Tag: Пакленица

  • Во Македонија се што расте е чудесно – Балкон3 интервју со Златко Гал

    Во Македонија се што расте е чудесно – Балкон3 интервју со Златко Гал

    „Да јадеш само интегрални житарици, некои зелени листови, да пиеш Евиан вода и трчаш 50 километри дневно. Ебати таквиот живот, не е тоа живот“ – Балкон3 интервју со Златко Гал, хрватски новинар, коментатор, еден од највлијателните рок критичари во Хрватска, легенда. Љубител на убавата храна и готвењето, убавината во едноставноста, па за оваа втора или прва страст (готвење па музика или музика па готвење) има напишано и повеќе книги, кои по правило, без разлика дали пишува за храна или музика стануваат бестселери во Хрватска.

    zlatko gal1

    Автор на повеќе книги од областа на музиката и готвењето, како Големата светска рок енциклопедија, Музички лексикон, Бродски кувар, Кушај и слушај, итн.  Главен адут на Балканот и на Македонија во светот на храната се чудесните зеленчуци, мирисот на доматот и пиперката се незаменливи, вели човекот страствен поклоник и изумител на стилот „Кушај и слушај“. Вели дека имал среќа, а ние не му противречиме.  И како не би имал, кога работата ти е секојдневно поврзана со квалитетна храна, добра музика, море, риба, вино.. „Да јадеш само интегрални житарици, некои зелени листови, да пиеш Евиан вода и трчаш 50 километри дневно. Е..ти таквиот живот, не е тоа живот“, е тоа е ставот на Златко Гал. Разговаравме по фестивалот за музички документарци во Стариград Пакленица, за храната, за музиката, за новите текови во новинарството, за нив како општествени феномени, за Балканот, за Македонија, за Хрватска, за Далмација..

    Музиката и храната се вашиот живот, тоа е она што го работите. Што го привлекува вашето внимание на тој план во последно време?

    Јас велам дека сум среќен, всушност .  Завршив историја на уметност и пишував некои петнаесет години и критика и аналитика паралелно. И всушност тој апарат на ликовна критика го пренесовме на рок ен ролот бидејќи тоа се работи на ист начин, односно на еден начин го форматиравме тој начин на пишување, за нешто што е наизглед  тривијално, но на јазикот кој го користи една уметничка дисциплина. Реков дека сум среќен човек, со едно формално образование, сите свои пороци, хобија и интереси  навистина ги живеам, еве веќе триесетина години.  Оваа година навршуваат 35 години во кои секоја недела објавувам барем една рецензија. Така што, тоа ме прави некој светски првак,бидејќи некои мои јунаци од Америка и Англија, големи критичари, веќе одамна не пишуваат како критичари, пишуваат големи воведници, стории, но веќе не пишуваат неделна музичка критика и не ја следат продукцијата.

    Гастрономијата, секако е мојата втора страст, ако музиката е прва, гастрономијата ми е втора страст, или може и обратно, зависи како се гледа. И тоа всушност логично се испреплете едно со друго. Јас првата книга на темата гастрономија ја објавив пред едно десетина години, сосема случајно. Од мрза не ги запишував сите тие рецепти кои ми паѓаа на памет, туку почнав  да фотографирам сам за да се сетам што сум готвел пред пар месеци и да правам само по некоја белешка како запис, во еден нотес, па ќе ставев некоја напомена… И така се собра толку многу материјал.. Така, тој прв кувар го напишав случајно, кога се собра толку многу материјал и фотографии, и мислев дека тоа нема кого да интересира, мислев десетина ако се продадат, ама ете се продадоа десетина илјади, па потоа дојде втората книга и третата и така одеше по ред. Паралелно со тоа пишував и книги за рок музиката и музичките феномени.

    Rock enciklopedija Gall

    Бидејќи сум роден 1954 година, само неколку месеци по снимањето на првиот албум во студио на Елвис Присли, ајде да кажеме службениот почеток на рокенролот. Така јас на 50 годишнината од рокенролот и за својот 50 роденден го објавив првото издание на „Големата светска рок енциклопедија“ , тоа беше некаде три и пол илјади картици текст. И таа енциклопедија на одреден начин се роди случајно, бидејќи јас си замислував дека по 30 години од тој стаж на критичар дека имам доста материјал да можам да напишам енциклопедија. И по година дена сфатив дека тоа е една крвава работа, но беше веќе глупо да се откажам, тоа е како кога еден пливач ќе дојде до пола пат и мора да плива до крај инаку ќе се удави. Така направив и јас и тоа пишување траеше три години и тоа секојдневна работа по осум часа. И ги нема тие пари на светот за кои тоа јас повторно би го направил, некој сега да ми понуди и јас да правам нешто слично. Но добро, тоа излезе, па излезе второ издание кое се продаде во 45 илјади примероци и потоа поминаа уште три-четири години и потоа за друг издавач, на нивна желба работев некои дополнувања, така што тука се направија некои книги кои одлично се продаваа, па тоа повлече некои други работи. Така тоа оди кај мене случајно повторно. Кога се правеше новиот речник на странски зборови во Хрватска, ново издание,  мене ме ангажираа за дефинирање на тие поими поврзани со поп културата, ликовната уметност, популарните феномени, рок, џез итн. И бидејќи не сум енциклопедист, или лексикограф јас не знам да пишувам кратки, скратени дефиниции, па јас онака сељачки за себе напишав поголеми дефиниции, по картица или картица и пол, па потоа ги кратев додека не дојдев до некои одредени дефиниции. Кога тоа излезе сфатив дека има некаде триста или четиристотини картици текст, јас дефинирав некои поими и во истовреме се роди тој Појмовник на популарна музика. Исто излегоа три изданија во последните две години во кои се обидов да дефинирам маса поими кои луѓето и оние внатре во струката речиси заборавиле што значат, како на пример што е бекбит, дефинирање на инструментите, како работи педал стил гитарата, што е тоа dub, е тоа two step, што е тоа електронска музика со сите тие жанрови.. и тоа исто така добро помина и тие книги уште доста добро се продаваат, и така јас од една страна пишував за гастрономија, од друга страна за рокенрол и еве тоа исполни некоја моја темелна желба, секако покрај секојдневното пишување, бидејќи јас сум во прв ред новинар.

