Category: Спорт

  • Лондон го слави спортот, но и добрата забава

    За Лондон, главниот град на Обединетото Кралство, велат дека никогаш нема да ви здосади, дури ни тогаш кога ќе ви здосади и животот. Ова посебно важи деновиве кога градот е метропола на светските спортски случувања. Триесеттите по ред Олимписки игри започнаа во градот кој досега бил домаќин на три Олимпијади, во 1908, 1948 и сега во 2012 година.

    Спортисти, нивните тренери, но и милиони туристи деновиве пристигнуваат во Лондон. За спортистите ова е шанса да ги освојат спортските височини, за туристите шанса за добар помин и можеби средба со нивните идоли. Градот живее 24 часа на ден. Има секојдневни спортски натпреварувања, но и разни изложби, перформанси и концерти на отворено. Оние кои немаат билет за некое од натпреварувањата, секако дека не се досадуваат. Секогаш има што да се прави на улиците на Лондон, а убавото време и сонцето дополнително ја разубавуваат атмосферата.
    Неизбежно е фотографирање пред Олимпиското село, специјално изградено во до пред некое време зафрлениот источен дел на Лондон, Стратфорд. Секако тука е и фотографирањето пред Лондон Бриџ со поглед на олимписките кругови, како официјален и бесплатен сувенир од игрите.
    Ако сте љубител на спортот, во наредните три недели во Лондон се очекува соборување на светски рекорди и достигнување на врвот на олимписката слава. За другите пак, кои сакаатв само добра забава, а спортот им е само изговор да дојдат во градот, Лондон има што да понуди – од спектакуларни концерти на Хајд Парк, крстарење по возбудливата Темза, па се до ноќното лудило во Сохо.

    Специјално за Балкон3 од Лондон

  • Игрите можат да почнат

    Почнува трката за највредните спортски одличја. В петок, палењето на олимпискиот оган ќе го означи стартот на триесетите летни олимписки игри, кои ќе се одржат во Лондон. „Колепката на фудбалот“ 17 дена ќе биде арена за над 10.000 спортисти, кои ќе ги одмерат силите во 26 спортови.

    Организацијата на Олимпијадата, Велика Британија ја чинеше околу десет милијарди евра. Земјата домаќин очекува да бидат продадени над 6,5 милиони билети. И додека трае одбројувањето до почетокот на најпрестижниот спортски настан годинава, Балкон 3 ви ја раскажува олимписката историја на Грција, Турција и Македонија.

    Грција е татковина на олимписките игри и токму затоа во Атина во 1896-та година се одржани првите модерни олимписки игри. Грчката престолнина беше домаќин и на олимпијадата во 2004-та година. Грција е една од само четири земји кои учествувале на сите летни олимписки игри одржани до сега. Исто така, Грција секогаш ја преводи парадата на нациите на церемонијата на отворањето на олимписките игри. Во олимписката историја, грчките спортисти имаат освоено 109 медали (30 златни, 43 сребрени и 36 бронзени), од кои дури 47 на првата олимпијада во 1896 година. Токму тогаш маратонот го освоил, веројатно најпознатиот грчки олимпиец, Спиридон Луис, овчар од селото Маруси. Во Лондон боите на Грција ќе ги бранат вкупно 107 спортисти, кои ќе се натпреваруваат во 16 спортови. Грците најголеми очекувања имаат од натпреварувачите во атлетика, стрелаштво, борење и кревање тежина.

    Турција првпат на олимписките игри учествуваше во 1912 година во Стокхолм, кога боите на земјата ги бранеа двајца атлетичари. Сепак спортот кој на земјата и има донесено најмногу олимписки медали е борењето. Од вкупно освоени 82 медали (37 златни, 23 сребрени и 22 бронзени), дури 57 се од боречките дисциплини. На олимпијадата во 1948 година, која исто така се одржа во Лондон, златни медали блеснаа на градите на шест борачи од Турција. Годинава, земјата на Босфорот ќе ја претставуваат рекордни 114 натпреварувачи, а куриозитет е што повеќето од нив се жени. Спортската јавност во Турција очекува да биде срушен и рекордот на освоени медали, а нормално најголеми надежи се полагаат во борачите.

