Tag: работнички права

  • ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: Пристојната работа е човеково право, а не прашање на лотарија

    ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: Пристојната работа е човеково право, а не прашање на лотарија

    ЗЕМЈА ЗА СПОРЕДБА: АВСТРИЈА

    Сите знаеме по некоја работничка приказна. За лошите работни услови. Малите и нередовни плати. Ризиците по животот и здравјето. Несигурноста на работното место. Стравот од лесна заменливост што ги натерал многумина, во борбата за егзистенција, да го прифатат неприфатливото.

    Излезот може да се најде само преку самоорганизирање на работната сила и преку посилен ангажман на институциите за заштита на трудот. Пристојното работно место не може да биде прашање на лотарија. Мора да биде човеково право.

    Благоја Ралповски, Конфедерација на слободни синдикати: Работниците во трудо-интензивните дејности и уште некои одредени сектори работат под стрес. Значи работат во страв дека ќе го изгубат своето работно место и дека не можат да го преживеат месецот што следува и дека немаат пари за да водат судски рочишта кои што траат многу долгу и чинат многу.

    Постојаните и неказнети прекршувања на работничките права го одбележаа периодот што го нарекуваме транзиција. Премин од еден систем во друг. Фактот дека тие се уште траат, не тера да зборуваме за вечна транзиција. Постојан премин со непрекинат лов во матно, во кој правилата и важат и не важат. Како кај Шредингер.

    „Дали личиме на ЕУ“ е прашање што по својата важност го надминува прашањето дали и кога ќе станеме членка на ЕУ. Тоа е прашање на можности и стандарди што овозможуваат подобар живот. На ангажманот на државните институции и на општеството во градењето подобро утре. Европа не треба да ја гледаме како симбол на совршенство, туку како симбол на желбата за усовршување. На желбата секој да ги ужива своите фундаментални права.

    ДЕЛ 1: Аномалии во системот или систем на аномалии

    • Преговарање и колективни договори
    • Достоинствени, здрави и безбедни работни услови
    • Заштита од неоправдано губење на работното место
    • Признаени како фундаментални права во Европската унија

    Филип Нелковски, поранешен жител на Австрија: Законската рамка и во Австрија и во Македонија обезбедува еднакви услови за сите вработени. Меѓутоа, проблемот е во имплементација на законот. Тука нели постојат крупни разлики.

    По седум години професионален престој во Австрија како дел од Инвест-Македонија, средби со австриски и со македонски стопанственици, работници, доселеници, Филип Нелковски извлекува едноставен заклучок. Тоа што кај нас постои формално, на само 800 километри северозападно од нас функционира во реалноста. Не е беспрекорно, има случаи на прекршувања и на дискриминација, но има и една клучна разлика.

    Филип Нелковски, поранешен жител на Австрија: Луѓето се охрабуват да ги пријават тие случаи доколку ги има. И едноставно свеста на работодавачите таму е различна од свеста на работодавачите кај нас. 

    Свеста и перцепцијата се дежурни виновници за многу наши проблеми. Штета што не можеме да ги уапсиме и да ги казниме. Но свеста е производ на реалните услови во кои што се развива.  Едно е да се зборува за инциденти со дискриминација врз работниците и со прекршување на нивните права. Сосема друго е кога тие појави стануваат основно градиво на системот. Такви не стануваат поради свеста, туку поради феноменот наречен овозможувачки околности.

    Кристина Ампева, Гласен Текстилец: Вие треба да имате огромна храброст и да немате страв од законите, институците за да кажете дека еден работник сам си го напишал спогодбениот отказ. А работниците сведочат дека воопшто не ставиле никаков потпис .

    Отсекогаш е јасно каде лежи најголемиот проблем со непочитувањето на работничките права. Онаму каде што заменливоста е најголема поради ниската потреба од квалификации и поради заситеноста на пазарот создадена од децениите на голема невработеност.

