Tag: рецепти

  • Во Македонија се што расте е чудесно – Балкон3 интервју со Златко Гал

    Во Македонија се што расте е чудесно – Балкон3 интервју со Златко Гал

    „Да јадеш само интегрални житарици, некои зелени листови, да пиеш Евиан вода и трчаш 50 километри дневно. Ебати таквиот живот, не е тоа живот“ – Балкон3 интервју со Златко Гал, хрватски новинар, коментатор, еден од највлијателните рок критичари во Хрватска, легенда. Љубител на убавата храна и готвењето, убавината во едноставноста, па за оваа втора или прва страст (готвење па музика или музика па готвење) има напишано и повеќе книги, кои по правило, без разлика дали пишува за храна или музика стануваат бестселери во Хрватска.

    zlatko gal1

    Автор на повеќе книги од областа на музиката и готвењето, како Големата светска рок енциклопедија, Музички лексикон, Бродски кувар, Кушај и слушај, итн.  Главен адут на Балканот и на Македонија во светот на храната се чудесните зеленчуци, мирисот на доматот и пиперката се незаменливи, вели човекот страствен поклоник и изумител на стилот „Кушај и слушај“. Вели дека имал среќа, а ние не му противречиме.  И како не би имал, кога работата ти е секојдневно поврзана со квалитетна храна, добра музика, море, риба, вино.. „Да јадеш само интегрални житарици, некои зелени листови, да пиеш Евиан вода и трчаш 50 километри дневно. Е..ти таквиот живот, не е тоа живот“, е тоа е ставот на Златко Гал. Разговаравме по фестивалот за музички документарци во Стариград Пакленица, за храната, за музиката, за новите текови во новинарството, за нив како општествени феномени, за Балканот, за Македонија, за Хрватска, за Далмација..

    Музиката и храната се вашиот живот, тоа е она што го работите. Што го привлекува вашето внимание на тој план во последно време?

    Јас велам дека сум среќен, всушност .  Завршив историја на уметност и пишував некои петнаесет години и критика и аналитика паралелно. И всушност тој апарат на ликовна критика го пренесовме на рок ен ролот бидејќи тоа се работи на ист начин, односно на еден начин го форматиравме тој начин на пишување, за нешто што е наизглед  тривијално, но на јазикот кој го користи една уметничка дисциплина. Реков дека сум среќен човек, со едно формално образование, сите свои пороци, хобија и интереси  навистина ги живеам, еве веќе триесетина години.  Оваа година навршуваат 35 години во кои секоја недела објавувам барем една рецензија. Така што, тоа ме прави некој светски првак,бидејќи некои мои јунаци од Америка и Англија, големи критичари, веќе одамна не пишуваат како критичари, пишуваат големи воведници, стории, но веќе не пишуваат неделна музичка критика и не ја следат продукцијата.

    Гастрономијата, секако е мојата втора страст, ако музиката е прва, гастрономијата ми е втора страст, или може и обратно, зависи како се гледа. И тоа всушност логично се испреплете едно со друго. Јас првата книга на темата гастрономија ја објавив пред едно десетина години, сосема случајно. Од мрза не ги запишував сите тие рецепти кои ми паѓаа на памет, туку почнав  да фотографирам сам за да се сетам што сум готвел пред пар месеци и да правам само по некоја белешка како запис, во еден нотес, па ќе ставев некоја напомена… И така се собра толку многу материјал.. Така, тој прв кувар го напишав случајно, кога се собра толку многу материјал и фотографии, и мислев дека тоа нема кого да интересира, мислев десетина ако се продадат, ама ете се продадоа десетина илјади, па потоа дојде втората книга и третата и така одеше по ред. Паралелно со тоа пишував и книги за рок музиката и музичките феномени.

