Амбасадата на САД деновиве беше домаќин на еден од најпознатите американски кувари,Кевин Сбрага кој ја посети Македонија. Кевин имаше средби со кувари, студенти по гастрономија, менаџери на ресторани и сопственици со цел да ги сподели искуствата и американските рецепти, но и да научи за традиционалната македонска кујна. неговата посета е дел од програмата на Американскиот Стејт Департмент за Кулинарска дипломатија.
Балкон3 го интевјуираше Кевин Сбрага во ресторанот Барбакан откако тој на група македонски ученици им одржа практична настава за подготвување на американски палачинки.

Г-не Сбрага за прв пат сте во Македонија, Како се чувствувате?
- Земјата е убава, луѓето се многу фини. Денеска готвев со децата, тие беа прекрасни, восхитувачки трпеливи. Навистина сите се интересираа за она што го правиме и се грижеа како ќе излезе. Мислам дека им беше многу забавно.
Која е идејата на кулинарската дипломатија, што еве со вашето доаѓање почнува овде?
- Целата идеја на кулинарската дипломатија е американски кувари, да дојдат овде, да бидат еден вид кулинарски амбасадори, да презентираат дел од американската кујна, американските јадења, додека истовремено учат и стекнуваат знаења за храната и културата на земјата во која се дојдени. Овде, јас зготвив пилешко, но исто така јадев и гледав како се прави ѓомлезе. Јадев и бурек денеска и слични јадења. Тие рецепти и знаења ќе можам да ги земам со себе во САД.

Гледав многу интересни фотографии од Охрид. Што готвевте таму, според фотографиите сте си поминале прекрасно.
- Првото што го зготвив таму беше нешто што е многу американско, многу традиционално. Пржено пилешко и салата од компири. И сакав да зготвам нешто што ние го јадеме таму. Потоа, следниот ден, зготвив салата од праски со козјо сирење, и тоа беше малку повеќе фенси и креативно.
Има ли некои сличности меѓу македонската и американската кујна?
- Мислам дека сличностите се во одличните свежи, непроцесирани состојки. Видов одлични ротквици овде, а исти такви можам да најдам и во САД. Овде можам да најдам и многу добра зелена салата, исто како и во САД. Можеби само начинот на кој ја подготвуваме е различен. Американската храна е како еден сад за претопување, мешање. Има многу културно влијание од страна, можеби има влијание од Индијанската храна, можеби од Тајландската, можеби има влијание од Македонија, од Порторико, очигледно има доста влијанија во храната. Додека овде во Македонија и во Балканскиот регион генерално, сите употребуваат локални јадења и рецепти и специфики. Мислам дека тоа е најголемата разлика.

Кои се позитивните работи, а кои се недостатоците на македонскиот бизнис со храна? Во последно време има многу кампањи за промоција на македонската храна и вино во светот.
- Мислам дека еден од плусевите, позитивните работи е виното. Вчера пробав прекрасно вино, всушност секој ден пробувам по некое одлично вино. А виното и храната прекрасно функционираат едно со друго. Мислам дека тој баланс на добро вино и добра храна е одличен овде. Јас сум импресиониран од тоа. Второ, повторно, тоа се состојките, свежите состојки. Фактот што луѓето во Македонија одат во продавница и пазаруваат секој ден, јас мислам дека тоа е прекрасно. Тоа го немаме во САД. Луѓето не пазаруваат секој ден, пазаруваат еднаш неделно. Но, кога одите на пазар на свежи производи и набавувате свежи состојки секој ден, тоа е за восхит. Недостатоци? Не знам дали има некои крупни недостатоци. Можеби треба да има поголема креативност со храната, можеби да се прифати малку повеќе влијание од страна, но толку. Мислам дека одличната храна е овде, луѓето овде го знаат тоа.