    Македонија е со куса традиција на олимписките игри како независна држава, а првото учество беше на олимпијадата во Атланта во 1996 година. Од тогаш земјата има свои претставници на сите олимписки игри. Единствениот медал, и тоа бронзен, на Македонија и го донесе борачот Могамед Ибрагимов на игрите во Сиднеј во 2000 година. Сепак македонските спортисти во минатото имаат освоено уште 12 олимписки медали, но под знамето на поранешна Југославија. Со златни медали се имаат закитено фудбалскиот голман Благоја Видиниќ и борачот Шабан Трстена. Во Лондон под македонското знаме ќе настапуваат четворица спортисти, по двајца пливачи и атлетичари. Шанса за учество имаа и машките репрезентации во кошарка и ракомет, но беа поразени на квалификациските турнири за олимпијадата.    

    Олимпискиот стадион во Лондон

    На спортистите од трите земји им посакуваме успешен настап и што повеќе освоени медали и нека не забораваат на олимпиското гесло на Пјер де Кубертен: „Не е важно да се победи, важно е да се учествува!“.

    Мирко Трајановски

  • Пеливаните од Едрене се борат 650 години

    На почетокот на месец јули, градот Едрене во Турција го преплавуваат странци носени од желбата да станат сведоци на историјата. Градот кој едно време бил главен во Отоманската Империја и во денешно време има настан кој привлекува внимание.  Почнувајќи од 1362 година, во овој мал град на северозападот на земјата се одржува традиционалниот турнир за пеливанско борење.

    Настанот е од големо значење за локалното население, бидејќи токму ова натпреварување се смета за најстар спортски турнир во светот кој се одржува секоја година од основањето, без престан.

    ” Борење во масло ” е името кое го носи овој спорт во западните земји. ” Pehlivan ” – борач е коренот на името пеливанство во Турција, па оттаму и кај нас. За да се биде вистински пеливан, не е доволно само да се биде добар борец. Предуслов е кандидатот да е ценета личност во заедницата од која доаѓа. Да се докажал како чесен човек, со високи морални вредности и скромност. Одредено време да помине како ученик, чирак кај големиот мајстор на спортот во тој регион. Дури потоа  може да се каже дека е достоен да оди по “ патот на пеливаните “.

    Самите борби се вистински спектакл. Поради маслиновото масло со кое пред почетокот на борбата целосно се премачкуваат, ривалите имаат голем проблем да го фатат противникот. Оттука доаѓа и тактиката “ раце на панталони “. Притоа, борецот го држи противникот за кратките панталони, се обидува да го измести од рамнотежа и турне, по што следи церемонијален победнички танц.

    Организаторите на турнирот во Едирне сепак како почетна година за турнирот ја сметаат 1362. Легендата вели дека војниците на Отоманската Империја кои патувале низ тој крај организале турнир помеѓу себе со цел да се разонодат. Во финалето се пласирале двајцата најсилни воини, кои својата борба ја започнале на пладне. Кога паднал мрак, војниците повеќе не можеле да ја гледаат борбата па отишле да спијат. Кога осамнало утрото, ги пронашле двајцата пеливани мртви, се уште испреплетени во борба до последниот миг. Ги закопале под блиската смоква, но цутот на пеливанското борење допрва доаѓал. Набргу ги зафаќа повеќето азиски земји, а и денес се одржуваат традиционални турнири во Албанија, Бугарија, Кипар, Иран, но еден од најзначајните секако е оној во Амстердам. Од 1999 допинг контролата е составен дел и од овој спорт.

    Постои иницијатива од неколку сојузи пеливанството да стане дел од олимписките игри, а барањето се темели на фактот што обичното борење е “ потомок “ на овој спорт, па оттаму е логично и пеливанстото да биде дел од олимписките дисциплини. Времето ќе покаже дали тоа ќе се оствари, но овој спорт и без тоа ги плени љубителите на боречките спортови, а сигурно така ќе биде и годинава во Едирне.

    ” TrawelShop Turkey ” и оваа година организира превоз и сместување за сите заинтересирани. Нивната понуда вклучува авионски превоз, хотелско сместување, превоз до локацијата на турнирот и назад, рент а кар, дневни тури до Истанбул и останато. Цените се разликуваат во зависност од аранжманот кој ќе го изберете.  ” On the go Tours ” исто така има интересна понуда. За сума од 249 долари добивате приватен лет од главниот град до Едрене и назад, туристички водич, ручек во градот и карта за влез на борбите. Речиси секоја туристичка агенција од Турција во својата програма вклучува и аранжман кој се однесува на турнирот. На вас е само да размислите која најмногу ви одговара, да донесете одлука и да се препуштите на уживањето кое со себе го носи патот во Турција и присуството на најстариот спортски турнир во светот.

