Author: Balkon3

  • Дестан – connecting people“.

    Прашајте ги скопјани која е најпознатата ќебапчилница, каде е вкусот на ќебапите и денес истиот каков што бил кога биле деца – речиси сите ќе ви го кажат истото: „Кај Дестан“.

    Вкусот на ќебапите од „Дестан“ ги плени и денес како што им се радувале како деца, кога родителите ќе ги однеселе таму. И тогаш и денес, на соседните маси ќе ги чуете сите можни јазици – домашни и странски, познати или непознати, луѓе да се почестат по некој повод од прочуената петка или десетка со кромид, ќебапи од јунешко месо, сервирани едноставно, со лепиња, луто пиперче за возрасните, пиво, сок или кисела вода. Истата едноставност плени и денес. Само вилушка, без помодарска гарнир-естетика – просто, а ремек-дело, како хаику.

    Врската на скопјани со ќебапчилницата на Дестан е специфична и трае до крајот на животот. Тој што имал прилика да ја набљудува одблиску, забележал дека истовремено тоа е срдечна и силна врска меѓу домаќините и муштериите. Се познаваат, речиси семејно, низ неколку генерации. Како што ќе ви раскажат домаќините, до толку се познаваат со муштериите, што знаат чие дете било умно или неумно кога во детството ќе дојделе, кое било тешко да го натераат да јаде, а кое ненаситно за ќебапчиња – „обични“ луѓе или луѓе што денес станале славни познати фаци.

    Ќебапчилницата „Дестан“ во Старата скопска чаршија

    Еден од луѓето што имале прилика одблиску да ја следат историјата на „Дестан“ е Даре Митревски, сопственик на опинчарскиот дуќан „Џамбаз“ во Стара Чаршија. Вели, времињата се менуваат, но квалитетот и угледот на „Дестан“, трае.

    „За Дестан знам уште од најмала возраст, кога сум доаѓал тука, во дуќанот, кога во него работеа моите родители. Беше најголема радост кога ќе ни купеа ќебапчиња. Најубавите ќебапчиња. До ден денес не сум го заборавил тој мирис. Доаѓаа од цела Југославија. Тука се поминуваше од Железничката станица за Бит пазар – луѓе чекаа редови да купат ќебапчиња, кој пет, кој три, кој десет – тогаш немаше како денес, по петнаесет-дваесет. Татко ми ќе спечалеше некој динар и ќе речеше: трчи да си купиш ќебапчиња! Ние летавме кај Дестан. Ќебапчиња не се јадеа секој ден. Ќе дојдевме како деца да му помогнеме на татко ми во дуќанот, да го замениме додека да заврши некоја работа, а тој ќе не’ наградеше – да се израдуваме. Бевме четири братчиња и една сестра – не можеше често да си го дозволиме тоа. Тоа беа посебни денови! Традицијата на Дестан ја продолжија неговите синови и внуци, се проширија на двете страни на Вардар, секаде имаат углед, месото е квалитетно, чесни се со наплатата – цената е иста за секого. Се случува кога ќе дојдат странци кај мене во дуќанот да прашаат каде има сигурна храна – јас секојпат ги праќам кај Дестан. До сега не се случило некој да не бил задоволен или да имал проблеми од храната кај Дестан. Домаќинска фамилија, а и внуците и правнуците се такви. Можам да кажам се’ најубаво. И врапчињата знаат за Дестан!“, ни рече мајстор Даре.

    Историјата на „Дестан“ ни ја раскажа Акиф Хаџија, денешниот мајстор на семејниот занает, петта генерација.

    Акиф Хаџија

    Семејството потекнува од Гора, село Брод, денес во Косово. Пред околу 300 години, нивните прадедовци заминале на печалба во Турција, во градот Инеѓол. Таму работеле и ги учеле тајните на угостителството. За да бидат поблиску до родниот крај, еден од прадедовците, Максут, во 1913 година, решил да отвори дуќан во Скопје, во Стара чаршија. Од Инеѓол мајстор Максут ја донесол мајсторијата за правење инеѓол ќебап, која таму била негувана со векови. Од почетокот на 1970-тите, дуќанот работел под името „Стара чаршија“, но луѓето се’ повеќе ја препознавале ќебапчилницата по тогашниот мајстор, Дестан Хаџија, трета генерација во семејниот занает. Така го добила денешното име.

