Author: Balkon3

  • Македонската филхармонија наскоро во Оман

    Во Мускат, главниот град на арапската земја, Македонската филхармонија ќе настапи во јануари, во новото архитектонско здание кое предизвика сензација.

    Новата зграда на Операта во Оман

    По долги години пауза, оркестарот на Македонската филхармонија во јануари ќе гостува надвор од земјава. Станува збор за Мускат, главниот град на арапската земја Оман, каде нашата Филхармонија ќе концертира на сцената во новата, неодамна отворена оперска куќа, во која оваа сезона ќе гостуваат и престижните оркестри на Виенската, Лондонската филхармонија, на Американскиот балет, на Маринскиот театар. Отворањето на новата оперска куќа во Оман, кое се случи во октомври, предизвика сензација поради исклучителната архитектоника на зградата. Македонската филхармонија ќе биде првата институција од нашата земја од областа на културата, што ќе ја посети оваа арапска земја официјално наречена Султанот Оман.

    Досега, нашата Филхармонија гостувањата надвор од земјава ги остваруваше само преку Камерниот оркестар. Во последниве две децении меѓународните гостувања се навистина ретки, во споредба со периодот од 60-те и 70-те години кога Македонската филхармонија остварувала голем број на турнеи особено во европските земји. Затоа, гостувањето во Оман се смета од исклучителна важност за оваа институција.

    Се уште не е познато со каков репертоар ќе се претстави оркестарот на Филхармонијата пред арапската публика, ниту пак, кој ќе биде диригент и солист, но фактот дека ќе настапува на иста сцена на која ќе концертираат врвни светски ансамбли, е престиж.

    Оркестарот на Македонската филхармонија

    Инаку, поканата за гостување во Оман е последица на новиот репертоар со нестандардна програма што во последниве години го спроведува нашиот оркестар. Македонската филхармонија неодамна стана членка на двете најголеми асоцијации кои ја третираат изведувачката уметност – Меѓународната асоцијација на менаџери во уметноста (ИАМА) и Меѓународната асоцијација за изведувачки уметности (ИСПА), па токму на еден од состаноците со овие асоцијации, било договорено и гостувањето во Оман. Во овие асоцијации членуваат оркестри како Берлинската филхармонија, Концертгебау орекстарот, Метрополитен операта, Лондонска филхармонија…, а членството и на Македонија и овозможува да биде ставена на мапата на тоа што е актуелно и што се случува во светот, но исто така и да се оствари поголема соработка меѓу сите членки во асоцијацијата преку развивање на мрежата на контакти.

    Новата оперска зграда во Оман, пак, свечено се отвори на 16 октомври со изведебата на операта „Турандот“ од Пучини, во режија на култниот Франко Зефирели, а под диригентската палка на Пласидо Доминго. Оваа институција беше отворена со големи фанфари и сите едногласно ја нарекоа новата сензација на Мускат. Прекрасната оперска куќа, пишуваат странските весници, е прва во земјите од Заливот и само трета во целиот арапски свет, по пропаднатите и речиси заборавени во Каиро и Дамаск. Љубителот на класичната музика, султан Кабус – монархот на Оман со далекувидни сфаќања, е решен да придонесе за местото каде што оманските деца ја изучуваат уметноста во светот дури и кога учат да ја почитуваат и да создадат сопствена оперска куќа, балет и театар.

    Многу од присутните на отворањето на оперската куќа ја гледаа како место каде што Истокот ќе се сретне со Западот – но, не во вообичаеното површно значење на фразата. Поради љубовата на султанот за класичната музика од Запад и неговата посветеност на развојот на неговата земја, тој има намера оперската куќа „да служи како центар на возвишеност што ќе ги збогатува животите преку култура и ќе промовира безвременски вредности“.

    Големиот оперски пејач, Пласидо Доминго, кој на отворањето настапи со „Турандот“ на Пучини, рече: „Сите сме многу благодарни на султан Кабус што го овозможи ова. Тоа е многу важен чекор за светот и огромна чест за нас.“

    Покривот на новата оперска зграда може да се користи за мали перформанси, а исто така и градината. Султанот има сопствен влез, и секако, полуприкриена ложа. Пред оперите се очекува да се одржуваат средби за да се информираат луѓето за нивната историја, учениците се очекуваат со задоволство и може да се предвиди дека Оман ќе стане центар не само за арапската и странската уметност туку и за малите индустрии, каде што оманските мајстори, кои ги изработија прекрасните уметнички дела за куќата, би создавале сценски декорации за други опери. Инволвираните во планирањето и дизајнот го очекуваат денот кога Оманците сами ќе работат со куќата и ќе создаваат продукции поставени таму.