    А.Н.

  • АЈДЕ БРЕ ПЕЛИВАН!

    АЈДЕ БРЕ ПЕЛИВАН! (тоа е израз кој што се извикува на почетокот на борбата меѓу борачите, повик на двобој)

    Место Чаликли, Валандовско, фудбалски стадион со прекрасна зелена трева, зурли, тапани, стотици литри зејтин, еден пеливански Ага, десетици судии, стотина пеливани од сите возрасти, активни и поранешни борачи во слободен стил. Сето тоа беше доволно да стотици домашни и странски гости два дена уживаат во вештините наовој традиционален спорт.

    Уживајте во фото приказната на Балкон3..

    Зејтинот се троши како “алва”
    Загревање
    Пеливански Ага (Поранешен пеливан, облечен во традиционална облека ги контролира борбите)
    Кожени пантолони ( се нарекуваат `кспет` – се изработуваат од кожа на бафало и теле)
    Талент – Првата победа е најслатка
    Без него не се може
    Следува спектакуларен туш
    Традиционалниот бакшиш. Но кризата си го прави своето, капчето речиси празно.
    Се следи внимателно
    Ех бе! Да бев малку помлад:)
    Повреда на рамо- составен дел од борбите

    Хусамедин Гина

  • КОШАРКАРСКИОТ ЖОЗЕ МУРИЊО

    Харизматичниот скромен лидер на кошаркарскиот клуб Галатасарај од Истанбул, Октај Махмути, годинава е избран за најдобар тренер на ULEB Eurocup. Скопјанецот Октај, задоволен од тоа што неговите фанови го споредуваат со Мourinho, но објаснува: “Побелена ми е косата, најверојатно тоа е главната причина што велат дека личам на популарниот фудбалски стратег Мурињо“.

    Нема точно одреден пат што води до успехот, бидејќи тој е многу сложен. Тоа многу добро му е познато на скопјанецот Октај Махмути, во изобилство на голема конкуренција, но со макотрпна работа успеа да стане еден од најпознатите кошаркарски тренери во Турција и во регионот. Годинава е избран за најдобар тренер во ULEB Eurocup. “Многу сум среќен. Убаво е да се добие благодарност за тоа што го работите со години“, вели тој.

    СПОРТОТ Е УМЕТНОСТ

    Октај Махмути, кај и да работи има само една цел. Клубот каде што е тренер да биде на самиот врв, и во домашното првенство и во Европските купови. Затоа на клупата понекогаш може да биде многу темпераментен. “Кога ќе изгубиме, за жал многу им се лутам на моите играчи. Всушност не би се налутил ако на паркетот се применува она што претходно се договараме, ако се примени ќе нема никаков проблем. Моите реакции никогаш не се за претрпениот пораз. Нормално дека и тоа е дел од спортот. Едноставно она што сакам е мојот играч на теренот да даде се од себе, сто процентен перформанс. Ако тоа го исполнат ќе нема место за лутење“, вели Махмути.

    Според него, да се биде спортист од највисок ранг е една од најтешките работи во светот. “Тоа е уметност, нема никаква разлика. Потребна е вештина и среќа. Треба да се наоѓате на вистинско место во вистинско време. Исто така потребно е да се вложи голем труд. Најмногу ми е жал што денес младината која се занимава со спорт, го занемарува образованието. Оваа работа е иста како да градите пирамида, од дното почнуваат илјада луѓе, на врвот завршува само еден“.

    КОШАРКА – ПРИЈАТЕН И УБАВ СПОРТ

    Октај Махмути е роден во Скопје. Фудбалот му е првата окупација. Со кошарката почнува да се занимава многу подоцна, дури во средното училиште. “Во тогашна Југославија имаше многу квалитетни екипи и голема конкуренција. Ми стана јасно дека нема да можам да станам добар, врвен кошаркар. Затоа одлучив да станам тренер“, раскажува Махмути. Првото тренерско искуство Октај го има во тимот на Работнички. Меѓународното пак во Еџзаџибаши, во 1991 година, а потоа  следуваат секогаш атрактивниот Ефес, италијанскиот Бенетон и сега во Галатасарај, еден од најеминентните турски кошаркарски клубови. “Среќен сум што сум во Галатасарај. Кошарката е многу пријатен и убав спорт. Денес најголемиот проблем во турската кошарка се гледачите. Дури и кога гостуваат познати клубови, понекогаш се забележува дека салата е празна, тоа е многу разочарувачка состојба. Во турската кошарка има ѕвезди, останува само публиката да ја доведеме во кошаркарските арени“, објаснува Махмути.

