Category: Патувања

  • Прошетка низ Отоманското наследство на Скопје

    Екипата на Балкон 3 во неделата имаше можност да присуствува на еден навистина несекојдневен и интересен настан. Станува збор за тричасовна прошетка низ Отоманското наследство на Скопје, која за сите заинтересирани бесплатно ја организира археологот и туристички водич, Василка Димитровска. Заедно со уште шеесетина љубопитници посетивме четири џамии, изградени во 15-от век (Султан-муратовата џамија, Гази Иса Беговата џамија, Исхак Бег (Алаџа) џамијата и Мустафа-пашината џамија). Потоа групата се запозна и со историјата на Скопското Кале, Куршумли ан, Даут-пашиниот амам, Капан ан, Сули ан и Безистенот во Старата скопска чаршија. На крајот сите беа среќни што научија многу интересни работи за Скопје, но во исто време и изненадени колку малку знаеле за Отоманското наследство на главниот град. За неколку дена на Балкон 3 ќе имате можност да погледнете видео приказ од прошетката, а засега уживајте во фотографиите, кои ги издвоивме за вас.

    Мустафа-пашината џамија, изградена во последната деценија од 15-от век од Мустафа паша, е еден од најубавите споменици изградени во Скопје за време на турското владеење.
    Туристичкиот водич Василка Димитровска ја раскажува историјата на Мустафа-пашината џамија
    Посетителите слушнаа интересни детали и за Скопското кале
    Калето во Скопје, изградено во шестиот век за време на византиското владеење, импозантно се издига на левиот брег на реката Вардар.
    Дел од прошетката беше и Капан ан – некогаш преноќиште за трговците и патниците – намерници, денеска место каде што може да уживате во храна, чај и наргиле.
    Сули ан е изграден во 15-от век, а името Сули, кое значи „воден“ го добил, бидејќи во негова близина минувала реката Серава. Денеска во анот е сместена Ликовната академија во Скопје.
    Прошетката заврши во Безистенот – еден од најубавите објекти во Старата скопска чаршија, кој има огромна културно – историска вредност.
    Во Безистенот посетителите имаа можност да дегустираат и да се освежат со неколку видови ладен чај
    Впечатоци од прошетката пред камерата на Балкон 3

    Мирко Трајановски

    фото: Софија Семенпеева

     

  • Охридско езеро има свој двојник во вселената

    Едно од многуте езера на Титан – најголемиот природен сателит на планетата Сатурн од 2010 година е наречено Охридско Езеро. Поблиску пак до Земјата е планетата Марс, каде еден од кратерите е наречен Ресен, по малиот но, убав град на југозападниот дел од Македонија.

    Охридското Езеро, една од најатрактивните туристички дестинации во Македонија, е оддалечено само околу два часа возење со автомобил од Скопје, околу осум часа од Атина и над 11 часа од Истанбул. Малкумина знаат дека езеро со исто име како едно од најстарите и најдлабоки езера во Европа има и на Титан, најголемиот природен сателит на планетата Сатурн.

    Во 2010 година, на предлог на македонскиот „Планетариум“,  Меѓународната астрономска унија и НАСА решија едно од езерата на сателитот Титан да биде именувано Охридско Езеро. Ова езеро е сосема различно од она во Охрид, и е смешно да се помисли дека таму би можело да се организира познатиот Охридски пливачки маратон, кој секоја година се одржува во водите на Охридското Езеро. Иако езерото на Титан е далеку од нашите очи, сепак охриѓани кои се надалеку познати по љубовта кон своето езеро не сакаат двојникот да стане попознат од „оригиналот“. Не оставаат ништо на случајноста, па веќе почнаа со анти реклами за езерото на Титан и на шега велат дека нивното езеро е далеку потопло и препорачуваат туристите да не размислуваат да одат до Сатурн туку да дојдат поблиску, во Охрид. Како нивни адути засега во ракав ги имаат надалеку прочуените охридски бисери, охридската пастрмка, убавините на планината Галичица и бистрината на изворите на реката Дрим.

