Category: Кујна

  • САД и Македонија во војна за најголемиот грав на светот

    Cook beans not war!

    Прашањето кој ќе свари повеќе грав , дали штипско Сарчиево или Пинсон во Алабама повеќе не е прашање само на спортски дух со цел да се биде подобар во натпреварот за правење на монструозниот котел во кој ќе се крчкаат неверојатни неколку тони грав. Ова е прашање на гордост и национално достоинство кое, според доброинформирани извори може да се пренесе и на државно ниво.

    Од каде оваа желба за грав? Старите жители на Сарчиево со кои разговаравме велат дека традицијата на правење добар грав трае со векови и веруваат дека токму гравот им ја дава нивната препознатлива остроумност, мудрост во донесување на секојдневните одлуки, долгото паметење, но и совршениот дигестивен систем.

    Казанот во Саричево во кој беше сварен гравот за Гинис

    Се почна пред многу години кога Сарчиевци и жителите на Пинсон Алабама, дознаа едни за други од Гинис. Од година в година борбата се разгоруваше, но скромните ресурси овозможуваа и скромна победа, со едвај неколку стотици килограми грав повеќе во казанот.

    Годинава жителите на Сарчиево ги засукаа ракавите, заштедија на други ресурси, лозјата останаа непрскани, нивите неизорани, а локалниот бизнисмен Д.С. великодушно помогна со сопствени средства за да му се зададе одлучувачки удар на противникот од кој нема да може со години да помисли на нов котел со грав. И така, добрите Сарчиевци, познати по својата упорност направија 5,5 тони грав, за речиси две илјади килограми повеќе од претходниот рекорд.

    Се чекаше ред за да се проба историскиот грав

    Молк во светот откако се прошири оваа вест. Засрамени веднеа глави дури и Мексиканците познати по своите безброј специјалитети од грав.

    Нацијата беше во исчекување дали претставникот на Гинис, господин Ловен Лангсдорф ќе го признае рекордот. Злобниците побараа да се докаже квалитетот на гравот, кој велат подеднакво е важен како и количината.

    Oчевидци велат дека тогаш се случи чудо пред кое и боговите замолчеа, а не пак Гинис.

    Огромен облак од метан се крена над Сарчиево, Штип и дел од источна Македонија, заканувајќи се по животот на се што лета… Поверодостоен доказ за квалитетот, признат според сите конвенции на Гинис не познава современата наука…

    За жал, екипата на Балкон3 не собра храброст да ја провери оваа информација, па ви раскажува она што други го кажуваа, но со голема сигурност ви тврдиме дека во околните села со денови не спиеле вознемирени од силните  грмотевици кои доаѓале од правец на Сарчиево…  5.5 тони грав…

    Д.Ч.

  • Баклава – традиционален неодолив вкус

    Баклава – традиционален неодолив вкус

    Сигурно нема некој од нас што не пробал баклава, неодоливиот вкус, традиционален за празниците, посебно за најголемиот муслимански празник Бајрам. Не можете да одолеете на прекрасаниот мирис на маслото, шербетот, ф’стаците, оревот и крцкавото тенко тесто. Баклавата ден денес продолжува да ја држи својата лидерска позиција помеѓу слатките работи. Можеби во денешно време традиционалните обичаи за Бајрам се забораваат, но навиката за јадење баклава продолжува.

    Балкон 3 оваа недела за своите читатели нуди еден специјален рецепт, од прославената турска фирма Гулиоглу. Имено се работи за традиција која започнала во далечната 1800 година, во градот Газиантеп, од Хаџи Мехмед Гулу, познат како Гуллу Челеби.

    Потребни состојки:

    За тестото:

    1 чаша растително масло
    1 чаша млеко
    3 јајца
    половина чаша (за турски чај) оцет
    малку сол
    6 чаши брашно
    1 пакетче скроб
    400 грама ореви
    половина пакетче маргарин
    250 грама масло

    За шербетот:

    1.5 литри плус една чаша вода
    1.5 кг. шеќер

    Подготовка:

    Прво се подготвува тестото од горенаведените состојки и се остава да отстои половина час. Подготвеното тесто се дели на четири дела. Од секој дел се одвојуваат по 15 теста во големина на орев. Во тестото со големина на орев се додава скробот и со помош на оклагија (сукало) се развлекува тестото. Откако ќе се развлечат сите 15 теста, корите се ставаат во тепсија, претходно подмачкана со масло, и се редат една врз друга. Потоа се додава претходно измелениот орев. Истата постапката се повторува и за останатите кори. Откако ќе завршат сите кори, се сечат во коцки/баклави. Потоа се прелива полека со претходно растопено масло. Рерната треба да биде добро зегреана на 220 степени и кога ќе се стави баклавата, температурата треба да се намали на 100-150 степени и да се пече 2-3 часа. Така направената баклава треба да постои барем еден ден за да може шербетот добро да се упие.

