Невладината организација КОНФИДЕНС (localhost/balkon3-multisite) ве поканува да аплицирате за обука за користење видео содржини како начин за мониторирање и документирање на човековите права на локално и национално ниво. Овие обуки се предвидени за новинари и граѓански активисти кои се занимаваат или имаат намера да се занимаваат со фрлање светло врз проблемите со почитување на човековите права во разни области.
Обуките ќе се спроведат во рамки на проектот „Дали личиме на ЕУ? – Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Северна Македонија“, финансиран од ЕИДХР програмата на ЕУ, а нивна цел е да им помогне на локалните граѓански организации и новинари да стекнат вештини за тоа како да користат релевантни и ефикасни алатки и опрема за продуцирање содржини кои ќе го зајакнат нивниот капацитет да се поврзат со медиумите и да работат на унапредување на почитувањето на човековите права.
Обуките се предвидени со времетраење од три дена и ќе се спроведат во Хотел Бисер, Струга, во три различни термини (28 – 30 мај, 04 – 06 јуни, 11 – 13 јуни). На секоја од обуките учество ќе земат 13 – 15 претставници од локалните организации или медиуи. Сместувањето и патните трошоци ќе бидат покриени од страна на организаторот на проектот.
За време на обуките ќе се почитуваат сите мерки за заштита од COVID-19, а воедно и сместувањето ќе биде во еднокреветни соби.
По завршувањето на обуката, секој учесник ќе има задача да креира сопствена видео приказна со користење на алатките на мобилното новинарство, а за време на изработката на видеата, учесниците ќе работат под менторство на предавачите.
Една едноставна апликација им ги отвори очите на граѓаните.
На 26 години Горјан Јовановски веќе е градска легенда. Тој посакува никогаш да не постоеја причините поради кои стана познат. Но е среќен за својот придонес во борбата тие да се надминат.
„Па мислам дека после четири години постоење на Мој воздух веќе доволно луѓе знаат дека надвор е загадено, дека навистина имаме проблем со загадувањето веќе не е тоа знак прашалник“.
Црвените кругови со трицифрени бројки драстично ја променија свеста за загадувањето на воздухот. Пораката што ја проширија е едноставна: ова е страшно, мора нешто да се стори.
„Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Не креваат раце, туку ги засукуваат ракавите. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките услови. Се борат со бирократски лавиринти, недоречени закони, партиски притисоци, приватни интереси. И не се откажуваат. Тие се носителите на промени“.
На работа им помага на луѓето од целиот свет да земат здив од секојдневието и да отидат на патување. Работи како софтверски инженер за холандската компанија Букинг. Во слободно време им помага на скопјани и на другите луѓе во земјава да земат здив. Ја развива својата апликација Мој воздух.
„Комплетно беше големо изненадување Мој воздух толку навистина да направи атракција кај луѓето, дека навистина ќе почне да се шерува по социјалните мрежи, да се симнуваат толкав број мислам над 10 илјади симнувања добивме само во првиот месец од Мој воздух што беше навистина за мене чудно и неочекувано за еден таков мал проект кој што не очекував дека ќе направи голем импакт“.
Малиот проект со голем импакт почнал како студентска вежба. Горјан се вежбал да направи апликација за оперативниот систем Андроид. Ги видел податоците на Министерството за животна средина и сфатил дека тие можеле да се претстават многу поедноставно. Така се создал Мој Воздух, кој за кратко време стана главен извор на информации за загадувањето на воздухот.
Апликацијата била инстант хит, но почетокот не и бил лесен. Горјан вложил многу за да се справи со нестабилноста и со изложеноста на хакерски напади. Корисниците биле воодушевени. Институциите, не баш.
„Првиот маил кој што го добивме од Министерството за животна средина беше дека не им се допаѓаат боите во самата апликација., што беше како еден ироничен момент, но се надевам дека понатаму започнавме полека соработка и со самото министерство, а се со цел колку толку едуцирање на граѓаните за да може да се постигне поголема свест, но и секако пружање на еден голем притисок врз самото министерство да сериозно го сфатат овој проблем“.
Мој воздух има податоци за:
Моменталното загадување на над 50 локации, од државните и од волонтерски мерни станици
Седум типа загадување
Историски преглед на загадувањето од јануари 2018 наваму
Мерач на политичките ветувања и исполнувања за почист воздух
И многу други податоци добиени од државните и од други мерни станици
Кога е црвено, сите се алармирани.
Но кога е зелено, се опуштаат.
„Навистина ми е криво што некогаш луѓето забораваат дека иако може дојде пролет вака и сега се е чисто дека за неколку месеци повторно ќе дојде зимата и повторно ќе го имаме истиот проблем“.
Проблемите не се решаваат само со информации. Тие ќе вредат само ако предизвикаат вистински реакции. Решенијата се познати, но треба да се применат.
„Моментот е сега да се натераме да ги смениме нашите навики, да искочиме од нашата комфорт зона со цел подобрување заедничко на овој воздух. Многу сме зависни во Скопје на пример од колите, автомобилот да е главно превозно средство тука , но има многу алтернативни начини на превоз кој што можеме да го примениме со цел намалување на загадувањето. Истото е и за греењето во домаќинствата и секако правење повторно голем притисок врз фабриките кои секако дека допринесуваат за ова загадување и не се некаде во позадина“.
Горјан повторно ќе помогне како што најдобро знае, со технологијата. Мој воздух веќе се шири надвор од границите на земјава, а целта му е да стигне до вселената.