    Тука се и стотиците средновековни цркви, праисторискиот град на вода „Заливот на коските“, а ако тоа не е доволно туристите може да ги посетат Античкиот амфитеатар, Светиклиментовиот универзитет на Плаошник и Самуиловата тврдина. Токму поради овие адути Охриѓани засега не се плашат дека туристите лесно ќе им побегнат на другото езеро, бидејќи како што велат на шега „кајчињата уште долго време нема да ги заменат со вселенски бродови“.

    Кого сме кај вселенските бродови сигурно се прашувате колку време би ви било потребно да стигнете до езерото на Титан? На вештачкиот сателит Касини-Хигенс кој беше лансиран во 1997 година му беа потребни „само“ околу шест години да стигне до планетата Сатурн.

    Е сега, кога би било возможно патување со брзина на светлината тогаш, во зависност од моменталната оддалеченост на Сатурн во споредба со Сонцето, за повеќе од час и половина ќе можете да го видите двојникот на Охридското Езеро на сателитот Титан.

    КУМОВИ НА ВСЕЛЕНСКИ ОБЈЕКТИ

    Патувањето со брзина на светлината засега е само сон, но соништата често се остваруваат како што покажува и примерот со физичарот и астроном Ѓоре Ценев, долгогодишен раководител на Планетариумот во Скопје, кумот кој му го даде името на езерото на Титан. Тој вели дека засега е единствениот од Македонија кој доставил соодветна листа со имиња на одделни кратери, езера, реки, градови и планини за повеќе тела во Сончевиот планетарен систем, а кои се препознатливи за македонскиот народ и нашата држава. Ценев објаснува како се именуваат телата во Сончевиот систем.

    – Со развојот на технологијата и истражувањата на планетите, сателитите и другите тела во нашиот Сончев систем, се добија голем број информации за сите карактеристики и димензии на телата, но особено се добија голем број фотографии од нивната површина. Како и во случајот со нашата планета, пред Меѓународната астрономска унија се наметна потребата за изработка на соодветна номенклатура на релјефните карактеристики на површината на секое од наведените тела. За таа цел е формирана посебна работна група наречена Working Group for Planetary System Nomenclature (WGPSN) која има за цел да ги определи критериумите и да ги предложи имињата на кратерите, планините, долините и тоа за секое тело во Сончевиот планетарен систем, вели Ценев.

    ЕЗЕРО ОД ТЕЧНИ ГАСОВИ

    – Во принцип секој може да предложи име во согласност со наведените критериуми, но сепак Работната група има дискреционо право да го прифати или да не го прифати предлогот. При тоа се цени компетентноста на предлагачот, предложената аргументација и бројот на веќе прифатените предлози. Колку што знам јас сум првиот кој доставил таква листа со предлози од Македонија. На мое задоволство речиси веднаш беше прифатен предлогот едно од езерата на сателитот Титан да го добие името Охридско Езеро. Веднаш потоа беше дадено и името Ресен на еден од кратерите на планетата Марс, вели Ценев.

    Кратер на планетата Марс

    Охридското Езеро на Титан има пречник од 17,3  километри. Бидејки на површината на Титан има многу ниски температури езерата се составени од течни јагленоводороди како на пример етан, метан, итн. Во овие езера астрономите претпоставуваат дека можеби има живот. И додека тоа не се потврди, Охридското Езеро во Охрид останува единствено кое е поблиску за туристите, но не само поради далечината, туку и поради својата убавина.

  • Грција очекува еден милион туристи од Русија

    Постојаниот пораст на турист од Русија, според предвидувањата и анализите на Грчката асоцијација на туристички компании ќе кулминира оваа сезона, кога Русите се очекуваат во импресивна бројка која ќе изнесува повеќе од еден милион гости.

