Author: Balkon3

  • В СРЕДА СТАРТУВА 21. ИЗДАНИЕ НА OFFEST

    В СРЕДА СТАРТУВА 21. ИЗДАНИЕ НА OFFEST

    Дваесет и првото издание на традиционалниот OFFest ќе се одржи од 1 до 4 јуни во Националната опера и балет и МКЦ. Фестивалската програма годинава ја сочинуваат осум концертни настапи и еден документарен филм.
    ОФФ-Фест 2022 ќе го отвори извонредниот македонски етно состав ПЕРИЈА, како и маестралниот тандем на две наши исклучителни творечки фигури ДОБРИЛА & ДОРИАН ДУО, со домашна концертна премиера на музичкото ремек-дело, албумот „Апокриф“ (SJF Records). Мајсторството во изведбата на африканската кора што ќе го сподели виртуозниот инструменталист БАЛАКЕ СИСОКО од Мали, во комбинација со рафинираниот пост-тропикализмичен и боса-нова звук на триото на бразилскиот гитарист, пејач, композитор и продуцент ЛУКАС САНТАНА, создаваат услови за беспрекорно концертно доживување. Фасцинантниот електро-психоделичен музички огномет на колумбиските тропски велемајстори ЛОС ПИРАЊАС е еднакво погоден за слушање и за танцување. Величенствената моќ и уникатната разновидност на италијанската пејачка ѕвезда МАРИЈА МАЦОТА ќе ја пресретне волшебната интерпретација на националниот музички стил на Зелено’ртските острови (Кабо Верде), популарната „морна“, од страна на една од најреномираните уметници што го истражуваат и чуваат ова огромно музичко наследство – НЕНСИ ВИЕИРА. ОФФ-Фест 2022 ќе го заклучи експлозивниот и фуриозен хајлајф фанк на многучлениот афробит колектив САНТРОФИ од Гана. Во рамките на фестивалската програма ќе биде прикажан и документарниот филм “The Rumba Kings”, посветен на конгоанската румба.
    ПЕРИЈА е бенд формиран во 2015 година. Своите почетоци ги имаше на улица како импровизирана сцена. Членовите се менуваат низ текот на годините, а бендот останува отворен за конекции и соработки. Перија е македонски збор со турско потекло што значи самовила. Токму таа митолошка врска со темнината на балканските шуми е чувството коешто се обидуваат да го пренесат во својата музика. Идејата е комбинирање на нивните музички влијанија и создавање на фузија: обработување на стари, речиси заборавени песни (некои од нив собирани од пријатели кои патуваат по селата и ги снимаат, а некои најдени во многу стари снимки), со сопствена оригинална авторска музика и аранжмани. Бендот во својот вокален израз употребува различни јазици од Балканот и пошироко, бидејќи веруваат во еднаквоста на културите. Нивните музички влијанија варираат од модерната класична музика, атоналната, пост-панк, рок, метал, психоделичниот транс, па сè до традиционалната музика на Балканот, Блискиот Исток и Северна Африка. Комбинираат западни и источни техники на свирење: музички скали што се користат во традиционалната музика на Балканот, комплицирани макамски скали, па дури и одредени раги од истокот, непарни ритми од Балканот итн. Имаат објавено два студиски албуми и две EP изданија.
    Добрила и Дориан ја започнуваат својата соработка уште во 2008 година во Чалгија саунд систем кој до денес е еден од оние бендови што ја негува традиционалната чалгиска музика, но и креира нова, современа музика базирана врз традицоналната чалгија. Нивната заедничка музичка авантура во форма на дуо започнува во 2020 година создавајќи го проектот DOBRILA & DORIAN DUO и првиот заеднички албум наречен „Апокриф“ (SJF Records, 2021), кој уште при самото негово појавување е оценет како ремек-дело. Во него се наоѓаат неколку од најубавите македонски традиционални песни: „Излези, Видо“, „Три години стана“, „Невесто, тенка, висока“, но овојпат со комплетно нов пристап и уникатен „електронски“ поглед кон македонската музика кој ја носи во една поинаква димензија. Сега, наместо познатиот инструментариум на поголемите ансамбли, се слуша само утот, луповите, тишината, импровизациите и раскошната убавина на мелодиите. За привлечноста на овој нов музички изблик уште на самиот почеток на неговото живеење ќе речат: „Смел, искрен и до нота маестрално изведен проект, кој ако го пуштите еднаш, како спирала ќе ве подигне нагоре и по секое пуштање си велите ај, пак!“.
    Еден од најзначајните современи мајстори на инструментот кора, БАЛАКЕ СИСОКО е музичар од Мали, познат по своите инструментални иновации и бројни соработки вон западноафриканската музика. Меѓународниот подем го постигна заедно со кора гуруто Тумани Диабате, на албумот „New Ancient Strings“ (1999), првиот инструментален кора албум во светот. Сисоко започнал да се занимава со музика на млада возраст. Во 1981 година, уште во раните тинејџерски години, по смртта на татко му Џелимади, тој го зазема неговото место во Ensemble Instrumental National du Mali. Една од карактеристиките на неговата музичка визија е тоа што тој стана сериски кроскултурен соработник, секогаш подготвен да го имплементира звукот на кората во нови и различни контексти. Тоа започна со раскошен сет дуети на пијано и кора со италијанскиот композитор Лудовико Еинауди, а потоа следеше неговата соработка со ирскиот мултиинструменталист Рос Дејли. Настапувал или снимал музика со Рокиа Траоре, Таџ Махал, триото 3MA (со Ел Малуми и Раџери) и Салиф Кеита, меѓу другите. Веројатно најзабележителната негова авантура е тандемот со францускиот виолончелист Винсент Сегал, со кого сними два извонредни албуми на кора и виолончело дуети. Балаке е рангиран само позади неговиот роднина Тумани Диабате како најистакнат светски кора маестро.
    Долго пред неговиот 30-ти роденден, бразилскиот вундеркинд ЛУКАС САНТАНА, крстосувајќи го светот со најголемите имиња на бразилската Тропикалија, веќе имаше апсорбирано огромно количество музика, недостижно за повеќето професионалци во текот целиот свој живот. Младиот талент од Баија беше откриен во своите рани дваесетти години од страна на бразилските „супертешкаши“ Жилберто Жил и Каетано Велосо. Во текот на својата повеќе од две децении долга кариера, тој издаде 8 одлични албуми, а компонираше музика и за неколку MPB ѕвезди, како Фернанда Абреу, Мариса Монте и Даниела Меркјури, прераснувајќи во еден од најжешките музички феномени јужно од Екваторот. Денес, пејачот, композиторот, продуцентот и движечката сила на бразилскиот нов бран се враќа кон корените на бразилската гитарска традиција од 1950-тите за да испорача еден пост-тропикализмичен електро-акустичен поп албум со теми што го третираат подемот на реакционерната политика и нејзиното опасно игнорирање на човековите права и животната средина. Сантана бира интимна поставка за својата потрага по светлина во овие мрачни времиња. Како што вели: „живееме во време во кое сите зборуваат гласно. Мислам дека дојде време за шепот во ушите на луѓето“.
    LOS PIRAÑAS се инструментална супергрупа од Колумбија во која учествуваат три музички визионери од Богота: Еблис Алварез (Meridian Brothers, Chúpame el dedo), Марио Галеано (Frente Cumbiero, Ondatropica) и Педро Охеда (Romperayo, Sidestepper). Обединувајќи ги експерименталните можности на ритмите и звуците од Јужна Америка (кумбија, чампета, тропикалија, салса и други) со авант психо-рокот, даб минимализмот и „бодликавиот“ џез, Los Pirañas е ретро-футуризам од најдобар вид. Сите овие стилови тие ги комбинираат во рок манир, со бучни импровизации и апсурден музички хумор. Замисли го Captain Beefheart во егзотично расположение. Или можеби Карлос Сантана во млади години на LSD. Сосема лудо, но во исто време исклучително пријатно и погодно за танц и уживање. Интензивните европски турнеи им донесоа настап на некои од најголемите и најзначајните фестивали, како данскиот Roskilde (2016) каде што изместија толпа од 10.000 луѓе, португалскиот FMM во Синеш (2016), холандскиот Best Kept Secret (2018) и многу други.
    Уникатната сестраност на МАРИЈА МАЦОТА е клучната состојка што ја прави една од најзначајните појави на музичката сцена во регионот Апулија во Италија. Таа се движи природно, со беспрекорна леснотија, меѓу звуците на Јужна Италија и влијанијата на балканската музика, освојувајќи ја публиката со нејзината искрена интерпретација што нурнува длабоко во културите на изведуваните композиции. Покрај членувањето во култните Canzoniere Grecanico Salentino (од 2000 до 2015 година), бенд со кој сними 6 албуми, Марија Мацота може да се пофали со бројни соработки со истакнати светски музички уметници како: Боби Мекферин, Ибрахим Малуф, Рита Маркотули, Балаке Сисоко, Пиерс Фачини, Џастин Адамс и Џулде Камара, Реди Хаса, Рој Пачи и други. Во текот на нејзината кариера, таа настапи на некои од најважните меѓународни „world music“ фестивали: Womad (Австралија, Нов Зеланд, Велика Британија), GlobalFest (Њујорк), South by Southwest (Тексас), Rainforest (Малезија), TarabTanger (Мароко), Soglie (Саудиска Арабија), Womex (Солун и Порто), Babel Med Music и Les Suds a Arles (Франција) итн. На OFFest, Марија Мацота ќе го претстави својот последен албум “Amoreamaro”, во дует со хармоникашот Антонино Де Лука.
    НЕНСИ ВИЕИРА е една од најреномираните уметници што го истражуваат огромното музичко наследство на Зеленортските Острови (Кабо Верде), поточно нивната „морна“, национален музички стил којшто неодамна беше прогласен од УНЕСКО како нематеријално наследство на човештвото. А на сцената, таа е една од најсилните чувари на ова наследство, претставувајќи го низ целиот свет. Нејзината музика, која зборува за патувањата и морето, за копнежот и далечината, опстојува на различни фреквенции, нешто што секогаш им дава посебна динамика на нејзините концерти, на кои таа секогаш претставува „морни“, „фунани“, „коладери“ и звук што се шири низ океанот и светот. Виеира, која живее во Португалија, го имаше своето деби во 1995, но првпат го привлече вниманието во 1999, кога се појави на компилацијата „Musica de Intervenção Cabo-Verdiana“ (Интервентна музика од Зеленортските Острови), пеејќи заедно со легендарниот Илдо Лобо. Таа потоа ги објави албумите „Segred“ (Praça Nova, 2004), „Lus“ (Harmonia Mundi/World Village, 2007), „Pássaro Cego“ со Мануел Пауло (Arthouse, 2009) и „Nô Amá“ (Lusafrica, 2012), а во 2018 го објави многу фалениот „Manhã Florida“ (Lusafrica). Во моментов, Ненси подготвува нов албум, што значи нејзиниот извонреден репертоар ќе биде збогатен со нови песни.
    Дури и без издаден албум, SANTROFI веќе го потпалија светот полудувајќи ја публиката низ цела Европа со својата летна турнеја во 2019-та, вклучувајќи ги фестивалите Sines (Португалија), WOMAD (Велика Британија), Roskilde (Данска) и WOMEX (Финска). На овој млад деветчлен олстар бенд од Гана не му недостигаат талентирани музичари и енергија на сцената. Нивниот деби-албум “Alewa” испорачува – директно од улиците на Акра – нов бран свеж highlife звук вкоренет во минатото но со поглед кон иднината. Групата, формиранa од басистот и продуцент Емануел Офори, кој „се хранеше од изворот“ настапувајќи со Ебо Тејлор и Пет Томас, е длабоко инспирирана од highlife музиката на Гана во сите нејзини облици. Влијанијата се движат од возбудливиот, динамичен, гитарски, денс-ориентиран highlife од 70-тите, преку различните етно форми на highlife фанкот, па сè до полиритмичните битови и мелодии со кои популарниот afrobeat го инфицираше целиот свет. На сцената, тие ја уриваат секоја можност за хиерархија: музичарите ги менуваат своите улоги, растејќи со развивање на талентот на другиот и усогласувајќи се како целина. Заедно, тие имаат моќ да збришат сè пред себе. А ова е само почеток.
    Документарниот филм THE RUMBA KINGS ја воспева епската потрага по конгоанската румба. Тоа е музиката што му помогна на Конго да се бори против колонијалното угнетување, да се ослободи и да создаде нов идентитет. Во 1950-тите, кога Демократска Република Конго беше белгиска колонија, цела една генерација тамошни музичари ги спои традиционалните африкански ритми со афро-кубанската музика, создавајќи го возбудливиот бит на конгоанската румба. Звук што ќе го доведе Конго до неговата независност и ќе го вооодушеви целиот африкански континент со својот заразен грув, хипнотизирачки гитари и пријатни вокали. Овој филм содржи музика од Franco Luambo & OK Jazz, Grand Kallé & African Jazz и Docteur Nico & African Fiesta Sukisa. The Rumba Kings не е само музичко патување, туку и емотивно искуство за тоа како музиката може да ги урне бариерите, да ги залечи раните и да донесе надеж.
  • ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: Паметна урбанизација или непромислена бетонизација

    ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: Паметна урбанизација или непромислена бетонизација

    ЗЕМЈА ЗА СПОРЕДБА: ГЕРМАНИЈА

    Домувањето не е само четири ѕидови и покрив. Тоа е целиот простор околу домот. Ако тој е погрешно проектиран, квалитетот на домувањето ќе биде под стандардите. Дури и ако се е совршено меѓу четирите ѕида. Таква е приказната за поголемиот дел од Скопје.

    Искра Јанковска Михајловска, архитект и активист на Здравје пред профит во Центар: Кога одите на некое игралиште кое го предвидела општината и детето не може да дојде на ред за лулашка тоа е погрешно урбанизација. Ако не можете да се паркираате на местата предвидени за вашата зграда, тоа е погрешно урбанизација. Почнувате да се карате со комшиите, почнувате да се нервирате за обични секојдневни потреби. Значи ако одите во локалната поликлиника и таму има повеќе гужва од што е нормално да почекате, тоа е се погрешно урбанизација. Скопје не е пренаселен град. Во моментов е лошо испланиран.

