Author: Balkon3

  • Мора да го заинтересирате светот за вашите книги

    Балкон3 интервју со Нермин Молаоглу, издавачка од Турција

    nermin4_balkon3

    Нермин Молаоглу е една од најдобрите издавачи во Европа. Страствен вљубеник во литературата, таа ги поврзува балканските земји меѓу себе, создавајќи начини за средби, фестивали, фелоушип-програми каде се гради поширока европска слика. Не е лесно, вели, но мора да се гради стратегија. Со неколку македонски издавачи соработува од основањето на нејзината агенција „Калем“, а од минатата година соработува и со фестивалот за проза „Про-за Балкан“ што се одржува на пролет во Скопје.

    1. Претставувате 80-ина турски автори во светот, тоа е импресивен број. Се интересира ли светот за турските автори и што е најчитано?

    – Имаме стотина имиња. Видете, никој не може да дојде до вас и да побара книга од турски, македонски или друг јазик. Мора да создадете интерес. Затоа одиме на многу саеми на книга и фестивали во цел свет и тоа е тајна цел на организирањето на нашиот литературен фестивал (Istanbul Tanpınar Literature Festival). По осумгодишно искуство, продадовме повеќе од 1.200 договори на 42 јазика. Тоа не прави среќни и ни дава желба да работиме понапорно. Досега сме продале книги на македонски издавачи како: „Или Или“, „Бата“, „Арс ламина“ и на „Табернакул“.

    nermin2_balkon32. Со македонски издавачи соработувате од основањето на агенцијата во 2006 година, а од лани соработувате и со фестивалот „Про-за Балкан“ што се одржува во Скопје. Задоволни ли сте од соработката?

    – Од самиот почеток соработуваме со македонски издавачи и со балканските земји. Во 2009 години почнавме да го организираме Меѓународниот литературен фестивал во Истанбул, па така баравме и фестивали од други земји. Пред две години, организаторот на „Про-за Балкан“ Дејан Трајкоски не контактираше и не информираше за интересот на фестивалот од турската литература. Во рамките на нашиот фестивал имаме студиска програма на која тој аплицираше. Вообичаено добиваме по 200 барања за програмата, а само 20-мина ги избираат десетмина турски издавачи. Се радувавме што Дејан беше избран за да биде во друштвото во октомври 2013 година. И така, одлучивме да оствариме соработка помеѓу нашиот фестивал и „Проза Балкан“.

    3. Каква е ситуацијата во Турција, во однос на прашањето на превод на автори од Балканот? Постои ли интерес и која е земјата што има најногу свои автори преведени на турски јазик?

    – Штета е што постојат неколкумина преведувачи од турски на македонски јазик, но многу малку од македонски на турски. Посакувам да имаме повеќе преведувачи во двете насоки, за да можеме да ја читаме заемно литературата. Ист е случајот и со Бугарија. Имаме продадено многу книги на бугарски јазик, но не толку многу од бугарски на турски. Пред неколку години, почнавме да соработуваме со Романскиот институт и имавме многу работилници за преведувачи. Денес можеме да изброиме најмалку десетина романски автори преведени на турски јазик.

    4. Бевте една од номинираните издавачи за наградите „Достигнување во индустријата со книги“ во категоријата „награда за фокусирање на пазарот“ што се доделуваше во април, на Лондонскиот саем на книгата. Би требало да сте многу среќни што сте во кругот на најдобрите издавачи.

    – Тоа е голема чест, во секој случај. Работиме напорно не само за номинациите, за наградите. Наградите не прават среќни. Со издаваштво не може да заработите многу пари во повеќето земји, па важно е некои луѓе да забележат колку многу се трудиме. И јас имам чувство дека работам за мојата земја и се обидувам да ја претставам мојата матична литература пред светот, но исто така сум заинтереисрана да претставам не толку добро позната литература на турски јазик. Тоа е работа во две насоки. Претпоставувам дека заради тоа бев номинирана. Наградите не прават среќни. Од издаваштво не можете да заработувате многу. Но, задоволството е големо што промовираме малку позната литература на турски јазик. Тоа е работа во две насоки. Претпоставувам дека тоа беше причината за таа номинација.

    nermin3_balkon3

    5. Како влеговте во издаваштвото?

