Author: Софија Николау

  • Фестивалот на маслинките во Ајвалик

    Го посетив турското крајбрежје на Егејското море за првпат вон летната сезона. Претпоставив дека ќе биде прилично тивко и еднолично во есен, но за преубавиот Ајвалик традицијата повторно оживеа и оваа година – фестивалот на маслинките на почетокот на бербата на маслинки.

    Трговската Комора на Ајвалик и Градското Собрание организираа еднонеделна отворена изложба на штандови поставени на централниот плоштад на Ајвалик. Учествуваа сите големи произведувачи од егејското крајбрежје промовирајќи ги своите брендови на маслиново масло, маслинки и широкиот асортиман на производи како што се сапуни и козметика.

    Близу 80% од производството на маслиновото масло во Турција доаѓа од егејското крајбрежје. Прастарата култура на одгледување маслинови дрва ја одржаа во живот бегалците “на размена” кои го населија Ајвалик во 1923 доаѓајќи од Крит и Лезбос (подрачја чие главно производство е маслиново масло). Денес нивните наследници го чинат мнозинството жители на Ајвалик.

    “Fotograflar Nostalji Ayvalik” FB page

    Сите се поврзани со старите и нови маслинови насади на некој начин – како сопственици, одгледувачи, производители или трговци (вклучувајќи глинени садови и колачиња!), и на крај како потрошувачи и консументи. Мала прошетка по улиците на Ајвалик и соседниот остров Кунда (Мошиниси) ќе ви посведочи за тоа.

    Официјалниот почеток на настанот помина во празнична атмосфера. Познатиот Зејбек танц кој потекнува од овој регион, беше изведен од локалното фолклорно друштво. Локалната музичка група ѝ додаде една носталгична нота на целата атмосфера.

    „Ayvalik Guzel“ или „Убавиот Ајвалик“ ја отпеа водачот на групата како потсетник на љубовта кон својот град. Тој гордо истакна дека веќе имале два концерти на Лезбос, родното место на неговите родители. Инаку, решив да присуствувам на фестивалот на негова покана.

    Традиционалната прослава помеѓу маслиновите дрва беше организирана и за локалното население и за туристите, а превозот го обезбеди општината Ајвалик. Изгледаше како целиот град да се преселил таму.

    И повторно имав среќа. Се договорив со пријателите од компанијата Тарис кои се погрижија за превозот до маслиновите насади и помогнаа околу подготвувањето на излетничките специјалитети на самото место.

    Музичките инструменти кои ја вжештија атмосферата на отворениот собир имаат исто име и на грчки (daouli и zournas, тапан и зурли) често се присутни и на други собири од ваков вид. Посакував големиот број на грчки туристи кои редовно доаѓаат од Лезбос да дојдат и присуствуваат на настанот, но за жал, сите информации беа пренесувани само на турски јазик.

    Според податоците од 2011 година светски лидери во производство на маслиново масло (во милиони галони годишно) се: 1. Шпанија (216); 2. Италија (147); 3. Грција (117); 4. Турција (59); 5. Тунис (44); 6. Сирија (34). Како долгогодишен проучувач на храна не можев да одолеам на поривот да направам едно истражување за тоа кои се проблемите и можностите на земјата која е четврторангирана во светот по количество производство, и што може повеќе да се стори, освен одличниот фестивал на кој присуствував. Домашната потрошувачка е споредбено пониска и не расте во текот на последната декада – едвај 1 кг годишно по глава на жител, (10 кг во Шпанија, 12 во Италија, 25 во Грција, 4,5кг е просекот на ЕУ) според податоците од официјалната статистика. Затоа многу компании и официјални лица имаат голема желба да создадат ефективни маркетинг кампањи кои ќе го промовираат користењето на маслиново масло во Турција.

    Факт е дека надвор од егејското крајбрежје за готвење традиционално се користат путер и сончогледово масло, така да ова претставува културолошко прашање кое влијае на побарувачката, а со тоа и на проблемот со транспортот и цената на стоките кои доаѓаат од западот на Турција до останатите места во државата. Друг проблем претставуваат производството и извозот на големо, што е најчест случај со маслиновото масло и масло за готвење во Турција. Турција извезува голем дел од своето масло на големо во Италија, каде компаниите го продаваат по многу повисоки цени, на сличен начин како што прават Шпанија и Грција.

    Турската Унијата на Извезувачи од Егејот (Turkey’s Aegean Exporters Union – EIP) известува дека во последната деценија извозот драстично се намалува а со тоа и приходите од него. Лошиот квалитет, високата цена која ја одредува државата (двојно повисока од цените во светот), несигурна финансиска поддршка и скапата имплементација имаат голем удел во намалувањето на извозот, велат експертите. Според Унијата, постојат две важни прашања кои се забележани во последно време, а тоа се: а) извозот на големо треба да се намали а наместо тоа да се промовираат брендови затоа што тие претставуваат висока додадена вредност на регионот и компаниите, б) значителна помош од државата за земјоделците, мерки за зголемување на производството и квалитетот (вклучувајќи поддршка во механизација) и промовирање и прифаќање на политика на стандардно географско обележување.

    Беше повеќе од очигледно дека компаниите кои учествуваа на овој настан во Ајвалик ја имаа прифатено оваа агенда, а локалната Трговска Комора (основана 1923 со 1200 членови во моментов) работи многу на тоа поле. Географското обележување на маслиновото масло од Ајвалик е имплементирано во 2007 година.

    На затворањето на тридневната прослава компанијата Комили организираше ручек за официјални гости и професионалци во оваа бранша. Во 2012 година Комили прославува 135 годишнина од своето основање.