Дали мирисот на храната е тоа што е најважно во едно јадење? Како што е убаво отсликано во познатиот цртан филм Рататуј, за глувчето кувар, кој на озлогласениот критичар за храна му го подготви омиленото јадење и со тоа го врати во сеќавањата од детството, на кујната на неговата баба, времето кога се беше едноставно и лесно..
- Добро прашање.. Не знам.. Знаете, кога ги враќате сеќавањата за храната.. кога готвам, сакам да креирам сеќавање, сакам да креирам искуство.. За мене, ако помислам што готвеше мајка ми.. Таа правеше сендвич со чадено сирење.. Јас не мислам дека е само мирисот.. мислам дека е начинот како изгледа јадењето, знаете, можам да го помирисам путерот во сендвичот, путерот врз кој се става смесата од палачинките, можам да го слушнам путерот како чрчори на лебот и можам да се сетам како истекува стопеното сирење од сендвичот. Тогаш ми доаѓа оној крцкав звук кога го јадете и мирисот во исто време.. па потоа вкусот.. Мислам дека убавата храна треба да го содржи сето тоа.. И кога првиот ден овде јадевме мезе и седевме надвор, јадевме печени пиперки во масло со лук и магдонос. Јас никогаш нема да го заборавам тоа поради тоа како изгледаше, поради луѓето и поради тоа што се беше совршено.. За прв пат искусив такво нешто. Мислам дека храната го прави тоа.. покрива се друго.. Не мислам дека е само аромата или само вкусот. Мислам дека е се заедно.
Ќе го цитирам Златко Гал, познатиот хрватски новинар, готвач, коментатор, рок критичар. Во интервју за Балкон3 тој вели: да јадеш само житарки, некои зелени листови, да пиеш Евиан вода и да трчаш 50 км дневно. По ѓаволите со тоа! Тоа не е живот! Дали се согласувате со тоа?
- Хахаха, Да се согласувам 100% со тоа. Некои луѓе, јадат за да живеат, некои живеат за да јадат. Јас уживам во храната. Не само да ја јадам, туку уживам во целосното искуство во седењето, јадењето, дружењето, разговорите.. Уживам во амбиентот, уживам в музиката, за мене тоа е дел од животот, дел од она што ме прави среќен. Ако има луѓе кои што сакаат да пијат само Евиан вода и да јадат житарки и да трчаат по 50 км на ден, во реед, но тоа не сум јас.

Кој е вашиот совет за македонските кувари, на што да обрнат внимание, на што да се фокусираат во подготвувањето на добрата храна со цел да станат познати?
- Утрово бев во продавница и видов блитва. Има многу листови овој вид зеленчук и јас реков. Еј, колку е убаво, одамна немам видено. И еден од пријателите кои беа со мене рече. О, тоа ние го служиме со риба. Е, ние во САД блитвата ја служиме со се. Може да биде со риба, со свинско месо, со пилешко. И јас мислам дека ако Македонците размислуваат на тој начин, на пример: Еј, јас можам да го зготвам ова со малку лук, со масло и можеби магдонос и можам да го послужам со јагнешко, или со свинско, или со пастрмка, со било што.. Само отворете го умот и не размислувајте дека може да се служи само со риба. Има многу начини да се истражува храната!
Што најмногу ви се бендисува од балканската храна?
- Ја сакам едноставноста да се има се на дофат. Денеска во маркетот видов ротквици, рано кромитче, лукче, див праз, магдонос.. Јас ги сакам овие вкусови, тоа се моите омилени вкусови..
Веројатно патувате многу. Кои земји во регионот ги посетивте?
- Да, патувам често. Бев на Хаити, на Карибите пред две седмици, а во регионот сум бил и порано. Сум ги посетил Грција, Турција и Хрватска, следната недела одам за Косово, така што возбудливо е да се биде во сите овие земји.

Како го објаснувате се поизразениот став на младите луѓе дека со еден вид гордост објавуваат дека не знаат да готват, или дека знаат само да спржат јајца?
- Мислам дека е важно за секој да научи да готви иако не секој е гурман.. да се научат некои основни работи. Тоа е како чистење на вашите алишта, сите треба да научат како да си ја исчистат облеката. Така што, кога младите велат не знаат да готват или не сакаат да готват, јас мислам дека би требало да научат малку.
Храната е вашиот живот. Дали нешто ново, интересно го има привлечено вашето вимание во последно време на ова поле?
- Многу работи го привлекуваат моето внимание. Всушност, нема нешто што не го привлекува. Вчера набљудував подготвување на јадење надвор на отворено. Луѓето готвеа на отворен оган, правеа ѓомлезе. Не сум видел такво нешто порано. Инспириран сум од тоа. Инспириран сум од тоа како ја користат тепсијата, како палат оган одоздола. Инспириран сум од едноставни нешта.

Дарко Чекеровски
Повеќе за кевин Сбрага http://www.sbragadining.com/








Во акцијата „Сподели NESCAFÉ 3in1 за Св. Валентин “, тимовите на NESCAFÉ на граѓаните во Скопје ќе им поделат повеќе од 6.000 подароци во форма на срце со по две кесички NESCAFÉ 3in1 кафе. Патролата се движи низ сите популарни локации во Скопје каде се собираат младите луѓе, студентите и вљубените. Специјалното срце може да се искористи како честитка или писмо и да се испрати за Денот на вљубените. Исто така, оваа порака може да се сподели и на Фејсбук.




