    Rock enciklopedija Gall

    Бидејќи сум роден 1954 година, само неколку месеци по снимањето на првиот албум во студио на Елвис Присли, ајде да кажеме службениот почеток на рокенролот. Така јас на 50 годишнината од рокенролот и за својот 50 роденден го објавив првото издание на „Големата светска рок енциклопедија“ , тоа беше некаде три и пол илјади картици текст. И таа енциклопедија на одреден начин се роди случајно, бидејќи јас си замислував дека по 30 години од тој стаж на критичар дека имам доста материјал да можам да напишам енциклопедија. И по година дена сфатив дека тоа е една крвава работа, но беше веќе глупо да се откажам, тоа е како кога еден пливач ќе дојде до пола пат и мора да плива до крај инаку ќе се удави. Така направив и јас и тоа пишување траеше три години и тоа секојдневна работа по осум часа. И ги нема тие пари на светот за кои тоа јас повторно би го направил, некој сега да ми понуди и јас да правам нешто слично. Но добро, тоа излезе, па излезе второ издание кое се продаде во 45 илјади примероци и потоа поминаа уште три-четири години и потоа за друг издавач, на нивна желба работев некои дополнувања, така што тука се направија некои книги кои одлично се продаваа, па тоа повлече некои други работи. Така тоа оди кај мене случајно повторно. Кога се правеше новиот речник на странски зборови во Хрватска, ново издание,  мене ме ангажираа за дефинирање на тие поими поврзани со поп културата, ликовната уметност, популарните феномени, рок, џез итн. И бидејќи не сум енциклопедист, или лексикограф јас не знам да пишувам кратки, скратени дефиниции, па јас онака сељачки за себе напишав поголеми дефиниции, по картица или картица и пол, па потоа ги кратев додека не дојдев до некои одредени дефиниции. Кога тоа излезе сфатив дека има некаде триста или четиристотини картици текст, јас дефинирав некои поими и во истовреме се роди тој Појмовник на популарна музика. Исто излегоа три изданија во последните две години во кои се обидов да дефинирам маса поими кои луѓето и оние внатре во струката речиси заборавиле што значат, како на пример што е бекбит, дефинирање на инструментите, како работи педал стил гитарата, што е тоа dub, е тоа two step, што е тоа електронска музика со сите тие жанрови.. и тоа исто така добро помина и тие книги уште доста добро се продаваат, и така јас од една страна пишував за гастрономија, од друга страна за рокенрол и еве тоа исполни некоја моја темелна желба, секако покрај секојдневното пишување, бидејќи јас сум во прв ред новинар.

    zlatko gal3

    Како ги коментирате се поприсутните ставови кај младите, како да се фалат со тоа да кажат дека не знаат да зготват, или знаат само јајца да испржат?

    Мислам дека тоа е глобален феномен, дека и денеска готвењето од една страна е фенси шменси, ептен hype, како маж да не знае да готви е исто како жена да каже, не дека не знае да смени осигурач, туку не знае да вклучи компјутер или свари кафе. Тука работите се сменија, мислам дека постои феномен кој е значително поширок. Во подоцната јапиевската фаза одеднаш се создадоа некои супер богати млади луѓе, кои кога дојдоа на прагот на 30 години сфатија дека е бесмислено да имаш 20, 30 или пар стотици милиони долари, а да јадеш само интегрални житарици, некои зелени листови, да пиеш Евиан вода и трчаш 50 километри дневно. Ебати таквиот живот, не е тоа живот. И тогаш полека, најпрво во Америка, повторно почна да се враќа, црвеното месо, вистинскиот стек, одлежан стек, блек ангус итн.. и некако повторно таа гастрономија, уживањето во гастрономијата, тој некаков хедонизам го замени тој испоснички минимализам животен на таа прва јапиевска генерација. Секако, тој феномен ќе го немаше без масовните медиуми и изобилствотро од гастрономски емисии, програми како 24 hours kitchen, во поново време или феноменот на Џејми Оливер, или локални емисии во поголемиот број земји, и денеска гастрономијата тоа е една топ тема, и исто кај нас и дури на сите простори кај нас тука има се и сешто, во еден плимен бран во кој има и нешто врвно, а сега пак има има и нешто што се шлепаат на овие помодни трендови.

    zlatko_gall_darko22_balkon3

    Каде се спојува медитеранската и ориенталната кујна, ние сме на таков простор, каде се допираат овие две познати кујни, кои се сличности, разлики?