    Комили има една интересна случка од својата историја која локалните жители многу сакаат да ја раскажуваат – еден земјоделец од Крит, од селото Коми, се доселил на Лезбос за време на Отоманската Империја. Тој одгледувал маслинки и правел масло кое некако стигнало до палатата на Султанот во Истанбул во лимена кутија. Султанот го пробал и бил воодушевен од неговиот квалитет. Наредил целиот род од неговите насади да се носи само во палатата. Критскиот земјоделец на ова одговорил – „Не можам да го сторам тоа затоа што мора да ги нахранам моите луѓе. Можам да ви испраќам само олку, инаку ќе гладуваме.“ Можете ли да замислите некој на таков начин да разговара со Султанот? Но во овој случај тоа се исплатело – Султанот се согласил да му додели повеќе земја на која ќе одгледува маслинки исклучиво за палатата.

    „Komili“ – човекот од Коми е компанија која го добила името по овој истраен Критјанин. На прославата на својата годишнина тие го резервираа најубавото место на ридот на Шејтан Софраси, најпопуларното место во Ајвалик кое има прекрасен панорамски поглед кон заливот и островите.

    Како и секогаш, фестивалите завршуваат со добра храна, музика и одлично друштво. Додека гостите уживаа во храната и пијалокот “Aegean Band” од Истанбул ги забавуваше со својот широк репертоар на песни од егејското крајбрежје и Балканот.

    ЕПИЛОГ: ПОВЕЌЕ ОД АРТИКЛИ ЗА ТРГУВАЊЕ

    Постојат околу 750 милиони плодни маслинови дрва на светот и околу 99 насто од нив се наоѓаат на во медитеранските држави. Маслинките биле за првпат култивирани во Палестина околу 4000 години пне. и се прошириле кон Сирија и Анадолија, стигнувајќи до Египет преку Синај околу 1500 години пне. (Египјаните користеле маслиново масло купено од Палестина долго пред тоа). Феничаните ги однеле маслинките во Картагена а пак Грците до југот на Шпанија, Франција и Сицилија. Божицата Атена му подарила маслиново дрво на градот наречен Атина во нејзина чест. Олимписките атлетичари се мачкале со маслиново масло пред игрите, слично на денешните пеливани. Од времето на Ное монотеистичките религии во Средоземјето го сметаат маслиновото дрво за симбол на надеж и Божја поткрепа. Исус бил помазан со маслиново масло (Христос значи Помазаникот), а видови на маслинка кои датираат од Римската Империја сè уште можат да се најдат во Палестина и Израел. За источното Христијанство помазувањето со маслиново масло е најчесто поврзано со крштевањето и прифаќањето на Христијанската вера. Маслиновото масло има значење и во Исламот. Спомнато е во еден од најубавите и најмистични стихови од Куранот каде маслиновото дрво симболизира земја на мир и спокој. Во исламската култура, особено во Либан, Палестина и Сирија, зимзелените маслинови дрва се симбол на вечниот Животодавец. Најстариот исламски универзитет во Тунис се вика al-Zitouna – Маслиново Дрво.

    Софија Николау

  • Прва радио станица на грчки јазик во Истанбул

    Првото радио на грчки јазик „Ехото на Истанбул“ на грчката заедница во Истанбул емитува програма во живо во цел свет преку интернет. Иако работи веќе шест месеци, официјалното пуштање на радиото се случи на 30 Октомври во Атина од страна на Грчкиот генерален секретаријат за информации и комуникации.


    Најзаслужни за основањето на оваа веб радио станица се младите во грчката заедница во Истанбул, посебно новинарот и уредник на весникот „Ехо“ што излегува во Истанбул, Андреас Робопулос. За време на настанот тој ја претстави идејата и програмата на радиото кое бргу станува популарно пирум светот. За сега има во просек пет илјади слушатели дневно во 72 земји во светот. Се заблагодари на многу голем број лица од уметноста кои имаат голема публика во Грција за несебичната помош и за тоа што се одзваа на неговиот повик. Од овој месец па натаму, тие ќе ја збогатат програмата на радиото со тоа што ѓе имаат емисии од областа на културата, рецепти за готвење, патувања, портрети и места од Истанбул и од Атина. Музичките емисии ќе продолжат да емитуваат само грчка музика, во најголем дел ребетико, лаико и ентено жанр) а дневните вести ќе носат информации за се што се случува во грчката заедница во истанбул, како и вести од Грција и Турција и билатерални прашања.


    На промоцијата присуствуваа голем број гости од уметничката сцена на Грција, политичари, портпаролот на владата, министерот за туризам и други. Со видео порака, иницијативата ја поздрави и патријархот Вартоломеј.

    Музичарката Евантиа Ребутсика (композитор на музиката за филмот “Touch of Spice” кој зборува за политиката и меѓучовечките односи меѓу Грците и Турците во 1960-тите години во истанбул) ја понуди нејзината музика да биде препзнатлив џингл на радиото со зборовите: „Истанбул за мене е место во кое почувствував длабока врска со минатото уште првиот пат кога го посетив“.

    http://www.youtube.com/watch?feature=player_detailpage&v=2hyDQjgGktk#t=7s
    Последен но не и најмалку важен, најпопуларниот пекар во Грција, роден и пораснат во истанбул, Стелиос Парлиарос, зборуваше за прочуената кујна и рецепти на Истанбул, а гостите ги послужи со вкусни истанбулски колачиња.
    “Ехото на Истанбул“ емитува на http://radio.ihotispolis.com/ а програмата е достапна на турски на http://radio.ihotispolis.com/tuumlrkccedile.html

    Софија Николау

  • Градоначалникот на Солун избран за најдобар градоначалник за Октомври 2012 преку светско гласање на интернет

    Јанис Бутарис, градоначалник на вториот по големина град во Грција (нешто повеќе од 1 милион жители), беше изгласан на отворено јавно гласање на интернет страницата citymayors.com за најдобар градоначалник во месец октомври 2012.

    Во претходните месеци оваа титула им беше доделена на градоначалниците на Лондон и Њујорк.

