Category: Спорт

  • Патување со велосипед од Македонија до Истанбул

    И без автомобил или авион, патот Македонија – Турција не е пречка

    goce5_balkon3

    Тој е страствен вљубеник во спортот на две тркала. За Гоце Шутевски од с.Русиново, Беровско (Република Македонија) не е важно каква марка е велосипедот. Само му треба идеја и слободно време за да тргне на своето наредно патување. Речиси секогаш сам вози велосипед, без разлика дали се тоа стотина или неколку илјадници километри. Нема планина, езерце во Македонија што не го свртел.

    Неодамна си оствари една од своите поголеми желби – мерак му беше со велосипед да стигне до Истанбул! Помина околу 750 км од родното место, па преку Бугарија стигна во турската културна престолнина.

    goce1_balkon3

    -Стигнав во голема метропола, многу голема во моите очи. Многу одамна сакав да го видам Истанбул оти слушав дека е убав и шарен и сега ми се укажа шанса. Не беше лесно, ама вредеше. Можев да одам и со автобус, ама јас не се двојам од мојот велосипед. Имам другарка што живее таму и одамна сакав да ја посетам. Патешествието ми беше напорно, на моменти и опасно кога ја поминував планината Рила во Бугарија. Два пати ја искачив Рила, стигнав до Рилскиот манастир каде што преспав. Луѓето таму ме пречекаа , ме бодреа, велејќи дека сум заминал на храбро патување – вели Гоце.

    goce_balkon3

    Велосипедот за Гоце е најдоброто превозно средство. Својата мисија ја оствари за 19 дена. Временските прилики не биле цело време наклонети, возел и на дожд, а од цела маршрута поради силниот дожд, поминал некои 50-ина километри и со воз.

    – Кога стигнав во Турција, беше многу топло, а јас морав да се движам. Низ цела Турција немаше дрво по патот, ниту пак чешма – раскажува Гоце, кој патувањето го реализираше во август, кога сонцето силно пече, а замислете плус да возите и велосипед.

    goce2_balkon3

    Но, сета мака ја заборавил кога влегол во Истанбул.

    -Не се опишува возбудата што ја доживеав кога влегов во градот. жал ми е што пред да тргнам ми се расипа фотоапаратот и не можев да направам убави фотографии со телефонот. Но, спомените си ги носам со себе.Турски јазик не знам, англиски едвај, но се снајдов некако. Ако е градот голем, јас се чувствував поголем од него што сум успеал да стигнам – вели Шутевски, кој ни објасни дека за ниедно патување со велосипед не се подготвува специјално.

    Во Истанбул останал четири дена. Импресиониран е од добрата организација на градот, кој иако е метропола со 13 милиони жители, му се видел многу едноставен за снаоѓање и движење низ него. Се разбира дека со својот велосипед го прошетал, а многу му се бендисала и храната, која му била многу слична со македонската.

    galata3_balkon3

    -Истанбул е буден 24 часа. Можеш се да си купиш дури и велосипед во 3 часот наутро – вели Шутевски.

    Го бендисала и турската кујна, но повеќе се фокусирал на чорби и јадења без месо. Убаво го прошетал градот и со тури на брод, одејќи и во европскиот и во азискиот дел на Истанбул.

    Освен договорениот престој во Истанбул, Гоце немал никаде организирано сместување по пат, главно спиел во шатор. Вели, нареден таков велосипедски предизвик ќе му биде посета на земјите на поранешна Југославија и тоа подетаљно да ги види секоја од нив.

    Патувањето до Истанбул не му е прво поголемо велосиспедско патување на Шутевски. Во 2012 година, тој реализира голема турнеја низ централна Европа кога за 50 дена помина дури 6000 километри.

    Сребра Ѓорѓиевска

  • ПРВАТА „ЖЕЛЕЗНА“ ДАМА ОД МАКЕДОНИЈА

    ПРВАТА „ЖЕЛЕЗНА“ ДАМА ОД МАКЕДОНИЈА

    Леана Таќи стана првата жена од Македонија што освои титула na триатлонот „Ајронмен, 70,3“. Пливаше 1.9 км, возеше велосипед 90 км и истрча 21 км и беше една од околу 400 жени што учествуваа на триатлонот, заедно со уште 1800 мажи-атлети.

    leana_ironmen2_balkon3

    Големите луѓе, со несекојдневни подвизи, најчесто се и најскромни. Да си поставиш цел пред себе, која малкумина, не само од твоето опкружување, но и пошироко, не се осмелуваат да ја замислат, да успееш да ја оствариш, и на крај да кажеш дека тоа не те прави ништо посебна во однос на другите, е навистина ретка вредност.

    leana_ironmen3_balkon3Скопјанката Леана Таќи некои ја познаваат како пејачка и одличен вокал, други – како маркетинг-менаџер, а нејзина најнова пасија е триатлонот „Ајронмен, 70,3“. Со учеството на еден од таквите настани во Цел ам Зе, во областа на Салцбург, Австрија, Леа стана првата жена од Македонија што освоила таква титула. Пливаше 1.9 км, возеше велосипед 90 км и истрча 21 км и беше една од околу 400 жени што учествуваа на триатлонот, заедно со уште 1800 мажи-атлети. Вели дека не размислува многу на фактот што е првата жена од Македонија, бидејќи во светот многу жени се впуштаат во такви подвизи.

