Category: Кујна

  • Кајмачина. Вкусно!

    Вкусно, брзо, евтино. Балкон3 викендов Ви препорачува за десерт да подготвите кајмачина, идеално благо за летните температури.

    Потребни состојки:

    – 1 литар млеко
    – 7 јајца
    – 2 чаши шеќер

    Подготовка:

    Јајцата се мешаат со шеќерот се додека не се појави пена. Потоа се додава млекото и се продолжува со мешање уште извесен период. Смесата се става во стаклен сад и се пече во рерна на средна топлина. Откако ќе се испече, за што е потребно околу еден час (се додека над благото не се појават кафени пори) се лади и се сервира.

    Добар апетит!

    Бетул Берисе

  • Трилече – неодоливо слатко задоволство

    Време е за Балкон3 рецепт. Викендов одлучивме да Ви помогнеме да приготвите трилече, омилениот десерт на екипата на Балкон3. Неодоливо слатко задоволство кое се топи во уста, соврешно за конзумирање во топлите денови кои ни претстојат. Наидовме на различни информации за тоа од каде потекнува трилечето, но најверојатно неговата татковина е Јужна Америка. Откривме дека зборот трилече доаѓа од Tres leches (три вида млеко)  и е латино-американско благо, веројатно првично од Аргентина или Мексико, кое најпрвин се попарувало со три вида млеко овчо, козјо и кравјо. Кај нас најверојатно доаѓа преку Албанија. Едно е сигурно, секоја слаткарница која држи до себе, во менито мора да го содржи млечниот колач со интересно име. Кој пробал знае:) кој не пробал може и сам да направи: Балкон3 рецепт за Трилече.. И ако направите трилече, не се срамете да не викнете на дегустација 🙂

    Потребни состојки:

    За кора:

    – 6 јајца

    – 300 грама шеќер

    – 2 ќесички ванилин шеќер

    – 1 пециво

    – 400 грама брашно

    За прелив:

    – 500 мл хопла

    – 2 литра млеко

    – 300 грама млеко во прав

    течен карамел

    Подготовка:

    Скршете ги шесте јајца и одвојте ги белките од жолчките. Белките се матат со шеќерот, а потоа на оваа смеса се додаваат претходно изматените жолчки, како и брашното, пецивото и ванилиниот шеќер. Целата смеса се мати или се меша со лажица. Потоа се истура во четвртаста тава и на пече 30 минути на температура од 220ºC. Додека се пече тестото подгответе го преливот со тоа што во далбок сад ќе ги матите млекото, млекото во прав и хоплата. Испечената кора се остава да се олади, а потоа на неа се додава млечниот прелив и на крај одозгора се полева со течен карамел.

    Добар апетит!

  • АЈРАН – ТУРСКИ НАЦИОНАЛЕН ПИЈАЛОК

    За него велат дека е спектакуларна промена на јогуртот. Делува освежувачки и релаксирачки. Не е газиран, а според стручњаците е многу здрав пијалок. За неговата продажба нема потреба од реклами. Тој е идеален пијалок за жешките летни денови. Ја компензира изгубената вода и сол во телото. Се работи за еден од ретките турски зборови кој што има влезено во англискиот речник. Да, веќе ви е јасно, се работи за Ајран.Тој неодамна беше прогласен за турски национален пијалок.DSC_0414Ајран (солен јогурт) е најпознат ладен пијалок, во Турција може да се пие скоро со сите јадења. Се работи за пијалок кој се добива со додавање на вода во киселото млеко. Овој пијалок е популарен и кај младите и кај постарите лице подеднакво.DSC_0323Тоа го потврдија и Абдурахман и Сулејман кои ги стретнавме во турскиот ресторант Gaziantep Sofrasi (Газиантепска Софра, Газиантеп е град која се наоѓа помеѓу Југосисточна Анадолија и Медитеранскиот регион) во старата турска чаршија во Скопје. Практикувам често да пијам ајран, многу е освежителен и здрав пијалок, и дома е еден од основните пијалоци посебно во жешките летни денови, ни изјави Абдурахман. Специјалитет на овој ресторан е Adana Kebap. Ајранот е нераздвоен дел на ова турско јадење.DSC_0416И покрај сличноста, сепак постојат некои мали регионални разлики во подготвувањето. Во месноста Сусурлук (Баликесир, Турција) со помош на еден мал електричен мотор ајранот се повлекува од казанот и со помош на тесна цевка се голема брзина повторно се враќа назад. Во овој процес од масленоста на ајранот се создава пена врз пијалокот. Ова е најпознатиот ајран и е познат како ајран од Сусурлук. Во источните делови од Турција со различни методи на мешање се добива вкусна и пенлива матеница.

