Author: Balkon3

  • Крф – Дел од рајот на Јонското море

    Самата помисла на море, топло сонце, плажи за мене е асоцијација на прекрасниот остров во Јонското Море – Крф. Иако не е најголемиот остров  во Jонското Море сепак е најзелениот. А, ако се прашувате зошто е така, приказната на мештаните вели: Кога островот бил под француска власт, Катерина Медичи владателката на тогашна Франција им ветила по еден златник на секој кој ќе засади маслиново дрво. Колку златници биле поделени не е познато, но  денес на Крф има над четири милиони стебла од ова благородно дрво.krf balkon3 1

    Малку историја. Најголемо влијание на културата и резвојот на Крф имала Венецијанската република која со векови управувала со островот и тоа му дава посебен карактер. Со Крф управувале и Римјаните, Византицијте,  Британците и Французите и сите оставиле по некој свој белег кој и до ден денес е препознатлив. Како во архитектурата и уметноста така и во музеите и археолошките наоѓалишта.

    До островот се доаѓа преку две пристаништа: едното во главниот град Крф кое се вика исто како островот (грчки Керкира) и второто помало пристаниште Лефкими. Авионскиот сообраќај е особено развиен во летниот период кога има летови скоро 24 часа секој ден. Интересен е аеродромот чија писта се наоѓа блиску до морето и дава впечаток дека авионите „одат по вода“. До аеродромот има убави хотели кои имаат големи тераси каде што туристите уживаат во слетувањето и полетувањето на авионите. И, кога келнерот Ви го послужува кафето Ви вели : Уживајте во глетката.

    Крф нуди за секого по нешто. Мир и спокојство во многуте мали рибарски селца кои станале убави туристички места, интересна архитектура и локалитети кои ја раскажуваат историјата на островот, па се до бучна забава, дискотеки и барови кои најмногу ги посетуваат младите туристи.

    grcka-sarma4 balkon3

    Храната е медитеранска со многу грчки  специјалитети.  Подобро е да се јаде во таверните отколку во рестораните бидејќи во нив се наоѓа по некој специјалитет, домашен рецепт, кој семејството што ја држи таверната одлично го приготвува.  Познатата грчка ѕаѕики салата одлично оди со некои од питите со спанаќ, сирење или пак топчиња од месо во сос од домати, свежите риби и лигњи приготвени на различни начини.

    corfu beach b3

    Но сепак, најмногу од се, туристите ги сакаат убавите плажи. За разлика од останатите јонски острови каде плажите се со покрупен песок, овде плажите се со ситен жолт песок, кој на некои места се прелева во песок со огнена боја. На ова се надополнува синото море во кое на хоризонтот се спојува со небото и создава слика каква што не можете да видите секој ден. Овие плажи се наоѓаат на југозападниот и северниот дел на островот каде погледот може да се фрли до недоглед…

    А, јас, во овие ладни денови секогаш кога ќе помислам на Крф, топлата и кристално чиста вода на најпозантите плажи Глифада, Маратиас, Гарденос, Контогаилос, Миртиотица се расположувам и нестрпливо ја очекувам повторната средба..

    Еве и неколку корисни совети и информации за намерниците кои сакаат да го посетат овој остров:

    Траектот Игуменица – Лефкими во еден правец чини 4 евра за едно лица и 28 евра за возило. Се патува еден час.

    Лежалки и чадор на плажа од локалните кафулиња чинат по три евра од лице во кои добиваат и пијалок. Лежалките што не се дел од кафулињата чинат поскапо 4 до 4,5 евра од лице.

    Фрапе чини од 2 до 2,5 евра, пиво 3 евра, а чести се и промоциите на пијалоците и овде можеде да добиете пијачка и за едно евро.

    Познатото грчко гиро чини од 2 до 2,5 евра (пилешко) и 3 евра (свинско)

    Ако сте љубители на морска храна, порција чини околу 30 евра, зависно од тоа што ќе јадете. За извонредно добра храна ви го препорачуваме ресторанот Kaizer Bridge Restaurant  кој се наоѓа во близина на селото Benices на пат кон главниот град. Нуди уѓиванција на море и специјален сплав на вода.

    kaiser bridgeВлезниците во голем број од музеите во Керкира, главниот град на Крф изнесуваат 3 до 5 евра од лице.

    Аква паркот, велат втор по големина во Европа, работи секој ден од 10 часот наутро до 18 часот навечер. Влезница за возрасен чини 25 евра за цел ден, а ако одите по 15 часот ќе платите 18 евра. Детските влезници чинат по 17 евра за цел ден.

    Изнајмување возило на Крф чини околу 35 евра од ден, но цената се намалува ако користите повеќе денови. За седум дена може да добиете цена од 210 евра на пример.

    Изнајмувањето мотоцикл, веспа, популарно превозно средство нa овој остров чини 20 евра на ден

    Сместување: студио за двајца чини од 35 до 60 евра на ден, зависно до хотелот.

    Балкон3 ви посакува пријатен одмор:)

    Катерина Лаова

  • Печење: Неделна тава печено месо на грчки начин

    Добредојдовте на официјалниот грчки неделен ручек!

