Category: Да ти нацртам

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – НАСТАВНИКОТ ВО ВОЈНА ПРОТИВ ВОЈНИТЕ

    ДА ТИ НАЦРТАМ: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – НАСТАВНИКОТ ВО ВОЈНА ПРОТИВ ВОЈНИТЕ

    Во учебниците се учи за многу војни. Но недоволно се учи против војните. Еден наставник по англиски јазик сака да го смени тоа.

    Кога училницата е празна, учителот не престанува да работи.

    „Војната не е статистика, војната е страдање. Секоја друга претстава е илузија и верувам дека е измама на реалност“.

    Влатко Секулоски со споредба меѓу англиските и македонските учебници открива какви промени треба да се направат за напредок на целото општество.

    Кога се учи еден јазик, не се изучуваат само зборовите. Се учи еден цел начин на живот и на размислување. Концептите кои тие ги претставуваат на граѓани кои дејствуваат. За разлика од овие примери во учебниците кои се од македонски издавачи концептот на дејствувачки граѓанин целосно изостанува“.

    Наставникот не учи – активниот граѓанин е пред се индивидуалец. Пасивниот е дел од колектив.

    „Во британскиот учебник имате неколку индивидуи кои зборуваат за кого навиваат или која им е омилена храна, без разлика на нивното етничко потекло или бојата на кожата. Во македонскиот учебник, во Македонија живеат етникуми како Македонци, Албанци, Турци или Роми, а претставени се преку облеката која ја носеле нашите прабаби во 19 век“.

    Влатко Секулоски си поставил мисија. Бара примери во учебниците. Ги споредува едни со други. Собира аргументи за поинаква културна политика во образованието.

    Секулоски е од Прилеп, и предава англиски во училиште во Долнени. Еднаш присуствувал на часот по македонски, каде што ја работеле песната „Заплакало Мариово за Ѓорѓи Сугаре“.

    „Песната е народна и е пишувана под емоционален набој, тука не може ништо да се смени, но како денешниот автор, во кој контекст ја става таа песна? Во една прилика наставничката ги праша „што биле Параловци“, и децата како од хор извикаа „шпиони“. Значи дали може да се обработува таа песна без граѓанска перспектива? Дали може а да не праша авторот на учебникот дали е во ред едно цело село да се окарактеризира по карактеристиката на неколку луѓе“.

    Напишаното во учебниците за децата се пресликува и во животот на возрасните. Наставникот го покажува тоа со примери.  Пример број еден: објава за климатските промени – малку реакции. Објава за националните прашања – бројни реакции. Пример број два: освојувачите се лоши, освен ако се – наши.

    Неспорно е дека Александар е дел од културата на овие простори. Но дали на него може да гледаме како на позитивен лик знаејќи дека тој одел на туѓа територија, освојувал туѓи територии и од сиот тој процес загинале многу луѓе. За жал не можеме да најдеме писма од неговите војници како што има писма од војниците во Првата светска војна. Но сепак треба да се запрашаме во кој контекст го разгледуваме. За жал таквите, таквата дилема недостасува во учебниците“.

    Учебници со сеприсутна војна. Цареви, војсководци, војници. Мажи, мажи, мажи со оружје.

    „Тоа што овдека изостанува е животот на луѓето во тоа време, изостануваат ужасите на војната. Не, не, чекај нешто друго ни треба, посуштински. Има една перспектива одозгора, дека загинале толку и толку милиони цивили, но изостанува описот на страдањата на одредени индивидуи. На пример зошто немаме тука пример од дневникот на Ана Франк, или зошто немаме пример од писмата во рововите од Првата светска војна, кои најдобро би ни доловиле што значи самата војна?“

    Има ли друг начин? Има, го имаме и кај нас. Војна на ѕвездите? Не, мир во светот.

    Она што е интересно и добро кај овој споменик е што е апстрактен. Со тоа тој ја велича борбата за слобода без да го глорифицира насилството. Многу е важно кога ја пренесуваме историјата на идните генерации да го величаме мирот, а никако да не го величаме насилството“.

    Наставникот Секулоски продолжува да собира примери од училишните материјали.Планира во соработка со граѓански организации да бара промени во начинот на кој се прикажуваат или се толкуваат одредени појави во учебниците. Но кога учебникот ќе дојде пред наставниците, тие можат само да го предаваат напишаното. Процесот на подготовка на учебниците е далеку од нив.

    „Овие рамки се тесни за да можат да произведат еден квалитетен учебник. Мислам дека процесот на создавање учебници мора да биде многу повеќе отворен, да не мора да се чека конкурс и повик за да може одредена група автори да состави учебник“.