    Благоја Ралповски, Конфедерација на слободни синдикати: Тоа се ретки гранки каде што нема заменливост на работниците, таму каде што се дефицитарни. Тоа е ИТ секторот и можам да кажам, тоа е еден од ретките сектори во кој што нема заменливост на работниците. Но во другите гранки каде што има и особено во сензитивните гранки во трудо-интензивните дејности е многу голема и честа таа појава. Тука се чевларската дејност, текстилната дејност, но може да има заменливост и во делот на јавниот сектор.

    Одвреме навреме некој ќе рече, директно или индиректно – кој им е виновен што не станале Ај-Ти инженери туку шивачи, градежници, чистачи. Или ќе образложи дека не може да има повисок стандард ако квалитетот на кадарот остане низок.

    Ангел Димитров, Здружение на работодавачи: Се до дека има ваква структура, со ниска технологија, со ниска додадена вредност, не можеме да направиме голем исчекор во пораст на платитите и стандардот на луѓето. Затоа што една софистицирана машина која вреди милион евра може да замени 100 роботника и нормално да ја управуваат само еден или двајца луѓе. Додека, ако немате пар, милион евра да купите таква машина и купите 100 машини по 1000 евра, нормално дека ќе има ниска продуктивност, ниски плати и низок стандард на граѓаните .

    Она што често се заборава е дека додека машините не станат подостапни и не ги заменат луѓето целосно, некој ќе мора да ги извршува и овие професии. Не само за луѓето да имаат вработување, туку затоа што нивните услуги ни се потребни на сите нас.

    Мартина Шнелер, синдикат Про-Ге, Австрија: За време на пандемијата се покажа дека оние индустрии како текстилната, градежната, прехранбената и земјоделската се ниско платени гранки во Австрија. Но овие работници се важни за системот и за време на пандемијата токму тие го одржуваа системот во движење. Но, ситуацијата е таква што има висока побарувачка за работници во овој сектор, ама платите се ниски и работните услови понекогаш се прекарни, па овие работници иако не се заменливи сепак се под притисок.

    ДЕЛ 2: Формула за маѓепсаниот круг

    • Над 70 отсто и од вработените и од невработените се со средно или со пониско образование
    • Со години, над 70 отсто изнесува и долгорочната невработеност
    • Од 150 илјади невработени, многумина би прифатиле работа под какви било услови
    • Тоа никогаш не е добро за исполнувањето на работничките права

    Благоја Ралповски, Конфедерација на слободни синдикати: Кога е помала невработеноста тогаш берзата на трудот е постабилна, тогаш поретко се наоѓат квалификувани работници. Но очигледно, еве, немаме среќа ни како држава ни како работници, во овој период да го надминеме тој момемент и да дојдеме до една стапка на невработеност под 10% каде што само по себе би требало да исчезне таа заменливост за работниците во државата.

    Пазарната логика отсекогаш била едноставна. Работните места се посигурни кога нема доволно слободни работници на пазарот на трудот. Историската логика, пак, кажува нешто сосема друго. Четириесетчасовната работна недела, осигурувањето, зголемувањето на безбедноста, заштитата од неоправдано отпуштање – сите тие биле изборени со самоорганизирање и со отпор, а потоа заштитени со закони.

    По правило, надмоќта на пазарот на трудот секогаш била на страната на сопствениците на бизниси.  За да се заштити егзистенцијата и достоинството на работниците, воведен е концептот на работнички права. Тие се регулираат со закони и со правила, како и со колективни договори, а се заштитуваат со институции. Нашите институции тврдат дека законите штитат од лесната заменливост на работниот кадар и не дискриминираат, без разлика дали станува збор за повисоко или пониско квалификуван кадар.

    Оливера Лазаревска, Државен инспекторат за труд: Исти се условите во законот. Работодавачот може да го откаже договорот за вработување само на начин и под услови утврдени со закон и колективен договор и само во случај на основана причина за отказот. Отказот на работникот кој директно или индиректно ќе го стави во положба да биде исто дискриминиран, е ништовен.

