Category: Кујна

  • Грчка пита со тиквички

    Грчка пита со тиквички

    Одлична додека е топла, но подеднакво добра и како ладно предјадење. Два типа на сирење, тиквици, малку кулинираска способност, многу повеќе волја и креативност и добивате извонреден оброк, идеален за во секоја пригода. За комплетна подготовка ќе ви треба некаде околу час и половина, време кое верувајте нема залудно да го потрошите. Со првиот залак ќе се уверите дека направивте одличен избор кога одлучивте да ја приготвите оваа грчка пита со тиквички.

    Подготовка

    Поради специфичната густина која ја има грчката павлака, најдобро е токму неа да ја користите за овој рецепт. Како замена за неа, можете да користите и обично кисело млеко, но откако добро ќе го процедите за да се исцеди вишокот течност. Тиквичките не треба да се лупат, само добро да се измијат и да се исецкаат на коцкички. Младиот лук се сецка на кругчиња.

    Во поголем сад загрејте маслиново масло, се додаваат тиквиците и лукот, се посолуваат и се динстаат околу 20 миниту на мала температура. Тиквичките треба добро да омекнат, но не да станат кашести.

    Во поголема чинија ставете ги јајцата и павлаката и добро измешајте ги. Потоа ставете го брашното во кое предоходно сте ставиле прашок за пециво. Кога смесата добро ќе се соедини, ставете ја фетата, моцарелата и издинстаните тиквички. Промешајте, додате сол, магданос и бибер.

    Ставете ја целата смеса во тавче фино премачкано со зејтин и одозгора наредете ги кругчињата од тиквица. Во добро загреана рерна на 180 степени печете еден час. Испечената пита доволно е да се олади 15 минути, а потоа исечете ја на коцки. Бон апетит.

    Потребни состојки

    125 мл.  маслиново масло
    250 гр.  Ситно сецкан млад лук
    3 тиквички со средна големина(тежина околу 700гр.)
    5/6   јајца во зависност од нивната големина
    250 мл.   грчки павлака или изцедено кисело млеко
    250 гр. Брашно
    3 лажички прашок за пециво
    150 гр.  Фета сирење
    150 гр.  Моцарела
    сецкан магдонос
    бибер, сол
    12 тенки крукчиња тиквица за декорација

  • Празничен Куглоф колач

    Празничен Куглоф колач

    Ова е еден од најуниверзалните празнични колачи, кој многу често е дел до семејните трпези. Независно дали станува збор за Велигденски или Божиќни празници, или стандарден неделен ручек, со овој изворно германски, односно австриски колач, не може да погрешите. Постојат еден мал милион рецепти и варијации на оваа тема, така што нема шанси да не направите колач кој вашите најблиски нема ќе го изедат до последното парче.  Еве еден наш рецепт за куглоф како предлог за празничен десерт, за кој нема да ви треба повеќе од 30 минути за целосна подготовка и печење.  Уживајте!

    Подготовка
    Измиксирајте го стопениот путер заедно со шеќерот и ванилиниот шеќер. Додавајте едно по едно јајце, потоа млеко и на крај брашното измешано со прашокот за пециво. Поделете ја смесата на два еднакви дела. Во едната половина додадете какао и мелени ореви или лешници.

    Калапот за куглоф добро премачкајте го со путер. Наизменично ставајте една лажица од светлата и една лажица од темната смеса. Потоа сменете го редоследот, прво ставете од темната, па од светлата, за да добиете фино прошарана смеса.  Печете го во добро загреана рерна на температура од 180 степени, околу 20 миниту. Откако ќе се испече на него посипете шеќер во прав. Чоколадните сладокусци можат куглофот да го прелијат и со стопено чоколадо и да го посипат со дробени ореви или лешници.

    Потребни состојки

    250 гр. путер
    300 гр. шеќер
    1 ванилин шеќер
    5 јајца
    1.5 dl млеко
    400 гр. брашно
    1 прашок за пециво
    100 гр. ореви/лешници
    1 лажица какао

    Уживајте во пртазниците и Куглоф колачот на Балкон3!