    Рационално гледање на историјата: Споменик на германски злосторства во Германија. Оспорен споменик на колонист во Холандија. Секулоски вели – едностраното гледање на минатото создава национализам. Дури и несвесно.

    Катерина Спасовска Трпковска

  • Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Образувачот на личноста

    Професор Ристо Чулев: Образувачот на личноста

    Тајната на успешното образование е часот да биде пријатно поминато време. А не само наметната обврска за учениците. За тоа се потребни системски подобрувања. Но и просветен кадар што ќе ја донесе промената. Кога образовниот модел вели – запамети го напишаното, повтори го и добиј оценка, останува на просветните работници да кажат – научи, разбери, надгради се. Целта на модерното образование е да се развијат нивните вештини и способности од типот на креативно мислење, критичко мислење, решавање проблеми.

    Луѓето како професорот Чулев имаат еден сон – образование во кое ученикот го има централното место. Образование чија цел е да создава личности. „Ова е мојот сон. Кога започнав да работам идеал ми беше да имам медијатека како професор. Сто и кусур филмови имав за воспитно-образовни цели и мав идеја да воведам видео лектира. Имам и други книги, наставни помагала. Сонот се уште не ми е остварен ама јас не се откажувам да го реализирам“. Една позната изрека за велосипедот вели – за да одржиш рамнотежа мораш постојано да се движиш напред. За професорот Чулев ова важи буквално додека да стигне во училиштето, и метафорички кога ќе влезе на настава. Како и велосипедот, и образованието не може да застане. Мора да оди напред, барајќи рамнотежа меѓу стекнатите знаења и животните потреби.

    „Цел ми е да создадам личност. Како го постигнувам тоа? Со тоа што им давам апсолутна слобода на говор, на мисла, на чувство и на тој начин значи. Проблемски постапуваме кон секој проблем и заедно разговараме за тој проблем. Откако ќе ги исцрпиме сите одговори донесуваме заклучоци.

    Ристо Чулев предава етика и филозофија во СУГС Георги Димитров во Скопје. Предмети кои му овозможуваат да го открива карактерот на учениците и да им пристапи непосредно. Тој смета дека таквиот пристап е можен кај сите предмети. Веќе изучил 17 генерации и е сигурен во тоа. Нивните лични потреби и интереси ги усогласувам со целите и задачите на наставните програми. И што? Секој одговор, секое точно знаење, секоја дефиниција, секоја идеја, секоја вредност мора да најде практична примена во нивниот живот о во нивното научно работење. Не знам дали е новитет тоа емоционално учење, емоционална писменост. Јас ги комбинирам сите овие теории за образование и за воспитание како едно, како подлога за современото, модерно образование. Просветните работници како Ристо Чулев ги креираат своите методи со кои отскокнуваат од стандардното предавање на дадениот материјал. Но тие не ги измислуваат од ништо. Се обидуваат во нив да ги вметнат придобивките од целиот историски развој на образованието и науката. Пребаруваат низ времето и низ просторот, барајќи знаења и методи што ќе им помогнат да го постигнат најдобриот баланс меѓу наставната програма и развојот на ученикот како личност.

    Така, работата на многу научници и школи нашла примена на часовите што ги одржува професорот Чулев. Гешталтова психолошка теорија, основана на Универзитетот во Берлин во 1893 година. Ги истражува закономерностите на стекнувањето знаење. Абрахам Маслов, американски психолог од 20 век. Познат како креаторот на хиерархијата на потребите. Лев Виготцки, советски психолог од првата половина на 20 век. Ја истражувал т.н. културно-историска психологија. „Метод со кој што постигнувам успеси е методот на Виготцки, се разбира преку игра. Што значи преку игра во воспитно-образовниот контекст . Значи нема точен или неточен одговор кога истражуваме некој проблем туку има само свесен или несвесен одговор. И она што е следно за надредено учење според Виготцки, трите круга на Виготцки. Едниот круг оно суштинскиот што знае самото дете, што може самото дете да постигне, вториот круг е колку резултати може да постигне со мене како ментор, како педагог, како професор и третиот круг е што не може да научи.