    Македонската филхармонија исто така ја чека новата зграда која во моментов се гради во Скопје помеѓу Музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ и Македонската опера и балет. Музичарите од оркестарот долго време поскауваат нов објект наменет за концертите на Филхармонијата. Оваа институција цели шест децении е сместена во просториите на Домот на АРМ како кираџија, во сала која не е наменета за симфониски концерти. Оркестарот постојано се соочува со проблеми, особено во делот на акустиката.

    Новата филхармониска сала ќе се гради според проектот на македонскиот архитект Виктор Михајлов. Изведувач на градежните работи е австриската фирма „Алпине Бау“ од Салцбург. Новата филхармониска зграда ќе има две концертни сали, простории за вежбање, гардероби, ресторан, продавница за музичка литература и музика. Големата концертна сала ќе има капацитет од 1.000 до 1.200 седишта, а малата наменета за камерна музика ќе има 300 седишта.

    Тина Иванова

  • Зошто некои луѓе се однесуваат брутално кон животните?

    Стотици случаи на злоупотреба на животните на секој чекор во Грција укажува на варварско однесување кон миленичињата и животните.

    „Панхеленик – Федерацијата за заштита на животната средина“ и „Животните и Панхеленик – координативниот комитет за заштита на животните“ се две здруженија кои даваат одговор на прашањето за причините и последиците од начинот на однесување кон животните кој е карактеристичен за Грците.

    Во текот на одржувањето на работилницата насловена „Европски перспективи за заштита на животните во современата грчка култура“ на 31-ви октомври 2011, повеќе од 25 излагачи ги изложија научните и искуствени аргументи во врска со третирањето на животните од страна на луѓето во Грција и пошироко.

    Водечки научници од оваа област, право, етика, филозофија, членови на организации за заштита на животните, професори, училишта, министерства, општини, институции, сектори од европската унија ги изложија своите видувања и документирани научни заклучоци за социјалните, економски и морални проблеми кои се директно или индиректно поврзани со животните, без разлика дали се миленичиња,скитници или домашни животни.

    Се разговараше за едукација, непознавањето, митовите и експлоатацијата на животните од страна на луѓето и напредокот кој е синоним на гаранцијата за профит.

    Публиката беше многубројна, земајќи го предвид датумот на средбата и фактот дека работилницата беше одржана во работен ден. Присуствуваа и волонтери од цела Грција кои земаа удел во дискусијата во врско со бруталното однесување кое го покажуваат животни кои не се чувани во средина која  им е наклонета како што е случај во развиените европски земји.

    Како заклучок се истакна дека љубовта кон животните не треба да се смета за луксуз дури и во овие тешки времиња.

    “VARELOSKYLA” – ЖИВОТНИ КОИ СЕ  ТРЕТИРААТ КАКО ПРЕДМЕТИ

    Таканаречените “vareloskyla” се кучиња кои најчесто овчари или фармери ги врзуваат сè до нивната смрт на некое пусто, далечно место за да ги чуваат нивните стада.

    Кучињата најчесто се пронаоѓани случајно бидејќи само нивните мачители ги познаваат доволно добро за да можат да ги врзат. Тие се врзани со синџири за пресечено метално буре, лишени од храна и вода.

    Кога ќе приметат луѓе тие обично се обидуваат да се сокријат. Сите се плашливи и многу слаби, оставени на милоста на нивните сопственици.

    Ваквото криминално однесување на голем број овчари, не само на Крит туку и на други места во Грција, придонесува да оваа драматична ситуација нема крај. Особено на Крит и Икарија на секој агол, во секое село, секое пасиште состојбата е надвор од контрола.

    Поради сè поголем притисок полицијата започна сериозно да ги разгледува сите пријави за криминал од ваков вид. За жал, тоа сепак не е доволно.

    Потребна е сеопфатна акција на полицијата, здруженијата на љубители на животни, општините и јавниот обвинител. Однесувањето на фармерите кон животните е нехумано, неморално, нецивилизирано и ја прикажува Грција како таква низ погледот на туристите кои често поднесуваат пријави бивајќи сведоци на овој ужас.

    Животните поседуваат интелигенција и се незаменливи во синџирот на животот. Сите ние кои ја почитуваме природата ги почитуваме и нив. Никој нема право да ги злоупотребува сметајќи ги за своја сопственост.