    Кога баклавата ќе ја добие златножолтата боја се подготвува шербетот од 1.5 кг шеќер и 1.5 литри и плус една чаша вода. Откако ќе поврие еден час, со топлиот шербет ги преливаме корите.

    Баклавата оди добро со кафе и сок 🙂

    На здравје..

    http://www.gulluoglu.com/

  • ЛАХМАЏУН

    Во буквален превод овој позната турски специјалитет значи “тесто со месо.” Познат е и под изразот турска пица. Иако според многумина највкусен лахмаџун може да се проба во Истанбул, вие не мора да патувате до таму. Засукајте ракави и испробајте ја вашата кулинарска способност и направте  лахмаџун со домашни услови. Ги имате сите детали, потребно е малку волја и умешност. Аfiyet olsun!

    Состојки за подготовка на тестото

    5 шолји брашно

    1 сув квасец

    1 лажичка шеќер

    1 + ½ шолја топла вода

    малку маслиново масло

    Во мал сад измешајте го квасецот, шеќерот и водата. Добро измешајте ги состојките. Покријте го садот со проѕирна фолија. Нека одстои на собна температура 20 минути.

    Во поголем сад измешајте го брашното со остатокот од водата и додадете го растопениот квасец. Измесете тесто, кое треба биде меко. По потреба додадете вода или брашно. Тестото обликувајте го во топка и намачкајте го со масло. Покријте го со фолија и оставете да нарасне. За еден час, откако доволно ќе нарасне поделете го на 10 до 12 парчиња. Расукајте ги да бидат со дебелина до 0,5 сантиметри. Во меѓувреме направете го преливот.

    Состојки за подготовка на преливот

    1 килограм мелено месо(говедско или јагнешко)

    лук

    кромид

    магданос

    сол

    неколку домати

    маслиново масло

    малку лимонов сок

    На маслиново масло прво запржете го исечканиот лук и кромид. Потоа додадете го меленото месо и ситно исечканите домати заедно со зачините и лимоновиот сок. Подготвената смеса распоредете ја на претходно расуканото тесто. Печете на 180 степени се додека рабовите не добијат златна боја. (З.З.)

  • Сутлијаш со гриз

    Сутлијаш со гриз

    Ако одамна не сте го правеле овој десерт еве една наша едноставна верзија на приготвување на султијаш која се надеваме дека ќе ве мотивира да го приготвите.  Слатко и здраво задоволство кое верувајте ќе го снема многу брзо.

    Подготовка

    Ставете го оризот да се вари во  двата децилитри вода. Во меѓувреме во друг сад измешајте го млекото, шеќерот, ванилиниот шеќер и циметот. Ставете го на тивок оган и бидете внимателни се додека млекото не проврие. Кога оризот ќе биде готов, исплакнете го со ладна вода, добро исцедете го и ставете го во другиот сад со топлото млеко. Гризот измешајте го со две лажици вода и додадете го во млекото. Целата смеса оставете ја уште малку на умерена температура најмногу до 15 минути.
    Топлиот сутлијаш истурете го во длабоки тањирчиња и одозгора ставете малку цимет за декорација. Почекајте добро да се олади, а потоа лажичката во раце и уживајте.
    250 гр ориз
    1 литар млеко(со ниска масленост)
    2 децилитри вода
    200 гр шеќер
    стапче цимет
    1 ванилин шеќер
    4 лажици гриз
    малку цимет за декорација

  • Пивски колбаси од Полска

    Викенд рецепт на Балкон 3 за вистинско гурманско и фудбалско уживање. Со оглед на тоа што од вчера цела Европа ја зафати фудбалска треска, екипата на Балкон 3 со предлог да подготвите со специјалитет со потекло од Полска, едната од двете земји, кои се домаќини на Европското првенство во фудбал. Станува збор за полски пивски колбаси. Подгответе го ова јадење, снабдете се со ладно пиво и уживајте во најважната споредна работа на светот.