    Се што е дел од животот треба да биде и дел од образованието. Тоа е мотото според кое се води професорот Чулев кога ги развива своите идеи и практики за да постигне подобар ефект кај учениците. А дел од животот се и музиката, филмовите, книгите, како и практичните знаења и професионалните интереси. Градењето личности преку образованието мора да ги поврзе сите елементи. „Воведување на практично решавање на проблемите, емоционална писменост, видео лектири, потоа избор за професионална ориентација во четврта година ако има таков предмет значи сето знаење што децата го знаат ќе можат да го применат на најдобар можен начин, ќе ја освестат својата личност и ќе ги освестат своите чувства, значи они се носители на нивната најголема надеж, нивната иднина, нивниот живот. Како што самиот вели – квалитетното образование е второто име за среќа.

    Катерина Спасовска-Трпковска

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: „ПОЛИТИЧКИ РАСИПАН ГРАМОФОН“

    ДА ТИ НАЦРТАМ: „ПОЛИТИЧКИ РАСИПАН ГРАМОФОН“

    Да бидеме на чисто: ниедна влада не може да ги исполни очекувањата на граѓаните. Особено во земја која или стоела во место, или се тркалала надолу. Таму луѓето не се задоволуваат ако се искачат за едно скалило погоре. Тоа нема ни да го почувствуваат како промена. Тие сакаат да прескокнат планини и да прелетаат долини. Тоа не е луда желба, туку толку се оддалечени од пристојниот живот.

    Што најлесно прелетува преку планини и долини? Балонот, секако. Затоа политичарите ги надувуваат своите ветувања толку многу, што тие потоа не можат да се исполнат, а граѓаните остануваат разочарани. Затоа политичкиот мандат често се сведува на менаџмент со разочарувањето, односно како да се убедат луѓето дека треба да бидат задоволни и со тоа што го добиле.

    Меѓу најчесто користените техники за менаџмент на разочарувањето е една логична замка што се вика лажна дихотомија. Звучи сложено, но е многу едноставно. Има два чекора. Првиот е да се убедат луѓето дека изборот им е сведен на само две можности од кои треба да одберат една. Вториот е да се убедат дека другата е полоша.

    Партијата што ја има власта ќе рече дека ја разбира разочараноста, но дека ако не ја водат тие државата, ќе дојдат другите, кои се многу полоши, па затоа луѓето треба да се помират со нивниот избор. Во првите две или три години од власта, оправдувањето може да биде дека другата партија толку многу ја уназадила државата, што не може да се очекува значително подобрување преку ноќ. Или преку 730 ноќи, колку што има во две години.

    Но тоа е поубавата верзија на приказната. Таа подразбира дека политичарите се трудат најдобро што можат да ги исполнат очекувањата од нив, но не успеваат, па затоа си бараат оправдување. Полошата верзија е кога тие математички прецизно пресметуваат колку биле лоши нивните противници и си поставуваат граница до каде може да го тестираат трпението на граѓаните.

    Ако на скалата на лошотилакот од 1 до 10 противникот ја има десетката, тие ќе си ја постават границата на 9,86 и ќе внимаваат да не ја преминат таа линија за секогаш да можат да кажат – другите се полоши. Така смислено се обидуваат да бидат помалото зло.

    Како завршува тоа? Незадоволни дека некој ги тера да се помират со помало зло, граѓаните одговараат на менаџментот на незадоволството со метод што се вика пукање на филмот. И отворено се спротивставуваат. Веќе не им е гајле дали другата партија е полоша, само сакаат да сменат нешто.

    Новата партија знае дека дошла на власт поради пукањето на филмот од другите, па така тие стануваат „подобрите“ или „помалото зло“, а другите стануваат „баба рога“ со која се плашат луѓето за да не бараат промени. Се додека и од нив не пукне филмот.

    Легендата вели дека некои политичари, кога ќе виделе дека веќе не им поминува филмот, барале помош од бајачка. Но бајачката се претворала во диџеј, а кристалната топка во грамофонска плоча што постојано ја вртела истата песна. Така се прави политички расипан грамофон.

  • Да ти нацртам: ДОЛЖНИЧКО ПРОФИТЕРСТВО

    Да ти нацртам: ДОЛЖНИЧКО ПРОФИТЕРСТВО

    Еден лист хартија во продавница чини 0,3 денари, на фотокопир 1 ипол денар, а кај извршител 30 денари. Поштарот за 360 денари ќе го однесе писмото до странство, а извршителот за истите пари ќе го пренесе од неговата канцеларија до некоја институција во истиот град.

    Од нашите тајни но многу сигурни извори дознаваме дека хартијата на извршителите не била со позлатени рабови, туку била истата како и во продавницата. Само била 100 пати поскапа зашто законот тоа го дозволувал. Истите извори, кои ве уверуваме дека се многу добри познавачи на проблематиката, ексклузивно за нас потврдија дека извршителитене користеле вселенски бродови за достава на писмата, туку обични превозни средства.