    „Тоа што кај нас сме малку подалеку од светските случувања и не секој има услови за вакво нешто, не ме прави мене нешто посебна. Едноставно, секоја девојка што има желба и решителност, може да го направи истото. Најинтересно ми е дека и покрај многу лошите услови, малото разочарување од организацијата, уште утре би се пријавила на нов настан. Посакувам да се пријавам на цел Ајронмен в година (двојно подолга трка од Ајронмен 70.3), ако сè оди според планот – а во меѓувреме, веројатно уште на некој 70.3 настан“, вели 30-годишната Леа, која работи како маркетинг-менаџерка во американска софтверска компанија.

    Иако спортот е нејзино секојдневие уште од дете, посериозно почнала да се занимава пред пет години, кога одлучила да учествува на првиот полумаратон во Скопје. Тогаш почнува нејзината приказна.

    „Спортувам речиси секој ден во неделата.Трчам и возам велосипед редовно од 2007 година кога поминав една година на студии во Амстердам, но посериозните спортско-рекреативни амбиции ми се развија дури откако го истрчав првиот полумаратон. Мојот близок пријател Душко Величковски, инаку првиот „Ајронмен“ од Македонија со сè уште најдобро време, е човекот кој ме инспирираше да се пријавам на 70.3 Ајронмен-настан. Тој дури и ме натера да се пријавам на мојот прв полумаратон – пред тоа најголемата должина што ја имав истрчано беше 10 км. Уште од тогаш се шегувавме дека сум родена за триатлон, бидејќи многу сакам пливање“, се потсетува Таќи.

    leana_ironmen1_balkon3За ова натпреварување официјално се подготвувала пет месеци, главно со акцент на пливањето.

    Коментарите од типот – „а, бе, луда ли си“ се уште стигаат на нејзина адреса. Ноподдршката од најблиските и нивните пораки беа главната мотивација и двигател во тешките моменти на трката. Признава дека имало моменти кога за време на трката си помислувала да се откаже. Првичен шок и бил стартот на пливањето „кој е хаотичен и тежок, особено ако ви е прва трка“.

    „Штом го поминав тоа, токму кога требаше да почнам со искачување на големата нагорнина, видов незгода на патот, односно неколку минути порано еден од тркачите падна во каналот од страна кој беше 3-4 метри длабок. Го спасуваа неколку екипи и го спасија со медицински хеликоптер. Се уште не можам да дознаам каква е состојбата на човекот. Како и да е, многу ме вознемири глетката, а 10 минути пред да се спуштам надолу почна да дува многу силен ветер и дожд. И некако бев стегната од глетката од претходно и следните два часа ми беа пеколни, бидејќи ме фати блага хипотермија и дури имаше моменти кога едвај управував со велосипедот. Но, формата што ја имав стекнато во месеците тренирање ме натера да не се откажам и да издржам до крај, иако доста побавно од она што првобитно го очекував“ – раскажува Таќи за Балкон3.

    За разлика од многумина триатлонци на кои трчањето им задава најголема мака, зашто доаѓа на крај како трета дисциплина, за Леана тоа не е случај.

    „Токму спротивното, кога почна трчањето, бидејќи веќе знаев дека нема да трчам најбрзо што можам (студеното време ми направи неколку проблеми низ трката подоцна) – истрчав најдобро што знам, бидејќи сепак во полумаратон имам најмногу искуство. Голема помош во тие критични моменти беше што низ главата ми се вртеа сликите од подготовките со моето момче Томе Попчевалиев, кој исто така учествуваше на триатлонот.

    leana_ironmen8_balkon3

    Со него ги снимавмее пливачките тренинзи и потоа ги анализиравме. Голема поддршка добив и од мојот пријател Душко, а благодарна сум и на советите од Стојан Поповски, нашиот најдобар триатлонец, како и од неколку пријатели надвор од нашите граници , вели Леа.

    Сребра Ѓорѓијевска

  • Црн појас за бесконечна љубов

    Балкон3 интервју со Азиз Исмаил – петкратен шампион на Македонија во карате

    aziz1_balkon3

    Има само деветнаесет години. Веќе е `врвен мајстор` во боречките вештини, поточно карате спортот (карате – празна, невооружена рака). Со својот смирен дух, амбициозност и борбеност станува петкратен шампион на Македонија. Покрај тоа успех постигнува и на меѓународен план. “Ова е само почеток, успешните резултати ќе продолжат и во иднина” самоуверен е Азиз, во интервјуто за Балкон3. Според него каратето е како вода која врие, ако постојано не ја греете, по одреден период ќе се олади”.

    husamettin_Aziz_balkon3

    За интервјуто се Азиз се сретнавме во Турската чаршија. Веднаш по тренингот. Неговиот замор, напорниот тренинг се почуствува во неговото лице. Пред десетина дена стана шампион на Македонија (категорија 75 кг). Иако е многу млад веќе е навикнат на успеси. Првите места за него веќе се природна работа. Има освеонео десетици медаљи и благодарници, од различни турнири. Карате клубот “Металург” за него е веќе втор дом. “Нормално, неделно пет дена, имам по два саата тренинг. Меѓутоа, ако има натпревари за избор во националниот тим или европско или светско првенство, секако и подготовките за натпреварот се различни. На ден имаме по два тренинга, еден за брзина, вториот за кондиција, и двата тренинга се одржуваат со различни методи”, вели Азиз Исмаил.

    aziz_balkon3

    Покрај каратето продолжува и со образованието. Сака да стане експерт во областа на економијата. Затоа, пред два месеци стана бруцош на Скопскиот универзитетот, Кирил и Методиј. Засега не се соочува со никакви проблеми, и спортот и образованието продолжуваат паралелно, си исто темпо. Според Азиз и понатаму нема да има проблеми, “Човекот ако сака, има време за све”, вели тој.