    Привлечени од природните убавини, атрактивните сместувачки капацитети, забавата, но и од православните верски објекти, Русите се повеќе се одлучуваат својот годишен одмор да го поминат токму во Грција, за сметка на традиционалните одредишта како Шпанија и Франција.

    Големата маркетинг кампања за летување во Грција спроведена од Грчкото национално туристичко биро која на глобално ниво изнесува нешто повеќе од 30 милиони евра, но и визните олеснувања (од минатата година Русите добиваат виза со мулти влезови) несомнено резултираа со освојување на овој огромен пазар, кој со својот завиден потенцијал ќе придонесе за зголемен профит.

    Австријците бараат поевтини хотелски услуги

    Сепак и покрај најавите за зголем број на туристи од Русија, грчкиот туризам се соочува со одредени порблеми, пред се поради високите цени на хотелските услуги. Австриските туристички организации ги повикаа грчките хотелиери да ги намалат цените со цел да ги вратат австриските туристи кои се повеќе ги откажуваат аранжманите за летните одмори во Грција.

    Според коментарите од претставниците на најголемите туристички агенции во Австрија , оваа година бројот на резервации на Австријците што сакаат да летуваат во Грција досега се намалил за 20 отсто, во споредба со овој период минатата година. Цените на грчките хотели мора да бидат поатрактивни, односно да поевтинат, велат австриските туристички агенции.

    Бројката на австриски државјани кои летувале во Грција минатата година изнесувала 480.000, за 120 илјади помалку од претходните години. Во 2007 година оваа бројка изнесувала и над 600.000 (најголема бројка во историјата). Ова е доказ дека Грција го губи туристичкиот пазар во борбата со Шпанија, Португалија, Турција и Германија.

    Сепак има одредени показатели, велат европските туристички агенции дека бројката на туристи за Грција ќе се зголеми во наредните месеци, бидејќи сега излегуваат програмите и аранжманите за летување во Грција, а неколку ниско буџетни авиокомпании најавија зголемување на бројот на евтини летови кон Грција. Неодамна Lauda Air ги зголеми неделните летови кон 19 дестинации во Грција. Порано имаше 58 летови неделно, сега има 63 летови. Исто и компанијата Fly Niki ги зголеми летовите од 40 неделно, на 42 лета неделно од Австрија кон Грција.

    Иако туризмот во Грција бил развиен уште во антички времиња, најголем раст и процут доживува во 1960-тите и 1970-тите години од минатиот век. Тогаш се изградени многубројни хотелски капацитети, апартмани и други објекти, со што бројката на туристи почнува да се зголемува вртоглаво. За пораст на туризмот придонесе и Летната Олимпијада во 2004 година како и песната на Евровизија што се одржа во 2006 година во Атина.

    Минатата година и покрај глобалната економска криза, Грција според информациите на Грчкото национално туристичко биро ја посетиле повеќе од 16.5 милиони туристи. Профитот во 2011 во однос на 2010 година, бил зголемен за десет проценти, тренд кој се надеваат дека ќе продолжи и оваа година.

    www.visitgreece.gr
    www.greekisland.co.uk

    www.facebook.com/UPGreekTourism

  • Чудесниот мир на манастирот Трескавец

    Чудесниот мир на манастирот Трескавец

    Обвиткан во мистика, изложен на дланка меѓу карпести прсти, во форма на пентагон, над Прилеп бдее манастирот Трескавец, еден од најубавите во земјата.  Месноста “Трескавец” е на 6 км северно од центарот на Прилеп и 2 км јужно од Горно Село. Претставува 600 м висок врв, на 1300 метри надморска височина, со голема прегледност над околината. Обрабен е со вертикални карпи и со гранитни грамади од север и запад, а од исток се надвива карпата Златоврв (1422 м), што како најмаркантен ориентир се гледа и од 20 км далеку. Старото светилиште горе на врвот е обвиткано со мистика и грмотевици,  а во невреме и бури громовите удираат многу често во овој врв, па оттука доаѓа и името Трескавец.