    zlatko gal3

    Како ги коментирате се поприсутните ставови кај младите, како да се фалат со тоа да кажат дека не знаат да зготват, или знаат само јајца да испржат?

    Мислам дека тоа е глобален феномен, дека и денеска готвењето од една страна е фенси шменси, ептен hype, како маж да не знае да готви е исто како жена да каже, не дека не знае да смени осигурач, туку не знае да вклучи компјутер или свари кафе. Тука работите се сменија, мислам дека постои феномен кој е значително поширок. Во подоцната јапиевската фаза одеднаш се создадоа некои супер богати млади луѓе, кои кога дојдоа на прагот на 30 години сфатија дека е бесмислено да имаш 20, 30 или пар стотици милиони долари, а да јадеш само интегрални житарици, некои зелени листови, да пиеш Евиан вода и трчаш 50 километри дневно. Ебати таквиот живот, не е тоа живот. И тогаш полека, најпрво во Америка, повторно почна да се враќа, црвеното месо, вистинскиот стек, одлежан стек, блек ангус итн.. и некако повторно таа гастрономија, уживањето во гастрономијата, тој некаков хедонизам го замени тој испоснички минимализам животен на таа прва јапиевска генерација. Секако, тој феномен ќе го немаше без масовните медиуми и изобилствотро од гастрономски емисии, програми како 24 hours kitchen, во поново време или феноменот на Џејми Оливер, или локални емисии во поголемиот број земји, и денеска гастрономијата тоа е една топ тема, и исто кај нас и дури на сите простори кај нас тука има се и сешто, во еден плимен бран во кој има и нешто врвно, а сега пак има има и нешто што се шлепаат на овие помодни трендови.

    zlatko_gall_darko22_balkon3

    Каде се спојува медитеранската и ориенталната кујна, ние сме на таков простор, каде се допираат овие две познати кујни, кои се сличности, разлики?

    Мислам дека е невозможно кога се зборува за овие простори на поранешна Југославија да се направи цврста разлика. Ајде да речеме дека тука е границата  кога станува збор за поранешна Југославија некаде северозападна Хрватска и ридскиот дел од Словенија, тој дел е изложен на силно влијание на Медитеранот. Но во тој Медитеран има повторно се и сешто. Кога ќе кажат Медитеран обично луѓето мислат на оние црвено бели коцкасти чаршафи на масите, шише вино Кијанти (Chianti), и шпагети на маса, но тоа е помалиот дел од Медитеранот. Поголемиот дел од Медитеранот е всушност Западна Африка, односно целиот потег кој во суштина во гастрономска смисла е дел (изданок) од Ерменската кујна. Луѓето кои сериозно се занимаваат со феноменот на гастрономија велат дека Арменците се заслужни за се, а секако Турција ја прошириле. Тоа е големата Отоманска империја која под една капа ги донела и далекуисточните зачини и маслиновото масло и рибата и јагнешкото, и се она што чини некаква основа на гастрономијата и на овој дел од Медитеранскиот и од арапскиот дел, и во Грција, во Македонија, Далмација, Турција секако, тоа се се совршени зеленчуци од кои се прават различни варијанти, и кои се клучен сегмент на медитеранската кујна. Во Хрватска работите се можеби малку повеќеслојни затоа што на еден релативно мал простор се мешаат три главни цивилизациски влијанија. Од една страна е тој, реков, Отомански дел од Медитеранот, медитерански,   Второ е влијанието од Венеција, јас велам Венеција е таа инка на Медитеранот, некоја точка во која се наоѓаат сите можни влијанија, и француски, континентални европски и целиот медитеран поради трговијата. А Венеција пресудно влијаела врз Далмација, Далмација стотици години била дел Венеција. Сепак не е занемарливо и влијанието од Австроунгарија, тој континентален дел, кој донесува нешто свое, кога се зборува за Далматинската кујна таа е спој на медитеранска и турска компонента. И тоа е величенствено на толку мал простор да има толку многу различности. Еве кога зборуваме за Далмација, од место на место на еден остров има различни варијанти на тие некои автохтони јадења, а тие се повторно некое месо, говедско со маслиново масло, со домати.. И тоа епредност на сите овие простори. Повторно кога го гледате тој дел, Македонија, јужна Србија, Босна и Далмација, и Истра секако, а северозападна Хрватска нема толку влијание. Тоа е незамисливо како на еден мал простор има толку многу различна гастрономија, колку влијанија има, колку јадењата се посвоени и прилагодени на локални намирници и локални обичаи.. Тако што всушност, живееме на еден фасцинантен гастрономски простор, но како што е и вообичаено за нашите земји, за тоа не сме свесни, мора некој од надвор да дојде  и како нешто да ни покаже, ако и тогаш сфатиме што….

    zlatko gal_kniga_balkon3

    Ја познавате ли македонската кујна. Што сакате најмногу од македонската кујна. Не знам дали знаете но, кај нас најмногу се зборува за скара, поретко се знаат вистинските домашни и автохтони јадења..?

