Author: Софија Николау

  • Кога жештината ќе дојде во градот

    Кога жештината ќе дојде во градот

    Во придружба на вообичаените повици и предупредувања до граѓаните, жешкиот бран среде лето во Атина е секојдневен, вообичаен неизбежен елемент.. Во ред значи, еве го јули повторно! И температурите во центарот на градот отидоа и до 44 степени целзиусови…

    Нашиот град полн со бетон, и со малку зелени површини изгледа ја привлекува жештината како магнет и ја задржува во себе…

    Морето е популарно место за да се избега, само 20 минути од центарот. Луѓето масовно ги пополнуваат плажите на јужниот и источниот дел од градот. Да се најде место на кое може да сеиспливаш е благослов за сите.. Дури и на таканаречените „организирани плажи“ (на кои се наплаќа влез) и кои во обичен ден преку неделата изгледаат вака..

    ..за време на жешкиот бран изгледаат вака!

    Националната градина во близина на плоштадот Синтагма е уште едно популарно собиралиште и одлично место да ги наполните шишињата со изворска вода од каменестатат фонтана (на влезот од Амалис Авенијата). Шатките во централното езеро можеби преферираат сонце,

    но луѓето сепак бараат зеленило или клупа под сенка.

    Сенката и водата (како и климатизираните места за итни случаи) буквално спасуваат нечии животи. Ќе видите дека сите носат шишиња со вода (купени ладни од некој киоск). Имигрантите од Азија заработуваат од продавање сезонски продукти, како хартиени чадори кои се повеќе ги има во градот деновиве.

    Сите знаат дека мора да се покрие главата.. како знаеш и умееш!

    Точно пред Парламентот се наоѓа најпознатото место за освежување: Мермерната фонтана на плоштадот Синтагма…

    Плоштадот Котзиа (Плоштад на градското собрание) можеби е вториот најдобар избор со својата повеќенаменска фонтана…

    Но, една работа е сигурна:„Во Грција не е студено..“како што мудро вели и грчкиот ска бенд Локомондо…

    Софија Николау

  • Кафе со мраз – како да се преживее денот на грчки начин

    1. Што е фрапе?

    Тоа е ладен пијалок од кафе кое се мати за да се добие пенест прелив. Се служи во висока чаша полна со коцки мраз и се пие со сламка.

    frape_cover_balkon3

    1. Што содржи фрапе?

    Само инстант кафе и вода. Шеќер и млеко се додава по избор и по вкус. Млекото треба да биде свежо или кондензирано (млекото во прав ја растопува пената).

    1. Што НЕ е фрапе?

    Кафе кое не е инстант, кафе со сладолед, кафе со чоколаден прелив, кафе со шлаг, кафе измешано со узо, со газирана минерална вода…итн. Аке го сервирате во обична шолја за кафе веднаш престанува да биде фрапе.

    1. Со каков вид храна се служи фрапе?

    Без храна.

    1. Дали постојат правила за подготовка на фрапе?

    Секако. Ова не е еспресо кое се пие набрзина, фрапе се подготвува за да трае прилично долго (некои луѓе го пијат со часови). Затоа се потребни многу коцки мраз и сламка: мешањето на пената и мразот го одржува фрапето свежо долго време. Па, не брзајте, закажете дружба со пријателите, земете табла и уживајте!

    Важно: никогаш не наздравувајте со кафе – тоа носи несреќа:)

    1. Како е создаден овој пијалок?

    Случајно. Во 1957 за време на Меѓународниот Саем во Солун (HELLEXPO). Пронаоѓачот е Димитрис Вакондиос, претставник на Nestle (компанија која прва промовирала инстант кафе на грчкиот пазар). За време на саемот компанијата демонстрирала како да се користи коктел шејкер за подготовка на нов ладен чоколаден пијалок. Продавачот сакал да се напие кафе но немал топла вода па затоа ги искористил работите што му биле при рака и … останатото е историја!

    Фрапе на француски значи “матено” и името е добиено исто така случајно инспирирано од еден француски пијалок кој не содржи кафе. Неколку години подоцна Вакондиос ќе изјави:“Сè уште не можам да сфатам како еден мал експеримент доведе до пронаоѓањето на најпопуларниот пијалок во Грција!” За волја на вистината, Вакондиос сега ќе беше милијардер ако го патентираше рецептот.

    1. Која е врската помеѓу фрапе и грчката поп култура?

    Во комедиите од 1960-тите познатите актери често пиеле фрапе на романтичен состанок.

    frape1_balkon3

    Во денешно време (во телевизиските комедии), фрапето се поврзува со клише ликови кои со часови дискутираат за разни работи, ништо не работат и се најчесто саркастични.

    frape2_balkon3

    Се разбира постои и фрапе жаргон кој се користи да ја искажете вашата потреба за пијалоков или мислењето за луѓе кои се однесуваат како веќе споменатите клише ликови.

    1. Каде може да се најде фрапе на планетава?