    Ова е едно од оние јадења кои немаат ист вкус дома и во ресторан. Толку многу сте навикнати на домашната верзија, непцето е навикнато на истиот вкус со години, на вистинското количество зачини и густина на сос… Како и да е, потребно е малку внимание, малку љубов и секој ќе може да го подготви јадењето познато низ цела Грција како “Неделен ручек”.rosto2 balkon3 

    Состојки:

    1,5 кг јунешко (гради или опаш) врзани со конец

    2 големи главици црвен кромид, рендан

    5 главици лук, пресечени на половина

    1 стапче цимет

    1 рамна кафена лажичка мешан зачин

    100 мл суво црвено вино

    1 кг свежи домати, рендани (или заменете ги со конзервирани)

    2 супени лажици доматно пире, разредено со ¼ филџан вода

    2 супени лажици шеќер

    сол и бибер

    1 кг долги цевчести тестенини (зити), може замена со лингвини, пене или ригатони

    50 гр путер

    ½ филџан маслиново масло

    rosto 4 balkon3

    Подготовка:

    Со остар нож засечете го месото на неколку места и вметнете ги главиците лук со малку сол и бибер. Кратко пропржете го месото во маслиново масло на силен оган додека да добие златно-кафена боја од сите страни. Намалете ја температурата и додате го кромидот. Пржете неколку минути со повремено мешање па додате го виното и изгребете ги сите загорени парченца од дното на тавчето. Откако виното ќе испари додадете ги доматите, доматното пире, шеќерот и зачините. Поклопете ја тавата, намалете ја температурата и оставете да врие (околу 2 часа) додека месото да омекне и сосот да згусне.

    rosto 1 balkon3Тестенините сварете ги според инструкциите на пакувањето и ставете ги во цедилка да се исцедат. Стопете парче путер во тава, додадете ги тестенините и промешајте.

    Извадете го месото, отстранете го конецот и исечето го на тенки парчиња со назабен нож. Ставете ги тестенините на чинија за послужување а врз нив ставете ги парчињата месо и прелијте со сосот. Остатокот од сосот послужете го во сад за сос. Традиционално, ова јадење се служи со рендана мизитра (myzithra, младо козјо или овчо сирење) но може да употребите пармезан или било кое друго сирење.

    Балкон3 ви посакува добар апетит!

    Софија Николаоу

  • Балкон3 ви претставува: Јас сум андерграунд

    Балкон3 ви претставува: Јас сум андерграунд

    По низа перипетии и заплети, по стотици изедени ќебапи и испиени пива, во чести напливи на креативен набој, по низа бурни, но плодни дебати меѓу режисерот, сценаристот, продуцентот и тонецот, речиси една година по почетокот на снимањето, имаме чест и задоволство да ви го претставиме Првиот документарен филм во продукција на веб порталот Балкон3, Me Sijum Underground:

    SRR_Poster

    Me Sijum Underground (Јас сум андерграунд) е приказна за еден бенд. И за една населба. Шутка не е обична населба. Ниту Шутка Рома Рап не е обичен бенд. Неговите членови еден ден се тезгачии и занаетчии, а веќе наредниот ден настапуваат на сцените на некои од најголемите европски фестивали како Зигет и Роскилде. Секако, тука се секојдневните обврски, семејството, социјалната борба, азилантските неправди. Но, се` се заборава штом ќе тргне музичкиот карван. Всушност ова е филм за музиката и нејзината моќ. Или една забавна приказна на Балкон3 полна со надеж.

    SRR3

    Автори на филмот се Александар Манасиев и Мирко Трајановски, а продуцент е Дарко Чекеровски. Подолу можете да го погледнете трејлерот за Me Sijum Underground, чија премиерна проекција ќе се одржи во Кинотека на Македонија на 3 април (четврток) во 20:00 часот.

  • Шест едноставни совети за промовирање на локалниот туризам на Балканот

    Прашајте кој било градоначалник во регионов за неговите/нејзините стратегии за локален развој и секој од нив особено ќе го истакнат значењето на туризмот. Скоро сите општини во регионот, урбани и рурални, го имаат туризмот при врвот на својата листа на важни стратешки цели. Нивните локални стратегиски документи и акциони планови редовно ги потенцираат локалните природни и културни ресурси и даваат идеи за тоа како тие да се искористат во промовирањето на оваа атрактивна индустриска гранка. 1znaci dobra

    За жал, не сите тие имаат еднаков потенцијал за развивање на туризмот. Природните и културни богатства се од голема важност, но не се еднакво застапени во сите општини и подрачја. Исто така, често се случува постојниот природен и културен капитал да биде неправилно употребуван.

    Желбата за занимавање со туризам треба да се избалансира во однос на тоа со кои и какви конкуренти се натпреварувате. Во оваа насока, важно е да се процени колку од расположивите ресурси можат да се насочат кон остварување на стратегиската цел, инаку, сè може да се претвори во залудно трошење на време и пари.

    Но, и во случај општината да нема потенцијал за масовен туризам може да се натпреварува со одредена специфична карактеристика. Приказната понекогаш е поважна од површните естетски квалитети. Постојат примери кога голем број туристи посетуваат сиромашни места со мал културен потенцијал поради тоа што биле портретирани како егзотични места во некој игран или документарен филм. Понекогаш ваквата ситуација е навистина цинична, но секој прагматичар би ви кажал дека лош публицитет не постои.2prizren at home we feel

    Некои од причините поради кои луѓето мислат дека би можеле да живеат од туризам се:

    1.Тоа изгледа лесно

    2.Патриотизмот – луѓето ја сакаат својата земја па претпоставуваат дека и на другите би им се допаднала

    Распространето е мислењето дека е доволно да се има убаво езеро или фини рустикални улици. Тоа секако е добра основа, но потребно е да се ефектуира преку понуда на одредени софистицирани услуги. Таквите услуги се многу поедноставни од, да речеме, софтверско програмирање, но во денешно време тие подразбираат способност да се користи некаков софтвер, нешто кое сè уште претставува проблем за многу туристички центри во регионот. Некои хотели, на пример, не прифаќаат плаќање со кредитна картичка за да се потврди резервацијата па ги условуваат гостите да дојдат порано на наведениот ден ако сакаат да си ја задржат резервацијата во врвот на летната сезона.