    Елен Илиополу

  • Нераскажаната приказна за грабнувањето на Мис Стон

    Во прегратките на питомата Беласица и студениот Огражден, струмичкиот крај на тромеѓето на Македонија, Грција и Бугарија, е изобилие од богатства. Богат со историја, недопрена природа, кристално бистра изворска вода, колоритен карневал, румен домат и наделеку прочуената пиперка, куртова капија,  од која се прави вкусниот македонски ајвар. Од Требичино кое е репрезент на селскиот туризам, преку Колешино во кое има 18 различни религии до Смолари кое ги чува најраскошните македонски водопади, со овој регион секогаш владеел позитивен немирен дух. На патот до Струмица, од двете страни на коловозот, пластеници во кои вредно се одгледува извонредeн струмички зеленчук. Поглед од врвот на престолнината на овој регион нуди море од земјоделски фолии кои неуморно играат со одјсајот од срамежливото есенско сонце. Нетипична раздвиженост го краси овој дел од Македонија. Крајот кој одамна е под ореолот што плете многу драмски заплети.

    Мис Стон, Катерина и Елена Цилка

    Приказната за грабнувањето на американската протестантска мисионерка, Елен М. Стон, започнала во летото 1901 година. Првото модерно киднапирање во светот или како што многумина го нарекуваат, одекот на македонскиот пет вековен крик, е навидум еден историски прецизен и јасен драмски заплет.

    Американската протестантска црква која делувала во Солун, се подготвувала да го испрати признатиот доктор Хаус во Банско со цел да ја прошири својата мисија. И токму тогаш, по неколку неуспешни обиди за грабнување на други големци, револуционерниот водач на Македонците, Јане Сандански, намислува да го зароби Хаус со тоа што со помош на месни протестанти од Банско ќе го намами мисионерот на свој терен. Една од верзиите на приказната понатаму вели дека Хаус се откажал од патувањето, а неговото место го зазела Мис Стон која токму во тоа време пристигнала во Солун. Според другата верзија пак, Сандански дознал дека во Разлошко престојува извесна Елен Стон, протестантски мисионер и жител на Соединетите Американски Држави, поради што се одлучил за промена на планот за грабнување на доктор Хаус.

    Историјата натаму забележала дека акцијата била изведена на 3 септември во доцните часови, а грабнувачите биле маскирани како турски аскер. Неколку дена подоцна на Елен Стон и на нејзината придружнича, Катерина Цилка, која била протестантка по вера, им било објаснето дека нивните нови домаќини се борци за слободна Македонија.

    Веста за киднапирањето се расчула многу брзо и светскиот печат со месеци се занимавал со сензационалното грабнување во Македонија, дотогаш непозната и сметана за дел од Османлиската империја. Деликатната состојба на придружбата на Елен Стон, Катерина Цилка, која била бремена и се породила за време на заложничката драма, донела дополнителен товар на приказната. Но, односот на комитските војводи кон новоредената Елена, особено односот на Јане Сандански, бил можеби клучната пресвртница во перцепцијата на мисионерката и нејзината придружничка за македонските борци за слобода. Елен Стон ја сфатила и поддржала борбата на комитите и на Организацијата за слобода на својот народ и потребата да се слушне за македонското прашање преку сензационалното грабнување на американската државјанка.

    Преговорите за откуп се воделе со месеци. Комитите за слободата на двете жени барале 25 илјади лири, тогашни 100 илјади долари. Но, поради силната потерата по „бандитите“, биле приморани да ја намалат висината на откупот на 14.500 лири. По многу перипетии, приказната завршува со исплаќање на бараната сума на 20 јануари 1902 година во регионот на Банско, а жените се ослободени на 10 февруари истата година во близина на село Василево, струмичко.

    АТАНАС ЦОНЕВ – БРАДАТА И НЕРАСКАЖАНАТА ПРИКАЗНА ЗА МИС СТОН

    И, како што обично бива, таму каде што завршува една, започнува друга приказна. Другата страна на медалот, позната на малкумина, како што вели месното население, се случува во струмичко Василево. Оваа мирна рурална општина, населена од преку 12 илјади жители, повеќе од 110 години грижливо и гордо ја чува тајната за приказната за последните денови од заложништвото на Мис Стон и за нејзиниот чувар, Атанас Цонев – Брадата од село Нивичино и неговата улога во грабнувањето.

    Атанас Цонев, сопственик на мотелот Мис Стон и правнук на Атанас Цонев – Брадата

    – Вистина е дека нема многу пишани документи за овој дел од приказната за грабнувањето на Мис Стон, раскажува Георги Цонев, правнук на огражденскиот револуцинерен водач, Атанас Цонев – „Брадата“ меѓу народот познат и како Нивичански. Прадедо ми по наредба од Јане Сандански бил задолжен да не им фали влакно на заробеничките. Тој раскажува и дека никој во Нивичино не знаел оти токму таму, во куќата на Атанас Цонев, изградена од камен, се крие жената за која зборува целиот свет.

