Дваесет и две фотографии, стотици „лајкови“, илајдници прегледувања. Ова е резултатот од фото натпреварот кој го организираше веб порталот Балкон3. Темата беше „Вашата најдобра фотографија“, а добивме прекрасни слики „уловени“ во Македонија, Грција и Турција, но и други земји. Победник на натпреварот и добитник на наградата фото-апарат модел Т350 од марката FujiFilm е Ајданур Незир со фотографијата „Sunshine & Nature“. Балкон3 ќе продолжи да ги инспирира и поддржува љубителите на фотографијата. Затоа не ги штедете Вашите фото апарати и мобилни телефони. Фотографирајте и можеби ќе создадете мало уметничко дело. А во меѓувреме, уживајте во галеријата од фото натпреварот на Балкон3.
Sunshine & nature – Ајданур НезирBeautiful Beach – Александар К. СпасовскиБогданци – Ивана ПаунковаI walk alone – Драган ЛасковДуќан во Фискардо – Нидија ЧилимановаHappines – Ердем АметHello october – γιωργος-λευτερης χαμαλιδηςХристина – Александра ШаповаВоз – Стела ДиноваИстанбул – Кристина АнгелескаИзворите на Дрим – Звонко НанчовскиKorcha winter – Десион МекаLove by the river Thames – Александар МанасиевМакедонска куќа – Александар ЛевескиМакедонски манастир – Виолета Спасовска КаратошМост во Париз – Софија СеменпееваMountain lake – Борис ЈаневShkodra harmony – Фиорабела ДумаСкопска Чаршија – Чунејт РушидУбавица од Јуручко село – Хусамедин ГинаВенеција – Цеца СрбоваВенеција – Мери Чекеровска
На Балканот многу имиња на јадења, обичаи и слично носат називи на соседни држави и поради тоа се претпоставува дека се типични за нив. Но, често се случува она што кај нас го носи името турски или грчки, во овие земји речиси и да не е познато или пак рецептот и изгледот на храната да е сосема поинаков. Но, иако расправата околу имињата овде е сериозна работа, сепак за вкусовите и храната не се расправа. Па одиме со нашиот рецепт за вас драги пријатели. Правевме грчка сарма, иако не сме сигурни дали и во Грција овој рецепт е познат под ова име или можеби изгледа поинаку 🙂
Состојки:
– Телешко или јунешко месо – 850 грама
– Три парчиња модар патлиџан сецкани на тенки гругови
– Пет парчиња црвен патлиџан сецкани на кругови
– Две китки магдонос
– Сол
– Бибер
– Зачин
– Црвен бибер
– Една чаша пиво
Подготовка:
Целото парче месо го пропржуваме кусо во тава со масло за да фати боја. Потоа додаваме околу половина литар вода, една чаша пиво, бибер, сол и зачин по вкус. Го оставаме да се динста околу час и половина. Потоа месото го вадиме и го сецкаме на тенки правоаголници. Малку ги запржуваме круговите модар патлиџан и ги оставаме на страна да се изцедат. Подготвуваме тава за печење. Во неа ставаме еден мал филџан зејтин и 250 милилитри пиво.
Месото кое сме го исецкале на правоаголници потоа го виткаме како сарма заедно со пржениот модар патлиџан. Ги редиме во тавата како сарми. Ги посолуваме и им ставаме малку бибер, половина лажичка црвен бибер и зачин по вкус. Ги покриваме со кругови исецкан црвен домат и ги ставаме во рерна да се печат околу еден час на температура од 200 степени.
Потоа ги вадиме од рерна. Врз целата површина на јадењето редиме свеж магдонос и повторно го ставаме во рерна да се допече уште половина час. Ако има потреба додаваме малку вода. Потоа јадењето се вади од рерна и се остава да се олади неколку минути. Највкусно е кога се јаде со овчо кисело млеко и црвено вино по ваш избор.