    Кога еден град расте, тоа значи дека во него има минимум добри услови за да привлече нови жители. Тоа носи повеќе работна сила, повеќе потрошувачи, повеќе економска активност и повеќе можности. Од друга страна носи и повеќе сообраќај, повеќе отпад, поинтензивно користење на инфраструктурата, побрзо црпење на ресурсите и на просторот.

    Растот носи корист само ако за него не се плати превисока цена. Во спротивно, штетата ќе биде многу поголема. Низ Европа има градови што се затвориле за да ги спречат проблемите, но има и такви што успешно вдомиле стотици илјади нови жители, па сепак со паметно планирање и развој, го унапредиле квалитетот на живеењето и животната средина.

    „Дали личиме на ЕУ“ е прашање што по својата важност го надминува прашањето дали и кога ќе станеме членка на ЕУ. Тоа е прашање на можности и стандарди што овозможуваат подобар живот. На ангажманот на државните институции и на општеството во градењето подобро утре. Европа не треба да ја гледаме како симбол на совршенство, туку како симбол на желбата за усовршување. На желбата секој да ги ужива своите фундаментални права. „Дали личиме на ЕУ“ значи дали го заслужуваме епитетот „европски“, кога зборуваме за правата на човекот и на граѓанинот.

    ДЕЛ 1: Раст за пари или раст за развој

    • Хуманизација на просторот и унапредување на животната средина  е темелна вредност на македонскиот устав
    • Високо ниво на заштита на животната средина и одржлив развој во сите политики – Европска повелба на фундаменталните права
    • Право на учество на јавноста во носењето одлуки за животната средина – Архуска конвенција

    Мирко Андовски, поранешен раководител во Агенцијата за планирање на просторот: Треба да се ствараат амбиентални вредности, значи да се прават населби во кои што соседот ќе има право на пристап, право на проветрување, право на сонце, ако е на коси падини тоа значи и видикот да им го сочувате. Сето тоа е вредност на една градба.

    Заштитата и унапредувањето на животната средина не се сведува само на шумите и на планините, или на дивите животни во нив. Со растечкиот број на градското население насекаде во светот, па и во земјава, едно од клучните прашања е како живеат луѓето во градовите, каква е нивната непосредна околина, дали имаат услови за квалитетен живот. Затоа просторното планирање е неизоставен елемент на унапредувањето на животната средина. Многу нешта зависат од тоа како е уреден еден урбан простор: какво ќе биде движењето во него, какво ќе биде снабдувањето со вода и енергија, или со основни продукти, дали ќе има јавен простор за социјализација, дали ќе има доволно зелен простор за одржување на природниот амбиент. Од сето тоа зависи и каков воздух ќе се дише.

    Искра Јанковска Михајловска, архитект и активист на Здравје пред профит во Центар: Урбанизмот е многу комплексен, не е само за архитектите и не е само средсво да се изгради повеќе, ниту па развојот на еден град подразбира само градење. Сите промени се прават врз база на податоци, се е математика. Во урбанизмот имат многу математика, многу социологија, начинот на живеење, навиките и бројката на луѓе кои живеат во една градска четврт мора да се земат предвид. Не е само исцртувањето на архитектите, тука требаат многу информации за да се добие вистински план.

    Тонско, Мирко Андовски, поранешен раководител во Агенцијата за планирање на просторот: Генералниот план на Скопје имаше 23 ако не се лажам, или можеби повеќе студии што беа претходно направени за да може да се испланира градот онака како што планерите дадоа предлог, нели генералниот план конечно беше и усвоен.

    Брзорастечките градови можат многу лесно да искусат проблеми во сите тие области ако внимателно не го испланираат својот раст. Колку повеќе се згуснуваат урбаните зони, толку е поголем и притисокот врз уличната мрежа, инсталациите, јавните добра, училиштата, градинките, трговските објекти.  Просторното планирање и заштитата на животната средина, иако се под надлежност на едно министерство, зависат и од волјата и од можностите на поголем број институции.

    Насер Нуредини, министер за животна средина: Сите програми се работат паралелно со другите институции. Го имаме Министерството за економија што работи на енерегетската ефикасност. Министерството за транспорт работи на мобилноста, тука е и Министерството за образование кое работи на нова програма за да го врати изучувањето на животната средина на училишните часови.

    Скопје е брзорастечки град веќе седум децении. Додавајќи по стотина илјади нови жители на секои десет години, градот и регионот околу него, скопската котлина, се се поблиску до тоа да станат дом на еден милион луѓе. Но во последните дваесетина години, растот на Скопје се одвива токму на начинот што се смета за најштетен – со згуснување на урбаните зони.

    Никола Наумоски, шеф на кабинетот на градоначалникот на Скопје: Порано беше практика да се окупираат тревници помеѓу згради за таму да се изгради нова стамбена зграда. Тоа од една страна има логика од страна на општината затоа што ќе има многу помалку инвестици во инфраструктура, за да се создаде таа зграда на тоа место. Од друга страна парите што ги наплаќат од комуналите беа исто како да се гради на Зајчев рид или кај аквадуктот.

    И по 25 години локална самоуправа нема сериозни обиди да се надмине најголемиот проблем со финансирањето на општините – нивната зависност од комуналии. Систем што поттикнува да има што повеќе градба на што помал простор, за да се соберат што повеќе пари. До кога може да трае тоа?

    Искра Јанковска Михајловска, архитект и активист на Здравје пред профит во Центар: Општината им удоволува на нив, сметајќи дека ќе земе пари од комуналии, меѓутоа просторот е ресурс кој не се обновува. Толку ни е просторот. Државата е таа, вие ќе продавате ќе продавате и ако платите ви се базираат на тоа да ги исплаќате од комуналиите, тоа е лош бизнис план.

    Земјата ја има толку колку што ја има. Кога ќе снема простор, ќе снема и пари, но веќе ќе биде предоцна. Луѓето ќе се гушат во борбата за парче небо, за парче простор за децата, за малку приватност без да мораат да ги спуштаат завесите, но ништо од тоа нема да може да добијат. Тоа што се изградило ќе си остане, и разретчувањето ќе биде невозможно.

    Никола Наумоски, шеф на кабинетот на градоначалникот на Скопје: Тоа би подразбирало уривање на некои објекти кои што се во приватна сопственост и тоа не само приватна, туку во приватна сопственост на повеќе лица. Да ја урнете зградата со 40 станари тоа значи дека на сите 40 треба да им исплатите оштета и да им најдете соодветни живеалишта што одговараат на предходното.

    Тогаш ќе мора да се бараат алтернативни начини за финансирање на општините, бидејќи веќе го исцрпеле просторот како извор на приходи. Поточно, државата требаше да го стори тоа уште од 1997 година кога ја ратификуваше Повелбата за локална самоуправа на Советот на Европа. Со неа, меѓу другото, се предвидува разновидно финансирање на општините, за да не се потпираат премногу на еден извор и да можат да ги извршуваат своите обврски.

    Без јасни планови како да се подобри финансирањето на општините за да се намали притисокот за градење, Владата сепак планира да им наложи дека мора да ги исполнат своите обврски за почист воздух или да се соочат со последици.

    Насер Нуредини, министер за животна: Тие ќе имаат обврска да преземат некои мерки. Ќе имаат обврска да го променат сообраќајот, да го променат работното време за луѓето што не се добро или се над 60 години, ќе имаат обврска да ги променат инсталациите. Ако не ги применат мерките, Владата ќе има законско право да влезе и да ги спроведе.

    ДЕЛ 2: Вредност и обезвреднување

    • Рециклирање на запуштените простори
    • Некаде за одржлив развој, некаде за максимален профит
    • Пропуштени шанси за похумано живеење што веќе нема да се вратат

    Во Германија, како најголема земја-членка на Европската унија, финансирањето на локалната самоуправа е различно и зависи од градот, сојузната држава и од други фактори. Но најважно е дека финансирањето е разновидно. Освен што добиваат трансфери и грантови од централната власт, тие наплаќаат и свои даноци како данокот на имот, данокот на бизнис, надоместоци за услугите итн.

    Минхен е најбрзорастечкиот град во Германија. За 20 години прими 300.000 нови жители и веќе се искачи на еден ипол милион луѓе. И покрај овој неверојатно брз раст, Минхен остана една од водечките зелени метрополи во Европа. Сето тоа се постигна со внимателно урбано планирање во кое градот, растоварен од финансиската зависност од комуналии, можел да инвестира во нови јавни простори.

    Елизабет Мерк, раководителка на секторот за урбанистичко планирање на Минхен: Кога еден град ќе порасне за 300.000 жители за 20 години, тоа значи дека ни треба нова социјална инфраструктура, градинки, училишта, болници, но исто така зелени и слободни простори, како и еколошка одржливост. Јавен простор. Какви можности ќе имаат луѓето за да го поминат своето слободно време блиску до дома? Здравиот урбан развој игра многу голема улога.

    Елизабет Мерк од 2007 година го води одделот за урбано планирање на Минхен. Еден од главните успеси на градот, според неа, е рециклирањето простор.

    Елизабет Мерк, раководителка на секторот за урбанистичко планирање на Минхен: Беше многу важно за урбаниот развој на Минхен што во изминативе 20 години бевме во можност да рециклираме многу простор. Имавме поранешни простори на железницата што не се користеа, што ги претворивме во големи станбени области. Имавме поранешни касарни, кои веќе не беа потребни. Откако падна Берлинскиот ѕид и се отворивме кон истокот, можевме да ги претвориме во мешани градски четврти, за живеење, работа и за услуги. Имавме и други големи зафати, како преместувањето на аеродромот и на старото сајмиште, што значи секогаш имавме површини достапни за да ги рециклираме. И тоа беше многу позитивно бидејќи ни овозможи да зачуваме големи делови од зелениот појас на Минхен, како и големи делови што се користат за земјоделство.

    И Скопје имаше поранешен железнички коридор што стоеше празен зад Старата железничка станица, напуштени фабрички објекти како Цветан Димов и Алумина, и други запоставени простори. Не се искористија за никаква мешана намена, туку само за интензивна градба на нови станови. Тоа е планираната иднина и за просторите како Треска и Расадник. Градоначалникот на Кисела Вода тврди дека Расадник ќе биде поинаква приказна, но плановите со стотина згради и неколку државни објекти врз единственото големо зеленило на овој дел од Скопје наидуваат на голем отпор од граѓаните.

    Филип Темелковски, градоначалник на Кисела Вода: Прелогот од 2016 кој што ги поминал сите фази, се до Министерство за транспорт, значи дали Градот Скопје, општината имало милион и 200 илјади квадрати бруто изградени површина. Сега е намалена до 1/3 за 400.000 квадрати од што беше предвидено минатиот пат. Се е тоа со цел на зголемувание на зеленилото и зголемувание на јавнето добро, бидејќи не е Расадник само зградите. Мене ми е жал што многу се говори за зградите, а не за останатите потреби на граѓаните. Ние сме од ретките општини кои што немаат поликлиника, во Расадник е предвидено да се гради  поликлинка, училиште и средно и основно, дополнително да се подобрат капацитетите и за паркирање бидејќи имаме предвидено две катни гаржи и една подземна гаража.

    Досегашните искуства елат дека и најдобрите намери на крајот ја губат зелената душа. Обидите да се спречи поголемо згуснување на градбите во градот со иницијативи за промена на деталните планови обично се удираат во ѕидот наречен сопственичко право. Некој стекнал право на градба со одредена вредност и институциите се немоќни велејќи дека тоа не може да му се одземе.

    Мирко Андовски, поранешен раководител во Агенцијата за планирање на просторот: Евидентно е дека и планерите се под одреден притисок, затоа што и колку да сакаат да го направат просторот квалитетен, се соочуваат значи со приватно земјиште кое тоа секој сака да искористи што е можно повеќе. Она што е како јавен интерес општините немаат пари или градот или државата да го откупат значи да се намени за некој јавен интерес, иако во генералниот план за секоја четврт е скоро предвидено еден до два проценти јавен простор. Или зеленило.

    Она што често се заборава, особено додека се изработуваат плановите, е дека и правото на хуман живот и здрава животна средина е уставно загарантирано. Соседското право е неодвоив дел од сопственичкото право. Ако една новопредвидена градба го попречува видикот на другата, ја става во сенка или на друг начин негативно влијае врз соседната куќа или зграда, со тоа ја намалува вредноста на тој објект. Така, тој стекнал право на одредена вредност, но со тоа го нарушил правото на другиот. Ова може да се види во населбите каде што куќите се претвораат во згради, па одеднаш четири до пет пати повеќе население ги користи истите улици, истите паркови, училишта, јавни објекти, трговски објекти и друго. Со тоа, имотите во тие реони стануваат помалку вредни.

    Мирко Андовски, поранешен раководител во Агенцијата за планирање на просторот: Знаеме според Уставот дека сопственичкото право е неприкосновено. Меѓутоа тоа многу тешко се сфаќа, па дури и од некои колеги. Бидејќи кај нас веројатно е дека уште треба да се работи на сопственичкото право, односно што се влегува во него. Од урбанистички аспект ние заклучивме дека не е доволно, кога го работевме генералниот план, заклучивме дека тоа соседско право не е доволно искажано и затоа дел ставивме во еден член, тоа е, колегите го знаат, член 47 од општите одредби за изградба, каде што сите овие права на соседот ги потенцираме и бараме да се сочуваат.

    ДЕЛ 3: Кој ќе крои, а кој ќе прекројува

    • 84.516 станови се изградиле во земјава од 2005 до 2019
    • Од нив, 37.587 се во Скопје и уште 3.606 во околните општини на скопскиот регион
    • 49% од сите станови во последните 15 години се направени во подрачјето на главниот град

    *Макстат база

    Во еден простор се судруваат голем број интереси. Поединци, сопственици, инвеститори, групи граѓани што сакаат нивното маало да биде позелено или поотворено за бизнис, интереси на политиката, на локалната самоуправа, поширок интерес на градот и други. Од искуство, планерите сведочат дека се растргнати меѓу мноштвото потреби и желби и дека е многу тешко да се задоволат сите. Досегашниот развој ни покажа дека во најголем дел се исполнуваат интересите на оние што имаат најмногу средства за да ги наметнат.

    Мирко Андовски, поранешен раководител во Агенцијата за планирање на просторот: Се должи на, би рекол, и лакомоста на инвеститорите, каде што и покрај тоа што некои нормативи се дадени до каде може да се оди со густините во одредени четврти, со бројот на жители значи во еден центар, дури дадени се просечни висини во генералниот план за градбите, меѓутоа сето ова се надминува.