“Воздра. Ша има?”- вака се поздравува “рајата” во Сараево. И мене ме пречекаа со овој поздрав иако не сум дел од “рајата” и за прв пат сум во Сараево. Но, мојот домаќин дефинитивно e “раја” и тоа почнувајќи од “мала раја” како што ги нарекуваат сарајлиите помалите свои сограѓани. Нихад, мојот драг пријател и домаќин на овој мој неколкудневен престој во Сараево е млад сарајлија кој многу го сака своето Сараево или како што вели тој градот му е најдобар другар. Подобар водич низ Сараево не можев да имам. Му благодарам за тоа. Го видов и почувствував дури “махалскиот” живот по маалата над Башчаршија, животот во Чаршијата, модерното Сараево, отоманското Сараево, австро-унгарското Сараево, но и последиците од Сараево „под опсада“… Едно нешто сигурно ги поврзува сите овие наброени работи погоре, а тоа е духот на луѓето кои живеат тука. Ги задржале ведрината, почитувањето и насмевките…. И покрај се’.
Во Сараево стигнав рано изутрина и веднаш имав прилика да ја посетам Башчаршија која сеуште спиеше во овие рани мугри. Празните сокачиња по чаршијата се чистеа и ги чекаа еснафите, рајата, туристите да прошетаат по нив. Чаршијата е формирана во втората половина на 15 век и најпрвин само делот околу препознатливиот белег на чаршијата- себиљ се нарекувал Баш чаршија, во превод главна чаршија, за подоцна целата чаршија да го добие ова име. Порано секој занает си имал своја уличка, денес останати се само најупорните занаетчии кои најчесто изработуваат сувенири. Некои од дуќаните денес се познати кафетерии, чајџилници, ќебапчилници, ресторани….
Во минатото имало околу 12 000 трговски и занетчиски дуќани со преку 80 различни занаети. Земјотреси и пожари делумно и пресудиле на чаршијата, а од нив ова што е останато денес сведочи за некогашниот богат живот кој се одвивал на северниот брег на реката Миљацка. Неколкуте безистени, џамии, анови исто така сведочат за имињата на неколкумината градители во чаршијата како што е Гази-Хусрев бег кој е и погребан во Џамијата која ја изградил. Сараевчани се вредни, духовити и досетливи луѓе. Нивната досетливост ќе ја препознаете и во чаршијата и сувенирите кои ги нудат, во ликот на Вучко-некогашната маскота на Олимписките игри во Сараево 1984, во сувенирите од куршуми, сувенири од рачни бомби и други разни рачни изработки…. Една од најавтентичните креации на овие сувенири се чаурите од гранати, на кои денес вештите раце на занаетчиите ги отсликуваат белезите на чаршијата, на Сараево и со нивниот отсекогаш ведар дух се обидуваат да ги ублажат болката, а и сликата за военото Сараево.


Сараевчани сакаат многу да пијат кафе и тој адет веднаш ја буди чаршијата. Само по неколку часа откако ја запознав полу заспаната чаршија, рано, тоа утро, таа веќе беше преполна со луѓе. Странците најчесто се ориентираат (се чекаат) по себиљ-некогашна чешма, која е една од неколкуте кои постоеле порано низ Сараево. Денес е останата само оваа, изградена 1891 година, која на почетокот имала себиљџија кој со канче за вода ги поел жедните.

Сместена е во близина на Башчаршија изградена е во псевдо-маурски стил и наликува на џамијата на Кемал Втори во Каиро. Била пуштена во употреба во 1896 година. На почетокот била зграда на градската управа на Сараево, потоа била зграда на Окружниот суд на Сараево, па градска односно Национална и универзитетска библиотека, која во 1992 година, за време на опсадата на Сараево изгорела со 80% книги и документи за историјата на Босна и Херцеговина. Денес е реновирана и иако од неодамна е свечено отворена, сеуште не е отворена за посетители. Планирано е тука да биде сместена градската управа на Сараево, Универзитеската библиотека, како и да служи како простор за културни настани.


Повеќе мостови ги поврзуваат овие два брега на Миљацка, а од неодамна уште еден мост кој на прв поглед не се вклопува со околината, но кога ќе ги запознаете малку сараевчани ќе сфатите дека ептен им одговара. Мостот се вика: “Pozuri polako (побрзај полека)” и се наоѓа непосредно пред Академијата за ликовни уметности.
Јас и Сараево, ова дефинитивно беше љубов на прв поглед. Веќе имаме закажано ново рандеву во зимски амбиент….Препознатлив. Сараевски…