    Доаѓаме до уште една ситуација во која сите делови се поставени како што треба, но не функционираат. И повторно се обидуваме да утврдиме дали е постара кокошката или јајцето.

    Ангел Димитров, Здружение на работодавачи: За жал, на ниво на компании се уште имаме малку колективни договори, значи дека не постои дијалог или воопшто не постојат организирани синдикални организации, за да може работодавачот и таа синдикална организација заедно да седнат и да разговарат. Проблем е и тоа колку се почитуваат тие како партнери меѓу себе, колку има разбирање за туѓите пробеми и колку се спремни да прават компромиси. Тоа резултура со тоа што имаме малку колективни договори во Македонија.

    Благоја Ралповски, Конфедерација на слободни синдикати: Лесното уценување на работниците, лесното заплашување на работниците и лесното кршење на работничките права води кон тоа работниците да не можат да се организират во синдикати. Едноставно им е страв да се организират затоа што сите ние имаме семејства и ако тоа е основен извор на егзистенција на тие сиромашни работници кои што имат трошоци па имаат и кредити и не можат да навлезат во прана битка што чини и можат да влезат во големи проблеми.

    Има ли формула за излез од маѓепсаниот круг? Секогаш има. Само треба да погледнеме наоколу и да видиме што прават другите, кои што не се во тој круг.

    Мартина Шнелер: Во Австрија имаме специфична ситуација бидејќи сите работодавачи од еден сектор, без разлика колку вработени имаат или колку се големи, треба да бидат членови на Асоцијацијата на работодавачите. Како резултат на тоа, секој работодавач мора да примени колективен договор. Значи ако во одреден сектор има постигнат колективен договор, сите работодавачи мора да го применат. Затоа стапката на покриеност во Австрија со колективни договори е многу висока. Повеќе од 98 проценти од сите вработени се покриени со колективни договори.

    Синдикатот Про-Ге е еден од најголемите во Австрија, со 235 илјади членови и ги покрива индустриите за хемиски производи, хартија, стакло, масло, земјоделски производи, привремена работа, текстил, рударство, електрика и електроника, нафта и гас, енергија, луксузни стоки, кожа, метал, исхрана и други. Како постигнале 98 отсто покриеност? Склучуваат по 140 договори годишно и активно го следат почитувањето. Социјалниот дијалог е силен и државата ретко кога има потреба да интервенира. Но секогаш е подготвена ако треба да се вклучи.

    Мартина Шнелер: За време на пандемијата социјалните партнери – работодавачите, синдикатите и владините претставници, властите, испреговараа краткорочни работни шеми. Ова беше многу важно за време на кризата, за да се избегне поголема невработеност.

    ДЕЛ 3: Штета за сите

    • Има добри причини зошто проблемот со работничките права не е индивидуален
    • Проблемите со текстилната индустрија не се само на текстилните работници
    • Проблемите со градежната индустрија не се само на градежните работници
    • Проблемите со администрацијата не се само на чиновниците
    • Ако едни прифатат непочитување на правата, се поставува стандард што ќе важи за сите други

    Освен што имаат големи и силни синдикати, во Австрија имаат и здруженија што ги штитат правата на сезонските работници што доаѓаат да работат од Балканот или од Источна Европа.

    Мартина Шнелер: Мигрантските работници се под поголем притисок и понекогаш се чувствуваат беспомошни бидејќи не знаат дека можат да добијат поддршка од австриските национални организации.

    Замислете – одите далеку од дома за да берете плодови, да работите на градилиште или да помогнете во туристичката сезона, и може да ве пречекаат луѓето како Кордула Фоч од организацијата Сезионери. Ќе ве подучат какви права имате, што смее и што не смее да бара од вас работодавачот.

