Category: Спорт

  • Ќе „падне“ ли Белград?

    Победиле или не, за нас сте веќе херои!

    Илјадници љубители на ракометот од Македонија пристигнуваат во Белград. Најмногу денеска пред натпреварот со Србија кој за храбрите момци предводени од Кире Лазаров може да биде одлучувачки за историски пласман во полуфиналето и со тоа пласман и на квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Лондон годинава.

    Калкулациите велат дека ни е потребна победа со домаќините на првенството кои на овој натпревар можат да си дозволат пораз со тесна разлика со што би го задржале првото место во групата но, и победа на Полска над Германија со најмногу два гола разлика и пораз на Данска од Шведска.

    Ниш е покорен! На ред е српската престолнина. Македонската навивачка фаланга го продолжи својот поход. Со громогласни извици, „одиме за Белград“, по одлучувачката победа над Чешка, црвено – жолтата армија гордо и задоволно прошета по пешачкта зона во центарот на Јужна Србија, улица Обреновиќева.

    Кафеаните и кафулињата се испразнети. „Нема повеќе пиво, се испивте“, можеше да се слушне во најголем дел од угостителските објекти пред неколку дена во Ниш. Околу милион евра инкасираа добрите домаќини на групата Б на Европското ракометно првенство за мажи од речиси десет илјади љубители на ракометната игра. Податок кој потврдува дека нишлии беа добри домаќини, а гостите, меѓу кои Македонците беа најбројни, беа повеќе од одлични гости.

    По симпатичното „Казанџиско сокаче“, со традиционален јужно-србијански дух, црвено – жолтата река го насочи својот тек кон белградската „Скадарлија“ која на прв поглед маѓепсува со својот староградски дух. „Два јелена“, „Три шешира“, „Два бела голуба“, преполни од Македонци. Во извонредно пријатен амбиент, прочуените српски тамбураши плетат совршена мелодична хармонија по желба на браќата од југот. На увце, по неколкупати во иста вечер, ечи најпознатата кафеанска улица во Србија од „Македонско девојче“, „Јовано, Јованке“, „Распукала Шар Планина“. И само од време на време, за време на заслужените паузи на воиграните музичари, се слуша громогласен хор од гласови и добро познатата „Излези момче, право на тераса“.

    – Атмосферата во Белград е прекрасна. Македонските навивачи се буквално насекаде. Дури и белграѓаните со симпатии гледаат на македонската фаланга и честопати не застануваат и сакаат да се сликаат со нас бидејќи сите се шетаме со шалови и знамиња низ градот. Влезниците воопшто не се проблем, бидејќи с’е уште може да се најдат на касата на „Арена“ по цена од десет евра па нагоре, во зависност од местоположбата. Едноставно, уживаме во натпреварите. Имаме доволно време да прошетаме низ градот, а вечерните часови ни се резервирани за добро дружење во белградските локали на кои се истакнати македонските знамиња. Омилени сме кај навивачите на другите репрезентации кои од нас бараат да ги научиме да ја пеат песната „Излези момче“ – вели Емил Јакимовски, кој живее и работи во Скопје и кој досега не пропуштил ниту еден натпревар на македонската ракометна репрезентација.

    За успехот на македонските ракометни момци кои на ова првенство најмалку од с’е имаа среќа говорат и податоците дека Кире Лазаров е во врвот на листата на асистенции, поточно на делбата на второто место со 22 наместени гола, зад Словенецот Урош Зорман кој има 26 асистенции. Како и дека најдобар голман на Ракометното првенство за мажи во Србија е нашиот Петар Ангелов со 48 отсто на одбранети удари.

    Математиката и статистиката, кои се исклучително важни на големите натпреварувања сепак се само бројки споредени со страста, посветеноста и желбата со која нашите момци ги бранат боите на својата земја во соседна Србија.
    Победиле или не, за нас сте веќе херои.

    Автор: Горан Игиќ

    Фото: Оливер Пешевски, Горан Трпеновски

  • Излези момче… Во Ниш… Дома…

    „Добредојдовте браќа. Во Ниш, вие сте домаќини и никогаш нема да бидете гости!“ – се зборовите со кои нишлии пречекаа 7.000 македонски навивачи.

