Category: Кујна

  • Велигден во Грција

    Велигден во Грција

    Најважните моменти од најголемиот празник во годината

    Тешко може да се опишат интензивните чувства за време на Велигден во Грција. Има очигледни и јавни промени на расположенија (од среќа во тага, од елегија во екстаза, од лирични чувства до хедонистичко уживање во добро друштво и храна). Педесетдневен пост му претходи на Велигден а во последната седмица (Светла Седмица) секојдневниот живот се одвива во склад со одбележувањето на сите драматични настани опишани во Евангелијата. Обичаите се различни во зависност од регионот, но и поради предхристијанските обичаи – прославувањето на обновувањето на природата и пролетната рамнодневица не случајно се поврзуваат со Велигден.

    Современиот живот и урбанизацијата го сменија начинот на кој ја перцепираме духовната страна на Велигден. Во денешно време повеќето луѓе постат само во текот на Светлата Седмица, а голем број воопшто не постат. Многумина не ги посетуваат бројните црковни служби кои се изведуваат во текот на целиот пост. Сепак, било да се верници или не, луѓето навистина сакаат да учествуваат во овој настан затоа што на тој начин членовите на заедницата се зближуваат. Постот исто така се смета за обид за прочистување и ревитализација на духот, па поради тоа многу луѓе се придржуваат до правилата за постење, но не во духовна смисла туку во секуларна – како воздржување од храна од животинско потекло (вегетаријанска исхрана со исклучок на морска храна и мед) и постењето е сè попопуларно кај оние кои се грижат за своето здравје. Секако и активностите на отворено и уживањето во обновувањето на природата се неразделни елементи на Велигденската традиција. Јоргован (Paschalia) е цвеќе кое го симболизира Велигден бидејќи неговото име е уште еден синоним во грчкиот јазик за овој празник. Пасха е официјалното име за Велигден кое доаѓа од еврејскиот збор – премин.

    Сите видови морска храна, житарки, мешунки и зеленчук се конзумираат во текот на големиот пост а виното е неизбежен придружник на секој јадење. Многу често во грчките домови за десерт се служи алва (смеса од мелен сусам и шекер), но и во рестораните како знак на внимание од сопственикот.

    4

    Ова се неколку од најпознатите обичаи поврзани со празникот и сите се поканети да земат учество во прославата. Цветници е ден кога после литургијата на верниците им се делат крстови направени од исплетени палмови гранчиња. Постот дозволува јадење риба па низ цела Грција на овој ден се подготвуваат највкусните специјалитети од риба.

    Украс од палмови гранчиња на островот Китера
    Украс од палмови гранчиња на островот Китера

    Свеќите (Lampades) се подарок пригоден и за деца и за возрасни. Се изработуваат на безброј инвентивни начини но еве неколку традиционални украси: бубамара (paschalitsa што значи мала Велигденска дама) е симбол на Велигден и на пролетта.

    Велики Четврток е ден кога се фарбаат Велигденските јајца во црвена боја како симбол на распнувањето кое во црквите се одбележува подоцна истата вечер во свечена атмосфера. Некои луѓе претпочитаат да ги фарбаат јајцата на традиционален начин со лушпи од кромид или со специјална техника на фарбање со користење на природни цвеќиња и листови.

    Четврток е исто така ден за печење цуреки (tsoureki), зачинети Велигденски кифлички. Рецепт кој доаѓа од Истанбул но најчесто се практикува во Солун. Велигденските кифлички кулуракија (koulourakia) се исто така популарни особено во јужна Грција. Заедно со цуреки (tsoureki) тие се разменуваат како подарок помеѓу роднини и пријатели.

    10

    Велики Петок е прв државен празник од Велигденските празнувања па многу луѓе патуваат до своите родни места или во природа на село. Тие кои остануваат во градовите имаат избор да ги посетат околните манастири каде ќе го почувствуваат Велигденскиот дух. Враќањето кон корените подразбира и посета на вечните почивалишта на претците кои се украсуваат со пролетно цвеќе и се палат свеќи во нивно сеќавање. Најзначајниот настан утрото на Велики Петок е цветното украсување на гробот Христов (Epitafios) како симбол на погребувањето на Исус Христос. Вообичаено тоа е парче платно на кое е извезена сцената на оплакувањето поставено на мал дрвен ковчег.

    Украсен Христов гроб од манастирот Влахерна, Солун

    Жените избираат со какви цвеќиња да се украси гробот и парохиите се наттпреваруваат во тоа чија декорација ќе биде поспектакуларна. Прошетка низ соседството е шанса да се разгледаат сите мирисни, шарени гробови кај соседите и е еден од омилените моменти од празникот. Вечерта на Велики Петок се одржува процесија која потсетува на погребна поворка. Луѓето држат темни свеќи во знак на жалење и ги пеат најтажните црковни стихови. На островите и крајбрежјето, места со долга поморска традиција, Христовиот гроб се носи на море и процесијата се движи низ пристаништата и бродовите.

    Хидра, Сароник
    Хидра, Сароник

    Утрото на Велика Сабота исто како и претходното на велики Петок започнува тивко. Продавниците се затворени но тишината нема да трае долго. Прв кој ја нарушува тишината е градот Крф: во 6 часот наутро од црквата на Пресвета Богородица (Panagia Xenon) се слушаат звуци на громогласно тресење и викот кои го означуваат земјотресот опишан во Библијата кој се случил по смртта на Исус на крстот. Крф е многу познат по обичајот наречен “војна на бокалите” кога садови од теракота се фрлаат од балконите за да се прослави “првото воскреснување” кое се слави во Грција во сабота напладне. Специјални садови (botides) се полнат со вода за да се добие посилен звук кога се кршат на средновековните камени улици.