  • Колачи со вкус на баклава

    Ако сте еден од оние зависници од вкусот на баклава тогаш овој рецепт дефинитивно мора да го пробате. Идеален за да ги импресионирате вашите пријатели со своите кулинарски вештини, кои на прв поглед ќе се изненадат пред се од формата, но не и од вкусот кој навистина е извореден. Одличен рецепт, едноставен за подготовка за кој нема да ви треба повеќе од 30 минути. За одвоеното време верувајте дека ќе добиете одличен резултат со кој ќе успеете да измамите насмевка кај вашите најблиски. Овие колачиња можат да се послужат во секоја пригода, независно дали како десерт по јадење или како додаток со кафе. Уживајте!

    Подготовка на филот

    Во исецканиот путер ставете шеќер и добро промешајте, се додека не добиете компактна структура. Потоа додадете цимет и измелени ореви или лешници.

    Подготовка на тестото

    Во посебен сад, ставете брашно, прашок за пециво и сода.
    Во друг сад изматете го путерот со шеќерот и едното јајце. Добро измешајте се додека шеќерот добро не се соедини. Постепено во садот додавајте го јогурот и брашното, во неколу етапи и постојано мешајте.

    Загрејте ја рерната на 200 степени. Модлите премачкајте ги со путер за да смесата не ви се залепи при печење. Во секој калап ставете една лажица од тестото, па потоа една од филот и уште една лажица од тестото.
    Koлачите ги печете не повеќе од 15 минути. Откако ќе добијат фина златна боја, ги вадите и ги оставате да се оладат неколку минути. Потоа премачкајте ги со веќе претходно подготвениот врел шербет направен од мед и сок од портокал или лимон.

    За 12 колачиња ви требаат:

    200 грама брашно
    1 кафена лажица прашок за пециво
    ½  лажица сода
    70 грама кафеав шеќер
    1 јајце
    40 грама путер
    250 мл јогурт

    За подготовка на фил:

    50 гр мелени ореви или лешници
    70 гр кафеав шеќер
    ½  лажица цимет
    40 грама путер

    За шербетот:

    5 полни лажици мед
    1 ½ лажица сок од портокал или лимoн.

     

  • Кајмачина – Румелиско благо

    Кајмачината e лесно и вкусно благо од балканските простори. Благото се подготвува многу брзо и лесно, наликува на кремаста карамела, но недостасува карамелата.  Во оргиналниот рецепт за кајмачината не е предвидена рендана кора од портокал или ванила, но тоа се додава за да се потисне мирисот на јајцето, кое е основна состојка и го има во изобилство.

    Потребни состојки

    1 литар млеко

    5 јајца

    1 чаша за вода шеќер

    1 рендана кора од портокал или ванила

    Подготовка

    Јајцата и шеќерот се матат се додека шеќерот целосно не се раствори. Потоа во смесата се додава еден литар млеко и се продолжува со матење. Смесата од млеко, јајце и шеќер се става во еден стаклен сад, а потоа овој сад се става во друг сад (тенџере) полно со вода.

    Се пече во рерна загреана на 170 степени, се додека не добие светло кафена боја. Благото може да се сервира кога целосно ќе се олади. Овошен сос при сервирање е многу добра идеја…:)

     

  • Дестан – connecting people“.

    Прашајте ги скопјани која е најпознатата ќебапчилница, каде е вкусот на ќебапите и денес истиот каков што бил кога биле деца – речиси сите ќе ви го кажат истото: „Кај Дестан“.

    Вкусот на ќебапите од „Дестан“ ги плени и денес како што им се радувале како деца, кога родителите ќе ги однеселе таму. И тогаш и денес, на соседните маси ќе ги чуете сите можни јазици – домашни и странски, познати или непознати, луѓе да се почестат по некој повод од прочуената петка или десетка со кромид, ќебапи од јунешко месо, сервирани едноставно, со лепиња, луто пиперче за возрасните, пиво, сок или кисела вода. Истата едноставност плени и денес. Само вилушка, без помодарска гарнир-естетика – просто, а ремек-дело, како хаику.