    Извршителите ги знаеме како луѓето што присилно го наплатуваат она што некој не го платил кон оној на кого му должи. Извршителите се потребни. Тие се неизбежна алатка во секое општество бидејќи секој долг треба да се плати. Долгот на еден е платата на другиот, па ако тој не ја добие, нема да може да си ги плати обврските. Така и тој ќе се задолжи, па ќе задолжи некој друг, и се така во еден круг што ја блокира економијата.

    За жал, голем дел од случаите што доаѓаат пред извршителите се за сметки за струја, вода или друго. Како на сиромашните присилно да им се наплати кога немале пари ни основното да го платат? Но, можеби вистинското прашање е како може толку многу долгови да се прават поради основните потреби на еден човек? За тоа треба да се погрижат институциите од социјалната политика. Најлоша пракса е кога социјалните проблеми се решаваат со непочитувањето на законот. Така, се повеќе луѓе ќе тврдат дека немаат пари да си ги платат обврските и никој нема да го проверува тоа. Бројот на сиромашните со морал ќе го надмине бројот на сиромашни со пари. Затоа е потребен систем што ќе ги заштити тие што им треба заштита и ќе ги казни оние што злоупотребуваат.

    Во градењето на тој систем има доста работа и за извршителите. Но, од друга страна, не смее да се создаде ситуација во која некои групи во општеството се могу среќни кога има што повеќе неплатени обврски. Големите трошоци за извршување, кои предизвикуваат тешки лични и семејни драми, создадоа таканаречено должничко профитерство. Слично како и военото профитерство, и ова е профитирање на немоќта на другите, но во име на законот и на правото.

    Министерството за правда подготви законски измени со кои трошоците за извршување ќе се скратат за четири до шест пати, а Собранието неодмна ги изгласа овие измени. Целта е – поправедна наплата за оној на кој му должат, со што помало оптоварување на оној што должи.

    Некои трошоци се намалуваат за 10 пати, како изготвувањето налози за извршување. Налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице кое порано чинеше 20 евра, со новиот тарифник ќе биде 2 евра Листот хартија со новиот ценовник ќе чини еден и пол денар. А доставата на писмата 120 денари. Доколку во минатото, за неплатена сметка за струја од 11 илјади денари трошоците пред извршителот беа околу 5800 денари, со новите законски измени тиеќе изнесуваат околу 1700 денари.

    Има начин како да се избегнат и овие трошоци – навреме плаќајте си ги обврските. Зашто како што вели нашиот цар Ѓорѓи Колозов – од треската се бега, ама од борчот никако.

  • Да ти нацртам: „CLICKBAIT“ | Како се мамат кликови?

    Да ти нацртам: „CLICKBAIT“ | Како се мамат кликови?

    ЗАДОЛЖИТЕЛНО ПОГЛЕДНЕТЕ: Правевме нова епизода на „Да ти нацртам“, и се случи ова: ја направивме! Морате да ја кликнете нашата епизода за clickbait! Овие пет причини ќе го изменат начинот на кој ги гледате мамците за кликови! Четвртата нема да ви се верува…

    Нема да ви се верува каква врска е пронајдена меѓу риболовот и новинарството!

    Се вика кликбејт и во буквален превод значи мамец за кликови. Тоа се наслови што треба да го заскокоткаат читателот да кликне на некоја приказна.

    Погледнете како кликбејтот го промени информирањето!

    Повторно со рибарски речник. Кога весниците и телевизиите беа главни, новинарството беше како ловење со мрежа. Медиумите ја фрлаа целата содржина одеднаш кон целото јато риби, без да знаат која на што ќе се фати. Денес тоа е како ловење со трска. Секоја статија е како посебен мамец и мора посебно да се продаде.

    Еве како кликбејтот го уништува новинарството!

    За ова, всушност, постојат различни теории. Од една страна, кликбејтот се смета само за нова форма на изразување, со која може да се пренесуваат и сериозни вести, како – „еве колку поскапел животот од лани до сега“. Од друга, се тврди дека тој неминовно форсира тривијални теми како „видете со колку мажи спиела оваа старлета“. За читателите, најважно е содржината да ги исполни очекувањата од бомбастичниот наслов. Но, бидејќи често се случува насловот да биде „видете што му се случило кога паднал во вода“, а текстот да биде „сe намокрил и излегол“, кај многу читатели опаѓа интересот за кликбејтови и тие поретко се користат за сериозни вести.