    Најстари остатоци

    На врвот на Трескавец постоело светилиште уште во античко време, а денеска е едно од најголемите монашки и духовни светилишта. Од римската епоха (2/3 век) потекнуваат два натписа на мермерни постаменти, посветени на Аполон Етеуданос (Громобиец) и Артемида. Тука е споменато и името на светилиштето, Колобаиса. Местото било опслужувано од посветени луѓе и прислужници; од нив потекнуваат бројните гробови, раскопани јужно од врвот (хеленистичко и римско време). Верници — аџии ја посетувале Колобаиса од далеку. На крајот од антиката на местото на античкиот храм била подигната христијанска црква. Од неа останаа парчиња од мермерни столбови и други украси расфрлени наоколу.

    Средновековни остатоци

    Манастирската црква св. Богородица, сочувана до денес, потекнува од 14. век, меѓутоа била изградена врз постари остатоци. Опколена е со манастирски конаци и со други градби, а целиот комплекс е опфатен со ѕидови, подигнати врз постари остатоци. Тука стоеле и амбари, магацини, визби и други економски потреби на големиот манастирски имот. Манастирот бил основан најдоцна во 1230 година. Во тоа време и пазарот во Прилеп бил должен да му плаќа по 100 перпери данок годишно. Во несигурните времиња во доцниот 14 век манастирскиот укрепен простор на Трескавец несомнено служел како збег за околното население.

    Како да стигнете до Трескавец

    Ако решите да патувате од Скопје, со автомобил до Прилеп ќе ви бидат потребни некаде околу два и пол часа. Постојат две рути- преку E75 со должина од 132 километри или преку E75 и M5 со должина од 118 километри. Повратниот автобуски билет од Скопје до Прилеп чини 550 денари (9 евра), додека ако патувате со воз ќе треба да платите 450 денари(7,5 евра).

    Прилеп е одалечен од Битола само 50 километри. Повратен автобуски билет чини 190 денари (3 евра). Со оглед на фактот што од грчката граница до Битола има само 15 километри, манастирот Трескавец срдечно го препорачуваме на сите грчки туристи кои често престојуваат во Битола. Дел од своето слободно време можат да го искористат да го посетат овој манастир, кој сме сигурни дека ќе ги импресионира со својата убавина.

    Кога сте веќе во Прилеп, најдобра опција за да го посетите манастирот е да тргнете пеш. Тура која сепак ја препорачуваме за оние со малку поавантуристички дух и подобра физичка кондиција. За поминување на рутата од шест километри ќе ви треба околу два часа. Планинарската патека води низ карпи и ниска трева. Оние помрзеливите најдобро е да тргнат со теренско возило, бидејќи патот кој води до манастриот е во лоша состојба.

    Сашо Новески

  • Истанбул – градот на лалињата

    Ако на влезот во некој град ве дочекаат милиони лалиња во сите можни бои, тогаш веднаш ќе ви стане стане јасно зошто некој ја смислил онаа славна поговорка која вели дека „првиот впечаток е особено важен“.

    Иако мојата романса со Градот на Босфорот трае веќе цела декада, сепак неодамнешната посета беше еднаква на повторно вљубување во неговата живописност дополнета со шарениот пејзаж од лалиња. Првото нешто што го забележав на патот од аеродромот до хотелот беа совршени лалиња во сите можни бои, кои ги красеа автопатот и главните градски булевари, паркови, авении и кружни текови. Ако тој момент за мене беше пријатно изненадување, тогаш жителите на Истанбул и оние што почесто патуваат таму веќе седум години наназад уживаат во оваа глетка. Почнувајќи од 2005 година во периодот од 7-ми до 29-ти април во Истанбул се случува веќе традиционалниот Интернационален фестивал на лалињата, кој праќа порака дека најубавите лалиња растат во Турција, наспроти општото убедување дека  земја на лалињата е Холандија.