    Љубовта кон каратето кај Азиз започнува уште на многу рана возраст. Најголемиот “виновникот“ за оваа голема љубов, е татко му Аднан. Покрај неговото семејство и роднините, татко му сеуште е најголемиот поддржувач. “Татко ми уште од мали години ме носеше на тренинзи по карате. Со текот на времето, се заграев за овој спорт. Од тогаш одлучив, каратето да го правам професионално”, објаснува Азиз, и ни раскажува за првите чекори. “Денес поголемиот број на млади тренираат фудбал или кошарка, но, јас се определив за боречките вештини. Каратето сеуште не е популарен спорт. Но, во последните години, интересот е во постојан тренд. Затоа е кандидат да стане популарен спорт”. И покрај тоа што е професионален каратист, очигледно е дека го прати фудбалот и тенисот. Јавна тајна е дека е фан на Ливерпул и на Рафаел Надал. Ги следи редовно.

    Во друштво на топол турски чај, Азиз продолжува да раскажува за најсреќните и најтажните моменти во неговата спортска кариера. “Радоста и тагата ги доживеав во ист момент и во исто место. Во 2011 година во финалето на Европското првенство. Бев среќен што стигнав до финалето, но, исто така разчоран што загубив. Шампионатот беше оддржан во Нови Сад. Во мојата категорија имаше 56 натпреварувачи. Во финалето мој противник беше Хрватскиот каратист Дино Поврзенич, ме порази со 3-0. Тогаш бев неискусен, имав само 15 години и тоа ми беше прво европско првенство во мојата кариера. Пријателството со мојот противник продолжи и денес преку Фејсбук. Ако, некогаш, евентуално, повторно се натпреварувам со него, верувам дека со мојота сегашна желба, напор, амбиција ќе се качам на победничкиот пиедестал. И, секако, ќе биде интересна борба, и вистинско уживање за публиката.”, вели Азиз.

    Aziz4_povreda_balkon3

    Во борбите некогаш се случуваат и повреди. Докторот на Азиз, секогаш е до него. “Првата повреда ја имав во 2011 година на Отворениот турнир во Милано. Во полуфиналето ми го скршија носот, но, немав намера да се предадам. Мечот го завршив со пукнат нос. И така стигнав до финалето. Публиката ме аплаудираше на нозе. Тоа за мене преставуваше голема гордост. Докторот на Националниот тим е секогаш до мене” изјави, младиот, симпатичен Азиз.

    Ни раскажува и за карактеристиките на каратето: “Разликата на каратето во споредбата со другите спортови е во тоа што допринесува да се чуствува спокоен и удобен. Услов во каратето е духот и текниката да бидат во исто место. Најпрво се запознаваш себеси, потоа противникот. Девизата секогаш треба да ти биде да не бидеш поразен, а не дека треба да победиш.”

    aziz_diplomi_balkon3

    Најголемиот идол на Азиз на меѓународен план е италијанската ѕвезда Луиџи Буса, и турскиот шампион Енес Еркан. На домашен план тоа се неговите клупски колеги Иво Цветкович и Ферат Корбулич, кој секогаш го поддржуваат. На крајот на интервјуто сакаме да ни објасни каков беше Азиз, пред успесите во каратето и сега после титулите:? “Помеѓу двата Азиз’а има големи разлики. На духовен план, приватен и дневниот живот. Порано, после тренинзите, во слободно време седнував пред компјутер, и излегував со другарите. Бев мал, и не знаев како и каде да го поминам слободното време. Сега во утринските часови одам на факултет, потоа во туристичката агенција на татко ми. Сакам да ја научам професијата. Кратко кажано сега имам конкретен план. Каратето ми го испиша животниот стил. Според Азиз, каратето е како вода која врие, ако постојано не ја затоплувате, по одреден период ќе се олади. Се надевам дека ќе продолжи да врие.”

    Хусамедин Гина

  • На врвот на фудбалскиот свет – Деврек и Гостивар, шампионски градови

    На врвот на фудбалскиот свет – Деврек и Гостивар, шампионски градови

    Грција во Бразил го имаше својот најдобар настап на светските фудбалски првенства досега. Грчкиот тим за првпат ја помина групната фаза и стигна до осминафиналето, но неговиот прогрес го запре Костарика, која беше апсолутен хит на глобалниот фудбалски собир. Грција секако може да се пофали дека беше најуспешна балканска екипа во Бразил (Хрватска и Босна и Херцеговина не ја поминаа првата фаза, а ниедна друга земја не се квалификува). Но Турција и Македонија, пак, можат да се пофалат дека, барем делумно, стигнаа до светската шампионска титула во фудбал.

    merkel

    Во германскиот национален тим што на крајот од првенството го подигна пехарот беа Месут Озил и Шкодран Мустафи. Двајцата млади фудбалери (Озил има 25 години, а Мустафи 22) се родени во Германија. Но семејството на Озил влече потекло од турскиот град Деврек, а на Мустафи од околината на македонскиот град Гостивар. Така, преку своите „амбасадори“ во Германија, Деврек и Гостивар станаа шампионски градови.