    Дирк Новицки – Европска супер ѕвезда

    Идол на Октај е познатиот југословенски тренер Божидар Маљковиќ. За Петар Наумоски вели дека во Ефес Пилсен, од добар играч, станал вистинска кошаркарска ѕвезда. “Тоа време Ајдин Орс, тренерот на Ефес, бараше бек. Го препорачав Наумовски. Дојде, тука покажа многу добри перформанси, секој изминат ден беше се подобар“, додава Махмути. Според него моментално најдобриот европски кошаркар е Дирк Новицки, кој може да ја промени судбината на целата екипа.

    “Се обидувам да се облекувам елегантно, сам се грижам за гардеробата, така се чувствувам убаво, а за тоа што велат дека личам на Мурињо, најверојатно е заради побелената коса“, објаснува, и за крај додава: “Моите соништа се исполнети, желбата ми беше да бидам тренер во големи клубови, таа желба ми е исполнета. Сега најважно е да успеам да опстанам на ова ниво. Исто така и клубот каде што сум тренер да биде на самиот врв“. 

    Хусамедин Гина

  • Истанбул домаќин на завршниот Евролига кошаркарски турнир

    Панатинаикос, ЦСКА Москва, Олимпијакос и Барселона се четирите екипи учесници на завршниот турнир во кошаркарската Евролига. Домаќин на турнирот е градот Истанбул, каде од 11 до 13 мај ќе се води жестока битка за освојување на престижната титула, најдобар европски кошаркарски колектив. Панатинаикос во полуфиналето за противник ќе ги има ЦСКА Москва. Тимот пак, на нашиот капитен, Перо Антиќ, Олимпијакос во полуфинале ќе ги одмери силите со Барселона. Сите натпревари ќе се играат во салата Синан Ердем, која има капацитет од 16 илјади гледачи. Ова е најголемата сала во Турција именувана по Претседателот на Националниот олимписки комитет на Турција, кој оваа функција ја извршувал од 1989, па се до неговата смрт во 2003 година.

    Ако одлучите да присуствувате на овој спектакл, наш совет е да побрзате со купувањето на билети, бидејќи достапни остануваат се помалку места. Цените на билетите за сите натпревари, освен за финалето се движат од 399 евра, па се до 899 евра колку ќе треба да платите ако сакате да бидете во ВИП ложите. Одлична прилика да поминете возбудлив викенд во Истанбул каде освен што ќе имате прилика да гледате одлична кошарка, ќе уживате во убавинита на импресивниот бисер на Босфорот.

  • Банско – Балканскиот Сент Мориц

    Банско – Балканскиот Сент Мориц

    „Цената на дневниот ски – билет чини 55 лева или околу 28 евра, па самите пресметајте дали е тоа скапо или евтино. Сепак ќе скијате на истите стази на кои скијала речиси целата светска елита во овој спорт, почнувајќи од Алберто Томба, Бојан Крижај, Херман Маер, Михаела Дорфмајстер, Ања Персон, Линдзи Вон…“

    „Пред почетната станица на гондолата во Банско или како што Бугарите го викаат „кабинков лифт“, во девет часот наутро е вистинска врвулица. Едно февруарско утро и јас со скиите на рамо стоев во долгата колона луѓе, кои говореа на различни јазици. Иако за да се дојде до место во гондолата се чекаше и подолго од половина час, кај луѓето не се чувствуваше нервоза. Веројатно сонцето и снегот, врз нив делуваа смирувачки. Но, сигурен сум дека сите беа нестрпливи што побрзо да уживаат во скијачките стази распослани на северните падини на планината Пирин“.