    DSC_0302 DSC_0322

    А како се појавил првиот рецепт за ајранот? Случајно, едноставно, како што најверојатно се добиваат голем дел од успешните производи. За време на една експедиција на Гоктурците (турски народ во средновековна внатрешна Азија) во 552 – 745 година. За да ја намалат, ублажат киселината на јогуртот додале вода, и на тој начин го добиле сегашниот вкусен ајран.

    DSC_0426 DSC_0421

    Покрај во Турција, ајранот многу се користи и во Ерменија, Азербејџан, Иран, Либан, Бугарија, Грција и други балкански земји, Блискиот Исток и Централна Азија. При подготовката на ајранот најдобро е да се користи овчи јогурт. За да биде повкусен, наместо вода, може да се додаде и млеко. Исто така се додава и сол, што му дава посебен вкус и гаранција за долготрајна свежина во летните денови. Екипата на Балкон3 уживаше пиејќи ајран на температурите кои веќе го најавија долгото топло лето.

  • Традиционални шведски ќофтиња

    Викендов екипата на Балкон 3 одлучи да ви претстави еден традиционален рецепт од Шведска, земјата која годинава е домаќин на Евровизија. Пребарувајќи по интерент откривме дека Швеѓаните обожуваат ќофтиња и дека постојат голем број рецепти за подготовка на ова вкусно јадење, па веднаш одлучивме токму тоа да биде нашиот предлог за викенд ручек. Шведските ќофтиња вообичаено се служат со варени компири и џем од капини. Добар апетит!

    Потребни состојки за двајца викинзи или за четворица обични луѓе 🙂

    Ќофтиња:

    – 2 лажици путер

    – 1/2 главица кромид, ситно исецкана

    – една и пол лажичка сол

    – 1/4 чаша млеко

    – 2 јајца

    – 1/3 чаша лебни трошки

    – 1 лажичка црн пипер

    – 1/4 лажичка ореви

    – 1/2 килограм мелено говедско месо

    – ½ килограм мелено свинско месо

    Сос:

    – 2 лажици путер

    – 3 лажици брашно

    – 3 шолји супа од говедско месо
    – ½ чаша павлака
    – ½ лажичка шеќер

    – сол и црн бибер по вкус

    Подготовка:

    Се топат две лажици путер во голема тава на средна топлина. Во неа пржете го кромидот со 1 ½ лажичка сол додека не почне да станува проѕирен, што вообичаено трае околу 6 минути. Откако ќе се испржи, префрлете го кромидот во длабок сад. Додадете млеко, јајца, трошки од леб, црн бибер, сушен зеленчук, и црвен пипер во смесата, мешајте додека се соединат состојките. Додадете го говедското и свинското месо во смесата со лебни трошки. Покријте го садот со фолија и оставете да отстои еден час во фрижидер. Стопете две лажици путер во голема тава на средна топлина, додавајте го брашното со постојано мешање и пржете додека да добие светло кафена боја, 4 до 5 минути. Полека додавајте ја говедската супа во путерот. Зголемете ја топлината до средно висока, со мешање, додадете ја павлаката во смесата и доведете ја до вриење. Потоа се додава шеќерот и Вустершир сосот. Оставете да врие додека да се згусне, околу 6-7 минути. Зачинете со сол и црн бибер и тргнете го сосот од рингла. Загрејте ја рерната на 220˚C (425˚ F). Ставете алуминиумска фолија на хартијата за печење и попрскајте со масло. Со влажни раце се тркалаат 2-3 лажици од мешавината во форма на топче и ќофтињата се редат на хартијата за печење.