    Кордула Фоч, здружение Сезионери: Еден важен дел е да ги информираме луѓето за нивните права. Па одиме во полињата, одиме во стаклениците и дистрибуираме материјали на различните јазици што ги зборат луѓето. Имаме информативни материјали за нивните права, како основни работи, но само за да ги запознаеме, а исто така имаат и контакт таму за да се јават ако се во неволја, на нивниот мајчин јазик.

    Не го прават тоа само од добротворни причини. Со помагањето на незаштитените работници од надвор, тие ги штитат и интересите на австриското општество и на австриската работничка класа.

    Кордула Фоч, здружение Сезионери: Да се направи нешто против надолната спирала на негативна конкуренција меѓу работниците, бидејќи знам дека секогаш има работници што би работеле под полоши услови, со што е потешко да се држи стандардот високо, генерално.

    Ова не е појава што ги засега само сезонските работници. Една од многуте категории македонски иселеници во Австрија се квалификуваните луѓе што заминале за подобри можности во иднина, по цена на полоши услови денес. Тоа може да донесе штета и на двете држави, оценува Ѓорѓи Филипов, долгогодишен македонски дипломат во повеќе европски земји, денес стопанственик во Виена.

    Ѓорѓи Филипов, поранешен амбасадор во Австрија: Се образовале во Македонија, за нив е вложено наши средства таму да се образоваат, почнале да работат, ги стекнале првите искуства и доаѓаат овде веќе како со соодветно искуство и почнуваат одма да работат, за малку пониска плата отколку што би ја примале да биле овде завршени, да биле Австријци, се уште не го познаваат јазикот, најчесто зборуваат англиски, и тој период на адаптирање трае од три би рекол до пет години.

    Се чини дека формулата е едноставна. За висока реализација на работничките права се потребни работници што си ги знаат правата, организации способни да се борат за нивното остварување и институции подготвени да ги заштитат. Сето тоа заедно, бидејќи одвоено елементите не можат да ја дадат истата вредност.  Еден елемент имаме – свест кај работниците.

    Австриските искуства не учат дека состојбата со работничките права не може да стои во место. Ако нема силни ангажмани за тие да се подобруваат, се активира надолната спирала во која постојано има работници што би прифатиле полоши и полоши услови, работодавачите би биле среќни со тоа, а властите би го игнорирале проблемот. Всушност тоа го имавме научено и самите, од сопствените искуства.

    Кристина Ампева, Гласен Текстилец:  Од самостојуванието од нашата држава до ден денес сметам дека синдикатите и институците, властите целосно потфрлија во заштита на работничките права, подобрувание на работните места, зголемувание на платите. Имавте 30 години дискриминирана група на работници и на граѓани. Тоа ви кажува дека историски гледано , работите се влошувале на место да се подобруват

    Заменливоста на работниците, посебно на пониско квалификуваните работни места, е клучен овозможувачки фактор за нарушување на човековите права. Но додека сите трпеливо чекаме решение овој проблем од државните институции, синдикатите и од другите чинители, се чини дека тој почна сам да се решава, на најнеповолниот можен начин.

    Како успеа и кадарот со пониски квалификации да стане дефицитарен најдобро покажува примерот со текстилната индустрија. Без квалитетен развој, и со сите аномалии што се појавија во неа, оваа гранка стана неатрактивна за помладата генерација. Според податоците на Гласен Текстилец, во неа работат претежно жени од над 45 години.

    Кристина Ампева, Гласен Текстилец: Имате младо работоспособно население во овој сектор во Штип, меѓутоа колку поисточно одите толку старноста граница се зголемува. Така што, со кого ќе го заменат кадарот?

    Решивме 30 години да не мрднеме од лон произвоство  да производуваме за земијте од Европа, Америка… не се обидовме парите што ги баравме од државата да ги примениме во нешто што ќе донесе многу работни места, поголема продуктивност со тоа што се би се зголемиле платите, поглема работливост на младите. Ние моментално од источниот регион каде што е најзастапена текстилната индустрија, ние ги губиме младите. Младите не ја гледаат индината на овој сектор, ниту пак во источниот регион.