    Туристите во Грција бргу го открија и засакаа овој пијалок. Многумина го промовираа во своите градови понекогаш адаптирајќи го вкусот (види прашање бр.3) но името е секаде исто.

    Постојат податоци дека фрапе е забележано во далечни земји како Белорусија, Либан, Камбоџа, Малезија и Кенија. Други необични места се кафетеријата во Музејот Едвард Мунк во Осло, Норвешка, кафетеријата на Универзитетот во Билбао, Шпанија и за време на еден хип-хоп фестивал кој се одржува во Чешка. Во градовите каде има голема заедница на Грци (Чикаго, Њујорк, Мелбурн, Торонто, Будимпешта, Брисел, Лондон и многу градови низ Германија) лесно ќе пронајдете фрапе. Исто така, фрапе ќе најдете на оние места кои редовно се посетувани од голем број грчки туристи.

    frape3_balkon3

    Реклама за фрапе близу Вселенската Патријаршија во Истанбул, Турција.

    Но, Солун отсекогаш бил и ќе остане центарот на фрапе културата.

    frape4_balkon3

    Барот на врвот на Белата Кула едноставно мора да го посетите!

    1. Како сами да подготвите фрапе?

    Потребни ви се 2 основни состојки. Инстант кафе (од најлош квалитет, скапите брендови или здравите варијанти не доаѓаат предвид) и електричен миксер за коктели (прави многу густа пена).

    1: Сипете малку вода во чашата.

    2: Ставете го посакуваното количество кафе (и/или шеќер по вкус). На пример, за средно благо фрапе потребни се 2 полни лажички кафе и 2 полни лажички шеќер.

    3: Ставете го миксерот во чашата и мешајте одоздола нагоре како што се формира пената.

    4: Дополнете ја чашата со вода (и/или млеко по вкус) и додајте што е можно повеќе коцки мраз. Ставете сламка во чашата и послужете.

    Уживајте!!!! (и без наздравување:)

    Софија Николау

  • Гледајќи ги фудбалските натпревари во Грција

    Гледајќи ги фудбалските натпревари во Грција

    Блазирано Светско Првенство 2014

    Деновиве главна тема на разговор низ целиот свет е Светското првенство во фудбал 2014 во Бразил. По тој повод бев запрашан што Грците мислат за првенството. Јас, како голем љубител на фудбалот, забележав дека се прилично рамнодушни. А тоа се случува за првпат!greece_brazil1_balkon3

    Низ цела Атина, на плоштадите, во парковите, кафулињата, баровите и рестораните се поставуваат телевизори, наместени само на каналите кои пренесуваат натпревари, се рекламираат натпреварите и понудите на пиво сè со цел да привлечат голем број муштерии. Било да го сакате фудбалот или не, ќе бидете преплавени со информации за натпреварувањата, репрезентациите, ѕвездите, надвор од стадионите, сè. Но расположението се менува. Особено ако се спореди со Светското првенство пред една година.greece_brazil2_balkon3

    Сепак, ќе речете, лето е и потребен ни е одмор, сакаме да престојуваме на отворено, да се забавуваме и креваме врева. Но јас би рекла дека тое е уште поголема мотивација да се проследи овој глобален настан. Без оглед на тоа што учествува и грчката репрезентација и што грците отсекогаш го сакале латиноамериканскиот фудбал, сè се сведува на потребата за ескапизам (заедно со пријателите ако може). На крајот на краиштата постои надеж (кај некои) дека би можеле да видиме и квалитетен фудбал (мора да признаеме дека минатото првенство беше разочарувачко).

    Медиумите пренесуваат сè што би можело да ве интересира околу фудбалот но сепак се чини дека не кажуваат ништо ново. Се повторуваат четири теми кои не импресионираат никого:

    – Грчките навивачи не можат да одат во Бразил поради ограничени финансиски средства (додека пак Јапонците на пример, се таму)

    – Хумористична листа на работи кои треба и кои не смеете да ги правите додека гледате фудбал (кревање што е можно поголема врева, вознемирување на соседите, полнење на фрижидерот со тони пиво, пица и суфлаки итн.)

    – Бразилските имигранти кои живеат во Атина гледаат фудбал во Атина.greece_brazil4_balkon3 

    – Грчките имигранти кои живеат во Сао Паоло гледаат фудбал во Сао Паолоgreece_brazil5_balkon3

    Се разбира постои надеж дека грчкиот тим ќе постигне нешто повеќе од шут од корнер, но телевизиите ја претераа работата.

    Телевизиските канали имаат јаки симптоми на синдром на Галско село (гледајте го филмот Астерикс на Олимписките Игри).

    Грција ќе го добиеше натпреварот ако…

    а) климата не беше премногу тропска

    б) локацијата на стадионот беше подобра

    в) исхраната на играчите беше помалку егзотична итн.

    Она што најмалку се очекува од грчкиот тим е да го освои мундијалот. Оваа веројатност е многу блиску до нула (прашајте било кој кладилничар), а ние сепак продолжуваме да гледаме натпревари кревајќи врева, пиејќи пиво, јадејќи нездрава храна, надевајќи се дека латиноамериканците ќе покажат дел од нивната магија на теренот, заедно со водителите кои ја критикуваат бразилската клима.