    Уште еден клучен проблем е начинот на кој што граѓаните можат да учествуваат во урбанистичкото планирање. Иако уредувањето на еден простор влијае врз пошироката околина, дури и врз целиот град, правен механизам за учество имаат само жителите или сопствениците на имоти опфатени со планот, и можат да реагираат само за своите парцели. Алтернативата е граѓански петиции и иницијативи, кои што може, но не мора да бидат прифатени.  Од волјата на локалните власти зависи колку ќе ги слушаат граѓанските гласови.

    Филип Темелковски, градоначалник на Кисела Вода: Поголемиот дел или секаде каде што има донесени детални урбанистички планови тоа се веќе правата на сопствениците на земјишите за градба. Таму каде што се чисти површини се уште може да се направи некој поубав план за живење од страна на општините. Во деталниот урбанистички за гратски четврт ј14 или народски кажано Расадник ги уклучивме граѓаните не само во анкетата, јас имав две средби таму коимбеа транспаренти и најавени, така што се зависи и од големината на самиот детален план.

     

    И во Минхен има формално и неформално граѓанско учество. Формалното, слично како и тука, се поврзува со директниот интерес на оние што се засегнати од новите планови, како сопствениците на имоти и инвеститорите. Неформалното, пак, е многу пошироко и со долга традиција. Градот е поделен на 25 административни единици и со сите нив се водат дијалози за уредувањето на просторот.

    Елизабет Мерк, раководителка на секторот за урбанистичко планирање на Минхен: Европските градови денес се партиципативни градови. Не се развиваат од горе надолу, туку од долу нагоре. Минхен всушност има голема традиција на граѓански дијалог и на граѓански движења, уште од 1960-тите. Во оваа смисла, градските четврти се многу важна просторна единица за нас, за да стапиме во дијалог со жителите на градот.

    Традицијата на отвореност е многу важна во Минхен и во Германија. Граѓанските здруженија и иницијативи таму не мора да вршат јавен притисок за да го добијат вниманието на локалната власт. Таа самата ги повикува на дијалог. Тоа трае со децении, па веќе постои и цврста соработка меѓу градската управа и некои независни организации како Минхенскиот форум, кои учествуваат во одлуките што ги носи градот.

    Елизабет Мерк, раководителка на секторот за урбанистичко планирање на Минхен: Работиме многу со здруженијата и, секако, со многуте иницијативи. Би рекла дека има и конфликти исто така. Но имаме добри инструменти, како на пример граѓанските репорти, каде што ги каниме граѓаните да дискутираат со нас по неколку дена. И имаме институција уште од 1960тите што се вика Минхенски форум. Тоа е независна институција, но е поддржана и промовирана од градот. Овој Минхенски форум е исто така квалификувана организација и ги информира граѓаните и ги изнесува нивните грижи во врска со градот. Сето тоа го имаме во предвид кога правиме планови.

    Во Скопје уште од раните 2000-ти години имаше здруженија и иницијативи што се бореа против градењето згради на секоја слободна површина. Се бореа и против т.н. Кинески ѕид покрај Вардар, и против новите објекти во строгиот центар, и против висококатниците на Водно. Во ерата на социјалните медиуми бројот на иницијативите се зголемува – од „Во одбрана на Дебар маало“ и „Здравје пред профит во Центар“ до „Расадник на можности“ и „Сакаме Аеродром да дише“. Резултатите засега се скромни. Но за квалитетно граѓанско учество е потребна зрелост и од двете страни. Дали ја има?

    Искра Јанковска Михајловска, архитект и активист на Здравје пред профит во Центар: Многу тешко ги анимираме граѓаните, ете ние пробавме ама луѓето се малку свесни за опасноста на која секојдневно им се изложени децата и многу малку го трошат слободното време на тие активности да се спротивстават и извршат притисок против лошите урбанистички планови. Меѓутоа кога ќе дојде за маркицата за градење кај нив сите стануват активни.

    Еден ден граѓаните можеби ќе станат посвесни и помасовно ќе ги поддржат иницијативите за хумано планирање на градот. Дотогаш, институциите се тие што треба да си ја завршат барем минималната работа – да обезбедат почитување на законите како што се напишани. Оние што се во трка по профитот секогаш наоѓаат заобиколени начини како да добијат повеќе од тоа што им следува. Во првата деценија од овој век, двојните поткровја им носеа кат повеќе. Денес, избегнувањето на обврската за 20 отсто зеленило во парцелата им овозможува поголеми површини за градба. Тоа не се прашања што може да ги реши граѓанската свест. Нив треба да ги решат луѓето што се платени за тоа – да им застанат на патот на оние што си ги толкуваат законите како што им одговара. Да го заштитат правото на здрава човекова околина.

     

  • БЕЗ ВРСКИ И КОРУПЦИЈА:  „МЗАЕДНИЦА“ АЕРОДРОМ – ЗА ПОГОЛЕМА ДОВЕРБА ВО ОПШТИНАТА

    БЕЗ ВРСКИ И КОРУПЦИЈА: „МЗАЕДНИЦА“ АЕРОДРОМ – ЗА ПОГОЛЕМА ДОВЕРБА ВО ОПШТИНАТА

    Повеќе од 650 граѓани на Аеродром веќе се имаат регистрирано на апликацијата „мЗаедница“. Доминантни се пријави и иницијативи за уредување на зеленилото, санација на урбаната опрема, но и подобрување на безбедноста во сообраќајот. Оваа платформа претежно ја користат младите луѓе, но активни се и повозрасни корисници.

    Општина Аеродром е една од последните локални самуправи која започна да ја користи дигиталната платформа „мЗаедница“. Оваа мобилна и веб – апликација, која се промовираше пред аеродромци пред нешто повеќе од еден месец предизвика голем интерес кај локалната заедница.

    Најпрво, Аеродром е една од најголемите и најурбани скопски општини, со повеќе од 75 илјади жители. Оттука, очекувано е интересот за дигитализирани јавни услуги и двонасочна комуникација да биде поизразен.

    Зошто „мЗаедница“ во Аеродром?

    Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21 и општина Аеродром воспоставија првична комуникација уште при крајот на 2021 година. Придобивките кои ги дава „мЗаедница“ како што се: поквалитетни јавни услуги, поефикасна општинска администрација и пониска корупција на локално ниво беа главните точки на спојување меѓу БЛИНК 42 – 21, градоначалникот Тимчо Муцунски и општинското раководство.

    Независно што дигиталната платформа овозможува: аплицирање за субвенции по дигитален пат, двонасочна комуникација (преземање иницијативи и пријавување на проблеми), истата има и многу други придобивки, кои системски го унапредуваат работењето на локалната самоуправа. Намалувањето на стапката на корупција е еден од главните проблеми во Македонија, а токму дигитализираните јавни услуги се спротивставуваат на селективниот пристап и пристрасност (која честопати ја среќаваме во органите на државната управа).

    Повеќе од 650 регистрирани граѓани

    Бројките се најдобар показател за користењето на „мЗаедница“ во општина Аеродром. Имено, за овој период регистрирани се повеќе од 650 граѓани. Тие имаат креирано свои профили на апликацијата, кои ги користат за дневна комуникација со општинската администрација. До овој момент, во Аеродром, во процес на решавање се 136 проблеми. Затворени, односно решени се 73 проблеми (каде што во најголем дел од случаите, општинската служба прикачува фотографија за промената која е направена на терен: исчистен отпад, променето јавно осветлување, санирани реквизити на детски и спортски игралишта и сл.).

    Граѓаните поднеле и 9 иницијативи. Станува збор за предлози, чија главна цел е да се подобри квалитетот на живот по населбите. Дел од нив предлагаат изградба на трим патека за трчање, со цел поголема физичка активност на младите и сите граѓани. Исто така, видливи се и иницијативи за воведување на зонско паркирање во Мичурин, поставување на „лежечки полицајци“ пред ул. „Видое Смилевски – Бато“ 8А, изведба на пешачка патека во парк „Лисиче“, изградба на парк за миленици во Стар Аеродром и сл.

    Воочлива е и брзата и прецизна комуникација на администрацијата, каде што секое задолжено лице дава целосен и точен одговор кон граѓанинот.

    Дигитализација на општинските субвенции

    Во претстојниот период, општината ќе продолжи и со дигитализација на субвенциите за купување на велосипед, еднократна помош за новороденче/прваче, како и финансиска поддршка за спортски клубови и граѓански организации.

    На овој начин, граѓаните и другите субјекти ќе можат да аплицираат на брз и едноставен начин, по дигитален пат, без физичко присуство во општината. Користејќи ја „мЗаедница“ штедиме дел од нашите средства, но и време, како најзначаен ресурс во секојдневието.

    Платформа која ја враќа довербата кај младите

    Бројките на последниот Попис покажуваат дека 10.5 % од младите се иселиле од Македонија. Ако во 2002 биле евидентирани 480.828 млади на возраст од 15 до 29 години, во 2021 попишани се вкупно 326.733 млади луѓе на возраст од 15 до 29 години. Една од главните причини (по неколку домашни и меѓународни истражувања) поради која си одат младите е и недовербата во институциите и нивото на корупција.

    Најголем дел од регистрираните граѓани на „мЗаедница – Аеродром“ се токму млади луѓе. Затоа што младите ја препознаваат дигитализацијата како процес кој гарантира брзо остварување на нивните права и обврски, без користење на врски или соочување со административни „лавиринти“.

    Симнете ја мобилната апликација:

    📲 App Store: https://apple.co/2SbERqJ

    📲 Google Play: https://goo.gl/Y9qhpE

    Десктоп верзија: www.mzaednica.mk

    Овој текст е изготвен како дел од проектот „мЗаедница за еЗаедница“ поддржан од проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“, ко-финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), “Партнери за демократска промена Србија (Србија) “, НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).

    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.

     

     

     

  • ГРАЃАНИТЕ БАРААТ ПОЧИСТИ НАСЕЛБИ, ОПШТИНИТЕ СО ЗГОЛЕМЕНА СТАПКА НА ОДГОВОР ПРЕКУ „мЗаедница“

    ГРАЃАНИТЕ БАРААТ ПОЧИСТИ НАСЕЛБИ, ОПШТИНИТЕ СО ЗГОЛЕМЕНА СТАПКА НА ОДГОВОР ПРЕКУ „мЗаедница“

    Дигиталната платформа „мЗаедница“ (мобилна и веб – апликација) продолжува успешно да се развива во општините Карпош, Валандово и Кочани, а од неодамна и во општините Аеродром, Кисела Вода и Крива Паланка. Согласно достапните статистики, до овој момент преку „мЗаедница“ преземени се повеќе од 3.800 активности (пријава на проблеми или споделување на идеи за развој на населбите).

    Тоа што охрабрува е што континуирано расте бројот на активни корисници. Повеќе од 3.000 граѓани, активно ја користат апликацијата на дневно ниво и имаат континуирана двонасочна комуникација со локалните самоуправи.

    НАЈЧЕСТО ПРИЈАВУВАНИ ПРОБЛЕМИ

    Според истражувањето кое го спроведе Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21  најчесто пријавуваните проблеми и споделени предлози преку „мЗаедница“, во сите општини, се однесуваат на животната средина односно управувањето со отпадот. Следна област, за која  граѓаните изразуваат највисок интерес е  јавното осветлување, како и локалната инфраструктура (ударни дупки по сервисните улици; проблеми со канализацијата и водоводната мрежа; небезбедни шахти).

    Во однос на предлозите и иницијативите кои граѓаните ги поднесуваат до општините, во континуитет се повторуваат барањата за обнова на реквизитите во детските игралишта. Дополнително, граѓаните пријавуваат и решенија за побезбеден сообраќај (особено околу градинките и основните училишта) како и иницијативи за подигнувањето на хаварисаните (неисправни) возила, што е предизвик за речиси сите локални самоуправи и корисниците бараат поитна акција во овој сегмент од работењето.

    Зголемена е и стапката на одговор од страна на претставниците на општините. Речиси 87 % од пријавените проблеми/идеи се разгледани од општините, а повеќе од половина пријави се решени и промената е видлива на терен.

    ДИГИТАЛИЗИРАЊЕ НА СУБВЕНЦИИТЕ

    Со почетокот на пролетта, дел од општините ќе објават и јавни повици за субвенционирање на купување на нови велосипеди. Оваа јавна услуга ќе биде целосно дигитализирана, со што граѓаните на Аеродром и Кочани нема да имаат потреба да одат до општината туку директно ќе ги поднесуваат документите преку „мЗаедница“.

    Исто така, во постапка е дигитализација на субвенциите за набавка на инвертер клими и печки за палети во Кочани.

    Во моментов, граѓаните на Валандовo аплицираат по дигитален пат за еднократна помош за прваче, новороденче и поддршка за семејства во социјален ризик.

    Праксата покажува дека општините, кои веќе во континуитет ги дигитализираат јавните услуги, имаат и проактивен пристап. Локалните самоуправи ги гледаат придобивките од дигитализацијата и веќе самостојно ги известуваат граѓаните да аплицираат по електронски пат, но и во јавните повици ја наведуваат „мЗаедница“ како релевантна алатка преку која граѓаните можат целосно да го остварат своето право.

    „мЗаедница“ ДОСТАПНА ЗА ТРИ  НОВИ ОПШТИНИ

    Граѓаните на Аеродром, Кисела Вода и Крива Паланка, од неодамна можат да ја користат „мЗаедница“. Дигиталната платформа е прилагодена за секоја од општините, со што и жителите на овие локални самоуправи можат да остваруваат права по дигитален пат и да комуницираат со својата општина.

    Последна од приклучените општини е скопската општина Аеродром. За краток период, . За успешната двонасочна комуникација меѓу граѓаните и општината, „говори“ и бројот на 23 затворени – решени проблеми во Аеродром, а 38 пријави се во процес на решавање.

    Во претстојниот период, оваа дигитална платформа ќе биде достапна за уште повеќе граѓани, општини и други локални чинители.