    Мислам дека е невозможно кога се зборува за овие простори на поранешна Југославија да се направи цврста разлика. Ајде да речеме дека тука е границата  кога станува збор за поранешна Југославија некаде северозападна Хрватска и ридскиот дел од Словенија, тој дел е изложен на силно влијание на Медитеранот. Но во тој Медитеран има повторно се и сешто. Кога ќе кажат Медитеран обично луѓето мислат на оние црвено бели коцкасти чаршафи на масите, шише вино Кијанти (Chianti), и шпагети на маса, но тоа е помалиот дел од Медитеранот. Поголемиот дел од Медитеранот е всушност Западна Африка, односно целиот потег кој во суштина во гастрономска смисла е дел (изданок) од Ерменската кујна. Луѓето кои сериозно се занимаваат со феноменот на гастрономија велат дека Арменците се заслужни за се, а секако Турција ја прошириле. Тоа е големата Отоманска империја која под една капа ги донела и далекуисточните зачини и маслиновото масло и рибата и јагнешкото, и се она што чини некаква основа на гастрономијата и на овој дел од Медитеранскиот и од арапскиот дел, и во Грција, во Македонија, Далмација, Турција секако, тоа се се совршени зеленчуци од кои се прават различни варијанти, и кои се клучен сегмент на медитеранската кујна. Во Хрватска работите се можеби малку повеќеслојни затоа што на еден релативно мал простор се мешаат три главни цивилизациски влијанија. Од една страна е тој, реков, Отомански дел од Медитеранот, медитерански,   Второ е влијанието од Венеција, јас велам Венеција е таа инка на Медитеранот, некоја точка во која се наоѓаат сите можни влијанија, и француски, континентални европски и целиот медитеран поради трговијата. А Венеција пресудно влијаела врз Далмација, Далмација стотици години била дел Венеција. Сепак не е занемарливо и влијанието од Австроунгарија, тој континентален дел, кој донесува нешто свое, кога се зборува за Далматинската кујна таа е спој на медитеранска и турска компонента. И тоа е величенствено на толку мал простор да има толку многу различности. Еве кога зборуваме за Далмација, од место на место на еден остров има различни варијанти на тие некои автохтони јадења, а тие се повторно некое месо, говедско со маслиново масло, со домати.. И тоа епредност на сите овие простори. Повторно кога го гледате тој дел, Македонија, јужна Србија, Босна и Далмација, и Истра секако, а северозападна Хрватска нема толку влијание. Тоа е незамисливо како на еден мал простор има толку многу различна гастрономија, колку влијанија има, колку јадењата се посвоени и прилагодени на локални намирници и локални обичаи.. Тако што всушност, живееме на еден фасцинантен гастрономски простор, но како што е и вообичаено за нашите земји, за тоа не сме свесни, мора некој од надвор да дојде  и како нешто да ни покаже, ако и тогаш сфатиме што….

    zlatko gal_kniga_balkon3

    Ја познавате ли македонската кујна. Што сакате најмногу од македонската кујна. Не знам дали знаете но, кај нас најмногу се зборува за скара, поретко се знаат вистинските домашни и автохтони јадења..?

    Целата приказна  е во таа таканаречена ерменско либанско турска кујна, односно таа арапска кујна. По што е таа  во суштина позната? Значи не се јаде свинско, и тука голем дел од тие сувомеснати производи може да се тргнат, се јаде јагнешко,главно е тоа. И, веќе тука приказната со месото толку не штима, како што е за разлика од ова, приказната со француската кујна во која се јаде се што лета, ползи, оди на четири или две нозе, тие од се имаат направено гастрономија.. И што тогаш останува?

    Останува во суштина најдоброто кај македонската кујна а тоа се сензационалните зеленчуци. Значи, она што е број еден предност на Македонија е тоа што се што расте е чудесно.  И вкусовите и мирисите на тие домати и пиперки, мислам, јас би се давел во тој зеленчук. Зошто тој зеленчук е толку добар? Тоа повторно влече паралела, слична приказна со Далмација и островите на кои луѓето целосно заборавиле на овие зачини, самоникнати билки кои можат да се киселат, сушат, чуда да се прават со нив, се што расте во поле е извонредно, и тоа на нас некои Англичани Американци ни го откриваат повторно она се што сме заборавиле. Мислам дека тоа се случува на сите овие простори, и дека всушност онаму каде што сме најјаки, каде што сме свои, каде што имаме врвни намирници (производи), тука ние заостануваме, односно не го препознаваме тој квалитет. Денес секој може да нарача некој кувар, книга за готвење, секој хотел ако има доволно пари може да најми врвен шеф, но она што не може да го добие е да подготвува јадења од намирници кои растат кои се тука во тгвоето опкружување. Е тоа е она што е сензационално. Значи, на просторите како што е Македонија, slowcooking, slowfood,  би требало да биде нешто што е логично. Слоганот, кога Карло Петрини го почна слоуфуд прокетот, слоганот беше: „Нека патуваат луѓето, а не намирниците“. Зошто јас би јадел провансалска трева, зачини од провансалски треви во Далмација или во Загреб кога ние тука имаме , еве на ова поле тука, ќе ги набереме истите тие треви. Значи зошто би јадел пиперка од Холандија кога имаме домашна која е подобра и тука расте. Значи да се јаде тука, каде што таа расте. Ама ете, ние не сме толку паметни како овие другите и среќа наша е што ние не сме биле некоја голема земјоделска индустриска сила во Југославија така што нашата земја се уште не е затруена, постои домашно семе кое е далеку пдообро од се штои е создадено во лабораторија. Така што има шанси за нас, но ако сме доволно паметни тоа да го препознаеме. Тоа важи за сите земји од поранешна Југославија.

