Category: Да ти нацртам

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: Политичка коректност – лага или неопходност?

    ДА ТИ НАЦРТАМ: Политичка коректност – лага или неопходност?

    Добредојдовте во светот на политичката коректност. Или на „коректното политичко изразување“, ако сметате дека така е поправилно.

    Се извинуваме ако терминот „поправилно“ ве навреди, бидејќи сметате дека нештата можат да бидат или целосно правилни, или целосно неправилни, и сакаме да знаете дека го почитуваме вашето гледиште. Ете, уште сме на почетокот, а веќе се загубивме.

    Но тоа воопшто не е за изненадување. Политичката коректност е  една од најконтроверзните теми на денешницата. Нејзините поддржувачи сметаат дека таа е неопходна и има позитивен придонес за општеството, а според критичарите таа е непотребна и прави повеќе штета отколку корист. Предизвикува потсмев, гнев, па дури и цензура. Но има барем неколку работи за кои едноставно можеме да бидеме сигурни.

    Да почнеме со критиките. Има мислења дека политичката коректност е голема лага и служи само за да се затскрие или да се ублажи некој проблем, за тој да не звучи толку страшно колку што е. На пример, кога сиромашните се нарекуваат „лица со многу ниски примања“ или „лица во социјален ризик“. Или кога бездомниците се „лица со непостојано домување на јавни простори“. Добро, нив никој не ги вика така, ама може да почне, исто како со сиромашните. Или кога наместо „сиромашни држави„, се користи „држави во развој“. Сиромашни звучи како нешто што е така и останува така, а „во развој“ звучи некако преодно. Како да секој ден се очекува да се развијат и да не бидат повеќе сиромашни. Но, да не сакаме да скриеме нешто на овој начин? Или да минимизираме? На пример, зошто наместо плаќачи на данок се употребува даночни обврзници. Можеби затоа што како плаќачи ќе барате поагилно нешто да ви се испорача за тоа што плаќате, додека како обврзници и не мора да барате нешто за возврат. Критичарите велат дека наместо да измислуваме зборови со кои ќе се преправаме дека овие проблеми не постојат, треба работите да ги кажеме со вистинското име и да се потрудиме навистина да им помогнеме на сиромашните, бездомниците, државите, плаќачите на данок и на другите.

    Но, да ја слушнеме и другата страна. Да видиме што е со етничките термини? На сите ни е познато дека припадниците на некои етнички заедници меѓу себе се нарекуваат со зборови со какви не сакаат другите да ги нарекуваат. И често не ни е јасно зошто тоа се случува. Но не треба ни премногу да размислуваме. Секој треба да се нарекува онака како што тој сака. Уште повеќе, ако некој од тие зборови бил употребуван со навредливо или омаловажувачко значење, барањето алтернативен или „политички коректен“ термин е сосема оправдано.

    Кога политичката коректност е недвосмислено правилна? Тогаш кога таа помага да се избегне етикетирањето. Тоа е кога на некој поединец му се припишува некоја особина само затоа што е член на некоја група, нација, религија, град, партија или друго. Дали денешната генерација е виновна за злосторствата направени од претходната генерација, нивните татковци и дедовци на пример? Не, и тука мора да бидеме коректни. Но, дури и со ова мора да се внимава бидејќи во некои случаи се злоупотребува за да се затскријат злосторствата, како никогаш да не се случиле. Единствено коректно е ако јасно се разграничи што е што и кој за што е одговорен, и никој друг да не се обвинува за тоа освен оној што навистина е виновен. Во принцип е поедноставно одошто звучи, но во пракса, не баш.

    Заклучок: политичката коректност може да служи и во лоша и во добра цел. За мачкање очи, криење на вистински систојби, но и за избегнување непријатни ситуации што не ни се сосема јасни, или воздржување од општи констатации и етикетирање. На сите треба да ни е јасно тоа, за да можеме да одлучиме колку коректни ќе бидеме.

    Толку за политичката коректност овојпат. Иако знаеме дека е крајно некоректно на оваа тема да и се посветат само три минути. Но тоа можеби е и поради инсуфициенција на интелигенција

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: „Што е политичар“

    ДА ТИ НАЦРТАМ: „Што е политичар“

    Голем број политичари сакаат да си преземат многу повеќе улоги од онаа што им е наведена во описот на работното место.