По трет пат во оваа декада, Фото Клубот „Лесковац“ со поддршка од Градот Лесковац организира самит на фотографи од просторите на поранешна Република Југославија. Темата на овогодинешниот самит кој ќе се одржи во период од 10ти до 13ти октомври ќе бидат младите, или поконкретно работа со млади, унапредување на програмите за млади и можностите за соработка на програмите за млади.
„Уверени сме дека темата на Самитот е актуелна и дека презентираните информации и примери на добра пракса ќе не одведат кон препознавање на потребите за воспоставување партнерства.“ – изјави Александар Стаменковиќ, менаџер на програмите од култура во Фото Клубот „Лесковац“.
Учеството на на Самитот на фотографи го потврдија фотографи од сите републики од некогашната Југославија, кои со заедничко искуство и презентации, фото организации како и состаноци ќе се потрудат да бидат донесени конкретни заклучоци и програми за соработка на крајот на Самитот.
Во одличниот план на организаторот е предвидено и снимање на природните убавини на кањот на реката Вуќјанка, како и традиционални етно мотиви од околината на Лебане. Тоа што навистина ја краси оваа манифестација е „Црвеното Село“ – селото Локошинце. Фотографиите од ова патување ќе бидат изложени со цел да се претстави туристичкиот потенцијал и природните убавини на Јабланичкиот округ.
Сигурни сме дека сите посетители ќе се забавуваат и ќе научат уште нешто повеќе разменувајќи искуства и приказни со нивните колеги и пријатели. А доколку и Вие ја сакате фотографијата, а се немате пријавено на нашиот фото натпревар, сторете го тоа што е можно поскоро и добијте шанса да освоите прекрасен фото апарат.
Имате љубов кон фотографијата? Дали сте професионален фотограф или можеби само повремено фотографирате со Вашиот телефон? Ова се Вашите пет минути. Балкон3 организира фото натпревар отворен за сите корисници на Фејсбук. Се` што треба да направите за да се пријавите е да кликнете „ми се допаѓа“ на нашата Фејсбук страница, доколку веќе го немате направено тоа и да ја прикачите Вашата фотографија. Темата на натпреварот ќе биде: „Вашата најдобра фотографија“. Можете да фотографирате што ќе Ви падне на памет: природа, храна, историски и културни споменици, луѓе, балкони…
Натпреварот ќе започне на 26-ти септември и ќе заврши на 18-ти октомври. Победник ќе биде корисникот кој ќе има највеќе гласови. Поканете ги вашите пријатели да гласаат за Вас и да Ви помогнат да ја освоите прекрасната награда и автоматски зголемете си ги шансите за победа. Главната награда е фото-апарат модел Т350 од марката FujiFilm. Спецификациите на фото-апаратот се како што следат:
– 14 Мегапикесели резолуција;
– 10 пати оптички зум (28-280мм);
– 3.0 инчен LCD;
– стабилизатор на слика;
– можност за снимање HD видео;
– Литиум-јонска батерија;
– Макро 2см.
Тука можете да ја постирате Вашата фотографија. На сите натпреварувачи им посакуваме многу среќа за претстојниот натпревар. Натпреварот може да почне!
Едногодишната макотрпна работа, апсолутната посветеност и пред се безусловната љубов кон балетската уметност на кореографот Александра Никифоровски, се заслужни што в недела на големата сцена на МОБ, премиерно ќе се изведе балетската претстава Ени, работена по мотиви од прекрасниот мјузикл Ени од далечната 1976 година. Со оваа премиера Македонската опера и балет ја отвора сезоната 2013/2014. За инспирацијата за оваа балетска претстава, за емоциите и за сета своја енергија што целосно ја внесува во оваа уметност, Никифорофски зборува за читателите на Балкон3.
Што ве инспирираше да ја направите Ени?