    Првото воскреснување всушност се случува во Ерусалим каде Светиот Оган се пали во внатрешноста на Црквата на Христовиот гроб за време на еден мистичен ритуал на кој присуствуваат претставници од сите христијански вери и Православната Христијанска црква. Оганот се пренесува со ламба во авион до Грција за понатаму да се пренесе низ сите цркви во земјата. Најинтересниот момент е околу петнаесет минути до полноќ кога сите светла се исклучени, а луѓето се собрани во црквите во потполна темница. Во тој момент од внатрешноста на црквите огнот се пренесува со свеќи брзо ширејќи се наоколу… Точно на полноќ се пее Велигденската песна: “Христос Воскресна!”… или само така си претпоставувате затоа што во Грција на полноќ може и воопшто ништо да не слушнете. Огромен број петарди пукаат во тој момент, црквените ѕвона ѕвонат, луѓето се прегрнуваат и поздравуваат со “Христос Воскресна”. Соговорникот треба да одговори “Навистина воскресна”, но тоа секако едвај ќе го можете да го слушнете.

    На островот Калимнос вревата е посилна од било кое друго место: наместо петарди луѓето фрлаат вистински динамит од карпите кои го опкружуваат градот.

    На островот Киос “војната на ракетите” започнува помеѓу 2 ривалски заедници кои целат кон црковните ѕвона.

    http://www.youtube.com/watch?feature=player_detailpage&v=GwYrPhLBvz8#t=25s

    Запалените свеќи се носат дома и се приготвува специјална вечера за семејството и пријателите. Традицијата наложува тоа да биде јагнешко како симбол на “жртвата” или супа од јагнешки внатрешници и пролетни зачини (mayiritsa). Забавата со кршење со јајца започнува. Оној чие јајце ќе остане цело до крај, после кршење со сите присутни е победник. Не е важно ако не го знаете ритуалот на благослови и одговори за време на овој обичај (учите додека се забавувате!).

    Недела е ден посветен на заедничко славење и забава. Се играат традиционални танци, се пеат песни на отворено и ова е одлична прилика да се запознаете со разновидноста на грчкиот фолклор за време на организираните настани на централните плоштади во селата и градовите.

    Парос, островите Киклади
    Парос, островите Киклади

    Популарна народна песна посветена на пролетта од Тракискиот регион…

    …и една од Крит.

    Секое семејство подготвува ручек со јагнешко месо којшто е секогаш премногу комплициран и долготраен процес со кој не можете сами да се справите. Луѓето пеат, танцуваат, пијат и се мезат од многубројните предјадења додека чекаат да се приготви јагнешкото и да се постави Велигденската трпеза. Соседите се посетуваат за да си го честитаат празникот и да наздрават. Румелискиот регион е познат по печено јагне на ражен, обичај кој е задржан претежно во внатрешноста на Грција. Мажите се задолжени за поставување и надгледување на печењето, но сите доаѓаат да го свртат раженот барем по еднаш.

    Колачињата со младо сирење и мед од Егејот (melitinia на Санторини, kaltsounia на Крит) се десерт кој мора да го пробате. Сите видови на кифлички со сирење се добредојдени на Велигденската трпеза.

    Понеделник е последниот државен празник од Велигденските денови (во меѓувреме децата уживаат во втората недела од пролетниот распуст). За промена, ништо посебно не се организира на овој ден. Сите одмараат особено оние кои конзумирале јагнешко малку повеќе одошто требале!

    Не е важно кое место ќе го одберете – Велигден во Грција е уникатно искуство и најдобра можност да ги запознаете луѓето, па се надевам ќе се видиме наскоро!

    Среќен Велигден! Kalo Pascha! Happy Easter!

    Софија Николау

  • Турски појадок – „ Kahvaltı“

    Појадокот е најважниот дневен оброк. За да не се прескокне, според експертите за исхрана, ова најзначајно јадење во денот, во Турција постојат специјализирани ресторани за појадок. Посетувањето на ваквите ресторани заедно со целото семејство стана тренд, особено во поголемите турски гардови. Ако се подготвувате за бизнис средба во Турција немојте да се изненадите ако тоа, наместо „работен ручек“ биде „работен појадок“.

    “Не знам што мислите за јадењето, но појадокот има некоја допирна точка со задоволството, среќата“, вели познатиот турски поет Џемал Суреја, во својата песна од само два реда. Тоа е неговиот омилен, неопходен оброк, кој ја заситува и исполнува неговата душа. Особено кога софрата е полна со луѓе. Тогаш задоволството е бескрајно.

    А, ако мислите дека неколкуте залчиња, од геврекот или симитчето пред да се стигне на работа, училиште ќе завршат работа, се лажете. Тоа е само елиминирање на гладта, а не вистински појадок.

    sofra van kahvaltı sofrası 4

    Турскиот збор “kahve-altı”, значи појадување пред утринското кафе. Во последните години појадок, особено за време на викендите во Турција стана посебен сектор. Рестораните со широкиот спектар на понуда и беспрекорна услуга ја започнаа трката да стигнат до се поголем број на муштерии. Посетувањето на ваквите ресторани заедно со целото семејство, покрај социјалната активност, стана и мода.

    van2 IMG_1214

    Најпознати ресторани за појадок се Рестораните Ван“ (Ван е град на крајниот исток на Турција). Карактеристични се по тоа што сите производи се носат од самото место, природни и екстра вкусни, но имаат и голема искуство. Упатените за тие менија кратко велат „Да не јадеш, а да се најадеш“. Цената за едно лице изнесува околу 25 лири (10 евра). А еве што добивате за тие пари, односно што содржи традиционалниот турски појадок…

    otlu_peynir_2

    Тревно сирење
    За призводство на сирењето се користи овчо млеко и 20 вида на трева. Во регионот тие се познати како дива трева, некои од нив се познати под следните имиња: Свадбена цвет, сирик, хелиз, мендо и др. Овој тип на сирење преку растенијата која ги содржи во себе помага во варењето на храната и ја прочистува крвта од микро-организмите.