    Неповолната временска зона не е проблем. Продолжуваме да остануваме без сон, одиме на работа со изморени очи и пиеме кафе повеќе од вообичаено. А децата весело си играат!

    greece_brazil6_balkon3

    Софија Николау

  • ГРЧКИ ОСТРОВ ПОД АКРОПОЛ

    Приказна за една необична населба и нејзините жители

    anafiotika1_balkon3

    Во 1840-тите Баварскиот Крал кој владеел со Грција ги повикал најдобрите ѕидари во земјата да изградат палата за новиот крал во новиот главен град. Ѕидарите пристигнале од еден мал остров во Кикладите наречен Анафи. Но, властите не им обезбедиле сместување па така тие биле приморани сами да си изградат куќи на начин на којшто се гради во Егејот: искачени на карпест рид, со местоположба која ги брани од природните појави со стратешки поглед на градот.

    Ридот бил карпата – Акрополис, а локацијата била наречена Плака. Горниот дел на Плака (денешниот стар град на Атина) станал познат како Анафиотика (населба Анафи). Наскоро, многумина од островите Киклади дошле овде да работат бидејќи имало голема потреба од вешти ѕидари, дрводелци, каменоресци и луѓе кои знаеле да работат со мермер. Една населба во Анафиотика се вика Тиниака (доаѓа од островот Тинос), чиишто мермерни градби од неокласицизмот на 19тиот век се примамлива глетка за секој посетител на Атина. Сепак, малкумина знаат за скромните домои во кои живееле мајсторите, а со текот на годините, археолозите срушиле голем дел од куќите на осровјаните за археолошки ископувања. Па така, денес можат да се видат околу 45 домови кои се сочувани и сокриени во внатрешниот дел на лавиринтот на уличките низ Плака.

    anafiotika2_balkon3

    Тргнете право од улицата Трасилу (Thrasyllou), спроти метро станицата Акропол (Acropolis), и ќе стигнете до малата црква посветена на Свети Ѓорѓија која го обележува влезот на Анафиотика.

    anafiotika3_balkon3 anafiotika4_balkon3

    Архитектурата на Егејот е првото изненадување. Мали, бели коцкасти куќички наредени долж тесни, кривулести улички се разликуваат значително од стилот на остатокот од Плака. Веднаш ве обзема чувство дека сте на некој остров од Кикладите. Постерите од Анафи ја интензивираат илузијата.

    anafiotika5_balkon3 anafiotika6_balkon3

    Друго уникатно обележје се броевите на куќите: првата куќа некогаш изградена е број 1, втората изградена (иако е оддалечена неколку метри) е број 2 и така натаму. Куќите денес се изградени врз остатоците на глинените живеалишта кои биле градени за неколку дена за да обезбедат итно сместување за островјаните. Во некои случаи кучите се до половина залепени за карпата  – обичај и пракса кај жителите на островите Киклади.

    anafiotika7_balkon3 anafiotika8_balkon3

    Но, она што најмногу зачудува е фактот што жителите на Анафиотика всушност не сакаат да си заминат и остануваат да живеат со генерации. Спротивно на останатиот дел на Плака, нивниот мал град-остров останал недопрен до  1980тите, периодот на реставрација на стариот град (кога многумина претходни сопственици биле поттикнувани да продадат и заминат). Овој процес ја претворил Плака во една нежна, тивка населба, но ги покачил цените на недвижностите до небо и сега се достапни единствено за богатите. Но, ова не е случај со Анафиотика.

    anafiotika9_balkon3

    “Да, мора да платиме цена”, вели еден 55годишен жител, кој е овде роден и пораснал во домот на неговите родители. “Ние го сакаме нашето мало село но постојано се чувствуваме запоставени. Постојано има проблеми со снабдувањето со струја и вода, и водоводната мрежа никогаш не е била завршена до крај. Жителите велат дека честопати се поплавуваат малите улички поради тоа што не постои одвод за водата која се слева низ карпата.

    “Како и да е, ние не сакаме да заминеме”, вели друг, триесетгодишен жител. “Секое утро се симнуваме долу во градското лудило, одиме на работа, и навечер коге ќе се вратиме умот ни е повторно смирен.”

    anafiotika10_balkon3

    Младите и старите живеат во едно мини општество кое се држи заедно. Населбата обезбеди засолниште за бегалците од војната во Мала Азија во 1920тите и ги прифаќаше сиромашните. Неколкумина уметници и имигранти дојдоа да живеат овде и со текот на времето се вклопија во едноставниот начин на живот. Архитекти, социолози и многу други ја проучувале уникатната комбинација на старото и современтото, урбаното и руралното во овој кварт.

    anafiotika11_balkon3

    Понекогаш камерата ќе забележи моменти на заедништво, како последните слики на соседи кои на крајот на денот се собираат на чаша рецина, одненадеж им се придружува еден познат музичар кој свири стари атински серенади на својта гитара и сите заедно пеат. Додека шетав денес, вообичаената пладневна тишина беше прекината од соседите кои го поздравија раѓањето на едно новороденче, внук на еден од соседите.