-Се што творам е од мојот реален живот. Јас не измислувам фиктивни приказни, но за да одговорам на Вашето прашање, морам приказната да ја вратам малку порано, пред Ени. Веќе неколку години успешно соработувам со Домот за деца без родителска грижа „11 октомври“. Во моето училиште за балет – Булфрогс, од неколкуте девојчиња кои почнаа да се занимаваат со балет, остана едно, кое е посебно талентирано и вистински го сака и ужива во балетот. Со задоволство можам да кажам дека тоа девојче е мојата инспирација да ја создадам македонската верзија на Ени.
Како почнавте да соработувате со Домот 11 Октомври?
-Кога го отворив училиштето Булфрогс во 2009 година, почнав да работам само со 4 девојчиња. Имав чувство дека треба да сторам нешто повеќе, па така еден ден едноставно седнав во својот автомобил и отидов во Домот за деца без родителска грижа, каде што на мое огромно задоволство директорката веднаш го прифати мојот предлог за соработка. Веќе реков, почнаа повеќе девојчиња, но остана само едно и ние сме сега како семејство. Токму емотивната поврзаност со неа ја создаде балетската претстава Ени.
Каква е вашата визија за 13-годишната балерина од Домот 11 октомври?
-Да бидам искрена, јас неа ја гледам како прима балерина. Таа секако ќе продолжи во средно балетско училиште, а понатаму и на Балетска академија. Токму за таа цел дел од средствата од продадените билети ќе бидат наменети за нејзиното понатамошно образование.
Ќе ни кажете ли нешто повеќе за Булфрогс?
Во моето училиште има околу 80 девојчиња кои се поделени во неколку групи во зависност од возраста. Се изучува класичниот балет, а јас и моите соработници несебично и целосно ја внесуваме и енергијата и знаењето на секој час. Децата тоа го гледаат и учат. Кај нив нема љубомора, иако мора да кажам дека постои натпревар со цел да бидат се подобри и подобри за да добијат некоја од улогите кога работиме конкретен проект.
Колку време го работите овој проект?
-Ени ја работам речиси цела година. Конкретно станува збор за копродукциски проект на Булфрогс и МОБ, а финансиски е поддржан од Министерството за култура. Во проектот Ени, освен моите девојчиња, како што јас си ги нарекувам, учествуваат солисти од Македонскта опера и балет. Всушност, главните улоги на возрасните ликови во претставата ги играат балерини и балетани од МОБ, а во ансамбловите игри учествуваат гости од Република Бугарија. Соработката со МОБ е од огромно значење, па таа подразбира дека ЕНИ ќе се игра на големата сцена во МОБ, секојдневните проби се одвиваат во една од салите на МОБ, а секако имаме голема помош за костимите, за сценографијата.
Колку се сака и колку се почитува балетот кај нас?
– На мое задоволство, во последно време се повеќе. Тоа го гледам и по бројот на моите ученици кои од година в година се зголемува, а и по односот на родителите кои на своите деца сакаат да им пренесат вистински вредности. Огромно е задоволството да се создаде едно балетско дело кое ќе ве остави без здив, не само заради техничи одличната игра, туку пред се заради емоциите што ќе ги предизвика кај публиката. Верувам дека токму ЕНИ ќе има таков ефект в недела кај сите кои ќе присуствуваат на премиерата во МОБ.
На наша среќа и општо задоволство, денес во Скопје настапува легендарниот Ману Чао. Скопското лизгалиште ќе биде повторно центар на светот за почитувачите на ликот и делото на поранешниот фронтмен на Мано Негра кои ќе уживаат во Me gustas tu, Clandestino, Mi vida, Welcome to Tijuana… Во секој случај еден од оние забавни концерти.
Информациите велат дека голем број музички туристи ќе дојдат во Скопје за да бидат сведоци на, се надеваме, уште еден незаборавен настап на оваа музичка легенда.