    Фестивалот е организиран од општината Истанбул Метрополитен, која срдечно ја поддржува оваа манифестација, која му дава посебен шарм на и така фасцинантниот град распослан на два континента. Градоначалник на градот, Кадир Топбаш во неколку прилики има истакнато дека фестивалот на лалињата предизвикал радикална револуција во изгледот на градот и драматично го променил целиот пејзаж на подобро. Тоа не само што им носи повеќе посетители, туку и ги стумулира одгледувачите на лалиња во околината на Истанбул и подалечните села, кои секоја година учествуваат во хортикултурното разубавување.

    Оваа година во рамките на разнобојниот фестивал беа засадени 11.6 милиони лалиња од 104 различни видови, како и четири милиони други цвеќиња кои беа беспрекорно декорирани во совршени геометриски форми, водопади, разни фигури, турското знаме и препознатливото око против уроци. Со оглед на тоа што Истанбул оваа година е и Европски главен град на спортот имаше и многу фигури со лалиња инспирирани од разни спортски дисциплини. Изложби, концерти, улични уметници и различни свечености се случуваат на истакнати точки, како плоштадот Таксим и Султанахмед, како и во градините Ѓузтепе и Ѓулане. Низ продавниците можеа да се најдат и украси со мотиви од лале, почнувајќи од разни ситници до скулптури и слики. Исто така во тек беше конкурсот за најдобра фотографија „50 најубави лалиња“ во кој ќе бидат наградени најдобрите фотографии.

    Токму поради сето ова беше вистинска среќа да се биде во Истанбул во време кога цветаат турските лалиња и да се научи дека всушност вистинското потекло на овој прекрасен цвет е токму Турција. Секако ваквата хортикултурна уреденост на еден мегалополис каков што е Истанбул ми отвори и простор за размислување колку малку ли е потребно истата таа цветна револуција да му се случи и на Скопје.

    ПОТЕКЛО НА ЛАЛЕТО

    Лалињата (зборот потекнува од перскискиот lâhle) оригинално растеле во азиските степи. Иако првата асоцијација е Холандија, каде денес постои најголема комерцијална култивација на тулипите, нивното потекло и име се поврзува со Отоманската империја или поточно со турбаните (на турски тулбенд, муслин, газа). Турскиот збор за газа, со која се мотаат турбаните, се чини дека се користел за ова цвеќе, бидејќи целосно отвореното лале потсетувало на турбан.

    Најшироко прифатената сторија е таа на Огиер Гислен де Бусбек, Амбасадор на кралот Фердинанд 1 во империјата на Сулејман Величенствениот во 1554 година. Тој во едно писмо истакнал дека насекаде има изобилство од цвеќиња како зумбули, нарциси и оние што на турски се викаат лале. Не е коинциденција што овој период – најраскошниот во Отоманската ера е наречен Ера на лалињата (Lale Devri). Во 16-от век лалињата биле донесени во Холандија, каде за кратко време станале популарни.

    Елена Петковска

  • Банско – Балканскиот Сент Мориц

    Банско – Балканскиот Сент Мориц

    „Цената на дневниот ски – билет чини 55 лева или околу 28 евра, па самите пресметајте дали е тоа скапо или евтино. Сепак ќе скијате на истите стази на кои скијала речиси целата светска елита во овој спорт, почнувајќи од Алберто Томба, Бојан Крижај, Херман Маер, Михаела Дорфмајстер, Ања Персон, Линдзи Вон…“

    „Пред почетната станица на гондолата во Банско или како што Бугарите го викаат „кабинков лифт“, во девет часот наутро е вистинска врвулица. Едно февруарско утро и јас со скиите на рамо стоев во долгата колона луѓе, кои говореа на различни јазици. Иако за да се дојде до место во гондолата се чекаше и подолго од половина час, кај луѓето не се чувствуваше нервоза. Веројатно сонцето и снегот, врз нив делуваа смирувачки. Но, сигурен сум дека сите беа нестрпливи што побрзо да уживаат во скијачките стази распослани на северните падини на планината Пирин“.