    – Случајно почнав да работам во издаваштво. Учев за медицинска сестра и бабица.Станав сестра во 1993 година кога имав 18 години. Работев како сестра во операциона сала и акушерка во Кипар и во Едренеи за тоа време навечер го завршив серкторот за обртазование на универзитетот Тракија. Мастер добив на Државниот Конектикат. За време на тоа образование, работев како куќна помошничка и волонтирав како сестра во Црвениот Крст. По 11 Септември сакав да се вратам назад во мојот прекрасен град Истанбул. Го сакам Истанбул многу. Тогаш сакав да добијам уште една диплома на универзитетот во Истанбул, ама не можев да влезам. Плачев заради тоа. Но, еден ден со ферибот одев од азискиот кон европскиот дел и сретнав професорка од факултетот. Зборував со неа, не ја знаев од претходно, дури ниту името не и го знаев. Таа ме покани на часовите како волонтерски студент. Ми се допадна идејата и наредниот ден се најдов во огромната зграда на универзитетот. По неколку недели, таа ме препорача на издавачката куќа „YKY“ како координатор за авторски права. Во една од најпрестижните издавачки куќи работев три години. Во 2005 година ја напуштив и заедно со мојот сопруг Мехмет Демирташ (чија мајка е родена во срцето на Балканот – Косово) ја основавме агенцијата „Калем“.

    Сребра Ѓорѓијевска

  • Болдеринг меѓу старите манастири во Македонија

    За качување во Македонија идеални се сиво-зелените камени ридови над Прилеп

    zelena karpa21_balkon3

    Кога пред некој ден прочитав во дневните весници дека околу 250 болдери само со помош на прстите ќе се качуваат на карпите во околината на манастирот Трескавец, прво што си помислив беше „и ние карпи за “Eurosport” и за „Discovery  channel“ имаме. Не сум упатена многу во овој спорт, не знаев, дека овие момчиња ги викале болдери, ниту дека ќе се случи болдеринг маратонот „Крале Марко“. Но знам дека болдерите со себе ќе ги понесат спомените за прекрасната околина, за предизвикот што им го нудат сиво-зелените карпи,  за манастирите, за кулите…

    zelena karpa2_balkon3

    Јас сум голем љубител на природата, сакам да ги набљудувам природните форми, создадени од вечната борба на ветерот, сонцето, водата, сакам да правам фотографии  што можат сето тоа да го доловат.

    zelena karpa12_balkon3

    И, додека размислувавме како да поминеме еден интересен ден од викендот, (да е жив и здрав интернетот, ѕирни ваму, ѕирни таму…) падна одлука да се види и прилепско. А, ако не знаете каде е најубавата природа, тогаш само потрудете се да ги побарате манастирите во околината. Тие ќе ве доведат до најубавите, најпродуховените, простори, кои ќе ве смират, ќе ви ги наполнат батериите толку потребни  за соочување со стресниот градски живот.

    Новиот, кривудав, асфалтиран пат нè доведе до место за кое вие на прв поглед ќе помислите дека се наоѓате пред портите на некој манастир на Тибет. Тоа е манастирот Трескавец, прекрасно здание вгнездено под карпите на „Златоврв“, со поглед кој никогаш не се заборава. Датира од 13 век, изграден на остатоци на црква од 7 век. На секој чекор се забележуваат траги од духовниот живот на луѓето од овие краишта. Црквата, заштитена со камени објекти – конаци, кои за жал изгореа во пожар пред извесен период, си стои спокојно во тој простор со векови.

