Author: Balkon3

  • Старата скопска чаршија

    Старата скопска чаршија е едно од најживописните места во Скопје и најчест мотив на разгледниците од градот. Чаршијата била градски центар за трговија уште во XII век, а денеска е центар на културните збиднувања и на ноќниот живот во Скопје. Во чаршијата доминира исламската архитектура, претставена преку џамиите, амамите, ановите, но има и неколку цркви.

    Утринско кафе во Старата чаршија е ритуал за голем број скопјани
    Дуќан за килими
    Во Старата чаршија се прават најубавите ќебапи во Скопје
    Чифте Амам, изграден во XV век, некогаш бил јавна бања, а денес уметничка галерија

     

     

     

  • Биеналето во Истанбул со наслов “Untitled”

    Постер за биеналето во Истанбул

    За оние љубители на уметноста кои го посетија Истанбул минатиот месец, Истанбулското биенале им ги отвори вратите. Вратите на Биеналето, беше организирана од Фондацијата за култура и уметност на Истанбул (IFCA) и се одржа во Хангарите 3 и 5 во Топане, историскиот дел на градот. Кураторите на Биеналето, Адриано Педроса и Јенс Хофман под насловот „Без наслов (Untitled)“ во овогодишната програма сместија над 500 дела. Главни теми се “Untitled (Апстракција), Untitled (Ross), Untitled (Пасош), Untitled (Историја) и Untitled (Смрт од огнено оружје). Делата изработени од оловни војници предизвикаа огромен интерес.Ако веќе дојдовте во Хангарите на доковите во Топане, не смеете да го пропуштите Музејот на модерна уметност или наречен Истанбул Модерна, токму во соседството. Изложбата наречена „Сон и реалност – Модерни и современи жени уметници од Турција“, која ќе трае до 22 јануари 2012 година, има за цел, преку делата на жените уметници да го стави фокусот на јавноста врз општествената и културна трансформација на Турција. Во центарот на изложбата, која ја истакнува водечката, односно клучната позиција на жените уметници во модерната и современата уметност, е да се понуди ново алтернативно гледиште на турската општествено културна историја.

    Музеј на модерна уметност, Истанбул

    Во меѓувреме, мал совет за вас: најразличните вкусови на кафе со поглед на море од Истанбул Модерна, е добра причина токму овде љубителите на уметноста да земат здив и да уживаат во спокојна атмосфера.

    Истанбул не запира ниту кога е во прашање музиката. Таа е во срцето на Истанбул. Легендарниот, светски познатиот канадски пејач Пол Енка минатиот месец имаше средба со неговите фанови во градот на Босфорот во Културниот Центар Златен Рог. Енка беше претставен како една од најголемите музички икони на 20 век, заедно со Елвис Присли и Битлси. Речиси и да нема некој кој не ги знае или ги нема слушнато неговите хитови кои ги паметат неколку генерации, од кои први на памет ви паѓаат “Diana”, “My way”, Having my baby”, “Put your head on my shoulder”, “You’re my destiny”, “Lonely boy”, и така натаму.

    Пол Енка

    Минатите денови секако беа предизвик за фановите на добрата музика. Пред десетина дена на Garanti Jazz Green фестивалот настапи Meshell Ndegeocello (Њујорк), како дел од нејзината турнеја низ Европа за промоција на одличниот албум, деветти по ред “Weather”. Meshell Ndegeocello, номинирана 10 пати за Греми награда, е позната и по компонирање и пишување текстови. Уште повеќе, многу авторитети во музчкиот свет нејзе ја претставуваат и како една од пионерите на neo-soul музиката. Meshell, која има настапувано со ѕвезди како Ролинг Стоунс, Херби Хенкок, Принс, Аланис Морисет, Мадона, Лени Кравиц, Маркус Милер, е исто така позната и како голем активист и борец за човековите права преку разни организации.