„Се надеваме дека со соработката со Европската вселенска агенција ќе може да дојдеме до детални сателитски слики кои ќе прикажат точно каде е е изворот на загадувањетѕо, дали тоа би биле фабриките, домовите, пожари итн и ќе може да се интервенира точно на тие места“.
Младиот софтверски инженер често патува на релација Скопје-Амстердам. Патување што за него значи премин од почист кон понечист воздух и назад. Кога е во Скопје, најмногу го сака своето маало. И по децении градење, сообраќај, греење, сомнителна индустријализација и други погрешни политики што ја уназадија животната средина, се уште има места што изгледаат попристојно. Но ниту на нив им нема спас кога сивата покривка ќе легне врз градот.
„За мене најубав дел од Скопје е Козле, зошто е мој дом, зошто тука израснав сите овие години и некако се уште се држи можеби покрај чистите делови, но скопската котилина е целосно зафатена од загадувањето во зима така да нема најчист за жал дел во Скопје според сликите што ги гледаме од дроновите или од Водно кога ќе се качиме, навистина се гледа дека загадувањето го опфаќа целиот град и е жално што нема ете чиста еко точка освен врвот на Водно“.
За Скопје, Тетово, Битола, Кичево се вели – гледаат што дишат.
Гледа и Горјан, дури и кога е во Амстерам, и на сите им покажува што видел.
Со информираноста растат и политичките ветувања за почист воздух.
Но повеќето крукчиња на календарот на „Мој воздух“ и натаму се жолти или црвени.
Овој извештај е изготвен во рамки на проектот „Дали личиме на ЕУ? – Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Северна Македонија“.
„Дали личиме на ЕУ? – Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Северна Македонија“ има за цел подигнување на свеста кај јавноста за постојните пречки за почитување, заштита и мониторинг на човековите права во земјата преку изработка на кратки документарни филмови и анимирани видеа. Извештајот преку дефинирање на приоритетни области дава преглед каде се потребни реформи и каде нашата земја останува зад земјите-членки на ЕУ во поглед на остварување и заштитата на човековите права. Во него се прикажува постојната состојба (фокусирајќи се на дефинираните приоритетни области), се дава преглед на тоа како се почитуваат и штитат човековите права во дефинираните области во земјата, кое законодавство, кои тела и институции се одговорни и каде граѓаните можат да се пожалат за непочитување на нивните права или да побараат заштита, каков вид процедури ги очекуваат за да добијат соодветен одговор или ако треба, реакција од надлежните институции.
Извештајот поставува прашања кои ќе добијат одговор преку снимените документарни филмови како дел од проектните активности. Активностите на проектот се насочени кон развивање на механизми за набљудување на човековите права и подобрување на заштитата при спроведувањето на основните права и слободи, како и откривање на што треба да сторат институциите за да работат врз основа на принципите на ЕУ. Се посочуваат примери од земјите членки на ЕУ кои имаат постигнато најдобри резултати во дефинираните приоритетни области за Република Северна Македонија. Од кои земји-членки може земјата да учи и собира искуства со цел да се подобри состојбата со човековите права на различни нивоа, кои најдобри практики можеме да ги искористиме за да ја подобриме нашата реалност, а со самото тоа, од хартија, да почнеме реално да ги спроведуваме политиките на ЕУ.
Комплетните извештаи на македонски и на англиски јазик се на следните линкови:
Овде ги дефинираме следните приоритетни области и за истите даваме приказ во различни поглавја:
Права на лица со попреченост – Дали лицата со попреченост ги уживаат сите слободи и права во нашата држава? Што е гарантирано со Устав, закон и меѓународни договори? Што презема државата, а што треба да преземе? Дали лицата со попреченост уживаат еднакви можности? Ги почитува ли државата меѓународните договори кои ги ратификувала и на кои се обврзала дека ќе ги почитува и спроведува? Каква е состојбата во земјите-членки на Европската унија и колку ние личиме на ЕУ?
Права на детето – Се почитуваат ли детските права во нашата држава? Се води ли доволно сметка за нивна максимална заштита? Нивна вклученост во процесите кои реално бараат да се слушне и нивното мислење, како на пример образованието? Функционираат ли државните механизми за заштита на детските права?
Работнички права– Се почитуваат ли работничките права во нашата држава? Дали законските одредби кои се однесуваат на работничките права се така создадени да може лесно да се манипулираат и злоупотребуваат на сметка на работниците?
Право на здрава животна средина – Лошата состојба во скоро речиси сите аспекти на животната средина се почесто се споменува како проблем што треба да се реши пред да пристапат земјите од Западен Балкан кон Европската унија. Оваа поглавје дава приказ како правото на здрава животна средина се практикува и штити во РСМ;
Родова еднаквост – Дали гласните заложби за родова еднаквост се фактички, или само декларативни? Што постигна нашата држава на полето родова еднаквост? Имаат ли мажите и жените за иста работна позиција еднаква плата, се поставуваат ли доволно жени на раководни позиции, каква е сосотојбата во приватниот сектор, а каква е во јавниот?
Судска власт – Дали судската власт е независна? Зошто и покрај толку многу извештаи, обуки и грантови, континуирано расте недовербата на граѓаните во судството? Што е она што е потребно за да се постави судскиот систем на стабилна основа и на тој начин судството да стане имуно на политички и други штетни влијанија кои го разоруваат и го прават крајно неефикасно и пристрасно. Судската власт е третата власт во државата, покрај законодавната и извршната, на која Уставот и дава потполна автономност и независност. Можат ли навистина судовите да им обезбедат ефикасна заштита на правата на обичните граѓани, во разумен рок и според принципот на владеење на правото?