    Murtuga_2

    Муртуга
    Главните состојки се путер, брашно и јајца, потсетува на палачинки. Во принцип се јаде со мед и џем.

    kavut_1

    Кавут
    Се подготвува со печење на пченичното брашно со масло се додека не се добие кашеста маса. Многу е вкусен. Незаменлив производ на `Ванската` софра.

    med i susamovo maslo

    Мед и сусамово масло
    Неодолив вкус на `Ванските софри`. Составен од комбинацијата на светски познатиот мед karakovan (Црна кошница) – со сусамовото масло. За каракован погледнете на: http://turkhoneyworld.com/language_English/karakovanhoney.htm)vanski taraturВански таратур

    Главните состојки му се павлака или кајмак сирење, на него се додава магдонос и копар.

    med i kaymak

    Мед `Karakovan` (црна кошница) и кајмак
    Медот каракован го произведуваат кавкаските пчели од 1200 видови на различни цветови и во длабочина од 30 см во дудинките (црници). Медот во таа длабочина стои 6 месеци без светлина. Најважната карактеристика е што е произведен од пчелите без никаква човечка интервенција.vankahvaltieviСекако на софрата има и: бело сирење, кашкавал, домати, краставици, салати, путер, јајца (пржени со сучук), менемен (јадење од јајца, домат, кромид и пиперки подготвени во тава, ореви и чај колку што ќе посакате.

    Уживајте во појадокот со Балкон3.

    (Х.Г.)

  • Големите мајстори на пивото открија галерија на големите сликарски мајстори

    „Уметност и пиво“ – Уникатна изложба на Пивара Скопје Pivara Skopje_Umetsnost & pivo_balkon3_FOTO 6

    Исто како и прапочетоците на сликарството, првите пештерски цртежи, уметноста на правење на пиво е еден од најстарите напори на човекот. Пивото се прави од четири состојки: вода, јачмен, хмељ и квасец. И одовде натаму се е уметност. Седум илјади години се прават обиди тие основни состојки да се претворат, да му дадат живот на нешто што има уникатен вкус, мирис, боја и е достапно до секого. А тајната на доброто пиво, и покрај едноставноста на состојките,  зависи од оригиналниот рецепт и од уметничките вештини на пивските мајстори. Исто како и во сликарската уметност, од неколку основни бои да се насликаат живи и оригинални уметнички дела  кои будат емоции, ве оставаат без здив. Тука лежи оригиналниот спој на уметноста на правењето пиво и сликарството.

    PS_Umetnost & Pivo_balkon3_FOTO 8

    За првпат во јавноста деновиве е презентирана дел од колекцијата на Пивара Скопје на ликовни дела од најреномираните македонски сликари од XX век, дополнета со уметнички приказ на автентичната и возбудлива приказна за правење пиво и онаа на Пивара Скопје, длабоко врежана во животот на нашата заедница . Како сведоштво на 90-годишното наследство, Пивара Скопје направи оригинален спој помеѓу најпознатите претставници на современата ликовната уметност од Македонија и уметноста на правење пиво.  Поставката содржи 30-тина оригинални уметнички дела потпишани од автори како Личеноски, Мартиноски, Мазев, Наумовски, Чемерски, Корубин и други. Истата претставува само дел од една од најголемите приватни уметнички колекции во земјава, која брои 116 слики.

    Pivara Skopje_Umetnost & pivo_balkon3_FOTO

    „Задоволни сме и горди што имаме можност со јавноста да ја споделиме страста на луѓето во Пивара Скопје кон уметноста. Таа јасно се гледа преку желбата да се собере можеби највредната колекција на уметнички дела од еминентни македонски сликари, како и во секојдневната посветност да се произведе и да се понуди совршено освежување со најдобрите пива. Покажуваме дека Пивара Скопје поседува чувство и работи на зачувување на вистинските вредности значајни за заедницата на која ú припаѓа“, реле на отворањето на галеријата генералниот директор на Пивара Скопје, Александар Ружевиќ, на отворањето на овој оригинален проект наречен „Уметност и пиво“.

    првата гајба „скопско“ 1924 година
    првата гајба „скопско“ 1924 година

    „Се работи за навистина импозантен приказ на творештвото на втемелувачите на современата македонска ликовна уметност, како и на најреномираните претставници на средната генерација академски сликари од Македонија. Овие дела имаат бесценета уметничка вредност и огромно значење за нашето културно наследство, што дава посебна тежина на грижата на една компанија, како Пивара Скопје, и на нејзиниот напор да ја препознае оваа вредност и  да вложи во нејзиното зачувување и афирмација“, рече Мирјана Талеска, кустос советник во Националната галерија на Македонија.

    Во изложбата од препознатливи македонски пејзажи и богати колорити на делата од големите мајстори, совршено се вклопени и артефактите кои сведочат за деветдецениската историја на Пивара Скопје, како и иновативен приказ на правењето пиво како оригинална уметност и култура на живеење.