    Целата приказна  е во таа таканаречена ерменско либанско турска кујна, односно таа арапска кујна. По што е таа  во суштина позната? Значи не се јаде свинско, и тука голем дел од тие сувомеснати производи може да се тргнат, се јаде јагнешко,главно е тоа. И, веќе тука приказната со месото толку не штима, како што е за разлика од ова, приказната со француската кујна во која се јаде се што лета, ползи, оди на четири или две нозе, тие од се имаат направено гастрономија.. И што тогаш останува?

    Останува во суштина најдоброто кај македонската кујна а тоа се сензационалните зеленчуци. Значи, она што е број еден предност на Македонија е тоа што се што расте е чудесно.  И вкусовите и мирисите на тие домати и пиперки, мислам, јас би се давел во тој зеленчук. Зошто тој зеленчук е толку добар? Тоа повторно влече паралела, слична приказна со Далмација и островите на кои луѓето целосно заборавиле на овие зачини, самоникнати билки кои можат да се киселат, сушат, чуда да се прават со нив, се што расте во поле е извонредно, и тоа на нас некои Англичани Американци ни го откриваат повторно она се што сме заборавиле. Мислам дека тоа се случува на сите овие простори, и дека всушност онаму каде што сме најјаки, каде што сме свои, каде што имаме врвни намирници (производи), тука ние заостануваме, односно не го препознаваме тој квалитет. Денес секој може да нарача некој кувар, книга за готвење, секој хотел ако има доволно пари може да најми врвен шеф, но она што не може да го добие е да подготвува јадења од намирници кои растат кои се тука во тгвоето опкружување. Е тоа е она што е сензационално. Значи, на просторите како што е Македонија, slowcooking, slowfood,  би требало да биде нешто што е логично. Слоганот, кога Карло Петрини го почна слоуфуд прокетот, слоганот беше: „Нека патуваат луѓето, а не намирниците“. Зошто јас би јадел провансалска трева, зачини од провансалски треви во Далмација или во Загреб кога ние тука имаме , еве на ова поле тука, ќе ги набереме истите тие треви. Значи зошто би јадел пиперка од Холандија кога имаме домашна која е подобра и тука расте. Значи да се јаде тука, каде што таа расте. Ама ете, ние не сме толку паметни како овие другите и среќа наша е што ние не сме биле некоја голема земјоделска индустриска сила во Југославија така што нашата земја се уште не е затруена, постои домашно семе кое е далеку пдообро од се штои е создадено во лабораторија. Така што има шанси за нас, но ако сме доволно паметни тоа да го препознаеме. Тоа важи за сите земји од поранешна Југославија.

    gall18

    Да ве прашам сега како новинар за состојбите на Балканот, како субјективно ја доживувате објективната реалност со медиумите на екс  Ју просторот?

    Секако денеска е илузорно да сезборува за објективноста во медиумите, порано тука биле некои партиски комитети, денеска тоа се корпорациите. Значи во Хрватска сосема сигурно во медиумите можете да  го растурите, навредите, исплукате претседателот на државата, премиерот, претседателите на сите партии, но никој нема да се осмели да ги нападне претседателите на три-четири најмоќни корпорации. Медиумската слобода е релативен поим и мислам дека никаде во светот не попстојат апсолутно слободни медиуми, но она што е очигледно е дека не само кај нас туку во светот, новинарството е професија која се урива. Која овде е урната не само поради распадот на Југославија и поради распадот на еден систем, па потоа тие војни, тие срања кои се случуваа на сите нивоа, тие два милиони партии кои имаат едно заедничко, кој и да дојде на власт сака што попрво да испокраде, воопшто не е битно кој, што од каде е. И тоа е всушност нашата стварност. Но наша стварност е и тоа што новинарството како занает умре. Јас не знам дали се уште постоат редакции, зборувам за печатените медиууми, да речеме големите весници кои го имаат оној синџир без кој не можеа да функционираат медиумите. Имаше новинар, потоа некој редактор, па уредник, па лектор, па главен уредник, па потоа се одеше во печатница, па потоа тука имаше некој кој се викаше логичен читач, тоа се оние махери кои би фрлиле само еден поглед на страницата и би забележале каде е грешката. Постеше цел синџир кој проверуваше некоја грешка, некоја глупост, грешен потпис под некоја слика  да не излезе. Денеска тоа, кога зборуваме за занаетот,  го нема, денеска новинарството е апсолутно потценето, и мислам дека во тој корпоративен свет денеска, важи истото правило за кафани за самопослуги и за новинари. Секогаш ќе се најде некој што ќе го довлечеме од улица што ќе пишува за 100 евра. Бидејќи невработеноста е голема, квалитетот не е воопшто битен. Зошто некој да плаќа една две илјади евра кога може да плати некого од улица и да му плати 100 евра, па ако тој не чини ќе дојде друг, ќе дојдат други десет.

    zlatko_gal13_paklenica

    Како почна приказната со Филсмкиот фестивал во Стaриград Пакленица?