    Понекогаш природата и човекот заедно умеат да создадат прекрасни дела, а Банско дефинитивно е доказ за тоа. Од мал скијачки центар со неколку жичарници и ски-лифотви, и стари хотели, за десетина години, малото гратче со околу 10.000 жители се претвори во балкански Сент Мориц. За тоа придонесоа изградбата на голем број нови хотели и инвестицијата од 130 милиони евра во модерен ски-центар. Денеска Банско е најатрактивната зимска дестинација во Бугарија, но и во регионот, со скијачка сезона која трае речиси половина година.

    Од градот до скијачките терени може да се стигне со автомобил или со гондола. И за едното, и за другото се потребни околу 25 минути. Се разбира, возењето со гондола е многу поинтересно, но и поскапо. Билетот за едно лице чини десет евра.

    Кога се возите во гондолата или на некоја од жичарниците можете да чуете различни јазици, бидејќи Банско привлекува туристи од цела Европа. Најбројни се Англичаните и Русите, а не заостануваат ниту посетителите од соседните земји Македонија, Грција, Србија и Романија. Годишно Банско го потсетуваат над 600.000 туристи.

    Прекрасната природа и дивите планински предели наликуват на зимски пејсаж насликан од рацете на врвен сликар. Особено е импресивен погледот додека се возите на жичарницата кон највисоката скијачка патека, Бундерица, која се наоѓа на надморска височина од 2560 метри.

    А, потоа… Е потоа следува ново задоволство додека со брзина од педесетина километри на час се спуштате по одлично подготвените ски-терени. Нормално, следува загревање со кафе или чај, задоволство кое ќе ве чини од едно до две евра или пак освежување со пиво, за кое ќе треба да одвоите три евра. Вкупната должина на 16-те скијачки стази е над 75 километри, а цената на дневниот ски – билет чини 55 лева или околу 28 евра, па самите пресметајте дали е тоа скапо или евтино. Сепак ќе скијате на истите стази на кои скијала речиси целата светска елита во овој спорт, почнувајќи од Алберто Томба, Бојан Крижај, Херман Маер, Михаела Дорфмајстер, Ања Персон, Линдзи Вон…

    „Секој февруари светската ски елита ги испробува силите на патеката „Томба“, која името го добила по италијанската скијачка легенда Алберто Томба. Мештаните раскажуваат дека подготовката на стазата трае подолго од еден месец.“

    Од 2008 година во Банско се одржуваат натпревари во рамките на Светскиот куп во скијање – најпрестижното натпреварување во овој спорт. Секој февруари светската ски елита ги испробува силите на патеката „Томба“, која името го добила по италијанската скијачка легенда Алберто Томба. Мештаните раскажуваат дека подготовката на стазата трае подолго од еден месец. Ова е еден од најзначајните спортски настани во Бугарија, кој привлекува илјадници гледачи од земјата и од соседството.

    И на оние, кои не се по зимските спортови, нема да им биде здодевно. Во сите хотели има затворени или отворени базени, сауни, фитнес сали… Во Банско денес има околу 200 хотели, но сеуште интензивно се гради. Цените се различни и за еден полупансион се движат од 20 евра, па нагоре. Посебна атракција во Банско се популарните „механи“, гостилници во кои може да уживате во традиционални јадења и бугарска народна музика за прифатливи цени. Оние кои се расположени за поинаков вид забава можат да изберат помеѓу големиот број пабови, ноќни клубови и дискотеки.

    Посетителите од околните земји до Банско најчесто патуваат со автомобил. Од Скопје до Банско има околу 260 километри и се оди преку граничниот премин Деве Баир. Доколку не чекате на граница и временските услови се добри за возење, патувањето трае четири часа.

    Од Солун е малку поблиску и растојанието од 220 километри се минува за нешто повеќе од три часа. Туристите од Грција кон Банско патуваат преку граничниот премин Кулата. Од Истанбул до Банско има 573 километри и веројатно тоа е една од главните причини што таму речиси нема туристи од Турција. Посетителите од подалечните европски земји најчесто патуваат со авион до Софија, а потоа со автобус до Банско. Како и да патуваат, мислам дека сите си заминуваат со прекрасни спомени од скијачкиот центар, кој заслужено го доби епитетот „Скијачкиот дијамант на Источна Европа“ (The ski diamond of Eastern Europe).

    Мирко Трајановски

  • Продолжи да возиш, Дејане!

    Продолжи да возиш, Дејане!