    ozil vo devrek1_balkon3

    Месут Озил, кој денес игра за Арсенал, го посети Деврек и селото Хисериоглу каде што денес живее неговиот чичко Џеват Озил во 2010 година, кога го потпиша договорот со неговиот претходен клуб, Реал Мадрид. Тука се сретнал со сите пријатели и роднини, како и со челниците на општината. Новинарите го прашале како си поминувал во селото кога не бил фудбалска ѕвезда, а тој им одговорил дека и порано го посетувал селото, кога бил дете, и дека заедно со другарите играле фудбал на мали игралишта, оделе во кафеана, пиеле чај итн.

    ozil_balkon3

    Тогаш купил шест бастуни од Деврек, кои се светски познат производ. Им ги подарил на претседателот на Реал Мадрид, на тогашниот тренер Жозе Мурињо, како и на соиграчите Роналдо, Кака, Хамит и Нури. Тој е многу значајна личност за оваа мала општина.

    Шкодран Мустафи е играч на Сампдорија. Неговиот татко е од селото Србиново, кое што, како и целата општина Гостивар, летово живееше и дишеше за фудбалот. Мустафи, иако беше резервен играч, сепак имаше три настапи кои ги израдуваа жителите. На повеќе места во општината имаше видео-бимови за масовно да се следат натпреварите и да се навива за локалниот херој.

    SKODRAN11 (2)

    Мустафи, исто како и Озил, редовно го посетувал родниот крај на неговото семејство. Допатува и оваа година, како светски шампион, и неговото присуство предизвикува огромно внимание во целиот крај.

    Што е карактеристично за Деврек и за Гостивар?devrek_278303

    Деврек се наоѓа во северозападниот дел од Турција, близу Црно Море. Градот има околу 25 илјади жители, а општината околу 55 илјади, со што ова е релативно мало место за турски стандарди. Но изобилува со убавини. Од сите страни е опкружен со планини, а низ него поминува еден поток. Најголемите шуми во Турција може да се најдат во околината на ова симпатично гратче. Во негова близина, на оддалеченост од околу 45 километри, е и националниот парк „Седум езера“, кој се смета за чудо на Земјата и е многу значаен за регионалниот туризам.

    nacionalen park sedum ezera

    Во шумите Акчасу се наоѓа и познатото излетничко место Бостандузу. Најпознат производ на Деврек е споменатиот бастун. Производството на бастуни има традиција од околу 200 години, и иако на почетокот тие се користеле за потпирање, со времето добиваат уметнички идентитет. Секоја година, во третата недела од јули, се одржува „Бастунскиот културен фестивал“. Интересни точки во околината се кралската гробница во селото Пинарону, како и боровото дрво на патот кон селото Сабунлар, кое 75 години воопшто не расте.

    gostivar2_balkon3

    Гостивар е во северозападниот дел на Македонија. Градот има околу 36 илјади жители, а општината околу 80 илјади, со што тој е само малку поголем од Деврек. Но за македонски услови, тоа е голем град. Тој е исто така опкружен со планини и со природни убавини. На само шест километри оттаму се наоѓа Вруток, изворот на реката Вардар, која е најголема во Македонија. Вардар поминува и низ градот и покрај него има уреден кеј и шеталиште. Бидејќи е на самиот почеток од својот тек, реката тука не е многу поголема од потокот што поминува низ Деврек. Познато обележје на градот е неговата саат-кула, стара околу три века.

    mavrovsko ezero

    На 25 километри од Гостивар е националниот парк „Маврово“ со Мавровско Езеро, една од најживописните вештачки акумулации во земјата. Заедно со скијачкиот центар во Маврово, тие се многу важни за туризмот во регионот.

    Деврек и Гостивар ги поврзува уште едно нешто. Никогаш во историјата, ниту еден фудбалски клуб од Деврек или од Гостивар не станал шампион на својата земја (на Турција, односно на Македонија). Тие го прескокнаа тој чекор и директно ја освоија светската титула во фудбал.

    Гоце Трпковски/Хусамедин Гина

  • Гледајќи ги фудбалските натпревари во Грција

    Гледајќи ги фудбалските натпревари во Грција

    Блазирано Светско Првенство 2014

    Деновиве главна тема на разговор низ целиот свет е Светското првенство во фудбал 2014 во Бразил. По тој повод бев запрашан што Грците мислат за првенството. Јас, како голем љубител на фудбалот, забележав дека се прилично рамнодушни. А тоа се случува за првпат!greece_brazil1_balkon3

    Низ цела Атина, на плоштадите, во парковите, кафулињата, баровите и рестораните се поставуваат телевизори, наместени само на каналите кои пренесуваат натпревари, се рекламираат натпреварите и понудите на пиво сè со цел да привлечат голем број муштерии. Било да го сакате фудбалот или не, ќе бидете преплавени со информации за натпреварувањата, репрезентациите, ѕвездите, надвор од стадионите, сè. Но расположението се менува. Особено ако се спореди со Светското првенство пред една година.greece_brazil2_balkon3

    Сепак, ќе речете, лето е и потребен ни е одмор, сакаме да престојуваме на отворено, да се забавуваме и креваме врева. Но јас би рекла дека тое е уште поголема мотивација да се проследи овој глобален настан. Без оглед на тоа што учествува и грчката репрезентација и што грците отсекогаш го сакале латиноамериканскиот фудбал, сè се сведува на потребата за ескапизам (заедно со пријателите ако може). На крајот на краиштата постои надеж (кај некои) дека би можеле да видиме и квалитетен фудбал (мора да признаеме дека минатото првенство беше разочарувачко).