    Јас мислам дека и покрај сериозните проблеми ние можеме да им позавидиме на животниот стандард. Откако Атина се претвори во „Бетонски град“ сите се жалат на дека го изгубивме чувството на заедништво и грижа за другите, нешта кои беа интегрален дел од општествениот живот до пред неколку генерации. Сега е предоцна и треба да се справиме со поинакви проблеми кои се многу посериозни. Но, мислам дека овие луѓе имаат среќа.

    anafiotika12_balkon3

    Ако решите да поминете низ Анафиотика бидете тивки бидејќи тое е резиденцијална населба. Најдобро е да ја посетите рано навечер во текот на летото кога животот се одвива на отворено. Најчесто ќе видите луѓе како седат во дворовите или низ малите улички и се навикнати на туристи кои проаѓаат па би било фино да ги поздравите и да се насмевнете!

    anafiotika13_balkon3

    Софија Николау

     

     

  • Прошетка во најубавиот парк во Атина

    Добродојдовте во Националната градина во Атина!gardens athens balkon3 cover

    Веднаш до секогаш полниот плоштад Синтагма, овој пријателски  и историски зелен простор е оаза на романтизмот од 19 – ти век. Планирани во 1836 год, овие Градини се всушност првиот парк/ботаничка градина создадени во Грчката метропола.

    gardens1 athens balkon3

    7,5 километри патеки кои ви прикажуваат различна слика во секој свиок. Фонтана, чистинка, камена градина, езерце… Статуи од поети од таа ера – Аристотелис Валаоритис

    gardens athens2 balkon3 gardens athens3 balkon3

    Неколку украсни столбови во Јонски стил ставени како декорација низ градината. Според Европските идеи во тоа време, паркот е важна класична мешавина од антиквитети од Грчката и Римската ера, дел од овие антиквитети можат да се видат на Амалиас (amalias) авенијата и во внатрешноста на градината.

    gardens athens4 balkon3

    Денес паркот покрива површина од 158 квадратни километри (288 км2 заедно со Запионските градини). Паркот е отворен секој ден од изгрејсонце до зајдисонце и посетителите можат да се ориентираат со помош на инфо штандови и патокази.

    gardens athens5 balkon3

    Овие градини не служат само како рекреативен простор туку и како домаќин на едукативни програми за деца. Овие програми се извршени од Општината Атина (управата на паркот), училиштата, невладини организации и одличната детска библиотека во самата градина. Понатаму има и големо детско игралиште, мала зоолошка градина со домашни животни и кафе бар.

    gardens athens6 balkon3 gardens athens7 balkon3

    Градините се почетно планирани во 1836 година како приватен простор за одмор на кралската палата(во денешно време Грчкиот парламент). Архитектите и Агрономите од Баварија изработиле дизајн за градината сличен на “Англиските Градини” во Минхен (од таму доаѓаат кривите патеки). Потоа работата ја преземал Француски агроном од Долмабахче градините во Истанбул.

    Стотици нови видови на дрвја и грмушки биле донесени од сите континенти на светот, Америка, Јужна Африка, Австралија и Кина. Оваа колекција е збогатена од неколку ендемски видови на растенија од југот на Грција. Сега, околу 7000 дрвја (повеќето зимзелени) и десетици илјади други растенија од околу 519 видови се наоѓаат во овој парк, од кои 102 се ендемски.

    gardens athens8 balkon3 gardens athens9 balkon3

    Не сите  растенија преживуваат на медитеранската клима, но тие кои преживеале добро напредуваат, неколку растенија се дури еден век стари, а сите дабови дрвја во градините датираат уште од 1845 година. Овие дрвја се светилиште за многу видови на птици, вклучувајќи ги и оние кои мигрираат.

    gardens athens10 balkon3

    Влезот на Амалиас авенијата се наоѓа веднаш спроти едно од одбележјата на градината, високите и тенки Вашингтониа палми.

    gardens athens11 balkon3

    Пред нив, единствениот мермерен сончев часовник во Атина, добра идеа за следење на текот на времето во град со просечни 300 сончеви денови во годината.

    Ова не е било која фонтана: Ова е Боубоунистра, терапетски извор(мало ниво на калциум) кој се користи за снабдување со вода на поголемиот дел од стара Атина… Денес е уште еден освежителен агол на градината во летната врелина.

    gardens athens12 balkon3 gardens athens13 balkon3

    Секој ден овие мали потоци дистрибуираат  околу 1050 кубни метри вода за потребите на градината преку древниот водовод Писистратос (600г п.н.е.).

    gardens athens14 balkon3

    Уште од отварањето на градините за јавноста (1923), најголемото езеро во градината е место на кое малите деца ги хранат супер популарните патки и лебеди. Поради можноста од зараза од живински грип животните беа затворени, но малиот дрвен мост останува како фокална точка на нашите спомени…

    gardens athens16 balkon3

    Децата се фасцинираат од големите крапови и други големи светкави риби кои пливаат во езерата, најблиското до влезот од Вас. Софас авенијата е исто така и најславното.