    ПЛАТФОРМАТА Е ПРЕПОЗНАЕНА ОД ЛОКАЛНАТА ЗАЕДНИЦА

    Со последното надградување на дигиталната платформа, направена е можност свои профили на „мЗаедница“ да креираат и граѓански организации, институции, медиуми и компании. Имајќи предвид дека дел од овие чинители функционираат само на локално ниво, се овозможува дополнително нивно поврзување со локалната заедница. Бројките покажуваат дека до овој момент, 10 граѓански организации и 10 образовни институции (училишта, градинки) креирале свои профили на „мЗаедница“, а истото го направиле и пет приватни компании.

    Преку креирањето профили од овие субјекти, се отвора можност и нивната комуникација со општината да се одвива по дигитален пат. Особено кога станува збор за деловните субјекти (фирми), кои често соработуваат со локалните самоуправи. На пример, рестораните/кафулињата бараат согласности за да постават урбана опрема (маси/столици) на јавен простор или пак редовно поднесуваат барања за заверка на нормативи за храна и пијалоци до општините. Кога овие административни постапки би се дигитализирале, уште повеќе ќе се олесни комуникацијата меѓу приватниот сектор и општините, а и администрацијата би била поефикасна.

    Оттука, „мЗаедница“ може уште повеќе да се надградува и да се доближува до потребите на граѓаните, што е и меѓу главните цели на креативниот тим од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21.

    Симнете ја мобилната апликација:

    📲 App Store: https://apple.co/2SbERqJ

    📲 Google Play: https://goo.gl/Y9qhpE

    Десктоп верзија: www.mzaednica.mk

    Овој текст е изготвен како дел од проектот „мЗаедница за еЗаедница“ поддржан од проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“, ко-финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), “Партнери за демократска промена Србија (Србија) “, НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).

    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.

  • Повик за модератор/организатор на тркалезна маса

    Повик за модератор/организатор на тркалезна маса

     

    Јавен повик бр. 03 – ТС/2019/413876 – 028

    За ангажирање на експерт/ка на позиција модератор организатор на тркалезна маса

    Здружението за промоција и унапредување на културните вредности, КОНФИДЕНС Скопје, за потребите на проектот „Дали личиме на ЕУ? – Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Северна Македонија“ финансиран од Европската Унија во рамки на програмата EuropeAID/163963/DD/ACT/MK и Договорот за грант потпишан меѓу НВО Конфиденс и ЕУ бр. NEAR-TS/2019/413 – 876 објавува повик за ангажирање на експерт/ка – модератор / организатор на тркалезна маса. Ангажираниот експерт/ка ќе работи на организација и имплементација на една тркалезна маса во еден од градовите кои се таргет на активноста.

    Опис на активноста

    Во рамки на проектот ,,Дали личиме на ЕУ? – Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Северна Македонија”, Здружение за промоција и унапредување на културните вредности, КОНФИДЕНС Скопје ќе организира 12 тркалезни маси во Куманово, Кратово, Берово, Радовиш, Струмица, Свети Николе, Тетово, Струга, Кичево, Неготино, Кавадарци и Битола.

    Општата цел на проектот e подигнување на свеста кај јавноста за постојните бариери за мониторинг и заштита на човековите права во Западен Балкан преку кратки документарни филмови и анимирани видеа. Тркалезните маси имаат за цел иницирање дебати за прашања поврзани со човековите права во Република Северна Македонија, како и откривање на што треба да сторат институциите на локално ниво за да работат врз основа на принципите на ЕУ.

    Тркалезните маси треба да опфатат до 30 учесници со следна агенда за работа:

    11:00 – 11:10                   Претставување на проектот „Дали личиме на ЕУ“

    11:10 – 11:50                   Емитување на една документарна емисија „Дали личиме на ЕУ“ – Епизода во согласност со     локалните потреби и проблеми

    11:50 – 12:15                   Кафе пауза за учесниците

    12:15 – 13:30                   Дебата – човекови права на локално ниво

    Заклучоци: Како до подобри практики

    Тркалезните маси треба да се спроведат во периодот 21 март 2022 година – 09 април 2022 година.

    Опис на работните задачи на ангажираните експерти

    За потребите на проектот и реализација на активноста ќе бидат ангажирани 12 лица од наведените градови (од секој град едно лице).  Ангажираниот експерт има право на 2 работни дена за спроведување на следните активности:

    • избор на локација за оддржување на тркалезна маса,
    • избор на локал/кафе бар за обезбедување кафе пауза за учесниците,
    • покана до заинтересирани учесници на тркалезна маса,
    • модерирање на настанот,
    • краток извештај – со заклучоци од дебатата.

    Работниот ангажман е заснован на работни денови / дневница во висина од 3.072,00 денари со вклучен персонален данок.

    Потребни квалификации и вештини

    • Универзитетска диплома по општествени науки, новинарство или слично;
    • Релевантно работно искуство;
    • Добри интерперсонални вештини, јасна комуникација и можност за воспоставување работни односи со институционалните чинители, деловната заедница и граѓанскиот сектор.

    Забелешка:

    Државните службеници и/ или останатиот персонал тековно вработени во јавната администрација нема да бидат прифатени доколку аплицираат за експерти. Експертите мора да се независни и без конфликт на интерес по однос на обврските дефинирани во овој повик.

    Начин на аплицирање

    Апликациите се доставуваат електронски на емаил: ngo.konfidens@gmail.com, со наслов Експерт-Име на град за кој се аплицира. Краен рок за аплицирање е 04.03.2022, 12:00.

    Ги охрабруваме сите заинтересирани понудувачи да достават:

    • Прилог 1: Писмо за намера со потенцирање на претходно искуство на слични задачи
    • Прилог 2: Кратка Биографија

    Изборот на експерт/ка ќе се изврши по пат на евалуација „најдобра понудена вредност (квалитет) за дадена цена“.

    Избраните експерти ќе бидат поканети да присуствуваат на кратка зоом работилница за подготовка.

  • Македонија има безброј уникатни “скривалишта“

    Македонија има безброј уникатни “скривалишта“

    Во Македонија има безброј уникатни „скривалишта“ во кои може да престојувате сами, со вашиот партнер или партнерка, семејството или пријателите. Платформата „Кајак.мк“ има одлични совети за патување и сместувања, дел од нив затскриени од јавноста, далеку од градските средини, а има и такви кои се наоѓаат во планински предели каде нема друг објект во близина.

    Платформата неодамна заокружи над 240 сместувања, а тимот на Кајак.мк се надева дека до крајот на годината ова бројка ќе биде помножена со два.

    Доколку ги погледнете детално регионите во Македонија, сигурно ќе заклучите дека за дел од сместувањата никогаш не сте ни слушнале, а тоа е и нашата главна цел. Да успееме да ги запознаеме домашните патувачи со секое скриено место и објект што заслужува да биде посетено, велат од Кајак.

    Од дрвени планински куќички идеални за парови, па се до куќи со базен опколени со лозови насади и густа шума. Дел од сместувањата се наоѓаат на ранч со коњи, дел покрај река или притока, а дел од нив се наоѓаат далеку од населените места, до каде може да се стигне со теренско возило, планинарење или велосипед.

    Покрај сместувањата кои се огласени на платформата, неодамна „Кајак.мк“ лансираше нова категорија именувана како „Гастрономија“ која има цел да ги собере сите уникатни места и семејства кои нудат вкусни гастрономски приказни.

    Платформата „Кајак.мк“ е позната по еколошката порака која секојдневно ја испраќа. Во текот на 2021 година, преку патувањата кои тимот на Кајак.мк ги организираше за приватните компании, беа засадени над 5400 дрвца ширум Македонија. Ваквите тим-билдинг програми имаат цел да ги поттикнат компаниите да размислуваат еколошки одговорно, но и да ги вклучат своите вработени во акциите за пошумување.

    Платформата му овозможува на локалниот жител кој има несекојдневно хоби или занает, а кој е дирекно или индирекно поврзан со туризмот да добие промоција, бидејќи како што велат од тимот, ваквите локални херои ни се потребни за развој на туризмот.

  • ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: Способности и попречености

    ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: Способности и попречености

    ЗЕМЈА НА СПОРЕДБА: СЛОВЕНИЈА

    Ова не е приказна во која е важно какви емоции ќе предизвика. Не е најважно кој што мисли за делот од нас и од нашето општество што се соочува со попреченост. Предолго време зголемувањето на јавната свест се сведуваше на сочувствување. Но само со сочувство проблемите не се решаваат.

    Елена Кочовска, здружение Полио Плус: „Поголемиот број општествени актери се уште гледаат исклучиво меѓу медицинскиот и милосрден поглед кон лицата со хендикеп. Но, организациите на лицата со хендкикеп веќе почнуваат да зборуваат за социјалниот модел на прашањето на хендикеп и добро е што во последно време се повеќе и повеќе овој пристап е актуелен како модел на човекови права.

    Начинот на кој што општеството ги доживува оние од нас што имаат попреченост треба да се трансформира. Конечно треба да се сфати дека тие не се луѓе што треба да бидат згрижени, туку луѓе што треба да се оспособат за да се грижат самите за себе. Таа трансформација не се прави преку кампањи, туку преку реално обезбедување можности.

    Потребен е поголем ангажман и поголема поддршка за да се остварат законите и плановите напишани на хартија. Не заради сожалување, или заради солидарност, туку затоа што тоа е човеково право.

    „Дали личиме на ЕУ“ е прашање што по својата важност го надминува прашањето дали и кога ќе станеме членка на ЕУ. Тоа е прашање на можности и стандарди што овозможуваат подобар живот. На ангажманот на државните институции и на општеството во градењето подобро утре. Европа не треба да ја гледаме како симбол на совршенство, туку како симбол на желбата за усовршување. На желбата секој да ги ужива своите фундаментални права. „Дали личиме на ЕУ“ значи дали го заслужуваме епитетот „европски“, кога зборуваме за правата на човекот и на граѓанинот.

    ДЕЛ 1: Згрижување наместо оспособување

    • Член 1 – Човековото достоинство мора да се почитува и да се заштити
    • Член 15 – Секој има право да се вработи и да си избере професија
    • Член 26 – Лицата со попреченост имаат право на мерки со кои се обезбедува нивната самостојност, општествена и професионална интеграција, и учеството во јавниот живот

    Европска конвенција за фундаментални права

    Игор Шаиновски, продавач на магазинот Лице в лице:Како самостоен млад човек сакам да кажам дека сакам да работам, да создавам и да креирам и да кажам дека можам и сам да се гледам себе си. Тоа ми е најголемата цел. Со ова научив како се живее“.

    Има ли човек што не го сака тоа? Целиот наш живот е подготовка да бидеме свои, самостојни, реализирани, успешни. За некои, оваа подготовка завршила многу рано. Речиси пред да почне. Поради инвалидитетот, институциите  решилe дека нема потреба  лицата со попреченост да се надградуваат на ист начин како другите, туку во посебни услови. Поточно, да бидат згрижени наместо оспособени.

    Елена Кочовска, Полио Плус: „Во нашата заедница заради медицинскиот, религискиот, милосрдниот  пристап, голем дел од лицата со хендикеп немаат завршено ниту основно училиште. Ние како организација се трудиме, ги убедуваме и ги мотивираме лицата со хендикеп да дозавршат барем основно образование. Меѓутоа и тука наидуваме на препреки затоа што  пристапноста не е решена во самите училишта, нема сервиси за подршка, а и плус се плаќа.

    Работите се менуваат. Со ратификувањето на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп, државата и сите општествени актери имаат обврска да го промовираат ова прашање од аспектот на човековите права. Секој што продолжува да го практикува или да го шири медицинскиот пристап кон ова прашање практично ги повредува правата на оние од нас што се со попреченост.

    Уште одамна поединци и здруженија водат борба за независност. Промената на перцепцијата што е потребна е хендикепот да се бара во институциите, во системските пропусти и во погрешната поставеност. Да се бара во причините поради кои и по 30 години независност се уште зборуваме за пристапни рампи и за пречки во секојдневното движење. Со години тие укажуваат дека околината е таа што ја прави попреченоста, не тие самите. Тие се само обични луѓе како сите други, кои не сакаат да се одлучува во нивно име во замена за згрижувањето.

    Љуљета Адеми, вработена во кабинетот на претседателот на РС Македонија: Би се надоврзала со една камања што ja имавме пред неколку години со невладини организаци: „Ништо за нас, без нас“. Значи, не можете да очекувате да работите на конкретна проблематика без да имате дирекно вклучени лица за таа проблематика, луѓе што живеат со тој проблем.

    Вклучувањето на лица со попреченост на политички функции беше табу. Љуљета Адеми се обидува да го скрши тој мраз. По искачувањето планински врвови, тргна и кон политичките врвови. Да застане до нив и да покаже дека луѓето со попреченост се тука, и можат да учествуваат и во водењето на државата.

    Љуљета Адеми: Се нагласува потребата да се има предвид таа вклученост да биде конкретна таму и сега. Не само да зборуваме за категоријата лица со попрешеност постојано, а во реалноста тие да не постојат, да не ги гледаме.

    Колку личиме на ЕУ на ова поле? Словенија, една од најнапредните нови членки на Унијата, уште од 1991 година почнала развојна стратегија за заштита на лицата со попреченост со која на ова прашање му пристапила со концептот на човекови права наместо со медицинскиот концепт. Биле утврдени приоритетите: здравствена заштита, образование, вработување, социјална поддршка, правна заштита… Уште тогаш важел принципот „ништо за нас без нас“. Сите учествувале во подготовките – и лицата со попреченост, и експертите, и државните власти. Главната цел уште тогаш била – остварување на правото за самостоен живот.

    Мира Потокар, директорка на компанијата Желва, Љубљана: Мислам дека словенечкото општество позитивно гледа на инвалидите…

    Желва е посебно претпријатие кое почнало во 1991 со тројца вработени, а денес има 267, од кои половината се лица со различна попреченост. Извршува комунални и други услуги за јавните установи и за други компании. Мотото на претпријатието е дека за секого може да има работно место, тоа само треба да се приспособи.

    Мира Потокар: Прилагодувањето на работните места се одвива така што сите работни места се прилагодени да можат да ги користат и здравите работници  и инвалидите… Имаме вработени и со ниско и со високо образование, сите имаат можности за развој на кариерата на ист начин како и здравите работници, тука не правиме разлика.

    ДЕЛ 2: Можности без можности

    • Факт 1: Стапката на невработеност во земјава за 10 години (2010-2020) падна од 33 на 17 отсто.
    • Факт 2: Стапката на невработеност кај лицата со попреченост беше и остана 50 отсто.
    • Факт 3: Се трошат по 3-4 милиони евра годишно, а досега се вработени 2-3 илјади лица со хендикеп.