    Врската на скопјани со ќебапчилницата на Дестан е специфична и трае до крајот на животот. Тој што имал прилика да ја набљудува одблиску, забележал дека истовремено тоа е срдечна и силна врска меѓу домаќините и муштериите. Се познаваат, речиси семејно, низ неколку генерации. Како што ќе ви раскажат домаќините, до толку се познаваат со муштериите, што знаат чие дете било умно или неумно кога во детството ќе дојделе, кое било тешко да го натераат да јаде, а кое ненаситно за ќебапчиња – „обични“ луѓе или луѓе што денес станале славни познати фаци.

    Ќебапчилницата „Дестан“ во Старата скопска чаршија

    Еден од луѓето што имале прилика одблиску да ја следат историјата на „Дестан“ е Даре Митревски, сопственик на опинчарскиот дуќан „Џамбаз“ во Стара Чаршија. Вели, времињата се менуваат, но квалитетот и угледот на „Дестан“, трае.

    „За Дестан знам уште од најмала возраст, кога сум доаѓал тука, во дуќанот, кога во него работеа моите родители. Беше најголема радост кога ќе ни купеа ќебапчиња. Најубавите ќебапчиња. До ден денес не сум го заборавил тој мирис. Доаѓаа од цела Југославија. Тука се поминуваше од Железничката станица за Бит пазар – луѓе чекаа редови да купат ќебапчиња, кој пет, кој три, кој десет – тогаш немаше како денес, по петнаесет-дваесет. Татко ми ќе спечалеше некој динар и ќе речеше: трчи да си купиш ќебапчиња! Ние летавме кај Дестан. Ќебапчиња не се јадеа секој ден. Ќе дојдевме како деца да му помогнеме на татко ми во дуќанот, да го замениме додека да заврши некоја работа, а тој ќе не’ наградеше – да се израдуваме. Бевме четири братчиња и една сестра – не можеше често да си го дозволиме тоа. Тоа беа посебни денови! Традицијата на Дестан ја продолжија неговите синови и внуци, се проширија на двете страни на Вардар, секаде имаат углед, месото е квалитетно, чесни се со наплатата – цената е иста за секого. Се случува кога ќе дојдат странци кај мене во дуќанот да прашаат каде има сигурна храна – јас секојпат ги праќам кај Дестан. До сега не се случило некој да не бил задоволен или да имал проблеми од храната кај Дестан. Домаќинска фамилија, а и внуците и правнуците се такви. Можам да кажам се’ најубаво. И врапчињата знаат за Дестан!“, ни рече мајстор Даре.

    Историјата на „Дестан“ ни ја раскажа Акиф Хаџија, денешниот мајстор на семејниот занает, петта генерација.

    Акиф Хаџија

    Семејството потекнува од Гора, село Брод, денес во Косово. Пред околу 300 години, нивните прадедовци заминале на печалба во Турција, во градот Инеѓол. Таму работеле и ги учеле тајните на угостителството. За да бидат поблиску до родниот крај, еден од прадедовците, Максут, во 1913 година, решил да отвори дуќан во Скопје, во Стара чаршија. Од Инеѓол мајстор Максут ја донесол мајсторијата за правење инеѓол ќебап, која таму била негувана со векови. Од почетокот на 1970-тите, дуќанот работел под името „Стара чаршија“, но луѓето се’ повеќе ја препознавале ќебапчилницата по тогашниот мајстор, Дестан Хаџија, трета генерација во семејниот занает. Така го добила денешното име.

    „Луѓето го препознавале дуќанот по дедо ми. Викале: ќе одиме кај чичко Дестан. Така дуќанот го добил денешното име, „Дестан“, што на турски значи ‘легенда’. Семејството е многу големо и речиси сите се занимаваат или со угостителство или со трговија. Наши роднини имаат големи угостителски дуќани во Истанбул, но, таму е поинаку – голем град, многу муштерии, послаб квалитет“, ни раскажа Акиф.