    Јанис Бутарис

    Случајот на г-дин Бутарис е исклучително интересен од аспект на финансиската и политичка криза во Грција. Како што нагласува интернет страницата, од неговиот избор за градоначалник во 2010, неговото разумно менаџирање на претходно осиромашениот буџет, дистанцирањето од било какви врски со политички партии во однос на начинот на раководење со градот, го претвори Солун во град за пример во однос на многу нешта. Средишна точка во неговата политика на работа беше прифаќањето и промовирањето на мултикултурното минато на Солун, притоа подобрувајќи го односите со соседните балкански земји и градови преку активна културна и бизнос соработка.

    Во таквите иницијативи спаѓаат потпишувањето на договор за образовна, туристичка и културна соработка со градоначалникот на Битола, Владимир Талески; повторното поврзување на Солун со неколку градови во Турција преку договор со Turkish Airlines, како и воспоставување на солидна основа за активно подобрување на трговијата и туризмот со Бугарија, Израел, Албанија и Русија.

    Солун

    Градоначалникот Бутарис е роден во Солун во 1942 во семејство на производители на вино, кариера која самиот ја градеше по завршувањето на факултетот за Енологија на универзитетот Аристотел во Солун. Семејниот бизнис се подели во 1997, па тој го основа својот личен бренд Кир Јани (Kyr – Yiannis) којшто денес е лидер на грчкиот пазар и користи квалитетни технологии за произвоство на вино од локалните вински култури. Со компанијата во моментов раководи неговиот син Стелиос.

    Бутарис станал член на градскиот совет во 2002, но тој е познат претходно по неговите успешни напори  за конзервација на природното и културно наследство во региони кои не се дел од неговата изборна единица. Во овие активности спаѓа и основањето на невладината организација Арктурос (Arktouros)  која работи на заштита на загрозените видови мечки и волци во шумите на западна Македонија. Уникатна личност –  комбинација од прагматичен бизнисмен, поранешен алкохоличар, тетовиран и со пирс на увото, сегашниот градоначалник на Солун е познат по својот непосреден однос со граѓаните, едноставен начин на живот и отвореност во директните обраќања до сиот спектар на грчкиот естаблишмент – најзабележително во односите со влијателниот Архиепископ на Солун поради мешањето на црквата во изборите пред да биде избран за градоначалник. Тој лично ги промовираше постоечките одредби на законот кои дозволуваат кремирање на починатите лица (спротивно на верските одредби на Грчката Православна Црква). Неодамна, воопшто не се двоумеше да изјави дека барем половина од водачите на новата неонацистичка партија Златна Зора, треба да бидат во затвор.

    Како што е наведено на интернет страницата, Солун е упориште на националистичките и конзервативни политички сили од 1950-тите. Претходната централно-десничарска администрација беше на власт со децении и заврши со судење за проневера на околу 30 милиони евра. Изборот на Јанис Бутарис претставува пресврт во локалната и државна политика.  Иако беше избран (со многу мала разлика во бројот на гласови) од редовите на една од грчките традиционални партии (централно-левичарската ПАСОК) тој зазеде независен став во однос на традиционалното врзување со партиска политика. Поради тековната финансиска криза, намалувањето на средства кои доаѓаат од државните фондови Бутарис го  употреби како аргумент за промовирање на сопствената агенда. Од самиот почеток тој постави заменици кои се прилично помлади од него, без политички врски туку врз основа на на нивното професионално искуство, кои започнаа да спроведуваат радикален план на реформи на администрацијата, поедноставување на бирократските процедури и евалуација на работата на вработените.

    Градоначалникот Бутарис е познат по својата изјава ”Не се трудам да контролирам сè. Ги почитувам напорите на секој од замениците и ги поддржувам во остварување на целите кои ги поставивме.” Еден од неговите заменици е Хасдаи Капан, прв Евреин на висока позиција во градот од 1930-тите.

    Салонико

    Во 2012 градот одбележува стогодишнина од ослободувањето и припојувањето кон современата грчка држава. Наместо националистички пароли, градот отпочна со многу оригинална кампања на отворање кон балканските соседи во исто време рекламирајќи се како одржлив бизнис, туристички и  културен “производ”. Исто така, историјата се преиспитува и истражува низ призмата на повторно откривање на минатите и сегашни идентитети со помош на градските академски и медиумски центри, и со академски придонес од интелектуалците и студентите од соседните балкански земји.

    Грција е централизирана држава (според моделот на францускиот државен систем), па локалната администрација во голем дел зависи од фондовите кои доаѓаат од Атина. Во услови на финансиска криза, Градоначалникот Бутарис доби пофалби од колегите од Европа,  како и од голем број на официјални лица од Европската Унија кои вршат мониторинг на финансиите на Грција, за реално поедноставување на административната организациска поставеност и намалување на трошоците за вработените со истовремено подобрување на услугите на граѓаните.  Ова значеше соочување со долгогодишната корумпираност и бирократија. Негови прв чекор при преземањето на позицијата беше да се направи ревизија на градското финансиско работење при која се потврди долг од околу 100 милиони евра. Во 2011 буџетскиот дефицит, кој претходно се удвојуваше секоја година, се намали за 7.5% а трошоците се намалија за 30%. Како што наведува citymayors.com во 2012 буџетот изнесува 409 милиони евра, што сè уште претставува мал буџет со ниски приходи па градот сам мора да се сврти кон собирање на приходи затоа што се закануваат одредени веќе постоечки проблеми (како што се собирањето и управувањето со отпад, подземната железница и др.)

    “Малите нешта се убави нешта.”- вели Јанис Бутарис. “Грците треба да се свртат кон малите нешта кои добро ги познаваат за потоа од нив да создадат производи со одличен квалитет. Не успеваме да се продадеме себе и нашите производи доволно добро.”  Начинот на работа на Бутарис, според него, е едноставен, ефикасен и успева да “донесе пари во градот”.