    zelena karpa1_balkon3

    Искрено ми е жал што не дојдов порано, пред пожарот, да ги видам тие објекти во полна убавина, но и вака соголените ѕидови сведочат за цврстината и непокорот на ова место. Слеани со околината, како да изникнале од сиво-зелените карпи, пркосејќи и дури и на страшната огнена стихија од пред неколку години.

    zelena karpa3_balkon3

    Над манастирскиот комплекс се наѕира „Златоврв“. Природата навистина си поиграла со ова возвишение. Се чини како Господ да ѕидал град од сиво-зелен камен, а ветрот се трудел да му го растури. Заедно направиле прекрасни форми кои го чуваат градот Прилеп.

    zelena karpa8_balkon3

    Болдери, ви посакувам да ги освоите карпите, но дозволете и на природата да ги освои вашите чувства. Тогаш секако ќе бидете на врвот. И таму нема да бидете осамени. Еве еден мал пријател, кој ќе ви прави друштво и ќе ви држи среќа.

    zelena karpa6_balkon3

    Потоа се упативме кон Прилеп за да го посетиме и манастирот „Св. Архангел Михаил“. Потекнува од 10 век. Меѓу 11 и 13 век бил повеќе пати граден и разурнуван. Овој манастир се наоѓа под „Марковите кули“, лесно достапен, со прекрасен поглед на Прилеп.

    zelena karpa13_balkon3

    Интересно беше што додека се движевме низ Варош кон манастирот забележав ѕидови, остатоци од повеќе средновековни цркви. Калуѓерките од Манастирот нè информираа дека во минатото во околината имало 77 цркви, дека остатоци се наоѓаат насекаде во дворовите низ Варош. Каков религиозен центар било ова место во Средниот Век…

    zelena karpa16_balkon3

    И на крај одлучивме да ги видиме и „Марковите кули“. Од манастирот до нив води означена патека, можеби половина час качување.

    zelena karpa17_balkon3

    После сите убавини што ги видовме покрај манастирите, моите очекувања не беа преголеми. Но кога се искачивме, на воодушевувањето му немаше крај. Таму дебелите средновековни ѕидини се вијугаа низ стрмните карпи, исчезнуваа, па се појавуваа на најнеочекувани места. Заобиколуваа еден огромен простор на град кој воопшто не бил мал. Тоа што останало изгледа грандиозно, но за жал, не останало многу.

    zelena karpa19_balkon3

    Голем „зорт“ имал Крале Марко на овој рид да го изгради градов. Стратешко место кое му овозможувало добра одбрана, прегледност на цела околина… Се прашувам, каде ли само вода наоѓале?

    Велат, една фотографија вреди колку илјада зборови. Наредив десетина, а сепак имам чувство дека толку малку покажав. Колку и да ви е убаво кога ги гледате тие не можат да ви доловат сè. Изберете пријатен ден, отидете на овие места, видете ги, нема да се покаете.

    zelena karpa20_balkon3

    До следното шетање со Балкон3…

    Билјана Иванова

    Фото: Билјана и Сашо Иванови

  • Плоштадот Неа Смирни низ песна

    Каде и да одиш, секогаш ќе бидеш овде

    Го имаш клучот кој ја отвора оваа брава

    Но бејби, жал ми е, изгледа дека јас ќе заминам

    Дојди! Ајде да одиме на прошетка, само ние двајцата…

    neasmyrni12_balkon3

    Кога прошетката ве води до плоштадот Неа Смирни можеби ќе почувствувате расположение како во песната на Стаматис Краунакис за која ги напишал текстот и мелодијата.