    Umetnost & Pivo_balkon3_FOTO_Hmelj

    „Пивара Скопје исто така креира уметност. Уметноста на правење пиво е во срцето на нашето постоење“, вели Кирчо Стојанов – менаџер за производство на пиво во Пивара Скопје. „Исто како и големите сликарски мајстори, суштината на уметноста на правење пиво лежи во начинот на кој ќе ја ставиме во функција природата и нејзините убавини, употребувајќи го целокупното наше знаење и вештини. Во нашиот занает тоа значи да се пронајде совршената комбинација на четирите природни состојки кои му даваат живот на најдоброто пиво – водата, јачменот, хмељот и квасецот“, додава Стојанов, еден од најискусните пивски мајстори не само во земјава, туку и пошироко.

    сите пива на „скопско“
    сите пива на „скопско“

    „Порта Македонија“ ќе биде домаќин на изложбата „Уметност и пиво“ на Пивара Скопје за сите заинтересирани посетители во перидот од 10-ти јуни до 10-ти јули оваа година.

    Д.Ч.

  • Кевин Сбрага за Балкон3: Македонската кујна е прекрасна, и треба само повеќе креативност!

    Амбасадата на САД деновиве беше домаќин на еден од најпознатите американски кувари,Кевин Сбрага кој ја посети Македонија. Кевин имаше средби со кувари, студенти по гастрономија, менаџери на ресторани и сопственици со цел да ги сподели искуствата и американските рецепти, но и да научи за традиционалната македонска кујна. неговата посета е дел од програмата на Американскиот Стејт Департмент за Кулинарска дипломатија.

    Балкон3 го интевјуираше Кевин Сбрага во ресторанот Барбакан откако тој на група македонски ученици им одржа практична настава за подготвување на американски палачинки.

    sbraga44_balkon3

    Г-не Сбрага за прв пат сте во Македонија, Како се чувствувате?

    • Земјата е убава, луѓето се многу фини. Денеска готвев со децата, тие беа прекрасни, восхитувачки трпеливи. Навистина сите се интересираа за она што го правиме и се грижеа како ќе излезе. Мислам дека им беше многу забавно.

    Која е идејата на кулинарската дипломатија, што еве со вашето доаѓање почнува овде?

    • Целата идеја на кулинарската дипломатија е американски кувари, да дојдат овде, да бидат еден вид кулинарски амбасадори, да презентираат дел од американската кујна, американските јадења, додека истовремено учат и стекнуваат знаења за храната и културата на земјата во која се дојдени. Овде, јас зготвив пилешко, но исто така јадев и гледав како се прави ѓомлезе. Јадев и бурек денеска и слични јадења. Тие рецепти и знаења ќе можам да ги земам со себе во САД.

    sbraga2_balkon3

    Гледав многу интересни фотографии од Охрид. Што готвевте таму, според фотографиите сте си поминале прекрасно.

    • Првото што го зготвив таму беше нешто што е многу американско, многу традиционално. Пржено пилешко и салата од компири. И сакав да зготвам нешто што ние го јадеме таму. Потоа, следниот ден, зготвив салата од праски со козјо сирење, и тоа беше малку повеќе фенси и креативно.

    Има ли некои сличности меѓу македонската и американската кујна?

    • Мислам дека сличностите се во одличните свежи, непроцесирани состојки. Видов одлични ротквици овде, а исти такви можам да најдам и во САД. Овде можам да најдам и многу добра зелена салата, исто како и во САД. Можеби само начинот на кој ја подготвуваме е различен. Американската храна е како еден сад за претопување, мешање. Има многу културно влијание од страна, можеби има влијание од Индијанската храна, можеби од Тајландската, можеби има влијание од Македонија, од Порторико, очигледно има доста влијанија во храната. Додека овде во Македонија и во Балканскиот регион генерално, сите употребуваат локални јадења и рецепти и специфики. Мислам дека тоа е најголемата разлика.

    sbraga6_balkon3

    Кои се позитивните работи, а кои се недостатоците на македонскиот бизнис со храна? Во последно време има многу кампањи за промоција на македонската храна и вино во светот.

    • Мислам дека еден од плусевите, позитивните работи е виното. Вчера пробав прекрасно вино, всушност секој ден пробувам по некое одлично вино. А виното и храната прекрасно функционираат едно со друго. Мислам дека тој баланс на добро вино и добра храна е одличен овде. Јас сум импресиониран од тоа. Второ, повторно, тоа се состојките, свежите состојки. Фактот што луѓето во Македонија одат во продавница и пазаруваат секој ден, јас мислам дека тоа е прекрасно. Тоа го немаме во САД. Луѓето не пазаруваат секој ден, пазаруваат еднаш неделно. Но, кога одите на пазар на свежи производи и набавувате свежи состојки секој ден, тоа е за восхит. Недостатоци? Не знам дали има некои крупни недостатоци. Можеби треба да има поголема креативност со храната, можеби да се прифати малку повеќе влијание од страна, но толку. Мислам дека одличната храна е овде, луѓето овде го знаат тоа.
    gomleze
    gomleze

    Дали мирисот на храната е тоа што е најважно во едно јадење? Како што е убаво отсликано во познатиот цртан филм Рататуј, за глувчето кувар, кој на озлогласениот критичар за храна му го подготви омиленото јадење и со тоа го врати во сеќавањата од детството, на кујната на неговата баба, времето кога се беше едноставно и лесно..