    Софија Николау

  • Два пати странец

    Изложба на фотографии во музејот Бенаки, Атина (18-25 Септември 2012)

    Како што велат организаторите, изложбата ви овозможува подобро да се запознаете со „најголемите преселби и размена на население во 20 век“. Фокусирајќи се на лични сведоштва и ретки фотографии и снимки, посетителите преку овие материјали можат да се соочат со луѓето кои ги преживеале овие настани.

    Чувствувајќи се „два пати како странец“ се доживува не само како особена реалност но и како споделено искуство на еден огромен број луѓе кои биле принудени да ги напуштат своите домови и да се населат во нова земја.

    Изложбата не носи во 1923 година и размената на грчко-турско население, потоа големата размена на германско и полско население во Втората Светска Војна, поделбата на Индија во 1947 година, па се до војната на Кипар во 1974 година.

    По поставката во Истанбул и во Никозија, изложбата ќе пристигне во Атина во септември,  а потоа заминува за Стокхолм и Луксембург.

    За настанот во Атина се предвидени серија паралелни случувања, како прожектирање документарни филмови, музички концерти, активности и храна од Мала Азија и Индија, додека специјално за настанот ќе биде издадена детската книга за пријателството на две девојчиња од Измир.

    Изложбата е дело на Anemon, во заедничка организација на University of Oxford, Benaki Museum, Leventis Municipal Museum of Nicosia, Istanbul Bilgi University, Tolle Idee! Во соработка со “the Goethe Institut Athen, the British Council, Athens Concert Hall, the Greek Refugee Council and the Centre for Asia Minor Studies. Реализиран во рамки на културната програма на Европската унија – “Culture” Program (EU).

    www.benaki.gr

    Софија Николау

  • Вратите на Наксос

    Интересна разновидност на порти и влезови во главниот град на Наксос, остров од грчките Кикладски острови. Од средновековните венецијански замоци, па до неодамна обновените ориентири, како „Големата порта“ на храмот на Аполон од 6 век пред нашата ера.

    Фото: Софија Николау

  • Во потрага по грчко-еврејски обележја во Атина

    Со цел да ви ги претставиме еврејските обележја на Атина на Балкон3, ги побаравме архивите на Музејот на Евреите во центарот на Атина. Таму нè дочекаа со одлична вест: група од околу 600 луѓе од нееврејско потекло наскоро требаше да тргнат во иста потрага, па се приклучивме на турата со водич, организирана од Полис/Атенистас – група која активно работи на подобрување на сите аспекти на урбаното живеење. Тие ја организирале оваа турa инспирирани од успехот на претходната во која ги пронаоѓале остатоците од отоманска Атина.

    Краток вовед

    Евреите во Грција се најстарата еврејска заедница во Европа која датира од пред 2300 години. За себе велат дека се “грчки Евреи” и нивната приказна е цврсто вткаена во историјата на Грција. Во Атина живее мнозинството од заедницата (2500 од вкупно 5500) и атинската заедница е официјално признаена од страна на современата грчка држава во 1889 година. Следејќи го трендот на иселување од центарот на Атина кој започна во 1970тите тие, како и повеќето Атињани, сега живеат во бетонските блокови на предградијата.

    Музејот на Евреите во Грција

    Основан е во 1977 година и претставува место кое не смеете да го пропуштите ако сакате да се запознаете со историјата, наследството и секојдневниот живот на еврејската заедница во Грција. Музејот е награден за својот придонес кон интеркултурно разбирање и е сместен е во зграда со неокласицистички стил, која во 1997 беше реновирана за да ги задоволи потребите на постојаната изложба и редовните образовни активности.Г-ѓа Ориета Тревеза-Сусиис е одговорна за образовната програма која се одвива повеќе од деценија. Таа истакна дека има сè поголем број на училишта од цела Грција кои организираат посети на музејот кои се планирани во 3-4 дена во неделата. Исто така музејот организира семинари за наставници (во редовната образовна програма децата учат за Холокаустот), а има и образовни пакети наменети за деца од 10 до 15-годишна возраст и посети на училишта ширум земјата.

    Г-ца Тревела нè пречека и понуди да нè поведе во специјална обиколка на извонредната музејска колекција. Толпата луѓе го исполни подземниот дел каде се наоѓа старата синагога која била отстранета од своето првобитно седиште во една зграда во Патрас, југозападна Грција. Двата вида на традиционална облека ги претставуваат двете главни потекла на грчко-еврејското наследство: Романиоти (“Rom-” е генеричко име за сите грци кои биле под Римската Империја) и Сефарди (од “Sefarad” – од Шпанија) прогонети од шпанските монарси откако целата земја била освоена од Кралот Фердинанд (1492). Романиотите се уникатен грчко-еврејски амалгам. Тие биле длабоко интегрирани во грчката заедница во сите фундаментални аспекти на секојдневниот живот но сепак ја зачувале својата вероисповед. Карактеристично е што тие зборувале грчки но користеле еврејско писмо. Во период од 1800 години тие биле доминантни претставници на еврејскиот народ сè до XV век кога 20 000 Сефарди се доселиле како бегалци од Шпанија, јужна Италија и Португалија. Сефардите имале еднакви права како и сите други немуслимани во Отоманската Империја, што значело признавање на вероисповед и други права, според политиката на Султанот Бајазит II. Тие зборувале јудео-шпански или Ладино (дијалект на јазикот зборуван во Кастиља), имале развиена градска култура и со себе донеле еден нов космополитски изглед на местата во кои се населиле. Повеќето се населиле во Солун (наречен “Мајка на Израел”) кој оттогаш е значајна колепка на наследството на еврејската дијаспора во Грција, Балканот и Медитеранот.

    Вино и потребните работи за молитвата на Сабат од неколку синагоги во Грција. Исклучок е долната извезена покривка за леб која доаѓа од Битола, Република Македонија. Денес централна синагога во Солун е синагогата Монастириотес (1925) која била изградена со донации од евреите од Битола (Манастир).