    „Луѓето го препознавале дуќанот по дедо ми. Викале: ќе одиме кај чичко Дестан. Така дуќанот го добил денешното име, „Дестан“, што на турски значи ‘легенда’. Семејството е многу големо и речиси сите се занимаваат или со угостителство или со трговија. Наши роднини имаат големи угостителски дуќани во Истанбул, но, таму е поинаку – голем град, многу муштерии, послаб квалитет“, ни раскажа Акиф.

    Додека разговарате со него, ќе бидете импресионирани од знаењето за работата што ја работат. Математички прецизно ќе ви каже формули и равенки колкав да е пречникот на ќебапот, колкава да е дебелината на решетката за печење, кога колкава треба да биде температурата – задржувајќи ги „непознатите“ од равенката како тајна на занаетот. Со генерации, занаетот го учат уште од деца, за време на летните распусти, кога помагале  низ дуќанот, за да научат од мали за односот кон работата, односот кон муштериите, за еден ден и тие да станат мајстори. Традицијата на ќебапите од Инеѓол до толку била грижливо чувана од мајсторите Максут, Имер, Дестан, Ешреф и, денес – Акиф, што дури и роднините од Истанбул знаат да ги пратат своите деца кај нив, на обука, сакајќи да им се вратат на вредностите и вештините што големиот град направил да ги заборават.

    Зборувајќи за искуството што на фамилијата и’ го пренесол Максут доаѓајќи од Инеѓол, ја откривате големината на живеењето во простор без граници, на големата територија на Османлиската империја. Време во кое луѓето разменувале искуства и навики од најблиските до најоддалечените места во империјата. Сфаќате дека си имате работа со кулинарски концепти кои што биле поставени пред неколку векови, што низ времето биле доусовршени.

    „Кај нас имаме начело секому да му се посвети истото внимание, без разлика дали некој е богат или сиромав. Ќебапите може да си ги дозволи секој. Тука се сите исти и секој го јаде истото. И, не е случајно што во порцијата го има токму тоа – ќебапи, кромид и луто пиперче. Месото е за да те нахрани. Кромидот има антибиотско дејство и го разложува холестеролот. Лутата пиперка е добра за крвните садови. Тоа е комбинација која не е од вчера и која што низ вековите се покажала како добра“, ни рече Акиф.

    За големината на „Дестан“ интересно искуство ни раскажа актерот Круме Стефановски, член на бендот „Старовски“ и водач на театарот на сенки – „Сенки и облаци“. За време на едно гостување во Државниот театар во Истанбул имал прилика да посети еден од рестораните на Дестановци.

    „Не знам дали Дестан е најдобрата, но секако е најпознатата ќебапчилница во Скопје, а и не само тука. Фамилијата на Дестан има голема ќебапчилница во центарот на Истанбул, каде што, исто така, прават одлични ќебапчиња. Во Истанбул разбрав дека некои од нивната фамилија имаат отворено ќебапчилници и во Њујорк и Чикаго. Убаво е што можеме со луѓе од Истанбул, од Њујорк и од Чикаго да споделиме исти искуства. Дестан – connecting people“.

    Под името „Дестан“ денес во Скопје работат три дуќани – во Стара чаршија, кај плоштад Македонија и во Буњаковец. Во 2013 ќе слават 100-годишнина, но, без врева и помпезност, иако имаат јубилеј за почит за славење. Велат, не е еснафски да се прави врева.