    gall18

    Да ве прашам сега како новинар за состојбите на Балканот, како субјективно ја доживувате објективната реалност со медиумите на екс  Ју просторот?

    Секако денеска е илузорно да сезборува за објективноста во медиумите, порано тука биле некои партиски комитети, денеска тоа се корпорациите. Значи во Хрватска сосема сигурно во медиумите можете да  го растурите, навредите, исплукате претседателот на државата, премиерот, претседателите на сите партии, но никој нема да се осмели да ги нападне претседателите на три-четири најмоќни корпорации. Медиумската слобода е релативен поим и мислам дека никаде во светот не попстојат апсолутно слободни медиуми, но она што е очигледно е дека не само кај нас туку во светот, новинарството е професија која се урива. Која овде е урната не само поради распадот на Југославија и поради распадот на еден систем, па потоа тие војни, тие срања кои се случуваа на сите нивоа, тие два милиони партии кои имаат едно заедничко, кој и да дојде на власт сака што попрво да испокраде, воопшто не е битно кој, што од каде е. И тоа е всушност нашата стварност. Но наша стварност е и тоа што новинарството како занает умре. Јас не знам дали се уште постоат редакции, зборувам за печатените медиууми, да речеме големите весници кои го имаат оној синџир без кој не можеа да функционираат медиумите. Имаше новинар, потоа некој редактор, па уредник, па лектор, па главен уредник, па потоа се одеше во печатница, па потоа тука имаше некој кој се викаше логичен читач, тоа се оние махери кои би фрлиле само еден поглед на страницата и би забележале каде е грешката. Постеше цел синџир кој проверуваше некоја грешка, некоја глупост, грешен потпис под некоја слика  да не излезе. Денеска тоа, кога зборуваме за занаетот,  го нема, денеска новинарството е апсолутно потценето, и мислам дека во тој корпоративен свет денеска, важи истото правило за кафани за самопослуги и за новинари. Секогаш ќе се најде некој што ќе го довлечеме од улица што ќе пишува за 100 евра. Бидејќи невработеноста е голема, квалитетот не е воопшто битен. Зошто некој да плаќа една две илјади евра кога може да плати некого од улица и да му плати 100 евра, па ако тој не чини ќе дојде друг, ќе дојдат други десет.

    zlatko_gal13_paklenica

    Како почна приказната со Филсмкиот фестивал во Стaриград Пакленица?

    Да, јас требаше да бидам и дел од жирито од првата година, ме повикаа Никша Братош и Чули (Адмир Чулумаревиќ, директор на фестивалот), но јас веќе имав договорено нешто некои хотели авиони, Берлин и така ја прескокнав првата година. Пакленица првенствено е една пријателска приказна. Сите луѓе кои се овде околу фестивалот во Пакленица се всушност пријатели, кои и инаку се дружат. Според мене, Пакленица е многу повеќе од дружење и пријателство но според мене токму таа компонента на дружење  и неформалност му дава шарм на Фестивалот. Тоа е единствен фестивал, без протокол, дури и во Мотовун има некој протокол, без црвени ќилими, иако се работи за сериозни режисери и луѓе кои се занимаваат со филмската продукција, музичките документарци. И она што всушност е шармантно е што овој фестивал е едно опуштено дружење, прилики да се видат некои сјајни филмови и луѓето меѓу себе да се дружат. Без некакви церемонијални протоколарни рамки и формалностии.

     

    zlatko_gall_darko44_balkon3

    Дарко Чекеровски

  • Македонец готви викингшка храна во Норвешка

    Македонец готви викингшка храна во Норвешка

    19 работи што треба да ги знаете за скандинавската кујна – Интервју со шеф Трајче Кралев од Свети Николе, кој со години подготвува специјалитети во ресторан во Норвешка

    Trajce Kralev_balkon3

    Како дојдовте на идејата да заминете за Норвешка? Тоа не е земја која е на врвот на списокот за заминување на работа во странство. Барем што се однесува за Македонците.