    Мине Есен Ергур

     

  • Култниот писател Давид Албахари дојде во Скопје

    Големиот српски писател со светско искуство го посети Скопје по повод македонската промоција на неговиот роман „Лудвиг“.

    dejvidСрпскиот, европскиот, светскиот писател Давид Албахари дојде во Скопје, за да биде дел од македонската промоција на неговиот роман „Лудвиг“. Деновиве во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар, пред почитувачите на делото на Албахари кои не беа во голем број како што се очекуваше, но веројатно беа вистинските, беше промовиран македонскиот превод на романот „Лудвиг“, чиј издавач е „Икона“. Српскиот култен автор на голем број романи, од кои досега шест се прведени на македонски, а кој изминативе две децении живее во Канада, во своето триесетгодишно патување со литературата стекна огромен број на приврзаници. Познати се неговите романи, но особено кратките приказни кои се најчесто автобиографски. Се прослави со својата втора книга „Опис на смртта“ за која ја доби наградата „Иво Андриќ“, а потоа следуваа и останатите престижни признанија. Се издвојуваат и „Мамец“, „Снежниот човек“, „Цинк“ и секако, „Лудвиг“, која на македонски ја преведе Александар Прокопиев.

    Ова беше исклучителна можност скопската и македонската читателска јавност да се сретне со Давид Албахари. Авторот се заблагодари што е наш гостин и рече дека би сакал повторно да дојде, дека би сакал и неговите други романи, како „Ќерка“ на пример, или „Контролен пункт“ да се преведат на македонски.

    За Давид Албахари (1948) ќе кажат дека е писател со прилично затворен, на моменти дури и херметички израз, дека е автор кој бара голем читателски напор. Неговиот роман „Лудвиг“ зборува за двајца писатели. Едниот се вика Лудвиг, а вториот е истиот тој Лудвиг кој ја користи буквата С. С е опседнат со својот колега писател, нешто слично како односот помеѓу Моцарт и Салиери.

    – Драго ми е што ми се пружи можност да дојдам овде по повод преводот на мојата книга. Навистина е убаво да се види моето дело на друг јазик. Се надевам дека ќе изврши влијание, особено на писателите. Посакувам и ’Ќерка‘, па и последниот роман ’Контролен пункт‘ да се преведат на македонски, па да дојдам повторно“, рече Албахари и посочи ако некој помисли дека романот „Лудвиг“ има негативна критика кон Белград, дека тоа не е така и дека сите градови се во суштина, слични. „Јас потсетувам само на некои прашања и дилеми кои чекаат одговор“, рече Албахари, кој на крајот од неговата средба овде одговараше и на прашања од публиката, а во холот пред киното „Фросина“ ги потпишуваше своите романи. На прашањето, кои писатели извршиле големо влијание врз него, ги спомена американските метапрозаисти Џон Барт и особено Роберт Кувер, како инспирација на почетокот од својата кариера. За него, рече, голем број писатели извршиле влијание, како Сингер, што е сосема нешто друго од постмодернистите. „Но“, рече, „постмодернизмот го гледа како нешто со кое на писателот се му се дозволува“.„Никогаш не е доцна да се сака и Томас Пинчон“, додавајќи на шега, „или Давид Албахари“.

    Тина Иванова

  • Ашуре, најстарото благо во историјата на човештвото

    Ашуре, најстарото благо во историјата на човештвото

    Традиционалното, со векови старо ашуре, не е само едно обично благо, тоа пред се е еден симбол на споделувањето, солидарноста, љубовта, богатството и заедничкиот живот.

    Десетти ден од месецот Мухарем, првиот месец по исламскиот календар. Раздвиженост по пазарите. Пченицата е најбараната житна култура. Наутот, пченката, оризот, оревот, сувото гројзе, сувите кајсии се меѓу најпродаваните производи. Со векови старата традиција продолжува. Се вари ашуре. Според исламот трошењето пари за ашуре е добро дело. Работата е макотрпна. Вкусот неодолив. Се состои од десетица производи кои создаваат заеднички вкус, а од друга страна ги заштитуваат своите вкусови, поточно не се асимилираат една во друга.

    „АШАРА“ – „ДЕСЕТ, ДЕСЕТТИ

    За историјата, симболиката и значењето на најстарото благо во историјата на човештвото разговараме со Сулејман Баки, ваиз (предавач) во Мурат Пашината Џамија.