    Убавината и носталгичното распоожение лесно се комбинираат додека уживате во прекрасниот мир на градината. Место кое вреди да се посети, во срцето на Атина.

    gardens athens17 balkon3 gardens athens18 balkon3

    Ми остана во сеќавање како ниту еден друг парк кој сум го посетил, тоа е квинтесенција на еден парк, она кое човек го чувствува понекогаш кога гледа во платно или сонува за некое место каде што сака да оди и да не може да го најде.

    Henry Miller. The colossus of Maroussi, 1939

    Софија Николау

  • Ел Греко во Шпанија, 2014 – паралелни манифестации во Грција

    Шпанија, земјата која го прифати талентот и карактерот на Ел Греко, одбележува 400 години од неговата смрт (7 април 1614) претставувајќи на јавноста широка програма на изложби, предавања, музички концерти, ликовни манифестации и перформанси во чест на големиот уметник.

    Поглед на Толедо
    Поглед на Толедо

    Доминикос Теотокопулос, познат под прекарот Ел Греко додека работел во познатата работилница на Тицијано во Венеција, е роден во градот Хераклион на островот Крит но поголемиот дел од животот го поминал во Толедо, Шпанија. Толедо бил инспирација за неговите уметнички дела и приватниот живот и токму таму Ел Греко го доведува до совршенство својот уникатен уметнички израз на прикажување религиски ликови и сцени комбинирајќи византиската ликовна традиција со тогашната западна ренесансна школа.  Неговите авангардни дела биле прифатени со воодушевување од неговите современици но исто така претставуваат инспирација за современтата уметност.

    Голем дел од неговите ремек дела се чуваат во Музејот Прадо во Мадрид и во Толедо (каде се наоѓа неговата куќа која е претворена во музеј) но за оваа пригода десетици други дела ќе бидат позајмени од познати музеи ширум светот како што се Лувр во Париз, Националната Галерија во Лондон, Метрополитан Музејот во Њујорк, Ермитаж во Санкт Петербург и многу други.

    Музејот Прадо организира изложба насловена Ел Греко и современата уметност фокусирајќи се на влијанието кое делата на овој уметник го имаат врз развојот на уметноста во XIX и XX век и кое е особено забележително во делата на Пабло Пикасо, Оскар Кокошка, Џексон Полок и други. (Музеј Прадо, Мадрид 24 јуни – 5 октомври).

    “Погребот на Грофот од Оргаза”, Толедо, Шпанија
    “Погребот на Грофот од Оргаза”, Толедо, Шпанија

    Во Музејот Санта Круз во Толедо и во голем број други места низ градот веќе се одржува досега најголемата изложба на неговите уметнички дела насловена  Гркот од Толедо (14 март – 14 јуни). Друга изложба Ел Греко: Уметност и занает ќе претстави дела кои претходно не биле изложувани во Шпанија (8 септември – 9 декември).

    Фондацијата Ел Греко во Шпанија обезбедува детални информации за настаните во текот на 2014 и сеопфатен преглед на распоредот на настани, и креативноста и културната важност на уметникот (elgreco2014.com).

    “Крштевање”, Хераклион, Грција
    “Крштевање”, Хераклион, Грција

    На Крит, во родното место на уметникот, во текот на летото па сè до месец октомври ќе се организираат бројни културно-образовни манифестации вклучувајќи младински фестивал (во Амудара) и симпозиум (во Фоделе, родната куќа и музеј на Ел Греко). Изложбата насловена “Теотокопулос помеѓу Венеција и Рим” која се фокусира на ликовни дела кои се во сопственост на Историскиот Музеј во Крит (во Хераклион) ќе биде отворена во јуни и ќе патува до Музејот Бенаки во Атина.

    Потписот на уметникот
    Потписот на уметникот

    Во ноември во главниот град на Грција Византискиот Музеј организира изложба на тема Уметноста и општеството во ерата на Ел Греко а Музејот на ликовни уметности на Кикладите ќе ја претстави изложбата Битката за Лепанто и Доминикос Теотокопулос. Одделот за современа уметност при Музејот Бенаки ќе им овозможи на посетителите во Атина да се запознаат со “Кругот на пријатели на Ел Греко во Толедо” односно современите социјални и културни следбеници во неговиот омилен град во Шпанија.

    Софија Николау

  • Средба со атинскиот лик од детективските романи и неговото патување до Истанбул

    Инспекторот Костас Харитос е намќорест, средовечен полицаец кој живее во мал стан во Атина. Се бори со тешки случаи на убиства во мрачниот урбан свет.detective haritos

    Инспекторот  

    Харитос не е ниту суперхерој ниту антихерој. Тој е човек од соседството со контрадикторен карактер. Се спротивставува на корумпираниот систем, но нема ништо против тоа да даде мито на вработен во јавното здравство за подобар третман. Неговата сопруга и ќерка се типични претставнички на средната класа но се секогаш на негова страна што ги прави важни и интересни. Кога добива наредби од надредените Харитос секогаш делува изморено и здодеано, но е цврсто решен да ја заврши работата до крај. Тој преферира да го користи умот наместо сила – отворено жалејќи за своето искуство како полицаец за време на воената хунта. Во четирите романи следиме како успешно решава случаи во Атина додека го пцуе сообраќајот во градот, не ги сака странците и се гордее со својата ќерка адвокат свршена за доктор.