    Васко Марковски

    фото: Ивана Кузмановска

  • Мултиетничка вешта жена

    Мултиетничка вешта жена

    Претставување и презентација на начин на подготовка на традиционални јадења од различни националности и религии кои живеат во Тетовско. Со вакви активности беше одржана првата манифестација наречена „Мултиетничка вешта жена“, на која беа презентирани македонска, турска, албанска, православна и божикна трпеза.

    Зоран Димовски

  • Рок музиката живее на балканрок

    Интервју со Милош Најдановиќ – Балканрок за Балкон3

    Балкан рок е магична приказна. Форум на љубители на рок и хеви метал музика кој прераснал во веб магазин чија мисија е место под сонцето покрај светските изданија како „New Musical Express“, „Rolling Stone“, „Q“ и „Mojo“. На патот до успехот ги следат илјадници верни рокери со мотото дека секое големо остварување некогаш било само луда идеја.

    Ретки се оние кои успеваат да ги сплотат љубовта и работата во едно. Таков совршен спој за жал е привилегија на малкумина. Но, кога ќе се случи, приказната обично трае. Една таква љубов веќе пет години се крие зад рокерското веб остварување Балкан рок (www.balkanrock.com).    Највлијателниот специјализиран онлајн магазин за рок и хеви метал музика во соседна Србија, верно го следи публика од околу девет илјади љубители на овие животно-музички правци. Зад форумот кој спонтано прераснал во респектирана веб страница стои група на млади ентузијасти на чело со сопственикот Дејан Диниќ. Денес, таму можете да прочитате најави за концерти, да уживате во свежи музички остварување, интервјуа со омилените бендови, да најдете пикантерии за рок сцената и биографии на светски и не толку светски имиња.

    – Балкан рок е волшебна приказна. Во 2006 година функционираше како форум за љубители на рок и хеви метал музика. Дејан сакаше да направи собиралиште на истомисленици во чест на подзаборавениот белградски рок состав Каризма. Место на кое ќе се дружат љубители на оваа музика, но и музичари и млади бендови од Ниш. Ме повика да помогнам околу пишувањето на текстови и одржувањето на форумот. Приказната живееше се посилно со секој нов ден и сфативме дека можеме да направиме нешто поголемо и посилно. Така се роди www.balkanrock.com – зборува за Балкон3 главниот уредник на Балкан рок, Милош Најдановиќ.

    Овој специјализиран медиум на почетокот претставувал само неафирмирани бендови и пишувал рецензии од локални концерти. Најдановиќ објаснува дека работат без профит, посветено и за своја душа.

    – За нас зборот профит не постои. Во идејата влеговме без капитал и без намера да направиме капитал. Работиме дури со загуба, поради тоа што имаме трошоци за одржување на годишно ниво. Целиот тим е составен од дваесетина волонтери и функционира беспрекорно. Живееме за оваа приказна. Основавме и здружение на граѓани кое помага во афирмација на млади бендови за кои повремено организираме свирки и фестивали. Најголем успех досега ни е фестивалот „Медијана Балканрок“ кој во соработка со нишката општина Медијана го организираме две години по ред – вели дваесет и три годишниот Најдановиќ кој од својата седумнаесетта година пишува за музика.

    Зад долговечноста на Балкан рок, според Најдановиќ стои верната публика и фактот дека се работи за специјализиран медиум.

    – Само специјализираните медиуми можат да опстанат на Интернет. Општите портали и дневните весници секогаш ќе бидат читани и секогаш ќе имаат силни спонзори и лесно ќе успеат, но во ограничен број. Специјализираните медиуми се суштината на Интернетот. Да имате читатели, конзументи, кои трагаат по својата област на интерес и кога ќе наидат на сајт кој се занимава со она што го бараат чувствуваат припадност кон медиумот и редовно го посетуваат. Не само тоа, туку и учествуваат во креирањето на неговата содржина што овозможува максимална интеракција. Најголема потешкотија се секако парите. Но, има сајтови кои имаа спонзори, реклами и испаќаа хонорари, а немаа лојални новинари. Штом снема пари, сите си заминуваат со што полека тие приказни завршуваат – вели тој.