    Потребни состојки:

    – 1 кг. колбаси исецкани на парчиња од 3-4 центиметри

    – ½ литар пиво

    – 4 црвени компири

    – 1 мала зелка

    – 1 лажица италијански зачин

    – 200 гр. моркови

    – ½ главица кромид

    – сол и црн бибер

    Подготовка:

    Пивото се истура во големо тенџер и се остава да врие на средна температура. Потоа компирите се сецкаат на кругови и се поставуваат на дното на тенџерето. Врз нив се посипува италијанскиот зачин, сол и црн бибер. Врз компирите се поставуваат морковите, кромидот, димените колбаси и зелката, и повторно се посипува зачин, сол и црн бибер. Тенџерето се покрива и се остава да се вари на ниска температура околу 45 минути.

  • Tестенини со шкампи во грчки стил (Makaronada ме garides)

    Викендов екипата на Балкон 3 одлучи да ви предложи еден грчки специјалитет. Станува збор за тестенини со шкампи, специфично јадење за овој период од годината. Предноста е што овој специјалитет можете да го подготвите за саботниот или неделниот ручек, но исто така во него може да уживате и за време на вечерата, додека гледате некој добар филм.

    Потребни состојки

    – ½ килограм тестенини
    – ½ килограм неварени, излупени ракчиња со средна големина
    – една и пол  чаши исецкан артичок од конзерва
    – 300 грама рендано фета сирење
    – 300 грама сецкани домати
    – ¼ чаша маслиново масло
    – 3 чешниња лук

    – 3 лажици свеж сок од лимон
    – свеж магдонос
    – оригано
    Подготовка

    Во голема тава на средна температура се загрева маслиновото масло. Во тавата се додава лукот и се пржи околу триесет секунди. Потоа се додаваат и ракчињата, кои се пржат неколку минути. На крајот во тавата се ставаат и артичокот, сирењето, доматите, сокот од лимон, магдонос и оригано и целата смеса се готви околу три минути. Откако ќе биде готово се зачинува со сол и бибер. Во меѓувреме, тестенините се варат во солена вода и се меша повремено. Отако ќе се сварат, тестенините се цедат. Во садот за послужување прво се ставаат тестенините, а потоа се додава смесата од ракчиња. Доколку има потреба повторно се зачинува со сол и бибер. Добар апетит!

  • Полнет кромид на азербејџански начин

    Викендов екипата на Балкон 3 одлучи да ви претстави еден традиционален рецепт од Азербејџан, земјата која годинава е домаќин на Евровизија. Во пресрет на вечерашното финале ви препорачуваме за саботниот ручек да подготвите полнет кромид или “sogan dolmasi”, како што се нарекува во Азербејџан. За јадењата од полнет зеленчук во Азербејџан, исто како и во Турција, а и во одредени делови од Македонија, се користи терминот „долма“. Долмата од кромид всушност е вкусна алтернатива за полнетите пиперки.

    Потребни состојки за четири лица:

    – 9 големи главици кромид
    – 300 грама мелено телешко или јагнешко месо или комбинација од двете
    – 50 грама ориз
    – 50 грама овча маст (опционално)
    – 50 грама стопен путер
    – една лажичка мелен цимет
    – коријандер и копар (по желба)
    – сол и бибер
    -100 грама јогурт

    Подготовка:

    Главиците кромид се лупат и се сечат околу два центиметри од нивните врвови, кои се чуваат и подоцна се користат како поклопци. Со мал нож за зеленчук се отстрануваат централните слоеви на кромидот. Половина од отстранетите слоеви се мешаат со меленото месо, со што смесата станува посочна. Потоа на смесата се додава путерот и се пржи околу 15 минути на ниска или средна температура.
    Оризот се вари во солена вода околу десет минути. Вака сварениот ориз, циметот, зачините, солта и биберот се додаваат на смесата од месо и сето тоа се вари уште пет минути, а потоа се остава да се олади.

    Главиците кромид се полнат со смесата и се сместуваат во тава, при што треба да се внимава да бидат добро збиени, со цел кромидот да го задржи својот облик. Претходно исечените врвови на кромидот се ставаат како поклопци врз главиците.

    Во тавата се додава вода додека не дојде до половина од висината на кромидот, потоа се покрива и се пече околу 30 минути или додека кромидот не омекне.
    На крај  специјалитетот се служи заедно со јогурт попрскан со цимет.