    Односот кон Мис Стон бил беспрекорен, а тоа и самата заробеничка подоцна го потврдила во своите мемоари и со основањето на фондација за помош на македонскиот народ. Била цврста и самостојна жена, но исто така била и разбрана и прилагодлива. Комитите ја хранеле со качамак, кисело млеко, кајмак, леб од фурна или под вршник и со ориз. Кога била донесена во Нивичино, с’е било полесно оти веќе била опуштена и верувала во револуцинерната борба – емотивно ја продолжува приказната Цонев.

    – Потврда на ова доаѓа и од еден ракопис на Мис Стон на кој е напишана молитва за македонскиот народ, веднаш откако била пуштена во Струмица. Кога „Брадата“ ја предал на тамошните власти, разделбата била доста емотивна. Длабоко верувам во вистината на оваа приказна која целиот свој живот ми ја раскажуваше татко ми Никола Митков, тврди Цонев.

    СЛУЧАЈОТ „МИС СТОН“ Е ПОЧЕТОК НА АМЕРИКАНСКО – МАКЕДОНСКОТО ПРИЈАТЕЛСТВО

    Интересно е што до пред случајот „Мис Стон“, комитите биле третирани од страна на Америка како терористи, а од тој момент натаму и споделувањето на искуствата на Мис Стон со светот, датира американско-македонското пријателство – смета Атанас Цонев, правнук на Атанас „Брадата“ и сопственик на мотел во општина Василево кој го носи името на мисионерката.
    Тој раскажува дека комитите за слободата на Елен Стон барале 25 илјади златници, колку што им биле потребни за набавка на оружје од Америка. Според него, фондот за слобода на мисионерката бил далеку поголем околу 70 илјади златници но, комитите одбиле да ја земат целата собрана сума.

    Со 25-те илјади се купени пушки винчестерки и пиштоли колтови кои подоцна се употребени во Илинденското востание. Приказната натаму вели дека, со остатокот од собраната сума за откупот, Американците во јужниот дел на Солун изградиле бараки за бездомници и населбата ја нарекле Мис Стон. За овој настан за жал немам потврда – го завршува своето раскажување наследникот на славното име и презиме на „Брадата“.

    По завршување на сагата Мис Стон амбициозно се заложува за македонското прашање. Таа дури и пишува книга која за жал никогаш не ја здогледала светлоста на денот. Непосредно пре печатењето, целиот материјал изгорел во пожар во американскиот град Челзи. Родниот град на мисионерката во кој и починала во 1927 година, а до неодамна не и се знаеше гробот.

    Струмица е дестинација која ниту еден хедонист не смее да ja пропушти. Градот на жените, лудите забави и расадник на историјата е познат по топлото добредојде за сите свои гости. Случајни или намерни.

    А утрата во Василево. Тие се посебно доживување. Независно од временското доба, воздухот изобилува од помешани мириси на домати, пиперки, свежа зелка и бостан. Василевци се вредни и горди луѓе. Земјоделци повеќето но, ги има и сточари. Живеат со верба во подобро утре како и нивните предци пред повеќе од еден век. Општина Василево е главната порта на далеку прочуениот и племенит струмички регион. Од Добрашинци на влезот до Пиперево на излезот, 18 населени места со децении го негуваат кроткиот и питом струмички дух.

    Нивичино е одамна заминато во историјата. И куќата на Атанас Цонев – Брадата низ времето е раскрчмена од дивокрадци. Централниот магацин за оружје на славното ВМРО никој повеќе не знае дали постои. На неговото место само трева, бршлен и булки. Останата е само трошната црква Свети Илија. Да сведочи за големите дела на непокорливиот македонски народ и неговите идеали за слобода. И за една поинаква приказна за Мис Стон. Која досега не беше раскажана.

    Горан Игиќ

    фото: Галина Страчкова

  • Горд сум што сум член на оваа мила академија

    Илбер Ортајли – историчар, директор на палатата Топкапи во Истанбул

    Човек со голема самодоверба, голем познавач на историјата, почитуван низ целиот свет, но, понекогаш без влакнa на јазикот. Тоа се основните карактеристики на модерниот турски историограф Илбер Ортајли. Неговата дефиниција за историјата е „може да ти помогне само да го знаеш идентитетот, за се друго е бескорисно“.