    Каде младите ја гледаат иднината покажуваат бројките, вели амасадорот Филипов. Според  податоците што почнал да ги собира уште како амбасадор во Австрија, за десетина години бројот на македонски државјани што живеат и работат во оваа европска земја се зголемил од 16 илјади на 27 илјади.

    Ѓорѓи Филипов, поранешен амбасадор во Австрија: Што е навистина многу за една мала држава како што сме ние. Колку ли се во Германија, колку ли се во Италија, колку се во Америка, Канада, Австралија, иако е помалку, попопуларно сега е да се доаѓа во Германија, Италија, Австрија, Велика Британија.

    Иселувањето е логичен чекор кога условите за работа и за егзистенција дома не се доволно добри. Можеби во одреден момент тоа ќе ги принуди работодавачите да понудат подобри услови за да ги задржат барем оние работници што останале во земјата. Но нема никаква извесност дека тоа ќе се случи. Напротив, има фактори што може да влијаат во спротивна насока. Иселувањето значи помалку работоспособно население, но и помалку потрошувачи во една земја, а со тоа и помала економска активност и осиромашување. Така, проблемот што почнал во една производствена хала, со една задоцнета плата, со еден неоправдан отказ, го заврте кругот и се враќа да го погоди целото општество.

     

  • ПРИОРИТЕТНИ ПРОБЛЕМИ СО ПОЧИТУВАЊЕТО НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

    ПРИОРИТЕТНИ ПРОБЛЕМИ СО ПОЧИТУВАЊЕТО НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

     

    Овој извештај е изготвен во рамки на проектот „Дали личиме на ЕУ? – Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Северна Македонија“.

    „Дали личиме на ЕУ? – Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Северна Македонија“ има за цел подигнување на свеста кај јавноста за постојните пречки за почитување, заштита и мониторинг на човековите права во земјата преку изработка на кратки документарни филмови и анимирани видеа. Извештајот преку дефинирање на приоритетни области дава преглед каде се потребни реформи и каде нашата земја останува зад земјите-членки на ЕУ во поглед на остварување и заштитата на човековите права. Во него се прикажува постојната состојба (фокусирајќи се на дефинираните приоритетни области), се дава преглед на тоа како се почитуваат и штитат човековите права во дефинираните области во земјата, кое законодавство, кои тела и институции се одговорни и каде граѓаните можат да се пожалат за непочитување на нивните права или да побараат заштита, каков вид процедури ги очекуваат за да добијат соодветен одговор или ако треба, реакција од надлежните институции.

    Извештајот поставува прашања кои ќе добијат одговор преку снимените документарни филмови како дел од проектните активности. Активностите на проектот се насочени кон развивање на механизми за набљудување на човековите права и подобрување на заштитата при спроведувањето на основните права и слободи, како и откривање на што треба да сторат институциите за да работат врз основа на принципите на ЕУ. Се посочуваат примери од земјите членки на ЕУ кои имаат постигнато најдобри резултати во дефинираните приоритетни области за Република Северна Македонија. Од кои земји-членки може земјата да учи и собира искуства со цел да се подобри состојбата со човековите права на различни нивоа, кои најдобри практики можеме да ги искористиме за да ја подобриме нашата реалност, а со самото тоа, од хартија, да почнеме реално да ги спроведуваме политиките на ЕУ.