    – Денот има значајно вредност во исламската култура, ни потенцира Сулејман Баки, и додава: “Според верувањата традицијата за ашуре, стара со векови, започнува од денот кога бродот на пророкот Ное и неговите верници се спасуваат од потопот. Откако бродот пристигнува на брегот, останата храна во бродот се собира и се прави еден оброк. Тој оброк се нарекува ашуре“.

    Самиот збор ашуре потекнува од арапскиот збор „ашара“ кое во превод значи десет, десетти.  Според Сулејман хоџа, ашуре не само едно обично благо, тоа пред се е еден симбол на споделувањето, солидарноста, љубовта, богатството и пред се заедничкиот живот.

    – По примерот на ашурето каде што десетици производи се спојуваат во една смеса, така и муслиманите, христијаните и сите други верници треба да се собираат и да бидат заедно„ вели Сулејман Баки и објаснува „ашурето се вари во едно казанче. И ние светот треба да го замислиме дека е едно казанче, каде што сите заедно ќе живееме убав и спокоен живот, со сите наши заеднички вкусови.

    ПОУЧНИ ЛЕКЦИИ

    Ашурето се нарекува и јадење на љубовта и хуманоста. Се споделува со комшиите, пријателите и роднините. Скопската невладината организација Енсар, чиј претседател е Сулејман Баки, заедно со градот Бурса и општината Чаир, во Скопје ја продолжува старата традицијата. Во Турската чаршија минатата недела “Денот на ашурето“ се славеше по шести пат.

    – Ашурето преставува еден симбол од кој што треба да се добијат многу поучни лекции. Светот во кој што живееме е на сите нас, живееме заеднички, немаме друг. Веруваме во еден господ, кој што не создаде сите нас. Заради тоа потребна е да имаме една убава хармонија за соживот, каде што сите народи ќе си ги заштитат своите карактеристики, без разлика на која вера и припаѓаат, порача Сулејман Баки.

    Ашурето изобилува и со многу витамини. Според експертите тоа е многу здраво јадење, особено за зимските периоди. Таа е извор на енергија, исто така зголемува отпорот на телото. Житариците кои се користат при правењето на ашурето содржат растителни протеини. Затоа месецот Мухарем, се нарекува и месецот на здравјето.

    Хусамедин Гина

    Подготовка:

    Како прво се вари пченицата. Потоа врз пченицата се додаваат наутот и гравот, кој што претходно треба да бидат полу варени. Откако ќе зоврие смесата од трите елементи се додаваат исецканите суви кајсии и корите од портокалот. После еден периот откако ќе се варат се додаваат оризот и водата истотака претходно варени до одреден степен. За да не остане талог во дното смесата потребно е постојано да се меша. Потоа во ашурето кое се вари се додава исецканата јаболка и сувото гројзе, кое што претходно ставено е во вода. Потоа се додава млекото. Откако ќе зоврие еден период се додава и шеќерот. Количината на шеќерот зависи од вашиот вкус.

    На крајот се постепено се додава скробот за поврзување на смесата и за добивање на густина. Потоа се зема дел од смесата за да се контролира густината. Ако пченицата е многу квалитетна и добро варена нема потреба од скроб.

    Печеното ашуре се става во шолји. Откако ќе се олади врз смесата се додаваат калинката, оревот, лешникот, рибизлите, циметот, смоквата, ф`стаците.

    Потребни состојки:

    1 кг. пченица

    2 чаши наут

    2 чаши грав

    500 грама суви кајсии

    2 кори од портокал

    3 јаболки

    2,5 чаши суво гројзе

    7 чаши шеќер во прав

    5 супени лажици ориз

    2 чаши млеко

    1 изрендана кора од лимон

    вода

    Како додаток:

    калинка

    орев

    лешник

    рибизли

    цимет

    смоква

    ф`стаци


  • Три ѕвезди за „Полноќ во Париз“

    Три ѕвезди за „Полноќ во Париз“

    Кој не сонувал дека може, од една или друга причина, да патува во минатото? И тоа со можност за избор и на местото каде би се вратил. Да исправи некоја грешка, можеби да го убие Хитлер или Милошевиќ пред овие да дојдат во можност да ги направат сите белји што ги направија, да ја види во живо борбата на Али и Форман во Киншаса или да ги види Битлси на концерт.

    Ако го прашате Вуди Ален, тој би се вратил во Париз во 20-те години на минатиот век. Или така барем мисли Гил Пендер (Овен Вилсон), неговото најново алтер-его во овогодишниот филм „Полноќ во Париз“, во кој Ален ги потпишува и сценариото и режијата.

    Гил е холивудски сценарист специјализиран за преработка и доработка на туѓи сценарија а со амбиции да стане „сериозен“ писател, во Париз е со својата свршеница Инес (Рејчел Мекадамс), која безуспешно се обидува да ја убеди да се преселат во Париз, најубавиот град на светот каде ќе можат безгрижно да шетаат по дождот. Инес, напротив, сака да оди во шопинг, да игра во дискотеки, да се омажи за Гил и да го живеат заедно американскиот сон во голема куќа во Малибу.

    Како што ќе му објасни Пол (Мајкл Шин), колега на Инес од студиите и професор по историја на уметноста специјализиран за творештвото на Матис, на кого ќе налетаат во Париз, Гил страда од „размислување за златното доба“, синдром кој не тера да мислиме дека животот бил многу подобар и поубав во некое минато доба, како што вели Пол „грешка во романтичната имагинација на луѓето што не можат најдобро да се справат со сегашноста“.

    А не е дека Гил нема проблеми. Смета дека си го троши талентот на сценаријата (од кои, патем, добро заработува), пишува роман но е толку уплашен дека книгата е лоша што не дава никому да ја прочита, родителите на неговата девојка се десничари што не го поднесуваат, а девојката со која ќе се жени не ги разбира неговите потреби. Дури, како што одминува филмот, стануваме свесни дека Гил и Инес се повеќе се оддалечуваат и дека баш и немаат многу заеднички нешта.

    Гил, како потенцијален доселеник, не е многу заинтересиран за стандардните туристички активности и упорно ги избегнува сите посети на Версај, дегустации на вино и други слични чудесија на кои Инес се обидува да го довлечка. Од друга страна, секогаш кога ќе и се придружи, ја користи можноста да ги саботира долгите здодевни беседи на Пол на секоја можна тема – од брачниот живот на Роден до која берба е подобра, 1959 или 1961. Гил се интересира за еден поинаков Париз. Град кој е поубав кога врне, град во кој авторите од „изгубената генерација“ ја создавале уметноста наместо да уживаат во неа, а попат си ги превземале жените, а и мажите еден на друг, или една на друга, зависно од случајот.

    Конечно, а без никакви специјални ефекти, црвоточини во време—просторот и други потрепштини за патување низ времето, на Гил една пијана ноќ ќе му се оствари желбата – сите вистински желби се остваруваат, само треба доволно да ги посакуваме, нели – ќе се најде како тера муабет со Скот Фицџералд (Том Хиделстон) и жена му Зелда (Алисон Пил), додека на пијано свири Кол Портер лично. Друштвото станува се поимпресивно. До крајот на филмот, Гил ќе се најде во друштво со Ернест Хемингвеј (Кори Стол), Гертруда Стајн (Кети Бејтс), Пикасо, Матис, Дали, Ман Реј, Луис Буњуел, и кој уште не.

    Малку од сите тие ликови имаат голема улога во филмот, освен како јунаци на серија чудни преживеалици што имаат задача да го илустрираат духот на времето во тогашен Париз. Попрецизно, да илустрираат како Гил, а и сите ние денес го доживуваме тоа време и како го замислуваме. Хемингвеј е тотален мачо тип кој само бара со кого да се степа. Салвадор Дали (извонредна вињета на Едриан Броди) е тотален егоист опседнат со носорози, а Луис Буњуел е се уште далеку од деновите на надреалистичката слава. Хемингвеј и Стајн ќе се покажат корисни подоцна, со совети за романот што го пишува Гил, ама и за неговиот приватен живот.