    Но, расположението може бргу и да се смени. Плоштадот е полн со живот и постојано нешто се случува. Нови луѓе постојано доаѓаат и исчезнуваат, а често се појавуваат ѕвезди од музичката и спортската сцена кои живеат и работат овде.

    neasmyrni2_balkon3

    Има безброј кафе барови наоколу, а посетителите повеќе сакаат да седат нa отворено – дури и во зима. Секое друштво си има свое омилено место за дружење и таму сигурно можете да ги најдете во одредено време без да закажувате средба. Секој бар има своја приказна: сопственикот е познат ТВ лик или пак ваш пријател; можеби капучиното е легендарно или нудат happy hour за питите со сирење; или пак посетителите се строго избрани – како што е случајот со “Пантери” кои се големи навивачи на локалниот спортски клуб “Паниониос”; а понекогаш и затоа што барот има тајни простории со сокриени градини каде можете да најдете место кога е сè полно. “Адонис” е еден од најстарите барови овде.

    neasmyrni6_balkon3

    Ајде во Адонис на кафе,

    Таму ќе сретнете згодни млади луѓе, фрикови и спортисти,

    И една луда, нервозна, дебела дама доаѓа во недела да се ослободи од стресот!

    Рефренот опишува вистински ликови кои можеле да се сретнат на плоштадот во 1980-тите кога е напишана песната. Тогаш било невозможно да не ја забележите дебелата дама како крева голема врева. Си замислувам како композиторот и неговите пријатели често го посетувале местово заедно со илјадници студенти од блискиот универзитет во кој немало пристојна кафетерија. Факултетот за Социологија Пандион … па има ли подобро место за доживување и набљудување на социјално однесување во нашата култура на пиење кафе од плоштадот Неа Смирни?

    neasmyrni5_balkon3

    И сè изгледа ништовно

    И сите седат без да се сомневаат…

    Навистина првиот впечаток е дека луѓето овде не се свесни за проблемите во светот и оклоу нив. И да бидеме искрени, студентите доаѓаат овде за да им помине времето помеѓу предавања или да се одмараат. Но, на сите луѓе им е потребно чувство на заедништво во град каде преовладува индивидуализмот и изолираноста, па во таа гужва ќе сретнете парови излезени на романтичен состанок.

    Ти си мојата желба

    Ти си моето кафе и цигара!

    neasmyrni7_balkon3

    Времето проаѓа, некои луѓе се заминати и многу барови се затворени и заменети со други. Адонис се повлече во просториите на мезанинот, друг бар се отвори на приземјето, но и двете места се доволно прометни. Графитите избледуваат но се заменуваат со нови. Плоштадот никогаш не престанал да биде референтна точка за социјализирање, за детска игра, за младите родители да ги прошетаат бебињата и нивните колички.

    neasmyrni14_balkon3

    Повремено ќе забележите понекој уличен продавач од далечни земји како Судан или Сенегал. Алкистис Протопсалти, пеачот на оваа песна, доаѓа од Александрија, Египет. Поголемиот дел од населението овде имаат корени во еден далечен град, Измир во Турција. Плоштадот и и неговата околина се внимателно планирани и изградени во 1930тите, со цел да им помогнат на жителите да се вселат во нивниот нов дом кој го нарекуваат “Нов Измир” – (Nea Smyrni).

    neasmyrni13_balkon3

    Што и да проживуваме сега веќе сме го виделе,

    Како сцена од некој друг филм,

    Драга целиот свет може вака да живее,

    Ајде! Те честам кафе на плоштад!

    neasmyrni8_balkon3

    Плоштадот официјално нема име. Бил планиран како отворен простор за користење на целата заедница, единствен кварт во Атина на кого му е дадена оваа привилегија. Еден градоначалник од 1970тите го поплочил плоштадот со бетон, изградил огромен споменик и многу водени каскади и езерца (порано можеле да се видат патки како пливаат овде).

    neasmyrni9_balkon3

    Локалните жители велат дека изгледа чудно, но не сакаат да го сменат. Секое дете овде пораснало обидувајќи се да стигне до врвот на бетонската пирамида за потоа горделиво да се спушти по лизгалката – самата градба ја задржала првобитната цел: сенка за уличните продавачи на кафе.

    nea smyrni20_balkon3

    nea smyrni12_balkon3 nea smyrni16_balkon3

    Песната избледува многу бргу и звуците се заменети со смеа и со луѓе кои учествуваат во забавата на различни начини. На крајот сепак има воздишка. “Зошто?”