    Размислувајќи како да ја унапредат туристичката понуда многу општини се понесени од идеи кои се премногу амбициозни. Понекогаш таквите скапи и ексцентрични проекти ги засенуваат поедноставните работи кои ни се потребни, како што се основната инфраструктура и услуги, или основната контрола на квалитет. Зошто би посетиле некој град кој реконструира историско востание и ги облекува жителите во облеки кои се носеле пред повеќе од еден век, ако не сте сигурни дека ќе имате сапун или крпа во вашата соба? Ова можеби звучи безначајно, но таквите работи се суштински за унапредување на туризмот.

    8DSC_0138 dobra1

    Затоа, пред да започнат да размислуваат за големи, комплицирани или ексклузивни проекти, локалните власти треба да се фокусираат на основните работи. Тие не бараат премногу ресурси, а создаваат големи предности. Еве неколку од нив:

    Прво. Поставете знаци на улиците и патиштата. Градоначалниците постојано ја истакнуваат важноста на туризмот но факт е дека посетителите не можат да се снајдат низ малите градови на Балканот. Како да дојдат туристите кога не можат да го најдат патот? Можеби ќе успеат да влезат и да го најдат центарот на градот, но ќе имаат проблеми да го најдат излезот бидејќи никаде нема обележани улици и знаци. Често се случува да се постават знаци на одредени места но, не и на критичните раскрсници, а тоа е исто како воопшто да нема знаци. Туристите се принудени да талкаат низ градот и да се вртат во круг. Секако дека можат да прашаат за правец, но единствено ако го познаваат јазикот на домаќините. Може да бидат опремени со GPS во денешно време, но тоа не е доволно добар изговор. Дури и најмалите општини можат да си дозволат ваков проект, затоа поставете знаци на улиците и патиштата. Не еден или два туку што е можно повеќе. Туристите се чувствуваат добро кога знаат каде се наоѓаат.

    3Funny-Tourist-Sign.gif 4touristsign

    Второ. Потрудете се да го држите отпадот под контрола. Да, полесно е да се каже отколку да се направи, но, од друга страна доволен е еден брз поглед да се примети дека недостига таква грижа. Превработувањето во јавните комунални претпријатија е популарна пракса во регионот, но како е возможно да имате двојно зголемување на вработените во последните 7-8 години а проблемот со отпадот во меѓувреме се влошил? Потребен е фокусиран и постојан (а не повремен и еднократен) напор. Немате корист од организирање на фин летен фестивал помеѓу купишта отпадоци.

    Трето. Поправете ги тротоарите. Поставувањето нови тротоари е скапа работа. Тоа не е потребно да се прави сè додека можат да се одржуваат постоечките. Туристите не сакаат дупки, испакнатини, искршени и извадени павер елементи. Поправките не чинат многу но значат многу. Никој не сака да се сопнува и постојано да внимава на секој чекор. Поентата е, не да се отвора тендер и да се смени сè, туку постојано да се одржува она што е веќе поставено.

    Четврто. Направете едноставни летоци. Не изработувајте ексклузивни скапи каталози. Направете едноставна мапа, обележете ги главните туристички атракции и користете едноставен, разбирлив вокабулар. Погрижете се летоците да бидат насекаде достапни и на дофат. Бесцелно е да ги чувате во некоја општинска канцеларија или туристички инфо-центар кој не работи кога службеникот не е таму.6gostivar dobra3

    Петто. Помогнете во забавните содржини кои сепак најмногу припаѓаат во приватниот сектор. Туристите мора да имаат разонода. Постојат многу примери на услуги кои започнале од нула (планинарење, јавање магариња, возење низ кал, прошетки итн.), сепак тие треба да бидат добро организирани и промовирани. Треба да им помогнете, но да не ги преземате овие проекти ниту пак да трошите ресурси на нив.

    Шесто. За крај, држете се до основните правила, особено ако не располагате со неограничен буџет. Постојат току многу основни работи што треба да се направат, така да не се занесувајте со скапи проекти како на пример – голф игралишта. Прво погрижете се за приоритетните работи.

    Ристо Карајков

    Др. Ристо Карајков е основач и директор на компанијата DeSo. Тој многупати има пишувано за политичките и економски случувања на Балканот, за развојот на граѓанското општество за академска и неакадемска читателска публика. Неговите написи се публикувани (меѓу другите) и во International Herald Tribune, New York Times, European Voice, World Politics Review, Osservatorio Balcani and Caucaso, Devex, New Business Europe, and Transitions Online. risto.karajkov@deso.mk

  • Бурек и симит приготвени во вашата кујна

    Бурек и симит приготвени во вашата кујна

    Живеејќи далеку од Турција постојат некои видови храна од турската кујна, посебно таканаречената улична храна, кои многу ми недостасуваат, како што им недостасува домашната храна на сите кои живеат надвор од својата татковина. Кога ќе се сместите во „новиот дом“ чувството го заменува потребата и желбата да ги создадете и реплицирате овие специјалитети во новите домашни услови.

    burek i simit_cover

    Еден од моите омилени специјалитети од турската кујна е бурекот, поточно полнетото печиво. Според традицијата, за подготовка на бурек би требало да употребиме свежо и тенко како хартија тесто, наречено јуфка. Во Англија ја нема јуфката во маркетите, но може да се најде соодветна замена односно готови кори.