    Опремата за церемонијалното невестинско капење од отоманските денови (сад за вода и дрвени кломпи) многу личи на онаа пронајдена во историските амами во Истанбул, Турција. Предметите потекнуваат од Истанбул, но и од Египет и Грција.Судбината на евреите во Грција е поврзана со судбината на земјата и турбулентните настани во првата половина на XX век во долгиот список на војници и офицери кои биле жртва на Балканските војни, Првата светска војна, Војната во Мала Азија, Втората светска војна и Антифашистичкиот отпор. Музејот одвојува посебно место за Мордехај Фрицис – еден од првите грчки офицери кој го загубил животот на фронтот бранејќи ја земјата од трупите на Мусолини во 1940 година.

    Во цела Европа е познат фактот на спасувањето на илјадници Евреи со отворена и координирана акција на грчките нееврејски институции, имено, грчката црква, полицијата, академијата, институтите за терцијално образование, техничките и професионални комори и разни локални институции, факт којшто разбирливо е посебно истакнат во музејот. Евреите биле криени од своите сограѓани, им биле издавани нови лични карти со грчко-христијански имиња и на тој начин избегнале прогон и смрт во некој од концентрационите логори.Ова бил случај со мнозинството евреи кои живееле во 1940-тите во Атина која била окупирана од страна на италијаните (околу 4000 староседелци и 3000 бегалци од Солун окупиран од германците). Тие биле “сметани за сограѓани и луѓето имале доверба во нив” (Хроника на Централниот Еврејски Совет на Грција). Тие живееле и работеле во културно мешана средина во областите на стара Атина – Плака, Монастираки, Петралона и Тисиан. Хрониката и Еврејската Енциклопедија го бележат заговорот за “киднапирање” (и чување на безбедно место) на рабинот Барзилаи со помош на локалните власти и членови на антифашистичкото движење. Сепак, и покрај огромната помош која рабинот ја пружал на локалнотот население, околу 1500 евреи не успеале да избегнат апсење и прогон во Аушвиц- Биркенау, а 800 од нив биле заробени токму овде пред синагогата.Првите Eвреи во Атина

    Нашата група застана да го слушне краткото предавање по историја на нашиот водич/истражувач пред античката Агора (археолошко наоѓалиште) каде се пронајдени остатоци од стара синагога кои датираат од III век н.е.Според историчарот М.Молко забележан е контакт помеѓу атињаните и јудејците во VI век п.н.е. иако населувањето ви Грција започнало во хеленистичко време по освојувањата на Александар на Блискиот Исток. Во римско и византиско време грците и јудејците живееле во заедничка империја и користеле заеднички јазик – грчки. Водичот на групата ни посочи дека лесно можеме да пронајдеме еврејски населби од доцната антика низ цела Грција ако ги побараме во Библијата (Делата на Апостолите), особено во Посланијата на Апостол Павле (и неговите посети) до еврејските заедници во I век н.е.

    III век н.е. Фрагмент од плиток релјеф (бас релјеф) пронајден во атинската Агора на кој е прикажана Менора и палмин лист (lulav). Евреите продолжиле да пристигаат и да се населуваат во Грција по бунтовите во Јудеа и уништувањето на храмот на Соломон од Римјаните.

    Нов споменик на Холокаустот

    Групата продолжи кон најзначајниот споменик на Холокаустот во Атина кој се наоѓа веднаш до Агората на крајот на ул. Ерму во населбата Тисио. Споменикот е поставен во 2010 год. после петгодишна работа и е мермерна скулптура на скулпторот Диана Маганиа. Загубата на животи на еврејската заедница во Грција изнесува 87% од вкупното население и е една од највисоките стапки во Европа, оттаму зраците на Давидовата ѕвезда се скршени и одвоени од јадрото кое сепак опстојува.Имињата на грчките градови изгравирани на зраците се потсетник на некогашните истакнати заедници. Споменати се Солун, Кавала, Драма, Серес, Ксанти, Лариса, Вериа, Волос, Халкида.Градови кои никогаш не ги залечиле раните од загубата на еврејското наследство се Јанина во северозападна Грција (централно место на Романиотите) и Ханиа на островот Крит. Во 2004 година грчкиот Парламент го прогласи 27ми јануари за Ден на сеќавање на грчките евреи, жртви и херои на Холокаустот.

    Мелидони, улицата на синагогите

    Близу споменикот се протега малата, елегантна улица Мелидони каде се наоѓаат двете активни синагоги во Атина. Нашата група трагачи беше пречекана од Рабинот Мизан и членовите на Атинската Еврејска Заедница во сефардската синагога Бет Шалом (изградена 1935), единствената која редовно функционира. Нејзините архитектонски карактеристики се уникатни, поинакви од она што вообичаено се наоѓа во синагогите во Грција, и вклучува два витражи кои прикажуваат гледишта на верата насликани од уметници кои не се Евреи.Кога влеговме во синагогата забележав ненадејна промена кај моите сограѓани кои престанаа да зборуваат и мирно седнаа, такашто рабинот почувствува потреба да ни објасни дека синагогата не е црква, односно не се смета за пребивалиште на Бог, па затоа не мора сите да молчат. Во опуштената атмосфера посетителите беа информирани дека ова е мултифункционално место за социјална интеракција вклучувајќи и неформални средби со пријателите. Јазикот кој е сочуван со зачувувањето на религијата е од најголема важност за одржување цврсти врски помеѓу различните групи евреи кои живееле и живеат на територијата на Грција. Рабинот Мизан, роден во Лариса, одговори на желбата на посетителите да го видат најстариот свиток од Тората што го поседува оваа синагога, којшто тој лично го купил и реставрирал според одредбите на верата.Ец Хаим романиотската синагога (изградена 1904, позната и како Јанотики “од Јанина”) се наоѓа од спротивната страна на Бет Шалом на улицата Мелидони. Единствената романиотска синагога која служи на заедница на грчки романиоти се наоѓа на Менхетен, Њујорк. Кехила Кедоша Јанина била изградена во 1927 од романиотите од Јанина кои се приклучиле на големиот бран доселеници во САД на почетокот на XX век. По Холокаустот во Грција такви поделби според потеклото речиси и да не постојат и заедницата е заинтересирана единствено да го зачува идентитетот кој кореспондира со нивните современи потреби.