    Но тоа е друга приказна… сигурна сум и друга песна!

    «O Adonis», 1985

    Софија Николаоу

  • Ѓаволски ѕид

    Среде оваа пустелија во светиниколско која повеќе наликува на некоја далечна долина во Авганистан отколку на Македонија, се крие прекрасна легенда. Досега ја немало во јавноста, но затоа тука сме ние, за да ви ја откриеме! Да ви ја зголемиме лубопитноста, и некогаш и вие да го постетите оваа неверојатно место.gjavolski dzid11

    Погледнете ги првин убаво овие овие ѕидови, а сега слушнете ја и приказната:

    Еден ден Ѓаволот се намерачил да ја прегради реката Брегалница за да до пoтопи Овчеполе. Mу рекол на Господ дека тоа ке го стори за една ноќ, но за среќа не успеал да го заврши!

    Господ го надитрил, откако среде ноќ пронашол еден петел, го удрил и до разбудил. Петелот почнал да кукурика и со тоа предвреме означил дека почнува зората, така ѓаволот само до половина успеал во својата намера, па умрел од мака…

    Овче Поле куртулило од поплавување, а Брегалница и ден денес  тече, само овој ѕид останал да сведочи за борбата меѓу доброто и злото.

    За да се стигне до него треба добро да си ги врзете чевлите. Ѕидот се наоѓа на 2 часа планинарење од селото Богословец. Кога ке стигнете до него, верувајте, напорот се исплатува…

    Ѓаволскиот Ѕид се протега неколку километри, имаа остатоци од него, може да видите интересни моменти и детали. Овој ѕид се уште е мистичен, бидејќи на оваа локација доаѓат луѓе, прво заинтересирани да го видат како дел од природата, но доааѓат и луѓе кои што барат злато, зошто постојат легенди дека има закопано злато и има тунели под ридот во близина на Ѕидот. Често пати повеке се прават штети отколку што вистина се наоѓа злато!

    Поради сето оваа едно вакво место не може, а да не крие силна инспирација за уметниците, меѓу нив се и сликарите.

    Кога ке застане човек пред Ѓаволскиот Ѕид, наеднаш се чуствува мал во однос на него, потоа се чуствува дека постои некоја голема сила, иако тоа можеби е тектонското пореметување на земјиштето, меѓутоа се чуствува некоја интересна сила! Ѓаволскиот Ѕид се протега од Исток према Запад и сигурно оваа не е случајно!

    Навистина човек се чуствува мал покрај оваа камено здание, зад која се кријат многу легенди, освен онаа познатата како Господ го победил ѓаволот, често може да се слушнат и сведоштва на рибари за тоа дека оваа место го надлетуваат НЛО летала!

    За настанокот на оваа прекрасно место своја верзија секако освен легендите си имаат и научниците, имено голем дел од територијата на Македонија пред 40-тина милиони години била под море, водата почнала да се повлекува пред 25 милиони години!

    Засега Ѓаволскиот Ѕид го посетуваат само неорганизирани групи, домашни и странски авантуристи. Со добра промоција и национална стратегија Богословец и Ѓаволскиот Ѕид може да станат една од најинтересните туристички дестинации во земјава…

    Валмир Кучи

     

  • Добри вицови од Балканот

    segi

    1.

    Германец, Французин, Англичанец и Грк коментираат за сликата на Адам и Ева во Еденската градина.

    Германецот вели “Погледнете ги овие совршени тела, таа е висока и русокоса, тој е атлетски граден и мускулест… сигурно се Германци.”

    Французинот веднаш реагира “Не верувам дека се Германци. Чиста еротика извира од двајцата. Таа е толку женствена, а тој мажестван… Знаат дека наскоро ќе се соочат со искушението… сигурно се Французи.”