    Петте најкористени кликбејтови што треба да ги препознаете:

    1. „Мораш да ме видиш“! Често содржат „фото“ или „видео“ во насловот и се однесуваат на најбесмислени ситуации „нема да ви се верува што се случило на овој брод“. Често содржат или асоцираат на голотија.
    1. „Треба да ме знаеш“. Ова се често совети кои немаат многу смисла. Пример „банките мразат кога им го правите ова“, но наместо практичен совет како да се добие подобра банкарска услуга преку ред, наведена е само некоја и онака позната работа.
    1. „Ќе те научам нешто ново“. Ова се текстови од типот „најдобро чуваните тајни од Втората светска војна“, и иако ги нема навистина најдобро чуваните тајни, може да има интересни информации за прераскажување во друштво. Вистинитоста е сомнителна.
    1. Недовршени информации. Најчесто се користат за да и додадат лажна важност на некоја не многу важна информација. На пример, под насловот „градските власти издадоа ново предупредување“, може да има едноставна информација дека тие што нема да платат билет во градскиот превоз ќе бидат казнети.
    1. Листи како оваа, со наслов „петте најкористени кликбејтови што треба да ги препознаете“.

    Уживајте во кликањето, но не се фаќајте лесно на мамците.

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: „Што е предавник?“

    ДА ТИ НАЦРТАМ: „Што е предавник?“

    Предавник, шпион, кодош, издајник, ова е дел од секој политички фолклор. Но како што политичките култури се различни, така се разликуваат и условите под кои се станува предавник.

    Наједноставно објаснето, предавник е оној кој е дел од некоја група или заедница, таа група има утврдено свои заеднички цели и интереси, а тој работи против тие интереси. Групата може да биде од неформално друштво, граѓанска или синдикална организација, партија, па се до целиот народ и државата.

    Кога се државата и народот во прашање, дефиницијата е уште полесна. Предавник е оној што работи против интересите на државата и народот. Предавството најчесто се поврзува со прашања за културата, националниот идентитет, националните интереси, обележја, симболи, вредности.

    Но тоа не е се! Ако се јавите во наредните три минути, па дури и ако не се јавите, ќе видите дека како што државата и народот имаат многу интереси од различни области, така постојат и многу предавства.

    Кога интерес на државата и народот е да се создаде општество засновано на чесност, одговорност и работливост, а се создава општество на опортунизам, надмоќ и сомнително брзо богатење, тоа е предавство.

    Кога интерес на државата и народот е да владеат редот и законот, а има дивеење на локални шерифи и има луѓе недопирливи за законот, тоа е предавство.

    Кога интерес на државата и народот е најдобрите и најквалитетни кадри да ги раководат своите области, а на раководните места се поставуваат незнајковци, послушници и измамници, тоа е предавство.

    Кога интересот е да се развива образованието, а тоа се уназадува со многу експерименти и голема нестручност, тоа исто така е предавство.

    Двојно предавство, бидејќи не само што на децата не им се нуди добро образование, туку тие не ни сакаат да се надградуваат за да станат врвни професионалци, кога гледаат околу себе дека на поинаков начин се доаѓа до пристоен живот и заработувачка.

    Кога интересот е чиста животна средина и заштита на природните богатства, а се овозможува масовно загадување, уништување на шумите и на плодните почви, труење на реките, натрупување отпад, тоа е предавство.

    Кога интересoт е социјална сигурност, а огромен број луѓе се плашат како ќе го преживеат утрешниот ден, тоа е предавство.

    Кога интересот е безбедно, удобно и брзо да се стигне од точката А до точката Б, а се патува по раскопани патишта или се чекаат расипани возови, тоа е предавство.

    Кога интересот е болниците да служат за лекување, а таму се оди за да се поминат последните денови од животот, тоа е предавство.

    Кога интересот е граѓаните да видат и да почувствуваат за што ги плаќаат даноците, а наместо тоа гледаат само како им се земаат парите, и тоа е предавство.

    Сите тие се предавства. Само се нарекуваат со поинакви имиња – криминал, корупција, неспособност. Но ефектот е ист. Некои луѓе придонеле да не се остварат интересите на државата. Народот се чувствува извисен, изневерен, и ја губи довербата. Бидејќи е предаден. За нечии лични интереси.

  • Државен и  приватен пи-ар

    Државен и приватен пи-ар

    Односите со јавноста, или пи-ар, е една од најпопуларните професии во последно време. Пи-ар е кратенка од англискиот збор Public relations, што во превод значи „односи со јавност“ и ништо друго. Луѓето што работат пи-ар се нарекуваат и портпароли, што во буквален превод од француски значи – оние што го пренесуваат зборот. И ништо друго.