    Да, јас требаше да бидам и дел од жирито од првата година, ме повикаа Никша Братош и Чули (Адмир Чулумаревиќ, директор на фестивалот), но јас веќе имав договорено нешто некои хотели авиони, Берлин и така ја прескокнав првата година. Пакленица првенствено е една пријателска приказна. Сите луѓе кои се овде околу фестивалот во Пакленица се всушност пријатели, кои и инаку се дружат. Според мене, Пакленица е многу повеќе од дружење и пријателство но според мене токму таа компонента на дружење  и неформалност му дава шарм на Фестивалот. Тоа е единствен фестивал, без протокол, дури и во Мотовун има некој протокол, без црвени ќилими, иако се работи за сериозни режисери и луѓе кои се занимаваат со филмската продукција, музичките документарци. И она што всушност е шармантно е што овој фестивал е едно опуштено дружење, прилики да се видат некои сјајни филмови и луѓето меѓу себе да се дружат. Без некакви церемонијални протоколарни рамки и формалностии.

     

    zlatko_gall_darko44_balkon3

    Дарко Чекеровски

  • Балкон3 интервју со Горан Гајиќ, режисер на „Како пропадна рокенролот“ и „Ќе се вратат штрковите“

    Балкон3 интервју со Горан Гајиќ, режисер на „Како пропадна рокенролот“ и „Ќе се вратат штрковите“

    Have Gun – Will Travel! goran_gajic1_balkon3Горан, Филмот и музиката се ваш живот, всушност и нема ништо што би можело поблиску да ве опише. Па, како живеете?

    Лудо и брзо, хахаха   Живеам нормално, се е тоа нормално и тоа е дел од мојата работа, и тие две работи се многу сродни, така што што всушност и чинат една работа. Во филмот ужасно многу е важна музиката, односно еден од најважните елементи, па и филмот на музиката и носи некоја друга и трета димензија, и отвара уште некои врати, но музиката и филмот се тие два најдобри компањони кои постојат во животот.

    На која релација живеете, Америка, Европа, Балкан?

    Па јас цел свој живот сум фриленсер, односно работам кога имам одредена работа и што во Америка со филмски јазик на жанровскиот вестерн би рекле Have gun – will travel, што во секој момент човек мора да биде спремен да излезе од својот живот доколку таа работа не е врзана со местото во кое живеат. Како што тоа ужасно ретко ми се случува со мене, но и генерално со сите режисери да работат во едно место… Така што, мојот живот е патувања, едно два три пати годишно доаѓам во Европа и работам, тука беа „Штрковите…“, по нив работев малку реклами во Србија и тоа ми беше интересно, но и добар начин повторно да доаѓам over and over again..

    kako je propao r&r1_balkon3

    Колку години имавте кога го снимавте „Како пропадна рокенролот“, вашата приказна од овој филм?

    Па тоа беше за сите нас, и на Пезо и на Владимир Славица  и на мене дипломски филм, филм со кој дипломиравме и ја завршивме академијата, значи 1989 беше премиерата, 1988 го работевме, нешто повеќе од една година од како се случи таа смена во Авала филм, значи имав 26 години, хахаха..

    Што се случуваше тогаш, се сеќавате ли во какви услови се работеше филмот, какво беше опкружувањето?

    Па, атмосферата на снимањето беше одлична, работевме навистина со феноменална, професионална екипа, а тоа за нас дебитантите во тој момент беше од големо значење, оти тие ни даваа сигурност и не уверуваа дека се ќе биде во ред на крајот. Значи од таа професионална помош, па до тоа што имавме среќа да работиме со извонредни глумци на почетокот на нивните кариери.,… И така, за многу работи што се случуваа и на филмот, и со филмот после тоа , ние всушност не бевме свесни, но со времето се доби конотацијата, значењето, длабочината острината на тој филм..

    kako je propao rokenrol11_balkon3

    Се согласувате ли дека од една шега иронија, филмот стана потоа стварност, една страшна стварност…

    Да, да, да, ова, мислам тој филм можеби беше единствена шанса, за луѓето… да се запре таа работа, појава која токму тогаш беше на сам почеток и се подготвуваше.. Иако во тој момент не можам да се сетам точно како помина „Како пропадна рокенролот“ во кината, но таа цела варијанта беше многу и сега е многу присутна од сенка до сенка..

    Што ве привлекува денеска на Балканот, што ви го врти вниманието од музика, филм..

    Па јас сум од тука, и тоа се корените, без оглед на ситуацијата, и пред се пријателите, некој со кој сум израснал и на кој не треба многу да им се објаснува.. Многу време во Америка трошам во објаснување кој е кој, кој е што, од каде сум, што сум, што јас сакам, хахаха, тоа тука е далеку поедноставно.. Балканот исто така ги има и сите останати особини кои ужасно не нервираат, но кои на целата работа и даваат толку шарм и неодоливост, организација хаос, лудило, премногу алкохол, премногу тутун, хахаха,..

    Тоа е добро или лошо?

    Тоа е добро, тоа е добро, тоа е добро, хахаха

    vraticerode1_balkon3

    Ја работевте „Ќе се вратат штрковите“, страшно популарна серија која привлече разновидна публика, млади стари, рокери, народњаци.. каква е таа приказна?