    Храна за размислување

    На крајот на нашата потрага ја запознавме Нехама Хендел од Франција која, заедно со сопругот рабин, е сопственик на нов кошер ресторан (служи храна која е во согласност со правилата за исхрана на Јудаизмот). Таа шармантно се извини за нејзиниот француски акцент и нè покани во “Гостијо” на специјален оброк за нашата група. Сефардскиот ресторан ги таргетира локалните жители и туристи кои ги следат строгите одредби на еврејската исхрана или пак имаат желба да ја запознаат кујната инспирирана од грчката и медитеранската еврејска традиција.Кошер храната е во голем дел компатибилна со традиционалните грчки јадења од зеленчук, љубовта кон виното и морска риба. За жал, тешко се наоѓаат состојки со соодветен сертификат на грчките пазари и најмногу зависат од увоз. Еврејската заедница е премногу мала за да ја зголеми побарувачката, иако има зголемен тренд на сертифицирање на кошер храна која доаѓа од странство, но има за цел локалната грчка храна да добие кошер сертификат.

    Постои еден непобитен факт: бројот на грчките евреи се намалува не само поради мешаните бракови туку и поради општиот тренд на стареење на нацијата (појава распространета во сите јужноевропски држави) и отселувањето на младите погодени од финансиската криза.

    Музиката е нераздвоен дел од секое дружење во Грција па затоа за крај на денот група музичари изведоа песни од традицијата на сефардите. Голем број членови на заедницата ни се придружија на вкусниот ручек.


    Ако сакате самите да одите во потрага еве неколку корисни информации:

    • Jewish Museum of Greece,29 Nikis street (Syntagma)

    www.jewishmuseum.gr

    • The Athens Agora

    http://odysseus.culture.gr/h/3/eh351.jsp?obj_id=2485

    • Beth Shalom Synagogue

    http://www.chabad.gr/templates/articlecco_cdo/aid/66375/jewish/Synagogues.htm

    • Gostijo Sephardic restaurant

    https://www.facebook.com/Gostijo?sk=photos#!/Gostijo

    • Kosher food in Athens

    http://www.jewishmuseum.gr/en/information/restaurants.html

    • Kosher consultants in Greece (technical info)

    www.koshertechnicalkonsultants.org

    Софија Николау

  • „Кино Тисион“ – отвореното кино и неговата успешна приказна

    „Кино Тисион“ – отвореното кино и неговата успешна приказна

    „Приходот ни се дуплираше оваа година“ е фраза која ретко може да се слушне во Грција овие денови. Сепак тоа може да го каже Томас Маниакис кој во последните 30 години заедно со своето семејство го води отвореното кино „Сине Тисион“. Бројна интернационална публика се заинтереса за ова кино, кое важи за едно од најстарите кина на отворено во Атина (датира од 1935), откако минатото лето истото беше прогласено за најдобро, според сајтот за патувања Си-Ен-Ен Го.

    http://www.cnngo.com/explorations/escape/worlds-10-coolest-movie-theaters-355218

    Ваквата позиција пред се се должи на погледот на Акропол, но сепак верните фанови знаат дека се работи за многу повеќе од тоа.

    Исечоци од весници за неговата интернационална популарност се изложени на самиот влез, додека Хера, најпознатото куче-синефил во Атина се одмора покрај билетарницата.

    Сине Тисион е лоцирано на променадата која се наоѓа околу археолошките знаменитости во Атина, во непосредна близина на Акропол и метро станицата Тисион. Неговите простории се заштитни со законот за културни споменици.

    Природното ладење на  воздухот, дополнето со подземните потоци и густите лозници што ги опкружуваат неговите ѕидини се одамна познати на Атинската публика. Цената на билетите (регуларна 8 евра, за студенти 6 евра) останува ниска и прфатлива – политика на работење што оваа година ја прифатија повеќето историски кина во Атина.

    Прокециите се специјализирани за класични и современи филмови кои се наградувани ширум Европа и САД. „Прожектираме барем по еден филм од Алфред Хичкок за време на 6-месечната сезона“, вели Маниакис, а неговата изјава може да се докаже со постерот од „Човекот кој знаеше премногу“ ( „The Man Who Knew Too Much“), кој е поставен на влезот на таблата што ги најавува насловите што ќе бидат прикажани наскоро.

    „Север- Североисток“ на Хичкок се памети како топ хит филм на Сине-Тисион за изминатата декада, со рекорден број на недели на програмата и најширок возрасен ранг на гледачи. Уште еднаш, агонијата на Кери Грант се покажува како исплатилива.

    http://www.youtube.com/watch?feature=player_detailpage&v=g458w2X9uHc

    Случајните минувачи исто така му честитаа на г. Маниакис додека го правевме интервјуто за Балкон3. Неговиот внук не нуди со популарната домашна лимонада од вишни, семеен специјалитет кој гостите може да го добијат во барот. Исто така може да се добијат вишни послужени како традиционално слатко (вриено во шербет) или пак домашен ликер (потопени во Метакса 5-стар бренди и кафеав шеќер). На крајот, Сине-Тисион оригинално го нуди најдоброто грчко мезе или таканаречената димена икра („авготарахо“) во прилог со екстра дестрилираниот грчки алкохолен пијалок наречен Ципура.

    Ако се случи ненадејно да истури силен дожд додека гледате филм, може да се сметате себеси за среќајлии: има специјално покриен простор резервиран за гледачите (ако е ладно ќе ви понудат марами и ќебиња). Но, нема ништо подобро од гледање на добар филм додека во позадина се слуша звукот на дождот што паѓа.

