избираат овој остров во Саронскиот залив за нивна омилена дестинација за одмор. Популарноста трае во текот на целата декада од 60-тите, а Леонард Коен дури купи и куќа на Хидра.

    sofija loren

    Аморгос за Големото Синило на Лик Бесон (1988)

    Големото Синило (Le Grand Bleu) е волшебен француски филм за пријателството помеѓу двајца нуркачи. Сите сцени на нуркање се снимени во длабоките сини води на плажата Агиа Ана на карпестиот остров Амаргос, која е сè уште омилено место на љубителите на овој спорт. Неизбежна е посетата на бројните барови на Аморгос кои го носат името на филмот, а еден од нив, близу пристаништето Катапола, секој ден го прикажува филмот со превод на повеќе јазици!

    big blue

    Кастелоризо е во Медитеранео (1991)

    Овој италијански,  слатко-горчлив филм, добитник на Оскар, ја раскажува приказната на група војници заглавени на Кастелоризо, од островите Додеканези, во 1941 година. Еден од војниците се вљубува во девојка од островот и останува да живее таму засекогаш. Втората светска војна е одамна завршена но благодарение на филмот инвазијата на италијански туристи на островот трае до ден денешен.

    mediteraneo

    Кефалонија во “Мандолината на Капетан Корели (2001)

    Уште еден италијански војник од Втората светска војна (Николас Кејџ) се вљубува во Гркинка (Пенелопе Круз) на Јонскиот остров Кефалонија со што го направи островот уште попопуларен кај италијанските туристи (Кефалонија е многу поблиску до Италија отколку Кастелоризо). Исто така филмот ги прикажа природните убавини на Кефалонија на публиката ширум светот.

    nick cage

    Крит за Гркот Зорба (1964)

    Изведба наградена со Оскар за Лила Кедрова, познатата сцена со танц на плажа… и веројатно филмот кој најдобро го доловува грчкиот слободен начин на живот, заедно со оскаровецот Никогаш во недела (1960) на Дасан. Ентони Квин како Зорба и Алан Бејтс како алтер егото на авторот Казанѕакис се ѕвездите на филмот снимен во регионот Ханиа на Крит. Денес на Крит може да присуствувате на најдоброто сиртаки шоу близу Платаниас (најпопуларното место за забава и ноќен живот на островот) и да гледате изведби во живо на најпознатите сцени од филмот, се разбира проследени со музиката на Микис Теодоракис.


    Миконос на Ширли Валентајн (1989)

    Средовечна домаќинка од Англија (Полин Колинс) на која ѝ е здодеано од сопругот и животот во Ливерпул заминува на летен одмор на грчкиот остров Миконос каде се впушта во романса со мустаќестиот сопственик на таверна (Том Конти). Филмот беше номиниран за Оскар, освои БАФТА награда и го направи Агиос Јоанис и тамошната таверна најпосетувано туристичко место години наназад.

    grk zorba

    Родос на Ентони Квин, Грегори Пек и Дејвид Нивен (1961)

    Британските трупи се борат против нацистите во обид да ги разнесат Топовите на Наварон (всушност Родос, најголемиот остров од Додеканезите). Филмот ги прикажува најславните културни места на Родос а и денес постои плажа именувана по Ентони Квин (иако актерот никогаш не успеал да го купи ова место како што посакувал). Родос продолжува да биде врвна туристичка дестинација и локација за снимање филмови. Од Наварон досега се снимени безброј грчки и странски филмови во кои глумеле познати ѕвезди како Роџер Мур, Тели Савалас, Клаудија Кардинале, Жаклин Бизе, Бен Кингсли и Хелен Мирен.

    peck, quinn

     Џејмс Бонд пие вино на Крф (1981)

    Дванаесеттиот Џејмс Бонд филм Само за твоите очи е делумно снимен на Крф (и Метеора). Најпознатиот британски таен агент паѓа на шармот на Мелина, уште една грчка убавица. Таа размислува за своето минато на терасата на Ахилион, палатата на австриската царица Сиси на островот Крф каде Роџер Мур наместо неговиот заштитен пијалок мартини (протресен, не мешан) зачудувачки нарачува… Теотокис вино. Винаријата Теотокис навистина постои но никогаш не била толку позната како што е прикажано во филмот! Од друга страна, Крф отсекогаш бил омилена дестинација на Британците (барем за оние кои играат крикет на огромниот централен плоштад во Крф).

    007

    Летни љубовници на Санторини (1982)

    Санторини стануваше омилена дестинација на грчките летувалци кога американскиот еротски триаголник го направи познат како Остров на Романсата – во некој задоцнет хипи стил. Филмот е снимен и на Миконос, Делос и Крит но Санторини ги освои срцата на “љубовниците” Питер Галагер, Дерил Хана и Валери Кенесан која зад филмските камери го поминувала времето лудо забавувајќи се со Грците дојдени на одмор. Куќата на “љубовниците” во селцето Оја денес е продавница за сувенири и се вика (па како поинаку?)  Summer Lovers!

    summer lovers

    Многу години подоцна Анџелина Џоли како Лара Крофт (2003) помина по стрмните вулкански карпи на Санторини и оттогаш редовно доаѓа на одмор со својот познат партнер.

    lara croft 2

    Мама Миа”! Навистина е Скопелос! (2008)

    Мерил Стрип, Колин Фирт и Пирс Броснан се ѕвездите на овој мјузикл кој ги раскажува летните авантури на мајка и ќерка и е длабоко носталгичен по музиката на АББА. Продуцентите на филмот дојдоа до ново откритие: прекрасниот остров Скопелос во егејскиот архипелаг Споради. Но, во филмот островот е наречен Калокери што на грчки значи лето. Плажата Кастани никогаш не очекувала да биде толку поврзана со музиката на АББА но единствениот бар кој се наоѓа таму ги пушта нивните (незаборавни) песни секојдневно!

     

    mamamia

     

    Софија Николау

  • Како да патувате евтино по грчките острови! Не ѕиркајте! Придружете се!

    Како да патувате како локален жител до островите Киклади

    Малку географија:)

    Архипелагот Киклади се наоѓа во јужниот дел на Егејското море недалеку од главниот град на Грција.