    Па јас мислам дека и пријдовме на носталгијата.. поради тоа како почнав да работам на „Штрковите“, кога  Бјела (Драган Бјелогрлиќ) ми се јави и рече: Ајде дај нешто да работиме, и потоа повеќе од година дена го развивавме сценариото, но мене ми се чини дека клучна работа беше таа љубов која на некој начин ја издефинира.. не љубовта меѓу мене и Бјела, хахахаха,.. иако го  имаше и тоа, хахаха … Туку љубовта кон сето она што се овде случувало, кон луѓето, кон емоцијата, изгубените животи, кон изгубеното време, и јас мислам дека тоа е таа емотивна работа и одевме до крај во секоја смисла,.. Што се однесува до јазикот, веднаш ни приговараа дека премногу се пцуе.. и што се однесува до другите работи мислам дека тој еден чесен однос кон работатата донесе популарност.. И не само тоа, и фантастичниот перформанс на секој од глумците, неверојатни улоги направија во моментот кога издефиниравме што се работи и како се работи, после тоа се беше вистинско уживање, иако беше неверојатно физички тешко, бидејќи снимавме во релативно краток рок и со релативно тенок буџет.

    gacic_pezo_rasic_koja_balkon3

    Како почна вашата приказна со Филмскиот фестивал во Стариград Пакленица?

    Па, овде дојдов откако ме викнаа мене и Пезо (Зоран Пезо, режисер на првата од култните три приказни на „Како пропадна рок ен рол-от“), кој тука веќе е староседелец  и селектор на фестивалот, па се сетија и ја организираа таа јубилејна проекција 25 години од премиерата на „Како пропадна рок ен рол-от“. И самиот факт што ова е  се уште релативно мал  фестивал но со добра атмосфера и така специфично дефиниран, овој фестивал е фестивал на музичкиот филм кој опфаќа не само играни туку и документарни филмови и други форми.. Сето тоа многу ми се допадна, а и никогаш во животот не сум бил во Пакленица. Така ова беше прв пат и целосно сум фасциниран со националниот парк, карпите и тоа е навистина феноменално.

    Тука е сниман и Винету..

    Така е, Винету..Бидејќи живеам во Америка  (САД), кога на некого ќе го спомнам Винету, тие немаат поим за кого се работи, затоа што тие романи ги напиша Карл Мај, Германец, хахаха, кој никогаш не бил во Амереика, но можеше да напише одлична серија романи на кои јас израснав, ха ха ха..

    И глумецот Гојко Митиќ кој се прослави играјќи го Винету..

    Да секако и глумецот, и мислим навистина од таа страна овој простор е инспиративен, хахаха

    Ñ

    Кога последен пат сте биле во Македонија?

    Одамна, одамна, бев кога гостувавме со Весела телевизија, хахаха, а после тоа не бев ни на територијата на поранешна Југославија, повеќе од десет години откако отидов во Америка.

    Имате ли постојана врска со овие простори, што ве врзува?

    Имам, имам, како да не, пријатели, семејство, Мајка и брат што живеат во Загреб и сите останати таму, семејство во Белград, во Војводина..

    Во моментот што работите?

    Па во моментот имам неколку работи во различни фази. Напишав сценарио, всушност напишав роман по мое сценарио, хахахаха, тргнав по обратен пат, напишав сценарио и во еден момент изгледаше како да ќе се случи тој филм, и после си реков, чекај, што ако филмот не се случи, сакам тоа сепак на некој начин да остане и тоа да го кажам, да го изречам тоа што сакам да го кажам, и тогаш направив роман и почнав да пишувам.. И некако мислам дека се случи некоја добра чудна хемија повторно.. но ќе видиме..

    Извинете за моето незнаење, но како се вика тој роман?

    Не е објавен се уште. Не е објавен..

    А има ли некој работен наслов?

    Има, има се вика „Јас го носам твоето знаме“.

    Ух..

    Хахахахахаха…

    Зад насловот може сешто да се крие..

    Па тоа е, ова… роман што зборува за тоа што јас мислам дека е единствената надеж за некој напредок на човековото општество и оваа планета.. Бидејќи немаме далеку дотуркано за овие две три илјади години, колку што водиме сметка за времето, хахаха.. се работи всушност за борбата за лична слобода, и тој роман, приквел на војната во Југославија , на некој начин суштински објаснува зошто таа војна беше можна.

    gajic_furlan_balkon3

    Ваша сопруга е Мира Фурлан, не треба посебно да се претставува легенда на ЈУ филмот, со голема меѓународна кариера, имате и син..

    Имаме  син кој се вика Марко, има 15 и пол години, сака музика, компонира постојано, свири клавир, прави бит, соработува со разни рапери и тоа е единствено што во овој  момент го интересира, и мислам дека за сега ќе се занимава со таа работа. Во моментот бидејќи има 15 и пол години се наоѓа среде полагање возачки испит (се смее).

    А, да таму може со 16 години да се вози..

    Со 16 може да вози, да..

    Тоа само локал или..

    Не, не, може да вози секаде, само да има некој возрасен во колата.. иако по некој пат и ги пуштаат:)

    mira-furlan-e1320927681910

    Мира ја гледавме во мегапопуларната Лост, на што работи сега?