    Медиумите пренесуваат сè што би можело да ве интересира околу фудбалот но сепак се чини дека не кажуваат ништо ново. Се повторуваат четири теми кои не импресионираат никого:

    – Грчките навивачи не можат да одат во Бразил поради ограничени финансиски средства (додека пак Јапонците на пример, се таму)

    – Хумористична листа на работи кои треба и кои не смеете да ги правите додека гледате фудбал (кревање што е можно поголема врева, вознемирување на соседите, полнење на фрижидерот со тони пиво, пица и суфлаки итн.)

    – Бразилските имигранти кои живеат во Атина гледаат фудбал во Атина.greece_brazil4_balkon3 

    – Грчките имигранти кои живеат во Сао Паоло гледаат фудбал во Сао Паолоgreece_brazil5_balkon3

    Се разбира постои надеж дека грчкиот тим ќе постигне нешто повеќе од шут од корнер, но телевизиите ја претераа работата.

    Телевизиските канали имаат јаки симптоми на синдром на Галско село (гледајте го филмот Астерикс на Олимписките Игри).

    Грција ќе го добиеше натпреварот ако…

    а) климата не беше премногу тропска

    б) локацијата на стадионот беше подобра

    в) исхраната на играчите беше помалку егзотична итн.

    Она што најмалку се очекува од грчкиот тим е да го освои мундијалот. Оваа веројатност е многу блиску до нула (прашајте било кој кладилничар), а ние сепак продолжуваме да гледаме натпревари кревајќи врева, пиејќи пиво, јадејќи нездрава храна, надевајќи се дека латиноамериканците ќе покажат дел од нивната магија на теренот, заедно со водителите кои ја критикуваат бразилската клима.

    Неповолната временска зона не е проблем. Продолжуваме да остануваме без сон, одиме на работа со изморени очи и пиеме кафе повеќе од вообичаено. А децата весело си играат!

    greece_brazil6_balkon3

    Софија Николау

  • Балкон 3 предлог за фудбалско мезе: салата од пиперки и урда

    Фудбал и пиво. Зошто токму пиво? Нема многу објаснувања. Главно се прифаќа тоа дека фудбалот станал традиционален спорт најпрвин во земјите каде што пивото веќе било традиционален пијалак, на Британските острови, во Холандија, Германија… Па, бидејќи фудбалот е повод за дружење, очекувано било во друштвото да се најде и најпопуларниот пијалак.

    fudbalsko meze0_balkon3

    Но зошто оваа врска, која е една од најстереотипните на денешницата, е важна за нашата приказна? Бидејќи токму пивото стана одредница за се` што може да се нарече фудбалско мезе. Тоа треба да „оди со пивото“, да биде нешто лесно за подготовка, солено, да може едноставно да се сервира и да се јаде без посебен прибор. Така, тоа ќе може да се сервира на масичката во дневната соба, пред телевизорот, опкружено со пивски чаши или со шишиња.

    Останаа уште многу натпревари до крајот на светското фудбалско првенство во Бразил и сигурно ден по ден ви снемуваат идеи за мезиња. Еве еден предлог од нас: салата од печени црвени пиперки со урда и со мајонез. Тоа се единствените состојки што ви требаат, плус малку сол.

    fudbalsko meze8_balkon3

    Почекајте, да се задржиме малку на првата. Печени црвени пиперки? Светското првенство се одржува во јуни и јули каде да ги најдеме? Во градината пиперките само што почнале да растат, ќе им требаат месеци додека расцветаат, па да родат плодови, па тие да созреат и да се соберат итн. Но многу семејства во Македонија знаат да замрзнат по неколку ќеси печени црвени пиперки наесен, за да да се најдат во зимата. Ако сте имале среќа како нас, па сте заборавиле барем една ќеса, тогаш е крајно време да ја искористите. Само следете го нашиот предлог.

    Еден килограм печени црвени пиперки (или колку и да ви останале) прво се чистат од лушпите и од семките, а потоа се сечкаат.

    fudbalsko meze1_balkon3 fudbalsko meze2_balkon3

    Следно, треба да се сомелат во блендер или уште подобро, со рачен секач. Кога ќе почнат да ви личат на мелен ајвар, претурете ги во подлабок сад, додајте им малку сол и потоа ставете половина килограм урда. Сето тоа убаво се меша, а на крајот се додаваат 100-150 грама мајонез, се меша уште малку, и готово! Ја имате вашата салата.

    fudbalsko meze4_balkon3 fudbalsko meze5_balkon3

    fudbalsko meze6_balkon3 fudbalsko meze3_balkon3

    И самата оди одлично со пиво, а можеби уште подобро ако ја искористите како сос за некои грицки, како соленки или крекери. Нормално, како и секое друго фудбалско мезе, вкусна е и без пиво. Тоа што ни остана од нашата го дојадовме за појадок следниот ден, не го сочувавме за вечерта. Нови натпревари, нови мезиња.

    fudbalsko meze9_balkon3

    Ако пребарувањето во вашите замрзнувачи заврши безуспешно, имате две опции. Можете да купите црвени пиперки увезени од некој друг крај на светот, кои веројатно ќе треба да ги платите со грутки злато. Или, пак, можете да ја почекате есента, кога ќе почнат две редовни сезони: фудбалската и ајварската. Тоа значи дека повторно ќе имаме многу фудбал и многу црвени пиперки на едно место. А ние повторно ќе ве потсетиме како да го искомбинирате сето тоа.