    1tinos

    Старото име на оваа група острови потекнува од кругот (“cyclos”) којшто тие го формираат околу светиот остров Делфи, за кој се верува дека е родното место на боговите Аполо и Артемида. Ненаселениот остров Делос е важно археолошко наоѓалиште. За време на летните ноќи осветлени од полна месечина може да испланирате едно извонредно патување.

    25

    Кикладите се поделени според тоа дали се наоѓаат северно или јужно од Делос. На север островите се поголеми и еден од нив Сирос (Syros) е седиште на кикладите. На југ островите се релативно помали, а тие што се поблиску до Наксос се нарекуваат Мали Киклади.

    MCDSULO EC003

    И покрај географската блискост на островите тие поседуваат различно културно наследство: секој остров има поинакви карактеристики, вклучувајќи ја природата и други посебни одлики, па оттаму и се популарни кај разни типови на туристи.

    Како да патувате

    Највообичаен и најекономичен начин на патување е со траект од пристаништето Пиреа (најевтино се доаѓа со метро од центарот на Атина или со директна автобуска линија од аеродромот). До сите острови, освен Андрос, може да се стигне со траект, а Парос и Наксос се главни пристаништа за трансфер до останатите острови (до Делос се доаѓа преку Миконос).

    За Андрос (и за алтернативни патишта до Тинос и Миконос) качете се на автобус “KTEL Attikis – Rafina” на улица Mavromateon близу метро станицата “Victoria” во центарот на Атина, линија која води до малото пристаниште Рафина, а истата автобуска компанија KTEL има и директна линија од атинскиот аеродром до Рафина.

    greece-folegandros-katergo-beach

    Парос

    Rafina KTEL ATTIKIS Coaches Tel. 219 8808080, 8808117 (Athens terminal); 22940 23440 (Rafina terminal)

    За понатамошни информации и насоки:

    Pireas Coast Authority Tel. 210-4147800, 210-4226000

    Rafina Coast Authority Tel: 22940-28888

    За возен ред- Greek Telephone Company (O.T.E.) Tel: 14944 (снимена порака) и Pireas Harbor Organization – O.L.P. (исто така и за Rafina Harbor) Tel: 1454

    ( 24/7 дежурен телефон)

    Проверете ја прогнозата за јачината и правецот на ветрот ако патувате во јули и август. Северниот сезонски ветер Мелтемиа ги ублажува летните горештини но може да биде доста силен и во екстремни случаи и да предизвика застој во пловидбата.

    Повеќе информации на телефонските броеви на Coast Authority и Hellenic Meteorological Service (E.M.Y.)

    Во случај да патувате за време на летните државни празници (Педесетница – за 2012 е на 4ти јуни, и Успение на Пресвета Богородица 15ти август) резервирајте карти неколку недели однапред. Истото важи и за местата блиску до Атина (Китнос, Андрос, Кеа) кои се популарни викенд дестинации во текот на целото лето.

    Андрос

    Патниците мора да имаат карта за да се качат на бродот (картите може да се резервираат на интернет а да се подигнат во туристичките агенции во Грција или на шалтерите на бродските компании). Секоја лиценцирана туристичка агенција или бродска компанија ќе ви даде инструкции каде да ги подигнете картите. Ако патувате со сопствено возило бидете на пристаништето барем еден час пред тргнување. Следниве бродски компании имаат линии од пристаништата Пиреа и Рафина до островите Киклади:

    www.bluestarferies.gr

    www.aegeanspeedlines.gr

    www.hellenicseaways.gr

    www.agoudimos-lines.com

    www.seajets.gr

    www.goldenstarferries.gr

    www.fastferries.com.gr

    Лесно ќе се снајдете низ малата Рафина, но Пиреа е најголемото и најпрометно пристаниште во Грција. Бродовите за Киклади поаѓаат од терминалите Е6, Е7, Е9 и Е10 што треба да биде наведено на вашата карта. Терминалите кореспондираат со видот на брод (траект, брзи бродови, катамаран) и компанијата со која патувате. Ако не се брзате се препорачува да патувате со редовниот траект.

    Во Пиреа за време на жешките летни месеци има 11 климатизирани чекални и терминали со фонтани со ладна вода. Терминалот на Pireas Metro (“Electric Railway” – line 1) се наоѓа во центарот на пристаништето од спротивната страна на Е6 терминалот.

     

    Што да правите за време на пловидбата

    Кога пловите по Егејот со траект најдобро е да останете на палуба а не внатре во кабините, бучните салони и тесни столчиња. Почувствувајте го ладното солено ветре и уживајте во пенливите азурни води. Земете фрапе или пак најновата опсесија – “espresso freddo” или “cappuccino freddo” препорачливо со цимет – локалните жители преферираат ладни освежителни пијалоци во лето. Крема за сончање, шушкавец и јакна се неопходни работи и за време на пловидбата и за на островите. Грците преферираат да седат во сенка бидејќи сончањето на ветровита палуба води до сериозни изгореници па затоа избегнувајте да го правите тоа и за да си обезбедите идеално место за седење ќе треба да се качите на бродот еден час пред тргнување (во зависност од сезоната).

    frape balkon3Со звукот на сирената за поаѓање луѓето застануваат во редица пред кантината – имајте предвид дека концептот на редица во Грција е благо кажано релативен па бидете стрпливи и чекајте редот да се намали. Грците имаат обичај да конзумираат разни видови јадења во текот на патувањето, а најомилени се “tyropita” – питите со сирење, а звучната “Four Cheeses” е само дел од големиот избор.

    Придружете им се на локалните жители во начинот на патување со траект – удобна положба со нозете потпрени на една или две столици, плус уште една која се користи како масичка за фрапето и таблата. Големи се шансите некој сериозно да ве гњави во деновите кога секое столче е добредојдено (или не). Лесно се започнува разговор ако сте расположени за тоа: грчките патници ги познаваат островите и ќе дознаете корисни детали од нив (многумина и потекнуваат оттаму), а имате и шанса да дознаете кои славни личности ги посетуваат Кикладите секоја година. Бранџолина одат на Санторини, Том Хенкс на Антипарос, но тие се редовни посетители, за останатите позајмете некое списание. И за крај, ако сте доволно љубопитни, замолете ги да ви ги преведат стиховите на некој од поп-ориентал хитовите кои непрестајно се слушаат од звучниците (некои се надреални и ќе ве изненадат).