    Додека разговарате со него, ќе бидете импресионирани од знаењето за работата што ја работат. Математички прецизно ќе ви каже формули и равенки колкав да е пречникот на ќебапот, колкава да е дебелината на решетката за печење, кога колкава треба да биде температурата – задржувајќи ги „непознатите“ од равенката како тајна на занаетот. Со генерации, занаетот го учат уште од деца, за време на летните распусти, кога помагале  низ дуќанот, за да научат од мали за односот кон работата, односот кон муштериите, за еден ден и тие да станат мајстори. Традицијата на ќебапите од Инеѓол до толку била грижливо чувана од мајсторите Максут, Имер, Дестан, Ешреф и, денес – Акиф, што дури и роднините од Истанбул знаат да ги пратат своите деца кај нив, на обука, сакајќи да им се вратат на вредностите и вештините што големиот град направил да ги заборават.

    Зборувајќи за искуството што на фамилијата и’ го пренесол Максут доаѓајќи од Инеѓол, ја откривате големината на живеењето во простор без граници, на големата територија на Османлиската империја. Време во кое луѓето разменувале искуства и навики од најблиските до најоддалечените места во империјата. Сфаќате дека си имате работа со кулинарски концепти кои што биле поставени пред неколку векови, што низ времето биле доусовршени.

    „Кај нас имаме начело секому да му се посвети истото внимание, без разлика дали некој е богат или сиромав. Ќебапите може да си ги дозволи секој. Тука се сите исти и секој го јаде истото. И, не е случајно што во порцијата го има токму тоа – ќебапи, кромид и луто пиперче. Месото е за да те нахрани. Кромидот има антибиотско дејство и го разложува холестеролот. Лутата пиперка е добра за крвните садови. Тоа е комбинација која не е од вчера и која што низ вековите се покажала како добра“, ни рече Акиф.

    За големината на „Дестан“ интересно искуство ни раскажа актерот Круме Стефановски, член на бендот „Старовски“ и водач на театарот на сенки – „Сенки и облаци“. За време на едно гостување во Државниот театар во Истанбул имал прилика да посети еден од рестораните на Дестановци.

    „Не знам дали Дестан е најдобрата, но секако е најпознатата ќебапчилница во Скопје, а и не само тука. Фамилијата на Дестан има голема ќебапчилница во центарот на Истанбул, каде што, исто така, прават одлични ќебапчиња. Во Истанбул разбрав дека некои од нивната фамилија имаат отворено ќебапчилници и во Њујорк и Чикаго. Убаво е што можеме со луѓе од Истанбул, од Њујорк и од Чикаго да споделиме исти искуства. Дестан – connecting people“.

    Под името „Дестан“ денес во Скопје работат три дуќани – во Стара чаршија, кај плоштад Македонија и во Буњаковец. Во 2013 ќе слават 100-годишнина, но, без врева и помпезност, иако имаат јубилеј за почит за славење. Велат, не е еснафски да се прави врева.

    Васко Марковски

    фото: Ивана Кузмановска

  • Мултиетничка вешта жена

    Мултиетничка вешта жена

    Претставување и презентација на начин на подготовка на традиционални јадења од различни националности и религии кои живеат во Тетовско. Со вакви активности беше одржана првата манифестација наречена „Мултиетничка вешта жена“, на која беа презентирани македонска, турска, албанска, православна и божикна трпеза.

    Зоран Димовски

  • Сос од лук од Кефалонија

    Сос од лук од Кефалонија

    Состојки

    600 – 700 грама компири

    5 чешниња лук

    1 супена лажица оцет

    5 супени лажици маслиново масло

    сол

     

    Подготовка

    Компирите се лупат и се варат додека да омекнат. Потоа се пасираат. Чешнињата лук се посолуваат и во аван се толчат. Ситно истолчениот лук потоа се вади од аванот и се остава во сад на страна. Компирите постепено се ставаат во дрвен сад и се мешаат постојано се додека не се претворат во пире. Се вадат од дрвениот сад и се ставаат во друг сад, каде што заедно со лукот се мешаат. Се додава една лажица оцет и една лажица маслиново масло и повторно се мешаат се додека смесата не се изедначи.