    Комплетните извештаи на македонски и на англиски јазик се на следните линкови:

    Овде ги дефинираме следните приоритетни области и за истите даваме приказ во различни поглавја:

    • Права на лица со попреченостДали лицата со попреченост ги уживаат сите слободи и права во нашата држава? Што е гарантирано со Устав, закон и меѓународни договори? Што презема државата, а што треба да преземе? Дали лицата со попреченост уживаат еднакви можности? Ги почитува ли државата меѓународните договори кои ги ратификувала и на кои се обврзала дека ќе ги почитува и спроведува? Каква е состојбата во земјите-членки на Европската унија и колку ние личиме на ЕУ?
    • Права на детето – Се почитуваат ли детските права во нашата држава? Се води ли доволно сметка за нивна максимална заштита? Нивна вклученост во процесите кои реално бараат да се слушне и нивното мислење, како на пример образованието? Функционираат ли државните механизми за заштита на детските права?
    • Работнички права Се почитуваат ли работничките права во нашата држава? Дали законските одредби кои се однесуваат на работничките права се така создадени да може лесно да се манипулираат и злоупотребуваат на сметка на работниците?
    • Право на здрава животна средина – Лошата состојба во скоро речиси сите аспекти на животната средина се почесто се споменува како проблем што треба да се реши пред да пристапат земјите од Западен Балкан кон Европската унија. Оваа поглавје дава приказ како правото на здрава животна средина се практикува и штити во РСМ;
    • Родова еднаквост – Дали гласните заложби за родова еднаквост се фактички, или само декларативни? Што постигна нашата држава на полето родова еднаквост? Имаат ли мажите и жените за иста работна позиција еднаква плата, се поставуваат ли доволно жени на раководни позиции, каква е сосотојбата во приватниот сектор, а каква е во јавниот?
    • Судска власт – Дали судската власт е независна? Зошто и покрај толку многу извештаи, обуки и грантови, континуирано расте недовербата на граѓаните во судството? Што е она што е потребно за да се постави судскиот систем на стабилна основа и на тој начин судството да стане имуно на политички и други штетни влијанија кои го разоруваат и го прават крајно неефикасно и пристрасно. Судската власт е третата власт во државата, покрај законодавната и извршната, на која Уставот и дава потполна автономност и независност. Можат ли навистина судовите да им обезбедат ефикасна заштита на правата на обичните граѓани, во разумен рок и според принципот на владеење на правото?
    • Право на правично судење – Согласно Уставот на РСМ, на граѓаните во државата им се гарантираат основните слободи и права. Секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Секој граѓанин има право на еднаков пристап пред судот во заштитата на неговите права и правно заснованите интереси. При одлучувањето за граѓанските права и обврски и при одлучувањето за кривичната одговорност, секое лице има право на правично и јавно судење во разумен рок пред независен и непристрасен суд основан со закон. Никому не може да му биде ограничен пристапот пред судовите во заштитата на основните права и слободи поради недостиг на материјални средства.
    • Јавна администрација Капацитетот и работењето на јавната администрација е еден од клучните проблеми во Република Северна Македонија што влијае на квалитетот на животот на граѓаните и на напорите на земјата да ги исполни стандардите за влез во Европската унија. Овие проблеми се регистрирани во скоро секој извештај за напредок на земјата кон ЕУ. Унијата го дефинира правото на добра администрација како основно право на своите граѓани, каква е ситуацијата кај нас?
    • Здравје и пристап до здравствени услугиЕден од најкритикуваните сектори во нашата држава – здравствениот сектор. Поради проблематиката на која се однесува, недоволниот здравствен кадар во државните здравствени установи, висината на платите, застареноста на објектите и лошата опременост, хаотичната организација на работата, овој сектор претставува еден од најголемите ризик фактори за појава и развивање на корупцијата. Ужива минимален углед и голема недоверба кај граѓаните. Можат ли граѓаните да ја добијат квалитетна и навремена здравствената заштита за која плаќаат и имаат право? Зошто граѓаните, барем оние кои финансиски тоа можат да си го дозволат, го заобиколуваат јавното здравство (иако за тоа плаќаат придонеси) и услуга бараат од приватното здравство? Има ли државното здравство капацитет, соодветна опрема и доволно човечки ресурси за да одговори на дневна основа навремено и стручно во пружање на потребната здравствена заштита на граѓаните?