    Гоце Трпковски

  • Ја вративме Неа Саламина на одбојкарскиот Олимп на Кипар

    Интервју со Жарко Ристоски, селектор на Македонската одбојкарска репрезентација

    zarko ristoski_1

    Г-не Ристоски, што е она што е привлечно во одбојката? Не е фудбал, не е кошарка, нема толку страствена публика и навивачки тимови, па што ги привлекува младите да станат одбојкари?

    – Одбојката како спорт е еден од најатрактивните спортови воопшто и е во центарот на вниманието на најголемите спортски случувања во светот. Самата игра е многу поразлична од другите спортови, во кој контакт со противникот или дуел игра не е дозволена, а исто така, брзата реакција и краткиот контакт со топката при што играчот нема право да ја држи топката во негов посед, туку во дел од секундата треба да изреагира, го прави овој спорт да биде и еден од најатрактивните и уникатен! Развивањето на координацијата, брзината на реагирање, пропорционалната активност на сите делови од телото и неговото правилно развивање ги поттикнуваат младите да почнат да се занимаваат со овој спорт.

    Од неодамна сте селектор на македонската одбојкарска репрезентација. Постигнавте неколку победи по ред со сериозни противници. Што се смени во играта со вашето доаѓање?

    – Најважно од се` е што повторно успеавме да ја анимираме македонската јавност со одбојката, постигнавме добри резултати за кои се зборува. Најпрвин успеавме да бидеме први во претквалификациите за ЕП, со три победи во нашата група и максимален ефект. Во квалификациите успеавме да стигнеме до трето место во групата, но прикажавме игра во која беше евидентен напредок и покрај сите проблеми со кои се соочивме, откажувања и повреди на играчите, за да во нашата премиера во Евролигата почнеме со четири победи по ред. Успеавме да наметнеме одлична работна атмосфера, која беше преточена во добра игра на натпреварите.

    zarko ristoski_2

    Со години бевте во Кипар. Како ве одведе патот таму?

    – Во 2010 година првпат заиграв за кипарска Омонија, каде што имав одлична сезона. Но, после завршувањето на сезоната поради повреда, не бев во можност да ја продолжам професионалната одбојкарска кариера како играч. Токму поради тоа ја одбив понудата од Неа Саламина за соработка во 2011 година, за да во 2012 година истиот тој клуб ми понуди договор како тренер, кој сакам да кажам дека со големо задоволство го прифатив. Одработив две сезони, во кои станавме шампиони на Кипар во 2013 година, и тоа после десетгодишен „пост“. Станавме Супер Куп победници за 2014 година, бевме освојувачи на сите турнири (три) од календарот на Кипарската Федерација во овие години. Тригодишниот престој на Кипар мене и семејството не врзува со многу убави спомени, добри резултати, другарување, нови познанства и големо животно и професионално искуство.

    Прочитав дека одбојката е спорт со голема важност на Кипар, особено во клубот каде што бевте тренер Неа Саламина. Веројатно тоа беше голем предизвик за вас?

    – Да се биде дел од семејството на Неа Саламина е голема чест и задоволство, ако се има предвид дека тоа е тим кој што до 2004 година доминирал на Кипар во одбојкарскиот спорт. Но, од тогаш, па се до моето доаѓање, немаа освоено шампионска титула. На голема радост на сите, десетгодишниот пост беше прекинат и го вративме шампионскиот сјај на овој клуб.

    Можете ли да направите споредба во неколку најкарактеристични точки за одбојката во Македонија и одбојката во Кипар. Две различни школи, различен третман, пристап…

    – Самите услови за работа што ги нуди Кипар се на едно многу повисоко ниво отколку што се тука кај нас во одбојката. Гледано од аспект на обезбедување основни услови за работа, сали, реквизити, организациска поставеност.

    zarko ristoski_3

    Опишете ни ја ситуацијата, како дојде до тоа да ви ја поклонат довербата токму на вас ако се земе и фактот дека доаѓате од Македонија? Со кои стереотипи се судривте на почеток, тоа веројатно е неодминлива работа, ваши предрасуди за нив, нивни за вас?

    – Моите контакти со Неа Саламина почнаа уште пред десетина години после неколку мои настапи токму против оваа екипа во еврокуповите. Првпат како противник Неа Саламина ја имав кога настапував за Работнички Фершпед. И по втор пат се сретнав со Неа Саламина кога играв во романскиот клуб Динамо од Букурешт. И двата пати излегував како победник во дуелите со нив. Неколу обиди да дојдам во Неа Саламина како играч не завршија со договор, но, на обострано задоволство, тоа ни успеа во улога на тренер и тоа од првпат се договоривме. Кипарците се многу искрен и чесен народ и мора да признаам дека во трите години престој таму, буквално не сум имал никакви проблеми или било каков притисок околу тоа од која земја доаѓам. Токму спротивното, тоа се луѓе што го почитуваат и ценат човечкиот труд и квалитет и секогаш се подготвени да подадат рака на секого, тогаш кога му е потребно.

    Како ве прифатија играчите, соседите, градот?