Група фанови од грчкиот град Волос, во организација на алтернативната рок радио станица Лос Алмирос доаѓаат во Скопје, а Балкон3 им посакува добредојде. Радио станицата го добила своето необично име од зборот „Алмирос“ кој се преведува во „солен“. Патувањето за концертот со Лос Алмирос не е воопшто скапо, во споредба со други патувања организирани од агенции, и се чини дека е доста забавно бидејќи сите луѓе кои патуваат ја имаат мислата „музиката ги обединува луѓето“ во своите глави.
Ова само колку да истакнеме дека се случува и обратен процес во поглед на музичкиот туризам. честа глетка во нашата земја се полните автобуси со фанови на музиката кои патуваат да ги видат своите омилени групи како настапуваат во живо кај некој од нашите земји-соседи. Најчести дестинации за ваквите музички туристи се главните и поголемите градови во нашите земји-соседи. Солун, Белград, Нови Сад, Софија, Атина итн. се навистина градови во кои има многу музички случувања.
Убаво е што може да се види дека не само македонските фанови патуваат далеку да ги видат своите омилени групи, пејачи, туку и нашите соседи би дошле да уживаат на концерт или друга културна манифестација во Македонија. На сите што ќе одат на концертот им посакуваме да си поминат убаво и незаборавно.
„Ова е најдоброто турско кафе кое некогаш сум го испил во животот, верувајте ми!“ , ни вели искрено нашиот пријател и фотограф Аркан Чинетчи откако посети мало кафуле во историскиот град Хасанкејф во Југоисточна Турција.
Градот лежи на познатата река Тигар која заедно со Еуфрат се реки кои се протегаат низ регионот некогаш познат како Месопотамија. Тигар извира во Турција и тече низ Ирак, за на крајот да се спои со Еуфрат сочинувајќи ја реката Шат ел Араб или „Арапски поток“ која пак се влева во Персискиот залив.
И како што реките давале живот за многу цивилизации од дамнина па се до денеска така и кафето било и останало дел од традицијата и од секојдневниот живот на локалните жители. Со векови го подготвувале, се до создавање на совршеното турско кафе.
„Мислам дека тајната е во тоа што додаваат малку млеко додека го прават кафето“, ни вели Аркан обидувајќи се да ја открие тајната на убавото и кремасто кафе кое го испил во ова интересно место. Ова кафе буквално му останало во душата и ќе го памети цел живот.
„Да пиеш кафе со ќеиф во Хасанкејф“, си помислуваме ние додека ги слушаме зборовите на нашиот пријател Аркан и додека ги разгледуваме фотографиите кои ги направил од ова место.
Најдоброто кафе, според неговите зборови, го испил во локалот „Уolgeçen hanı“ или во буквален превоед „место каде често застануваат патниците“.
Искреното воодушевување на Чинетчи не поттикна да побараме и повеќе податоци за ова место со интересно име-Хасанкејф. Историскиот град е лулка на една од најстарите цивилизации која датира уште пред 10.000 години. Во варовничките карпи кои го опколуваат градот има илјадници пештери кои ги изработила човечката рака, стотици археолошки споменици и други локалитети од историска важност. Хасанкејф бил прочуен во средниот век како место низ кое минувал познатиот „Пат на свилата“. Местото сега е познато и по хидроелектраната Илису која се очекува да биде завршена годинава, а која според многумина може да ги загрози историските локалитети.
За овој град се пишувале многу книги и патеписи. Се претпоставува дека и прочуениот истражувач Марко Поло минал низ мостот кој се протегал на реката Тигар во Хасанкејф. Денес од овој мост се останати само камените столбови, но и приказните за Марко Поло. Уверете се и самите, слушнете уште многу приказни и испијте го најдоброто кафе во ова место, кафе за ќеиф во Хасанкејф.