    Па добро, можеби не е земја која е на врвот за работа но сепак е навистина прекрасна земја и може да се научи многу, но и секако да се заработи. Норвешка за нас Македонците и не е баш позната земја, на почетокот потоеше во мене некоја неизвесност дали соодветно ке одговорам на зададените обврски околу сканднавската кујна , некои нивни специјалитети, дали соодветно ке се вклопам во нивниот менталитет, но тоа беше само почеток, сега е навистина супер.

    Имавте ли некој тест на работа пред да ве примат, на пример требаше ли да зготвите нешто, па тоа некој да го оцени? Како течеше тој процес?

    Претходно имав некои подготовки, беше потребно да имам барем мало познавање од скандинавската кујна и некои нивни специјалитети и јадења да ги научам, што и не беше така тешко за мене. Секако кога отидов таму имав некои така да ги наречам „предизвици„ преку подготовка на јадења од моја страна кои што многу успешно ги поминав.

    Како ве прими Норвешка? Норвежаните, воопшто Скандинавците овде уживаат имиџ на воздржани луѓе, што со странци потешко остваруваат другарство, блискост?

    Да, уживаат имиџ на воздржани луге. Јас навистина имам добро искуство, со нив контактирам , се дружам , но сепак мислам дека е многу важен пристапот кој што го имаш, тоа ја каректеризира твојата личност а тоа секако се гледа и забележува.

    Од почеток ли работите на исто место или веќе сменивте работа?

    Не, уште од почетокот сум на едно место односно сум во „Hanko Fjordhotell & Spa“ и сега во моментов не планирам да менувам ниту место ниту позиција ххахаха. Се шегувам сега во моментов сум тука но не значи дека постојано ќе бидам ,можеби ке сменам град, ресторан, не знам времето ќе ги донесе промените кога ќе се створат услови за тоа.

    hanko_balkon3

    Што го привлекува вашето внимание најмногу во последно време, што е предизвик да се готви во Норвешка?

    Па не знам, некако во последно време постојано сакам да приготвувам специјалитети кои што не се карактеристични за нашето поднебје. Се трудам секогаш кога ке научам нешто ново да го надградам сето тоа на мој начин.

    Што јадат најмногу Норвежаните? Претпоставувам дека рибата зема важно место во исхраната на луѓето во сите скандинавски земји?

    Нема збор дека рибата е нивниот најнационален продукт. Без оглед дали е сушена, сирова, солена или преработена. На нивните трпези преовладуваат чаден лосос, харинга, сушен лосос, бакалар, сардела и многу други. Исто така рибите ги обработуваат и со додавање на шеќер, оцет и други состојки. Покрај рибата тука се школките, ракот, но и многу специјалитети поврзани со морската храна.

    Можам да кажам дека Норвешка е еден од најголемите консументи на млеко и млечни производи.  Интересно е што произведуваат благо козјо сирење, кое се нарекува Бруност, како и Геитост – козјо сирење со благ вкус на карамел.

    brunost

    Освен рибата кои други специјалитети можеме да ги издвоиме како препознатливи за Норвешка?

    Па вака, мислам дека по консумација на месо заостануваат во однос на другите развиени земји, но сепак кај нив се јаде егзотично месо како она од елен, лос и фазан. Најчесто месото го јадат со сос од павлака.

    Според зборовите на норвежаните, јагнешкото месо кај нив е едно од највкусните меса на светот. Еден од специјалитетите кои се подготвуваат со ова месо е Фарикал. Станува збор за варено јагнешко месо со зелка и бибер. Друг специјалитет во кој подеднакво уживаат се сувите овчи ребра, кои се нарекуваат „Пинешот“.

    Норвешките десерти не заостануваат зад другите нивни специјалитети. Најстариот нивни десерт е „Гоме“ или десерт од млеко, јајца и кафен шеќер. Нивната торта Блоткаке со шумски плодови е еден од највксуните десерти на северот на Европа. Прават и еден вид на палачинки кои се познати како „Лефсе“ а ги подготвуваат од компири и по пржењето се посипуваат со цимет.

    tracje_Kralev4_balkon3

    Што се пие таму најмногу вино, жестоко, пиво?

    Па, добро квалитетно вино никаде не изоставува како пијалак па ни во Новершка не може да се прескокне. Вино не произведуваат и затоа пијат увозни вина. Кога станува збор за други пијалаци, тука е пивото и „Аквавит„ кој е жесток алкохолен пијалак и се прави од компир . Му се додаваат и зачини како анис и коријандер.