    burek2

    Имајте предвид дека овие кори лесно се сушат па мора да употребувате влажна крпа додека работите со нив при подготовка на бурекот. Бурекот може да се направи со праз и сирење, со компир, сирење и магданос, мелено месо и друго. Можете да направите поголема количина, а потоа да ја замрзнете. Ако го направите тоа, замрзнатиот бурек можете да го употребите повторно ако го ставите во тава намачкана со масло за готвење. Потоа се пече на температура од 180 целзиусови степени околу 15-20 минути. Бурекот магично се појавува на чинијата и исто толку бргу исчезнува.

    burek1

    Ѓеврекот, тестото во кружна форма со семе од сусам, е уште еден мој фаворит од турската кујна. Оди одлично со чај, краставички, домат и сирење од страна. За мене тоа е врвниот турски доручек. И да, можете да испечете ѓеврек во вашиот дом, полесно отколку што мислите.

    gevrek1

    Балик и екмек, турски печени (или лесно пржени) сендвичи од риба се други улични специјалитети кои можете да ги приготвите дома. Рибарите го приготвуваат уловот на денот во нивните чамци, „обична“ скара со салата, парче кромид и свеж леб, едноставно преубаво.

    riba sendvic

    Ние приготвивме наша верзија на балик и екмек со освежувачка пијаз салата со сумах, прстени од кромид, магданос и домат од страна.

    sendvic so riba2

    Се што треба да сторите е да ги затворите очите и веќе патувате по Босфорот во Истанбул.

    burek i simit_bosfor

    Пријатен апетит!

    Целиот текст и начинот на подготовка можете да го прочитате овде.

    Автор: Озлем Ворен

    (Текстот е објавен во соработка меѓу Балкон3 и Ozlem Turkish Table)

  • Патување во Антеп стил

    Моите сеќавања на Газиантеп се прилично магливи бидејќи последен пат го посетив овој град на службено патување пред околу десетина години. Она што остана во сеќавање е археолошката легенда Зеугма и силуетата на градот.
    Во тоа време жителите беа окупирани со приказните за легендарниот град Зеугма и чудесните откритија на огромни мозаици на подовите и ѕидовите на резиденцијални објекти во отворениот антички град кој стои на падините над реката Еуфрат. Но, мозаиците не беа единствените уникатни нешта пронајдени таму бидејќи имаше и статуи, како статуата на Марс, кои за кратко време станаа светски познати. Тогаш ми се чинеше дека локалните жители не беа само љубопитни туку и помалку завидуваа на сите богатства кои излегуваа од земјата што тие ја користеа единствено за земјоделие. Мојата мотивација и поттик да се вратам во овој древен град се должи на овие сеќавања и бев многу возбуден што конечно имав можност да го посетам музејот во Зеугма во кој се изложени сите артефакти и мозаици коишто уметничката заедница успеа да ги спаси од водите на браната Биречик.

    zeugma1y

    Газиантеп е современото име на градот кое го добил по завршувањето на војната за независност на Турција. Се спомнуваат неколку стари имиња бидејќи ова парче земја било дом на неколку славни цивилизации и се верува дека Селеукос, главниот командант на војската на Александар Велики, бил основачот на градот. Градот е прочуен по својата гастрономска понуда и многумина доаѓаат уште рано наутро во градот за да посетат некој од познатите ресторани, да вкусат вистински ќебап и навечер се враќаат дома. Што се однесува до мене, јас не сум ниту љубител на месо ниту вегетаријанец, но тоа нема да ме спречи да ги пробам сите познати јадења и ќебапи во текот на мојата посета на Газиантеп.

    antep_cover
    Катмерџи Зекерија http://www.katmercizekeriya.com/

    Моето патување започнува рано наутро со еден пријател кој е одговорен за прекрасните фотографии кои следат. Слетавме во 10 наутро и веднаш почувствував глад па желбата за разгледување на мозаици и антиквитети ја заменив со добра храна. Отидовме во Катмерџи Зекерија (Katmerci Zekeriya) чии пецива се познати дури до Истанбул, а таму веќе беа пристигнати и сите други патници од авионот. Немавме ништо против овој ритуал и покрај тоа што не сакавме нашата посета да се претвори во туристичко клише. Пробавме катмер, ронливо пециво направено од тенки кори и мелени фстаци. Вистинска калорична бомба која личи на баклава, но не е толку блага. Девојките не прашуваат колку сакате кога нарачувате, туку веднаш ви носат една порција на маса, така не ќе мора да трагате по катмер низ градот во текот на денот. Обичај е катмер да се јаде за појадок.

    Желни веднаш да започнеме со откривањето на градот, бргу го пронајдовме нашиот хотел лоциран во најстариот дел на градот во близина на тврдината и старите пазари. Хотелот е Anatolian Houses (Анадолска Куќа) и претставува типична стара градска куќа.

    Anadolu Evleri www.anadoluevleri.com Tel : 0.342.220 95 25
    Anadolu Evleri www.anadoluevleri.com Tel : 0.342.220 95 25

    Веднаш го оставивме багажот во соба и побрзавме до еден од старите автентични пазари наречен Бакарен Пазар. Бевме претходно предупредени дека е можно повеќето продавници да не се отворени бидејќи е недела а ние сакавме да го видиме пазарот во вообичаена атмосфера на секојдневно купување. Мојата прва помисла за пазарот беше заштита а ќе дознаеме зошто откако ќе добиеме информации од локалните жители.