    Ниту нерешениот исход со Шведска, ниту поразот со Германија, ниту лошата и неорганизирана игра не ги поколеба македонските љубители на ракометот во намерата од почеток до крај гордо да ги бодрат своите пулени на европското ракометно првенство. Од Бујановац до Предејане, преку Лесковац и Дољевац, црвено жолта река од возила се влеа преку братски отворените порти во градот на првиот римски император кој го прифатил христијанството, Константин. Повеќе од седум илјади Македонци со верба во својот национален тим, пристигнаа на гости кај домаќините на групата Б на Европското првенство во ракомет за мажи, секогаш гостопримливите нишлии.

    Информациите од меѓудржавниот протокол, велат дека до почетокот на првенството во организирана посета на Ниш пристигнале 5.700 Македонци, а ден пред тоа во приватна режија дошле околу 1.500 македонски навивачи и покрај тоа што голем дел од нив ќе останат без билети.

    Деновиве, Ниш е главен град на Македонија за многумина.

    „Добредојдовте браќа. Во Ниш, вие сте домаќини и никогаш нема да бидете гости!“ – се зборовите со кои официјалните организатори, градските власти и обичните смртници им посакаа добредојде на своите некогашни земјаци. И вистина, покрај тоа што неодоливо потсетува на Скопје, Ниш деновиве македонски и звучи и дише. Од хотелот Амбасадор во центарот на градот, преку надалеку познатото кафеанско Казанџиско сокаче, до импознантната нишка „тврѓава“ и Техничкиот факултет во кој е сместен македонскиот фан пит, нема агол на кој не се вее црвено жолтото сонце на слободата. Чувството дека сте дома и топлината околу срцето ве следат на секој чекор. Од една страна шпалир од развиорени шалови, од друга беспрекорни редици од шлемови на фалангата на Александар Македонски. Совршен декор додека во еден глас од сите страни се ори „излези момче право на тераса и поздрави ја Гоцевата раса…“.

    А во мензата на нишкиот технички факултет исто како дома. Тезги со маички, шалови и останати навивачки обележја во боите на Македонија, точено „скопско“ пиво и студентска српска храна. Познат декор на сите страни. Се среќавате со пријателите како да чекате на влез во салата „Борис Трајковски“, а во морето од навивачки адреналин, моќно озвучување и расположение и по некоја од јавните фаци. Поранешниот премиер на Република Македонија, Владо Бучковски со своето семејство, хумористот Љупчо Бубо Каров, најпознатите македонски ракометни судии, Марјан и Драган Начевски, некогашни и сегашни политичари. Сите со една цел. Да ја бодрат Македонија и можеби да бидат и видени.

    Во потрагата за билет повеќе некои се подготвени да платат и плаќаат и по педесет евра. Скапоценото парче хартија и надалеку прочуениот јужно-србијански „роштиљ“ се топ тема на улиците на некогашниот римски град Наисус.

    – Пристигнав неколку дена порано да ја пречекам старата нова година со пријателите во Ниш и да се обидам некако да најдам билет за ракометното првенство. Уживам во гостопримството на нишлии. Во светски подготвеното мелено месо и во хедонистичката атмосфера која се чувствува штом влезете во овој симпатичен град. Во целата еуфорија успеав да најдам билет за кој платив четириесет евра. Ова европско првенство и атмосферата во Ниш е за мене прекрасно и незаборавно искуство – вели Александар Целески од Скопје.

    Спортската сала Чаир е приказна за себе. Реновирана специјално за ракометното првенство, очекувано, за време на натпреварите на македонската ракометна репрезентација, обоена во црвено жолто.  Пополнета до последно место ечи од македонски навивачки песни испеани од повеќе од четири илјади гласни грла. Домаќините се погржиле за секој детаљ. Беспрекорна контрола која се грижи да нема редици на влезот, љубезни официјални лица ве испраќаат до вашето место, штанд со пијалаци за освежување и македонска музика на разглас. Останува само да победиме. Нешто што со душа и срце го очекуваме на одлучувачкиот натпревар со Чешка.

    А потоа. На славје до зори „Код Рајка“. Оти само таму можете да најдете божествено добар полнет ќебап во кој ќе уживате во друштво на Штефан Кречмар.

    Во Ниш. Дома.

    Текст: Горан Игиќ

    Фото: Тамара Милосављевиќ и Горан Трпеноски