    1. Едни од нив се „татковците на нацијата“. Тој е голем, тој е силен, тој е одговорот на сите прашања, решението на сите проблеми, тој треба да биде слушан и почитуван за доброто на народот, тој е народот.

    2. Други се „политичарите-другари“. Тоа се политичари што одат пеш на работа, не земаат плата, учествуваат во акции за чистење или оставаат контакт за лично да им ги решаваат проблемите на граѓаните.

    3. Третите се „политичарите-ѕвезди“. Тие постојано се истакнуваат во јавноста со своите хобија. Тренираат некој спорт, читаат научна фантастика, одат на културни манифестации, ја одржуваат градината…

    Иако популизмот најчесто се поврзува со „татковците на нацијата“, популисти се сите политичари што не ги гледаат граѓаните како свои работодавачи, туку како свои „чеда“, „другари“, или „обожаватели“.

     

  • Да Ти Нацртам: За државното „БЕСПЛАТНО“

    Да Ти Нацртам: За државното „БЕСПЛАТНО“

    Кога државата вели дека обезбедила нешто бесплатно, тоа е исто како фрижидерот да рече дека чести ручек. Ако никој не стави храна во фрижидерот, ќе нема ни што да се извади. Ако никој не и даде пари на државата, ќе нема ни таа што да даде. Ништо не се создава со магија внатре, ниту во фрижидерот, ниту во државната каса. Според тоа – државата никогаш ништо не дава бесплатно!

     

     

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: Кога „ФАЛИ“ МАНДАТ

    ДА ТИ НАЦРТАМ: Кога „ФАЛИ“ МАНДАТ

    Зошто некои градови немаат доволно вода, особено на лето, а други градат грандиозни фонтани? Зошто некаде нема канализација, речиси никаде нема прочистување на водите, а се прават патеки и шеталишта покрај реките? Зошто некои места се затрупани со ѓубре, а на други има паркови од милиони евра? Одговорот е многу едноставен: лоша политика.

    Политичар што се грижи за својот рејтинг е помалку заинтересиран да направи нешто под земја, отколку над неа. Убав парк, со нови дрвца, украсни грмушки, фонтана, детско игралиште… Прекрасни фотографии за општинската интернет-страница, со наслови како „ново пријатно катче на задоволство на граѓаните“. А граѓаните ќе одат таму за да избегаат од секојдневните проблеми, меѓу кои се и септичките јами. Ама се сече ли лента во канализациска шахта?

    На крајот се и ефектите. Поради нив, политичарите тешко може да се натераат да вложуваат во заштита од природни несреќи, како поплавите. Може цел мандат да нема поплава. Дури и два мандата. Џабе ќе ги потроши парите…

    Кликни овде за целиот серијал ДА ТИ НАЦРТАМ

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: Корупција на мало

    ДА ТИ НАЦРТАМ: Корупција на мало

    Братучетката успеала да се вработи преку партијата, а нема поим од работата што треба да ја врши. Браво, секоја чест! Ама – кога следниот пат ќе загубите цел ден, две третини од нервите, а и некоја пара на шалтерите и низ ходниците на државните служби, тоа е зашто зад вратите седат нејзините колеги, вработени на ист начин.

    Имам една пријателка што постојано се вози со службеното возило, од работа си носи хартија за печатење и се што може да искористи. Браво, секоја чест! Ама – ако нема ќебе во болницата, парите отишле за бензинот и на пријателката.

    Школскиот другар го исчистил целиот подрум. Но не ги чекал комуналните служби. Се снашол и најмил некој со камионче да му го исфрли ѓубрето во реката, за неколку стотки. Браво, секоја чест! Но следната есен, купи си вреќи со песок или кофи за црпење вода, ако затрупаната река се излее.

    Ситната корупција не е проблем само поради директните штети што ги нанесува. Многу поголем проблем е што таа ја поттикнува културата на корупција. Поттикнува општество во кое не е важно дали се почитуваат правилата што се добри за сите, туку секој се обидува да искористи колку што може. Со таквата свест, борбата против крупната корупција е речиси невозможна, а државниот систем се повеќе ќе тоне.

     

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: ПАРТИЈАТА

    ДА ТИ НАЦРТАМ: ПАРТИЈАТА

    Партијата не е верска заедница. Партијата не е агенција за вработување. Партијата не е државата. Поимот политичка партија во Македонија е синоним за многу нешта, но не и за демократија. Не смее лепењето партиски плакати да е единствениот критериум за добивање работно место и привилегии во државните институции. Не случајно, партиите во Македонија се организации во кои граѓаните имаат најмалку доверба. Еве накратко што значи Партијата за сите што заборавиле дека таа е доброволна организација, а контрапротести и водење списоци за учество на протести не е дозволиво.

