Tag: власт

  • Неспособноста ќе ја платиме со името

    Замислете…

    Ако ги трошевме народните пари за реконструкција на болниците, училиштата, тротоарите, улиците..

    Ако ни беше приоритет доброто јавно здравство, па да ги исчистевме и опремевме болниците..

    Ако не газевме кал по болниците..

    Ако имавме добро образование, опремени училишта, со исчистени клозети, со завеси на сите прозорци, кои би се купиле без донации од родители..

    Ако имавме добри учебници, достоинствена плата за професорите и учителите, со проверен учителски и професорски кадар, а не напикан по партиска и родниска линија..

    Ако имавме непартиско, непристрасно и професионално судство, да сакавме да избереме судии кои ќе судат според закон, а не според партија.

    Ако овозможевме граѓаните кога ќе излезат од домовите, да заминат на работа, а нивните деца на училиште, по чиста улица, среден тротоар и зеленило..

    Ако ги закрпевме улиците, направевме патишта.

    Ако наместо споменици градевме мостови, пречистителни станици..

    Ако имавме стручна а не партиска администрација..

    Ако не дозволувавме на црвено светло на семафор секогаш да поминуваатт уште три четири коли…

    Ако го почитувавме правото на животна средина на граѓаните, ако немавме кафеани и ресторани под секоја зграда чии камиони ги уништуваат тротоарите и зеленилото и тоа пред очите на инспекторите, полицијата.

    Ако не дозволувавме кафетериите, рестораните да ја заграбуваат јавната површина со амин на државата и инспекциите кои се платени да ги штитат интересите на граѓаните.

    Ако не ни беше приоритет доброто на кладилниците и казината кои ги има на влез од секоја втора зграда, туку образованието, здравството..

    Ако меѓу стотици казина и илјадници кладилници имавме барем една нова библиотека.

    Ако сакавме да ги натераме да си ја работат работата оние кои ги плаќаме да работат во интерес на граѓаните.

    Ако знаевме да направиме шахта, рамна со асфалтот.

    Тогаш немаше потреба да плаќаме со името. Или барем не толку скапо.

    Но, неспособноста да направиме систем кој на површина ќе ги исфрла способните, работливите и чесните е наша грешка, не е на Грција, ниту на Европската унија. Тоа е исто како некој коцкар, кој не знае кога да запре и става се поголем влог за да излезе од калта, а наместо тоа тоне. И продава се што има и негово и она што не е негово…

    *Идејата не е дека не треба да се направи компромис со Грција. Компромис ќе мора да се направи, но да биде достоинствен компромис за да го решиме ова прашање на нашиот пат кон иднината. А, не како сега да бидеме во позиција или име, или распад на држава.

     

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: ПРВО „ПАТО“ ПА НАТО

    ДА ТИ НАЦРТАМ: ПРВО „ПАТО“ ПА НАТО

    Локалната самоуправа се избира на локални избори. Кои, пак, често се користат за многу други политички потреби наместо за да се избере што подобра локална самоуправа.

    Изборите за локална самоуправа се сметаат за најнепосредна демократија бидејќи општината ги решава проблемите што граѓаните директно ги засегаат, а граѓаните најлесно може да се вклучат во неа и да влијаат врз нејзините одлуки.

    Но локалната самоуправа има автономија во однос на државната власт и затоа треба да се разграничи за што НЕ треба да се користат локалните избори.

    Прво. Мерење на рејтингот. Речиси немало локални избори што не биле означени како „судбоносни“. Политичарите на митинзите велат дека тоа не се „обични“ локални избори, туку треба да бидат вовед во промена или зацврстување на власта. Секојдневните потреби и проблеми на граѓаните се во втор план.

    Второ. Промовирање кандидати за повисоки функции. За многу градоначалници функцијата е „загревање“ додека нивната партија дојде на власт, кога ќе станат министри, а ќе ги остават граѓаните со некој в.д. градоначалник за кого не ни гласале.

    Трето. Вдомување кандидати што се веќе на повисоки функции. Ова најчесто се прави кога некој пратеник, министер или директор е популарен поради својата работа, па таа популарност треба да се искористи за да се добијат повеќе гласови на локалните избори. На граѓаните им останува само да погодуваат колку со полно работно време ја извршувал државна функција, а истовремено доволно се запознал со локалните проблеми што треба да им ги реши. Особено ако кандидатот си остане на функцијата до изборите, па потоа размислува дали ќе ја промени.

    Четврто. Логистика на владејачката партија да остане на власт. Владата знае дека резултатите во локалната самоуправа се најочигледни. Многу потешко се мерат ефектите од некој закон, отколку ефеките од асфалтирањето улица. Асфалтот или го има, или го нема, тоа се гледа. Затоа владите често со многу пари им помагаат на „своите“ градоначалници да ги уредат општините, а потоа премиерите и министрите присуствуваат на отворањето објекти. Работите се претставуваат како заеднички проекти на државната и на локалната власт, односно проекти на партијата, не на институциите.

    Петто. Логистика на опозициската партија да се врати на власт. Кога градоначалниците и припаѓаат на опозицијата, понекогаш влегуваат во постојана кампања за да докажат колку се подобри од владејачката партија. Со неа влегуваат во директен конфликт, заборавајќи дека како градоначалници им служат и на членовите на таа партија што живеат во нивната општина.

    Шесто. Згрижување на партиските членови што не влегле на ниедно друго место. Во Македонија има речиси 1.400 општински советници. Земаат надомест од 10.000 до 22.000 денари месечно. Без разлика дали нешто работеле или не. Јавноста некои ги познава, повеќето се непознати. Но си го заслужиле местото преку партијата.

    На крај, а за што треба да се користи локалната власт? За подобри училишта, градинки, улици, водоводни мрежи, канализации, зеленило, паркови, игралишта и за подобри услуги како издавање градежни дозволи, урбанистичко уредување и заштита на животната средина.

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: Кога власта почнува да ја губи легитимноста?

    ДА ТИ НАЦРТАМ: Кога власта почнува да ја губи легитимноста?

    Кога власта почнува да ја губи легитимноста? Тогаш кога самата веќе не игра според правилата на системот. Кога партијата на власт почнува да мами и да не води сметка за интересите на поголем број граѓани. Кога кон една група луѓе се однесува на еден начин, а кон друга на поинаков. Тоа однесување на крајот создава длабока криза во општеството предизвикана од разнишаните правни, економски и морални темели, а национализмот станува последното упориште на власта…