    Во моментот ја заврши првата од серијата шест филмови кои се викаат Space command, повторно science fiction жанр, во кој таа стана толку популарна, прво поради серијата Бабилон 5, која е култна science fiction серија, а потоа поради Лост, која е на границата на science fiction или некоја fantasy или како би можеле да го нарачеме или жанровски да го дефинираме.. Таа исто така пишува, напиша театарска пиеса, која се вика „Додека смртта не не раздвои“, и направена е претстава која ја режираше Мики Манојловиќ, и која што се игра во Белград, гостуваше во Загреб со голем успех, се надевам дека ќе гостуваат и во Скопје. Тоа е мала претстава со четири глумци, Мики Манојловиќ и три актерки, млади актерки. Пред тоа, напиша книга есеи за Америка која се вика „Тотална Распродажба“, и сега пишува исто така нова книга.

    MICHAEL EMERSON, MIRA FURLAN

    Да, да, се, само уметност не недостасува во вашето семејство, хахаха

    Хахаха, па да, се бориме колку можеме, еве можеби ја видовде и мојата книга „Холивуд и ја“, која зборува за тоа дека без оглед колку и да се обидуваат да не замолчат или игнорираат, и да не постоиме, човек некако мора, мора, мора, да се бори и да најде начин сам да направи нешто, ако не може нешто што чини многу пари, може да седне зад компјутер и да пишува, а ако нема компјутер, тогаш на парче хартија, баш како и Вие (се смее).

    Хахаха, Горане благодарам многу, навистина ми беше големо задоволство

    Благодарам и на вас, благодарам и секое добро и голем поздрав, многу сакам да дојдам во Скопје и во Македонија.

    Дарко Чекеровски

  • КИНО ПОД ЅВЕЗДИТЕ

    Балкон3 на Филмскиот фестивал во Стариград Пакленица, местото каде моќниот Велебит влегува во морето

    paklenica svetlo1Секое мое патување во Хрватска е приказна за себе. Најчесто одбирам места на кои никогаш не сум била и тргнувам без очекувања, едноставно бидејќи сакам да се изненадам од единственоста што секое место си ја носи за себе и со себе, пријатна или не. И овој пат беше така.nacionalni park paklenicaЗа Starigrad Paklenica Film Festival знаев одамна, но оваа година конечно се намести сложувалката да бидам дел од ова меѓународно збиднување единствено од овој тип во светот  – фестивал на музички документарен филм.

    Стариград Пакленица е местото каде моќниот Велебит влегува во море. А на две места, кањоните Голема и Мала Пакленица, природата дозволила границата меѓу планината и морето да се измеша во ‘пеколна’ убавина. Самите кањони се рај за алпинисти, планинари и секаков вид љубители на помалку или повеќе екстремни спортови. А по напорните искачувања и уживањето во височините, симпатичното местенце ви овозможува гушкање со морето на повеќе убави места… Кој како љуби – на карпи, на песок, на уредени плажи.paklenica otvorenoПакленица ми беше еден од дел од Хрватското приморје каде не сум била и тоа беше предизвик само по себе, а спојот со музиката и филмот ми се чинеше како идеална околина да запознаеш едно парче од рајот на земјава. И не згрешив…

    Тимот на SPFF не можел да одбере подобро место за да ги спои музиката и филмот во прекрасна симбиоза со природата. Чинам дека немаше посетител кој не беше оставен без здив. Некој од исклучително квалитетниот избор на филмови кои земаа учество на фестивалот проектирани во магичните кина под ѕвезди, некој од концертите кои се одржуваа под ѕвезденото небо на Мала Пакленица, некои од храната, некој… Но сите заедно од прекрасната енергија за време на дружбите на сите учесници. Како да сме едно, како е да Пакленица центарот на светот.paklenica play it samКако што кажа директорот на фестивалот Адмир Чулумаревиќ во интервјуто за Вечерњи лист, најголемото богатство на фестивалот беа луѓето. Сите ние се споивме на посебен начин. Начин кој за секогаш го смени нашиот поглед на музиката, филмот и двете заедно споени во овој жанр.

    На фестивалот бевме 6 дена, но на крајот се чувствувавме како да сме таму кој знае од кога, споени во една компактна маса од љубители на убавини, поврзани со планината, морето, музиката и филмот. Самите проекции се одвиваа во трите кина кои секој ден за нас ги подготвуваше тимот на SPFF, по едно во кањоните на Мала и Голема Пакленица, а како новитет од минатите изданија на фестивалот беше киното на плажа.

    paklenica denski decko paklenica jadenjeОд 148 пријавени филмови на фестивалот, селекторот Зоран Пезо ни овозможи да уживаме во 28 наслови. 22 филмови се натпреваруваа за награди, по 11 долгометражни и кратки музички документарци. 4 филмови погледнавме во рамките на Словенечката недела, бидејки Словенија беше земја партнер на фестивалот оваа година. А како бонус, надвор од конкуренција погледнавме уште 2 филма. И ако некој ме праша да одвојам кој филм најмногу ми се допадна, ќе речам дека во овој жанр, тоа е многу тешко, посебно за љубители на добра музика и филм. Секој наслов си носеше приказна за себе, раскажана на посебен  начин, онака како што раскажувачот тоа го видел.paklenica svetloSearching for Sugarmen (SWE, Malik Bendjelloul) низ солзи и смеа не’ прошета од едниот на другиот крај на светот, во една сосема откачена приказна со непредвидлив крај.