     

    Сунио ве поздравува

    На излез од пирејскиот залив ве испраќа ‘ртот Сунио. Од бродот се гледа храмот на Аполо на работ на морето. Познато е дека Егејското море го добило името по Егеј, митолошкиот крал на Атина кој скокнал од Сунио од жал по својот син. Сепак современите Грци на ова место ги обземаат романтични чувства па ќе видите гушнати парови во очекување да го видат храмот. Не ја пропуштајте оваа шанса.

    Секогаш немирно море

    Пред да стигнете до Кикладите ќе мора да пројдете низ неизбежниот, Cavo D’Oro (Златен ‘Рт) како што го нарекувале венецијанците, каде секогаш има силни морски струења. Но не грижете се, бродовите се лулаат само на неколку минути. “Го поминавме Cavo D’Oro” е грчка изрека што значи дека нашите невољи завршиле, – и се упатуваме кон островот.

    Бродски авантури на Сирос

    Ако патувате до или преку Сирос (честа попатна станица) не го прпуштајте погледот од бродот кон неокласицистичкиот Ермополис, главен град на Кикладите, со средновековната тврдина Ано Сира зад него. Претставници на двојниот културен идентитет на Кикладите се православната и римо-католичката црква кои стојат секоја на својот рид со поглед кон градот. На Сирос, Тинос, Миконос и Санторини православната и католичката традиција коегзистираат од 13от век н.е..

    Додека проаѓате покрај Сирос на бродот ќе се појават продавачите на слатки. Ќе ги слушнете како ги рекламираат своите уредно спакувани производи: “Halvadopites” (крем со бадеми помеѓу тенки парчиња обланда) и “Syriana Loukoumia” (полесна верзија на турскиот локум), кои се познати производи на локалната индустрија, евтини и секогаш свежи. Вреди да се пробаат…

     

    Одразот во огледалото значи Добредојдовте!

    Понекогаш (поретко во денешно време), силна светлина се појавува од брегот на островите пред бродот да пристигне до пристаништето. Тоа е стар обичај на Егејот со огледало да се рефлектира сончевата светлина за добредојде на бродовите кои се приближуваат кон брегот.

    Страв на Санторини

    Спектакуларниот вулкански остров Санторини со неговите стрмни карпи (Caldera – кратер) пресечени на половина и паднати во морето делува застрашувачки ако сте VIP и пристигате директно во Caldera (само за патниците на луксузни бродови за крстарење). За обичните смртници редовно место за пристан е пристаништето Атиниос кое потсетува на влезот на Алкатраз со својата сива карпеста фасада. За среќа, постојат неверојатно убави места на островот кои ќе го потиснат морничавото чувство при првото влегување. (на пр. погледнете ја насловната фотографија).

    Skopelitis”: култниот пат до Малите Киклади

    Скопелитис е малечко бротче кое во текот на целата година ги поврзува Аморгос (пристаниште Катаполо) со Наксос и другите Мали Киклади. Тоа стана толку легендарно што влезе во грчката песна и литература. Многумина велат дека тоа се ниша и при најмало ветре но и на ветришта со силина од 9 степени на Бофортовата скала можете да бидете сигурни дека сте безбедни (но имајте Драмамин при рака).

    Уште поголем култ се разви околу капетанот на бродот Мицос Скопелитис кој е поранешен морнар, рибар и изведувач на народни песни на виолина. Често се појавува на бродот кој сега го управува неговиот син Капетан Јанис. Во неговите предци се вбројува и еден криумчар од 19-от век, кој бил гонет и успеал да избега на Малите Киклади од отровот Скопелос (па оттаму и прекарот).

    Мицос Скопелитис

    Транспортната линија започнала со работа во 1958 година и е постара од сегашниот брод кој има капацитет да превезува 350 патници и 12 автомобили.

    Возен ред на Skopelitis: http://travel.viva.gr/en/ferries/small-cyclades

    Епилог: Пристигнување

    Ќе ги видите патниците кои не се запознаени со концептот на чекање во редица како панично брзаат да се симнат од бродот небаре островите нема да ги чекаат. Но вие може да се опуштите. Островите стојат цврсто на место со милениуми – освен Делос (митологија), Милос (праисторија), Санторини (околу 1500 п.н.е. и 1950тите) и разузданите клубови на Миконос (наскоро – сериозно ви велам!).

    Внимавајте на повикот за симнување на возилата кој доаѓа кратко пред пристанувањето на бродот бидејќи сами мора да го извадите паркираниот автомобил. На поголемите траекти удобниот ескалатор кој ги патниците горе до палубата не работи во спротивен правец- надолу (уште една од неразјаснетите мистерии на универзумот), па затоа патувајте со колку е можно помалку багаж. Во случај на прекумерен багаж има просторија во гаражата каде може да го оставите што дополнително се наплаќа.

    Вратите на бродот поплека се отвораат додека ние се трудиме да покажеме добро воспитување па чекаме во ред и … се појавува нашата дестинација!

    Се гледаме на Кикладите KALO TAXIDI (Среќен пат!)

    Софија Николау

  • Велигден во Грција

    Велигден во Грција

    Најважните моменти од најголемиот празник во годината

    Тешко може да се опишат интензивните чувства за време на Велигден во Грција. Има очигледни и јавни промени на расположенија (од среќа во тага, од елегија во екстаза, од лирични чувства до хедонистичко уживање во добро друштво и храна). Педесетдневен пост му претходи на Велигден а во последната седмица (Светла Седмица) секојдневниот живот се одвива во склад со одбележувањето на сите драматични настани опишани во Евангелијата. Обичаите се различни во зависност од регионот, но и поради предхристијанските обичаи – прославувањето на обновувањето на природата и пролетната рамнодневица не случајно се поврзуваат со Велигден.