    Haritos1

    Харитос во Истанбул

    Во петтиот роман (2008, Дадилката), сопругата Адриани го убедува Харитос да одат на одмор во Истанбул. На Харитос му е здодевна туристичката понуда, но е пресреќен кога ќе се запознае со истанбулската кујна. Патем забележува дека сообраќајот таму е полош од тој во Атина, но вреди да се патува само поради погледот на Босфор. Во една таверна близу плоштадот Таксим, во сопственост на грчки староседелец (Рум), добива впечатоци од прва рака за вкусовите и луѓето во Истанбул и Атина.

    galata123

     

    Удобноста и уживањето во културата и традицијата завршуваат во моментот кога еден непознат човек му приоѓа и поставува необично прашање кое ќе го вовлече во интригантен случај на исчезнато лице. Една постара жена исчезнува во Драма (Грција) во чудни околности. Таа води потекло од Трабзон (Турција) и е осомничена во случај на убиство во Истанбул. Харитос добива повик од неговиот наредник да го преземе случајот и да се пријави во истанбулската полиција за соработка. Постепено жената почнува да остава траги низ Истанбул и Трабзон кој се наоѓа на брегот на Црното Море, убивајќи неколку луѓе по пат. Две држави со лоши политички односи, со историја на трауматични раселувања на население и незгоден случај на повеќекратни убиства со потенцијални дипломатски импликации…  

     

    Која е оваа жена? Зошто убива? Дали постои шема во нејзиниот необичен начин на убивање? Харитос работи заедно со назначениот партнер, полицаецот  Мурат, кој е повратник од Германија. Мурат е либерал по убедување и го мрази старомодниот начин на размислување. Тој  преферира германска кујна, а неговата сопруга Нермин, порасната во Германија, образована директорка на една компанија, носи марама по свој избор. Двајцата полицајци треба да ја надминат меѓусебната недоверба. Историјата и националноста кои на почеток ги разделуваат во текот на разоткривањето на мистеријата постепено ги зближуваат.

    DSC_0479

    Заплетот е возбудлив, полн со агонија, пресврти и субверзивен хумор, а приказната ни нуди многу нешта за размислување. Читателот на овој мајсторски напишан роман добива поглед во разновидноста на луѓето кои го сочинуваат мозаикот на Истанбул и има можност да научи многу за современата историја и урбаните преобразби. Всушност, читателот добива клуч за разбирање на современите Грци и Турци преку средбите со сите жени претставени во романот, нивната историја, интеракција и нивните права. Авторот внимателно се држи подалеку од површноста на надворешниот изглед и вешто загледува во душата на ликовите.

    Белешка за авторот

    markaris

    Петрос Маркарис е роден во Истанбул во Грчко-Ерменско семејство. Студирал во Виена, а од 1964 Атина е неговото постојано живеалиште. Својата прва театарска претстава ја напишал во 1965, преведувал класични дела од германски на грчки, има напишано голем број кратки раскази, сценарија за телевизиски серии и има работено со режисерот Тео Ангелопулос на сценариото за филмот “Запрениот чекор на штркот”(“Suspended step of the stork”, 1991). Во 1995 го претстави пред меѓународната читетелска публика својот популарен лик, инспекторот Харитас. Неговите наградувани романи се преведени на 14 јазици и издадени во 20 земји вклучувајќи ја Турција. Во најновите романи, трилогијата “Криза” (“The Crisis Trilogy”) инспекторот се соочува со злосторства во Атина во услови на општество погодено од финансиска криза.

    Дознајте повеќе за Петрос Маркарис и неговите дела на: http://www.diogenes.ch/rights/autoren/a-z/m/markaris_petros/biographie

    Софија Николау

  • Како да подготвите два вида мезе од грчката посна кујна

    Широка лепеза на посни јадења се конзумираат во 50-те денови на големиот пост пред Велигден. Најдобрите од нив традиционално се приготвуваат за пикникот на Чист Понеделник со кој се започнува Големиот Пост – Sarakosti.cover lent

    На овој ден се јадат свежи морски школки, живи или зготвени во зачинети сосови.

    lent1

    Ако се најдете во Грција на Чист Понеделник не се чудете ако луѓето ве поканат да летате хартиени летала заедно со нив. Душата се воздигнува духовно а телото се прочистува со посна храна.

    lent2

    Еве неколку популарни мезиња кои можете да ги најдете во Грција во текот на постот и кои можете сами лесно да ги приготвите.