Право на правично судење – Согласно Уставот на РСМ, на граѓаните во државата им се гарантираат основните слободи и права. Секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Секој граѓанин има право на еднаков пристап пред судот во заштитата на неговите права и правно заснованите интереси. При одлучувањето за граѓанските права и обврски и при одлучувањето за кривичната одговорност, секое лице има право на правично и јавно судење во разумен рок пред независен и непристрасен суд основан со закон. Никому не може да му биде ограничен пристапот пред судовите во заштитата на основните права и слободи поради недостиг на материјални средства.
Јавна администрација – Капацитетот и работењето на јавната администрација е еден од клучните проблеми во Република Северна Македонија што влијае на квалитетот на животот на граѓаните и на напорите на земјата да ги исполни стандардите за влез во Европската унија. Овие проблеми се регистрирани во скоро секој извештај за напредок на земјата кон ЕУ. Унијата го дефинира правото на добра администрација како основно право на своите граѓани, каква е ситуацијата кај нас?
Здравје и пристап до здравствени услуги – Еден од најкритикуваните сектори во нашата држава – здравствениот сектор. Поради проблематиката на која се однесува, недоволниот здравствен кадар во државните здравствени установи, висината на платите, застареноста на објектите и лошата опременост, хаотичната организација на работата, овој сектор претставува еден од најголемите ризик фактори за појава и развивање на корупцијата. Ужива минимален углед и голема недоверба кај граѓаните. Можат ли граѓаните да ја добијат квалитетна и навремена здравствената заштита за која плаќаат и имаат право? Зошто граѓаните, барем оние кои финансиски тоа можат да си го дозволат, го заобиколуваат јавното здравство (иако за тоа плаќаат придонеси) и услуга бараат од приватното здравство? Има ли државното здравство капацитет, соодветна опрема и доволно човечки ресурси за да одговори на дневна основа навремено и стручно во пружање на потребната здравствена заштита на граѓаните?
Права на стари лица – Заради својот претежно традиционален начин на фукционирање, општествената поставеност, државата досега избегнува да се соочи со проблемот на самотија и напуштање на старите лица, кој е вообичаен и добива соодветен третман во развиените земји. Сепак, овој проблем веќе е на вратите во посиромашните региони каде што стапката на миграција е висока, родителите и повозрасните остануваат дома додека помладите семејства бараат подобар живот во странство. Правото на достоинствен живот на постарите граѓани го гарантира Европската унија;
Права на младите во општеството – Европската унија посветува многу внимание во поттикнувањето на младите луѓе да учествуваат, да бидат вклучени во демократските процеси и во општеството. Младите креираат политики кои влијаат на квалитетот на животот од различни аспекти. Но, состојбата кај нас покажува слика во која партиската поделба е силно вклучена кај младите, учениците, училишните движења и влијае на кохезијата на гласовите на младите. Независните млади гласови се маргинализирани и насочени кон помалите невладини организации кои се прилично активни, но зависат од финансирањето. Сè на сè, тешко е да се идентификува автентичен глас на младите во општеството и на политичката сцена;
Потрошувачки права и заштита – Заштитата на правата на потрошувачите исто така е во групата основни права во земјите-членки на Европската унија. Кои се нашите основни права како потрошувачи? Каде да се обратиме ако како потрошувачи нашите права се повредени? Кој е одговорен ако не ја добиеме услугата за која сме платиле, ако квалитетот не соодветствува на декларацијата на производот за кој сме платиле? Друг пример е што на европско ниво беа направени големи напори за решавање на прашањето за разликите во квалитетот на производите дистрибуирани во западните и источните земји-членки. За промена на оваа состојба малку е направено. Истражуваме зошто и како до подобри услуги за потрошувачите;
Права на ЛГБТ заедницата – Кога станува збор за ЛГБТ, Балканот нема некој имиџ дека ги следи светските текови во однос на ова прашање, туку едвај е на изгрејсонце од аспект на почитување на правата на ЛГБТИ заедницата. Често пати се слчува припадниците на оваа заедница да се шиканирани, да немаат еднаков пристап до работно место, а здруженијата кои се борат за правата на ЛГБТИ заедницата да се под закана, а нивните членови напаѓани. Каков пат треба да се изоди, како да се подобри положбата на припадниците на ЛГБТИ заедницата во општеството, начините на охрабрување и заштита од страна на институциите и подигање на свеста кај граѓаните истражуваме во земјите членки на ЕУ, а најдобрите практики ги пренесуваме кај нас. Откриваме кои се пречките и кој е начинот да се надминат. Иако и во земјите членки на ЕУ може да се забележат големи разлики во прифаќањето на ЛГБТ заедницата;
Право на бизнис и заштита на конкуренција – Честопати се занемарува дека правото на водење бизнис е заштитено како основно право од страна на Европската унија. Ова право датира од француската револуција од 1789 година, кога беше укинат застарениот систем на еснафи со ограничување на конкуренцијата и на сите граѓани им беше дадено право да се занимаваат со бизнис. Според последните истражувања и најнови студии, РСМ не само во практика туку и на хартија треба да ја подобри легислативата и да ја усогласи со европската, бидејќи има една од најмалку конкурентските економии во цела Европа, со многу ограничувања, што како последица прави вработувањето во државната администрација да биде попожелна и поатрактивна кај граѓаните. Што најчесто е поврзано со партиската припадност, а кај неутралните пак создава чувство на алиенација и желба да емигрираат;