    Бакарен Пазар: Инфраструктурата на пазарот вклучува 8 улици и 280 продавници кои се реновирани според традиционалната типологија на автентични анадолски пазари во проект спроведен од страна на општината. Проектот ја добил наградата за Реставрација на Стари Градови. Во текот на кратката прошетка уживавмегледајќи ги старите мајстори како работат и направивме многу фотографии од нив. Мајсторите изгледаа сериозни додека ги полираа послужавниците и имавме чувство како да играат улога во некој нивен филм. Го почитуваме нивниот професионализам иако пазарот врвеше од туристи и локални жители кои се обидуваа да купат потребни работи за домаќинството. Атмосферата беше динамична и исполнета со бои.

    antep2

    Бакарниот пазар е опкружен со други познати пазари како што е историскиот трговски центар Зинзирли Безистен, Тутун Ан Бујук Бугдај пазарот (Zinzirli Bedesten, Tütün Han, Büyük Buğday Pazarı).
    Откако се прошетавме низ сите се најдовме пред една друга историска градба Tarihi Tahmis Kahvesi (Старата Кафеџилница). Овде ја направивме првата кафе пауза иако овој регион е познат по мененгич кафе (Menengiç coffee) кое го пробав пред долги години во Хасанкеиф (еден друг, многу познат древен град кој во поголем дел е под вода) и не можев да сфатам што е тоа. Ова специфично кафе се приготвува со млеко и има многу добар вкус за разлика од традиционалното турско кафе. Tahmis значи толчено. Кафето се толчи во резбан камен аван. Според некои белешки Султанот Мурат IV тука се одморал и пиел кафе во текот не нападите на Багдад. Најважната карактеристика која го разликува ова место од обичните кафеџилници е тоа што било сведок на историски настани и е дом на книжевноста, музиката и локалните театарски претстави (Karagöz) веќе долги години. Додека се одморавме, група локални музичари влегоа и нè натераа да го следиме природниот ритам на градот.

    Tahmis Coffe House   www.tahmiskahvesi.com.tr
    Tahmis Coffe House www.tahmiskahvesi.com.tr

    По веселата пауза навративме до продавницата Ејуп Бахарат (Eyüp Baharat) за да купиме зачини и билки кои се составен дел од вкусот на познатата кујна на Газиантеп. Продавницата се наоѓа веднаш спроти кафеџилницата и нејзиниот сопственик, г-динот Ејуп е многу пријатен продавач. Заминавме со црвени пиперки и пакетче бонбони направени со специјална техника која се користи во овој регион. Подоцна пробав сос од калинка и веднаш се заљубив во вкусот.

    antep4

    Eyüp Bahçeci: 0342 232 05 87 Boyacı Mah. Eski Buğday Pazarı Ateş Geçidi NO:1/E Şahinbey
    Eyüp Bahçeci: 0342 232 05 87 Boyacı Mah. Eski Buğday Pazarı Ateş Geçidi NO:1/E Şahinbey

    Изгубени во Бакарниот Пазар

    antep6

    Како што одминуваше времето се појавија и првите знаци на глад па побрзавме до ресторанот Metanet и пробавме лахмаџун и симит ќебап (ќебап од фино мелен булгур).

    Мое омилено јадење е симит ќебап (ќебапи од фино мелен булгур). Горе во десниот агол.
    Мое омилено јадење е симит ќебап (ќебапи од фино мелен булгур). Горе во десниот агол.

    Имаме само уште 2-3 часа дневна светлина па после ручекот продолжуваме со прошетката низ стариот град, но овој пат посветувајќи повеќе внимание на историските џамии. Повеќето џамии во Газиантеп датираат од XII – XIV век со забележливо влијание на арапската архитектура особено во орнаментите на минарињата. Дрвените минариња се украсени со богата резба но изгледаат духовно, елегантно издигнувајќи се кон небото. Повеќето џамии се изградени од камен во различен декоративен стил. Најстара е Бојаџи џамија (Boyaci Camii) која има неверојатни орнаменти од сино стакло вградени во нејзиното минаре.

    antep7

    Околу 4 часот попладне решивме да го свртиме кормилото кон музејот Зеугма. Планиравме да го посетиме во недела но постоеше можност за полудневна тура до Халфети и Румкале (Halfet,Rumkale) па не сакавме да ризикуваме и да не ги видиме светски познатите мозаици.

    Древниот град Зеугма/ Белкис; Историја и важност

    Во 300 г.пне Селеукус I, еден од генералите на Александар Македонски го основал градот како место со стратешка и комерцијална важност на реката Еуфрат. Тој основал уште еден град, наречен Апамеја по неговата сопруга, веднаш од спротивната страна на реката и ги споил со мост. Со текот на времето Селеуција растел и се развивал а Апамеја постепено назадувал. Името на градот било сменето во Зеугма (што значи Мост или Премин) и станал најголемиот град на источните граници на Римското Царство. Населението пораснало до 80,000 жители благодарение на финансиските средства од платените војници од 4тата Легија коишто се населиле таму и развојот на трговијата во мирнодопски услови.
    За постоењето на овој град се дозна во 1987 но се здоби со слава и светско внимание после 2000-тата кога беа откриени голем број артефакти. Само 70% од градот се спасени пред да се пушти браната Биречик. Со огромни напори биле ископано две вили, Посејдон и Еуфрат и пренесени во музејот во Газиантеп заедно со голем број камени блокови, столбови, фонтани и мозаици. Вилите Посејдон и Еуфрат се сочувани во природното опкружување благодарение на огромен ѕиден постер на кој е прикажан ридот над реката. Мора да признаам дека крајниот резултат е прилични импресивен.
    Посетата на музејот започнува со мозаикот на Пресудата на Парис, Океан и Тетис, и Аратос кои се изложени на ѕидовите. Еден од најважните предмети во музејот е статуата на Марс која била пронајдена при ископувањето на вилата Посејдон во 2000. Таа била сокриена под садови за храна во оставата и се претпоставува дека таму била сокриена поради нападите на Сасанидите. Статуата, висока 1,52 м, е всушност дизајнирана да стои на плоштадот и била поставена на 30 сантиметарска основа од базалт на врвот на столб висок 6,60м. Марс е симбол на богот на војната Арес и затоа неговиот израз на лицето покажува лутина и незадоволство. Кренатата десна рака е свиткана во лактот и држи копје, а во левата држи цвет кои симболизираат војна и плодност.