    Октопод во туршија

    lent3

    Луѓето кои живеат во градовите најдобро е да користат замрзнат октопод бидејќи го задржува вкусот и гарантирано е мек. Октопод во туршија е само еден од начините на кои може да го зготвите овој мекотел кој практично ви заменува месо во исхраната. Може да се зготви во сос од црвено вино, печен со доматен сос и тестенини, печен на жар, мелен, обликуван во плескавици и испржен итн.

    Состојки:

    1,5 кг октопод (замрзнат)

    Маслиново масло

    Вински оцет

    Оригано

    По желба: ловоров лист, ситни сецкано луто пиперче

    Подготовка

    Одмрзнете го октоподот во длабок сад полн со топла вода. Исцедете и ставете во тенџере со вода колку да го покрие октоподот до половина. Додадете ¼ чаша оцет, поклопете и оставете да се вари на тивок оган околу 40 минути додека да омекне. Тргнете го од рингла и додадете уште ¼ чаша оцет. Оставете го да се излади во тенџерето. Откако ќе се излади исцедете и исецкајте го на еднакви парченца. Маринираниот октопод најдобро е да се чува во тегла, покриен со маслиново масло и зачинет со оригано (додадете ловоров лист и ситно сецкано луто пиперче ако сакате луто).

    Послужете го октоподот со оригано, оцет и маслиново масло.

    Пире од жолта леќа

    lent4

    “Fava” на грчки означува жолта леќа (а не фава грав кој во последно време се избегнува во исхраната од здравствени причини) која се служи како главно јадење и како мезе. Најпознатата жолта леќа се одгледува на островот Санторини и ретко се наоѓа, па затоа само ја приготвуваме на таков начин, односно на начин на кој се приготвува насекаде во Егејот: сварена и испасирана во кашесто пире. Јадењето се служи на два начини: со исецкан пржен или свеж кромид или без кромид. И во двата случаи се додава маслиново масло, сок од лимон, оригано, капер и маслинки.

    Состојки:

    500 гр жолта леќа

    2 главици кромид

    ¼ филџан маслиново масло

    сол

    Подготовка

    Леќата се мие под чешма околу две минути и се остава во цедилка да се исцеди. Ставете ја во тенџере со двојно повеќе вода од леќата, додадете го кромидот и варете на тивок оган. Не го покривајте тенџерето, промешувајте и со перфорирана лажица вадете ја пената која се создава. После околу еден и пол час или кога леќата ќе наликува на густа супа, тргнете ја од оган и додадете сол по вкус. Додека е топла испасирајте ја леќата или ставете ја во блендер постепено додавајќи маслиново масло. Ставете ја во длабок сад да се излади и згусне. Изгребете ја одозгора со вилушка и зачинете со бибер, маслиново масло, сок од лимон и други зачини по избор.

    Балкон3 Ви посакува лесен пост!

    Софија Николау

  • Сè за тиропита: омилената ужина во Грција

    Tiropita_cover

    Познати по прескокнувањето на појадокот, Грците започнуваат да се грижат за консумирање цврста храна доцна наутро кога доаѓа време за „dekatiano“ или „појадок во 10 часот“. Овој појадок најчесто се состои од сеприсутната тиропита – пита со сирење.
    Тиропита може да најдете секаде: на попатни станици, во кафетеријата на работа, во школската или студентска менза, во секоја кафетерија и пекарница, во секој супермаркет и маалска продавница.
    Зборот тиропита сè почесто се користи и како синоним за „ужина“. Уште една од низата приказни за безбројните видови пити кои ги подготвуваат нашите мајки и баби како дел од длабоко вкоренетата традиција. Оваа храна за утеха луѓето ја купуваат надвор од домот од практични причини.
    Од неодамна здравата, традиционална храна почна повторно да се открива и тиропитата стана многу пософистицирана од спакуваната, замрзната верзија од ровко тесто наполнета со парченца фета сирење, која стана популарна во 1970-тите (а и сè уште е барана). Друга популарна верзија е „tapsiou“ која е поблиску до традиционалната, се произведува во помали количества и се сече на коцкасти парчиња директно од тепсијата. „Tapsiu“ најчесто се приготвува со лиснато тесто и фил од фета и бешамел сос.
    Тиропита е денес главен производ во големите ланци маркети и сè помасовно се произведува така што претставува закана за сите други видови здрава храна. Може да најдете тиропита со фил од обезмастено „anthotyro“ (младо сирење од Крит) и други регионални сирења, мајсторски теста од интегрално брашно итн. Некои други регионални верзии почнаа да се појавуваат во Атина преку големите ланци маркети како што се оригиналната „bougatsa“ пита со сирење од Солун која се произведува со подебело лиснато тесто, или варијантата од Скопелос која се прави во спирална форма и се пржи во маслиново масло.

    „Bougatsa“ со сирење од Солун
    „Bougatsa“ со сирење од Солун

    А во последно време турскиот збор „kuru“ влезе во грчкиот секојдневен говор и означува ронливо тесто со јогурт и фил од фета сирење. Во Атина најверојатно ќе слушнете како го изговараат како „guru“ – сè уште не сме го совладале изговорот :).