    Најголеми успеси порталот бележи со серија интервјуа со светски ѕвезди од рангот на Били Кобам и Џон Лејтон и несреќната приказна на талентираниот Адам Бомб.

    – Џон Лејтон го сретнавме во Димитровград. Човекот ја отвори душата и Балканрок беше првиот светски медиум кој доби конкретен одговор на прашањето зошто го напушти бендот „Uriah Heep“. Тоа е прашање на кое секогаш избегнуваше да одговори но, изгледа пријатната српска атмосфера го натера да се „исповеда“. Интересна е приказната како го направивме тоа интервју. Имавме договор со организаторите на концертот по завршувањето на музичкиот дел да не запознаат со Лејтон но, кога дојде време за тој дел исчезнаа. Среќа, Димитровград е мало место, па по многу брканици го најдовме во хотелот. Кога се претставивме беше воодушевен и со задоволство зборуваше со нас. Беше тоа ретко отворен разговор. Имаше многу неформални муабети, беше заинтересиран за политичката ситуација во земјата, но му ветив дека деталите ќе останат меѓу нас и не сакам да ја изиграм неговата доверба. Останавме пријатели до денес и повремено се допишуваме и разменуваме искуства – емотивно раскажува Најдановиќ

    – Интересно беше да се разговара и со Били Кобам кој е еден од најценетите џез фјужн тапанари. Духовита личност е. Секогаш имаше некаква досетка, но даваше прилично сериозно одговори. Тоа интервју беше застрашувачко за мене. Додека бев дете татко ми редовно ми го пушташе неговиот „Spectrum“ и одеднаш оваа легенда седи спроти мене. Морам да признаам дека тоа ме уплаши малку, особено кога зборувавме за неговата соработка со Мајлс Дејвис – вели тој.

    Една од најчитаните стории на www.balkanrock.com е потресната приказна на гитаристот Адам Бомб. Човекот кој никогаш не стекна светската слава отворено зборува за својата депресија.

    – За нас тоа беше едно емотивно и тешко искуство. Групата „Kiss“ го одбива Бомб за аудиција затоа што е премлад, а бил цимер со Изи Страдлин од „Guns N Roses“, но и покрај тоа не свирел со нив затоа што Аксел Роуз се плашел да не го одбие ако го повика.

    Зборуваше за тоа како го уништила издавачката куќа која му ветувала слава, а не добил ништо. Патува по Европа со својот бенд и за време на свирките прави паузи за лично да продава ливчиња за лотарија, маици и компакт дискови со што би заработил дополнителни пари.

    Беше навистина потресно да се гледа таков талент како пали којзнае кој џоинт по ред и да се слуша неговата животна приказна. Никој од нас не беше рамнодушен додека со своите катран црни прсти од оганот од запалката објаснуваше дека ќе се занимава со рок додека не умре – раскажува Милош за Балкон3.

    Горан Игиќ

  • Сос од лук од Кефалонија

    Сос од лук од Кефалонија

    Состојки

    600 – 700 грама компири

    5 чешниња лук

    1 супена лажица оцет

    5 супени лажици маслиново масло

    сол

     

    Подготовка

    Компирите се лупат и се варат додека да омекнат. Потоа се пасираат. Чешнињата лук се посолуваат и во аван се толчат. Ситно истолчениот лук потоа се вади од аванот и се остава во сад на страна. Компирите постепено се ставаат во дрвен сад и се мешаат постојано се додека не се претворат во пире. Се вадат од дрвениот сад и се ставаат во друг сад, каде што заедно со лукот се мешаат. Се додава една лажица оцет и една лажица маслиново масло и повторно се мешаат се додека смесата не се изедначи.

    Подготвениот сос се служи со пржени филети риба или зеленчук.

  • ШТО АКО НИЕ ДОБИЕМЕ!