    Англичанецот се спротивставува “Погледнете. Смирениот израз на нивните лица, суптилното држење на нивните тела, чувствителните движења. Може да бидат единствено Англичани.”

    И Гркот извикува “Не се согласувам! Овие луѓе се дефинитивно Грци! Погледнете внимателно: Адам нема панталони. И двајцата се боси. Спијат под дрво. Имаат само едно јаболко за јадење. Не протестираат за тоа. И одозгора на сè, веруваат дека живеат во рајот!”

    2.

    Слонот го прашува диносаурусот  “Ти прати ли Ное покана за пријател?”

    “Не”

    “Тоа е лоша вест…”

    3.

    Мажот ја прашува жената: Што има за ручек, ми се јаде.

    Жената: Ништо нема.

    Мажот: И вчера ништо денеска пак ништо..

    Жената: Е, јас кога готвам готвам за два дена да има..

    4.

    Неколку брачни парови кои подолго време се во брак, на заедничка седенка почнуваат муабет за тоа колку се караат со нивните сопруги, сопрузи.. и во тааа дискусија се вртат кон еден од присутните и му велат. Добро бе, ние се караме сите, лом се правиме, тебе и женати не сме ве виделе никогаш да се скарате, да кренете глас. Како ви успева тоа?

    Е, како.. Убаво, ние се имаме договорено уште кога се земавме некои основни работи и се придржуваме до нив и така..

    Е што се договоривте, прашуваат присутните.

    Па, се договоривме за сите покрупни и битни работи одлучувам јас, а за сите поситни и не толку битни работи одлучува жена ми.

    И?

    Па до сега ништо крупно и битно немало..

    5.

    Зошто Македонците не одат подалеку од Халкидики на одмор?

    За да не им се расипат патлиџаните и сирењето.

    smea1 balkon3

  • 12 Причини да ги засакате грчките вина

    1. Грција е насочена кон производство на квалитетни вина во мал обем. Околу 5 милиони литри вино се произведуваат годишно со што Грција ја става во рангот на најважните вински региони.greek wines1
    2. 75 локални видови винова лоза се одгледуваат во Грција. Најголем дел од нив се домашни видови кои не може да се најдат надвор од земјата.
    3. Најстарите археолошки докази за мелење грозје во светот се пронајдени во Грција.
    4. Првиот грчки регион за кој постојат докази дека комерцијално ги промовирал и извезувал своите вина низ Медитеранот е Крит, околу 2700 пне.
    5. Култот на Дионис, богот на виното, во Грција е донесен од Азија околу 1300 пне. Фестивалот во чест на Дионис вклучувал спортски натпреварувања, театарски претстави и поетски натпревари. Во денешно време се организираат регионални вински фестивали и саеми во текот на целата година.  Селскиот туризам поврзан со винарство е исто така одличен начин да се открие на кој начин традицијата се комбинира со современата технологија во малите винарии. За повеќе информации посетете ја следнава страница: http://www.newwinesofgreece.com/en/visit/index.html)Porto_Carras_GrandResort
    6. Еден од првите обиди да се искомбинираат туризмот и винарството е туристичкиот ресорт Порто Карас на Ситонија, Халкидики.  На имотот се произведуваат голем број врвни вина и е најголемиот регион во Грција каде се произведува органско вино.
    7. Сезоната на берба на лозјата во септември се нарекува Тригос (Trygos) и секогаш е пропратена со поголеми или помали прослави низ цела Грција. Народното име за септември е Тригитис (Trygitis) (гроздобер). Народните песни танци за време на гроздоберот се многу весели.  Во Атина постојат голем број песни кои се пееле во таверните од 1900 до 1940тите во кои се воспева виното, особено локалното вино Рецина збогатено со арома на борова смола.GreekWine1
    8. Најстарото вино со ознака за географско потекло од Грција доаѓа од областа Месиниа (Messinia) и се нарекува Дентис (Denthys). Околу 30% од винските насади во Грција се посветени на одгледување на винова лоза со регистрирано географско потекло. Повеќето од нив се наоѓаат (според хектари) во региони на Пелопонез, северниот и јужниот Егеј.
    9. Современите истражувања и развојот на винарството започна во 1970-тите и оттогаш е во постојан раст вклучувајќи го производството на широк асортиман на органски вина. Секоја година грчките вина од мали и средни винарии добиваат голем број признанија за квалитет и иновации на значајни маѓународни манифестации.
    10. Островите Самос, Лимнос, Санторини и градот Патрас произведуваат одлични мускатни вина, секое со своја специфична боја и арома. Нама (Nama) е слатко вино кое се користи за Причест во црква а може да се купи во продавниците низ цела Грција.
    11. Вилијам Шекспир го воспеваше Малваза (Malvaza), вино кое и денес се произведува во градот Монемвасија (Monemvasia) (Malvazia) на Пелопонез.
    12. Како што е обичај во Јужна Европа во Грција виното се консумира во умерени количества и се поврзува со добра храна и дружба. Научно е докажано дека чаша црвено вино на ден помага во превенција на канцер и кардиоваскуларни болести.