    – Соработката со играчите беше на едно високо професионално ниво за време на тренажниот процес, додека приватното дружење беше оставено за во слободно време и секогаш по прославување на добрите резултати. Во мојата прва година таму, 2010, како член на кипарска Омонија, запознав многу пријатели со кои сум и ден денеска во контакт, без разлика што изминативе години бевме „лути противници“. Исто така во двете години поминати во Неа Саламина, која е како едно големо семејство, запознав многу луѓе и убеден сум дека поголем дел од нив ќе останат наши драги пријатели засекогаш.  

    zarko ristoski_4  zarko ristoski_5

    Каква е кипарската кујна, има ли сличности со македонската?

    – Да, мислам дека и во двете земји имаме слична кујна, која што изобилува со разни специјалитети на скара. Можеби таму малку повеќе е застапена морската храна, но во целина имаме многу слична храна.

    Во кои јадења најмногу уживате?

    – Дефинитивно, најомиленото јадење на мене и на моето семејство ни беше Козјото сирење Халуми, потпечено на скара, кое всушност е и заштитен знак на Кипарската кујна. Го има само таму и има многу оригинален вкус. Од месо пак, мој фаворит е свинска суфла (свинско печење на ражен на парчиња). Не сум голем љубител на морска храна, но на добро подготвен Салмон не би му одолеал. Благите работи ми се слаба страна, а Кипарската кујна изобилува со домашни колачи и торти, а мој фаворит од нив е cheesecakeторта со прелив од вишна, кој и мојата сопруга многу често го приготвува дома на мое задоволство и на задоволство на нашиот син Лука.

    zarko ristoski_6

    Ако споредите со македонската кујна, што е она што го прават подобро таму, а што пак во Македонија е ненадминливо?

    – Дефинитивно нашето, тетовско „тавче гравче“ и домашната лутеница и ајвар ми се незаменливи, додека пак од друга страна мирисот на кипарското сирење Халуми на скара би сакале повторно и наскоро да го почувствуваме.

    И покрај се, изјавивте дека заминувате од Неа Саламина. Има ли шанса кариерата да ја продолжите во некој друг клуб на југот или плановите се поинакви?

    – Целата моја енергија сега е насочена кон настапите на нашата одбојкарска репрезентација во Евролигата и да бидам искрен, воопшто немам време за размислување на таа тема, каде би била мојата следна дестинација. Со големо задоволство би прифатил работа во клуб кој што има големи амбиции, дали тоа повторно би бил Кипар, Грција или некоја сосема друга земја, останува да видиме до почетокот на новата натпреварувачка сезона.

    Дарко Чекеровски

  • И ние гледаме светско

    Седнав да го пишувам текстов додека на телевизорот спроти мене се надигруваа Аргентина и БиХ. Беше после полноќ. Нема лош период од денот за гледање светско. Неколкуте непроспиени саати се мала цена за задоволството да се биде дел од милијардите жители од сите континенти, кои во истиот момент ја делат истата возбуда, ја чувствуваат истата фудбалска магија. Некој на пиво со пријателите, некој дома со семејството, некој на работа со колегите…

    navivaci3_balkon3

    Сите гледаат светско, дури и оние што не гледаат фудбал. Всушност од сите настани кои пред себе го имаат епитетот светско, токму фудбалскиот мундијал највеќе го оправдува и заслужува.

    Од четирите земји околу кои се врти светот на Балкон3, само Грција учествува на дваесетото светско првенство во фудбал, кое се одржува во Бразил, единствената земја што пет пати го подигнала трофејот Жил Риме.

    Грчки навивачи во Рио
    Грчки навивачи во Рио

    Ова е трето учество за Грција на светските првенства, по оние во 1994 и во 2010. До сега грчкиот фудбалски тим не се прославил на мундијалите. На 6-те одиграни натпревари остварил само една победа од 2:1 против Нигерија во 2010 година. Сепак, не смее да се заборави историскиот успех на грчките фудбалери, кои пред 10 години се искачија на европскиот трон.

    Фудбалската историја на Турција е малку позанимлива и богата со куриозитети. Турција се квалификувала на Светското првенство во 1950 година, но поради финансиски проблеми го откажала учеството. На наредното првенство во 1954 година, Турција станала учесник со фрлање паричка откако и по три квалификациски натпревари со Шпанија не било одлучено кој ќе патува на завршниот турнир во Швајцарија. Најголемиот успех на светските првенства турските фудбалери го остварија во 2002 година кога од Јапонија и Јужна Кореја се вратија со бронза на градите. Во натпреварот за третото место Хакан Шукур го постигна најбрзиот гол во историјата на светските првенства, кога ја затресе мрежата на Јужна Кореја по само 10,89 секунди игра.

    hakan sukur_balkon3

    Албанија и Македонија до сега не успеале да ги минат квалификациите. Сепак, неколку македонски фудбалери во минатото, како дел од репрезентацијата на Југославија го почувствувале „мирисот“ на најважниот спортски настан на планетата.

    world-cup-2014_balkon3

    Олимпиското правило дека „најважно е да се учествува“ во овој случај е само празна фраза. Не мора да се учествува на светско за да се ужива. Најдобар доказ за тоа се полните скопски кафеани, кафулиња, пабови, во кои пред големи видео бимови или телевизори, во фино друштво се навива за омилениот тим.