    Подготвениот сос се служи со пржени филети риба или зеленчук.

  • “Oriental cookie”- трет во светот!

    Методи Перунковски, професионален бармен, на последното Светско првенство во подготвување коктели, одржано во Варшава го освои третото место.

    Како и кога започна со подготовка на коктели?

    – Со подготовка на коктели започнав пред моето професионално вработување како професионален бармен, а тоа е пред 6 години. Претходно коктелите ми беа само пасија.

    На секој официјален натпревар со коктели се учествува со нов сопствен коктел…

    – За да се учествува на некој натпревар за коктели, мораш да имаш сопствен коктел. Тоа е коктел кој сам треба да го измислиш и да го подготвиш на натпреварот. Мојот прв јавен настап и мојот сопствен коктел е на второто државно првенство во правење коктели, во 2009-та со коктелот “Hawaian igt”. Досега имам учествувано на сите државни првенства за бармени. На четвртото државно првенство освоив прво место, во 2010-та во Барменската лига освоив второ место, во Marie brizard cup освоив трето место.

    Кој вид на коктели ти се омилени за подготовка, а кои ти се предизвик?

    – Јас лично немам ограничувања во однос на тоа кои коктели сакам да ги подготвувам. Сакам да подготвувам секакви коктели, а посебно предизвик ми се “before dinner” и “after dinner” коктелите. Тоа се коктели кои се приготвуваат во коктел(мартини) чаша и самите по себе се доста комплексни за усогласување на состојките во коктелот, бидејќи има повеќе состојки, а мнгу мал волумен на чашата.

    Како дојде до учеството на светското првенство во Варшава?

    – На последното светско првенство за коктели, кое се одржа неодамна во Варшава, Полска, учествував како државен првак на Македонија и ова беше најголемиот предизвик во мојата барменска кариера досега. Ова беше 37-мо светско првенство во приготвување на коктели, каде што секој натпреварувач со свој сопствен иновативен коктел. Севкупниот број на држави(учесници) беше 60 во категоријата “Classic” и 47 во категоријата “Flair”. Во категоријата “Classic” од оваа година секој натпреварувач се одредува во која конкуренција  ќе се натпреварува и тоа: before dinner, fancy, sparkling и after dinner. Македонија беше во конкуренцијата  after dinner, каде што имаше единаесет учесници од Кина, Ирска, Грција, Венецуела, Порторико, Финска и други. Во овааа конкуренција ние го освоивме третото место иако беше неизвесно до самиот крај на натпреварот.

    Коктелот со кој го освои третото место на Светското првенство?

    – Коктелот со кој се претставивме во Варшава се вика Oriental cookie. За љубителите на коктели еве го  неговиот рецепт:

    Havana 7 2cl

    Mozzart dark chocolate 2cl

    Kahlua 1cl

    Monin Cinnamon 1cl

    Се става свеж крем на врвот и морско оревче, свежо рендано. За декорација се користи кора од портокал и фисалис.

    Што после овој успех?

    – Би сакал да бидам повторно претставник на Македонија на наредното Светско првенство за коктели кое ќе се одржи во Кина. Ако во Варшава бевме во врвот, во Кина би сакал да бидеме на самиот врв.

    Јордан Дуков

  • Ашуре, најстарото благо во историјата на човештвото

    Ашуре, најстарото благо во историјата на човештвото

    Традиционалното, со векови старо ашуре, не е само едно обично благо, тоа пред се е еден симбол на споделувањето, солидарноста, љубовта, богатството и заедничкиот живот.

    Десетти ден од месецот Мухарем, првиот месец по исламскиот календар. Раздвиженост по пазарите. Пченицата е најбараната житна култура. Наутот, пченката, оризот, оревот, сувото гројзе, сувите кајсии се меѓу најпродаваните производи. Со векови старата традиција продолжува. Се вари ашуре. Според исламот трошењето пари за ашуре е добро дело. Работата е макотрпна. Вкусот неодолив. Се состои од десетица производи кои создаваат заеднички вкус, а од друга страна ги заштитуваат своите вкусови, поточно не се асимилираат една во друга.