    Понекогаш природата и човекот заедно умеат да создадат прекрасни дела, а Банско дефинитивно е доказ за тоа. Од мал скијачки центар со неколку жичарници и ски-лифотви, и стари хотели, за десетина години, малото гратче со околу 10.000 жители се претвори во балкански Сент Мориц. За тоа придонесоа изградбата на голем број нови хотели и инвестицијата од 130 милиони евра во модерен ски-центар. Денеска Банско е најатрактивната зимска дестинација во Бугарија, но и во регионот, со скијачка сезона која трае речиси половина година.

    Од градот до скијачките терени може да се стигне со автомобил или со гондола. И за едното, и за другото се потребни околу 25 минути. Се разбира, возењето со гондола е многу поинтересно, но и поскапо. Билетот за едно лице чини десет евра.

    Кога се возите во гондолата или на некоја од жичарниците можете да чуете различни јазици, бидејќи Банско привлекува туристи од цела Европа. Најбројни се Англичаните и Русите, а не заостануваат ниту посетителите од соседните земји Македонија, Грција, Србија и Романија. Годишно Банско го потсетуваат над 600.000 туристи.

    Прекрасната природа и дивите планински предели наликуват на зимски пејсаж насликан од рацете на врвен сликар. Особено е импресивен погледот додека се возите на жичарницата кон највисоката скијачка патека, Бундерица, која се наоѓа на надморска височина од 2560 метри.

    А, потоа… Е потоа следува ново задоволство додека со брзина од педесетина километри на час се спуштате по одлично подготвените ски-терени. Нормално, следува загревање со кафе или чај, задоволство кое ќе ве чини од едно до две евра или пак освежување со пиво, за кое ќе треба да одвоите три евра. Вкупната должина на 16-те скијачки стази е над 75 километри, а цената на дневниот ски – билет чини 55 лева или околу 28 евра, па самите пресметајте дали е тоа скапо или евтино. Сепак ќе скијате на истите стази на кои скијала речиси целата светска елита во овој спорт, почнувајќи од Алберто Томба, Бојан Крижај, Херман Маер, Михаела Дорфмајстер, Ања Персон, Линдзи Вон…

    „Секој февруари светската ски елита ги испробува силите на патеката „Томба“, која името го добила по италијанската скијачка легенда Алберто Томба. Мештаните раскажуваат дека подготовката на стазата трае подолго од еден месец.“

    Од 2008 година во Банско се одржуваат натпревари во рамките на Светскиот куп во скијање – најпрестижното натпреварување во овој спорт. Секој февруари светската ски елита ги испробува силите на патеката „Томба“, која името го добила по италијанската скијачка легенда Алберто Томба. Мештаните раскажуваат дека подготовката на стазата трае подолго од еден месец. Ова е еден од најзначајните спортски настани во Бугарија, кој привлекува илјадници гледачи од земјата и од соседството.

    И на оние, кои не се по зимските спортови, нема да им биде здодевно. Во сите хотели има затворени или отворени базени, сауни, фитнес сали… Во Банско денес има околу 200 хотели, но сеуште интензивно се гради. Цените се различни и за еден полупансион се движат од 20 евра, па нагоре. Посебна атракција во Банско се популарните „механи“, гостилници во кои може да уживате во традиционални јадења и бугарска народна музика за прифатливи цени. Оние кои се расположени за поинаков вид забава можат да изберат помеѓу големиот број пабови, ноќни клубови и дискотеки.