    Секако дека има повеќе причини од овие да ги сакате грчките вина и традицијата која е тесно поврзана со нив. А, за да откриете што повеќе причини, Балкон3 ве поканува (што друго?)… да ги пробате!

    Eviva! Cheers!

    Софија Николаоу

  • Боулдеринг – уметност на качување по карпи

    Боулдерингот е спорт кој е речиси непознат во овој дел на светот. Станува збор за качување на карпи без употреба на јажиња и слична опрема која се користи при алпинизам. Боулдерингот обично се изведува на карпи високи до 6-7 метри, а за заштита од повреди се користат единствено душеци, кои се поставуваат под карпата на која се качува боулдерот.

    Bouldering in Prilep_Balkon3

    Група авантуристи од Германија го избраа македонскиот град Прилеп како совршена локација за да ја изведат својата уметност на качување по карпи.

  • Windows XP на европска Турција

    Windows XP на европска Турција

    Патувавме од Истанбул кон турско-грчката граница и пејсажот неверојатно потсетуваше на познатата слика за позадината на Windows XP.
    Сонцето ја даваше вистинската светлина, облаците ја имаа вистинската бела нијанса, небото ја имаше вистинската сина, дури и некои од полињата ја имаа вистинската зелена.
    Јасна ви е сликата, нели?
    [portfolio_slideshow id=9604]
    Гоце Трпкоски
  • Македонија со најголемо оро за влез во Гинис

    Македонија за Гинис – Заедно да го одиграме најголемото оро во светот!

    Со оро во кое ќе учествуваат над 18 илјади луѓе и кое ќе се игра од Струга до Охрид, Македонија планира да се запише во Гинисовата книга на рекорди. Орото ќе се игра на 10 мај точно напладне, од Мостот на поезијата во Струга до месноста Горица во Охрид.

    oro za ginis balkon3

    Проценките велат дека орото од Струга до Охрид да биде долго околу 18 километри и 400 метри.

    Според Насер Хот, советник во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија, сплотеноста на луѓето рака под рака ќе претставува вистинска атракција во двете туристички места.

    „Се надеваме дека целата рута од Мостот на поезијата во Струга до Инекс Горица во Охрид, ќе биде полна со луѓе. Орото е веќе подготвено, така што сметам дека ќе претставува атракција не само за Охридско-струшкиот реигон, туку и воопшто за целата дражва. Дали ќе влеземе во Гинис или не, е помалку битно, важно е да го дадеме оној колорит, и да ги одбележиме 65 години од основањето на ансамблот „Танец“, новата туристичка сезона и Меѓународниот ден на танцот“, вели Хот.