    Современиот живот и урбанизацијата го сменија начинот на кој ја перцепираме духовната страна на Велигден. Во денешно време повеќето луѓе постат само во текот на Светлата Седмица, а голем број воопшто не постат. Многумина не ги посетуваат бројните црковни служби кои се изведуваат во текот на целиот пост. Сепак, било да се верници или не, луѓето навистина сакаат да учествуваат во овој настан затоа што на тој начин членовите на заедницата се зближуваат. Постот исто така се смета за обид за прочистување и ревитализација на духот, па поради тоа многу луѓе се придржуваат до правилата за постење, но не во духовна смисла туку во секуларна – како воздржување од храна од животинско потекло (вегетаријанска исхрана со исклучок на морска храна и мед) и постењето е сè попопуларно кај оние кои се грижат за своето здравје. Секако и активностите на отворено и уживањето во обновувањето на природата се неразделни елементи на Велигденската традиција. Јоргован (Paschalia) е цвеќе кое го симболизира Велигден бидејќи неговото име е уште еден синоним во грчкиот јазик за овој празник. Пасха е официјалното име за Велигден кое доаѓа од еврејскиот збор – премин.

    Сите видови морска храна, житарки, мешунки и зеленчук се конзумираат во текот на големиот пост а виното е неизбежен придружник на секој јадење. Многу често во грчките домови за десерт се служи алва (смеса од мелен сусам и шекер), но и во рестораните како знак на внимание од сопственикот.

    4

    Ова се неколку од најпознатите обичаи поврзани со празникот и сите се поканети да земат учество во прославата. Цветници е ден кога после литургијата на верниците им се делат крстови направени од исплетени палмови гранчиња. Постот дозволува јадење риба па низ цела Грција на овој ден се подготвуваат највкусните специјалитети од риба.

    Украс од палмови гранчиња на островот Китера
    Украс од палмови гранчиња на островот Китера

    Свеќите (Lampades) се подарок пригоден и за деца и за возрасни. Се изработуваат на безброј инвентивни начини но еве неколку традиционални украси: бубамара (paschalitsa што значи мала Велигденска дама) е симбол на Велигден и на пролетта.

    Велики Четврток е ден кога се фарбаат Велигденските јајца во црвена боја како симбол на распнувањето кое во црквите се одбележува подоцна истата вечер во свечена атмосфера. Некои луѓе претпочитаат да ги фарбаат јајцата на традиционален начин со лушпи од кромид или со специјална техника на фарбање со користење на природни цвеќиња и листови.

    Четврток е исто така ден за печење цуреки (tsoureki), зачинети Велигденски кифлички. Рецепт кој доаѓа од Истанбул но најчесто се практикува во Солун. Велигденските кифлички кулуракија (koulourakia) се исто така популарни особено во јужна Грција. Заедно со цуреки (tsoureki) тие се разменуваат како подарок помеѓу роднини и пријатели.

    10

    Велики Петок е прв државен празник од Велигденските празнувања па многу луѓе патуваат до своите родни места или во природа на село. Тие кои остануваат во градовите имаат избор да ги посетат околните манастири каде ќе го почувствуваат Велигденскиот дух. Враќањето кон корените подразбира и посета на вечните почивалишта на претците кои се украсуваат со пролетно цвеќе и се палат свеќи во нивно сеќавање. Најзначајниот настан утрото на Велики Петок е цветното украсување на гробот Христов (Epitafios) како симбол на погребувањето на Исус Христос. Вообичаено тоа е парче платно на кое е извезена сцената на оплакувањето поставено на мал дрвен ковчег.

    Украсен Христов гроб од манастирот Влахерна, Солун

    Жените избираат со какви цвеќиња да се украси гробот и парохиите се наттпреваруваат во тоа чија декорација ќе биде поспектакуларна. Прошетка низ соседството е шанса да се разгледаат сите мирисни, шарени гробови кај соседите и е еден од омилените моменти од празникот. Вечерта на Велики Петок се одржува процесија која потсетува на погребна поворка. Луѓето држат темни свеќи во знак на жалење и ги пеат најтажните црковни стихови. На островите и крајбрежјето, места со долга поморска традиција, Христовиот гроб се носи на море и процесијата се движи низ пристаништата и бродовите.

    Хидра, Сароник
    Хидра, Сароник

    Утрото на Велика Сабота исто како и претходното на велики Петок започнува тивко. Продавниците се затворени но тишината нема да трае долго. Прв кој ја нарушува тишината е градот Крф: во 6 часот наутро од црквата на Пресвета Богородица (Panagia Xenon) се слушаат звуци на громогласно тресење и викот кои го означуваат земјотресот опишан во Библијата кој се случил по смртта на Исус на крстот. Крф е многу познат по обичајот наречен “војна на бокалите” кога садови од теракота се фрлаат од балконите за да се прослави “првото воскреснување” кое се слави во Грција во сабота напладне. Специјални садови (botides) се полнат со вода за да се добие посилен звук кога се кршат на средновековните камени улици.

    Првото воскреснување всушност се случува во Ерусалим каде Светиот Оган се пали во внатрешноста на Црквата на Христовиот гроб за време на еден мистичен ритуал на кој присуствуваат претставници од сите христијански вери и Православната Христијанска црква. Оганот се пренесува со ламба во авион до Грција за понатаму да се пренесе низ сите цркви во земјата. Најинтересниот момент е околу петнаесет минути до полноќ кога сите светла се исклучени, а луѓето се собрани во црквите во потполна темница. Во тој момент од внатрешноста на црквите огнот се пренесува со свеќи брзо ширејќи се наоколу… Точно на полноќ се пее Велигденската песна: “Христос Воскресна!”… или само така си претпоставувате затоа што во Грција на полноќ може и воопшто ништо да не слушнете. Огромен број петарди пукаат во тој момент, црквените ѕвона ѕвонат, луѓето се прегрнуваат и поздравуваат со “Христос Воскресна”. Соговорникот треба да одговори “Навистина воскресна”, но тоа секако едвај ќе го можете да го слушнете.

    На островот Калимнос вревата е посилна од било кое друго место: наместо петарди луѓето фрлаат вистински динамит од карпите кои го опкружуваат градот.

    На островот Киос “војната на ракетите” започнува помеѓу 2 ривалски заедници кои целат кон црковните ѕвона.

    http://www.youtube.com/watch?feature=player_detailpage&v=GwYrPhLBvz8#t=25s

    Запалените свеќи се носат дома и се приготвува специјална вечера за семејството и пријателите. Традицијата наложува тоа да биде јагнешко како симбол на “жртвата” или супа од јагнешки внатрешници и пролетни зачини (mayiritsa). Забавата со кршење со јајца започнува. Оној чие јајце ќе остане цело до крај, после кршење со сите присутни е победник. Не е важно ако не го знаете ритуалот на благослови и одговори за време на овој обичај (учите додека се забавувате!).