    • Добро прашање.. Не знам.. Знаете, кога ги враќате сеќавањата за храната.. кога готвам, сакам да креирам сеќавање, сакам да креирам искуство.. За мене, ако помислам што готвеше мајка ми.. Таа правеше сендвич со чадено сирење.. Јас не мислам дека е само мирисот.. мислам дека е начинот како изгледа јадењето, знаете, можам да го помирисам путерот во сендвичот, путерот врз кој се става смесата од палачинките, можам да го слушнам путерот како чрчори на лебот и можам да се сетам како истекува стопеното сирење од сендвичот. Тогаш ми доаѓа оној крцкав звук кога го јадете и мирисот во исто време.. па потоа вкусот.. Мислам дека убавата храна треба да го содржи сето тоа.. И кога првиот ден овде јадевме мезе и седевме надвор, јадевме печени пиперки во масло со лук и магдонос. Јас никогаш нема да го заборавам тоа поради тоа како изгледаше, поради луѓето и поради тоа што се беше совршено.. За прв пат искусив такво нешто. Мислам дека храната го прави тоа.. покрива се друго.. Не мислам дека е само аромата или само вкусот. Мислам дека е се заедно.

    Ќе го цитирам Златко Гал, познатиот хрватски новинар, готвач, коментатор, рок критичар. Во интервју за Балкон3 тој вели: да јадеш само житарки, некои зелени листови, да пиеш Евиан вода и да трчаш 50 км дневно. По ѓаволите со тоа! Тоа не е живот! Дали се согласувате со тоа?

    • Хахаха, Да се согласувам 100% со тоа. Некои луѓе, јадат за да живеат, некои живеат за да јадат. Јас уживам во храната. Не само да ја јадам, туку уживам во целосното искуство во седењето, јадењето, дружењето, разговорите.. Уживам во амбиентот, уживам в музиката, за мене тоа е дел од животот, дел од она што ме прави среќен. Ако има луѓе кои што сакаат да пијат само Евиан вода и да јадат житарки и да трчаат по 50 км на ден, во реед, но тоа не сум јас.

    sbraga16_balkon3

    Кој е вашиот совет за македонските кувари, на што да обрнат внимание, на што да се фокусираат во подготвувањето на добрата храна со цел да станат познати?

    • Утрово бев во продавница и видов блитва. Има многу листови овој вид зеленчук и јас реков. Еј, колку е убаво, одамна немам видено. И еден од пријателите кои беа со мене рече. О, тоа ние го служиме со риба. Е, ние во САД блитвата ја служиме со се. Може да биде со риба, со свинско месо, со пилешко. И јас мислам дека ако Македонците размислуваат на тој начин, на пример: Еј, јас можам да го зготвам ова со малку лук, со масло и можеби магдонос и можам да го послужам со јагнешко, или со свинско, или со пастрмка, со било што.. Само отворете го умот и не размислувајте дека може да се служи само со риба. Има многу начини да се истражува храната!

    Што најмногу ви се бендисува од балканската храна?

    • Ја сакам едноставноста да се има се на дофат. Денеска во маркетот видов ротквици, рано кромитче, лукче, див праз, магдонос.. Јас ги сакам овие вкусови, тоа се моите омилени вкусови..

    Веројатно патувате многу. Кои земји во регионот ги посетивте?

    • Да, патувам често. Бев на Хаити, на Карибите пред две седмици, а во регионот сум бил и порано. Сум ги посетил Грција, Турција и Хрватска, следната недела одам за Косово, така што возбудливо е да се биде во сите овие земји.

    sbraga30_balkon3

    Како го објаснувате се поизразениот став на младите луѓе дека со еден вид гордост објавуваат дека не знаат да готват, или дека знаат само да спржат јајца?

    • Мислам дека е важно за секој да научи да готви иако не секој е гурман.. да се научат некои основни работи. Тоа е како чистење на вашите алишта, сите треба да научат како да си ја исчистат облеката. Така што, кога младите велат не знаат да готват или не сакаат да готват, јас мислам дека би требало да научат малку.

    Храната е вашиот живот. Дали нешто ново, интересно го има привлечено вашето вимание во последно време на ова поле?

    • Многу работи го привлекуваат моето внимание. Всушност, нема нешто што не го привлекува. Вчера набљудував подготвување на јадење надвор на отворено. Луѓето готвеа на отворен оган, правеа ѓомлезе. Не сум видел такво нешто порано. Инспириран сум од тоа. Инспириран сум од тоа како ја користат тепсијата, како палат оган одоздола. Инспириран сум од едноставни нешта.

    Ñ

    Дарко Чекеровски

    Повеќе за кевин Сбрага http://www.sbragadining.com/

  • Слатко и Балканско

    Еден многу едноставен рецепт за слатко задоволство на Балканот се состои од: најголем дел овошје (и зеленчук или цвеќе) кое се претвора во конзервирана храна откако ќе се свари во густ шеќерен сируп – шербет.slatko1_balkon3

    Се прави на ист принцип како и џем но во овој случај овошјето останува цело и се цени токму таа сочувана текстура и облик. Исто како џемот и овој десерт е многу стара и практична идеја за заштеда на домашниот буџет овозможувајќи свежата храна да трае подолго и да може да се конзумира во текот на барем една година.

    Идејата звучи лесна за остварување, но всушност потребни се добра техника и барем малку искуство. Некои овошки стануваат премногу меки при варењето и потребно е однапред да бидат маринирани во лимонов сок за да се задржи обликот и крцкавоста (како што е случајот со цели млади смокви и лешници, кајсии, јагоди итн.) Други потребно е да се варат двапати затоа што испуштаат одредени природни сокови при првото варење (како што се цитрусните овошја). Во секој случај, малку лимонов сок треба да се додаде во шербетот за да се спречи негово кристализирање. Ренданата дуња и целите модри сливи традиционално се зачинуваат со многу мирисната билка која личи на гераниум (Pelargonium graveolens). Дуњата претставува врв на штедењето: лушпите, семките и остатокот од ова овошје не се фрлаат туку исто така се варат во шеќер заедно со останатите за да се добие вкусно, густо црвено желе.