Право на заштита на приватност – Сведоци сме на секојдневно кршење на правата на приватност на граѓаните на многу начини, понекогаш дури се водат и политички кампањи против луѓе, активисти на невладини организации, новинари и други, во кои е изложен нивниот приватен живот; Организациите за заштита на приватноста и личните податоци речиси и да не реагираат или пак кога реагираат, немаат никакво реално влијание. Ги следиме најдобрите европски искуства и правиме компарација што е она што треба да се преземе за да и во оваа област заличиме на ЕУ;
Право на слобода на изразување – И покрај загарантираното право на слобода на изразување, медиумите и граѓаните не се чувствуваат целосно слободни да зборуваат за сите проблеми, што доведува до тивко прифаќање на лошите услови на работното место, здравството, администрацијата и сл. Од друга страна, недостигот на одговорност, интегритет и независност при практикувањето на оваа слобода води до политичка манипулација во пренасочување на расположенијата или револтот на граѓаните во насоки посакувани од политичките сили со различни цели отколку постигнување на јавниот интерес;
Права на лица кои се зависници – Случаите на дискриминација врз зависниците во земјата се чести, а често резултираат со ограничување на нивниот пристап до здравствена заштита. Општата перцепција за луѓето кои се борат со зависноста е дека тие се одговорни за нивната состојба, иако медицинските и социолошки истражувања укажуваат на тоа дека развојот на зависност од супстанции првенствено е резултат на низа социјални фактори. Зависниците во земјата се соочуваат со ограничувања во пристапот до основна здравствена заштита, вработување, застарени третмани, па дури и отсуство на редовна терапија за лекување на нивната зависност. Местата каде се дистрибуира таква терапија се многу ограничени, а има дури и протести со кои се бара преместување на центрите за лечење на зависници надвор од градските области. Обидите за проширување на мрежата на вакви центри се долу на приоритетите, а поради изложеноста на јавни напади, може да се каже дека се и целосно напуштени;
Права на осудени лица – Пренатрупаноста во затворските одделенија, лошите хигиенски услови кои негативно влијаат врз здравјето на затворениците, недостатокот на минимални услови во затворските ќелии, лошата здравствена ситуација со која се соочуваат осудените лица, отсуство на можности за дополнително образование, квалитетот на храната која ја добиваат осудените лица се само дел од големиот број на прашања кои бараат одговори. Степенот на дискриминација врз основа на национална и етничка припадност, како и врз основа на материјалната состојба на затворениците, користењето на прекумерна сила од страна на затворските службеници е прашање што се покренува сите овие години. Извештаите на Европската Унија за ситуацијата со казнено-поправните установи и воспитно-поправните установи со години наназад го имаат испратено алармот за дејствување и решавање на овие горки прашања поврзани со установите. Нотиран е одреден напредок, подобрување на условите, но тоа ниту оддалеку не е доволно за да се доближиме до европските стандарди;
Право на глас (активно и пасивно) – Еден од основните предуслови за владеење на правото и практикување на демократијата во една модерна држава е овозможувањето на избирачкото право. Слободното избирачко право, одржувањето на слободни и демократски избори и почитување на резултатите на вака одржаните избори овозможува легитимитет и легалитет на владата. Изборите, од друга страна, даваат реална слика за актуелното ниво на демократијата што е постигнато во одредено општество. Оттаму, многу е важно да се обезбеди квалитетен и соодветен изборен систем, како збир на принципи и процедури со кои треба да се обезбедат слободни, непосредни, тајни и демократски избори, како темелна вредност на уставниот поредок дефинирана во член 8 од Уставот на РСМ. Гарантирањето на избирачко право, е клучно за воспоставување и одржување на темелите на ефективна демократија, управувана со почитување на принципот на владеење на правото. Сепак длабоката партиска поделеност доведе до последица поголем број на граѓаните правото на глас да не го користат, како што беше случајот со послабата излезност, едвај над 50 отсто на последните вонредни парламентарни избори во април 2020г.
Право на слобода на здружување – Уставот гарантира слобода на здружување. Секој човек има право на слобода на мирно собирање и здружување со други лица, заради остварување и заштита на своите политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други. Истражувавме и споредувавме колку ова право се почитува во Република Северна Македонија, и колку навистина граѓаните се слободни при здружување?;
Комплетните извештаи на македонски и на англиски јазик се на следните линкови:
Тукушто објавените резултати од испитувањето на Одделот за микробиологија и имунологија на Универзитетот во Северна Каролина во САД, потврдија дека Lysobact P Spray®што го произведува компанијата Босналијек од Босна и Херцеговина го спречува развојот на глувчешкиот коронавирус (M-CoV) кој уште се нарекува вирус на глувчешки хепатитис (MHV). Овој вирус е во блиска врска со SARS-CoV-2 вирусот, кој го предизвикува COVID-19 и испитувањата спроведени на овој вирус можат да се искористат за компарација и предвидување на дејствувањето на самиот SARS-CoV-2.
Испитувањето покажа силен инхибиторен ефект на Lysobact P Spray®–от на вирусот M-CoV. Клетките заразени со вирусот се третирани со серија разблажен Lysobact P Spray® со цел да се утврди концентрацијата што има делотворен ефект врз спречување на размножувањето на вирусот. Научниците вклучени во истражувањето дојдоа до откритие дека Lysobact P Spray®, разблажен дури и до 100 пати, го инхибира размножувањето на вирусот за 93 посто, а оваа активност продолжува и со натамошно разблажување. Со стопирање на размножувањето на вирусот со Lysobact P Spray®–от, се спречува натамошен развој на болеста предизвикана од вирусот.