    Недела е ден посветен на заедничко славење и забава. Се играат традиционални танци, се пеат песни на отворено и ова е одлична прилика да се запознаете со разновидноста на грчкиот фолклор за време на организираните настани на централните плоштади во селата и градовите.

    Парос, островите Киклади
    Парос, островите Киклади

    Популарна народна песна посветена на пролетта од Тракискиот регион…

    …и една од Крит.

    Секое семејство подготвува ручек со јагнешко месо којшто е секогаш премногу комплициран и долготраен процес со кој не можете сами да се справите. Луѓето пеат, танцуваат, пијат и се мезат од многубројните предјадења додека чекаат да се приготви јагнешкото и да се постави Велигденската трпеза. Соседите се посетуваат за да си го честитаат празникот и да наздрават. Румелискиот регион е познат по печено јагне на ражен, обичај кој е задржан претежно во внатрешноста на Грција. Мажите се задолжени за поставување и надгледување на печењето, но сите доаѓаат да го свртат раженот барем по еднаш.

    Колачињата со младо сирење и мед од Егејот (melitinia на Санторини, kaltsounia на Крит) се десерт кој мора да го пробате. Сите видови на кифлички со сирење се добредојдени на Велигденската трпеза.

    Понеделник е последниот државен празник од Велигденските денови (во меѓувреме децата уживаат во втората недела од пролетниот распуст). За промена, ништо посебно не се организира на овој ден. Сите одмараат особено оние кои конзумирале јагнешко малку повеќе одошто требале!

    Не е важно кое место ќе го одберете – Велигден во Грција е уникатно искуство и најдобра можност да ги запознаете луѓето, па се надевам ќе се видиме наскоро!

    Среќен Велигден! Kalo Pascha! Happy Easter!

    Софија Николау

  • Слатко и Балканско

    Еден многу едноставен рецепт за слатко задоволство на Балканот се состои од: најголем дел овошје (и зеленчук или цвеќе) кое се претвора во конзервирана храна откако ќе се свари во густ шеќерен сируп – шербет.slatko1_balkon3

    Се прави на ист принцип како и џем но во овој случај овошјето останува цело и се цени токму таа сочувана текстура и облик. Исто како џемот и овој десерт е многу стара и практична идеја за заштеда на домашниот буџет овозможувајќи свежата храна да трае подолго и да може да се конзумира во текот на барем една година.

    Идејата звучи лесна за остварување, но всушност потребни се добра техника и барем малку искуство. Некои овошки стануваат премногу меки при варењето и потребно е однапред да бидат маринирани во лимонов сок за да се задржи обликот и крцкавоста (како што е случајот со цели млади смокви и лешници, кајсии, јагоди итн.) Други потребно е да се варат двапати затоа што испуштаат одредени природни сокови при првото варење (како што се цитрусните овошја). Во секој случај, малку лимонов сок треба да се додаде во шербетот за да се спречи негово кристализирање. Ренданата дуња и целите модри сливи традиционално се зачинуваат со многу мирисната билка која личи на гераниум (Pelargonium graveolens). Дуњата претставува врв на штедењето: лушпите, семките и остатокот од ова овошје не се фрлаат туку исто така се варат во шеќер заедно со останатите за да се добие вкусно, густо црвено желе.

    Иако идејата е иста, во нашите држави има различни прилики и начини на конзумирање.

    Морав долго да барам за да пронајдам конзервирана храна на продажба во Турција (конечно наидов на мали домати од Малатија и тие имаа извонреден вкус. Името кое секаде се користи е речели кое на турски значи џем. Една пријателка турчинка ми кажа дека џем правилно се вика “marmelata”; и додаде дека речели ретко се нуди на гостите туку се подготвува за домашна употреба (на пример за појадок). Дознав за уште едно Балканско слатко јадење денес – млад модар патлиџан и бев послужен со цели лешници во шербет од Бурса. Најтрадиционалниот ваков рецепт се конзервиранити латици од рози кои потсетуваат на џем но за кои се потребни силни кулинарски вештини за разлика од обичниот џем. Овој специјалитет може најчесто да се пронајде во продавниците.

    Од друга страна пак, на целиот јужен Балкан овој вид јадење не се конзумира за појадок а ниту пак е обичен десерт. Послужувањето слатко е цела церемонија на гостопримливост со употреба на специјални стаклени садови и сребрен прибор.

    slatko_balkon3

    Слаткото традиционално се послужува од специјален стаклен сад а лажиците се наредени околу него. (Музеј Бенаки, Атина)

    Слатко е првото нешто со кое се пречекуваат гостите во домот, заедно со чаша ладна вода. Во Македонија се нарекува слатко, а “речели” се користи за друг вид на слатко особено за тоа направено од грозје. Во Грција го нарекуваат “glyko tou koutaliou” што значи слатко од лажичка а се однесува на начинот на сервирање: лажички полни слатко ставени врз минијатурни стаклени тацни. Шербетот е секогаш премногу сладок па затоа се служи во мало количества.

    Еден пријателка од Струмица ги објасни разликите на односот кон овој обичај во минатото и денес. Само две генерации наназад ниту еден гостин не смееше да замине без да биде послужен со слатко. Слатко се служело на сите специјални прилики како што се свршувачки, венчавки и крштевки, родендени и празници, за Божик и Велигден. Кога ги спомна свршувачките се потсетив на тоа колку многу Грците го поврзуваат слаткото со овој чин; кога младоженецот се пречекува за првпат во домот на идните сватови невестата е таа која треба да го послужи со слатко. Во Скопје кај сите баби бев послужена со слатко, ладна вода и турско кафе (вистински начин да се окрепи изморен патник!). Двете се согласивме дека модерните времиња придонесоа овој обичај да се заборави во младите домаќинства. Луѓето сакаат добра домашна храна но некако тоа стана старомодно (и потребно е многу време за подготовка). Во Грција веќе е вообичаено да се купува готово слатко од продавница (за среќа постојат женски здруженија кои подготвуваат одлично слатко) или да се нарача во традиционалните кафе барови.