    Специјалната голема награда за новогодишната лотарија во Турција оваа година изнесува фантастични 40 милиони лири. Дали овие 40 милиони турски лири, или 21 милиони американски долари или 16 милиони евра, кои се сон на милиони граѓани и дополнителна надеж на новогодишните очекувања, ќе го пронајдат сопственикот на среќното ливче, засега е рано да се каже. Но она што се знае, е дека лозовите се речиси распродадени, само малку останаа до извлекувањето на 31 декември. Надлежните велат дека ако од овие 40 милиони лири, ако од нив се направи спој од најмалите банкноти од по пет лири, тогаш ќе се добие лента долга од Истанбул до Атина. Ако пак се направи купче од банкноти од 200 лири, тогаш ќе тежи 226 килограми.

    Секако дека ако сакаш да бидеш добитник на оваа награда од 40 милиони лири, треба да купиш цел лоз. Наградата се намалува зависно од тоа дали сте купиле половина или четвртина ливче. И секако, шансата е ваша, не се знае дали ќе има еден или повеќе добитници!

    Во Турција, лозовите на Националната Лотарија со наслов „Што ако ние добиеме“ со години се редовен посетител на џебовите на граѓаните, особено оние за новогодишното извлекување.

    Со големо исчекување и секако со ограничена надеж, многумина од нас трчаат да седнат пред телевизорите да го гледаат во живо извлекувањето на последниот ден од старата година. Кога сме зафатени со славење на Новата Година до рано наутро и не сме можеле да го гледаме извлекувањето, првото нешто што го правиме кога ќе се разбудиме е проверката на броевите на ливчињата кои ги бараме низ џебовите, чантите или на некое друго безбедно место, а резултатите ги гледаме на интернет или од весниците…

    И оваа година познатото сценарио нема да се смени. Како што надежите и сништата остануваат во нас се додека сме живи, сонот „Што ако и ние добиеме“ не не напушта… Дури и за оние кои добиваат утешна награда која е еднаква на парите што ги дале за купување на ливчето.

    Продавачите на ливчињата на многу места во Истанбул упорно ги нудат и на оние кои немаат намера да купат со зборовите: „избери едно, сега е твој ред да добиеш“. Пред некои, пак, има долги редици, ги има и пред продажните места за кои се верува дека носат среќа..

    Ако ме прашуваш… Неодамна гледајќи го мојот хороскоп во еден магазин, во кој многумина од нас не веруваат ама не можат да престанат да го читаат, видов дека за мојот знак пишува: „Ова е вашиот среќен ден што се однесува до парите“. Каква коинциденција! Истиот ден во мал рибен ресторан на брегот на Мраморното море во Силиври, каде што бевме со група пријатели, некој, среде ладниот зимски ден, тропна на вратата… Влезе продавачот на лозови. Тој ги држеше ливчињата во рака, а јас му довикнав: „Едно половина ливче ве молам“.. И така, сега тоа половина ливче од девет турски лири е во мојот џеб. Со надеж го чека 31 декември… „Што ако јас добијам?“ За тоа ќе зборуваме подоцна, секако ако ме најдете некаде овде… Со среќа на тебе, со среќа на сите нас!

    Мине Есен Ергур

  • “Oriental cookie”- трет во светот!

    Методи Перунковски, професионален бармен, на последното Светско првенство во подготвување коктели, одржано во Варшава го освои третото место.

    Како и кога започна со подготовка на коктели?

    – Со подготовка на коктели започнав пред моето професионално вработување како професионален бармен, а тоа е пред 6 години. Претходно коктелите ми беа само пасија.

    На секој официјален натпревар со коктели се учествува со нов сопствен коктел…

    – За да се учествува на некој натпревар за коктели, мораш да имаш сопствен коктел. Тоа е коктел кој сам треба да го измислиш и да го подготвиш на натпреварот. Мојот прв јавен настап и мојот сопствен коктел е на второто државно првенство во правење коктели, во 2009-та со коктелот “Hawaian igt”. Досега имам учествувано на сите државни првенства за бармени. На четвртото државно првенство освоив прво место, во 2010-та во Барменската лига освоив второ место, во Marie brizard cup освоив трето место.