    antep8

    antep9 antep10

    Би сакал да ги завршам моите музејски приказни со светски познатиот мозаик на “Циганката”. Тој е изложен во посебна просторија во првиот дел на вториот кат. Просторијата е дизајнирана како лавиринт и создава чувство на мистерија особено со нагласување на прогонувачкиот поглед на девојката. Мое скромно мислење е дека со текот на времето овој мозаик може да ја надмине славата на Мона Лиза бидејќи предизвикувачкиот поглед припаѓа на дамнешни времиња, илјадници години наназад.
    После вака исполнет ден решивме дека е најдобро да ја завршиме приказната за градот и да го откажеме патувањето до Халфети и другите отворени древни градови во околината. Си ветив дека ќе се вратам повторно, можеби на пролет. Сепак за сите оние кои сакаат приказни за остатоци од антиката следуваат неколку информации.

    Античкиот град Дулук

    Дулук датира од 600 г. пне и претставува еден од најстарите градови на светот. Тој бил место каде се спојувале источната и западната култура и религиозен центар за обожавателите на Тешуп, Зевс и Долукенос. Најголемото, до сега познато, подземно светилиште посветено на Митра се наоѓа во Дулук. Исто така, постои некрополис со многу гробови и цркви издлабени во карпа.

    Отворен Музеј Јесемек (Yesemek)

    Ова место се наоѓа на 113 километри од Газиантеп близу градот Ислахије е бил основан како рудник и работилница за изработка на скулптури за потребите на Хититите пред околу 3500 години. Статуите се расфрлани на еден зелен рид, некои потпрени на страна, некои со лицето надолу. Повеќето се лавови со грива и крилја во стоечка или седечка позиција. Останатите се сфинги, воени кочии, статуа на човек-мечка, близнаци планински божества и други суштества.

    Румкале (Хромгла)

    Румкале се наоѓа 62 км од центарот на градот и има прекрасни градби и природни убавини. Постои легенда дека Апостол Јован издлабил соба во карпа во која се преселил за да направи копии од Библијата. Се вели дека неговиот гроб е сè уште таму па затоа Румкале претставува светилиште за христијаните. Во тврдината, освен ѕидови и кули, се наоѓа мала џамија, црква посветена на поетот Св. Нерсес и манастирот Баршавма. Можат да се забележат цистерни за вода и бунари, но многу објекти се сè уште неидентификувани.
    kaley

    Неделата ја поминавме во Беј Махалези (Bey Mahallesi), еден од најзачуваните делови од градот. Исто како во Бакарниот Пазар улиците и старите градби се реставрирани и сочувани благодарение на државата и општината Газиантеп. Населбата се наоѓа на рид и го добила името по џамијата Беј која, за жал, денес не постои. Додека талкавме низ улиците почувствувавме мир помеѓу ѕидовите на старите градски куќи. Една одлика на овој дел на градот е начинот на којшто живеат постарите станари на овие куќи со нивните централни дворови наречени “хајат”, кујни и остави. Овојпат направивме кафе пауза во Папирус, многу стара куќа со огромен двор внатре. Можете да влезете и да ги ги разгледате собите со шарени дрвени тавани и стари фотографии од поранешните станари.

    Папирус
    Папирус

    Врати и улици во населбата Беј (BEY), предградие на Газиантеп

    antep12

    antep13

    antep14

    Последно, но не и најмалку важно, го завршуваме нашето патување во ресторанот Ашина (омилен кај локалните жители) каде пробавме јувалама (yuvalama) што многу ми се допадна. Сега почнувам да сфаќам дека во текстов не посветив многу внимание на храната. За да го поправам тоа еве неколку добро познати специјалитети од Газиантеп.

    Кујната на Газиантеп

    Баклавата и ќебапите се познати ширум светот (додека го пишувам овој текст Европската Унија ја прогласи баклавата од Антеп за автентична баклава). Зачините кои се користат при приготвувањето на храната и кои даваат различен вкус на јадењата, доматното пире и мелените пиперки, сосови и мешавини се заслужни за популарноста на јадењата и десертите од Газиантеп, меѓу кои се: ќебап од кромид, ќебап од фино мелен булгур, ќебап од модар патлиџан, ќебап од јапонска мушмула, ќебап од тартуфи, супа со кисело млеко и топчиња од ориз (yuvalama), пилав од пченица, пилав од леќа, лахмаџун, катмер, вртена триаголнеста баклава и десерти од гроздов сок (шира)…

    Имам Чагдаш    www.imamcagdas.com   Асортиман на баклава
    Имам Чагдаш www.imamcagdas.com Асортиман на баклава