    Можам да ви кажам и што сè друго може да се набави во Грција. Постојат многу видови на овошје и зеленчук (основните потребни состојки) поради разновидноста на микроклиматските услови. Но постојат неколку рецепти кои се сметаат за класика како што се: слатко од  вишна (најдобро оди со сладолед со вкус на мастика), дуња (најдобро оди со густ, процеден јогурт) и горчлив портокал (несозреаните плодови се подготвуваат цели, од созреаните портокали се користи единствено кората која се лупи спирално со специјална техника). На југот на Пелопонез често се користат дебели парчиња кора од лубеница за слатко које многу ароматична. На островите Наксос и Андрос постојат нивни локални видови на цитрусни овошја (kitro и pampiloni). Круши, бобинки и јаболката се најчесто употребувани на северот на Грција но во селата планината Пилион во централна Грција се специјализирани за слатко од еден вид мали јаболки (firikia) со силна миризба кои се полнат со цели бадеми. На островот Егина близу Атина специјалитет е слатко од фстаци – и да, се прави од млади зелени плодови а понекогаш се додава мед во шербетот. На Крф, kum-quat (ситно цитрусно овошје) кое потекнува од Кина е донесено многу одамна и локалните жители се разбира прават одлично слатко од него. Најдобар од најдобрите, вистински лидер за сите видови слатко е островот Хиос. Најпопуларни се ендемските ултра миризливи минијатурни мандарини: само една лажичка никогаш не е доволна !

    slatko3_balkon3

     

     

    На Крит и Лезбос имаат доволно маслинки и можат дел да употребат за правење слатко!

     

     

     

    Па, бидејќи утврдивме дека сите сме љубители на слатко во регионов, сигурна сум дека било какво овошје што расте тука може да се употреби за слатко задоволство во било која прилика! И еве го рецептот од Хиос за слатко од вишни кое има и друга употребна вредност: 1-2 лажички растворени во ладна вода со мраз и добивате одличен освежувачки пијалок (vysinada).

    Слатко од вишна

    slatko2_balkon3

    1 кг вишни

    1,5 кг шеќер

    ½ чаша вода

    Сок од 1 лимон

    Извадете ги семките со шнола користејќи го затворениот дел (постои и специјален апарат за ова кој може да се пронајде во специјализирани продавници за слаткарство). Обидете се што помалку да го оштетите плодот и истовремено собирајте ги сите капки сок кои ќе истечат од вишните во текот на овој процес во длабок сад.

    Ставете ги вишните, сокот, водата и шеќерот во длабоко тенџере и варете на средна температура. Кога ќе зоврие намалете ја топлината. Оставете да се вари на тивок оган отстранувајќи ја пената која се создава на површина со перфорирана лажица. Слаткото е готово кога сирупот е доволно густ но не карамелизиран. За да го проверите ова, капнете малку од сирупот во вода и тој треба да се претвори во топче кое не се растопува веднаш. Пред да го тргнете тенџерето од оган додадете го лимоновиот сок и добро измешајте го. Ставете ја содржината во стерилизирани тегли, цврсто затворете го капакот и превртете ги теглите наопаку додека да се изладат. Чувајте ги теглите слатко во остава а отворените тегли во фрижидер.

    На здравје!

    Софија Николау

  • Христопсомо – Грчки Божиќен леб

    Ова округло лепче е незаменливо за божиќниот ручек кој е најважниот божиќен оброк во Грција.bread_christmas_balkon3Честопати ќе го сретнете со буквата В обликувана одозгора, која е симбол на плуг, и со цели лешници кои ја дополнуваат декорацијата.  Колачот е наменет за прославување на раѓањето на Исус Христос, но во исто време е идентичен со древните колачи кои се служеле во ова време од годината (зимската рамнодневица). Слично тесто по состојки и вкус (а не по облик)се користи во различни региони во земјата за различни празнувања, како што се Ептазимо , локалниот леб на островот Калимнос и Артос кој е церемонијален леб што се нуди после литургија на специјални празнични денови.

    Некои велат дека не треба да го сечат Христопсомо со нож, туку да го прекршат со раце за да не се “растури” благословот.

    Состојки:bread1_christmas_balkon3

    4 чаши бело сeнаменско брашно

    25 гр. свеж квасец

    2 кафени лажички шеќер

    1 голема лажица маслиново масло

    1 јајце

    1 мала лажица анасон

    1/2 чаша вода

    Сусам

    Цели ореви

    Подготовка:

    Во голем сад растопете го квасецот  и шеќерот во половина чаша млака вода. Додадете 1 чаша брашно и промешајте. Покријте го садот и оставете го да стои на млако место околу 15 минути. Сварете го анасонот во малку вода, една чаша, процедете и оставете ја водата да се излади. Додадете го остатокот од брашното, маслиновото масло, јајцето, анасонот и остатокот од водата во нараснатиот квасец и месете додека тестото да стане меко и еластично. Покријте го тестото и оставете го да отстои еден час додека да се зголеми двојно во волумен. Оставете малку од тестото настрана а остатокот обликувајте го во облик на топка.Намачкајте едно тавче за печење со маслиново масло,ставете ја топката тесто на средина и сплескајте ја  да ја израмните. Тестото кое го оставивте на страна може да го обликувате за да го украсите горниот дел на лебот со форми како лисја, дрвја, животни и овошје, во зависност од тоа колку сте уметнички настроени. Не заборавајте да ставите еден или повеќе цели ореви одозгора а може и да наросите малку сусам. Оставете го тестото повторно да отстои околу половина час а потоа ставете го тавчето за печење во загреана рерна на 180°C. Откако лебот ќе почне да добива кафеава боја покријте го со алуминиумска фолија, бидејќи може лесно да изгори поради шеќерот. Се пече вкупно околу 35 минути.

    Софија Николау

  • Крем супа од моркови – од Британија и Индија преку Грција

    Лекции научени од грчките студенти во британско – индиската кујнаsoup_curry_balkon3Неколкуте декади на живеење и студирање во Велика Британија оставија трајни и неизбришливи траги кај многу генерации на Грци. Секако, сеприсутната британско-индиска кујна е едно од најнеизбежните влијанија. Еве еден рецепт со кари за хранлива, брза и лесна супа. Не е совршено јадење само за студенти, туку секако, за сите!