    Единствената целосна глетка на осветлениот Акропол навчер исто така е уникатна во споредба со сите останати кина на отворено во Атина. Шоуто со звуци и бои кои прави Партенон да ги менува боите како настан што секогаш се поклопува со проекциите на филмовите на платното во Сине Тисион и нам ни го одвлече вниманието.

    Примарна грижа на семејството Маниакис е да ја запознае младата публика со класичните филмски ремек-дела, со режисерите и актерите кои имаат важно место во кинематографската историја. Ова продолжува да биде важен елемент кој е во контраст со мејнстрим репертоарот на Мултиплекс кината.

    Конкуренцијата од Мултиплекс кината е силна и се очекува да стане посилна ако се  усвојата предложените регулативи за надградување на системите за прожектирање (со цени кои достигнуваат 80 илјади евра). Во овој момент, семејната компанија употребува најнова технологија за да го промовира Сине-Тисион на пошироката публика, со постојано апдејтирање на вебсајтот и фејсбук страницата.

    http://www.cine-thisio.gr/

    https://www.facebook.com/cinethision

    На многу генерации Атињани, слаткиот мирис на лозниците на Сине Тисион им ги враќа спомените за романтичните средби. Атинскиот поет Лукианос Килаидонис  го искористил тој призвук на носталгија што го буди ова место, во поемата во која зборува за својата младост:

    „Она што на крајот останува

    се овие ноќи огреани од Месечина,

    во кината на отворено

    ноќи што минуваат и никогаш нема да се вратат

    со мирис на орлови нокти и јасмин.“

    Брзата поствоена урбанизација на Атина, развојот на телевизијата и промените во начинот на живеење придонела за уништување и затворање не некогаш многубројните отворени кина кои наликувале на градини. Движењето за јавна свет и заштита, почнувајќи од 1980-тите помогна да се регенерира желбатаза поддршка ( преку јавен менаџмент и заштита на културното богатство) Подоцна тоа беше збогатено и со оригинални приватни инцијативи на малите компании. Денес се надеваме и веруваме дека Сине -Тисио како и  повеќето други кина на отворено кои до сега ги издржале сите притисоци , ќе постојат и во иднина за генерациите што допрва доаѓаат.

    Софија Николау

  • Добровечер Баку, Атина се јавува!

    Елефтерија Елефтериу

    ОГАЕ – Грција е официјалниот Фан клуб на грчката песна за Евровизија. Лукас Влавианос, секретар на ОГАЕ-ГР зборува за Балкон3 за активностите на Клубот, грчката песна за овогодишната Евровизија и за балканските релации.

    Лукас Влавианос

    Како се избира песната за евровизија во Грција?

    Оваа година ЕРТ (грчката телевизија), објави отворен повик, и потоа со Universal Music Greece работеа заедно на селектирање на четворица финалисти, а сите кандидати на аудицијата мораа да бидат нови уметници, кои немаа до сега снимено албум или песна. Во рок од една недела четирите песни се појавија на Фејсбук страната на ЕРТ без било каква официјална најава. Специјален настан беше организиран во новиот ексклузивен трговски центар во Атина, кој беше пренесуван во живо на телевизија и победникот беше избран со 50 отсто tele-voting и 50 отсто со жири составено од експерти за аранжман, од претставници на релевантни медиуми и изведувачи.

    За песната која е избрана оваа година?

    Оваа година е избрана песната „Афродизијак“ (музика и текст на Димитрис Стасос, Микаела Стентстром и Дајана Лоф). Пејачката, Елефтерија Елефтериу (родена на Кипар 1989 година), има студирано музика и уметност на Универзитетот во Surrey (Велика Британија). Има учествувано во грчкото шоу X-Factor и од тогаш соработува со популарни пејачи како Сакис Рувас и Никос Вертис во Атина и во Солун.

    http://www.youtube.com/watch?feature=player_detailpage&v=6f9-iNIGKXY

    Какви се активностите на ОГАЕ-ГР околу евровизискиот натпревар?

    Клубот е формиран пред околу 25 години и има околу 200 постојани членови. Тие учествуваат во различни активности во текот на целата година, како на пример запознавање со поединостите околу натпреварот и неговата музичка историја, канење на учесниците, победниците од другите земји на промотивни настани, и секако присуствување на главниот настан песна на Евровизија. Организираме и забава каде што се одржува песната на Евровизија и ги каниме сите делегации од сите земји да дојдат (секогаш доаѓаат!). Исто така организираме и специјален настан во Грција пред да биде извршена селекцијата на песна за Евровизија, со цел да ја запознаеме публиката со сите учесници на домашниот натпревар.

    Какво е вашето искуство со другите балкански земји кои учествуваат на Евровизија?

    Имаме одлични релации со сите ОГАЕ клубови во сите балкански земји. Географската близина исто така е од голема помош за почеести посети и организирање на повеќе настани. Турција, Грција и Србија имаат повеќе искуство бидејќи беа во можност да бидат домаќини на песна за Евровизија. Теоретски, ако песната стилски се базира на нашите балкански музички традиции, за нас е полесно да се поврземе да ја доживееме песната и да гласаме за неа. Но, ако песната е генерално добра, тогаш мнозинството од земјите учееснички ќе гласаат за неа – макар и со по некој поен. Многу е тешко да се најде лоша песна меѓу досегашните победнички. Јас лично мислам дека оваа година песните од Албанија, Словенија, Хрватска, Србија се многу добри. Пејачката од Република Македонија е врвно име во земјата. Пејачот од Турција е многу добар. Сите се всушност одлични песни.

    А што велите за политиката околу гласањето што е секогаш присутна..

    Да, секогаш е присутна, но како што покажува искуството во изминатите неколку години, ако песната е добра, за неа ќе гласааат поголемиот број земји. Особено откако 50 отсто од гласовите доажаат од професионалци вомузиката во секоја земја, мислам дека вообичаените политики и поделби на блокови ќе бидат надминати.. Ние секогаш сме за најдобрата песна, без оглед од каде доаѓа!