    Елена Кочовска: Ако вие имате 20% од вкупното население со некаков вид на хендикеп, не може да имате само 3000 вработени од 2000 година до сега. Каде се лицата со хендикеп? Зошто не гравитират на пазарот на труд?

    Законот со кој треба да им се овозможат подобри услови на лицата со попреченост за да најдат вработување и самите да си обезбедат егзистенција е донесен во 2000 година, а почнал да се применува во 2001 година. Надлежна за неговото спроведување и за раководење со парите што се трошат за оваа намена е Агенцијата за вработување.

    Валентина Георгиева, Агенција за вработување:Согласно овој закон, се предвидува да се доделуваат  средства по неколку основи, и тоа по основ на вработување на невработени инвалидизирани лица. За што се доделува средства со износ од 20 просечни плати, нето плати, исплатени во РСМ, една година пред вработување на лицето. Потоа се доделуваат средства за адаптација на работно место, во износ до 100.000 ден. Треба да се адапттира просторот, работното место на кое што ќе работи тоа лице.

    Ако се бараат причините зошто и покрај поволните услови процентот на вработени лица со попреченост упорно стои во место, патот ќе не одведе кон два познати феномени – градење од покривот надолу и воведување мерки за на хартија. Основен услов за некој да биде вработен е да знае нешто да работи. Знаењата и вештините за работа се стекнуваат во образованието. Кое што повеќето го немаат.

    Валентина Георгиева, Агенција за вработување: „Околу 60 проценти од вкупно невработените лица односно 916 лица се без образование или со незавршено основно образование. Значи комбинацијата на лица без образование со лицата со попреченост е најтешко вработлива категорија на лица“.

    Елена Кочовска:Пазарот на трудот си е пазар кој што има свој принципи на работа и таму не важи  дали си со хендикеп или не си“.

    Нискиот степен на образование на лицата со попреченост се должи на застарениот медицински пристап, кога тие биле гледани како лица за кои други ќе се грижат, па затоа нема потреба тие самите да се образоваат или да стекнуваат знаења и вештини. Тој е резултат и на непристапните училишта и на паралелниот систем за образование на овие лица. Резултат на цел еден светоглед што ја нагласувал нивната различност, поради која многумина ја губеле и желбата да се образуваат, сметајќи дека залудно ќе се трудат да постигнат нешто во светот на оние што не се соочуваат со истите физички бариери како нив.

    Љуљета Адеми: Зборуваме за лица што се движат со бел стап, со оштетен винд, лица што се движат со количка. Можеби имат пристапност на почетокот на зградата, па потоа влегувате, мезанин, неколку скали и.. ја губите смислата.

    Ова значи дека државата две децении има закон што може да го искористат само дел од луѓето на кои им бил наменет. Остриот пресек од политиките на згрижување во политиките на почитување на правата не оставил никаков простор за адаптација. Одеднаш, луѓето што не биле подготвувани за новиот систем се нашле затекнати во него. Немале многу избор освен да останат во стариот систем.

    Во Европската конвенција е нагласено дека лицата со попреченост немаат само права, туку и право на мерки со кои ќе ги остварат своите права.  Тоа е темелот што недостасувал кога сме почнале да го градиме покривот на системот за заштита на нивните права. Тој темел се уште недостасува, а покривот лебди.

    Дарја Завиршек, професорка на Универзитетот во Љубљана: Една од првите и најважни работи што се случија во Словенија е што донесовме закон за лична асистенција. Овој закон почна да се имплементира од јануари 2019 и беше навистина голем пробив бидејќи тоа е единствениот начин на кој луѓето со потешкотии и со попречености можат да живеат независно. Но една од работите што се случија кога се имплементираше законот за личен асистент, а што не ги предвидовме, беше дека голем број родители станаа лични асистенти. А тоа не беше, тоа не е смислата на целата работа. Бидејќи независното живеење подразбира дека лицето со попреченост ќе добие поддршка со која таа или тој ќе може да постигне нешта што поинаку не би биле можни. На пример да оди на универзитет, да оди заедно со некого на работа, или да свири музика и други нешта.

    Во Словенија нема еден, туку девет закони со кои што се штитат правата на лицата со попреченост. Тоа создава потреба од соработка и ангажман на многу институции заедно. Едно од основните начела според кои се водат политиките е дека ова не е хомогена група. Потребите не им се исти, и пристапот мора да биде различен за сите. Тоа важи и на ниво на целата држава, и на ниво на една фирма.

    Сехад Бајровиќ, лице со попреченост, работник од Желва:Првиот услов е добра логистика. Тоа е цел процес. Добар менаџер, директор, добар шеф на терен, кој знае да работи со инвалиди. Имаме разни видови инвалиди. Имаме луѓе што се помалку способни и работат како тие што се способни.

    Работи со оштетен слух и комуницира со колегите на писмено. Кон колегите со различен инвалидитет фирмата постапува различно.

    Сехад Бајровиќ: Ние сме инвалиди секој со своето и се надополнуваме еден со друг. Бидејќи треба да се заврши целта.

    ДЕЛ 3: Алка во синџирот

    • Клучното прашање не е како живеат лицата со попреченост
    • Клучното прашање е дали институциите се посветени на граѓаните
    • Остварувањето и заштитата на човековите права е највисока обврска
    • Таа не може да зависи од „можности“, „услови“ или од „политичка волја“

    Успешните примери покажуваат дека се исплатува да се вложува во подобрувањето на условите за самоодржливост на лицата со попреченост.

    Валентина Георгиева:Тие многу брзо се вклучуваат во социјалнит живот, а со тоа имаат и свои финансики средства и веќе се охрабруваат да создаваат и свои семејства и да се осамостојуваат во својот живот“.

    Трансформацијата што се гледа кај луѓето е голема. Тие имаат ангажман, одговорност, должности, цели, многу поисполнет живот од порано.

    Игор Шаиновски, Лице в лице: Јас работам за да имам стаж и да можам да придонесувам во домашниот буџет. Помагам со мојата плата. До сега имаме добар живот и мислам дека и понатаму ќе работам да можам да дојдам до уште подобра работа

    Добрите примери се корисни за правење симпатични медиумски приказни. Тоа што не треба да го заборавиме е дека секогаш кога се раскажуваат овие приказни, од другата страна има некој што ќе се запраша: а што е со мене? Дали и јас имам право на сето ова? Зошто јас се уште не сум го добил тоа?

    Сехад Бајровиќ: Државата е прва, државата мора да обезбеди услови. Тука во Словенија е солидно. Врв е државата, па заводот, па службите за советување што ни помагаат за оспособување.

    Водењето политики со кои се создаваат инспиративни примери не е доволно. Уште помалку, кога тоа го прават невладини организации или други субјекти освен државата. Колку една држава ги почитува правата зависи најмногу од тоа колку напори, средства и сеопфатни мерки таа вложува во остварувањето на тие права без да биде приморана на тоа. Без да и зависи резултатот од изборите од тие мерки. Без да мора да дава отчети кон меѓународните организации и институции кон кои се обврзала. Едноставно, да ги спроведува затоа што треба да се спроведат, и да ги менува и надградува за да постигнат подобри ефекти. А има уште многу што може да се направи.

    Елена Кочовска:Најголем работодавач ни е државата. Прашање е зошто ги нема лицата со хендикеп во јавната администрација, ниту како општи работници ниту пак како директори. Тоа е сериозно прашање. Зошто државата не ја отвори својата врата за лицата со хендикеп, и нека си ги земе субвенците. Најчесто државата топката ја фрла во приватниот сектор, меѓутоа својот двор никако да го отвори за лицата со хендикеп и ова ќе треба да се промени целосно.

    Без решавање на образовниот јаз, нема да се надмине јазот во вработувањето. Без индивидуализиран пристап, не може да се исполнат условите за секого. Без сеопфатни политики на сите институции, нема да има квалитетни решенија. Тоа ни го покажува европскиот пример. Тоа покажува колку личиме на ЕУ.

    Како што секој синџир е силен колку неговата најслаба алка, така и секое државно и општествено уредување е силно колку што се вложува да им служи на сите подеднакво. Политиките кон лицата со попреченост и нивното спроведување не може да се гледаат како однос кон една посебна категорија луѓе, туку кон луѓето воопшто. Повредата на нивните права е повреда на правата на сите нас. Сите имаме потреба правата да ни бидат гарантирани, заштитени и остварени.

  • МЗаедница – ПРВА ДИГИТАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА КОМУНИКАЦИЈА МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ И ОПШТИНИТЕ

    Граѓаните на брз и едноставен начин остваруваат право на субвенција за велосипеди, за прваче, а комуницираат и со задолжените служби од општината. Моментално, „мЗаедница“ е достапна во општините Карпош, Валандово и Кочани, а наскоро ќе биде достапна за уште две општини. Развиена е од тимот на Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21, како прва апликација од ваков тип во нашата држава.

    Дигиталната платформа „мЗаедница“ (мобилна и веб – апликација) успешно се развива веќе четири години. Граѓаните ја користат апликацијата за директна комуникација со својата општина. Преку истата, можат да остварат различни права, да аплицираат за субвенции за велосипеди, еднократна помош за прваче, стипендии за студенти и сл.

    Оваа дигитална платформа претставува успешен пример за дигитализација на општинските јавни услуги, кои се најблиску до граѓаните. Сепак преку „мЗаедница“ жителите можат да даваат и инцијативи/идеи за своето маало, како и да пријавуваат проблеми од локално значење (отпад, оштетено јавно осветлување, потреба за санирање на детско игралиште и сл).

    Секоја од пријавите пристигнува до задолжениот сектор во општината, со што се овозможува поголема информираност на локалните власти за реалните состојби на терен.

    Оваа апликација е достапна за iOS и Android, а има и своја десктоп верзија – www.mzaednica.mk .

    АПЛИКАЦИЈАТА ЈА ОЛЕСНА КОМУНИКАЦИЈАТА ВО ПАНДЕМИЈА

    Денеска живееме во време на светска пандемија од КОВИД – 19. А, во изминативе две години многу често дигитализацијата се „поврзуваше“ со светската пандемија. Затоа што на сите безбедноста и здравјето ни се најважни, а онлајн алатките придонесуваат на брз и ефикасен начин да оствариме свое право или обврска, без физичко присуство во општината.

    Апликацијата овозможува и вистинско поврзување на граѓаните од општината, како и следење на новостите и актуелните проекти кои ги спроведува локалната самоуправа. Секој корисник може да направи свој профил, да избере свои теми од интерес (вкупно 16 теми), да поддржи веќе пријавени проблеми или споделени предлози од сограѓани, како и да го даде своето мислење на анкета/прашање иницирано од општината.

    Локалните проблеми и прашања се оние кои се најблиску до граѓаните. Оттука, важно е постоењето на една локална мрежа, која во голема мера помага на полесен и побрз начин да оствариме дел од своите права или пак да учествуваме во креирање на буџетот на нашата општина.

    „мЗаедница“ успешно се спроведува во општините Карпош, Валандово и Кочани, а во процес на прилагодување е и за две други општини.

    ПОЗИТИВНИ ИСКУСТВА ОД ОПШТИНИТЕ – КОРИСНИЦИ

    На ланскиот повик за субвенционирање на купување на нов велосипед, во општина Карпош пристигнаа вкупно 150 пријави, а дури 130 беа по дигитален пат преку „мЗаедница“. Пред сè младите, но и повозрасни граѓани, аплицираа и имаа позитивно искуство.

    Успешниот пример се преслика и во градот на калинките, Валандово. Општината овозможува низа на поволности, а повеќе од 100 жители за краток период ја имаат преземено апликацијата на своите „паметни“ телефони. Жителите на овој град активно аплицираат преку „мЗаедница“ за еднократна помош за прваче или новороденче, а доставуваа и свои идеи за новиот локален буџет.

    Младите студенти од Кочани преку електронски пат аплицираа за стипендии. На овој начин, за прв пат не беа обврзани да дојдат до архивата на општината туку правото го остварија со неколку кликови и едноставно прикачување на документите.

    „МЗАЕДНИЦА“ – ДОБИТНИК НА ПРЕСТИЖНА ЕВРОПСКА НАГРАДА

    Мултифункционалната дигитална платформа „мЗаедница“ е развиена од тимот на Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21. Во 2019 година, „мЗаедница“ ја доби Европската награда за млади (European Youth Award 2019) во категоријата „Активно граѓанство – дигитално решение со влијание врз општеството“. Станува збор за првата дигитална платформа во Македонија, која е создадена за комуникација на граѓаните со општината.

    Во овие моменти, „мЗаедница“ е поддржана во рамки на проектот: „ Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“ ко-финансиран од Европската Унија, по што ќе биде достапна за уште две нови општини. Дигиталната платформа се прилагодува на потребите на општините, а истите добиваат и важни податоци, по што можат да бидат во тек со најгорливите проблеми во општината, да приоретизираат и да носат политики и решенија кои реално се неопходни за развојот на населбите.

    Оваа апликација може да биде достапна и во другите општини. Претставниците на локалните самоуправи можат да контактираат со тимот на БЛИНК 42 – 21 (на info@blink42-21.mk) и „мЗаедница“ да биде достапна и во нивната општина.

    Основната цел е да се зголеми дигитализацијата на јавните услуги. Граѓаните да остваруваат права и обврски по дигитален пат, со што се заштедуваат средства, ресурси, но и се намалува корупцијата во институциите.

    Симнете ја мобилната апликација:

    📲 App Store: https://apple.co/2SbERqJ

    📲 Google Play: https://goo.gl/Y9qhpE

    www.mzaednica.mk

    Овој текст е изготвен како дел од проектот мЗаедница за еЗаедница поддржан од проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА, ко-финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), “Партнери за демократска промена Србија (Србија) “, НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).

    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.

  • ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: ВО ПОТРАГА ПО ПРАВНАТА ДРЖАВА

    ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: ВО ПОТРАГА ПО ПРАВНАТА ДРЖАВА

    ЗЕМЈА НА СПОРЕДБА: ЕСТОНИЈА

    Довербата е убедливо најважната валута во еден правен систем. Не може да постојат ниту владеењето на правото, ниту правната држава, ако граѓаните не се убедени дека нивните правосудни органи работат стручно, професионално и пред се чесно.