    Партијата треба да биде организација каде што се разменуваат и спротивставуваат идеи, со цел да се дојде до најдобрите политики за најголемиот дел од граѓаните.

    Ова е верска заедница, ова е агенција за вработување, а ова е политичка партија. Тие не се исти. Во современото демократско општество секоја од нив си ја извршува својата улога. Но ниту една не може да се меша со другите.

    По 26 години плурализам, поимот политичка партија во Македонија е синоним за многу нешта. Но не и за демократија. Партиите се организации во кои граѓаните имаат најмалку доверба*.

    Каде грешиме со партиите? Постои Закон за политички партии, кој уште во членот 2 дава дефиниција што е тоа политичка партија. Тоа е доброволна организација на граѓани, формирана за остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и заради учество во процесот на донесување на политички одлуки при учество во власта.

    Но да одиме по ред. Прво, тоа е доброволна организација. Ова значи дека се што еден член прави во партијата мора да биде доброволно. Чувањето членови на закачалка што можат во секој момент да бидат употребени за митинг или за контрапротест – не е дозволиво. Водењето списоци за присуство на спонтани настани – не е дозволиво. Чекањето упатство за да се напише „свое мислење“ на интернет  – не е дозволиво.  И не, не се важи ако некој рече дека исполнува наредби, ама доброволно.

    Друга особина на партијата е дека таа служи за остварување економски и социјални права. Ова не треба да се сфати премногу лично. Добивањето работно место како „награда“ или „надомест“ за служењето во партијата не е остварување економско и социјално право. Тоа е стекнување нефер привилегија, или злоупотреба. Како што веќе заклучивме, лепењето плакати и веењето знамиња на митинзи е доброволно. Не следува ништо за возврат. Освен, можеби, економски и социјални права што партијата ги застапува, но кои би важеле еднакво за сите.

    И најважно, партијата служи за донесување политички одлуки. Таа не си служи самата на себе, и не постои заради себе.Особено не служи за обожување. Ниту партијата е религија, ниту лидерот е светец, ниту партискиот амблем е икона или свето писмо. Затоа, нема потреба од нив да се прават олтари во домовите, да се носат на себе како накит, особено кога нема изборна кампања, или да се учат напамет светите партиски зборови.

    Кога кон партијата ќе се развие култ, таа веќе не е политичка организација и повеќе личи на верска. Членот 19 од македонскиот Устав вели – за таквите нема место во политиката и во државните работи.

    Политичките партии се непрофитни организации. Така вели членот 9 од Законот. Кога партијата служи за преку неа да се добие незаслужена корист од државните институции, таа се претвора од политичка во измамничка организација. На таквите им се посветени повеќе членови од Кривичниот законик, а не од Законот за политички партии.

    А кога партиската припадност значи дека човекот и припаѓа на партијата, како нејзина приватна сопственост, и зависи од неа за да се прехрани себеси и семејството, тоа е сериозно прекршување на човековите права. Би можело да се толкува и каковоспоставување ропски однос. Што е кривично дело, за кое споредчленот 418 од Кривичниот законик се предвидува затвор до 10 години.

    Партиите се многу важни организации во демократското општество. Затоа секогаш треба да останат тоа што се по дефиниција: групи на слободни граѓани со слични или со исти политички убедувања, што доброволно влегуваат во натпревар со други партии, во обид да добијат што поголема поддршка за остварување на своите идеи и планови за државата.

     

    *анкета на МЦМС: Доверба во луѓето и институциите (2013)

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: Кога власта почнува да ја губи легитимноста?

    ДА ТИ НАЦРТАМ: Кога власта почнува да ја губи легитимноста?

    Кога власта почнува да ја губи легитимноста? Тогаш кога самата веќе не игра според правилата на системот. Кога партијата на власт почнува да мами и да не води сметка за интересите на поголем број граѓани. Кога кон една група луѓе се однесува на еден начин, а кон друга на поинаков. Тоа однесување на крајот создава длабока криза во општеството предизвикана од разнишаните правни, економски и морални темели, а национализмот станува последното упориште на власта…