Tag: Валандово

  • ГРАЃАНИТЕ БАРААТ ПОЧИСТИ НАСЕЛБИ, ОПШТИНИТЕ СО ЗГОЛЕМЕНА СТАПКА НА ОДГОВОР ПРЕКУ „мЗаедница“

    ГРАЃАНИТЕ БАРААТ ПОЧИСТИ НАСЕЛБИ, ОПШТИНИТЕ СО ЗГОЛЕМЕНА СТАПКА НА ОДГОВОР ПРЕКУ „мЗаедница“

    Дигиталната платформа „мЗаедница“ (мобилна и веб – апликација) продолжува успешно да се развива во општините Карпош, Валандово и Кочани, а од неодамна и во општините Аеродром, Кисела Вода и Крива Паланка. Согласно достапните статистики, до овој момент преку „мЗаедница“ преземени се повеќе од 3.800 активности (пријава на проблеми или споделување на идеи за развој на населбите).

    Тоа што охрабрува е што континуирано расте бројот на активни корисници. Повеќе од 3.000 граѓани, активно ја користат апликацијата на дневно ниво и имаат континуирана двонасочна комуникација со локалните самоуправи.

    НАЈЧЕСТО ПРИЈАВУВАНИ ПРОБЛЕМИ

    Според истражувањето кое го спроведе Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21  најчесто пријавуваните проблеми и споделени предлози преку „мЗаедница“, во сите општини, се однесуваат на животната средина односно управувањето со отпадот. Следна област, за која  граѓаните изразуваат највисок интерес е  јавното осветлување, како и локалната инфраструктура (ударни дупки по сервисните улици; проблеми со канализацијата и водоводната мрежа; небезбедни шахти).

    Во однос на предлозите и иницијативите кои граѓаните ги поднесуваат до општините, во континуитет се повторуваат барањата за обнова на реквизитите во детските игралишта. Дополнително, граѓаните пријавуваат и решенија за побезбеден сообраќај (особено околу градинките и основните училишта) како и иницијативи за подигнувањето на хаварисаните (неисправни) возила, што е предизвик за речиси сите локални самоуправи и корисниците бараат поитна акција во овој сегмент од работењето.

    Зголемена е и стапката на одговор од страна на претставниците на општините. Речиси 87 % од пријавените проблеми/идеи се разгледани од општините, а повеќе од половина пријави се решени и промената е видлива на терен.

    ДИГИТАЛИЗИРАЊЕ НА СУБВЕНЦИИТЕ

    Со почетокот на пролетта, дел од општините ќе објават и јавни повици за субвенционирање на купување на нови велосипеди. Оваа јавна услуга ќе биде целосно дигитализирана, со што граѓаните на Аеродром и Кочани нема да имаат потреба да одат до општината туку директно ќе ги поднесуваат документите преку „мЗаедница“.

    Исто така, во постапка е дигитализација на субвенциите за набавка на инвертер клими и печки за палети во Кочани.

    Во моментов, граѓаните на Валандовo аплицираат по дигитален пат за еднократна помош за прваче, новороденче и поддршка за семејства во социјален ризик.

    Праксата покажува дека општините, кои веќе во континуитет ги дигитализираат јавните услуги, имаат и проактивен пристап. Локалните самоуправи ги гледаат придобивките од дигитализацијата и веќе самостојно ги известуваат граѓаните да аплицираат по електронски пат, но и во јавните повици ја наведуваат „мЗаедница“ како релевантна алатка преку која граѓаните можат целосно да го остварат своето право.

    „мЗаедница“ ДОСТАПНА ЗА ТРИ  НОВИ ОПШТИНИ

    Граѓаните на Аеродром, Кисела Вода и Крива Паланка, од неодамна можат да ја користат „мЗаедница“. Дигиталната платформа е прилагодена за секоја од општините, со што и жителите на овие локални самоуправи можат да остваруваат права по дигитален пат и да комуницираат со својата општина.

    Последна од приклучените општини е скопската општина Аеродром. За краток период, . За успешната двонасочна комуникација меѓу граѓаните и општината, „говори“ и бројот на 23 затворени – решени проблеми во Аеродром, а 38 пријави се во процес на решавање.

    Во претстојниот период, оваа дигитална платформа ќе биде достапна за уште повеќе граѓани, општини и други локални чинители.

    ПЛАТФОРМАТА Е ПРЕПОЗНАЕНА ОД ЛОКАЛНАТА ЗАЕДНИЦА

    Со последното надградување на дигиталната платформа, направена е можност свои профили на „мЗаедница“ да креираат и граѓански организации, институции, медиуми и компании. Имајќи предвид дека дел од овие чинители функционираат само на локално ниво, се овозможува дополнително нивно поврзување со локалната заедница. Бројките покажуваат дека до овој момент, 10 граѓански организации и 10 образовни институции (училишта, градинки) креирале свои профили на „мЗаедница“, а истото го направиле и пет приватни компании.

    Преку креирањето профили од овие субјекти, се отвора можност и нивната комуникација со општината да се одвива по дигитален пат. Особено кога станува збор за деловните субјекти (фирми), кои често соработуваат со локалните самоуправи. На пример, рестораните/кафулињата бараат согласности за да постават урбана опрема (маси/столици) на јавен простор или пак редовно поднесуваат барања за заверка на нормативи за храна и пијалоци до општините. Кога овие административни постапки би се дигитализирале, уште повеќе ќе се олесни комуникацијата меѓу приватниот сектор и општините, а и администрацијата би била поефикасна.

    Оттука, „мЗаедница“ може уште повеќе да се надградува и да се доближува до потребите на граѓаните, што е и меѓу главните цели на креативниот тим од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21.

    Симнете ја мобилната апликација:

    📲 App Store: https://apple.co/2SbERqJ

    📲 Google Play: https://goo.gl/Y9qhpE

    Десктоп верзија: www.mzaednica.mk

    Овој текст е изготвен како дел од проектот „мЗаедница за еЗаедница“ поддржан од проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“, ко-финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), “Партнери за демократска промена Србија (Србија) “, НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).

    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.

  • Чаликли – Една искрена приказна

    Поговорката `ако ја споделиш болката таа ќе се намали, ако, пак, ја споделиш радоста таа ќе зголеми` најмногу одговара токму за селата. Во тоа се уверивме, кога по повод Меѓународниот фестивал на пролетни веселби го посетивме селото Чаликли, Валандовско.

    Искрените, љубезни и гостољубиви домаќини гостите ги пречекуваа уште на самиот влез на селото. Возбудата и радоста да се биде домаќин на фестивалот ја споделуваа со сите гости.

    Објективот на Балкон3 ги забележа следните моменти…

    Бабичка, најстарата жителка во селото
    Шумар, збунет од големата гужва
    фестивалот се следи со големо внимание
    домаќините највесели
    фолклорна група од Украина
    Нешто мора и да се заработи
    Зурлата се тестира
    дел од куќите се напуштени
    Традиционален фустан од Валандовскиот регион

    Традиционалниот фестивал за жителите на Чаликли, покрај возбудата од запознавање со нови лица и среќавање со подалечни роднини, претставува голема одговорност. Од една страна да се задоволат гостите, од друга страна пак за неколку дена да се престави традицијата на јуруците кои живеат во источниот дел на Македонија. (Х.Г.)