    Лејла Тутиќ, проектен координатор во Коалиција Сите за правично судење: Во 2018 ние спроведувавме анкета за да видиме како е мислењето на граѓаните во однос на довербата во судството. Од таа анкета произлезе дека, неверојатни 93% од граѓаните немаат доверба во судството. Исто така, имаше 80% од граѓаните дека сметат дека постапикте кај нас траат предолго.

    Но, довербата е многу скапа. Ако денес го направиме најквалитетниот правен систем, со најефикасните механизми и со најголемите професионалци, ќе ни требаат години, можеби и децении поминати во негово беспрекорно функционирање, за граѓаните да се убедат дека навистина имаат силен столб на кој што можат да се потпрат за заштита на своите граѓански и човекови права.

    За жал, време за чекање нема. Можеме ли нешто да научиме од оние што се подобри од нас, за да го забрзаме патот?

    „Дали личиме на ЕУ“ е прашање што по својата важност го надминува прашањето дали и кога ќе станеме членка на ЕУ. Тоа е прашање на можности и стандарди што овозможуваат подобар живот. На ангажманот на државните институции и на општеството во градењето подобро утре. Европа не треба да ја гледаме како симбол на совршенство, туку како симбол на желбата за усовршување. На желбата секој да ги ужива своите фундаментални права. „Дали личиме на ЕУ“ значи дали го заслужуваме епитетот „европски“, кога зборуваме за правата на човекот и на граѓанинот.

    ДЕЛ 1: Доверба или разбирање

    • Пред три децении, естонската и македонската држава имаа слична позиција
    • Како постсоцијалистички држави го почнуваа демократскиот и правниот развој
    • Денес Естонија го има десеттиот најдобар правен систем во светот
    • За 50 места е понапред од нашата земја

    Извор: World Justice Project

    Кари Гинтер, професор по Европско право на Универзитеот Тарту, Естонија: Напредокот беше тежок, судовите требаше многу да се унапредат, а адвокатите да научат нови вештини, но денес мислам дека луѓето можат да се чувствуваат безбедни. Политичката интервенција во судството е невообичаена.

    Јанус Техвер, претседател на Естонската адвокатска асоцијација: Во принцип, правниот систем тука работи како што треба, и во најголемиот број стуации секој може да се потпре на него за заштита на своите основни права.

    Тешко е дури да се замисли да се слушнат вакви зборови за македонскиот правосуден систем. Освен можеби кога некој си го истерувал својот интерес преку судовите, па ја фали нивната професионалност. Тие се среќните два проценти што на анкетите одговараат дека имаат целосна доверба во судството.

    Судиите знаат да речат дека бројките се претерани и дека многу често се засноваат на впечатоците што граѓаните го имаат за судството. Ќе речат дека на анкетите одговара секој, без разлика дали имал директен контакт со судскиот систем, па во одговорот се води од општото располжение, а не од фактичката состојба.

    Антоанета Димовска, судијка Основен суд Скопје 2: „Луѓето мислат дека ако одиш во суд ти треба да поминеш децении за да оствариш некакво право, а тоа ќе ви го кажат луѓе кои воопшто не стапнале во судот. Ние се уште во државата немаме релеванти анкети на корисници на нашите услуги. Има голем број на корисници кои што ќе ви кажат се задоволни. Судската постапка условно има некој минимум до кога треба да трае. Зато што странката по тужењето мора да ја добие тужбата за одговор, мора да му се даде време да даде одговор на тужба, мора на странките да им се остави минимум време да се подгодват за расправа, мора на секоја странка на која ќе и се достави поднесок да и се остави минимум време да одговори на тој поднесок, а сето тоа време се акумулира.

    • Странката да ја добие тужбата
    • Да даде одговор на тужбата
    • Да се подготви за расправа
    • Да одговори на поднесокот

    Кои и да се причините, фактот е дека довербата ја нема. А кога во еден систем недостасува неговата основна состојка, тој станува слаб, и го слабее чувството на сигурност кај граѓаните. Создава ефект во кој тие живеат со мислата дека не се заштитени, дека се оставени самите на себе, и дека не можат да се потпрат на механизмите што ги плаќаат со своите пари, преку даноците.

    Лејла Тутиќ, проектен координатор во Коалиција Сите за правично судење: Правната сигурност не е застапена кај граѓаните, првично баш заради нетранспарентноста на судовите. Веќе спомнав дека се чувствуваат посигурни, ете кога ќе има некој од надвор кој ќе ја следи постапката затоа што сепак сите анкети што ги правиме, сите мислења што ги добиваме од граѓаните се индивидуални перцепции.

    Еден правен систем се потпира на начелото на поделба на власта. Тоа значи дека од една страна, не може Владата да му наложи на судството како да работи, но од друга, значи дека и таа има одговорност како да обезбеди услови и да создаде систем од правила со кои ќе може да се подобри состојбата.

    Александар Видиновски, портпарол на Министерството за правда: Сакаме конечно да се врати довербата на граѓаните во судството која што несомнено е изгубена во минатите години. Сакаме човек кога ќе отиде на суд да знае дека во таа институција може да има доверба. Во нашата држава имаше многу слабости во минатото кои што ние сега се обидуваме да ги надминеме. Донесени се повеќе закони, кои ја регулират работата и на судството и на целиот правосуден систем и дополнително ќе се донесат, а со цел македонските граѓани да имаат поголема доверба и правдината да можат да ја истераат на суд.

    Но, не секогаш постои отвореност за промени. Поради различни причини делот од системот што треба да се менува дава отпор. Не сака да се соочи со фактот дека има слабост, или не сака да прифати насоки што ги смета за мешање. Дури не сака ни да ги исполни сите свои обврски.

    Лејла Тутиќ, проектен координатор во Коалиција Ситеза правично судење: Судовите и сами не се толку транспаренти како што требаат да бидат. Првично ќе го земам предвид начелото на јавност, значи кај нас начелото на јавност не се почитува толку во постапките како што треба да почитува и се почитува во ЕУ земјите. На пример судовите се уште немаат навика да примаат луѓе како јавност во судниците.

    Довербата се потпира на знаење и искуство. Колку ќе им се верува на одредени процедури може да зависи од тоа колку луѓето ги разбираат. Затоа има и мислења дека недоволната доверба не е секогаш одраз на фактичката состојба.

    Александар Видиновски, портпарол на Министерството за правда: Правосудството за жал секогаш е долу и во другите држави бидејќи сите граѓани не се задоволни од постапката, дали се осудени или не се осудени, меѓутоа една од главните причини, баш читав една британска студија, вели дека  причина за тоа е што граѓаните не се доволни информирани на начинот со кој што функционира целиот правосуден систем, што е многу комплициран и сложен.

    ДЕЛ 2: Бавната правда е неправда

    • Европска конвенција за човекови права:
    • Секој има право на фер и јавно судење во разумен рок од независен и непристрасен суд.
    • Пресуди од Европскиот суд за човекови права поради прекршување на ова право (2006-2016):
    • Против Естонија – 6
    • Против Р.С. Македонија – 58

    Извор: Анализа на Европската комисија

    Лејла Тутиќ, проектен координатор во Коалиција Ситеза правично судење: Доколку ги земеме  предвид еве на пример јавно експлоатираните предмети, ќе може да забележиме дека тие навистина траат предолго. И луѓето тоа го гледаат. Веќе со години некои судски предмети немат судска ралешница.

    Очигледно дека не е во прашање само до тоа дали граѓаните го разбираат правосудството. Тоа е навистина сложен и повеќеслоен систем за кој само добри познавачи можат да препознаат и да анализираат дали добро функционира или има недостатоци. Она што граѓаните можат да го видат, сепак, е дали има добри ефекти од неговото функционирање. Тоа не може да се скрие.

    Еден од случаите што ја одбележаа минатата деценија по својата бавност и по последиците што тоа им ги нанесе на луѓето што се обвинети беше Змиско око. Во 2008 година над 70 луѓе што работеа на патарините беа обвинети за злоупотреба на парите што се собирале на патиштата. Навидум изгледаше едноставно – ако парите што требало да се користат за одржување на патиштата завршувале во нечии џебови, ќе се утврди дали обвинетите се виновни, ќе добијат казна ако треба или ќе бидат ослободени ако нема докази, а парите, ако биле украдени, ќе се вратат. Случајот се уште е далеку од завршување.

    Мирослав Вујиќ, адвокат: Ние денеска после 14 години дојдовме на половина пат од тој предмет затоа што сега имаме првостепена пресуда кој што се уште не е правосилна. Jас реков дека никогаш нема да се заврши. И за жал изгледа дека тоа мое предвидување ќе се обвистини навистина.

    Искусниот адвокат Мирослав Вујиќ е бранител на дел обвинети во Змиско око. Ова е случај, што според него, треба да биде лекција за целиот правен систем, дека со спектакли како масовни апсења нема да се подобри ниту функционирањето на правосудството ниту довербата во него.

    Мирослав Вујиќ, адвокат: Тоа е последица на 14 годишно талкање по судовите, последица на тоа што некој сакаше во тоа време 2008 година да експериментира со масовни апсења, ете тоа ни се случува.

    Масовните судења се ретки. Адвокатот Вујиќ вели дека во моментов најпознат пример е судењето против мафија во Италија каде што има околу 1.500 обвинети и голем број адвокати. Но тоа може да бидат исклучоци, во крајно специфични ситуации, и за такви предмети се прават посебни подготовки, се создаваат услови. Кога такво нешто се прави за случаи како неплаќање патарина, може само да се уништат многу животи.

    Мирослав Вујиќ, адвокат: 14 години на семејни трагедии, таму имате проблеми во семејствата каде што имате починати луѓе, каде што на почетокот додека траеше уште мерката притвор имаше и самозапалување од еден сопруг на една обвинета која што беше таму, кој што почина подоцна. Значи тоа се трагедии кои што не може на тие луѓе никој нити да им ги врати нити да им ги надомести со никакви средства.

    Добрата подготовка за секој посериозен случај е клучна, потврдуваат и естонските експерти. Професорот Гинтер е јасен – судот има обврска да ја процени сложеноста на предметот и да направи план.

    Кари Гинтер, професор по Европско право на Универзитеот Тарту, Естонија: Треба да ги предвидите очекувањата. Што очекувате од судот? Колку брзо треба да се одвиваат случаите? Мислам, во сите случаи, дури и во помалите, ќе бидат потребни неколку месеци, дефинитивно. Но ако ги тргнете едноставните работи од масата за, да речеме половина годиа до година, веќе имате многу брз и напреден систем. И дефинитивно, да завршувате случаи за половина година е амбициозно, да постигнете таква спогодба и да работите да се оствари.

    Естонија не создала ефикасно судство со тоа што одеднаш било одлучено тоа да ја подобри ефикасноста. Во тоа се вложуванни големи напори, пари и технологија.

    Јанус Техвер, претседател на Естонската адвокатска асоцијација: ­Во изминатите десет години најголемите напори на Владата во врска со правниот систем беа фокусирани на неговата ефикасност. На способноста на системот да процесуира случаи во разумен рок. Секако овие напори се исплатеа. Времето што е потребно за еден правен случај да помине од почеток до крај се скрати, и ние сме меѓу лидерите во ЕУ според тоа колку време е потребно да се процесуира еден случај.

    Но никогаш, дури и ако еден систем стане меѓу десетте најдобри во светот, не може да се каже дека работата е завршена и дека веќе нема што да се подобрува. Секој напредок си носи и свои последици. Така, инсистирањето на ефикасност создало загриженост дека одлуките ќе бидат брзи, но не и квалитетни.

    Јанус Техвер, претседател на Естонската адвокатска асоцијација: Секогаш има еден вид натпревар меѓу квалитетот и ефикасноста. Да се најде вистинскиот баланс меѓу нив е секогаш тешко, и би рекол дека тоа е најважното прашање со кое нашата земја треба да се занимава сега и во иднина, како да најдеме вистински баланс меѓу квалитетот и ефикасноста.

    • Поголема ефикасност – ризик по квалитетот
    • Подобар квалитет – ризик од долги процеси
    • Баланс меѓу квалитетот и ефикасноста

    Кривичните предмети за кои постојано се известува во медиумите се најчестата основа според која граѓаните што немаат многу допир со судството ги градат своите ставови за него. Оние што се соочиле со таканаречените судски лавиринти, пак, многу често заглавиле таму поради имотно-правни спорови. Уште еден симбол на бавност на системот и на несигурност дека може да се истурка правдата, за некој да може слободно и со сигурност да застане на својот личен имот. Ова се случаи кои често уриваат рекорди во траењето, кои траат со децении и се пренесуваат од колено на колено.

    Антоанета Димовска, судијка Основен суд Скопје 2: Во 2000г наследив два предмета кои во тој момент, едниот имаше 33 години другиот можеби 32г, но и двата предмета дефакто не беа активни предмети туку беа предмети во прекин. А постапката може да се прекине поради смрт на странка и други причини што се во законот. Конкретно овие предмети, тоа беше поради смрт на странката, и се додека не се расправи оставнината, не може таа да се продолжи за да се види која странка дефакто ќе ја продолжи постапката.

    Судијката Димовска е специјализирана за имотно-правни случаи и работи на нив низ целата кариера од две ипол децении. Укажува дека оваа материја е многу сложена и не зависи само од судијата или од судството, туку од целиот државен апарат што се занимава со имотни прашања, како и од дисциплината на луѓето да водат сметка за документите за својот имот. Вели – на суд завршува само тоа што не можело да се реши во катастарот.

    Антоанета Димовска, судијка Основен суд Скопје 2: Некогаш за да утврдите состојба за една парцела ке треба да се премерат можеби десети парцели. За да се види дали има грешка, затоа што може и да нема грешка. Сега се прават дигитални мерења, порано биле поинакви мерењата. Некогаш самите граѓани и не сфаќат дека парцелата е таа истата и не е променета, но запишана е поинаква површина затоа што сега е поточно мерењето.

    Докажувањето во овие постапки може да биде многу сложено. Затоа судијката препорачува граѓаните да водат повеќе сметка за документите, дури и ако не се вклучени во никаков процес, како купопродажба, наследство, судење и слично.