    Се јаде ли брза храна, каква е културата на исхрана таму?

    Брзата храна е насекаде околу нас. Ја има и во Норвешка но секако норвежаните се народ кои што сепак се држат до здравата исхрана.

    Патувате ли низ земјата, како се живее воопшто во Норвешка?

    Норвешка е една од најубавите места за живеење и работење,колку ми дозволува времето шетам и уживам во убавините кои се насекаде.

    Од култура, забава, ноќен живот, што би издвоиле како покарактеристично за Норвешка?

    Имаат специфична култура, префинет народ, малку скржав на емоции хахахаха, ама Норвешка е прекрaсна и богата земја и не може да нема фасцинантен и убав живот, но, морам да потенцирам и скап.

    Trajce_Kralev2_balkon3

    Имаат ли слушнато во Норвешка за некој македонски производ, можеби за вината, оваа гранка и компаниите производители во последно време доста вложуваат во реклама, маркетинг?

    Мислам дека како држава треба уште многу да вложуваме во многу наши вистински македонски производи за да можеме да станеме препознатлив бренд на пазарот. Сепак не можам да кажам дека не се сретнуваат македонски производи, има да, но во мали количини. А што се однесува за вината, претежно се од италијанско и шпанско потекло.

    Што мислите, што е најважно, што треба да направи еден производител на храна, да го направи познат својот производ, да направи бренд?

    Квалитет, квантитет, цена, транспорт, сето оваа обвиено со реклама, плус разработени дистрибутвни канали. Тоа заедно би можело да доведе до почетен тек до создавање на брендот.

    Што е најважното да се зготви едно добро јадење, да ги импресионирате и претпоставените шефови но и гостите? Дали е тоа можеби оригиналноста на рецептот, или квалитетот на состојките или пак нешто друго?

    Секако дека квалитетот на состијките споени со добар рецепт играат главна улога, но морам да нагласам дека готвењето со љубов е клучот за вкусен специјалитет J

    Tracje_Kralev3_balkon3

    Имаат ли допирни точки воопшто скандинавската и медитеранската кујна?

    Ми се допаѓа кога се мешаат различни кујни . Тоа секогаш е толку многу забавно и интересно да се најдат нови комбинации . Според мене Скандинавскате кујна е позната по чистиот вкус, едноставна е и СУПЕР здрава , а додека Медитеранската кујна е посложена, со мешање на повеке вкусови, здрава и СУПЕР вкусна.

    Им правите ли на гостите понекогаш некое македонско јадење на пример? Сте пробале ли, како реагирале?

    На гостите не сум, но сега сум во план персоналот да ги изненадам со наша Светиниколска пастрамајлија ……. па ке видеме, импресиите и некоментарите во следна прилика J

    Што најмногу ви недостасува од Македонија кога е во прашање храната?

    Од македонската храна најмногу ми недостасуваат традиционалните јадења кои ние така прекрасно и превкусно ги зготвуваме што мислам дека тие не би можеле толку идентично да ја доловат нашата кујна, па секое слободно време го искористувам за подготвување на македонски јадења.

    Имате семејство во Свети Николе, како остварувате комуникација, доаѓаат или доаѓате?

    Искрено со моето семејство сум постојано во контакт.Имам сопруга и петгодишна керка ,мајка, татко, сестра и секојдневно остваруваме контакти преку социјалните мрежи. Сега бев во Македонија , но секако наскоро и тие ке дојдат тука одреден период, да се запознаат со дел од убавините на Норвешка.

    Какви се плановите за во иднина? Искачување нагоре на лествицата за поодобра работа, можеби отворање сопствен ресторан?

    Во моментов сум задоволен со работата тука,но ми се допага и начинот на живеење.Не ја исклучувам можноста за да живеам тука со моето семејство. Насоката на движењето на животот е непредвидлива J.

    Се трудам да се надоградам со искуства кои би дале добар резултат во кариерата. Секако, имам планови кои не би ги открил сега J……… Којзнае , можеби во иднина и ресторан. Секој готвач има желба за свој ресторан каде ке може да се внесат сите специфични и одбрани специјалитети .

    Повеќе информации за Трајче Кралев на неговата фејсбук страница: https://www.facebook.com/Chef-Trajce-Kralev-1416154238664726/

    Дарко Чекеровски

  • Кевин Сбрага за Балкон3: Македонската кујна е прекрасна, и треба само повеќе креативност!