  • Пролетно пикник мени

    Топлите пролетни денови го најавија почетокот на сезоната на пикници. Одлична можност на вашето семејство да му подарите едно убаво попладне со пикник во парк или на блиската планина. Денеска Ви предлагаме мени за уживање на пикник – лесно за транспорт, лесно за приготвување и лесно и вкусно за јадење.

    ПОГАЧИЦИ СО СПАНАЌ

    Потребни состојки:

    – 5 јајца

    – 2 чаши за чај кисело млеко

    – 2 чаши за чај зејтин

    – 1 / 2 лажичка сол

    – 15 супени лажици брашно

    – 1/2 килограм спанаќ

    – 1 пециво

    – сирење по желба

    – сусам

    Подготовка:

    Јајцата се матат, а потоа се додава киселото млеко и зејтинот. Сето тоа се мати кусо време, па се додава брашното. Исто така кусо се мати, се додава пециво и на крај се додава исецканиот спанаќот и згмеченото сирење. Целата смеса се меша со лажица и се сипува во тава намачкана со зејтин. На горниот дел од смесата се става сусам и 20-30 минути се пече на температура од 220 степени. Се вади од рерна, се остава кратко да олади и се сече во форми по ваша желба. Погачиците со спанаќ се највкусни за јадење откако малку ќе се оладат.

    КОЛАЧ СО ВИШНА

    Потребни состојки:

    – 5 јајца

    – 5 супени лажици шеќер

    – 1 ќесичка ванила

    – 15 супени лажици брашно

    – 1 пециво

    – 1 чаша млеко

    – 1 чаша зејтин

    – вишни – свежи или смрзнати по желба

    Подготовка:

    Јајцата добро се матат со шеќерот, а потоа се додаваат ванилата, брашното и пецивото. Повторно кусо се мати, па се додаваат млекото и зејтинот. Откако смесата доборо ќе се соедини се става во тава одозгора се редат вишните. Колачот се пече околу 30 минути на температура од 200 степени. Откако ќе се олади, по желба се става шеќер во прав и се сече во форми по сопствена желба.

    Балкон3 Ви посакува убав ден и добар апетит 🙂

  • Пролетна јагнешка чорба

    Пролетта ги менува навиките за јадење на луѓето. Зимницата полека се заменува со специјалитети кои содржат свеж зеленчук. Балкон3 викендов Ви препорачува да подготвите јагнешка чорба со зеленчук. Врелата чорба е одличен избор за појадок кој ќе Ве „загрее“ во сеуште студените априлски утра или вкусно предјадење за неделниот ручек.

    Потребни состојки за 4 порции:

    – 4 лажици путер
    – 1/2 кг. јагнешко месо исецкано на мали коцки
    – 2 супени лажици брашно
    – 1 чешне лук, сецкан
    – 1 гранка рузмарин
    – 1 ловоров лист
    – 3 китки магдонос
    – 1/2 чаша суво бело вино
    – 2 мали компири сецкани на мали коцки
    – 3 моркови, исецкани ситно
    – 1 главица бел кромид ситно сецкан
    – 1 чаша свеж грашок
    – 3 чаши врела вода
    – сол и бибер по вкус

    Подготовка:

    На загреана рингла се става тенџере во кое се ставаат 4 лажици путер. Откако ќе се стопи путерот, веднаш се става исецканото месо. Кусо време се пржи на тивок оган, а потоа се додава брашното и нежно се меша. Во тенџерето се додава лукот, рузмаринот и ловровиот лист. Сето тоа се полева со белото вино и се остава месото да подинста дваесетина минути. Потоа се додаваат компирот, морковот и кромидот и во тенџерето се истура водата. Чорбата се вари на тивок оган околу еден час, а 20 минути пред крајот се додава и грашокот. Доколку има потреба се додава уште вода. Пет минути пред да се заврши со варењеро се додава магданосот, сол и бибер по вкус. Чорбата се служи додека е сеуште врела, а највкусна е со лепче потпечено на скара.

    Добар апетит!