    Некои дури и го пишуваат „guru“(интересно!)
    Некои дури и го пишуваат „guru“(интересно!)

    Ланците маркети доминираат на урбаниот пазар но, од друга страна, тие мора да ги одржуваат цените пониски поради побарувачката на пазарот. Современиот начин на живот во Атина е брз, луѓето премногу работат, а се малку платени. Според статистиката на Еуростат за последната декада, Грците работат најдолго работно време, а добиваат најниски плати во однос на останатите европски држави. Официјалната пауза за ручек веќе не постои, па луѓето имаат време и пари единствено за ужина.

    Две пекарници – почит кон квалитетната пита со сирење во Атина

    Наспроти сè, веќе неколку генерации опстојуваат две историски пекарници во центарот на градот и продолжуваат да им нудат на граѓаните квалитетна пита со сирење. И покрај неверојатната разновидност на понуди на денешниот пазар овие две заслужуваат посебно внимание.
    „Ariston“ (што значи „Најдобар“) се наоѓа на улицата Voulisна на плоштадот Синтагма и постои од 1910 година, во сопственост на истото семејство пекари. Нивен специјалитет е тиропита во облик на полумесечина од ронливо тесто со фил од кремасто фета сирење.
    Пекарницатa го прошири производството на преку 15 различни видови пита со импресивен избор на филови од зеленчук и месо, иако тиропита со сирење останува најбараниот производ. Прометната улица Voulis гарантира голема побарувачка, па услугата е брза. Добивате топло, крцкаво, до пола завиткано парче пита – ако сакате да сочувате малку за подоцна ќе ви го спакуваат во розева кутија со старомодното лого на компанијата. Пекарницата, нивниот квалитет, па дури и зградата во која се сместени остануваат недопрени од времето.

    Tiropita4 Tiropita5Tiropita6 Tiropita7

    „Mam“ („храна“ на бебешки јазик) започна со работа во 1958 година на улицата Pesmatzoglou во срцето на Атина. Брзо стана многу успешна, па се прошири со Mam број 2 неколку метри подалеку (1963) на централната Panepistimiou (Venizelou) улица. Најбараниот специјалитет на оваа пекарница е „kaseropita“ (со мек растопен кашкавал). Тестото е крцкаво однадвор, а меко одвнатре, не премногу мрсно, не премногу суво, едноставно совршено! Нарачајте и додека да трепнете добивате мало богатство во вашите раце.

    Tiropita8 Tiropita9Tiropita10 Tiropita11

    Ако не сте сигурни каде да најдете добра тиропита во кое било место во Грција, едноставно прашајте ги локалните жители. Тие секогаш знаат најдобро!

    Софија Николау

  • Карневалски прослави во Грција: Скара в четврток!

    Во цела Грција постојат безброј карневалски обичаи и прослави во текот на овие три недели кои се разликуваат по региони, градови, па дури има разлики од село до село. Но, еден обичај е насекаде ист: денот на јадење скара. Ова е некој вид на Марди Гра, но во Грција секогаш се случува во четврток. Всушност, луѓето јадат месо во текот на целата недела бидејќи тоа е суштината на карневалските прослави.

    praznik meso1Правилен начин да се прослави овој ден е да се соберете околу скара на јаглен и да ги вдишувата неодоливите испарувања и арома на печено месо („tsikna”). Секој друг начин се смета за неправилен!
    praznik meso7 praznik meso2
    Еднакво важно е дружењето: ова е ден за излегување од дома, за дружба и забава со пријателите. Ако барате изговор да ја прекршите строгата диета, ова е вистинскиот момент!
    praznik meso4

    praznik meso3 praznik meso6
    Во случај да сакате да ги избегнете големите гужви може да ги соберете пријателите во вашиот дом и да нарачате скара. Месото секако се подготвува во специјализирани скараџилници па треба да се погрижите:
    А) да не дознаат вегетаријанците,
    Б) да нарачате од секој од следниве специјалитети:

    Paidakia (јагнешки котлети)
    Souvlaki (свински, пилешки или телешки шиш-ќебап) со лепче потпечено на скара
    Biftekia scharas (телешки ќофтиња со оригано и нане)
    Loukaniko horiatiko (селска свинска кобасица зачинета со кора од портокал или праз)
    Kotopoulo souvlas (пилешки раженчиња)
    Kotopoulo sti schara (пилешко на скара на јаглен)
    Kokoretsi (јагнешки изнутрици на ражен)
    Exohiko (полнет свински увијач со зеленчук и билки на ражен)
    Kontosouvli (свински одрезок на ражен)
    Gioulbasi (јагнешко со зеленчук и фета сирење, печено во хартија за печење)
    Gyros (свински или пилешки донер-ќебап)
    …и малку зеленчук за да го одржиме нивото на холестерол под контрола! 🙂
    Добар апетит!

    praznik meso5

    Да наздравиме за здравје и среќа и да уживаме во карневалските прослави!

    Софија Николау