Истражувањето потврди дека за заштита од вирусните инфекции, клучно е да се задржи способноста на телото самостојно да ја спречува инфекцијата и да се бори против вирусот и природните заштитни својства на телото да можат да се надополнат и зајакнат со употреба на лекови кои содржат лизозим, ензим кој е елемент на неспицифичниот човечки имунитет и има антивирусно дејство.
Лизозимот, кој е клучна состојка на Lysobact P Spray®-от, како и на производите во облик на ориблети или лозенги е природна компонента на човековиот организам. Оваа супстанца по многу нешта е единствена, а најголемата концентрација на лизозим е во плунката. Познато е дека при некоја помала повреда (како гребнатина, исекотина, изгореница) често рефлексно ќе ја лизнеме и со плунката ќе го поминема повреденото место на кожата и на тој начин нанесуваме лизозим кој се наоѓа во слузницата на усната шуплина и грлото.
Лизозимот е откриен неколку години пред антибиотикот пеницилин, а го открил истиот научник, нобеловецот Александар Флеминг кој сметал дека “откритието лизозим еден ден ќе предизвика поголем интерес од пеницилинот”. Работејќи во својата лабораторија, Флеминг забележал дека капката која случајно паднала од неговиот нос на еден од лабораториските садови го разложила инфективниот материјал кој бил тука присутен. Заклучил дека некоја супстанца од носниот секрет ги разградила, односно „лизирала” бактериските колонии во тој материјал. Таа супстанца ја нарекол лизозим (од грчки “lysis” или “liza”, во превод „разградување“). Иако е откриен пред многу години, лизозимот често и денес е предмет на активен научно-истражувачки интерес.
„За превенција на инфекциите и контрола на инфективните болести на дишниот систем, најдобро е да се побара помош од хуманата физиологија“, вели специјалистката по микробиологија и член на Европската академија на науки, проф. д-р Мирсада Хукиќ. „Човечкиот организам поседува многу моќен систем на неспецифична отпорност, која што го брани од сите постоечки и нови микроорганизми, без оглед на тоа дали се вируси, бактерии, габи или паразити. Еден од важните сегменти на тој имунитет е продукцијата на лизозим. Лизозимот е природна состојка на нашиот организам. Се наоѓа во поголемиот дел телесни секрети и во многу клетки со задача да го спречи продирањето на микроорганизми и појавувањето на инфекција, а ако сепак дојде до неа, да ја контролира. Лизозимот дејствува против микроорганизмите, го стимулира имунолошкиот систем и ја контролира воспалителната реакција.”
Во бројните истражувања докажани се корисните дејства и сигурната примена на лизозимот. Лизозимот е значаен фактор на природниот имунитет што ги уништува бактериите, вирусите, габите и тоа само оние штетните (додека таканаречените добри бактерии не ги уништува), не пореметувајќи ја нормалната бактериска флора на усната шуплина. Освен тоа, лизозимот не доведува до развој на бактериска резистенција која инаку може да се развие поради прекумерна употреба на антибиотици. На овој начин антибиотиците можат да се „чуваат“ за состојбите за кои навистина се неопходни.
Лизозимот може да се применува истовремено со антибиотици и така да го засили дејството на антибиотиците. Лизозимот, исто така, на природен начин ја штити и обновува оштетената слузница на устата и грлото. Оштетената слузница го зголемува ризикот од нови инфекции па затоа побрзата регенерација на слузницата поттикната од лизозимот е многу корисна и важна во лекувањето.
За компанијата Босналијек
Босналијек е компанија основана во 1951 година и од тогаш стана најголемиот индустриски производител на лекови во Босна и Херцеговина. Фокусот на производствената структура е на лековите кои имаат широка примена. Портфолиото на компанијата ги опфаќа лековите со перорална, парентерална и топикална примена, со ефекти на дигестивниот систем и метаболизмот, на кардиоваскуларниот систем, системските инфекции, кожата, мускулоскелетниот, нервниот и респираторниот систем, како и системски хормонални лекови, со исклучок на половите хормони. Освен лекови, компанијата произведува и диететски суплементи, медицинска опрема и дезинфекциони средства за широка употреба. Системот на контрола на квалитетот на компанијата е во целосна согласност со домашните и меѓународни правила и стандарди за добра производствена пракса, исполнувајќи ги очекувањата и оправдувајќи ја довербата на пациентите, партнерите и регулаторните институции.
ПРОЦЕНКА НА ПОТРЕБИТЕ ОД ОБУКА за користење на видео содржини како алатка за мониторирање и документирање на човековите права
Во рамки на проектот „Дали личиме на ЕУ? – Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Северна Македонија“ финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), Балкон3 (НВО Конфиденс) спроведува проценка на потребите на граѓанскиот сектор и медиуми од обуки за користење на видео содржини како алатка за мониторинг и документирање на човекови права.
Во 2021 година, проектниот тим ќе изготви обуки како дел од проектот. Со потполнување на прашалникот, вие ќе имате можност, доколку сте заинтересирани да учествувате во некоја од обуките за кои дополнително ќе ве контактираме.
Ве покануваме да го потполните прашалникот на следниот линк:
Цел на прашалникот е да укаже на потребите од обуки во областа користење на видео содржини како начин за мониторирање и документирање на човекови права на локално и национално ниво. Анализа на податоците ќе даде информации за тоа какво ни е искуството со креирање на видео содржини на локално ниво на теми поврзани со човекови права и колку капацитет имаме да идентификуваме проблем со човекови права, како и во кои области најмногу ни е потребна обука.