    Кој вид на коктели ти се омилени за подготовка, а кои ти се предизвик?

    – Јас лично немам ограничувања во однос на тоа кои коктели сакам да ги подготвувам. Сакам да подготвувам секакви коктели, а посебно предизвик ми се “before dinner” и “after dinner” коктелите. Тоа се коктели кои се приготвуваат во коктел(мартини) чаша и самите по себе се доста комплексни за усогласување на состојките во коктелот, бидејќи има повеќе состојки, а мнгу мал волумен на чашата.

    Како дојде до учеството на светското првенство во Варшава?

    – На последното светско првенство за коктели, кое се одржа неодамна во Варшава, Полска, учествував како државен првак на Македонија и ова беше најголемиот предизвик во мојата барменска кариера досега. Ова беше 37-мо светско првенство во приготвување на коктели, каде што секој натпреварувач со свој сопствен иновативен коктел. Севкупниот број на држави(учесници) беше 60 во категоријата “Classic” и 47 во категоријата “Flair”. Во категоријата “Classic” од оваа година секој натпреварувач се одредува во која конкуренција  ќе се натпреварува и тоа: before dinner, fancy, sparkling и after dinner. Македонија беше во конкуренцијата  after dinner, каде што имаше единаесет учесници од Кина, Ирска, Грција, Венецуела, Порторико, Финска и други. Во овааа конкуренција ние го освоивме третото место иако беше неизвесно до самиот крај на натпреварот.

    Коктелот со кој го освои третото место на Светското првенство?

    – Коктелот со кој се претставивме во Варшава се вика Oriental cookie. За љубителите на коктели еве го  неговиот рецепт:

    Havana 7 2cl

    Mozzart dark chocolate 2cl

    Kahlua 1cl

    Monin Cinnamon 1cl

    Се става свеж крем на врвот и морско оревче, свежо рендано. За декорација се користи кора од портокал и фисалис.

    Што после овој успех?

    – Би сакал да бидам повторно претставник на Македонија на наредното Светско првенство за коктели кое ќе се одржи во Кина. Ако во Варшава бевме во врвот, во Кина би сакал да бидеме на самиот врв.

    Јордан Дуков

  • Македонскиот кларинет – виртуоз Васко Дуковски издаде албум во Њујорк

    Македонскиот кларинетист, Васко Дуковски, кој скоро две децении професионално се занимава со музика и е еден од двајцата Македонци кои дипломираa и магистрираa на престижната Академија Џулијард, заедно со неколку врвни музичари од различни земји во светот, издаде нов музички албум во Њујорк, насловен „Critical Models“. Композитор на музиката на овој албум е дваесет и шест годишниот Американец со арапско потекло, Мохамед Феруз кој моментално живее и твори  во Њујорк и чие музичко портфолио според престижниот весник Њујорк Тајмс е опишано како „неверојатно топла и брилијантно остварена музика“. Одговорна за издавањето на ова CD е продуцентската куќа „Dorian Sono Luminus“.

    На листата на музички артисти кои напорно работеа на издавањето на албумот се и Кејти Рајмер (пијано), која е и главниот продуцент на цедето, Клер Катинг (обоа), Џејмс Орлеанс (бас), Џонатан Енгл (флејта), Мартин Рејџер (гитара), Рејонг Ан (виолина), Мајкл Кипер (саксофон), Томас Флеминг (фагот), и гудачкиот квартет „Lydian String Quartet“.

    Васко Дуковски веќе десет години живее и твори во Њујорк. Средното образование го започна во Македонија во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ се до третата година, по што образованието гопродолжи во САД. Дипломираше и магистрираше на еден од најреномираните музички универзитети во светот, „Џулијард“ во Њујорк. Големината и виртуозноста на музичкиот  талент на Дуковски, после долго  време имавме прилика да ја доживееме и во Македонија со неговиот настап на Охридско лето на концертот на македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев, „Love is the way“ . Прекрасен спој на автентична, класична и џез музика зачинета со поезија и чувство на музичка магија.