    navivaci1_balkon3  navivaci2_balkon3

    Гледајте светско и нека победат нашите 🙂

    Мирко Трајановски

  • Болдеринг меѓу старите манастири во Македонија

    За качување во Македонија идеални се сиво-зелените камени ридови над Прилеп

    zelena karpa21_balkon3

    Кога пред некој ден прочитав во дневните весници дека околу 250 болдери само со помош на прстите ќе се качуваат на карпите во околината на манастирот Трескавец, прво што си помислив беше „и ние карпи за “Eurosport” и за „Discovery  channel“ имаме. Не сум упатена многу во овој спорт, не знаев, дека овие момчиња ги викале болдери, ниту дека ќе се случи болдеринг маратонот „Крале Марко“. Но знам дека болдерите со себе ќе ги понесат спомените за прекрасната околина, за предизвикот што им го нудат сиво-зелените карпи,  за манастирите, за кулите…

    zelena karpa2_balkon3

    Јас сум голем љубител на природата, сакам да ги набљудувам природните форми, создадени од вечната борба на ветерот, сонцето, водата, сакам да правам фотографии  што можат сето тоа да го доловат.

    zelena karpa12_balkon3

    И, додека размислувавме како да поминеме еден интересен ден од викендот, (да е жив и здрав интернетот, ѕирни ваму, ѕирни таму…) падна одлука да се види и прилепско. А, ако не знаете каде е најубавата природа, тогаш само потрудете се да ги побарате манастирите во околината. Тие ќе ве доведат до најубавите, најпродуховените, простори, кои ќе ве смират, ќе ви ги наполнат батериите толку потребни  за соочување со стресниот градски живот.

    Новиот, кривудав, асфалтиран пат нè доведе до место за кое вие на прв поглед ќе помислите дека се наоѓате пред портите на некој манастир на Тибет. Тоа е манастирот Трескавец, прекрасно здание вгнездено под карпите на „Златоврв“, со поглед кој никогаш не се заборава. Датира од 13 век, изграден на остатоци на црква од 7 век. На секој чекор се забележуваат траги од духовниот живот на луѓето од овие краишта. Црквата, заштитена со камени објекти – конаци, кои за жал изгореа во пожар пред извесен период, си стои спокојно во тој простор со векови.

    zelena karpa1_balkon3

    Искрено ми е жал што не дојдов порано, пред пожарот, да ги видам тие објекти во полна убавина, но и вака соголените ѕидови сведочат за цврстината и непокорот на ова место. Слеани со околината, како да изникнале од сиво-зелените карпи, пркосејќи и дури и на страшната огнена стихија од пред неколку години.

    zelena karpa3_balkon3

    Над манастирскиот комплекс се наѕира „Златоврв“. Природата навистина си поиграла со ова возвишение. Се чини како Господ да ѕидал град од сиво-зелен камен, а ветрот се трудел да му го растури. Заедно направиле прекрасни форми кои го чуваат градот Прилеп.

    zelena karpa8_balkon3

    Болдери, ви посакувам да ги освоите карпите, но дозволете и на природата да ги освои вашите чувства. Тогаш секако ќе бидете на врвот. И таму нема да бидете осамени. Еве еден мал пријател, кој ќе ви прави друштво и ќе ви држи среќа.

    zelena karpa6_balkon3

    Потоа се упативме кон Прилеп за да го посетиме и манастирот „Св. Архангел Михаил“. Потекнува од 10 век. Меѓу 11 и 13 век бил повеќе пати граден и разурнуван. Овој манастир се наоѓа под „Марковите кули“, лесно достапен, со прекрасен поглед на Прилеп.

    zelena karpa13_balkon3

    Интересно беше што додека се движевме низ Варош кон манастирот забележав ѕидови, остатоци од повеќе средновековни цркви. Калуѓерките од Манастирот нè информираа дека во минатото во околината имало 77 цркви, дека остатоци се наоѓаат насекаде во дворовите низ Варош. Каков религиозен центар било ова место во Средниот Век…

    zelena karpa16_balkon3

    И на крај одлучивме да ги видиме и „Марковите кули“. Од манастирот до нив води означена патека, можеби половина час качување.

    zelena karpa17_balkon3

    После сите убавини што ги видовме покрај манастирите, моите очекувања не беа преголеми. Но кога се искачивме, на воодушевувањето му немаше крај. Таму дебелите средновековни ѕидини се вијугаа низ стрмните карпи, исчезнуваа, па се појавуваа на најнеочекувани места. Заобиколуваа еден огромен простор на град кој воопшто не бил мал. Тоа што останало изгледа грандиозно, но за жал, не останало многу.

    zelena karpa19_balkon3

    Голем „зорт“ имал Крале Марко на овој рид да го изгради градов. Стратешко место кое му овозможувало добра одбрана, прегледност на цела околина… Се прашувам, каде ли само вода наоѓале?

    Велат, една фотографија вреди колку илјада зборови. Наредив десетина, а сепак имам чувство дека толку малку покажав. Колку и да ви е убаво кога ги гледате тие не можат да ви доловат сè. Изберете пријатен ден, отидете на овие места, видете ги, нема да се покаете.

    zelena karpa20_balkon3

    До следното шетање со Балкон3…

    Билјана Иванова

    Фото: Билјана и Сашо Иванови

  • Боулдеринг – уметност на качување по карпи

    Боулдерингот е спорт кој е речиси непознат во овој дел на светот. Станува збор за качување на карпи без употреба на јажиња и слична опрема која се користи при алпинизам. Боулдерингот обично се изведува на карпи високи до 6-7 метри, а за заштита од повреди се користат единствено душеци, кои се поставуваат под карпата на која се качува боулдерот.

    Bouldering in Prilep_Balkon3

    Група авантуристи од Германија го избраа македонскиот град Прилеп како совршена локација за да ја изведат својата уметност на качување по карпи.