Всушност сите имаат различни приказни, но имаат една заедничка точка. Тие се бездомници и живеат на улица. Домот за сместување, кој го направи општината Бурса во месноста Урундул, во овие студени зимски денови за нив стана вистински дом. Во домот во месец ноември се сместени 150 лица на кои им е потребна помош, а таму ќе бидат угостени до април. Деновиве кога зимата си го покажа своето вистинско лице, многу е тешко да се стои надвор, но сепак најлошо е да се живее на улица. На бездомниците, кои копнеат по една чинија топла супа и топол кревет, на помош им стигнаа домовите. „Тука немаме пари единствено за цигари, тие пари ги заработуваме со призводство или пак продавајќи на пазар, затоа што можеме слободно да излегуваме. Ем губиме време, ем заработуваме по нешто“, раскажуваат за Балкон 3 луѓето сместени во домот за бездомници во Урундул.
Уметноста, за разлика од политиката, не познава граници, длабоко е уверен Јордан Плевнеш, писател, балканофил, иницијатор на многу културни манифестации и фестивали. Еден од тие фестивали е „Актер на Европа“, кој во Преспа се одржува веќе десет години, длабоко вткаен во манифестот на францускиот писател Жак Лакариер, кој го создаде токму во чест на фестивалот, со наслов „Илјадници вчера, но само едно утре“. Дека ова мото го оправдува самото постоње, зборува и фактот дека идното издание ќе се одвива и во другите две држави на кои излегува Преспанското езерото – Грција и Албанија.
– Претставници од општини од Грција и од Албанија годинава дојдоа на нашиот фестивал и од наредната година, која е прогласена за Година на мирот во Европа, по повод 100- годишнината од Првата светска војна, ќе организираме заеднички почеток на настанот, за чија реализација е задолжен познатиот македонски филмски и театарски актер Мето Јовановски. За „Актерот на Европа”невозможното станува можно – истакнува Плевнеш.
Јордан Плевнеш
На „Актерот на Европа” гостувале стотина претстави од 30-ина земји во светот, од легендите на балканскиот театар, но и на европскиот и на светскиот театар, од „Комеди франсез“ во Париз, до театарот на Питер Брук или со претставувањето годинава на Ана Патерсон од Стриндберг театарот од Стокхолм.
Плевнеш се потсетува како ја добиле идејата да го организираат фестивалот.
– Пролетта 2002 година Европскиот парламент го прогласи Преспанското Езеро за Меѓуграничен европски парк што ги поврзува трите држави на езерото. Кога дознав за тој чин, со неколку истакнати француски, европски и балкански автори, заљубеници во Преспа, во близината на Сорбона, одлучивме да формираме интернационален театарски фестивал кој секоја година ќе започнува на трите јазици на езерото.
Поранешниот амбасадор во Франција прави напори што е можно повеќе да го промовира Балканот низ Европа.
– Балканот од поле на историското злосторство треба да се претвори во естетичко поле на заемна љубов, почит и толеранција. Тоа се случи и на самиот почеток на 21 век, кога во многу балкански центри ја промовирав девизата на големиот швајцарски писател Никола Бувие (1929-1998), со кого сум го шетал Балканот вдолж и попреку, кој во својата книга „Употребата на светот” ја напиша бесмртната реченица: „Балканот е срцето на Европа“. Тоа е единствената дефиниција со која балканските народи можат да постигнат консензус. Таа е, таа беше и таа ќе биде нашата платформа во организацијата на фестивалот „SEE a Paris“, што секоја година презентира книжевна вечер посветена на балканските литератури, една музичка вечер и избор од голем број играни, документарни и анимирани филмови. Тоа е доказ дека одгласите за овој фестивал во сите големи балкански центри, кои пишуваат за „безусловната балканофилија” на Плевнеш и неговите пријатели, говорат дека ние, балканските Дон Кихоти, не сме сами и дека од ден на ден на Балканот и во цела Југоисточна Европа се зајакнуваат разрушените мостови, што политиката секојдневно ги руши, а уметноста секојдневно ги гради.