    • Права на стари лица – Заради својот претежно традиционален начин на фукционирање, општествената поставеност, државата досега избегнува да се соочи со проблемот на самотија и напуштање на старите лица, кој е вообичаен и добива соодветен третман во развиените земји. Сепак, овој проблем веќе е на вратите во посиромашните региони каде што стапката на миграција е висока, родителите и повозрасните остануваат дома додека помладите семејства бараат подобар живот во странство. Правото на достоинствен живот на постарите граѓани го гарантира Европската унија;
    • Права на младите во општеството – Европската унија посветува многу внимание во поттикнувањето на младите луѓе да учествуваат, да бидат вклучени во демократските процеси и во општеството. Младите креираат политики кои влијаат на квалитетот на животот од различни аспекти. Но, состојбата кај нас покажува слика во која партиската поделба е силно вклучена кај младите, учениците, училишните движења и влијае на кохезијата на гласовите на младите. Независните млади гласови се маргинализирани и насочени кон помалите невладини организации кои се прилично активни, но зависат од финансирањето. Сè на сè, тешко е да се идентификува автентичен глас на младите во општеството и на политичката сцена;
    • Потрошувачки права и заштита – Заштитата на правата на потрошувачите исто така е во групата основни права во земјите-членки на Европската унија. Кои се нашите основни права како потрошувачи? Каде да се обратиме ако како потрошувачи нашите права се повредени? Кој е одговорен ако не ја добиеме услугата за која сме платиле, ако квалитетот не соодветствува на декларацијата на производот за кој сме платиле? Друг пример е што на европско ниво беа направени големи напори за решавање на прашањето за разликите во квалитетот на производите дистрибуирани во западните и источните земји-членки. За промена на оваа состојба малку е направено. Истражуваме зошто и како до подобри услуги за потрошувачите;
    • Права на ЛГБТ заедницата – Кога станува збор за ЛГБТ, Балканот нема некој имиџ дека ги следи светските текови во однос на ова прашање, туку едвај е на изгрејсонце од аспект на почитување на правата на ЛГБТИ заедницата. Често пати се слчува припадниците на оваа заедница да се шиканирани, да немаат еднаков пристап до работно место, а здруженијата кои се борат за правата на ЛГБТИ заедницата да се под закана, а нивните членови напаѓани. Каков пат треба да се изоди, како да се подобри положбата на припадниците на ЛГБТИ заедницата во општеството, начините на охрабрување и заштита од страна на институциите и подигање на свеста кај граѓаните истражуваме во земјите членки на ЕУ, а најдобрите практики ги пренесуваме кај нас. Откриваме кои се пречките и кој е начинот да се надминат. Иако и во земјите членки на ЕУ може да се забележат големи разлики во прифаќањето на ЛГБТ заедницата;
    • Право на бизнис и заштита на конкуренција – Честопати се занемарува дека правото на водење бизнис е заштитено како основно право од страна на Европската унија. Ова право датира од француската револуција од 1789 година, кога беше укинат застарениот систем на еснафи со ограничување на конкуренцијата и на сите граѓани им беше дадено право да се занимаваат со бизнис. Според последните истражувања и најнови студии, РСМ не само во практика туку и на хартија треба да ја подобри легислативата и да ја усогласи со европската, бидејќи има една од најмалку конкурентските економии во цела Европа, со многу ограничувања, што како последица прави вработувањето во државната администрација да биде попожелна и поатрактивна кај граѓаните. Што најчесто е поврзано со партиската припадност, а кај неутралните пак создава чувство на алиенација и желба да емигрираат;
    • Право на заштита на приватност – Сведоци сме на секојдневно кршење на правата на приватност на граѓаните на многу начини, понекогаш дури се водат и политички кампањи против луѓе, активисти на невладини организации, новинари и други, во кои е изложен нивниот приватен живот; Организациите за заштита на приватноста и личните податоци речиси и да не реагираат или пак кога реагираат, немаат никакво реално влијание. Ги следиме најдобрите европски искуства и правиме компарација што е она што треба да се преземе за да и во оваа област заличиме на ЕУ;
