Екипата на Балкон 3 во неделата имаше можност да присуствува на еден навистина несекојдневен и интересен настан. Станува збор за тричасовна прошетка низ Отоманското наследство на Скопје, која за сите заинтересирани бесплатно ја организира археологот и туристички водич, Василка Димитровска. Заедно со уште шеесетина љубопитници посетивме четири џамии, изградени во 15-от век (Султан-муратовата џамија, Гази Иса Беговата џамија, Исхак Бег (Алаџа) џамијата и Мустафа-пашината џамија). Потоа групата се запозна и со историјата на Скопското Кале, Куршумли ан, Даут-пашиниот амам, Капан ан, Сули ан и Безистенот во Старата скопска чаршија. На крајот сите беа среќни што научија многу интересни работи за Скопје, но во исто време и изненадени колку малку знаеле за Отоманското наследство на главниот град. За неколку дена на Балкон 3 ќе имате можност да погледнете видео приказ од прошетката, а засега уживајте во фотографиите, кои ги издвоивме за вас.
Мустафа-пашината џамија, изградена во последната деценија од 15-от век од Мустафа паша, е еден од најубавите споменици изградени во Скопје за време на турското владеење.Туристичкиот водич Василка Димитровска ја раскажува историјата на Мустафа-пашината џамијаПосетителите слушнаа интересни детали и за Скопското калеКалето во Скопје, изградено во шестиот век за време на византиското владеење, импозантно се издига на левиот брег на реката Вардар.Дел од прошетката беше и Капан ан – некогаш преноќиште за трговците и патниците – намерници, денеска место каде што може да уживате во храна, чај и наргиле.Сули ан е изграден во 15-от век, а името Сули, кое значи „воден“ го добил, бидејќи во негова близина минувала реката Серава. Денеска во анот е сместена Ликовната академија во Скопје.Прошетката заврши во Безистенот – еден од најубавите објекти во Старата скопска чаршија, кој има огромна културно – историска вредност.Во Безистенот посетителите имаа можност да дегустираат и да се освежат со неколку видови ладен чајВпечатоци од прошетката пред камерата на Балкон 3
Leave a Reply
You must be logged in to post a comment.