    Иако идејата е иста, во нашите држави има различни прилики и начини на конзумирање.

    Морав долго да барам за да пронајдам конзервирана храна на продажба во Турција (конечно наидов на мали домати од Малатија и тие имаа извонреден вкус. Името кое секаде се користи е речели кое на турски значи џем. Една пријателка турчинка ми кажа дека џем правилно се вика “marmelata”; и додаде дека речели ретко се нуди на гостите туку се подготвува за домашна употреба (на пример за појадок). Дознав за уште едно Балканско слатко јадење денес – млад модар патлиџан и бев послужен со цели лешници во шербет од Бурса. Најтрадиционалниот ваков рецепт се конзервиранити латици од рози кои потсетуваат на џем но за кои се потребни силни кулинарски вештини за разлика од обичниот џем. Овој специјалитет може најчесто да се пронајде во продавниците.

    Од друга страна пак, на целиот јужен Балкан овој вид јадење не се конзумира за појадок а ниту пак е обичен десерт. Послужувањето слатко е цела церемонија на гостопримливост со употреба на специјални стаклени садови и сребрен прибор.

    slatko_balkon3

    Слаткото традиционално се послужува од специјален стаклен сад а лажиците се наредени околу него. (Музеј Бенаки, Атина)

    Слатко е првото нешто со кое се пречекуваат гостите во домот, заедно со чаша ладна вода. Во Македонија се нарекува слатко, а “речели” се користи за друг вид на слатко особено за тоа направено од грозје. Во Грција го нарекуваат “glyko tou koutaliou” што значи слатко од лажичка а се однесува на начинот на сервирање: лажички полни слатко ставени врз минијатурни стаклени тацни. Шербетот е секогаш премногу сладок па затоа се служи во мало количества.

    Еден пријателка од Струмица ги објасни разликите на односот кон овој обичај во минатото и денес. Само две генерации наназад ниту еден гостин не смееше да замине без да биде послужен со слатко. Слатко се служело на сите специјални прилики како што се свршувачки, венчавки и крштевки, родендени и празници, за Божик и Велигден. Кога ги спомна свршувачките се потсетив на тоа колку многу Грците го поврзуваат слаткото со овој чин; кога младоженецот се пречекува за првпат во домот на идните сватови невестата е таа која треба да го послужи со слатко. Во Скопје кај сите баби бев послужена со слатко, ладна вода и турско кафе (вистински начин да се окрепи изморен патник!). Двете се согласивме дека модерните времиња придонесоа овој обичај да се заборави во младите домаќинства. Луѓето сакаат добра домашна храна но некако тоа стана старомодно (и потребно е многу време за подготовка). Во Грција веќе е вообичаено да се купува готово слатко од продавница (за среќа постојат женски здруженија кои подготвуваат одлично слатко) или да се нарача во традиционалните кафе барови.

    Можам да ви кажам и што сè друго може да се набави во Грција. Постојат многу видови на овошје и зеленчук (основните потребни состојки) поради разновидноста на микроклиматските услови. Но постојат неколку рецепти кои се сметаат за класика како што се: слатко од  вишна (најдобро оди со сладолед со вкус на мастика), дуња (најдобро оди со густ, процеден јогурт) и горчлив портокал (несозреаните плодови се подготвуваат цели, од созреаните портокали се користи единствено кората која се лупи спирално со специјална техника). На југот на Пелопонез често се користат дебели парчиња кора од лубеница за слатко које многу ароматична. На островите Наксос и Андрос постојат нивни локални видови на цитрусни овошја (kitro и pampiloni). Круши, бобинки и јаболката се најчесто употребувани на северот на Грција но во селата планината Пилион во централна Грција се специјализирани за слатко од еден вид мали јаболки (firikia) со силна миризба кои се полнат со цели бадеми. На островот Егина близу Атина специјалитет е слатко од фстаци – и да, се прави од млади зелени плодови а понекогаш се додава мед во шербетот. На Крф, kum-quat (ситно цитрусно овошје) кое потекнува од Кина е донесено многу одамна и локалните жители се разбира прават одлично слатко од него. Најдобар од најдобрите, вистински лидер за сите видови слатко е островот Хиос. Најпопуларни се ендемските ултра миризливи минијатурни мандарини: само една лажичка никогаш не е доволна !

    slatko3_balkon3

     

     

    На Крит и Лезбос имаат доволно маслинки и можат дел да употребат за правење слатко!

     

     

     

    Па, бидејќи утврдивме дека сите сме љубители на слатко во регионов, сигурна сум дека било какво овошје што расте тука може да се употреби за слатко задоволство во било која прилика! И еве го рецептот од Хиос за слатко од вишни кое има и друга употребна вредност: 1-2 лажички растворени во ладна вода со мраз и добивате одличен освежувачки пијалок (vysinada).

    Слатко од вишна

    slatko2_balkon3

    1 кг вишни

    1,5 кг шеќер

    ½ чаша вода

    Сок од 1 лимон

    Извадете ги семките со шнола користејќи го затворениот дел (постои и специјален апарат за ова кој може да се пронајде во специјализирани продавници за слаткарство). Обидете се што помалку да го оштетите плодот и истовремено собирајте ги сите капки сок кои ќе истечат од вишните во текот на овој процес во длабок сад.

    Ставете ги вишните, сокот, водата и шеќерот во длабоко тенџере и варете на средна температура. Кога ќе зоврие намалете ја топлината. Оставете да се вари на тивок оган отстранувајќи ја пената која се создава на површина со перфорирана лажица. Слаткото е готово кога сирупот е доволно густ но не карамелизиран. За да го проверите ова, капнете малку од сирупот во вода и тој треба да се претвори во топче кое не се растопува веднаш. Пред да го тргнете тенџерето од оган додадете го лимоновиот сок и добро измешајте го. Ставете ја содржината во стерилизирани тегли, цврсто затворете го капакот и превртете ги теглите наопаку додека да се изладат. Чувајте ги теглите слатко во остава а отворените тегли во фрижидер.

    На здравје!

    Софија Николау

  • Трилече или Баклава?

    Речиси и да нема човек во Истанбул кој нема да се согласи дека слатката наречена Трилече е извонредна и оти е најсериозен противник на баклавата. Изминатата година оваа слатка во Турција се ширеше извонредно брзо.
    trilece1_balkon3

    На влезот на голем број слаткарници или продавници за брза храна може да се видат натписи: – Овдека се продава трилече. Слаткарите во елитните продажни објекти се натпреваруваат во „изработката“ на вкусниот десерт тврдејќи дека – неговото е најоригинално. А турски новинари веќе направија Топ-10 продажни места каде трилечето во Истанбул и Анкара е – највкусно. Мајстори слаткари предлагаат разни рецепти за приготвување на тој десерт на страници на речиси сите печатени медиуми.

    Во Турција сметаат дека Трилече е албански национален десерт. Некои го нарекуваат и – десертот на поранешна Југославија. Но, според турски слаткари, корените на Трилече се од Латинска Америка. Зборот произлегува од шпанските зборови – Tres и Leches што означуваат – три видови млеко. Во книгите за готвење во Шпанија од 19 век постојат рецепти за приготвување на тој десерт.

    Претпоставките се дека Трилече е пренесено во Турција преку Албанија и тоа по војната во поранешна Југославија. За тоа се „виновни“ албански иселеници кои се најмногубројна група меѓу балканските иселеници во Турција.
    trilece3_balkon3

    Во Истанбул има слаткарници кои нудат и 24/7 Трилече. Особено интересно е што такви слаткарници веќе има во побогатите квартови на градот – Бајрампаша и Алибеќуј. Во Бајрампаша позната е слаткарницата Ѓунехар каде Трилече е посебно задоволство за конзумација додека во Алибеќуј – Он-До.

    Во квартот Ејуп е и познатата слаткарница Ќучук Вардар, чиј сопственик е од Македонија, каде Трилече може да се добие по вкус „кој може да Ве разубеди во бројни дилеми“.

    Трилече веќе е на менито на ексклузивниот истанбулски хотел Черанѓир Палас каде не може секое јадење да биде вметнато на листата без да има „реноме“.

    Без разлика дали е латиноамерикански или албански, по популарснот и конзумација слатката Трилече почнува сериозно да го ниша тронот на баклавата. Целта на десертот Трилече е најверојатно – да ја симне балкавата од пиедесталот покрај се и со цената. Трилече сепак, е поевтино во споредба со баклавата во Турција.

    Рецепт и подготовка:

    http://localhost/balkon3-multisite/trileche-neodolivo-slatko-zadovolst/

    З.Ш.

  • Цело село го готви, цело село го јаде – Кешкек

    Оваа традиција е на листата на УНЕСКО како едно од нематеријалните културни богатства на Турција.keskek10_balkon3Неколку жени од мало село на југоистокот во Турција пеат песни околу огромниот аван направен од камен кој е наполнет со жито. Во рацете држат дрвени токмаци и наизменично удираат во аванот дробејќи го житото. Секој удар во аванот како да дава ритам на песната која жените ја пеат. Чиниш работата ја претвориле во песна.

    По некое време на нивното место доаѓаат мажите. Пеат „машка“ песна и машки удираат во аванот дробејќи го житото. На овој начин започнува подготовката на традиционалното јадење кешкек кое е вековна традиција која се задржала само во некои делови од Турција. Цело село го готви ова јадење чии главни состојќи се житото и месото, а потоа и цело село со истото се гоштева. Кешкекот се готви за време на свадби, празници и други веселби, а некогаш кога се повикува дожд за годината да биде родна.

    keshkek_balkon3

     

    Во подготовката на јадењето учествуваат сите-од мажи и жени па се до стари и деца. Едните работат, а другите пеат, па потоа вторите работат, а првите свират на зурли и тапани. Подготовката е пропратена со гласна песна и музика, татнеж на зурлите и силниот удар на тапаните. Да се чуе до другото село дека се подготвува кешкек и дека има веселба. Откако житото ќе се издроби, заедно со месото се става во огромен бакарен котел чие дно е намачкано со пепел за да не изгори на силниот оган. Мајстори за ова јадење се таканаречените кешкеци чие знаење за подготовка на кешкекот се пренесува од генерација на генерација.

    Кешкекот се готви цел ден и цела ноќ. Ако денот е исполнет со песни, ноќта се дочекува со шеги и приказни. Наредниот ден кешкекот се меша со дрвени мешалки се додека не се добие совршено зготвен кешкек кој потоа се јаде од еден заднички сад. Долго се подготвува, но брзо го снемува од чиниите, таква е судбината на кешкекот. Толку е длабоко врежан во традицијата на одредени групи што во Турција постои и село кое го носи името на ова јадење. На некои места пак често на неженетите момчиња или пак на немажените девојки „заобиколено“ им се дава до знаење дека им е време за мажење со прашањето „кога ќе го јадеме твојот кешкек“?