    • Право на слобода на изразување – И покрај загарантираното право на слобода на изразување, медиумите и граѓаните не се чувствуваат целосно слободни да зборуваат за сите проблеми, што доведува до тивко прифаќање на лошите услови на работното место, здравството, администрацијата и сл. Од друга страна, недостигот на одговорност, интегритет и независност при практикувањето на оваа слобода води до политичка манипулација во пренасочување на расположенијата или револтот на граѓаните во насоки посакувани од политичките сили со различни цели отколку постигнување на јавниот интерес;
    • Права на лица кои се зависници – Случаите на дискриминација врз зависниците во земјата се чести, а често резултираат со ограничување на нивниот пристап до здравствена заштита. Општата перцепција за луѓето кои се борат со зависноста е дека тие се одговорни за нивната состојба, иако медицинските и социолошки истражувања укажуваат на тоа дека развојот на зависност од супстанции првенствено е резултат на низа социјални фактори. Зависниците во земјата се соочуваат со ограничувања во пристапот до основна здравствена заштита, вработување, застарени третмани, па дури и отсуство на редовна терапија за лекување на нивната зависност. Местата каде се дистрибуира таква терапија се многу ограничени, а има дури и протести со кои се бара преместување на центрите за лечење на зависници надвор од градските области. Обидите за проширување на мрежата на вакви центри се долу на приоритетите, а поради изложеноста на јавни напади, може да се каже дека се и целосно напуштени;
    • Права на осудени лица – Пренатрупаноста во затворските одделенија, лошите хигиенски услови кои негативно влијаат врз здравјето на затворениците, недостатокот на минимални услови во затворските ќелии, лошата здравствена ситуација со која се соочуваат осудените лица, отсуство на можности за дополнително образование, квалитетот на храната која ја добиваат осудените лица се само дел од големиот број на прашања кои бараат одговори. Степенот на дискриминација врз основа на национална и етничка припадност, како и врз основа на материјалната состојба на затворениците, користењето на прекумерна сила од страна на затворските службеници е прашање што се покренува сите овие години. Извештаите на Европската Унија за ситуацијата со казнено-поправните установи и воспитно-поправните установи со години наназад го имаат испратено алармот за дејствување и решавање на овие горки прашања поврзани со установите. Нотиран е одреден напредок, подобрување на условите, но тоа ниту оддалеку не е доволно за да се доближиме до европските стандарди;
    • Право на глас (активно и пасивно)Еден од основните предуслови за владеење на правото и практикување на демократијата во една модерна држава е овозможувањето на избирачкото право. Слободното избирачко право, одржувањето на слободни и демократски избори и почитување на резултатите на вака одржаните избори овозможува легитимитет и легалитет на владата. Изборите, од друга страна, даваат реална слика за актуелното ниво на демократијата што е постигнато во одредено општество. Оттаму, многу е важно да се обезбеди квалитетен и соодветен изборен систем, како збир на принципи и процедури со кои треба да се обезбедат слободни, непосредни, тајни и демократски избори, како темелна вредност на уставниот поредок дефинирана во член 8 од Уставот на РСМ. Гарантирањето на избирачко право, е клучно за воспоставување и одржување на темелите на ефективна демократија, управувана со почитување на принципот на владеење на правото. Сепак длабоката партиска поделеност доведе до последица поголем број на граѓаните правото на глас да не го користат, како што беше случајот со послабата излезност, едвај над 50 отсто на последните вонредни парламентарни избори во април 2020г.
    • Право на слобода на здружување – Уставот гарантира слобода на здружување. Секој човек има право на слобода на мирно собирање и здружување со други лица, заради остварување и заштита на своите политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други. Истражувавме и споредувавме колку ова право се почитува во Република Северна Македонија, и колку навистина граѓаните се слободни при здружување?;

    Комплетните извештаи на македонски и на англиски јазик се на следните линкови: