Author: Balkon3

  • Гласајте за најдобар бенд

    Imam Baildi

    http://www.youtube.com/watch?v=p8d2lbsyFeA


    Bulutsuzluk Özlemi

    http://www.youtube.com/watch?v=doKCDNZYNrw


    Foltin

  • Манастирот Симонопетра во Грција

    Манастирот Симонопетра е еден од најубавите манастири на Света Гора во Грција.

     

  • Блиску, а сепак далеку

    Интервју со Сергеј Андреевски, ликовен уметник

    Сергеј Андреевски, македонски ликовен уметник од средната генерација, најмалку време поминува во своето родно Скопје. Вистински глобтротер е и изложува низ целиот свет. Сепак, иако за себе тврди дека е балканоман, најмалку изложува токму на Балканот!

    Ти си уметник кој буквално има изложувано по целиот свет: од Јапонија до САД. Како стојат работите со Балканот. Те има ли на овие простори?

    Јас бев првиот завршен студент на скопската тогашна Академија за ликовни уметности што изложувал во Белград, па потоа во Сараево, во Јесенице во Словенија итн. Се разбира, тогаш беше полесно бидејќи ја имавме Југославија како заедничка држава. Но, во поново време, откога се осамостоија републиките и откога се случи она што се случи, контактите како да ги снема. Сите се затворија во своите котарчиња, така што моите колеги и пријатели од тие екс-ју простори јас ги сретнувам сега по светот. Во САД се сретнав со белградски уметници. Во Истанбул, каде што беше организирана една колонија, наречена „Балкан арт“, со по еден уметник од секоја балканска држава, се сретнав со еден мој пријател, хрватски уметник. Со уметници од Црна Гора се сретнував во Италија. Во Грција се сретнав со мои пријатели-уметници од Албанија и Бугарија… Сакам да кажам дека уметниците, кои географски се многу блиску, во суштина денес се многу далечни. А тоа е навистина многу тажно. Всушност, најтажно е дека не се познаваме. Уметноста не би требало да има никаква допирна точка со политика, но политиката, сепак, ги крои условите на нејзиното егзистирање.

    Имаш ли изложувано во поново време во соседните земји: Албанија, Грција, Србија…

    – Во Албанија немам! Сега има една идеја заедно да изложуваме со албанскиот уметник Решат Амети, со кого неодамна заедно престојувавме на една колонија во Словенија. Кога Амети изложуваше во Скопје, јас се запознав со албанскиот конзул во Македонија, кој вети дека ќе ни организира заедничка изложба во Албанија. Мислам дека таа идеја веќе се развива и дека во скоро време ќе се реализира. Неодамна бев, со групата „Љубојна“ во Ивањица, Србија. Просто е неверојатно тоа чувство: колку сме блиску, а колку не се знаеме. Не помина толку време ни откога се раздвоивме, а веќе немаме поим што се случува на уметнички план во соседството. На пример, ја се гледам со екс-ју уметниците што емигрирале во САД и на Запад и знам повеќе што работат таму, отколку што знам што работат уметниците во Белград. А еве каде е Белград. Ама тоа се познати балкански приказни.

    Постои ли на некој начин намера да не се познаваме? Конечно, луѓето тука со векови живеат едни покрај други, ама никогаш заедно…

    – Јас го имам ова почувствуваме повеќе пати: кога ќе отидам некаде во светот, било на колонија, било на некоја манифестација или изложба, има некаква потцена кога ќе разберат дека сум од Македонија. Луѓето, едноставно, не знаат, ниту слушнале за нас… Меѓутоа таа потцена, кога ќе го видат делото, едноставно исчезнува… Приказната станува сосема поинаква.

    Сликарството е, практично, универзален јазик…

    – Да, да… Уметноста, воопшто… музиката, скулптурата, литературата… Кога ќе прочиташ добра книга, чувството е моќно. И тогаш вообичаените граници не само што се губат, туку уште повеќе те интересира и самиот автор, а и земјата од кај што потекнува.

    Сепак, литературата подразбира посредништво, односно превод, а ликовната уметност и музиката се сосема универзални.

    – Да, ама ќе ти кажам нешто: еве, во последно време се повеќе ги бараат правата за објавување на книгите на татко ми (Петре М. Андреевски, познат македонски писател; з.а.). Сега има два превода во Словенија, се преведува во Лондон, во Германија… Значи, ако е нешто квалитетно, тоа ќе избие на површина. И тогаш станува небитно од каде доаѓа авторот.

    Но, глобализацијата, дури и без оглед на прокламираната регионална политика на Европската унија, е тешко победлива. Англосаксонската култура, едноставно, е прилично агресивна. Еве, на пример, знаеш ли некој ликовен уметник од Азербејџан?

    – Не знам. Всушност, знам некого кого случајно сум го сретнал на некоја колонија, а не како име кое стигнало по вообичаените комуникациски канали. А од Велика Британија, ете, знам илјадници. Затоа што во секој момент знам што се случува, на пример, во „Тејт Модерн“ галеријата. Ама, тоа е тоа. Малите народи се маргинализирани.

    Кога загина Тоше Проевски, еден грчки медиум напиша прилично цинична забелешка према грчката јавност. Имено, колегите се запрашаа како е можно цел Балкан да плаче по пејачот, а само Грција да остане рамнодушна, односно само Грција да не го слушала. Подлегнува ли уметноста на некој тип визирање, кога ги поминува границите? Постои ли некоја институционална брана што го запира тој проток на идеи?

    – Првата причина е погрешниот избор. Сите балкански стратегии, барем на ова поле, од некои причини, се погрешни. Секогаш надвор се испраќаат погрешни и лоши уметнички репрезентации. Но, повторувам, она што е добро – останува. Данило Киш не беше југословенски официјален „репрезентативец“, ама неговото дело опстојува…

    Да, ама Милан Кундера во едно интервју рече дека ако не избегал во Париз и не почнел да пишува на француски, веројатно никогаш немало да ја стекне славата што ја има.

    – Сигурно, токму затоа што не влегувал во „државната уметничка репрезентација“. Пред малку го спомнав татко ми. Еве, него дури сега го откриваат – пет години по смртта!

    Што мислиш, потребна ли е некаква регионална културна мрежа која токму ќе го овозможи овој протек на идеи?

    – Не знам. Не верувам премногу во тој тип институционализирање на уметноста. Проблемот е што с` уште постојат предрасуди, а не знам зошто. Во моето искуство имам секакви примери. Еве, бев поканет во Атина, кога беше Олимпијадата. Учествував на една изложба што беше наречена „Ние и соседите“. Морам да кажам дека немав никаков проблем, со оглед на политичките кавги меѓу двете земји. Напротив. Бев прекрасно примен. Дури и се шегував дека организаторите ќе настрадаат по мојот настап.И медиумски бев доста добро покриен. Значи, уметноста може да се издигне над предрасудите и дневно-политичките консталации. Се разбира, ако станува збор за вистински вредности.

    Од друга страна, и ти придонесуваш кон институционалното запознавање преку уметноста. Основач си на колонијата „Арт Гумно“ во родното село на татко ти. Слоештица.

    – Да. Ние како семејство сме горди со она што го направивме. Колонијата стартуваше буквално од ништо, а секогаш знаеме кои уметници ќе дојдат во следните три години. И секогаш има повеќе заинтересирани уметници, отколку што ние имаме капацитет и средства да ги примиме. Колонијата постои осум години и станува збор за своевидна камерна колонија, каде што гостуваат размерно мал број, но мошне квалитетни уметници, кои престојуваат подолго време и имаат можност од поблиску да ја запознаат Македонија. Годинава направивме мал исклучот, па тука престојуваа студенти од Северна Каролина, САД, со нивната професорка Памела Туш, која повеќе пати била тука, и буквално ја изучуваа Македонија: музиката, народните инструменти, гастрономијата, историјата, уметноста… Навистина мислиме дека правиме сериозна мисија. Но, сепак, сето тоа се прави на приватни релации. Државните институции немаат конзистентна политика и не можат квалитетно да си ја завршуваат работата.

    Ѕвездан Георгиевски

  • Париз во очите на едно седумгодишно момче

    Во Париз има: Ајфелова кула на неа има лифтови до некаде, има многу луѓе, има исто така многу возови.

    Најголемата река се вика Сена, има многу бранови, има малечка статуа на слободата, богородична црква за која писателот Виктор Иго ја има напишано својата најпозната книга Ѕвонарот на богородичната црква во Париз.

    Во Париз исто така има најпознати ноќни клубови, како што се Мулен Руж, Крејзи Хорс. Во нив настапувале најпознатите танчерки и забавувачи од цела Франција. Животот во клубот, со бројните непроспиени ноќи исполнети со музика танцување, дружење, бескрајни разговори и случувања, го насликал францускиот сликар Анри Тулус Лотрек Рири.

    Француските уметници во Париз наоѓаат инспирација во убавините на Сена, во липите на Елисејските полиња, во небото над Сакр Кер, во ветерот што струи низ Триумфалната капија за да створат прекрасни уметнички дела.

    Во Париз живеат и другарите на вујче Перо, Никола, Етиен, Азраел, Отсо, Иван. Тие се музичари кои свират фантастичен џез по зачадените паришки џез клубови.

    Лувр е еден од најголемите музеи во светот кои може да се пофали со најврвните уметнички дела во своја сопственост.

    Панче Чекеровски

  • Ортакој – време е за уживање додека гледаме кон Босфор

    Ортакој – време е за уживање додека гледаме кон Босфор

    Истанбул на прагот на зимата. Остри, ладни декемвриски ветришта го галат Ортакој, еден од бисерите среде европскиот брег на Босфор. Ортакој е сокриен рај, романтично и енергично лице на градот кој никогаш не спие, а се наоѓа во најпрометниот дел на градот пред очите на љубителите на Истанбул.

    Ако успеете да се пробиете низ густиот сообраќај и тргнете надолу низ уличките од главната улица кон брегот, неизбежно е попат да застанете во многубројните продавници и бутици. На улиците и брегот има редица ресторани, кафулиња, барови со пристапни цени. По тесните улички кон брегот занетчиските пазари и отворените тезги изложуваат секаков вид производи во експлозија од бои. Изложените сувенири од Истанбул, шарени ламби, амајлии против урокливи очи, плетени чаршави ги привлекуваат сите подеднакво, стари и млади, туристи и локални жители.

    Џамијата Ортакој, Истанбул

    Кога ќе пристигнете на малиот плоштад Ортакој опуштете се и свртете се околу себе. Дозволете да ве опкружи блескавиот поглед  кој се протега сè до азискиот брег на Босфор. Од една страна погледот ве води кон големата Меџидие џамија, позната како Ортакој џамија, чија елегантна и импозантна фигура одолева на вековите, и се претопува во синилото на Босфор. Оваа спектакуларна градба е завршена во 1853 година и стои како нем сведок на историјата од Византиската до Отоманската Империја па се до современа Турција.  Грчката православна црква Свети Фока, синагогата Ец Ахаим, џамијата Ортакој стојат наредени како доказ за големото културно богатство и разноликост на религии.

    Погледот од малиот Ортакој плоштад кон џамијата и мостот преку Босфор кој ги поврзува Азија и Европа е импресивен. Особено светилките на прекрасно осветлениот мост и нивниот одблесок на водите на Босфорот. Брановите кои се одбиваат од брегот звучат како да ја раскажуваат душата на градот, и понекогаш танцуваат со сончевите зраци. Ортакој е срцето на Истанбул и како таков е далеку од здодевен. На другиот крај од брегот Палатата Есма Султан од осумнаесетиот век ни го привлекува вниманието. Оваа градба, наречена така по првата ќерка на султанот  Абдулхамид, беше реновирана после големиот пожар од почетокот на дваесеттиот век кој остави само голи ѕидови и денес е место каде се организираат величествени настани.

    Палатата Есма Султан, Истанбул

    Ортакој е познат по своите евтини кафулиња и чајџилници каде оние кои го дочекале утрото можат фино да појадуваат. Земете со себе книга или весник нарачајте обилен појадок или уживајте во задоволството на неразделниот турски чај и ѓеврек.

    Додека го пиете вашиот салеп (пијалок од млеко, корен од билката салеп и цимет) или турско кафе на ладниот зимски воздух, погледнете го синилото на морето, длабоко вдишете и оставете сите ваши грижи и тага, ако ја имате, да потонат на дното на  Босфор. Шепнете ги вашите желби во ветрот кој ви го лади лицето. Којзнае, можеби и денес ќе го почувствувате освежителниот ветер кој доаѓа од Црното море.

    Тесната уличка која води кон другиот крај на улицата ве пречекува со редица продавачи на печени компири. Сите се трудат да ги импресионираат купувачите со своите вешти раце и да понудат вкусови поинакви од другите. Додека разговарате со нив откривате нова слика за обичниот печен компир, нови вкусови добиени со додавање на разни сирења, пченка, колбаси или маслинки.

    Како што денот заминува така енергијата на Ортакој се зголемува и почнува да се шири музика од околните кафулиња и барови. Од воведувањето на забраната за пушење, масите распоредени во уличките почнуваат да се полнат. Оние кои сакаат да се одморат после работа, студентите, љубителите на ноќниот живот и се разбира туристите кои имаат желба да видат како градот живее 24 часа се нивни вообичаени посетители.

    Коге ќе се искачите по улицата од Ортакој плоштадот кон Бешикташ ве пречекуваат историски згради. Ресторанот Ферије изграден во отомански стил нуди традиционални вкусови како и јадења од други кујни и одлична услуга. Палатата Чираган која е претворена во хотел со 5 ѕвезди и Four Season Hotel кој се наоѓа недалеку одовде се камен темелник на оваа област. Ако продолжите од Ортакој кон Бебек, којшто е друга важен населба покрај Босфор, ќе наидете на многубројни ноќни клубови, барови и ресторани каде ве очекува разновиден ноќен живот. Историската населба Ортакој продолжува да блеска 24 часа во денот со својата шарена, енергична, космополитска структура.

    Мине Есен Ергур

  • Охрид, македонскиот бисер

    Охрид, македонскиот бисер

    Охрид со своите педесетина цркви, едно од најстарите и најубавите езера на светот и богатото културно и историско наследство, е туристичкиот центар на Македонија. Бисер на градот е езерото во чии чисти и длабоки води живеат над 200 ендемски видови. Градот Охрид и Охридското Езеро веќе 30 години се под заштита на УНЕСКО.

    Црквата Свети Јован Канео потекнува од XIV век и една од најубавите цркви во стариот дел на Охрид
    Плажата Канео лоцирана под црквата
    Педалини на попландевна дремка крај езерото
    Јавачи на банана
    Сонце, облаци, бранови

    ЗАЛИВОТ НА КОСКИТЕ

    Заливот на коските е музеј на вода, кој претставува реконструкција на неолитска наколна населба. Според истражувањата, вакви населби со куќички над површината на езерото постоеле во периодот помеѓу 1.200 и 700 година п.н.е., кога на овие простори живеело племето Бриги. Музејот на вода, кој се наоѓа во близина на Градиште, има 24 куќарки на дрвена платформа, а беше пуштен во употреба во 2008 година.

  • Летечкиот Мендо

    Летечкиот Мендо

    Екстремните спортови се синоним за него. За разлика од повеќето зависници од адреналин, тој има поинаква теорија за него. Тој е пионер на повеќето екстремни спортови во Македонија… Мендо Велјановски

    Сеуште ли важи податокот дека имате повеќе поминато во воздух, на снег и на вода отколку на копно?

    Да. Сеуште важи тој податок. Сеуште повеќе време поминувам во воздух, на снег и во вода, особено во воздух. Во овие три средини многу поубаво се чувствувам отколку на земја.

    Параглајдерството полека станува популарен спорт во Македонија. Каква е состојбата со акро параглајдерството?

    За жал, во Македонија сме сеуште само неколку акро пилоти, додека во светот, најмногу во алпските земји, оваа дисциплина бележи голем пораст. За споредба, кога почнав да се занимавам со оваа дисциплина, во исто време почнаа и двајца мои колеги од Австрија. Сега во Австрија има сигурно неколку стотици акро пилоти.

    Што е потребно за да се стане акро пилот?

    Најпрвин потребно е да се одвои многу време, затоа што оваа дисциплина бара скоро секојдневен тренинг. Треба и додатни тренинзи, како на пример фитнес, за да се зацврсти мускулатурата на телото. Тоа е неопходно за да се издржи G-силата која во оваа дисциплина може да достигне и до 8G. Додека пилотите на супер-соничните воени авиони носат специјални, таканаречени анти-G одела, во акробатското параглајдерство не се практикува носење на такви одела. Тоа се надокнадува со појачување на мускулатурата на стомакот.

    Што претставува за вас адреналинот?

    – Интересно прашање. Низ мојата кариера како екстремен спортист, дојдов до заклучок дека големиот наплив на адреналинот може да биде опасен. Затоа, во обуката на ваквиот вид спортови воведов сопствени методи на обука. Јас се потпирам на педантното совладување на техниката. Затоа секое движење го анализирам и потоа барам начин да го увежбам во сосема забавено темпо, за да може да стане автоматско психомоторно движење. Ако почуствувам адреналин при изведувањето на некој маневар, тоа е знак дека не е довлно педантно увежбан.

    Неодамна се одржаа 12 тите по ред Air Games во Олудениз, Турција. Вие сте нивен редовен учесник. Кажете ми нешто повеќе за овој собир и како беа овогодинешните?

    – Воздушните игри во Олудениз се одржуваат веќе 12 години. Јас учествувам во нив како гостин со свои акробатски точки уште од почеток. Во нив е специфично што немаат повеќе натпреварувачки карактер, туку ревијален. Покрај мене се поканети и уште неколку други светски познати акробатски пилоти. Во игрите учествуваат скоро сите видови воздухоплови. Овој настан го финансира општината Фетије нјмногу поради, на атрактивен начин, привлекување туристи. Олудениз е едно од најпривлечните туристички места во светот. Специфично е тоа што најголем профит угостителите добиваат од летањето со тандем параглајдери и воопшто параглајдеристи кои што сакаат да тренираат акробации или пак во исто време да летаат и да го поминат одморот на најубавите плажи во светот..

    Кои екстремни спортови за прв пат стигнаа во Македонија благодарејки на вас?

    Моторно змејарство, параглајдерство, Винд Сурфинг, Сноуборд, Спид Рајдинг, Акробатско летање со параглајдер и скокање со параглајдер од хеликоптер, балон и парамотор.

    Минатите зими кај нас се промовираше Спид рајдингот како зимски спорт. Вие сте негов промотор…

    Спид Рајдингот е прилично нов спорт, којшто е комбинација на скијање и летање. Поради малата површина на леталото може да се изведуваат вратоломни фигури со огромна брзина. Благодарение на овој спорт може да се скија дури и по лавини, што го прави уште повозбудлив и поатрактивен. Кај нас сеуште бавно се прифаќа, но тоа беше случај и со сноубордот, па сега е доволно прифатен.

    Постои ли екстремен спорт со кој не сте се занимавале, а ви е предизвик ?

    Има неколку екстремни спортови со кои би сакал да се занимавам, но приоритет ми е еден од нив. Се работи за скокање со специјална облека од разни воздухоплови, но најчесто од високи карпи. Многумина тоа го мешаат со падобранството, но сосема е различно. Специјално скроената облека му овозможува на пилотот да лета со огромна брзина и да управува со мали движења со рацете. Сепак, за да се приземји мора да отвори падобран, затоа што е огромна брзината при летањето.

    http://vimeo.com/user2377893

    Јордан Дуков

  • Островот Патмос

    Патмос, според митологијата островот бил на дното на Егејското Море
    Црква на Патмос

     

  • Eсен во Скопје

    Eсен во Скопје

     

    Зов

    Ах овој есенски ден
    со сонце позлатен!

    Излези, излези брзо
    заедно да проскитаме,
    исти луѓе да видиме
    со иста смеа да итаме.

    Срцево ми е денеска
    детенце неповиено
    од светлина опиено,
    од овој есенски ден
    со сонце позлатен.

    _____________Блаже Конески

     

    Скопје, есен, Градски Парк
    „Има еден дом сред жолто лисје…“
    Есен на плоштад

     

  • Во Националната галерија отворена една од најзначајните изложби во Грција

    На изложбата можат да се видат досега непознати уметнички скапоцености од колекцијата на Националната галерија, повоениот период и современата уметност. Пикасо, Рембрант, Делакроа, Гикас, Царухис, Моралис, кои чекаа во магацините на Галеријата сега се изнесени на светлото на денот на изложбата која ќе трае до четврти јануари.

    Национална галерија, Атина

    Националната галерија на уметностите и Музејот Александрос Суцос, се најзначајните институции во Грција посветени на историјата на грчката уметност и на западноевропската уметност, кои во оваа форма работат од 1976 година. Сепак нивната историја оди многу поназад, во 1900 година, кога со посебен закон е уредено основањето на институцијата. Должноста на куратор му е доверена на Георгиос Јаковидес, кој ја води оваа институција од 1900 до 1918 година. Во 1934 година како дел од новото општествено уредување и реорганизација,со формирањето на новата грчка држава, донесен е нов закон со кој се удрени темелите на Музејот.

    Во 1896 година, Александрос Суцос, правник и љубител на уметноста ја препушти неговата колекција и неговиот имот го остави на државата што беше почеток на формирањето на „Музејот на ликовни уметности“. За таа цел во 1900 година беше донесен закон со кој е основана Националната галерија, а сликарот Георгиос Јаковидес кој живееше во Минхен, беше поканет да се врати во Грција и да ја води Националната галерија. Вкупно 258 дела, кои до тогаш беа сместени во збирките на Универзитетот, на Техничкиот факултет, беа донирани на новооснованата Галерија. Една година подоцна, во 1901 година, Александрос Суцос донираше 107 дела за Галеријата.

    Томас Цацис