    Но, најзначајно од сите ќе биде новото познанство со Адријана (Мерион Котијар), љубовница и муза на Пикасо (претходно и на Брак и на Модилјани) која, види чудо, смета дека 20-тите години се жива досада и, генерално земено, за никаде, и дека ерата на „Бел епок“ е вистинското време да се живее во Париз (а и во Бел Епок уметниците се незадоволни и би се вратиле во Ренесансата, и така натака и така навака.

    Не би да го прераскажеме целиот филм, некои работи треба да ги откриете сами. Мора да забележиме, сепак, дека Гил до крај ќе сфати дека Пол, во крајна линија, бил во право. Златното доба не постои и треба да се живее во сегашноста, па кому што му се паднало. Гил тоа ќе го разбере и ќе го прифати предизвикот на сегашноста.

    Приказната и поентата на филмот сепак се, ако ме прашате, од второстепено значење. Ова е пред се филм посветен на Париз, според јунаците најубавиот град на светот. Вуди Ален, кого слабо го знаеме по визуелните достигнувања на неговите филмови – мислам, далеку е од тоа да биде, на пример, Џон Форд на урбаната џунгла, или такво нешто – на самата физичка убавина на Париз и посветува многу малку време. На самиот почеток, со најавната шпица, добиваме серија кадри од Париз што сите ги знаеме (дури и вакви како мене што во Париз не биле никогаш). Париз во филмот многу малку го гледаме, а многу повеќе го чувствуваме и слушаме за него и за неговите убавини. Како што тоа убаво ќе го каже Адријана – „за мене секогаш ќе биде мистерија како е можно Париз да постои а некој да одбере да живее на кое било друго место“.

    Значи, зборот ми е, ова е филм, пред се и над се, за Париз, што би се рекло, „како таков“. Ако вам повеќе ви се допаѓа некој друг град – Њујорк, Берлин, Истанбул, Сараево, Солун или Свети Николе, чувстувајте се слободни да снимите филм за него. Ален снимил филм за градот што нему најмногу му се допаѓа. Можеби не е ремек-дело, можеби ликовите не се доволно разработени, но е забавен и поучен. А плус, да не заборавам, во филмот се појавува и Карла Бруни (што очигледно е многу значајна работа за колегите од естрадните рубрики) па мора да го препорачам. (Да работевме со ѕвездички, три од пет можни).

    Дејан Георгиевски

  • Тетовското Кале – симбол на градот под Шара

    Тетовското Кале – симбол на градот под Шара

    Тетово, град сместен  под живописната Шар Планина, место каде од секогаш се испреплетувале различни култури, религии, народи. Во репортажата на Балкон3 дознајте нешто повеќе за историјата, традицијата и културните обележја на Тетово. Најкомплексен културен објект кој претставува ретка убавина од минатото е тетовското Кале.

    Оваа тврдина, обиколена со високи ѕидови, широки и до четири метри, ѕидани со бигор камен е  подигната во 1820 година од Реџеп Паша и неговиот син Абдураман Паша, пред распадот на Османлиското царство. Уживајте во приказната за еден од најубавите градови во Македонија.

    Зоран Димовски

  • „Синедејс“ ги наполни скопските кино сали

    Европскиот филм десет дена ги „окупираше“ скопските кино сали. Љубителите на седмата уметност имаа можност да уживаат во седумдесетина филмови меѓу кои најголемо внимание привлекоа режисерските остварувања на Вуди Ален, Ларс Фон Трир, Александар Сокуров, Педро Алмодовар. Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“ и даде шанса на европската кинематографија да ги измери мускулите со „брзите и бесни“ холивудски блокбастери.

    „Главниот фокус е на актуелни филмови кои се продуцираат на европско тло и е насочен кон млади автори кои имаат снимено еден или два филмови и кои претендираат во блиска иднина да станат нов Вендерс, Фон Трир или Сокуров. Станува збор за филмови кои можеби на прв поглед не се толку интересни или примамливи, но на пример минатогодишниот победник „Кавасаки рози“ на Јан Хребејк потоа беше победник и во делот Панорама на Берлиеналето. За таа цел е избрана и гала програмата, која оваа година, според филмофилите е ѕвездена. Сите филмови што значеа нешто на Берлиеналето, Санденс, на фестивалите во Кан, Венеција, Карлови Вари ги имавме тука, вклучувајќи ги и делата на големите Вендерс, Фон Трир, Каурисмаки, Алмодовар, Кроненберг, Вуди Ален“, вели Златко Стефковски, директор на Младинскиот културен центар, кој е носител на проектот.