  • Балкон3 рецепт за појадок: Гибаница

    Балкон3 рецепт за појадок: Гибаница

    Гибаницата најчесто се јаде за доручек, но гурманите не ја одбегнуваат во било кое време од денот. Се јаде со кисело млеко, но може и со свеж зеленчук, домат или краставица, или пак кога веќе се мислите, може ајде и со црвено вино под услов ако се јаде во зима.  gibanica 063

    Состојки:

    1/2 кг готови кори за Гибаница

    200 мл. пресно млеко

    200 мл. јогурт

    200 мл. масло за јадење сончогледово

    1/2 кг дробено сирење (кравјо)

    200 мл. кисела вода

    3 јајца

    gibanica 057  gibanica 061

    Подготовка:

    Пресното млеко, јогуртот, киселата вода, јајцата, дробеното сирење и маслото за јадење се мешаат во подлабок и поширок сад. Откако состојките ќе се соединат и смесата ќе стане компактна, секоја кора една по една се става во смесата за да прими од состојките. Не треба да се држи во смесата подолго време, туку едноставно само да се потопи. Потопената кора се става во намрсено тавче. Корите се туткаат во тавчето една до друга. Во зависност од желбата на домаќинката или домаќинот, кората може да се стутка долгнавесто или пак во форма на круг, но важно е да бидат збиени една до друга бидејќи при печењето ќе нараснат заедно со приготвената смеса. Се остава една кора на страна која не ја ставаме во приготвената смеса. Таа кора се става најгоре во тавчето, односно сите кори се покриваат со неа. Откако сите кори ѓе ги потопите и наредите може од смесата да остане, но тоа не е проблем, туку уште подобро. Останатата смеса ја преливаме врз веќе приготвените кори.  Откако сите кори ќе бидат наместени во тавчето во претходно загреана рерна на 200 степени целзиусови, гибаницата се пече на таа температура еден час. Јадењето е готово кога ќе видите дека корите се заруменети. Се вади од рерната и по желба може да се стави одозгора рендан пармезан кој е еден вид новитет за ова традиционално јадење одамна познато кај балканските народи.

    Гибаницата е традиционалчно балканско јадење. Се правело од дамнина за дома како едноставно, секојдневно јадење, но ќе ја сретнете и на коктели и свечени вечери како предјадење. Рецептот кај балканските народи може да варира и во блага варијанта со смеса од јаболки, но сепак на крајот од неа да не излезе штрудла. Многу видови гибаница или бурек има низ сите земји на Балканот, од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Грција, Турција, Бугарија каде ова јадење се вика баница.

    Според стари записи во прашливите библиотеки најдовме докази дека гибаницата се правела уште во византиско време, а била неизоставен дел од софрата во отоманската империја. Уживајте во појадокот со Балкон3 и не заборавете да ни испратите свој омилен рецепт кога ќе се сетите:)

    Љубица Ристеска

  • БАКЛАВА СО АФИОНСКО СЕМЕ

    Потребни продукти:

    ½ кг кори,

    3 јајца

    500 грама шеќер

    150-200 грама афионско семе

    1 пециво

    1 ванила

    1 шолја (250 мл) зејтин

    1 шолја (250 мл) кисело млеко

    За шербет потребни:

    700 грама шеќер (или малку помалку зависи од вкусот)

    700 мл вода

    Подготовка:

    Се подмачкува подлабоко правоаголно тавче со зејтин. Се матат јајцата како за торта заедно со шеќерот и се додаваат по ред сите останати продукти. Се мешаат убаво и подготовката може да почне. Секоја кора се сече на половина. Се става првата на дното од тавчето и се мачка со филот што го направивме. Потоа се става втората, па пак се мачка и се така додека не ги потрошиме сите кори. Последната не ја мачкаме со фил. Ги сечеме на коцки или ромбови. Ги ставаме во загреана рерна на 180 степени. Се пече околу 15 минути, потоа температурата се намалува на 150 степени и се пече уште 30 минути на таа температура. Потоа се вади од рерна. Се посипува со ванилин шеќер и се полева со топол шербет. Шербетот претходно го подготвуваме со 700 грама шеќер (може и помалку зависи од вкусот) и 700 мл вода. Не треба да биде многу густ.  Се остава да се олади, а шербетот да ги омекне корите, односно да се впие во баклавата. Најпосле баквата е подготвена за конзумирање.