    „АШАРА“ – „ДЕСЕТ, ДЕСЕТТИ

    За историјата, симболиката и значењето на најстарото благо во историјата на човештвото разговараме со Сулејман Баки, ваиз (предавач) во Мурат Пашината Џамија.

    – Денот има значајно вредност во исламската култура, ни потенцира Сулејман Баки, и додава: “Според верувањата традицијата за ашуре, стара со векови, започнува од денот кога бродот на пророкот Ное и неговите верници се спасуваат од потопот. Откако бродот пристигнува на брегот, останата храна во бродот се собира и се прави еден оброк. Тој оброк се нарекува ашуре“.

    Самиот збор ашуре потекнува од арапскиот збор „ашара“ кое во превод значи десет, десетти.  Според Сулејман хоџа, ашуре не само едно обично благо, тоа пред се е еден симбол на споделувањето, солидарноста, љубовта, богатството и пред се заедничкиот живот.

    – По примерот на ашурето каде што десетици производи се спојуваат во една смеса, така и муслиманите, христијаните и сите други верници треба да се собираат и да бидат заедно„ вели Сулејман Баки и објаснува „ашурето се вари во едно казанче. И ние светот треба да го замислиме дека е едно казанче, каде што сите заедно ќе живееме убав и спокоен живот, со сите наши заеднички вкусови.

    ПОУЧНИ ЛЕКЦИИ

    Ашурето се нарекува и јадење на љубовта и хуманоста. Се споделува со комшиите, пријателите и роднините. Скопската невладината организација Енсар, чиј претседател е Сулејман Баки, заедно со градот Бурса и општината Чаир, во Скопје ја продолжува старата традицијата. Во Турската чаршија минатата недела “Денот на ашурето“ се славеше по шести пат.

    – Ашурето преставува еден симбол од кој што треба да се добијат многу поучни лекции. Светот во кој што живееме е на сите нас, живееме заеднички, немаме друг. Веруваме во еден господ, кој што не создаде сите нас. Заради тоа потребна е да имаме една убава хармонија за соживот, каде што сите народи ќе си ги заштитат своите карактеристики, без разлика на која вера и припаѓаат, порача Сулејман Баки.

    Ашурето изобилува и со многу витамини. Според експертите тоа е многу здраво јадење, особено за зимските периоди. Таа е извор на енергија, исто така зголемува отпорот на телото. Житариците кои се користат при правењето на ашурето содржат растителни протеини. Затоа месецот Мухарем, се нарекува и месецот на здравјето.

    Хусамедин Гина

    Подготовка:

    Како прво се вари пченицата. Потоа врз пченицата се додаваат наутот и гравот, кој што претходно треба да бидат полу варени. Откако ќе зоврие смесата од трите елементи се додаваат исецканите суви кајсии и корите од портокалот. После еден периот откако ќе се варат се додаваат оризот и водата истотака претходно варени до одреден степен. За да не остане талог во дното смесата потребно е постојано да се меша. Потоа во ашурето кое се вари се додава исецканата јаболка и сувото гројзе, кое што претходно ставено е во вода. Потоа се додава млекото. Откако ќе зоврие еден период се додава и шеќерот. Количината на шеќерот зависи од вашиот вкус.

    На крајот се постепено се додава скробот за поврзување на смесата и за добивање на густина. Потоа се зема дел од смесата за да се контролира густината. Ако пченицата е многу квалитетна и добро варена нема потреба од скроб.

    Печеното ашуре се става во шолји. Откако ќе се олади врз смесата се додаваат калинката, оревот, лешникот, рибизлите, циметот, смоквата, ф`стаците.

    Потребни состојки:

    1 кг. пченица

    2 чаши наут

    2 чаши грав

    500 грама суви кајсии

    2 кори од портокал

    3 јаболки

    2,5 чаши суво гројзе

    7 чаши шеќер во прав

    5 супени лажици ориз

    2 чаши млеко

    1 изрендана кора од лимон

    вода

    Како додаток:

    калинка

    орев

    лешник

    рибизли

    цимет

    смоква

    ф`стаци