    Довидување Зеугма, Довидување Газиантеп

    Текст: Нилуфер Акча
    Фото: Таркан Акташ

  • Предраг Луциќ и Борис Дежуловиќ – „Мелодии на кома и Комора“

    Тешко дека нешто поголемо од игла можеше да собере неодамна во загрепското кафуле „Но сикирики“, каде што една сабота навечер се собраа повеќе од стотина души, желни за слушање на „Мелодиите на кома и Комора“ во изведба на Предраг Луциќ и Борис Дежуловиќ.lucic_dezulovic_melodije

    Опасно уиграниот двоец  ја одушеви публиката, но ништо помалку и не се очекуваше. Вреди да се спомне и дека толку позитивна енергија кај публиката, при што ова за енергијата не го кажуваме само како изџвакана флоскула, долго време немаме видено на едно место. Мала екипа на нашите пријатели од сајтот Лупига, се најде во „Но сикирики“ и ги забележаа и монтираа „Мелодиите на кома и Комора“ од студиото ЛуДеж. За почеток уживајте во една дваесетминутна снимка.

    „Ви благодарам што се оствари прогнозата на еден мој пријател кој рече дека поради прекрасните временски прилики во Загреб овде вечерва ќе има многу помалку луѓе отколку што очекувавме“, започна првиот глас на овој дует, Предраг Луциќ, па веднаш, без непотребно одолговлекување, заедно со „Оној Десно Од Луциќ Што Само Отвара Уста“, почна со првата нумера, напоменувајќи дека се работи за најстарата песна што ја изведуваат. Имено, „Еурославија“ е напишана дамнешната 1994 година и е објавено во денес покојниот Feral Tribune, а на кој не потсети Дежуловиќ со маицата на која е истакнато добро познатото лого на Ферал.big_velika

    Тоа беше само вовед во фантастичната вечер во „Но сикирики“, од каде, како што забележавме, никој не си отиде незадоволен. Речиси три часа Луциќ&Дежуловиќ ги одушевуваа оние кои ја имаа таа среќа да влезат во ова загрепско кафуле, а во вистински опсежниот репертоар се најде место и  Дежуловиќ да прочита нешто од својата збирка песни со разурнувачка моќ, насловена како „Песни од Лора“ http://www.lupiga.com/vijesti/pjesme-iz-lore

    Со оглед на темата, која покрај ќирилицата, најмногу ја разорува хрватската јавност во последните месеци, секако не беше заобиколена ниту своевидната посвета на иницијативата „Во име на семејството“ и на нејзините бројни симпатизери во вид на стиховите: „Во Вселената се е чисто, Истото не се стреми кон исто; Таму нема друго лице, Космосот не е педериште“ која исто така е своевремено објавена во Ферал под наслов „ЗНАСА лансира ХДЗ-овци во вселената затоа што таму нема хомосексуалци“. Не се секирајте не е заобиколен ниту Марко Перковиќ Томсон, на чија музика случнавме неколку препеви, како на пример „Мој Дилане побратиме мил“, па дури и некои нумери кои инаку, како што велат момците од Студиото ЛуДеж, не ги изведуваат во Хрватска.

    Следува дваесетминутната снимка на Лупига, на која се надеваме ќе се уверите дека настапите на Луциќ и Дежуловиќ вреди да се видат.

    (Текстот е објавен во соработка меѓу Балкон3 и www.lupiga.com)

     

  • Малешевски зелник

    Малешевски зелник

    Во источниот дел на Македонија, во прекрасната Малешевија се прават најубавите македонски јадења. Запишани или запаметени од усните преданија на нивните баби и прабаби, младите домаќинки ги обновуваат старите рецепти и имајќи голема желба да ги споделат со своите најблиски, вложуваат огромен труд во нивната подготовка. Во Берово вештите, искусни домаќинки го прават надалеку познатиот малешевски зелник, специјалитет со неповторлив и единствен вкус. Зелникот на нашата баба Живка, сукан и месен, е тајна со која таа успева да го собере целото семејство на една трпеза.

    zelnik_cover

    Рано наутро ќе го замеси и веќе до пладне предизвикувачкиот мирис сите ќе не намами на трпезата. Тогаш, во убаво расположение уживаме во преубавиот вкусен специјалитет, се разбира комбиниран со бело беровско сирење или со буламач. Овој пат за читателите на Балкон3 отидовме до Берово и ја замоливме баба Живка да ни ја открие тајната како се подготвува Малешевскиот зелник. Таа со задоволство одговори на нашата молба, но овој пат со помош на една помлада домаќинка, која не смееме а да не ја споменеме, Зорка Кускинска.

    zelnik1

    Потребни состојки:

    За тестото:
    – 1 килограм брашно
    – 1 квасец
    – 1 супена лажица сол
    – 1 супена лажица шеќер
    – вода за замесување
    – зејтин за премачкување на корите

    За филот:
    – праз
    – сирење
    – за филот може да се употреби и спанаќ или пржен праз со пиперки и домати)

    Начин на подготовка:

    Се потквасува една коцка квасец со една супена лажица шеќер и една супена лажица сол. Смесата се меша со еден килограм брашно и вода по потреба. Откако тестото убаво ќе се замеси, се остава еден час за да нарасне. Потоа тестото се дели на пет помали и еден поголем дел. Сите делови се сукаат до дебелина од 1 милиметар.

    zelnik2 zelnik3

    Секоја сукана кора се остава на еден чаршав да се исуши, се додека не се заврши секој дел од тестото. Најголемиот дел се засукува во поголема дебелина и покриен се става врз еден плех. На помалите кори се распоредува иситнето сирење и се посипува со зејтин.

    zelnik5

    Потоа се собираат и се редат во поголемата кора. Со краевите на поголемата кора се замотуваат помалите кори.

    zelnik6 zelnik7

    Во средината се става малку запржениот праз со сирење и одозгора се посипува со брашно. Се остава еден час да накисне, а потоа се става да се пече на 250 степени целзиусови.

    zelnik9 zelnik10

    Откако ќе се испече се вади од рерната и се полива со 100 грама вода со зејтин и пак се става во рерна да се допече уште 10 минути.

    zelnik8

    На здравје и добар апетит!