    Оваа посебна фузија на вкусови звучи егзотично, но можете да експериментирате слободно со количината и различните зачини и состојки. Така што, слободно, прилагодете ја по сопствен вкус и уживајте:)

    Состојки:

    500 гр моркови

    1 парче праз

    2 супени лажици путер или маргарин

    3 супени лажици брашно

    1 литар жешка вода од зеленчук (од продавница или дома подготвена)

    1 свежо гранче мајчина душица или 1 лажица сушена мајчина душицаcurry-soup11_balkon3

    1 лажица луто кари

    1 шолја млеко

    Сол и црн бибер

    Половина кора од портокал

    Една чашка цврст јогурт или павлака

    Подготовка:

    Исчистете ги морковите и исецкајте ги на поголеми тркалца. Исчистете го празот и исецкајте го на кругчиња. Ставете ги во големо тенџере и пржете ги во маргаринот или путерот околу пет минути, на средно силен оган. Истурете го брашното врз зеленчукот и мешајте околу 2-3 минути. Ставете ја водата од зеленчук, додадете го карито и мајчината душица, намалете на тивко и варете додека зеленчукот не омекне, промешувајќи од време на време. Отстранете го зеленчукот со лажица со дупчиња (перфорирана лажица), ставете ги во блендер да се измелат, или само испасирајте со вилушка и потоа вратете ги во тенџерето заедно со млекото и оставете да се варат уште десет минути (а тука додадете и сол и црн бибер). При сервирање ставете во една лажица павлака во секоја чинија со супа и иситнете малку од кората од портокал.

    Уживајте во оваа несекојдневна супа на Балкон3:)

    Софија Николау

  • Божиќна фабрика за децата во Атина

    Во Атина семејствата и децата го прославуваат Божик со прошетки низ градот во радосна и забавна атмосфера. Сериозната економска криза доведе до појава на повеќе граѓански иницијативи кои промовираат социјална солидарност во текот на целата година, но за време на овие Божиќни празници Градското Собрание на Атина реши да ги комбинира традиционалната празнична радост и чувството за социјални проблеми во опкружувањето.

    athensholidays4

    Целта е да се обезбеди забава во градот како што налага традицијата (особено голема потреба во вакви тешки времиња) а во исто време да се придонесе во акциите за социјална солидарност и интерактивно да се едуцираат децата преку игра и фантазија.

    Од 6-ти декември 2013 до 6-ти јануари 2014 културниот центар Технополис (поранешна фабрика за гас во квартот Гази) ги поканува сите деца и возрасни да ја посетата “Божиќната фабрика” и да прослават во весела атмосфера низ игра и многи други активности организирани за најмалите.

    athensholidays2Активностите ќе се одвиваат секој ден од 10.00 до 22.00 часот. Со  купување на карта по доста ниска цена добивате неограничено учество во сите активности.

    Серија едукативни и забавни работилници ги очекуваат децата кои сакаат лично да го запознаат Дедо Мраз, да добијат подарок и да ја разгледаат неговата фабрика. Таму можат да научат како да направат дрвени играчки (кои потоа можат да ги задржат) и да учествуваат во изработката на огромен картон за друштвена игра која самите ќе ја дизајнираат, сами ќе ги постават правилата за играње и се разбира ќе определат соодветна награда за победниците…

    “Kalikantzari” (лошите џуџиња) се опремени со бои и се спремни да ги размачкаат по детските лица… на уметнички начин во работилницата за цртање на лице. Децата можат да ги испробаат своите вештини во правење традиционални пецива во работилницата за колачиња, а во слатко-магичната работилница ќе научат како да изведуватт магионичарски трикови со пекарски продукти. Во текот на целиот настан ќе биде обезбеден интернет простор каде децата ќе можат да ги испраќаат своите Божиќни пораки и желби низ целиот свет.

    Во рамките на Божиќната Фабрика во Технополис ќе се одвиваат и неколку интерактивни и мултимедијални изложби, како што е Музејот на древна грчка технологија кој нуди 50 експонати на интересни механички направи (оригинали и копии) и изложбата на древни играчки која од колекцијата на илјадници експонати ќе претстави играчки од различни периоди и цивилизации.

    Добротворната детска организација Флога и СОС Детско Село Грција организираат базар на солидарноста во рамките на кој ќе се собираат играчки (во добра состојба), книги и облека кои ќе бидат донирани на социјално загрозените семејства. Како контраст на скапите вештачки дрва (веќе долги години контроверзна тема за украсувањето на Атина) Технополис ќе биде украсен со 500 природни елки кои подоцна, кога ќе завршат празниците, ќе бидат повторно засадени на определени места за пошумување на блиските планини на Атика.

    athens holidays1

    Лизгањето на мраз стана особено популарно во цела Грција па затоа ќе бидат поставени лизгалишта за возрасни, деца и за најмалите посетители, но и огромен карусел, штандови со колачиња, печени костени и други закуски (варено вино за возрасните). Посетителите ќе можат да се возат низ Технополис во еколошко вовче.

    athens holidays3

    Ако решите да прошетате низ Гази оваа година ќе видите дека децата се во центарот на вниманието – но, како што најавуваат организаторите, активностите се наменети и за сите оние кои се чувствуваат како деца! Секој ден, програмата вклучува музички претстави, концерти на современа грчка музика, џез, рок и класична музика, театарски претстави, куклен театар и театар на сенки, улични претстави, жонглери, кловнови и магионичари. Безброј можности за уживање за целото семејство!