    Интервју со Дејан Зафиров, човекот кој со велосипед извози 5.300 километри од Њујорк до Сан Франциско. Дејан пред пет и пол години ја изгубил левата нога и сега се движи со помош на протеза, но не ги заборавил своите соништа.

    Дејан на целта во Сан Франциско

    „Спортот не треба да биде пречка за лицата со физички недостаток…Физичкиот недостаток не треба да биде причина да заборавиме на нашите соништа”. Со оваа мисла младиот штипјанец Дејан Зафиров на 11-ти септември минатата година го започна големиот подвиг – со велосипед да извози од Источниот до Западниот брег на САД. Патешествието од Њујорк до Сан Франциско траеше точно два месеца. За, храброста, примерот што го дава на другите и успешно остварената цел, Зафиров доби признание од амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс. Сонот на Дејан почнал по кошмарот кој му се случил пред пет и пол години кога во несреќа при работа ја изгубил левата нога. Од тогаш се движи со помош на протеза. Хендикепот го мотивирал пред себе да ја постави целта: со велосипед да мине 24.000 километри на сите континенти. Од 2009 година до денес успеал да извози над 14.000 километри. Овој успех е поттик минатото лето да го организира првиот камп за млади луѓе со хендикеп, на кој тие имаат можност да спортуваат. „Всушност мојата главна цел е да ги поттикнам и да ги охрабрам тие млади луѓе да ги живеат своите соништа. Без тоа, моето возење би било залудно“, вели Зафиров во разговорот за Балкон 3. Ние силно го поддржуваме: „Продолжи да возиш, Дејане!“.

    Мирко Трајановски

  • Турски Ефес со грчки тренер атакува на успеси

    „Назначувањето на грчиот селектор како главен тренер на тимот од Анадолија претставува вртење на нова страна во турската кошарка, па и спортот воопшто, со оглед на  ривалитетот помеѓу овие две земји.“

    Турскиот  гигант, ‘ Анадолу Ефес ‘, доби нов тренер. Бордот на директори се реши коримилото да му го додели на досегашниот селектор на Грција и поранешен тренер на литвански Жалгирис, Илиас Зурос. Тој доаѓа на местото на Уфук Сариџа, кој не ги исполни очекувањата  на управата и навивачите. Амбициите на ‘ пиварите ‘ за оваа сезона беа поврзани најмалку со пласман на фајнл- форот, и за таа цел ростерот на тимот беше засилен со докажани кошаркари. Душко Савановиќ, Станко Бараќ, повратникот од НБА лигата, Саша Вујачиќ се само дел од имињата кои беа доведени.

    Дополнителен мотив кај сите во клубот претставуваше фактот дека финалниот турнир оваа сезона ке биде одигран од 11 до 13 Мај токму во Истанбул. Сега е јасно дека ‘ домаќинот ‘, нема да биде учесник на истиот. Како главен виновник е апострофиран Сариџа, па одлуката за негов отказ не ги зачуди навивачите.

    Она што предизвика негодување кај мал дел од навивачите на Ефес, е поставувањето на Зурос за нов главен тренер. Во историјата на турската кошарка, Илиас е само втор тренер кој доаѓа од Грција, но неговото доаѓање предизвикува многу поголемо внимание од она на Дикеулакос кој го предводеше женскиот тим на Фенербахче. Генералниот менаџер на Анадолу, Енгин Озерхун изјави дека сите во клубот се свесни за чекорот кој го превземаат. ‘ Резултатите не доведоа до оваа точка. Селекторот на Грција е и нов тренер на Ефес. Му посакуваме добредојде во Истанбул во име на сите искрени навивачи на нашиот тим ‘ – порача Озерхун.

    Назначувањето на грчиот селектор како главен тренер на тимот од Анадолија претставува вртење на нова страна во турската кошарка, па и спорт воопшто, со оглед на  ривалитетот помеѓу овие две земји. Прв приоритет на Зурос, како што тој самиот вели, ќе биде враќање на самодовербата кај играчите. ‘ Овој тим е создаван за големи дострели и поседува квалитет кој е кадарен за тоа. Тоа е првото што сите во клубот мораат да го сфатат, односно повторно да веруваат во тоа. Чест ми е да бидам дел од овој тим, и се надевам дека заедно ќе дојдеме до големи успеси ‘- соопшти Илиас Зурос.