    Основната задача на пи-арот е да ја олесни или да ја отежни комуникацијата на граѓаните со некоја институција, организација или компанија. Зависи од потребите. Без пи-ар, комуникацијата изгледа вака: еден прашува, друг одговара. Со пи-ар, таа изгледа вака: првиот прашува, вториот го прима прашањето и го пренесува на третиот, третиот одговара, па вториот го зема одговорот и му го предава на првиот.

    Теоретски, ова се прави за да се подобри комуникацијата со луѓето што се многу зафатени и ретко имаат можност директно да одговорат на сите прашања. Во пракса, пи-арот често значел поголема контрола врз текот на информациите.

    Како и за сите професионалци, така и за луѓето што работат пи-ар, клиентот е на прво место и неговите интереси мора да се испочитуваат и да се исполнат. Кога се во прашање приватни организации или компании, работата на пи-ар службениците е јасна. Тие треба да го претстават клиентот во најдобро можно светло, белото да го направат блескаво златно, а црното да го претворат во сивкасто накај бело.

    Но кога пи-ар службите ќе станат вообичаени за најголемиот број државни и јавни институции, работите знаат да станат покомплицирани. По инерција, пи-ар службениците повторно се обидуваат да го претстават клиентот во најдобро можно светло, белото да го направат блескаво златно, а црното сивкасто кон бело. Но најголемата забуна настанува кога тие ќе помислат дека клиент им е министерот, градоначалникот, директорот или некој друг јавен функционер што ги ангажирал.

    Ако гледаме законски, тој функционер не отишол таму да работи за себе. Го поставиле граѓаните и граѓаните му даваат плата, а со парите од граѓаните тој ги плаќа и другите службеници што работат за него, меѓу кои и пи-ар службата. Значи на државните пи-ар служби вистинскиот клиент им се граѓаните, тие треба да ги исполнат нивните цели и да ги штитат нивните интереси.  Во никој случај тие не смеат да го штитат функционерот од граѓаните и од нивните прашања, бидејќи така би работеле против клиентот, а богами и против законот. Затоа, мора да се направат големи напори да се спречи можноста од дијалог со граѓаните, односите со јавноста да се претворат во пропаганда.

    Секој функционер има право лично да си ангажира и приватен пи-ар, кој ќе го плаќа од својот џеб, и чија задача ќе биде да го обелува и да го позлатува. Секој има право за тоа да ја користи и пи-ар службата на својата политичка партија. Но државните пи-ар служби не смеат да го прават тоа. Тие се должни да пренесат се што прави функционерот и да ги одговорат сите прашања зошто нешто е направено и зошто нешто друго не е направено.  Сите прашања. Бидејќи клиентот мора да биде на прво место. А клиент е оној што ги дава парите. Тоа е граѓанинот.

  • Да ти нацртам: Како да го победиш ѓубрето!

    Да ти нацртам: Како да го победиш ѓубрето!

    Убедливо наједноставното правило во секое цивилизирано општество е: фрли го ѓубрето прописно. Воопшто нема потреба од размислување. Постојат правила и тие треба да се почитуваат. Но, кога веќе не се следат правилата, треба да се кажат и причините зошто тие настанале. Во регион во кој често сме навикнати да ги бараме причините за нашите неволји во историјата, еве ја кратката, речиси измислена, но, многу реална историја на ѓубрето.

    Ова е отпадот. Тој е наш непријател. Отпадот е составен од сосема обични предмети што сме ги фрлиле откако веќе не ни требале. Отпадот не постоел во праисторијата. Тогаш сé било ретко и сé се користело. Но, потоа луѓето почнале да живеат во поголеми населби и во градови. Имале повеќе и фрлале повеќе.

    Во старите записи стои дека отпадот не го поднел лесно отфрлањето од човекот, и решил да се одмазди. Создавал болести, како чума, колера, тифус, шуга и други, бидејќи немало хигиена.

    Луѓето биле во паника. Морале да се спасат. Затоа уште од пред 2.500 години создаваат правила за справување со ѓубрето. Првите правила биле наједноставни: ѓубрето да се изнесе неколку километри надвор од градовите и да се фрли таму. Познато? Да, сé уште го правиме тоа, во речиси сите градови во Македонија.