    Дуковски настапуваше и како специјален гостин на Велестовски вечери на поезијата, заедно со Старовски бенд, чија музика претставува една есенција од балкански етно ритам и звук со лирски  мелодии инспирирани од стихови  на македонски поети. Дуковски заедно со Јордан Костов (хармоника) и Круме Стефановски (перкусии) ова лето го формирашe триото „Amniotic Fluid“ (Плодова вода) со кое настапи на познатиот сараевски фестивал Фосна, по што го снимија и својот прв албум, „Свирци из Кавадарци“, кое наскоро треба да биде издадено и пуштено во продажба.

    По своето враќање во Њујорк, Дуковски настапи на повеќе концерти меѓу кои и  на концертот со „Garden State Philharmonic Orchestra“ изведувајќи дела од стандардниот симфониски репертоар.  Пред две недели, Дуковски настапи во синагогата во Западен  Хемптон, Њујорк, со најдобриот светски еврејски кантор Џозеф Маловани и оркестарот од здружението на камерни музичари во Њујорк, под диригентската палка  на Ицак Хаимов, изведувајќи еврејска религиозна музика. Минатиот викенд ризницата концерти на Дуковски се збогати со три настапи како специјален гостин на победничкиот бенд од „Grammy & Tonny award“, чиј продуцент е Тони Смол.

     

  • Тринаесет илјади посетители на 13-от „Таксират“

    Тринаесет илјади посетители на 13-от „Таксират“

    Кој вели дека бројот тринаесет е баксуз? Барем тоа не важи за музичкиот фестивал „Таксират“. Годинава, во своето тринаесетто издание, кое се оценува како едно од најдобрите досега, на почетокот на месецот фестивалот претстави разновидна програма, домашни и странски музички артисти кои делуваат во повеќе жанрови и стилови, претставници на т.н. независна алтернативна сцена, некои од нив со импресивна биографија, некои пак, штотуку почнуваат да го одат патот на својата кариера. Статистиката на крајот од фестивалот, случајно или не, поклопувајќи се со бројката на годинашново издание, покажа дека во осумте фестивалски вечери на „Таксират“ продефилирале 13 илјади посетители.

    Фестивалот го отворија нашите познаници, босанскиот енергичен бенд „Дубиоза колектив“ кои најпрвин приредија мини-концерт на плоштадот „Македонија“, а потоа се преселија во ноќниот клуб „Колосеум“ кога и се случи вистинската журка пред нивните ревносни следбеници. Очекувано, бидејќи публиката веќе имаше прилика да присуствува на нивниот концерт лани, на 12-от „Таксират“, и овој пат „Дубиоза колектив“ ја вжештија атмосферата со својата  звучна палета составена од ска, реге, панк, рок звучни линии, теми што ја третираат политичката реалност, промовирајќи го најновиот албум „Wild Wild East“.

    Дубиоза колектив

    Одличен почеток на фестивалот кој во наредните денови продолжи и тематски да се фокусира. Во рамките на „Мит и бит“ вечерта, на пример, во клубот „Колосеум“, навистина изненади настапот на српскиот бенд „САРС“ најмногу поради приемот кај публиката. Скопјани неочекувано „кубеа коси“ на нивниот концерт, пеејќи ги скоро сите нивни теми наизуст, еуфорично танцувајќи на нивната музика. За разлика од „САРС“, на истата вечер настапија и хрватскиот рапер Џенерал Ву, кој не наиде на добар прием и покрај неговиот талент, ниту, пак, нашите „Шутка рома рап“, ромското хип-хоп трио во придружба на дувачи, гитара и тапани, кое фасцинира во својот израз.