    Илбер Ортајли

    За него велат дека е историски атлас, неговото знаење на историјата едноставно мора да се почитува. Познат е по тоа што пред камерите може да зборува со часови, може да ве хипнотизира пред ТВ екранот, и никогаш да не ви биде досадно. За љубителите на историјата голема чест е да се учествува на неговите конференции, безбројни низ целиот свет. Тој е добар раскажувач, човек со голема самодоверба, зборува со стил и шармантна насмевка.

    Се работи за Илбер Ортајли, професор по историја, директор на Палатата Топкапи, во Истанбул. Тој од неодамна е почесен член на Македонската академија за наука и уметност. Титулата академик на МАНУ свечено му ја додели претседателот на Академијата Георги Старделов, кој притоа рече дека Македонија со здоби со голем пријател.

    МИЛА МАКЕДОНИЈА

    На получасовното пристапно предавање на тема „Македонија во последните денови од Отоманската империја„ Ортајли рече да не се случија Балканските војни и Првата Светска Војна, Македонија ќе беше поголема земја, истакнувајќи го моментот дека Македонија за Турција преставува соседна држава. Тој потсети дека основачот на Турската Република е токму од овие простори. Веднаш по предавањето Ортајли, видно возбуден и среќен од титулата за Балкон 3 изјави:

    Илбер Ортајли и Георги Старделов

    “Ние ја сакаме Македонија, таква како што е. Ја сакаме како Македонија. И турското малцинство кое живее тука го мисли истото и на тој начин делува. Многу сум среќен што сум член на милата академија, на милата Република. Затоа што академијата е аполитичка институција и многу значајна за еден мал народ.„

    ГИ МРАЗАМ ПОЛИТИЧАРИТЕ

    Модерниот турски историограф нема влакна на јазикот. За секоја тема зборува без пардон, без притоа да размислува за последиците. Тој слободно изјавува дека не ја сака политиката и дека не му се допаѓаат политичарските типови. „Срамота е да се каже но не ги сакам. Тие се прости луѓе, со нив не се расправа“ знае да каже Ортајли и додава и покрај тоа, сепак има пријатели од сите партии.

    Пред неколку месеци неговата искреност го скара и со Премиерот Ердоган. Ортајли го критикуваше премиерот затоа што во сите општини гради универзитети. Ортајли, не согласувајќи со ставот на Ердоган рече: „водењето на држава,  не е исто со водењето на една општина„. На критиката премиерот Ердоган одговори: „Таа изјава не доликува на него. Го почитувам неговото знаење, но истот ака со него сум подготвен  да разговарам за тоа како се води една општина.

    ДА СЕ ЧИТА ПОСТОЈАНО

    Илбер Ортајли има фантастична меморија. На прашањето како ја зајакнувате меморијата одговара:  Ништо, треба постојано да се чита. Тоа што го читаш како млад, полесно се памети. После шеесеттата година тешко се памети. Луѓето треба да учат кога се млади. Ако сега дознам нешто, до утре сабајле сигурен сум дека тоа ќе го заборавам. Понекогаш го заборавам и насловот на книгата која ја читам. Затоа книгите што ги имам читано последните шест месеци ги имам сместено во посебен шкаф. Страниците на книгите се обележани со црвени фломастери. Заради тоа не практикувам да позајмувам книги.

    Читам повеќе книги, отколку што ги архивирам. Имам архива, но книгите не ми се класифицирани. Се е запишано во тетратки. Кока ми треба некоја инфомација, душа ми излегува од барање. Имам три библиотеки во три различни куќи.

    На крајот Илбер Ортајли има и порака до младите. Ги жалам тие млади што трчаат по партиските штабови, по невладините организации. Јас кога бев млад не го правев тоа. Треба да се чита, да се учи, да се посетуваат курсеви. Партиите само ги принудуваат младите да трчаат наоколу.

    Хусамедин Гина

  • Галерија: Зимски марш – викенд на планина

    Галерија: Зимски марш – викенд на планина

    Да се искачиш на врвот е опција (право на избор), но да се симнеш долу е задолжително. Ова го напиша познатиот алпинист Ед Вистурс, првиот Американец кој се искачил на сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри во светот, во својата книга во која го опишува подвигот. Дури и далеку поедноставните авантури почнуваат со тешка одлука-дали воопшто да се појде. Нашиот пријател Сашо Новески одлучи за прв пат да го освои врвот Солунска Глава на планината Јакупица во Македонија. Патешествието го овековечи на два начини-со зборови во неговиот дневик и со одлични фотографии. Уживајте во дневникот и во фото-галеријата.

    Чеплес – Даутица – Солунска Глава

    [portfolio_slideshow id=8602]

    Текст: Сашо Новески

    Фото: Ване Михајловски