    Но, отпадот не се предавал. Ја загадил околината каде што бил фрлен толку многу, што земјата станала неупотреблива. И толку многу пораснал, што почнал да се враќа во градот. Луѓето знаеле дека мора повторно да се соочат со својот непријател. Но и натаму ја потценувале неговата сила. Се обиделе со тактиката „раздели па владеј“ и почнале да фрлаат отпад и на други места околу градовите. Мислеле дека нашле решение за многу години. Но, тие години поминале.

    Градовите се нашле среде обрачи од отпад. Сардисани, без одбрана, само го чекале ѓубрето повторно да тргне кон нив. Го гледале ѕверот како расте, но и натаму го хранеле, секој ден, со полни ќеси предмети што, едноставно, решиле дека веќе не им требаат.

    Решиле да го нападнат со оган. Не знаеле дека огнот го прави посилен. Чадот го затрул целиот град. Но утредента, отпадот веќе го немало. Останала само пепелта. Помислиле дека нашле решение. Како во приказните за митските чудовишта, отпадот бара жртви за да ги остави другите на раат.

    Продолжиле да го хранат, а кога ќе им се заканел, му возвраќале со оган. Затруениот воздух станувал сé поопасен. Но, мислеле дека цената ја плаќаат малкумина, сé додека и купиштата пепел станале преголеми и го сардисале градот. Пепелта не стоела во место. Ветрот ја носел многу побрзо назад во градот. Во меѓувреме, луѓето и натаму и натаму го хранеле отпадот. Сé повеќе и повеќе му помагале да расте.

    Решиле веќе да не го палат туку да го затрупаат под земја. Повторно грешка. Ги затрул подземните води, почвата и храната. Отпадот и понатаму уживал во својата одмазда.

    Дури кон средината на минатиот век, по 2.500 години борба, на луѓето им текнало што треба да направат. Само треба да престанат да го хранат отпадот, и да не му дозволат да расте. Почнале да го раздвојуваат. Тоа што е употребливо – стакло, пластика, хартија, метал – се рециклира. Тоа што скапува, и се враќа на природата. Така отпадот веќе не добива храна, не може да расте и полека исчезнува.

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: ПРВО „ПАТО“ ПА НАТО

    ДА ТИ НАЦРТАМ: ПРВО „ПАТО“ ПА НАТО

    Локалната самоуправа се избира на локални избори. Кои, пак, често се користат за многу други политички потреби наместо за да се избере што подобра локална самоуправа.

    Изборите за локална самоуправа се сметаат за најнепосредна демократија бидејќи општината ги решава проблемите што граѓаните директно ги засегаат, а граѓаните најлесно може да се вклучат во неа и да влијаат врз нејзините одлуки.

    Но локалната самоуправа има автономија во однос на државната власт и затоа треба да се разграничи за што НЕ треба да се користат локалните избори.

    Прво. Мерење на рејтингот. Речиси немало локални избори што не биле означени како „судбоносни“. Политичарите на митинзите велат дека тоа не се „обични“ локални избори, туку треба да бидат вовед во промена или зацврстување на власта. Секојдневните потреби и проблеми на граѓаните се во втор план.

    Второ. Промовирање кандидати за повисоки функции. За многу градоначалници функцијата е „загревање“ додека нивната партија дојде на власт, кога ќе станат министри, а ќе ги остават граѓаните со некој в.д. градоначалник за кого не ни гласале.

    Трето. Вдомување кандидати што се веќе на повисоки функции. Ова најчесто се прави кога некој пратеник, министер или директор е популарен поради својата работа, па таа популарност треба да се искористи за да се добијат повеќе гласови на локалните избори. На граѓаните им останува само да погодуваат колку со полно работно време ја извршувал државна функција, а истовремено доволно се запознал со локалните проблеми што треба да им ги реши. Особено ако кандидатот си остане на функцијата до изборите, па потоа размислува дали ќе ја промени.

    Четврто. Логистика на владејачката партија да остане на власт. Владата знае дека резултатите во локалната самоуправа се најочигледни. Многу потешко се мерат ефектите од некој закон, отколку ефеките од асфалтирањето улица. Асфалтот или го има, или го нема, тоа се гледа. Затоа владите често со многу пари им помагаат на „своите“ градоначалници да ги уредат општините, а потоа премиерите и министрите присуствуваат на отворањето објекти. Работите се претставуваат како заеднички проекти на државната и на локалната власт, односно проекти на партијата, не на институциите.

    Петто. Логистика на опозициската партија да се врати на власт. Кога градоначалниците и припаѓаат на опозицијата, понекогаш влегуваат во постојана кампања за да докажат колку се подобри од владејачката партија. Со неа влегуваат во директен конфликт, заборавајќи дека како градоначалници им служат и на членовите на таа партија што живеат во нивната општина.