    Граѓаните на двата града, жителите од околните села, како и туристи кои в сабота ќе престојуваат на струшкото и на охридското крајбрежје ќе го изиграат орото „По вазден те гледам“ што го компонира Зоран Џорлев, во кое се споени две стари македонски ора.

    Нема возраст, нема нација, нема никакви критериуми, освен добра желба да се учествува во ова оро и да му покажеме на светот она што ни лежи на душите, а тоа е нашиот македонски такт, додава Хот.

    Најголемото оро во светот го заиграле 17.200 Кинези. очекува орото од Струга до Охрид да биде долго околу 18 километри и 400 метри.

    За подетални информации можете да ги посетите следниве линкови:
    – Официјалната веб-локација: www.mkzaginis.mk
    – Официјалната Фејсбук страница: www.facebook.com/mkzaginis
    – Официјален Фејсбук настан: FB-Event

  • Селско месо – гастрономско уживање со добро црно вино

    Јадење од балканските простори кое се јаде во сите сезони, но сепак најдобро е кога е постудено надвор,  имајќи пред вид дека има неколку видови различно месо.

    selsko1 070 balkon3

    А ако се додаде дека ова гастрономско уживање бара да се заокружи со добро црно вино, тогаш ви е јасно зошто советуваме да не се подготвува кога е најжешко.  Најверојатно поради неколкуте видови месо јадењето го добило името селско, но и да се правело некогаш само по селата денеска не постои кафеана која на мени ја нема тавата селско месо,

    Не се плашете, влезете во овој потфат дури и ако малку се сомневате во своите кулинарски способности. Лесно е за подготвување и единствената тешкотија е чекањето тавата да биде комплетно подготвена во рерна бидејќи уште од првиот момент мирисите мамат за дегустација.  

    За ова јадење се потребни:

    200 гр. свин­ско месо

    200 гр. теле­шко месо

    200 гр. пиле­шко месо

    200 гр. мелено месо 

    маг­до­нос

    300 гр. печурки

    кашкавал

    пармезан

    сол, бибер, сув мешан зачин, црвен пипер

    2 чешњиња  лук

    1 кромид

    1 свежа пиперка

    буко­вец

    малку бра­шно и ори­гано

    30 мл. бело вино

    200 мл млеко

    Подготовка:

    Најпрвин сите видови месо се сечат на мали парченца.

    На тава со масло и малку путер најпрвин се става да се пржи телешкото месо, па свинското, пилешкото и на крај меленото месо од кое треба претходно да бидат формирани мали топчиња.

    selsko meso11На крај се пропржуваат и печурките кои може да се свежи или пак маринирани. Се пржат со една свежа пиперка и мала главица кромид.

    Потоа месото и печурките се ставаат во поголема тава. За впечатокот да е целосен, добро би било тавата да е глинена, но ако немате таква, добра е и оваа огноотпорна, каква што ја има нашата домаќинка.

    Во тавчето каде што ги испрживме месото и печурките се додава уште малку масло и 2 лажици брашно кое го пропржуваме сосем кратко и се става околу 200 мл пресно меко за да се добие средно густа ,„бешамел“ смеса. Во бешамелот се додаваат сол, мешан зачин, црн бибер, ловоров лист, двете цели лукчиња..

    Се остава целата смеса да проврие колку зачините да ја пуштат својата арома. Месото во тавата се поросува со буковец, над него се става сечканиот магдонос и со готовата бешамел смеса се полива целата тава.

    Веднаш потоа тавата се става во рерна,  јадењето да се потпече околу 20-30 минути на 200 степени целзиусови. Пред самиот крај на тавата и се додава ренданиот кашкавал колку да се растопи и да фати кора. Откако тавата ќе биде готова, се попрскува и со пармезан кој заедно со кашкавалот дава посебен шмек на јадењето.

    Дали и како ќе декорирате е помалку важно.

    Важно, не се трудете да го јадете со многу леб и внимавајте виното да не го заборавите..

    Добар Апетит!! 

    Христина Ристеска