    Повеќе информации на: thechristmasfactory.gr

    Софија Николау

  • Чај – за да се чувствувате пријатно и спокојно

    Прекрасен другар во студените денови

    tea2_balkon3

    Во Грција црниот чај не е пијалок кој често се пие, како на пример во Турција и Азија. Ако ги прашате Грците „дали сакате чај?“ тие најверојатно ќе ви одговорат : „Не благодарам,не сум болен!“.. хммм. . Зошто би одговориле така? Па, бидејќи традиционално Грците пијат чај само кога се болни и чајот генерално го поврзуваат со состојба кога не се чувствуваат добро, или дури и малку несигурно..:)

    tea1_balkon3

    Така што, наместо црн чај, почесто се пие чај од тревки, хербален чај. Најпопуларниот хербален чај е „Планинскиот чај“ (Tsai tou Vounou). Ова растение е ендемско на Медитеранот и има околу 100 подвидови (17 во Грција) и неговото конзумирање е популарно во многу земји од медитеранскиот басен – иако систематски се одгледува само во Грција.

    tea3_balkon3

    Генеричкото име во науката на ова растение е Sideritis L. (sidiros=железо) и навистина содржи значително количество железо, кое и те како е потребно на организмот, особено поради честите дијагнози за недостаток од железо кај медитеранската популација.

    Планинскиот чај, како што кажува и името, расте на надморска височина над 1000 метри и e прилагоден на сува почва и продолжени летни периоди карактеристични за медитеранскиот регион. Бидејќи планините покриваат 80 отсто од нејзината територија, Грција е совршена земја за одгледување планински чај.

    Планинскиот чај, се бере буквално во секој планински регион во Грција. Од област до област локалните подвидови можат во нијанси да се разликуваат, па така добиваат локални имиња. На пример можат да земат име на локалните дијалекти, како на пример Malotyra (Крит), или на регионот каде што се бере (чај Евиа), или според планината на која се бере (чај од Олимп, чај од Парнас), на планината Атос е наречен според Власите кои живеат во грчкиот дел од Македонија (Влашки чај).

    tea4_balkon3

    Листовите и пупките се берат со рака на почетокот од летото, потоа се сушат и се продаваат насекаде низ земјата, во форма на букети, па дури и во вреќички за чај. Производот е 100 проценти природен и во тек на одгледувањето не му треба вештачко ѓубриво, ниту пестициди, поради што лесно добива сeртификат за чист органски производ.

    Чајот не само што е вкусен и ароматичен, исто така е познат по своите антибактериски и аналгетски квалитети, а исто така е ефикасен против зголемена телесна температура. Затоа е познат и како популарен лек за настинка, кашлица и болки во стомакот. Научниците открија дека исто така има и антистрес ефекти, без какви било несакани последици и контраиндикации, кои на пример се јавуваат при пиење на некои други пијалоци од тревки. Ако се подготви како што Грците преферираат да го пијат во зовриена вода, многу жежок и со мед, тогаш ќе почувствувате дека ви го омекнува грлото, ќе се чувствувате подобро и ви го зајакнува организмот:)

    Балкон3 препорачува Планински чај за да се фатите во костец со зимата и студеното време…

    tea5_balkon3

    Софија Николау

  • Маџун: повеќе од обична бонбона

    macun1_balkon3

    Секогаш кога одите во посета на историскиот центар на Истанбул мора да поминете по патот кој води кон палатата Топ Капи. Во целата таа гужва од туристи може да не ги забележите малубројните уличните продавачи и нивните мали тезги. Некои продаваат нешто што наликува на лижавче во спирална форма. Пред себе продавачите имаат садови кои наликуваат на кружни кутии за сладолед наполнети со густа течнот во разни бои. Всушност тоа е течна бонбона која се стврднува откако вештите продавачи ќе ја подготват на ваша нарачка. Но, ова сепак не е обична бонбона.

    Се нарекува маџун и приказната вели дека за првпат е направена во 1527 по наредба на Султан Сулејман Величествениот како лек за закрепнување на неговата мајка Ајше Хафса (попозната по својата титула Валиде Султан). Султанот бил презадоволен од неговите лековити својства па затоа одредил да се празнува еден ден во пролет (пролетната рамноденица) и на тој ден да се раздели маџун на сите луѓе во престолнината. Турција сега работи на проект маџунот да се стави на листата на нематеријално светско културно наследство на UNESCO. Маџунот е нематеријален од аспект на неговата историја и обичаи, но вкусот е многу реален! Поточно кажано мажунот има силен вкус и се разликува од сите бонбони кои до сега сте ги вкусиле. Има зачудувачки ефект бидејќи никогаш не сте подготвени за нешто толку миризливо, слатко и зачинето.

    macun_balkon3

    Легендата вели дека оваа магична смеса се состои од 41 состојка кои можат да излекуваат 41 болест. Католиците некогаш го нарекувале Балзамот на Султанот и ја нагласувале неговата употреба како афродизијак. Чудно но вистинито, етимолошките речници го имаат истото име на Хинду но има потполно поинакво значење: ги опушта мускулите и има благ седативен ефект. На турски зборот значи “паста”. Старите книги за фармакологија и готвачот на палатата спомнуваат еден рецепт со огромен број состојки, од кои некои доаѓаат од далечни земји. Од долгиот список ги издвојуваме: амбер, мошус, црвена детелина, куркума, ѓумбир, детелина, цимет, морско оревче, ванила, кокос…
    Освен историскиот Сарај како симболично место на кое може да пронајдете маџун подготвен на улица, постојат и други локации каде може да купите спакуван маџун. На пример на Египетскиот пазар имате тони зачини и тревки кои почнуваат да наликуваат на наша природна средина. И последно но не и најмалку важно, (од нам непознати причини) градот Маниса близу Измир е поврзан со истата прослава во пролет и со дистрибуција на маџунот сè до денешен ден, под името Manisa Mesir Macun. Лесно ќе го пронајдете маџунот под ова име во големите слаткарници “kuruyemis” низ Турција.

    manisa mesir macun_balkon3

    Сигурна сум дека постои добра причина зошто на грчки зборот “matzouni” означува “практичен лек кој се користи како тоник” или било кој друг вид на инфузија од билки, па дури и меки бонбони. Но, во денешно време името сè почесто означува “бапски лек”. Да се вратиме на вистинскиот маџун. Мислам дека најдобро би било да го пробате откако веќе ќе ја посетите палатата Топ Капи затоа што сигурно ќе бидете изморени и зашеметени од нејзината убавина, а предлагам да се напиете и шолја турски чај. Маџунот и помогна на Валиде Султан да закрепне па сигурно ќе биде корисен и за нас, обичните посетители на градот над градовите!

    Добар апетит! Уживајте!

    Софија Николау