    Со „Синедејс“ европскиот филм ја доби шансата која ја заслужува. И верувајте, ја искористи. И на најпребирливите филмски гурмани им понуди богато мени „по рецептот на старата дама“, токму како што стои на плакатот за фестивалот. Или како што пишува филмологот Илинденка Петрушева во својот осврт кон „Синедејс“:
    „Момците и девојките од МКЦ знаеја дека Холивуд е – клише, бизнис! Уметноста на филмот е некаде другаде… Оти, европскиот филм не е само географска одредница!
    Филмови со доминантно уметничка мотивација, филмови во движење, филмови во потрага по различности, филмови со многуслојни значења, филмови со интригантни ракописи, филмови со нова свежина надвор од уметничките граници на минатото и сегашноста… Европски филм – тоа е разбранувано море на авторски кинематографии коишто се борат како сонот да го престорат во стварност.“

    Според Стефковски, борбата за публика со скапите холивудски остварувања и маркетинг машинериите на големите студија е можеби однапред изгубена. Сепак се почестите ревии на филмови од различни европски кинематографии и интересот на публиката за нив се доказ дека нема предавање.
    „ Холивудските блокбастери се продаваат уште пред да започнат да се снимаат и војната е изгубена од почеток. Пазарот за нив е огромен, влијанието е огромно. Тоа е една полесна филмска индустрија. Таа индустрија е повосприемлива и полесно читлива за пошироката публика, а европскиот филм е со далеку, далеку помал буџет, но сепак тоа се филмови кои оставаат траен белег. Далеку од тоа дека блокбастерите како на пример Роки или Рамбо не остануваат трајно, но вистинските вредности се во вистинските европски филмови, како што беше на почетокот шпанскиот режисер Буњуел или останати големи имиња како Јиржи Менцл и Кшиштов Кишловски кои се вистинските класици не само во европскиот туку и во светскиот кинематографски опус.“

    Фестивалот кој започна пред десет години, скромно прифаќајќи ја иницијативата на Педро Алмодовар за создавање паневропски филмски фестивал, прерасна во значаен белег на културното живеење во Скопје.
    „Синедејс се издвојува од останатите филмски фестивали во земјава по тоа што се одликува со специфично третирање на европскиот филм и европската кинематографија“, објаснува Стефковски.

    Наградата Златна ѕвезда за најдобар филм во официјалната конкуренција ја освои австрискиот филм „Лурд“ во режија на Џесика Хојснер. Публиката имаше можност да ги види и добитникот на Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, „Во подобар свет“ на Сузан Биер, „Л’Авр“ на Аки Каурисмаки, „Полноќ во Париз“ на Вуди Ален, „Фауст“ на Сокуров, „Кожата во која живеам“ на Алмодовар, „Меланхолија“ на Фон Трир, „Хабемус папам“ на Нани Морети итн. На фестивалот беа прикажани и четири македонски филма: „Девојчето со кибритчињата“ на Филип Матевски, „Луѓе без земја“ на Марко Ѓоковиќ, „Митот за Сара“ на Саша Станишиќ и „Образ“ на Стефан Сидовски. Селектор на главната селекција беше Германецот Бернд Будер, додека жирито го сочинуваа британскиот филмски критичар Нил Јанг, хрватскиот режисер Огњен Свиличиќ и македонскиот режисер Даријан Пејовски.
    Покрај седумдесетината проекции во пет кино сали, во рамките на фестивалот се одржаа и работилници и предавања, како и десетина концерти на изведувачи од Македонија и неколку други европски земји.

    Мирко Трајановски

     

  • Симонопетра

    Симонопетра, еден од најубавите манастири на Света Гора, Грција, изграден во 13 век.