    Антоанета Димовска, судијка Основен суд Скопје 2: Во една куќа ќе живеат пет генерации и нема да се разреши кој ја направил куќата и чија е. Некој од шестата генерација ќе има потреба тоа да го разреши, па замислете нешто ако траело 60г и се одолговлекувал еден предмет.. тоа не може да се очекува многу бргу да се разреши.Така што, многу аспекти влијаат на тоа колку ќе трае еден судски процес. Но, јас мислам дека и перцепција на граѓаните е за тоа дека траат судските процеси. Тоа е некоја перцепција општо која не целосно се гради врз основа на нашите услуги.

    ДЕЛ 3: Пресврт или нов почеток

    • Независноста е клучниот збор во Европската повелба за фундаментални права
    • Правото на фер судење може да се постигне само со независни и непристрасни судови
    • Тие треба да се зацврстат со закон

    За да се подобри и ефикасноста и квалитетот на правосудниот систем, потребна му е поддршка. Таа најчесто доаѓа од законите и од регулативата, како и од инвестициите во нови технологии, што ја олеснуваат административната работа. Ова се полиња на кои кај нас има уште многу потреба од подобрување. Но паралелно мора да се инвестира и во клучните луѓе.

    Јанус Техвер, претседател на Естонската адвокатска асоцијација: Регулативата и технологијата сами по себе не можат да гарантираат добар правен систем, бидејќи секогаш има луѓе во системот што се трудат тој да работи. За да имаме гаранции дека системот правилно функционира, вредностите на поединците што го создаваат тој систем се од клучна важност.

    Довербата е исклучиво однос меѓу луѓето. Таа не може да постои меѓу луѓето и машините, ниту меѓу луѓето и законите што ги нарекуваме систем. И кога се вели дека имаме доверба во системот, се смета дека им веруваме на луѓето што го градат и управуваат, а не на компјутерите што определуваат термини или чуваат податоци.

    Кари Гинтер, професор по Европско право на Универзитеот Тарту, Естонија: Најтешката промена се луѓето. Да обучите нови луѓе да се вклучат или повторно да ги обучите старите. Ги имаме двата примери во нашиот систем, значи има луѓе што останале од порано и луѓе што се приклучиле. Но имавме успех и во реформирањето на постојниот пристап. Најтешкиот дел е да ги натерате луѓето да бидат отворени кон промена на нивните навики, во врска со различното сфаќање на правото, за тоа што е правото на Европската унија, и да ги поттикнете навистина да сакаат да соработуваат со судот на правдата.

    Во изминатите години се создаде едно убедување дека сите проблеми во судството може да се решат со една чистка, односно значителна замена на постојниот кадар со нов. Такво искуство имала и Естонија на почетокот од својата независност во раните 1990-ти. Но тој процес прво мора да се направи внимателно за да не ги влоши проблемите, а второ, може да биде само основа за реизградба. Сам по себе не може да гарантира ништо. Чистката може да создаде само празен терен.

    Првиот темел што треба да се постави е независноста. Таа се гарантира со Уставот и со законите, но и со нивниот општествен и материјален статус.

    Кари Гинтер, професор по Европско право на Универзитеот Тарту, Естонија: Работата на судиите треба да се почитува и тие треба да бидат добро платени, бидејќи независноста на судијата е од круцијална важност. Значи треба да има сигурност на работното место, со задоволителна положба и плата, и независност, тоа е клучот. И, секако, на судиите им треба целата поддршка што може да ја добијат, како и обуки.

    • Сигурност на работното место
    • Задоволителна плата
    • Законски гарантирана независност
    • Поддршка и обука

    Јанус Техвер, претседател на Естонската адвокатска асоцијација: Независноста во мојата земја е разумно добро гарантирана. Јас можам да бидам сигурен дека ако се појавам пред судија, дека тој судија не е под недозволено влијание од другите гранки на власта, или од компании, поединци, од што било, значи можам во разумна мера да бидам сигурен дека барем независноста е гарантирана.

    Судиите и во нашата земја имаат високи примања, според македонските стандарди. Имаат и заштита на својата независност, што им ја нуди Уставот и законите. Основата е поставена, но сепак се чини дека нешто недостасува. Барајќи ја тајната состојка, мора да се вратиме назад, во образованието.

    Мирослав Вујиќ, адвокат: Првите реформи треба да почнат и да започнат од Академијата за обука, таа е потребна секако, меѓутоа таму на младите идните судии да им се врежат одредени европски норми, норми за почитување на закон. Не дали се тие припадници на одредена политичка партија или ја имаат поддршката од нив, тоа е небитно, можеме ние кои сакаме да бидеме и во едната и во другата партија и непартиски луѓе.

    Образованието не е важно само за да создава знаење, туку и за да создава вредности. За да се постигне тоа, естонската лекција е – мора да се почне од многу рано. Човекот треба да има изградени вредности уште пред да го почне своето правно образование што ќе му обезбеди место во правосудниот систем.

    Јанус Техвер, претседател на Естонската адвокатска асоцијација: Не можам доволно силно да нагласам колку е голема важноста на образовниот систем во земјата целосно. Од најосновното ниво, би рекол од градинка, па се до нивото на доктор на науки во правната област, од витално значење е образовниот систем низ целиот процес на образувањето на една личност да функционира правилно и да создава добри вредности кај секого што го добива оразованието низ овој систем. Значи ова е од најголемо значење. Без луѓе со вистинските вредности, не можете да имате систем што функционира правилно.

    Сите досегашни обиди со еден или два удари да се донесе правната држава, без оглед дали биле искрени или не, беа неуспешни. Ако може од нив да се извлече некоја поука, тоа е дека нема проблемите да ги решиме преку ноќ.

    Мирослав Вујиќ, адвокат: Реформи во правосудството не се прават само на хартија. Тука ви е потребно реформи во менталитетот, во генот на одреден народ.

    Александар Видиновски, портпарол на Министерството за правда: Ова не е институција да речeме, на пример како Град Скопје каде што ќе направите една улица ќе ги викнате новинарите ќе кажeте овaа улица е направена. И тука состојбата е веднаш подобрeна и видливa. Кај нас работите се многу покомплексни и резултатите од нашата работа се гледат на малку подолги патеки.

    Градењето квалитетен и доверлив правен систем звучи како невозможна мисија. Така им звучела и на Естонците на почетокот, но почнале да го градат. Тоа што го имале како недостиг, го претвориле во предност.

    Кари Гинтер, професор по Европско право на Универзитеот Тарту, Естонија: Најголемиот предизвик во Естонија беше што немавме ништо, мислам апсолутно ништо, и тоа беше многу тажен момент, бидејќи ако немате ништо, се чини дека вие треба да ги направите сите работи. Но, исто така можете да го сфатите тоа и како скок и да прескокнете повеќе фази во развојот. Естонскиот модел, она што ние го нарекуваме е-тигар, значи само да го прескокнете стариот дел и да скокнете кон иднината.

    Важно е да престанеме да бараме магична формула со која ќе донесеме една одлука, ќе воведеме еден механизам, ќе смениме еден човек на клучна позиција, и тоа одеднаш ќе донесе видлива промена. Уште поважно е да почне да се гради правната држава, за да ја имаме во иднината, но на начин на кој граѓаните ќе бидат убедени дека работите се развиваат во вистинската насока и ќе можат да му веруваат на системот.

     

  • ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: ПРЕДИЗВИКОТ НА ГЕНЕРАЦИИТЕ

    ДАЛИ ЛИЧИМЕ НА ЕУ: ПРЕДИЗВИКОТ НА ГЕНЕРАЦИИТЕ

    ЗЕМЈИ НА СПОРЕДБА: ШВЕДСКА И КИПАР

    Тие се дедо и внукa, соочени со различни грижи. И за себе, и за другиот. Грижи за сегашноста и за иднината. Можеби ги раздвојуваат годините, но ги спојува неизвесноста на утрешниот ден.

    Бисера Поповски, студентка:Овие проблеми што ги имаме како генерација јас не очекувам дека ќе се решат во наредните неколку години, дури и понатаму.. И затоа иднината ја гледам надвор од Македонија.

    Наум Јолески, пензионер: За нас старите при крај е иднината ама за младите е тешко за вработуање бидејќи затворени се многу фабрики.

    Различните генерации се поврзани во единствен економско-социјален систем. Одржлива грижа за постарите многу потешко ќе се обезбеди ако не се најде начин да се задржат младите. И ако тие самите не се вклучат поактивно во барањето решенија за своите проблеми.

    Една земја и едно општество се гради и се унапредува постојано. На оние што го граделе долги години досега треба да им се олесни товарот, а на нивното место треба да се вклучат нови луѓе во изградбата. Звучи многу лесно и природно. Илјадници години на овој начин се развивала човековата цивилизација. Но не е секогаш така. Затоа се потребни добро осмислени политики за генерациските предизвици.

    „Дали личиме на ЕУ“ е прашање што по својата важност го надминува прашањето дали и кога ќе станеме членка на ЕУ. Тоа е прашање на можности и стандарди што овозможуваат подобар живот. На ангажманот на државните институции и на општеството во градењето подобро утре. Европа не треба да ја гледаме како симбол на совршенство, туку како симбол на желбата за усовршување. На желбата секој да ги ужива своите фундаментални права. „Дали личиме на ЕУ“ значи дали го заслужуваме епитетот „европски“, кога зборуваме за правата на човекот и на граѓанинот.

    ДЕЛ 1: Поддршка, избор и достоинство

    • Унијата го признава правото на постарите да живеат независно и достоинствено и да учествуваат во општествениот и во културниот живот
    • Европска повелба за фундаментални права, член 25
    • Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители

    *Устав на РСМ, член 40

    Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите: Во РСМ има 324.000 пензионери, 280.000 се членови во сојузот. Тоа е една голема целна група на која не треба да се гледа како статистичка бројка, туку да се бара решение. Им недостатсува подобра материјална и социјална сигурност, подобри услови во доменот на здравственото осигурување, промена на односот кон зголемување на грижата кон возрасната популација од страна на општините бидејќи еден дел од нив мисли дека здруженијата треба на нив да им помагаат, а не обратно.

    Во минатото, сите генерациски проблеми се решавале во традиционалното семејство. Различни генерации живееле под ист покрив и се грижеле едни за други, од најмалите до најстарите. Индустријализацијата, модернизацијата на општеството и другите фактори, како преселбите, придонесоа за многу голем број семејства таквиот живот веќе да не биде возможен. Но, потребите од меѓусебна грижа останаа. За да се постигне тоа во овој динамичен, брз и променлив свет, неопходно е во грижата да се вклучи и системот, институциите.

    Јорде Јаќимовски, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања: Би требало да се подобри социјалниот живот на самото население, кога велам социјалниот живот мислам за подобрување на образовниот процес, на здравствената заштита и на инфраструктурата во местото во кое живееме. Значи, треба да се приближи сејмејството и работата во локалната заедница, во таа смисла што треба секој да има пристап до образование, здравствена заштита, квалитетен живот.

    Истражувања поддржани од Европската унија покажале дека проблемот со осаменоста на старите лица и со психосоцијалните последици од неа сега е поголем во Источна и во Јужна Европа, отколку во Западна Европа. Причината за тоа е што овие земји се економски послаби и нивните институции потешко ја надоместуваат сигурноста и грижата што порано ја обезбедувало традиционалното семејство, а која сега е неостварлива поради работните обврски или иселувањето на помладите. Ова е проблем што се манифестира и кај нас, на разни начини.

    Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите: Зарем не е јасно дека возрасните лица бараат промена на односот, да биде попријатен, поблизок, поприсен меѓу младите и постарите бидејќи едно „ало“ со еден сам пензионер многу значи. Тука, за сето тоа се поставува прашањето дали пензионерот треба да чека пред банките, дали треба да чека во големите редици по амбуланти, дали треба да чека за место во автобус..

    Своевремено напуштањето на старите лица се случуваше како последица на миграцијата село-град. Но последиците не беа толку драматични затоа што помладите генерации сепак беа географски блиску до нивните родители, со повеќе можности редовно да ги посетуваат и да ги одржуваат контактите со нив. Сега, кога таа миграција подразбира оддалечување од родителите од најмалку 1000 километри, или преселба во прекуокеански држави, напуштеноста станува поочигледна. Затоа улогата на институциите станува се поважна. За успешно да ја остварат, треба да ги подобрат своите капацитети.

    Зоран Блажевски, советник во Министерството за труд и социјална политика: Во однос на сместувачки капацитети ние сме многу зад европските стандарди. Значи покриеноста на сместувачките капацитети во однос на старото население треба да биде од три до пет отсто значи да има обезбедено покриеност со легла. Што не е случај во нашата држава. Во нашава држава имаме негде 0,6 проценти обезбедени со институционално згрижување. Од институции постојат само четири установи кои се негде околу 430 легла и еден дневен центар во населба Чашка.

    • Европски просек – 3-5%
    • Покриеност дома – 0,6%
    •  4 институции
    • 430 легла
    • 1 дневен центар

    За десет години, колку што се спроведуваше стратегијата за заштита на старите лица, се отвори еден нов дом во Берово со 30 легла, но и 34 приватни установи за згрижување, бидејќи државата даваше поддршка на таквите иницијативи. И бројот на дневни центри се зголеми од еден на единаесет.

    Европската унија се занимава со генерациските политики најмалку 40 години. Уште во 1980-тите станало јасно дека поради подобрените животни услови луѓето ќе имаат поголем животен век, и ќе треба да се најде решение за нивните економски, социјални, здравствени и други потреби. Денес околу една петтина од жителите на ЕУ се на возраст над 60 години.

    Нема единствени политики за тоа како треба да се постигне достоинствениот живот на повозрасните или добрите услови за напредок и професионално остварување на младите. Плановите и документите на Европската унија предвидуваат да се работи во овие насоки, но државите-членки се задолжени да го најдат најдобриот начин како да ги обезбедат овие права на генерациите. Шведска често се споменува како една од оние што најуспешно ги води овие политики.

    Гизела Грин, директорка за грижа на стари лица во градот Малме, Шведска: Многу е важно да работиме според индивидуалните интереси и потреби. Властите се водат според потребите на секој поединец и се грижиме да му излеземе во пресрет за се што му е потребно.

    Во Малме околу седум илјади стари лица живеат сами во своите домови и добиваат редовна поддршка. Луѓето од институциите ги посетуваат и им помагаат со чистењето, перењето алишта, купувањето и со другите домашни обврски. Така редовно се одржува контакт со нив и ако некој има потреба од поголема грижа, му се помага на поинакви начини.