    На вечерта наречена „Хип-хоп ворлд!“ за прв пат во Скопје гостуваше американскиот рапер Би Риал од легендарниот состав „Сајпрес Хил“, кој настапи со американската латино хип-хоп групација ,„Псајхо Реалм“. Нивна предгрупа беше калифорнискиот хардкор-бенд „Д Прикс“. Би Риал, знаат оние кои и се посветени на хип-хоп музиката, е вистинска легенда, кој широката популарност ја стекна со албумот „Black Sunday“. Скопјани имаа ретка можност да присуствуваат на неговиот концерт и во живо да се уверат во еден уникатен стил на рапување, па не случајно се смета за еден од најангажираните политички рапери денес, со тоа, носејќи ја со себе суштината на хип-хопот.

    Би Риал

    Мошне импресивна вечер беше петтата, кога настапи германскиот состав „Атари Тинејџ Риот“. И покрај техничките проблеми, бендот навистина пленеше со својот револуционерен музички концепт. „Атари Тинејџ Риот“, уште со својата појава во 90-те, беше интелектуалниот, жив контрапункт на заспаната денс сцена, но и на панк движењето кое во Германија видно опаѓаше. Во Скопје, овој бенд наиде на голем број на фанови, кои со бурни емоции возвраќаа на нивниот жесток и екстремен хард-кор звук, иако од преголемата звучна децибележа, навистина ушите на сите ни зуеја и следниот ден. Се разбира, побараа и бис, но тогаш настапија и техничките проблеми кога фронтменот Алек Емпајр видно изнервиран почна да удира по звучниците покажувајќи го средниот прст кон организаторот, па концертот беше прекинат.

    На главната, последната вечер на „Таксират“ многубројните посетители на почетокот се соочија со агресивниот, но одличен метал звук зачинет со традиционални инструменти на делчевчаните „Верка“ кои го свиреа минатогодишниот албум „Моторни песни“. Рокенрол фанатиците „ТБ Трачери“ се движеа низ албумите „Клати и тркалај“, „Шлагери од Содома“ и „Купи ме“, а публиката како и секогаш, така и сега ги пееше нивните песни наизуст, во кои на саркастичен начин се инкорпорирани теми од секојдневието и општестевните случувања.

    ТБ Трачери

    Шведскиот прилично гласен состав „Клофингер“во Скопје го презентираше својот контроверзен звук зачинет со антирасистички погледи. И со „Клофингер“, како и со уште неколку групи кои претходно ги споменавме гости на „Таксират“, може да се каже дека годинава фестивалот освен на музиката, се фокусира и на политиката, односно на социјалните теми кои се автентично пренесени низ една уметничка варијанта.

    Ејжн даб фондејшн

    Следуваше настапот на британскиот бенд „Ејжн даб фондејшн“ кој на домашната публика и е добро познат. Но, нивниот звук е сосема поинаков од претходните на сцената, тие носат нова електрична-електронска енергија. Беа одлична можност за танцување и малку порелаксирана атмосфера. Црномурестиот американски рапер Џозеф Антонио Картагена, познат како Фет Џо, пак, веднаш во првите редови во „Метрополис арената“ ги привлече неговите бројни обожаватели, додека британците „Каисер чифс“ не воведоа во една сосема поинаква звучна планета. Тие се инди-рок, њувејв и пост-панк состав, а на светските, па и на македонските нивни фанови од новата генерација, им се вистинска инспирација.

    Кајзер Чифс

    Оние кои издржаа до крајот, оние со силна кондиција, бидејќи „Таксират“ навистина е фестивал кој „трча маратони“, уживаа во една ретка атракција. Егзотична атмосфера со експлозивни ритми направија португалците „Бурака сом система“, што беше одличен крај за годинашниот „Таксират“.

    Т.И.

    фото: www.taksirat.com.mk

  • УБАВИНИТЕ НА ВОДНО ВО ЗИМА

    Убавините на Водно во зима, чистиот воздух, сонцето и снегот магнет за голем број посетители на падините на скопската планина и  Милениумскиот крст на врвот на Водно

    фото: Тоше Дуев