    Амбасадата на САД деновиве беше домаќин на еден од најпознатите американски кувари,Кевин Сбрага кој ја посети Македонија. Кевин имаше средби со кувари, студенти по гастрономија, менаџери на ресторани и сопственици со цел да ги сподели искуствата и американските рецепти, но и да научи за традиционалната македонска кујна. неговата посета е дел од програмата на Американскиот Стејт Департмент за Кулинарска дипломатија.

    Балкон3 го интевјуираше Кевин Сбрага во ресторанот Барбакан откако тој на група македонски ученици им одржа практична настава за подготвување на американски палачинки.

    sbraga44_balkon3

    Г-не Сбрага за прв пат сте во Македонија, Како се чувствувате?

    • Земјата е убава, луѓето се многу фини. Денеска готвев со децата, тие беа прекрасни, восхитувачки трпеливи. Навистина сите се интересираа за она што го правиме и се грижеа како ќе излезе. Мислам дека им беше многу забавно.

    Која е идејата на кулинарската дипломатија, што еве со вашето доаѓање почнува овде?

    • Целата идеја на кулинарската дипломатија е американски кувари, да дојдат овде, да бидат еден вид кулинарски амбасадори, да презентираат дел од американската кујна, американските јадења, додека истовремено учат и стекнуваат знаења за храната и културата на земјата во која се дојдени. Овде, јас зготвив пилешко, но исто така јадев и гледав како се прави ѓомлезе. Јадев и бурек денеска и слични јадења. Тие рецепти и знаења ќе можам да ги земам со себе во САД.

    sbraga2_balkon3

    Гледав многу интересни фотографии од Охрид. Што готвевте таму, според фотографиите сте си поминале прекрасно.

    • Првото што го зготвив таму беше нешто што е многу американско, многу традиционално. Пржено пилешко и салата од компири. И сакав да зготвам нешто што ние го јадеме таму. Потоа, следниот ден, зготвив салата од праски со козјо сирење, и тоа беше малку повеќе фенси и креативно.

    Има ли некои сличности меѓу македонската и американската кујна?

    • Мислам дека сличностите се во одличните свежи, непроцесирани состојки. Видов одлични ротквици овде, а исти такви можам да најдам и во САД. Овде можам да најдам и многу добра зелена салата, исто како и во САД. Можеби само начинот на кој ја подготвуваме е различен. Американската храна е како еден сад за претопување, мешање. Има многу културно влијание од страна, можеби има влијание од Индијанската храна, можеби од Тајландската, можеби има влијание од Македонија, од Порторико, очигледно има доста влијанија во храната. Додека овде во Македонија и во Балканскиот регион генерално, сите употребуваат локални јадења и рецепти и специфики. Мислам дека тоа е најголемата разлика.

    sbraga6_balkon3

    Кои се позитивните работи, а кои се недостатоците на македонскиот бизнис со храна? Во последно време има многу кампањи за промоција на македонската храна и вино во светот.

    • Мислам дека еден од плусевите, позитивните работи е виното. Вчера пробав прекрасно вино, всушност секој ден пробувам по некое одлично вино. А виното и храната прекрасно функционираат едно со друго. Мислам дека тој баланс на добро вино и добра храна е одличен овде. Јас сум импресиониран од тоа. Второ, повторно, тоа се состојките, свежите состојки. Фактот што луѓето во Македонија одат во продавница и пазаруваат секој ден, јас мислам дека тоа е прекрасно. Тоа го немаме во САД. Луѓето не пазаруваат секој ден, пазаруваат еднаш неделно. Но, кога одите на пазар на свежи производи и набавувате свежи состојки секој ден, тоа е за восхит. Недостатоци? Не знам дали има некои крупни недостатоци. Можеби треба да има поголема креативност со храната, можеби да се прифати малку повеќе влијание од страна, но толку. Мислам дека одличната храна е овде, луѓето овде го знаат тоа.
    gomleze
    gomleze

    Дали мирисот на храната е тоа што е најважно во едно јадење? Како што е убаво отсликано во познатиот цртан филм Рататуј, за глувчето кувар, кој на озлогласениот критичар за храна му го подготви омиленото јадење и со тоа го врати во сеќавањата од детството, на кујната на неговата баба, времето кога се беше едноставно и лесно..