    Шесто. Згрижување на партиските членови што не влегле на ниедно друго место. Во Македонија има речиси 1.400 општински советници. Земаат надомест од 10.000 до 22.000 денари месечно. Без разлика дали нешто работеле или не. Јавноста некои ги познава, повеќето се непознати. Но си го заслужиле местото преку партијата.

    На крај, а за што треба да се користи локалната власт? За подобри училишта, градинки, улици, водоводни мрежи, канализации, зеленило, паркови, игралишта и за подобри услуги како издавање градежни дозволи, урбанистичко уредување и заштита на животната средина.

  • Да ти нацртам: Како се растура држава!

    Да ти нацртам: Како се растура држава!

    Бидејќи за се треба знаење, уништувањето на државата почнува со слабеење на знаењето, односно образованието. Кога децата се оптоваруваат со непотребни содржини, преку учебниците им се нудат погрешни дефиниции и збунувачки објаснувања, тие не може да ги развијат потребните знаења. Кога се воспитуваат да бидат послушни и покорни, не може да бидат креативни. А без креативност, не се наоѓаат решенија за проблемите…

    Многу е важно да се уништи и системот на вредности според кој вистинските луѓе се поставуваат на вистински места. Кога семејната поврзаност, пријателствата, партиската послушност и полтронството се критериуми за напредок, институциите ќе ги заземат погрешни луѓе. А кога од нив ќе се извади знаењето и способноста, институциите стануваат шупливи како фасади. Одлуките тогаш се носат нестручно и во корист на малкумина. Нормално, послушниците тоа нема да го спречат затоа што знаат како дошле до раководни места.

    КАКО СЕ РАСТУРА ДРЖАВА

    Секоја држава има територија на која живее население, кое се раководи според закони, непишани и пишани, во што му помагаат избрана власт и институции. Навидум едноставно, но за да функционира една држава, треба многу услови да се исполнат.

    За територијата треба знаење каква е, какви ресурси има, како се поврзува со инфраструктура и како се користи. За населението треба знаење какво е, каде се наоѓа, што знае да прави, какви можности и какви потреби има. За законите треба знаење како да се напишат за да ги постигнат целите поради кои се донесени. А, за власта и институциите треба најмногу знаење, како да управуваат и успешно да ја вршат својата работа за да им помогнат на граѓаните да ги остварат своите права и потреби.

    Но, колку што е тешко да се направи функционална држава, толку е тешко и да се растури ако е веќе направена. Тоа не може да се стори само со негрижа. Се напаѓаат токму столбовите, системски и постојано.

    Бидејќи за се треба знаење, уништувањето на државата почнува со слабеење на знаењето, односно образованието. Кога децата се оптоваруваат со непотребни содржини, преку учебниците им се нудат погрешни дефиниции и збунувачки објаснувања, тие не може да ги развијат потребните знаења. Кога се воспитуваат да бидат послушни и покорни, не може да бидат креативни. А без креативност, не се наоѓаат решенија за проблемите.

    Многу е важно да се уништи и системот на вредности според кој вистинските луѓе се поставуваат на вистински места. Кога семејната поврзаност, пријателствата, партиската послушност и полтронството се критериуми за напредок, институциите ќе ги заземат погрешни луѓе. А кога од нив ќе се извади знаењето и способноста, институциите стануваат шупливи како фасади. Одлуките тогаш се носат нестручно и во корист на малкумина. Нормално, послушниците тоа нема да го спречат затоа што знаат како дошле до раководни места.

    И територијата се уништува кога ресурсите се даваат на малкумина, а еколошките и другите штети од нивното користење ги трпат сите. Земјата е најограничен ресурс. Ја има колку што ја има. Не може да биде ниту повеќе, ниту помалку. Затоа нејзиното одржливо користење мора добро да се планира. Но тоа е невозможно ако нема знаење и ако не го прават вистинските, квалификувани луѓе.

    Последниот удар е врз населението. Кога овие назадни процеси траат премногу долго, луѓето се приспособуваат да живеат според искривените вредности. Не може да се обвинат, тоа станува начин да се преживее. Кога целосно ќе се приспособат, потоа дури даваат отпор ако некој сака да ги врати вистинските вредности и принципи на функционалната држава. Оние што не се приспособуваат или не сакаат да се приспособат на вакво владеење, заминуваат.

    Важна, важна, многу важна, сериозно важна напомена! Ова не е упатство. Уште еднаш, ова не е упатство. Не правете го ова дома. Ова е предупредување како не треба да се води државата!