    Marley (USA, Kevin McDonald) биографска сторија за Bob Marley раскажана од неговите најблиски, во негов манир – весело и полно со позитивна енергија која тој така умешно знаеше да ја сподели низ своите песни. Hugh Laurie: Down by the river (UK, John Paul Davidson) не’ запозна со музичката страна на познатиот актер (Dr. House) преку неговото патешествие низ Америка, по трагите на неговиот омилен музичар. 60 минути музика за почит. Шабан (СРБ, Милош Стојановиќ) неизбежен балкански зачин на атмосферата на фестивалот со приказната за Шабан Бајрамовиќ. До солзи се смеевме и уживавме во единственоста на овој балкански блузер чии песни се длабоко врежани во нашите генетски кодови.paklenica denski frajleОва се само неколку наслови, а ги погледнавме и Fredie Mercury: The Great Pretender, Hrvatska rapsodija: Maksim Mrvica, Coldplay, Supersonic: Tribute to Sun Ra, Martino Unstrung, Damir Avdić: Pravi Čovjek za Kapitalizam и Marko Brecelj: Priletni parazit, ali kdo je Marko Brecelj.

    Во конкуренција на кратки филмови погледнавме една широка лепеза на кратки приказни од сите страни на светот исполнети со многу музички жанрови, но и приказни за изработувачи на гитари, за колекционери на грамофонски плочи… за луѓе кои едноставно живеат за и со музиката. На листата на прикажани филмови беа Klapa Cambi: Piva klapa Kornelija, Fink: Warm Shadow, Music Man Murray, Za sve je kriv Earl Jones, Randy Parsons: American Luthier, Northern Haze: Living the Dream, Why Amsterdam, Big Bang Percussion, Rosario, Sedam Tamburaša čika Marka и All Hail the Beat.middle ageСепак, и покрај многуте одлични филмови кои беа во конкуренцијата за награди, жирито мораше да додели награди на 6 од нив: две награди Special Mention од стручното жири за филмовите Шабан (СРБ, Милош Стојановиќ) и Music Man Murray (USA, Richard Parks) и 4 од публика за филмовите  Klapa Cambi: Piva klapa Kornelija (CRO, Sandra Polić Živković),  Marko Brecelj: Priletni parazit, ali kdo je Marko Brecelj (SLO, Janez Burger), Martino Unstrung (UK, Ian Knox)  и апсолутниот победник на фестивалот Searching for Sugarmen (SWE, Malik Bendjelloul).

    Словенечките автори се претставија со Otroci Socijalizma, Toše – The Hardest Thing, Vlada и Jan Plestenjak: Priznam. А музичко-филмскиот колаж надвор од конкуренција го дополнија Nick Cave: Road to god knows where и Jazz Apartman.paklenica uliСо еден дел од режисерите, продуцентите и ликовите од филмовите имавме можност да се дружиме во рамките на прес конференциите и работилниците и од нив да научиме од поблиску за создавањето на овие филмови, да научиме дека овој жанр нуди една огромна слобода на изразување, широк дијапазон на теми и приказни и што е најважно, многу, многу музика.

    Така поминавме корисно време со Andy Markowitz (UK) еден од основачите на MusicFilmWeb.com најголемиот online извор посветен на информации и критики за музички документарни филмови, Thomas Norgaard (DK) млади и иновативни продуценти на филмот за Pearl Jam, Rada Sesic (NL) креатор на програми и селектор на многу филмски фестивали, предавач на Master of Film во Холандија и претседател на жирито, Uli Schueppel (GER) режисерот на филмот Nick Cave: Road to god knows where и Marko Brecelj, главниот лик во филмот Marko Brecelj: Priletni parazit, ali kdo je Marko Brecelj.paklenica zurkaПосебна енергија на фестивалот донесе рубриката Film&Food во рамките на која сите заедно се дружевме во филмскиот центар, а дел од познатите учесници готвеа за нас. Не ретко овие дружења завршуваа со гитара и песни од сите страни на светот.

    А пак ноќите беа резервирани за концерти и ДЈ сетови во просторот на Мала Пакленица. Тешко се доловува атмосферата која беше секоја вечер посебна на свој начин. Дарко Рундек и неговото Карго Трио не’ дигнаа на нозе и сите во еден глас пеевме. Тамбурашите не прошетаа низ сите простори на поранешна Југославија.rundekЌе заклучам дека организаторот успеа да ни ги задоволи сите сетила… Гледавме ѕвезди под ѕвездите, уживавме во прекрасна музика, мирисавме море и јадевме прекрасна храна.

    За крај, ќе го цитирам Wim Wenders со мисла со која и претседатлеката на жирито Рада Шешиќ ја заврши својата работилница: “Кога одите во кино, мора да дојдете како една личност, а да излезете како друга. Филмот мора да ве допре, смени…”

    Starigrad Paklenica Film Festival сосема ја исполни оваа мисија. Се гледаме догодина пак!

    Анита Палческа

     

  • Фестивал каде се среќаваат филмот, музиката, морето и планините

    Интервју со Адмир Чулумаревиќ, директор и основач на фестивалот

    Адмир Чулумаревиќ, Никша Братош и Саша Лошиќ

    Во последните 3 години, националниот парк Пакленица во Хрватска, на падините на планината Велебит, е домаќин на филмски фестивал кој се нарекува Стариград Пакленица Филмски Фестивал. Тоа е фестивал чија програма е насочена кон музички документарци славејќи ја музиката и културите од сите страни на светот. Секој август, фестивалот дочекува уметници,  режисери кои дале свој допринос во овој жанр и оваа година не е исклучок со многу нови документарци за прикажување. За фестивалот зборувавме со неговиот основач и генерален директор Адмир Чулумаревиќ.