    • Добро прашање.. Не знам.. Знаете, кога ги враќате сеќавањата за храната.. кога готвам, сакам да креирам сеќавање, сакам да креирам искуство.. За мене, ако помислам што готвеше мајка ми.. Таа правеше сендвич со чадено сирење.. Јас не мислам дека е само мирисот.. мислам дека е начинот како изгледа јадењето, знаете, можам да го помирисам путерот во сендвичот, путерот врз кој се става смесата од палачинките, можам да го слушнам путерот како чрчори на лебот и можам да се сетам како истекува стопеното сирење од сендвичот. Тогаш ми доаѓа оној крцкав звук кога го јадете и мирисот во исто време.. па потоа вкусот.. Мислам дека убавата храна треба да го содржи сето тоа.. И кога првиот ден овде јадевме мезе и седевме надвор, јадевме печени пиперки во масло со лук и магдонос. Јас никогаш нема да го заборавам тоа поради тоа како изгледаше, поради луѓето и поради тоа што се беше совршено.. За прв пат искусив такво нешто. Мислам дека храната го прави тоа.. покрива се друго.. Не мислам дека е само аромата или само вкусот. Мислам дека е се заедно.

    Ќе го цитирам Златко Гал, познатиот хрватски новинар, готвач, коментатор, рок критичар. Во интервју за Балкон3 тој вели: да јадеш само житарки, некои зелени листови, да пиеш Евиан вода и да трчаш 50 км дневно. По ѓаволите со тоа! Тоа не е живот! Дали се согласувате со тоа?

    • Хахаха, Да се согласувам 100% со тоа. Некои луѓе, јадат за да живеат, некои живеат за да јадат. Јас уживам во храната. Не само да ја јадам, туку уживам во целосното искуство во седењето, јадењето, дружењето, разговорите.. Уживам во амбиентот, уживам в музиката, за мене тоа е дел од животот, дел од она што ме прави среќен. Ако има луѓе кои што сакаат да пијат само Евиан вода и да јадат житарки и да трчаат по 50 км на ден, во реед, но тоа не сум јас.

    sbraga16_balkon3

    Кој е вашиот совет за македонските кувари, на што да обрнат внимание, на што да се фокусираат во подготвувањето на добрата храна со цел да станат познати?

    • Утрово бев во продавница и видов блитва. Има многу листови овој вид зеленчук и јас реков. Еј, колку е убаво, одамна немам видено. И еден од пријателите кои беа со мене рече. О, тоа ние го служиме со риба. Е, ние во САД блитвата ја служиме со се. Може да биде со риба, со свинско месо, со пилешко. И јас мислам дека ако Македонците размислуваат на тој начин, на пример: Еј, јас можам да го зготвам ова со малку лук, со масло и можеби магдонос и можам да го послужам со јагнешко, или со свинско, или со пастрмка, со било што.. Само отворете го умот и не размислувајте дека може да се служи само со риба. Има многу начини да се истражува храната!

    Што најмногу ви се бендисува од балканската храна?

    • Ја сакам едноставноста да се има се на дофат. Денеска во маркетот видов ротквици, рано кромитче, лукче, див праз, магдонос.. Јас ги сакам овие вкусови, тоа се моите омилени вкусови..

    Веројатно патувате многу. Кои земји во регионот ги посетивте?

    • Да, патувам често. Бев на Хаити, на Карибите пред две седмици, а во регионот сум бил и порано. Сум ги посетил Грција, Турција и Хрватска, следната недела одам за Косово, така што возбудливо е да се биде во сите овие земји.

    sbraga30_balkon3

    Како го објаснувате се поизразениот став на младите луѓе дека со еден вид гордост објавуваат дека не знаат да готват, или дека знаат само да спржат јајца?

    • Мислам дека е важно за секој да научи да готви иако не секој е гурман.. да се научат некои основни работи. Тоа е како чистење на вашите алишта, сите треба да научат како да си ја исчистат облеката. Така што, кога младите велат не знаат да готват или не сакаат да готват, јас мислам дека би требало да научат малку.

    Храната е вашиот живот. Дали нешто ново, интересно го има привлечено вашето вимание во последно време на ова поле?

    • Многу работи го привлекуваат моето внимание. Всушност, нема нешто што не го привлекува. Вчера набљудував подготвување на јадење надвор на отворено. Луѓето готвеа на отворен оган, правеа ѓомлезе. Не сум видел такво нешто порано. Инспириран сум од тоа. Инспириран сум од тоа како ја користат тепсијата, како палат оган одоздола. Инспириран сум од едноставни нешта.

    Ñ

    Дарко Чекеровски

    Повеќе за кевин Сбрага http://www.sbragadining.com/