    Гизела Грин, директорка за грижа на стари лица во градот Малме, Шведска: Не мора да бидете сместени во институција за да ја добиете грижата и негата што ви е потребна. Може да се каже дека на ваков начин им помагаме на околу десет илјади луѓе секојдневно, обезбедуваме помош на осум илјади лица во нивните домови и на околу две илјади што живеат во посебни домови во градот Малме.

    Ниту е возможно, ниту е потребно сите стари лица да живеат во установи и под надзор. Домашната поддршка се покажала како успешна во многу земји. И нашите институции се свесни дека овој модел дава подобри резултати, опфаќа повеќе луѓе, а троши помалку ресурси.

    Зоран Блажевски, советник во Министерството за труд и социјална политика: Треба фокус да се дава на алтернативни форми, на пример како дневен престој, центар за давање помош во домашни услови, што повеќе би бил карактеристичен центарот за рурални општини од развиен тип, на пример. Тоа се мобилни тимови што ќе излезат во пресрет на некое старо семејство во ризик, со цел да му пружи елементарни услуги во вид на набавка на лекови, набавка на храна, перење, пеглање.

    ДЕЛ 2: Образование и можности или билет

    • Европската повелба ги штити младите од дискриминација на работното место
    • Но младинската невработеност е голема
    • Европскиот просек е 17%, а во некои земји, како и во нашата достигнува 40%
    • На младите често им останува изборот да прифатат неповолни услови
    • Или да бараат заштита од дискриминацијата на друго место

    Бисера Поповски, студентка: Главните проблеми на нашата генерација е тоа што немаме многу просперитет како млади луѓе во области на науката, уметноста итн, не ни се нудат многу опции.   

    Бојан Петровски, претседател на Националниот младински совет: Целиот квалитет на живот мислам дека треба да се стави во прашање тука. Финансиите се само еден дел од некоја материјална работа која што го подобрува квалитет на животот, но се она што е како граѓанско движење, како активизам, слобода на гово,р мислам дека тоа треба да се семе предвид за да добиеме една комплетна слика зошто младите си одат и да почнеме да работиме на таа тема.

    Политиките што ќе ги направат младите активен и продуктивен чинител во општеството ќе донесат економски раст. Тоа ќе помогне да се водат поквалитетни и посеопфатни политики за се друго во општеството, вклучително и за заштита на правото на достоинствен живот на постарите. Но за младите да донесат позитивни промени, треба да почувствуваат и позитивни резултати од нивната работа и залагање.

    Тука доаѓаме до клучниот проблем – иселувањето. Со големите можности и со големата побарувачка на млада и квалификувана работна сила, станува се потешко за државите што се поназад во економскиот развој да ја задржат генерацијата што треба да продолжи да го гради општеството. Примамливата понуда да го добијат денес во некоја друга држава тоа што во својата земја би требало да го градат за во иднина да го имаат, тешко се одбива.

    Наумче Мојсоски, директор на Агенцијата за млади и спорт: Еден од најголемите проблеми сега е иселувањето на младите, кој за жал не е само кај нас во нашата држава туку и на глобално, пошироко ниво.

    Бојан Петровски, претседател на Националниот младински совет: Има многу млади луѓе што имаат сериозна добра финансиска поддршка и добри плати, но не е заради тоа. Треба да се земе предвид се она што се вика живот и целиот живот, целиот систем што треба да работи за одржување на еден нормален живот. Зборуваме за квалитет на живот, квалитет на живот не е само финансии, туку и чиста животна средина, чист воздух за дишење, почитување на основните човекови права, демократски права. Има многу млади луѓе што имат заминато и поради дискриминација.

    Квалитетен живот:

    • Финансии
    • Здрава животна средина
    • Чист воздух
    • Основни човекови права
    • Демократски права
    • Заштита од дискриминација

    Од многуте проблеми со кои што се соочуваат младите лица во земјава, посебно се истакнува еден – образованието. Од него тргнуваат сите други, како квалификациите и можностите да се дојде до задоволително вработување.

    Бојан Петровски, претседател на Националниот младински совет: Ако ние сме во таква држава од која ја гледаме нашата иднина во развиените земији, тогаш мора да почнеме од образованието. Таму ги гледаме проблемите, сметаме дека тука треба многу да се работи. Треба да работиме во континуитет на кадри во образованието. Многу често сме сведоци дека поради политички околности се менуват и разни раководни структури. Така што тоа на крај доаѓаме во една ситуација каде што нема континуитет на работењето на дел од институциите.

    Ако државата не се ангажира доволно, на младите им останува да се самоорганизираат. Кипар е една од земјите на Европската унија каде што младинското движење е мошне активно и влијае врз политиките за подобрување на животот на младиот човек. Фокусот, слично како и тука, е на работата и на образованието.

    Кристина Јанапи, проектен офицер на Младинскиот совет на Кипар: Младите луѓе, за среќа, имаат можности да ги остваруваат своите цели во кариерата, да најдат работно место, но треба да ги држиме очите отворени кога ќе се појават таквите можности, и исто така треба да има поголема поддршка од Владата во борбата против невработеноста кај младите, за да го намалиме процентот, да го намалиме бројот на млади луѓе што се невработени и што немаат пристап до можности за вработување.

    Методите што ги користи кипарското младинско движење се специјализирани групи за различни проблеми. Особено за оние што најмногу ја засегаат младата популација.

    Кристина Јанапи, проектен офицер на Младинскиот совет на Кипар: Очекуваме наскоро да имаме две новоформирани работни групи, едната за признавање на младинската работа во Кипар, а другата, која е постара, или поточно поназад, е работната група за признавање на неформалното образование.

    ДЕЛ 3: Кројачи на својата судбина

    • „Ништо за нас без нас“ е слоган стар над 500 години
    • Првпат се употребил во полските уставни реформи во 1505 година
    • До денес тој е докажано најдобриот начин за секоја општествена група да си ги оствари своите права и интереси
    • Вклучително и генерациските групи

    Комуникацијата во одлучувањето е еден од клучните елементи што ја унапредил грижата за возрасните лица во Шведска. Никој таму не носи одлуки што им треба на нив, туку тие самите кажуваат.

    Гизела Грин, директорка за грижа на стари лица во градот Малме, Шведска: Можеме да видиме дека луѓето на кои што им треба посебно сместување или посебна грижа не контактираат и ги добиваат помошта и поддршката што им треба. Не гледам некои посебни проблеми или предизвици во ова.

    Секој ден, Гизела Грин ги надгледува сите операции поврзани со заштитата на старите лица во градот Малме. Под нејзина надлежност е развиен систем со разновидна помош, од згрижување до помагање во сопствените домови. Во Шведска грижата за постарите е обврска на локално ниво, што е предност бидејќи помошта така е подиректна и комуникацијата е понепосредна. Општините што не можат да постигнат, можат да побараат државна помош. Но така би признале дека се неуспешни, па секогаш го даваат најдоброто што можат. Малме нема проблеми со успешноста, поради една едноставна причина.

    Шведски модел

    • Постојан дијалог
    • Грижа на локално ниво
    • Државна помош ако е потребна

    Гизела Грин, директорка за грижа на стари лица во градот Малме, Шведска: Но големо мнозинство од населението на Малме е многу младо. Просечната возраст во Малме е околу 35 години.

    Овој податок го покажува клучниот ресурс за успешноста на овие програми – младите. Не само што не се спротивставени интересите на двете генерации, туку најдобро ќе се заштити едната генерација ако се поддржи другата.

    Јорде Јаќимовски, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања: Во понатамошните политики кои треба да бидат креирани во ниво на држава би требало да се синхронизираат и правата на младите и правата на возрасните лица. Значи не треба да се двојат и треба да има меѓусебна поддршка меѓу младите и возрасните, солидарна подршка внатре во генерацијата, но и меѓугенерациска подршка кај самото население.

    Креирањето на тие политики е невозможно без да се вклучат оние на кои што им се наменети. Генерациите докажале дека знаат да се организираат и знаат што им е потребно. Велат дека можат да се снајдат без политичарите, полесно отколку што политичарите би се снашле без нив.

    Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите: Доколку властите не игнорират или не не повикуват на дијалог, а се работи за важни прашња за пензионерите, ние тогаш дејствуваме на свој начин. Пензионерите знаат и сами да се организираат. За илустрација, пензионерите години наназад формирале солидарен фонд со тоа што се договориле да извојуваат дел од својата пензија и кога ќе почине пензионерот, тој, за да ги заштити најблиските, на семејството му се исплаќа одредена сума на средства. Ние воспоставивме слободна линија, на која два пати во неделата  пензионерите може да се јавуват на број каде што добиват одговори од стручни и компетентни лица.

    Самопомошта и самоорганизирањето се добри, но не можат целосно да ја надоместат институционалната грижа. Можат само да ја дополнат, преку дијалогот.

    Гизела Грин, директорка за грижа на стари лица во градот Малме, Шведска: Шведска е голем поборник на демократијата и на слушањето на граѓаните, без разлика на нивната возраст. Во Шведска и во Малме имаме силен дијалог со постарите. На тој начин слушаме кои им се интересите и кои активности се можни, но се обидуваме и заедно да развиеме можности и активности за постарите.

    Поради својата природа, креирањето на младинските политики е многу посложен процес. Причината е што тука се потребни одлуки не само за сегашноста, туку и за блиската и за далечната иднина. Затоа и младинското движење мора да биде поразновидно и поразгрането.

    Бојан Петровски, претседател на Националниот младински совет: Кога ќе се соединиме сите заедно во мисијата и визијата на советот, работиме за едно подобро општество, сите во различни сфери. Дел работат во сферата на образование, дел во животна средина, сите оние различни сфери што се интересни, што влијаат врз животот на граѓаните, посебно на младиот човек. Друга важна работа е што целосно учествуваме во процесите на креирање на младински политики, на локално и национално ниво. Се обидуваме да работиме на терен и да  делуваме целосно во рамки на законските регулативи за подобрување на статусот на младиот човек.

    И нашите институции знаат дека најдобро се водат младинските политики со младите на чело. За да се случи тоа, треба поголема доверба во генерацијата.

    Наумче Мојсоски, директор на Агенцијата за млади и спорт: Треба повеќе да ги оставаме младите сами да созреваат, мислат и сами да донесуваат одлуки на млади години. Кај нас, уште сме, нели да кажам, ограничени во тој дел. Во смисла, чекај млад си, што мисли мама, што мисли тато, родителите и тоа е еден, да кажам, оној балкански менталитет. Треба младите да се посамостојни, сум живеел во Шпанија, Скандинавија, секаде сум живеел и веќе многу порано тие ги осамостојуваат децата за да си го трасираат својот пат. Што помалку ние им се мешаме за својот избор, кога веќе нели почнуваат да созреваат, подобро ќе биде за нашето општество, поефектни ќе бидат младите и треба повеќе да се користат.

    Кога младинското учество во креирањето политики се сведува на учество на младите во политичките партии, се појавува еден проблем. Подмладоците на партиите растат, но мотивите за приклучувањето на младите кон нив често се надвор од сферата на политичкото дејствување, и се поврзуваат со лични интереси и со егзистенцијални прашања. Се појавува ризик дека партизацијата всушност го пасивизира младинското движење. Додека во малото македонско општество партиските подмладоци бројат десетици илјади членови и ги прославуваат своите манифестации во големи спортски сали, во Шведска им е се потешко да ги убедат младите да влезат во партиите.

    Сара Ветергрен, заменик-градоначалничка во Малме: За жал, нешто што е вообичаено во многу земји, гледаме намалување на интересот на младите луѓе да се вклучат во политиката. Мислам дека младите денес повеќе сакаат да се вклучат во активизам отколку во политика, мислат дека политиката е здодевна и бараат други предизвици, отколку само да се приклучат на политичка партија.

    Ова е генерациски предизвик во шведската политика. Примерот што го постави средношколката Грета Турнберг им покажа на младите дека можат да влезат во политиката на поинаков начин, преку активизмот, и да бараат конкретни решенија сега и веднаш, да прават нешто опипливо, наместо да седат во партиите и да го чекаат својот ред зад постарите.

    Сара Ветергрен, заменик-градоначалничка во Малме: За младите луѓе што се вклучуваат во политичките партии, многу е важно ние, постарата генерација, да ги поддржиме и да им покажеме дека направиле виостински избор, дека не треба да се сомневаат во себе и дека треба да градат кариера во политиката.

    На Медитеранот, пак, работите се прават поинаку. Таму младите прават свои политички организации и бараат да бидат слушнати.

    Антонис Курас, претседател на Младинскиот совет на Кипар: Постои младински парламент на Кипар, како и младински дипломатски совет. Преку нив младите луѓе седнуваат на маса со политичките лидери и се борат за политики што ќе им овозможат подобра иднина во земјата. Дијалогот е успешно воспоставен, а следниот чекор е да се постигнат ефектите од него.

    Кристина Јанапи, проектен офицер на Младинскиот совет на Кипар: Луѓето не прашуваат, дури и младите луѓе не прашуваат, колку сме успешни, колку успешно интересите на младите луѓе се претставени во процесот на донесување одлуки. Искрено, одговорот лежи некаде помеѓу „да“ и „не“, бидејќи иако младите даваат се од себе, и учествуваат, и предлагаат, и креираат политики, а ние потоа ги застапуваме тие политики, владата, мислам владата на Кипар, треба посилно да ги вклучи потребите и идеите на младите луѓе во одлучувањето.

    Кристина Јанапи, проектен офицер на Младинскиот совет на Кипар: Секако, имаме и успешни приказни. На пример го имаме проектот за Младински парламент, кој го намалува јазот меѓу носителите на одлуки и младите луѓе и ги става на маса идеите на младите при носењето одлуки.

    Генерациските политики се најважни за опстанокот и за напредокот на државата. Лекцијата што мора да ја научиме е дека тие политики треба да се водат сеопфатно и да се засноваат на дијалог со засегнатите. Уште поважно – тие мора да бидат усогласени за доброто на сите генерации. Бидејќи достоинствениот живот на постарите и успешноста на програмите за нивна поддршка може да се гарантираат само ако младите останат во земјата, добијат квалитетно образование и се вложат себеси во нејзиниот развој. Кога ќе се обезбеди тоа, за остатокот ќе се погрижат институциите.