    03258-BIG

    Текст: Александар Манасиев

    Видео и фотографии: Министерство за култура и туризам на Турција

  • Христопсомо – Грчки Божиќен леб

    Ова округло лепче е незаменливо за божиќниот ручек кој е најважниот божиќен оброк во Грција.bread_christmas_balkon3Честопати ќе го сретнете со буквата В обликувана одозгора, која е симбол на плуг, и со цели лешници кои ја дополнуваат декорацијата.  Колачот е наменет за прославување на раѓањето на Исус Христос, но во исто време е идентичен со древните колачи кои се служеле во ова време од годината (зимската рамнодневица). Слично тесто по состојки и вкус (а не по облик)се користи во различни региони во земјата за различни празнувања, како што се Ептазимо , локалниот леб на островот Калимнос и Артос кој е церемонијален леб што се нуди после литургија на специјални празнични денови.

    Некои велат дека не треба да го сечат Христопсомо со нож, туку да го прекршат со раце за да не се “растури” благословот.

    Состојки:bread1_christmas_balkon3

    4 чаши бело сeнаменско брашно

    25 гр. свеж квасец

    2 кафени лажички шеќер

    1 голема лажица маслиново масло

    1 јајце

    1 мала лажица анасон

    1/2 чаша вода

    Сусам

    Цели ореви

    Подготовка:

    Во голем сад растопете го квасецот  и шеќерот во половина чаша млака вода. Додадете 1 чаша брашно и промешајте. Покријте го садот и оставете го да стои на млако место околу 15 минути. Сварете го анасонот во малку вода, една чаша, процедете и оставете ја водата да се излади. Додадете го остатокот од брашното, маслиновото масло, јајцето, анасонот и остатокот од водата во нараснатиот квасец и месете додека тестото да стане меко и еластично. Покријте го тестото и оставете го да отстои еден час додека да се зголеми двојно во волумен. Оставете малку од тестото настрана а остатокот обликувајте го во облик на топка.Намачкајте едно тавче за печење со маслиново масло,ставете ја топката тесто на средина и сплескајте ја  да ја израмните. Тестото кое го оставивте на страна може да го обликувате за да го украсите горниот дел на лебот со форми како лисја, дрвја, животни и овошје, во зависност од тоа колку сте уметнички настроени. Не заборавајте да ставите еден или повеќе цели ореви одозгора а може и да наросите малку сусам. Оставете го тестото повторно да отстои околу половина час а потоа ставете го тавчето за печење во загреана рерна на 180°C. Откако лебот ќе почне да добива кафеава боја покријте го со алуминиумска фолија, бидејќи може лесно да изгори поради шеќерот. Се пече вкупно околу 35 минути.

    Софија Николау

  • Крем супа од моркови – од Британија и Индија преку Грција

    Лекции научени од грчките студенти во британско – индиската кујнаsoup_curry_balkon3Неколкуте декади на живеење и студирање во Велика Британија оставија трајни и неизбришливи траги кај многу генерации на Грци. Секако, сеприсутната британско-индиска кујна е едно од најнеизбежните влијанија. Еве еден рецепт со кари за хранлива, брза и лесна супа. Не е совршено јадење само за студенти, туку секако, за сите!

    Оваа посебна фузија на вкусови звучи егзотично, но можете да експериментирате слободно со количината и различните зачини и состојки. Така што, слободно, прилагодете ја по сопствен вкус и уживајте:)

    Состојки:

    500 гр моркови

    1 парче праз

    2 супени лажици путер или маргарин

    3 супени лажици брашно

    1 литар жешка вода од зеленчук (од продавница или дома подготвена)

    1 свежо гранче мајчина душица или 1 лажица сушена мајчина душицаcurry-soup11_balkon3

    1 лажица луто кари

    1 шолја млеко

    Сол и црн бибер

    Половина кора од портокал

    Една чашка цврст јогурт или павлака

    Подготовка:

    Исчистете ги морковите и исецкајте ги на поголеми тркалца. Исчистете го празот и исецкајте го на кругчиња. Ставете ги во големо тенџере и пржете ги во маргаринот или путерот околу пет минути, на средно силен оган. Истурете го брашното врз зеленчукот и мешајте околу 2-3 минути. Ставете ја водата од зеленчук, додадете го карито и мајчината душица, намалете на тивко и варете додека зеленчукот не омекне, промешувајќи од време на време. Отстранете го зеленчукот со лажица со дупчиња (перфорирана лажица), ставете ги во блендер да се измелат, или само испасирајте со вилушка и потоа вратете ги во тенџерето заедно со млекото и оставете да се варат уште десет минути (а тука додадете и сол и црн бибер). При сервирање ставете во една лажица павлака во секоја чинија со супа и иситнете малку од кората од портокал.

    Уживајте во оваа несекојдневна супа на Балкон3:)

    Софија Николау

  • Мусака – едно име, многу вкусови

    Мусака – едно име, многу вкусови

    Мусаката е омилен специјалитет и во Македонија, и во Грција и во Турција. Во сите три земји го носи истото име, но се подготвува на различен начин и со различни состојки. Мусаката исто така е едно од најпопуларните јадења и во земјите на Блискиот и Средниот Исток.

    Во продолжение погледнете како да го подготвите овој специјалитет. Добар апетит!

    Миле А. Ристевски