ПОИНАКУ значи различно од она што веќе постои. Значи нормално, бидејќи нормалното, секојдневното е поинаку од она што треба да биде.
Во системите доминирани од две партии поголемиот број гласачи сметаат дека така било и така ќе остане. Сметаат дека гласот за некој друг е изгубен глас.
Но, најлесниот избор често пати и не е најдобриот избор.
Габриела Илиевска, специјалист, аналитичар во биохемиската лабораторија во битолската болница, есента 2017 година тргна на еден поинаков пат. Излезе на локалните избори во Битола како независен кандидат, без поддршка на партија. Причините се едноставни, паметни, практични, решавање на локалните проблеми на прво место. Ги има многу, а за нив како да нема место во програмите на големите партии.
„Луѓе кои ќе излезат од чопорот на политичките партии и кои сами ќе се изборат за место под сонцето во општеството“.
Граѓанскиот активизам во минатите години се покажа како водечка сила кон промените кои што ги посакуваат граѓаните. Битолските градски советници од Поинаку, попознати како независните, се пионери на општинско ниво. На локалните избори пред две години освоија две советнички места, со што, Битола е единствената општина со над 40.000 граѓани што има независни советници.
Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Не креваат раце, туку ги засукуваат ракавите. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките услови. Се борат со бирократски лавиринти, недоречени закони, партиски притисоци, приватни интереси. И не се откажуваат. Тие се носителите на промени.
Она што „Поинаку“ бараат да се промени има смисла за секојдневниот живот на граѓаните. Во општиот метеж на партиски ветувања и заборавања, независните на Илиевска сакаат во Битола да биде поинаку, да биде нормално. Сметот да е собран, улиците безбедни, училиштата чисти и пристапни, што повеќе зеленило. За тоа да стане реалност, институциите и јавните претпријатија треба одговорно да си ја работат работата, а граѓаните да знаат на што се трошат нивните пари.
„Зошто општинските услуги да не бидат лесно достапни за сите? Општината не постои сама за себе или само за да ги остварува партиските интереси. За жителите од селата и периферијата на градот, битолските независни го туркаат проектот „општина до секој жител“
„Да се постави канцеларија во руралната оласт и овде да се вадат документи. Општината да биде сервис на граѓаните, а не да губат ден, да плаќаат автобус..“
Многу корисни работи во градот можат да се направат бесплатно или со малку париНа пример, чистење на градот. Битола да заличи како градот на фотографиите, наспроти Битола од реалноста на Габриела (има убави кадри од двете) Затоа, независните организираат акции за чистење, а локациите ги предлагаат граѓаните, бидејќи знаат што најмногу им пречи. Но, на овој начин, наместо да ги поттикнат на повеќе работа, или како што вели Илиевска, да ги засрамат општинските служби за да се фатат за работа, ефектот е спротивен.
Направивме прошетка и до озлогласената депонија на периферијата на градот која со децении ги пречекува намерниците или случајните патници низ Битола. Тешко е да се разбере како за овој тежок еколошки проблем кој трае со децении, никој не може да се најде решение. Ниту општината ниту државата. Како на никого да не му пречи.
Ѓубрето и загадениот воздух не се политика. Здравјето на граѓаните е заеднички проблем, не е битно дали сте на власт или во опозиција. Но, промени се можни само со притисок на јавноста врз политичарите. Преку преиспитување на одлуките, дали се во интерес на граѓаните или не, преку транспарентен буџет на општината и отворен избор на општинските функционери.
Од вкупно 80 општини плус Скопје, независни советници има во 17.Најмногу, по традиција, во Македонски Брод, пет советници. Радовиш има три.
По два имаат: Битола, Гевгелија, Градско, Долнени, Могила, Свети Николе и Чучер Сандево.
По еден: Дебарца, Долнени, Зрновци, Кавадарци, Кочани, Кривогаштани, Новаци, Петровец, Пробиштип.
Независните станале независни најмногу поради тоа што сметаат дека високите политики и главните партии не го решаваат шаренилото пролеми на локално ниво. Секој град е посебен со посебни проблеми и начини на решавање. Според тоа треба да се подредат и приоритетите.
„Приоритети мора да потекнуваат од граѓаните. Ние како Битола мора да се грижиме за Битола, а не да бидеме место каде што ќе се спроведува нешто што е замислено на партиски органи во Скопје“.
Има ли светло на крајот од тунелот? Зошто работите што логично треба да се сработат со цел да се подобри животот на граѓаните остануваат долу на списокот на приоритети или воопшто ги нема? Ветувањата од митинзите и предизборните прошетки низ народот бргу се забораваат. За да не им се случи тоа, битолските независни отворија канцеларија во центарот на градот. Да се постојано до граѓаните, да ги слушнат нивните предлози и да ги спроведат во актуелна политика.
Локалната самоуправа е место каде што се очекува најдиректно граѓаните да ги водат политиките, а не тие да зависат од големи и силни политички организации какви што се македонските партии. Од 1.347 советнички места во цела држава, само 30 освоиле независни советници поддржани од групи граѓани. Тоа е одвај 2%. Сите останати се преку партија.
Во амбиент на сиромашна политичка култура, сите иницијативи кои не доаѓаат од партиите или централата, лесно се отфрлаат како небитни. Иако го знаат полесниот пат, за Поинаку, влегувањето во коалиција со некоја партија, сепак, не е опција.