    Автор: Јулијана Димитриевска
    Фото: Дијана Димитриевска

  • Театарот е мојот мост меѓу Скопје и Истанбул

    Кога би фрлиле поглед на листата на актери што играат во претставите на Турскиот театар од Скопје, едно име за момент ќе ве збуни. Меѓу сите турски имиња и презимиња, името на Македонката Билјана Јовановска секако е невообичаено. Сепак и оваа актерка има врска со Турција. Нејзиниот татко Ѓоре Јовановски бил фудбалер, а подоцна и тренер во оваа земја (играл во тимовите Ankaragucu и во Samsunspor), па така и Турција станала нејзина љубов и судбина.

    biljana - balkanot

    За да го усоврши јазикот се запишала на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, а веќе неколку години е дел од ансамблот на Турскиот театар.
    Турција е дел од мене уште од моето раѓање. Поради работата на татко ми, често се преселувавме на релација Македонија-Турција, така што паралелно израснав со двете култури и двата јазика. Кога решив да се запишам на ФДУ, природно ми дојде да конкурирам во турската класа, со цел да напредувам во јазикот – вели Јовановска.

    biljana - zad scena na balchak

    Додава дека ја сака мелодијата на турскиот јазик и оти кога оди во Турција, поради нежноста на јазикот, станува друга личност.
    -Ги сакам школките што ги продаваат на секој чекор и кои можеш да ги јадеш стоејќи. Го сакам турскиот чај. Ме фасцинира ведрината на луѓето на улица – вели Билјана.

    biljana - do balchak

    Дипломирала во јуни 2011 кај професорот Елјеса Касо, со претставата „Долго патување во ноќта“. Денес врската со Турција не ја одржува само преку секојдневните проби и претстави во театарот во Старата чаршија во Скопје туку и преку глумење во турски серии.
    – Со снимањето на „Збогум Румелија“ и „Последно лето на Балканот“ се стекнав со дисциплина да можам да станам во 6 часот и да бидам подготвена за снимање, без разлика каква вечер сум имала. Се научив брзо да учам текст, зашто сериите се снимаат со светлосна брзина и мораш да се приспособиш ако сакаш подолго време да си дел од тоа – завршува Билјана.

    Сребра Ѓорѓијевска

  • Пржен црн дроб од Едрене: Tаен рецепт

    Едрене, град на граница, магично место кое ги спојува Анадолија и Европа, каде се среќаваат трите реки Тунџа, Арда и Марица. Град кој ве освојува со својата топлина веднаш штом ќе стапнете во него. Срдечноста на луѓето и географското богатство кое се огледа во традиционалните култури го прават Едрене посебно место.

    Edrene_cover

    Со векови Едрене бил домаќин на многу култури. По поделбата на Римското Царство градот бил во границите на Византиската Империја, а подоцна бил главен град на Отоманското Царство цели 92 години до освојувањето на Константинопол. Затоа градот се состои од историски споменици како што се палати, џамии, верски училишта, покриени пазари, меани, бањи и многу други. Големиот архитект Синан го дизајнирал своето ремек дело, познатата џамија Селимије во овој град.

    Edrene1

    Постојат и редица други посебни градби, како што се италијанската католичка црква, бугарската црква Свети Георгиј, црквата Свети Константин и Елена и големата синагога (втора по големина во Европа) коишто му даваат боја и богатство на градот.

    Edrene2

    Како што можете да видите не е возможно да се каже сè за Едрене во еден напис, па затоа ајде да се вратиме на главната тема! Ќе зборуваме за познатиот пржен црн дроб од Едрене. Тој е доволна причина да го посетите градот и има вкус што ги привлекува и оние кои не се љубители на вакви јадења.

    Месото е главна состојка во кујната на Едрене, а пржениот црн дроб стана симбол на градот. Па кои се причините што го прават ова јадење толку познато? Што е она што го разликува од другите јадења? Ако сакате да го дознаете тајниот рецепт сега имате можност, затоа што јас ќе го споделам со вас!

    Прво правило: готвачите од Едрене преферираат црниот дроб да биде изваден од теле не постаро од една година. Исто така месото е неопходно да биде свежо, по можност донесено уште првиот ден. Црниот дроб се сече на многу тенки парчиња (како што велат „тенки како ливчиња“) и треба потполно да се исчисти од вени, крв и жили (ова е особено важно, бидејќи ја прави целата разлика).

    edrene3

    Тајната на специјалниот мирис на црниот дроб е во маслото за пржење. Црниот дроб се валка во брашно и треба да се пржи неколку минути во врело сончогледово масло на висока температура.

    edrene4

    Се посолува откако ќе се испржи и е подготвен за послужување. Најдобар додаток на ова јадење се сувите лути пиперки од видот „Караачи“ кои исто така се одгледуваат во Караагач, Едрене. Пиперките треба прво да се испржат во врело масло.

    edrene5

    Црниот дроб и пиперките се готови и може да ги консумирате со ајран. Добар апетит!

    edrene6

    Бидејќи сега ја дознавте тајната на овој одличен рецепт време е да го посетите Едрене, и тоа што е можно побрзо. Нема да зажалите!

    Текст и фото: Аркан Чинетчи