    Дел од овој тим е и македонскиот репрезентативец Владо Илиевски, кој во моментов е позајмен во руски Локомотив. Пред него дресот на Ефес со голем упсех го носеше и поранешниот капитен на македонската селекција, Петар Наумовски. Зурос е тренер кој форсира силна игра во одбраната со брзи контранапади како главно оружје, па се очекува Илиевски да се вклопи добро во новиот мозаик. Во игра за Анадолу сеуште е пехарот во домашното првенство, и тоа е примарна цел на новиот тренер.

    Мислењата се поделени. Некои сметаат дека ова е вистинска одлука во вистински момент. Останатите мислат дека Зурос ќе се обиде да го вметне ‘ грчкиот стил ‘ на игра во околина која не е создадена за тоа. Но во едно се согласни сите. Спортот повторно покажува дека нема граници и предрасуди кога се бараат успеси. Ефес со новиот тренер го обновува проектот ‘ final four ‘, а останува да видиме како грчкиот селектор ке се снајде на ‘ жешката ‘ клупа на турскиот гигант..

    Александар Николовски

  • МУЛТИНАЦИОНАЛНИОТ ФУДБАЛСКИ ТИМ ОД КИПАР

    Вавилонска кула, но во која сите се разбираат. Го говорат јазикот на спортот. Десетина Бразилци, Парагваец, Белгиец, Португалец, грци, домашни играчи, предводени од Тричковски ги рушат стереотипите дека екипа составена од играчи од разни националности, но кои притоа не се носители на играта во своите репрезентации, не може да им парира на врвните европски екипи.

    Oваа година, и неутралните навивачи имаат кого да бодрат во Лигата на шампионите. Тоа е Апоел од Никозија. поради податокот дека ова е убедливо најслабиот (на хартија) и најевтин состав кој дотурка до оваа фаза, заземајќи го своето место меѓу џиновите Милан, Реал Мадрид, Барселона, минхенски Баерн.  Нападот на овој тим го предводи Иван Тричковски, играч кој воедно е дел и од македонскиот национален состав, а според сајтот “Transfermarkt” , вкупната вредност на кипарскиот тим изнесува тринаесет милиони евра. Сума којашто останатите тимови кои се наоѓаат меѓу најдобрите шеснаесет, ја издвојуваат за еден квалитетен играч.

    “Кипарското чудо”, како што го нарекуваат европските медиуми, е тим основан во продавница за баклави од страна на сопственикот и неколку гости во 1926 година, но денес претставува доказ дека и со скромен буџет можат да се постигнат врвни резултати. Вавилонска кула, но во која сите се разбираат. Го говорат јазикот на спортот. Десетина Бразилци, Парагваец, Белгиец, Португалец, Грци, домашни играчи, предводени од Тричковски ги рушат стереотипите дека екипа составена од играчи од разни националности, но кои притоа не се носители на играта во своите репрезентации, не може да им парира на врвните европски екипи. Напротив, во нивниот случај се покажува дека тоа ги прави посилни. Тимот од клупата го предводи српскиот стратег Иван Јовановиќ, кој по неколку кратки авантури на клупите на послаби екипи од Грција, се врати во екипата која ја предводеше од 2003-2005 година.

    Негова желба како што вели, била да создаде тим од најквалитетните тимски играчи кои клубот може да си дозволи да ги исплаќа. – ‘ Од седумнаесет странци колку што имаме во моментов, само на тројца, помеѓу кои и на Тричковски, им ги откупивме договорите. Останатите кои ги доведовме, беа или слободни играчи, или ги позајмивме ‘.

    Претседателот на Уефа, Мишел Платини, изјави дека правилото коешто токму тој го воведе, а се однесува на системот по кој им се олеснува патот на помалите тимови до групната фаза од ЛШ, се покажува како исправно благодарение на Апоел. ‘Мал тим, но со огромно срце ‘ – вели тој.

    Во вторникот загубија со 1-0 на гостувањето кај Олимпик Лион, но возвратниот натпревар кој ке се одигра на ГСП Арената во Никозија, веќе отсега е во центарот на вниманието на Кипар и во Грција. Дали фудбалскиот Давид ќе успее да го тресне Голијат останува да видиме. Јовановиќ најавува офанзива, Тричковски се надева на погодок, а 20000 продадени влезници се најава за одлична атмосфера.

    Александар Николовски

    За повеке информации за фудбалскиот тим на АПОЕЛ посетете го сајтот: www.apoel.net