Добрите локални политики значат подобри услуги за граѓаните. Помал сообраќаен метеж, подобра комунална хигиена, почист воздух, безбедност на улиците, подобра социјална грижа, подобро здравје за граѓаните.
Здружението за промоција и унапредување на културните вредности, КОНФИДЕНС Скопје, за потребите на проектот „Дали личиме на ЕУ? – Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Северна Македонија“ финансиран од Европската Унија во рамки на програмата EuropeAID/163963/DD/ACT/MK и Договорот за грант потпишан меѓу НВО Конфиденс и ЕУ бр. NEAR-TS/2019/413 – 876 ве поканува да доставите понуда за принтање на извештај за човекови права изготвен во рамки на проектна активност.
Инструкции за добавувачи со вклучена техничка спецификација за доставување на понудите може да се најдат на следниот линк:
Ве охрабруваме да ни доставите Ваша понуда за горенаведениот повик. Понудата треба да ги содржи следните елементи:
– Копија од Тековна состојба на понудувачот
– Прилог 1. Финансиска понуда за потребната техничка спецификација
– Прилог 2. Изјава за непостоење на услови за исклучување на добавувач.
Понудите се поднесуваат на следните две емаил адреси doweresembleeu@gmail.com и ngo.konfidens@gmail.com , со назнака „За повик бр. 03 – ТС/2019/413876 – 018“. Краен рок за доставување на понудите е петок, 04.11.2020, 12:00h.
Изборот на добавувачите ќе се изврши по пат на евалуација на финансиската понуда на база на принципот „најниска понудена цена на понудата која технички ги исполнува сите услови“.
Сите примери опишани во ова видео се вистински. Сe случуваат во Македонија. „На барање на преживеаните, имињата се сменети. Од почит кон оние кои не се веќе меѓу живите, се друго е кажано баш онака како што се случило“. *
Иако темата има многу нијанси, сепак, она по што главно нашата администрација се разликува од онаа во европски држави кои ги цениме како средени, со функционален систем и одговорни институции, е нејзиниот слоган. НЕ Е ДО МЕНЕ.
Пример прв. Нема учебници во училиште, веќе трет месец. Во обид да најдете одговор кај надлежните, од класниот раководител, директорот, министерството за образование, го добивате истиот одговор – Не е до мене. Иако сигурно сите тие земаат плата за да биде до нив и учебната година да почне со комплет учебници.
Пример број два. За неполна година по породилиштата низ земјата умираат над 100 бебиња. Наместо да се истражат детално причините и чија е одговорноста за оваа трагична состојба и веднаш да се реагира, од лекарите, директорите на болниците, па до оние со политичка одговорност од највисок ранг го добивате истиот одговор: Не е до мене.
И за третиот пример остануваме во болница. На преглед. Изнемоштени лица чекаат со часови да ја примат својата терапија или конкретно, хемотерапија. Нема ниту доволно столчиња за седење. Ќе тропнете од врата на врата да прашате зошто е така и тоа секој ден, ќе добиете одговор, Не знам, не е до мене.
Четврт пример. Ако под вашата зграда има продавница за месо претворена во полукафана која со незаконски изведена вентилација загадува цела зграда, околината смрди, децата играат врз пластови засирена крв, а станарите не можат да отворат прозор, се обидувате да најдете која институција треба да преземе нешто. Веќе погодувате. Во општинскиот инспекторат за животна средина, во градскиот инспекторат, инспекциски совет, кај државните институции, кај сите што се платени од нас граѓаните, да не заштитат од тие што ни го загрозуваат правото на чист воздух и чиста животна средина, сите креваат раменици: Не е до мене.
Петти пример. Паднал асфалт на улица, од камион со незаштитена приколица. Останува асфалтот и се претвора во џумка на која во наредните месеци, или години ќе внимавате да не скршите некој бандаж. Никој нема да го собере и се прашувате до кого е. Почнувате да се јавувате до надлежните и пак, не е до мене.
Шести пример. Возила крнтии кои со децении стојат околу зграда. Ќе се јавите до општина и откако ќе ве извртат по повеќе одделенија и демек надлежни, ќе добиете одговор: Не е до мене.
Пример број седум. Врева, метеж, лудување со автомобили среде ноќ на улица. Се јавувате во полиција. Ја знаете разврската нели, и самите сте се нашле во таа ситуација.
Е сега, замислете на пазар да ви продаваат скапани домати или бајат леб и да морате да ги купите. Продавачот да крене раменици, да каже не е до мене, да ви ги земе парите, а да ви ја наполни торбата со скапани производи.
Заклучок. Само државните институции во Македонија, платени со народни пари, го имаат луксузот да ви даваат скапани услуги, да ве шетаат од шалтер до шалтер, да креваат раменици и да велат Не е до мене. А, чекај, до кого е?
Ова е научно-фантастична приказна. Ја измисливме со причина.
Во далечната иднина, птиците еволуирале и станале разумни суштества. Почнале да комуницираат со јазик како и луѓето, да ги разбираат нештата на ист начин како и луѓето, да одат на училиште, да користат пари, да имаат лични документи, да формираат здруженија и политички партии и да влијаат врз општествениот живот и носењето одлуки.
Но птиците биле многу побројни, па нормално нивните гласови доминирале. Законите и одлуките се правеле според нивните потреби и можности. Парите од даноците се трошеле за да се направи тоа што нив им треба. Веќе не биле потребни улици и патишта, само столбови со стојалишта за одмор. Не требале големи влезови во зградите, туку ситни отвори кај покривите. Немало причина да се косат тревите и грмушките, зашто на птиците не им пречеле.