    Уживајте во рецептот на Балкон3 што го испрати Зона Наскова.

  • Крем пита со јаболка

    Есен е. Низ пазарите се шири мирис на јаболка. Вистинско време да го подготвите рецептот кој ви го препорачува Балкон 3. Ние пред неколку дена имавме можност да уживаме во прекрасниот вкус на крем питата со јаболка. Одличен десерт, кој не е премногу благ и слободно можете да го конзумирате во поголеми количини. Најдобро оди со турско кафе. Совршена комбинација за заблажување по неделниот ручек. Уживајте!

    Потребни состојки:

    (За тестото)

    – 1 кг. јаболка

    – 100 гр. путер

    5 јајца

    – 5 лажици брашно

    – 1 пециво

    – цимет

    (За кремот)

    – 3 кесички пудинг од ванила

    – 1 л. млеко

    – 20 лажици шеќер

    – ½ кесичка желатин

    – 2 кесички ванилин шеќер

    – 500 мл. слатка павлака

    Подготовка:

    Јаболката се лупат и се сецкаат на тенки парчиња. Путерот се сече на тенки листови и со него се обложува тавата, во која потоа се ставаат јаболката. Се печат петнаесетина минути на температура од 220 степени. Јајцата се матат со шеќер, се додава брашното измешано со пециво и целата смеса се прелива врз јаболката. Потоа се пече уште десетина минути. Кога кората ќе се олади, се превртува на другата страна и се посипува со малку шеќер и цимет. Во меѓувреме го подготвувате и кремот. На млекото му додавата шеќер и го оставате да врие. Претходно од него одземате десет лажици, во кои се растворува прашакот за пудинг и две лажици шеќер. Растворот се додава во зовриеното млеко со постојано мешање и се остава да се вари неколку минути. На крај се додаваат растопениот желатин и изматената павлака. На здравје!!!

    Овој десерт за екипата на Балкон 3 го подготви Фани Гошевска Живковиќ.

  • Туфахија – ги воодушевува и најпробирливите!

    Кој не пробал туфахија, омилениот десерт во босанската кујна, мора во најскоро време да проба за да не испушти еден од најубавите десерти, со вкус да се растопиш од милина кога ќе пробаш. Балкон3 тоа нема да го дозволи и затоа ви претставуваме одличен рецепт за да направите туфахија во домашни услови, а дека по неговата примена во практика добивате еден од највкусните производи гарантира потписникот на овој рецепт.

    За пет туфахии е потребно:

    Пет јаболки делишес

    300 грама шеќер

    500 мл вода

    250 грама слатка павлака

    100 грама ореви

    50 грама бадеми

    1 (еден) ванилин шеќер

    малку лимонов сок

    Подготовка:

    Во еден сад ставаме половина литар вода, 300 грама шеќер и малку ванилин шеќер и ги ставаме да на рингла да зовријат и да се сварат додека се добие компактна маса.

    Во јаболките ја длабиме средината со семките, потоа ги лупиме и ги ставаме во садот со водата и шеќерот во кој ги вариме десет до 15 минути. После тоа, јаболките ги ладиме околу половина час.

    За тоа време ја правиме смесата за полнење на јаболките, односно со слатката павлака ги мешаме мелените ореви и бадеми додека не добиеме компактна смеса. Во неа ставаме и малку лимонов сок.

    Потоа изладените јаболки ги полниме со смесата, а на врвот ги украсуваме со остатокот на филот и слатката павлака, а може да се стави и цреша или парче лимон на врвот. Потоа ги ставаме една по една во посебен помал но длабок сад, во кој на дното истураме околу два прста од водата во која се вареа јаболките за дополнително да впијат од сокот.

    Прекрасните туфахии потоа се подготвени за послужување. За оние кои сметаат дека е енергетска бомба гарантираме дека тоа барем нема да го почувствуваат при јадењето, а за помалку калории, може да се стави и помалку шеќер. Уживајте:)

    (М.Ч.)