    Како дојдовте на идеја да го започенете фестивалот СПФФ кој е наменет склучиво на музички документарни филмови?

    Слободно можам да кажам дека можеби малку ги лечев своите детски фрустрации, ха, ха. Мислам дека сите ние кои го сакаме филмот и музиката, барем еднаш во животот сме биле воодушевени кога на филмското платно или на тв екраните сме ги гледале некои од нашите музички идоли во некои потполно невообичаени ситуации, дали дома или во други животни ситуации во кои немаме можност да ги видиме толку често. Посебно ме воодушевуваше фактот дека филмаџиите ја искористиле можноста и направиле филмот за некоја музичка ѕвезда да ја добие и онаа потребната политичка, културолошка, па и социјална димензија. Тоа се одлични филмови и причината е едноставна.

    Стинг на доделувањето на наградата

    Фестивалот се случува на егзотични локации на планината Велебит, кој е всушност познат центар за планинарење.

    Да, Велебит и Стариград Пакленица се одличен избор за локација. Всушност, малку е заборавено деа тука некогаш бил сниман огромен број филмови. Серијалот и филмовите за Винету, потоа Кирк Даглас тука го снимал Вагабундо, Ричард Бартон снимал делови од Сутјеска, Омар Шариф, многу партизански епопеи и копродукции кои ги правел Јадран Филм. Воглавно, од филмска страна, тоа е локација чија филмска традиција мора да се почитува и продолжи. Од друга страна, величествениот амбиентот на Велебит и кањонот на Пакленица каде ги сместивме кината се наоѓаат на само пар стотина метри од плажата, што гарантира уживање за сите, за гледачите, но и за гостите на СПФФ. Тоа едноставно мора да се види.

    Кои се предностите но и недостатоците кога еден ваков профилиран фестивал се случува на такви локации, а кои не се во еден голем центар како што е Загреб?

    Па би рекол дека скоро да нема недостатоци, освен скапото гориво, но Пакленица е близу до Загреб и тоа не ни претставува голем проблем. Тоа е продукциски тешка работа и полесно би било ако се реализира во Загреб, но од друга страна, сметам дека во Хрватска мораме да развиваме културен туризам што е можно повеќе и мислам дека за тоа даваме придонес баш поради тоа што го правиме СПФФ во Стара Пакленица. Тука е секако важен и фактот дека Стариград Пакленица е мало место и дека сите сме некако осудени едни на други на прекрасни дружења и пријателства бидејќи тука публиката доаѓа и си заминува од проекцијата скоро рака под рака со оскаровци и со своите омилени ликови кои до пред малку ги гледале на филмското платно.

    Оскаровецот Роџер Рос
    Зоран Пезо, Зоран Предин и Brian Rasic

    Каков беше одзивот на луѓето за овој вид на филмови?

    Музичкиот документарец стана жанр кој доживува голема експанзија. Пред нас стоеше задача додатно да го промовираме и мислам дека во тоа успеваме бидејќи од година во година имам се повеќе посетители во преубавите кина во Пакленица. Убаво е да се види дека и луѓето од регионот, од околните земји доаѓаат во Пакленица да гледаат филмови. Луѓето често се изненадуваат од квалитетот на покажаното, има тука и солзи и многу смеење, забава, бидејќи сето тоа напросто можете да го најдете и во филмовите од овој жанр.

    Кои се критериумите по кои се избираат филмовите?

    Селекторот Зоран Пезо, кој е режисер на еден од култните филмови од бившата кинематографија „Како пропадна рокенролот„, мојата маленкост и големиот продуцент Никша Братош , се стремиме филмската програма да биде пред се квалитетна и атрактивна. Пезо добива се повеќе и повеќе материјал од сите страни од светот, а оваа година за првпат добивме филм од Австралија, нешто на што сме посебно горди бидејќи тоа беше единствениот континент од кој до сега немавме пријавен филм.

    Каква е продукцијата на музички документарни филмови од просторите на некогашна Југославија?

    На овие наши простори дефинитивно секогаш нешто се случува. Секојдневно се уверуваме во тоа. Секоја година до сега имавме можност да видиме барем еден одличен филм од просторот на некогашната држава, што само потврдува дека ова подрачје е богато со талентирани и креативни луѓе. Тука има многу етаблирани филмаџии кои се бават со овој жанр, ете ќе го споменам Пјер Жалица, кој минатата година ја доби наградата Мала Пакленица за најдобар филм по избор на публиката. Ние доиваме филмови од целиот регион, од Словенија па до Македонија, што само го потврдува она претходно што го кажав дека е ова простор за посебно талентирани и духовити луѓе.

    Што ќе има на репертоарот оваа година?

    Посетителите ќе имаат можност да видат филмови од едни од најголемите режисери денес – Скорсезе, Дејвис Гугенхајм, потоа филмови за едни од најголемите бендови во историјата на музиката. Имаме и богат музички програм каде ќе настапи и Влатко Стефановски. Севкупниот програм е достапен на www.spff.hr. Ќе бидат присутни и некои од протагонистите од овие филмови. Како и да е, сигурно е дека програмата на 3 SPFF 2012 е еден од најатрактивните филмски случувања на овие простори. Ве поканувам Вас и вашите читатели да се уверите во тоа на лице место.