По некое време, за да може да се најде работа, да се заработува за живот, да се добие образование, да се учествува во политиката за да се носат одлуки – за сето тоа била потребна способност за летање. Кој не знаел да лета, не можел ниту нормално да се движи низ просторот зашто имало многу пречки. Летањето било основен стандард, почетен услов за нормален живот.
Луѓето се нашле во небрано. Зградите без влезови им биле непристапни, теренот без улици неповолен за движење, училиштата и факултетите недостапни, а работните места далеку над нивните физички можности. Да, вертикално над нив. Се обиделе да го кренат гласот за да се донесат и да се спроведат закони што нив им одговараат, но не успеале.
Сепак, птиците иако биле презафатени со водењето држави, бизниси, културни, спортски и други случувања, тие генерално биле добри и обѕирни. Виделе дека луѓето немаат исти способности со нив, па ангажирале птици-експерти за да им ги решат проблемите.
Експертите нашле решенија. За луѓето ќе се направат посебни простори каде што ќе има улици, посебни згради со влезови, ќе им се дадат дронови за да прелетаат до некаде ако мораат. Наоколу постојано ќе има медицински птици и помошен птичји персонал што ќе внимава луѓето постојано да бидат убаво згрижени.
Но луѓето рекле – ние не сакаме да бидеме згрижени, сакаме да живееме како вас, да се движиме каде што сакаме како вас, да влеземе секаде како вас, да добиваме работа и да заработуваме за себе. Не сакаме да бидеме со посебни потреби. Не можеме да летаме, но нашите желби и потреби се обични, исти како и вашите.
Тука завршува научно-фантастичниот дел од приказната. Ова не се случува во далечната иднина, туку денес, насекаде околу нас. Секој блокиран тротоар или раскопана улица во нашиот свет за луѓето со физичка попреченост се како немањето никакви улици во светот на птиците. Секоја непристапна зграда во овој свет е како секоја зграда без влез и со дупка на таванот во птичјиот свет.
Кога луѓето со попреченост добиваат специјален третман одвоен од другите луѓе, и кога социјалната помош се гледа како главен на грижа за нив, тоа е исто како згриженоста на луѓето во светот на птиците. Особено кога за нив одлучуваат само луѓето без попреченост, а тие се непретставени. Исто како птичјите експерти.
Затоа, целта не треба да ни биде да се задоволат посебните потреби, туку повеќе труд и општествена солидарност за да се задоволат обичните потреби. Еднакви можности за сите да ги развијат своите способности до максимум и да придонесат за општеството.
#ChatBeforeYouJudge (#Зборнете пред да судите) е новата комуникациска платформа на NESCAFÉ 3in1 во која популарното музичко дуо 2Bona се партнери на брендот во Македонија. Соработката на бренд и дуото ќе ги охрабри младите да ги споделат своите таленти, а членовите на бендот ги покануваат сите млади да им ги испратат своите видеа.
Б3: Доживеавте ѕвездени бројки на прегледи на онлајн музичките канали, станавте регионални ѕвезди. Како почна вашата приказна?
2Бона: Нашата приказна започна пред 11 години. Спонтано влеговме во музичкиот свет, па од тогаш до ден денес неуморно работиме секојдневно. Знаевме дека тоа ќе се исплати еден ден.
Б3: На млади години сепак е тешко да соопштиш и дома и наоколу дека не само што ќе се занимаваш со музика туку и планираш да живееш од музика. Има ли некој рецепт, што се е потребно за да младите да го најдат своето место на големата сцена?
2Бона: Тешко е да соопштиш на тие години дека твојот избор е музика и дека планираш да живееш од тоа. Особено со ваков стил на музика за кој се определивме ние, во држава во која не е развиен шоу-бизнисот. Нема рецепт, едноставно треба да го сакаш тоа што го работиш и го правиш, да не размислуваш на пари додека не дојдат тие самите.
Б3: Со популарноста се зголеми и вашата oдговорност кон публиката, имате голем број следбеници особено кај помладите тинејџери. Што ќе ги советувате на младите, како да се изборат за место во областа во која се стремат да успеат?
2Бона: Свесни сме дека одговорноста е голема. Но, младите не треба да се плашат и да се срамат од тоа што сакаат да бидат. Треба да бидат храбри и да зачекорат кон остварување на своите соништа.
Б3: Живееме во средина на која и се блиски стереотипи и предрасуди, а вие токму со платформата #ChatBeforeYouJudge што ја спроведувате со NESCAFÉ 3in1 се борите против тие стереотипи. Велите дека е потребно да направиш муабет пред да судиш. Што значи тоа?
2Бона: Да, ние сме токму пример за тоа. Сите мислеа дека сме успеале со парите на мама и на тато, а никој не ја знае целата позадина на нашиот успех. Таа вклучува и падови кои сме ги доживеале..
Б3: За да се победат предрасудите е потребна и храброст и поддршка од околината, па како вие се справивте со ова прашање. Има ли некој проверен пат или младите сами, зависно од ситуацијата треба да се охрабрат, да веруваат во себе и своите можности и да го пробијат својот пат?
2:Бона: Ако сме успеале ние да направиме нешто, тогаш може секој. Сите сме од крв и месо. Нашето влијание врз младите го користиме да ги охрабриме исто како и некој друг што го направил тоа истото за нас кога ни било потребно