    Добар апетит!

  • Пилав – Хурем Султан

    Основни состојки:

    2 чаши (за вода) ориз

    4 чаши говедска или пилешка варена вода

    25 грама путер или масло

    1 главица кромид

    2 парчиња пилешки гради

    1 филџан бадеми

    1 чаша (за вода) грашок

    1 лажица (за чај) црн пипер

    1 лажица (за чај) силен зачин (allspice)

    1 лажица (за чај) куркума

    шафран

    сол

    За влажнење на оризот:

    2 чаши врела вода

    сол

    ½ лимон

    Подготовка:

    Оризот откако ќе се измие, се остава да стои 40 минути во топлата вода во која претходно се додадваат солта и лимонот. Во друго тенџере пак се вариме грашокот. Потоа се лупи кората на кромидот и се сецка на долги, но тенки парчиња. Пилешките гради исто така се сецкаат на тенки ленти. Путерот или маслото (зависи од тоа што користиме) се топи во тавата за ориз. Потоа во таа тава се додаваат тенките парчиња пилешки гради и кромидот. Тие континуирано се варат 10 минути и се мешаат со дрвена лажица. Потоа се додава оризот, кој што претходно го ставаме во топлата вода, со тоа што претходно водата добро се цеди. Ги оставаме заедно да се варат. Врз нив се додава силен зачин, сол, црн пипер, шафран и куркума, и се остава да се вари уште 4-5 минути. Потоа се додаваат четирите чаши говедска или пилешка супа. Исто така и претходно сварениот грашок се додава врз оризот. Се готви прво пет минути на средна температура, а потоа се готви на тивок оган се додека водата не се апсорбира. Откако ќе се свари оризот, се покрива со хартиена крпа (салфетка) и се чека 10-15 минути. Од друга страна пак, бадемите се ставаат во вода која врие, во водата остануваат неколку минути, и откако ќе ги извадиме чекаме една минути, а потоа ја вадиме кората (лушпата) на бадемот. Бадемите се печат во тава, а потоа се додаваат во пилавот и се мешаат со дрвена лажица. Така подготвениот пилав се послужува топол.

    Преземено од: www. lezzetler.com

  • Балканска чорба

    Главни состојки:

    – 8 чаши телешка или пилешка супа

    – еден мал целер

    – една кисела краставичка

    – две лажици растително масло

    – една чаша расол (туршија)

    – две главици кромид

    – едно парче варено пилешко месо

    – една лажича (чорбена) брашно

    – една жолчка од јајце

    – четири компири

    – сол

    – еден морков

    Подготовка:

    Целерот, морковот и кромпирот прво добро се мијат и лупат, а потоа се сецкаат на мали парчиња.

    Сецканиот кромид се вари на тивок оган во тенџере за чорба заедно со растителното масло. Се додава брашното и се меша неколку пати. Потоа се додава претходно исецканиот зеленчук и телешката супа и се продолжува со готвењето.

    Жолчката од јајцето и расолот се мешаат и полека се додаваат во чорбата. Потоа се додава ситно исецканата краставичка и пилешкото месо, и на крај се додава солта и се послужува додека чорбата е сеуште топла.

    Извор: http://www.gulumsermutfakta.com

  • Проја со магдонос

    Проја со магдонос

    Евтино, вкусно и здраво!

    Потребни состојки:

    3 кафени филџани бело брашно

    3 кафени филџани пченкарно брашно

    4 јајца

    250 г. сирење

    2 кафени филџани зејтин

    1 канче кисело млеко

    2 кесички прашок за печиво

    1/2 чаша кисела вода

    1 китка магдонос

    Сол

    Подготвување:

    Во подлабок сад ги кршиме јајцата и ги матиме со жица. Ги додаваме зејтинот, киселото млеко, киселата вода, двата вида брашно и прашокот за печиво. Посолуваме и мешаме со жицата. Магдоносот го миеме со вода и китката ја сечкаме ситно на даска за сечење, сирењето го дробиме со вилушка и ги додаваме во садот. Мешаме со лажица се додека смесата не се соедини. Потоа, тестото го ставаме во претходно намрсена тава за печење. Тавата ја ставаме во рерна и печеме 45 минути на 180 степени.

    Добар Апетит!

    Мери Чекеровска