    Среќно на сите!

    Софија Николау

  • Кој е грчкиот остров што нема змии?

    Точниот одговор  – а тоа е Анафи (an-ofis, т.е. без змии) – му беше пратен по твитер на Паоло Несполи, италијански астронаут од Европската вселенска агенција кој се наоѓа на мисија на Меѓународната вселенска станица. Неговата фотографија од малечкиот остров Анафи во групата Цикладски острови (Cyclades) во Егејското море, е една од многуте на кои е фотографирана нашата сина планета.

    Островот Анафи фотографиран од вселената

    Несполи на интернет сподели стотици фотографии од Земјата што тој ги направи од вселената и доби многу ентузијастички одговори од целиот свет на секое постирање во текот на сите 159 дена колку што живееше на вселенската станица, на која работеше на техничко одржување.

    Многу од неговите фотографии можат да се видат изложени во Фондацијата Еугенидес, грчки водечки институт за технологија и вселенска наука. Влезот за изложбата со наслов „Пат во вселената, низ фотографии на Европската вселенска агенција (ESA)“, е бесплатен (работни денови од 11ч до 20:30ч, резервации на +30210 9469688) и ќе трае до четврток, 12-ти април. Изложбата беше отворена од самиот Несполи на крајот на март, а во интервјуто пред отворањето за весникот Катимерини, 54 годишниот астронаут од Милано рече: „Кога сме на земјата со око може да ги видиме само ѕвездите, но кога сето ова го гледате од горе, сфаќате дека сите ние сме поблиску едни со други отколку што мислиме дека сме. “

    Паоло Несполи

    Оние кои планираат да ја посетат изложбата на Фондацијата Еугенидес и незјините активности, треба исто така да го посетат и новиот Планетариум на институтот, најголем во цела Европа (www.eugenfound.edu.gr) и да присуствуваат на една од прекрасните презентации за Земјата и Универзумот. После се, гледано од окото на Насполи, Земјата сепак изгледа како убав син брод кој плови по вселената.

    Софија Николау

  • ДА ГО ПОДОБРИМЕ ГРЧКИОТ ТУРИЗАМ – UP GREEK TOURISM

    ДА ГО ПОДОБРИМЕ ГРЧКИОТ ТУРИЗАМ – UP GREEK TOURISM

    Доброволна „ Crowdfunding“ иницијатива за промоција на Грција во кампањите на светските медиуми Со наслов „ Up Greek Tourism“ (Да го подобриме грчкиот туризам) граѓанската иницијатива со седиште во САД собра 20.000 долари за промоција на Грција во светските медиуми, а врв на оваа кампања беше огромниот мултимедиа билборд на Тајмс Сквер во Њујорк на 25 март, денот на независноста на Грција. Кампањата вклучува интервјуа, слики и видеа во најпознатите весници и магазини во САД и во Европа, тв канали и интернет медиуми, и секако социјалните мрежи прекукои брзо се рашири низ целиот свет.

    Кампањата е едноставна и се темели на симболизам, кој има за цел да ја пренесе пораката на гостопримството.  Односно самите луѓе го покануваат светот да им „се придружи“ во нивната земја и да ја споделат убавината и позитивните чувства кои ги негува Грција и покрај сите случувања таму. http://www.upgreektourism.gr/

    Идејата ја почна Јоргос Кливокиотис (Yorgos Klivokiotis), млад Грк кој работи во Дубаи, кој заедно со уште тројца луѓе, потпомогнати од околу 30 волонтери и над 5.000 лица кои помагаат на сите можни начини во овој процес. Се повеќе и повеќе доброволци се приклучуваат на иницијативата, толку многу што многумина мораа да бидат одбиени бидејќи капацитетот на кампањата беше пополнет. Во неговиот текст во весникот Athens Free Press newspaper (LiFo), новинарот Статис Хаикакис (Stathis Haikalis), еден од тројцата координатори, го потенцира еланот доброволците и фактот што тие не се ни знаеја меѓу себе пред повикот за кампањата. Тие самите мораа да гио покријат трошоците за пат, транспорт и сите останати трошоци, бидејќи сите собрани пари беа наменети само за потребите на кампањата во медиумите. Всушност сите пари беа чувани транспарентно на сметка, така што сите донатори можеа да видат каде одат и за што одат нивните пари.

    „Она што е уште поинтересно е дека кампањата не беше само поддржана од грчките државјани што живеат во Грција, односно оние што не се грчки државјани (членови на грчката дијаспора и други лица кои дури немаат никакви грчки корени) придонесоа со 50 отсто од вкупната сума во кампањата.“

    Истовремено, уште едно видео со наслов Грција е светот (Greece is the Word) се појави на U-tube, кое на хумористичен начин, поврзувајќи го минатото и денешнината на Грција, особено преку прикажување на светски познати личности од Грција, кои имаат придонес во дефинирањето на културниот карактер на модерниот грчки народ. Да споменеме некои од нив, композиторите Микис Теодоракис (MikisTheodorakis) и Манос Хаџидакис (Manos Hatjidakis), актерката и политичарка Мелина Меркури (Melina Mercouri), филмаџиите Џон Касаветес (John Cassavetes), Михалис Какојанис (MihalisKakoyiannis), нобеловецот за поезија Одисеј Елитис (Odysseas Elytis), добитникот на Лениновата награда за мир Јани Рицоса (YiannisRitsosa) и други.

    Сите знаеме дека малите независни иницијативи на добра волја можат некогаш да направат многу и можат да имаат повеќеслојни ефекти. Ваков феномен изгледа се случува во овој период во Грција. Граѓанските иницијативи ги здружуваат заедно сите кои се обидуваат да го разбудат чувството на солидарност, граѓанската акција која беше навистина заспана во последните 30-40 години. Времето ќе покаже, а за некои времето е сега.

    Софија Николау