    Посетителите од околните земји до Банско најчесто патуваат со автомобил. Од Скопје до Банско има околу 260 километри и се оди преку граничниот премин Деве Баир. Доколку не чекате на граница и временските услови се добри за возење, патувањето трае четири часа.

    Од Солун е малку поблиску и растојанието од 220 километри се минува за нешто повеќе од три часа. Туристите од Грција кон Банско патуваат преку граничниот премин Кулата. Од Истанбул до Банско има 573 километри и веројатно тоа е една од главните причини што таму речиси нема туристи од Турција. Посетителите од подалечните европски земји најчесто патуваат со авион до Софија, а потоа со автобус до Банско. Како и да патуваат, мислам дека сите си заминуваат со прекрасни спомени од скијачкиот центар, кој заслужено го доби епитетот „Скијачкиот дијамант на Источна Европа“ (The ski diamond of Eastern Europe).

    Мирко Трајановски

  • Продолжи да возиш, Дејане!

    Продолжи да возиш, Дејане!

    Интервју со Дејан Зафиров, човекот кој со велосипед извози 5.300 километри од Њујорк до Сан Франциско. Дејан пред пет и пол години ја изгубил левата нога и сега се движи со помош на протеза, но не ги заборавил своите соништа.

    Дејан на целта во Сан Франциско

    „Спортот не треба да биде пречка за лицата со физички недостаток…Физичкиот недостаток не треба да биде причина да заборавиме на нашите соништа”. Со оваа мисла младиот штипјанец Дејан Зафиров на 11-ти септември минатата година го започна големиот подвиг – со велосипед да извози од Источниот до Западниот брег на САД. Патешествието од Њујорк до Сан Франциско траеше точно два месеца. За, храброста, примерот што го дава на другите и успешно остварената цел, Зафиров доби признание од амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс. Сонот на Дејан почнал по кошмарот кој му се случил пред пет и пол години кога во несреќа при работа ја изгубил левата нога. Од тогаш се движи со помош на протеза. Хендикепот го мотивирал пред себе да ја постави целта: со велосипед да мине 24.000 километри на сите континенти. Од 2009 година до денес успеал да извози над 14.000 километри. Овој успех е поттик минатото лето да го организира првиот камп за млади луѓе со хендикеп, на кој тие имаат можност да спортуваат. „Всушност мојата главна цел е да ги поттикнам и да ги охрабрам тие млади луѓе да ги живеат своите соништа. Без тоа, моето возење би било залудно“, вели Зафиров во разговорот за Балкон 3. Ние силно го поддржуваме: „Продолжи да возиш, Дејане!“.

    Мирко Трајановски

  • Попова Шапка – вистински снежен рај

    Попова Шапка – вистински снежен рај

    И додека странците им се восхитуваат на природните убавини на нашата земја, завидувајќи ни на богатството што го поседуваме, ние „навидум сопственици на природните богатства“ не сме ни свесни што сé имаме добиено како наследство од нашите дедовци, и кое наследство потоа треба да го оставиме на идните поколенија. Не ги познаваме доволно, а уште помалку се грижиме за тоа како да ги заштитиме, и зачуваме убавините што ни се на дофат на раката, на пример најважниот скијачки центар на Македонија, Попова Шапка. Воздухот на оваа планина – рај  вреди повеќе отколку нејзиниот снег.

    Балкон 3 низ објективот ви ја пренесува атмосферата од еден прекрасен сончев викенд на Попова Шапка. Народ под сите очекувања. Жичарите, се само декор на прекрасната планина.

    Уживајте…

    Хусамедин Гина

  • Монастираки – историјата на Атина на дланка

    Монастираки – историјата на Атина на дланка

    „Ако застанете во центарот на плоштадот Монастираки и се свртите околу себе добивате потполна слика за минатото и сегашноста на Атина кои се видливи на тие неколку квадратни метри.“

    Сместен во срцето на градот Монастираки е уникатен спој на стилови, ери и култури, динамичен и постојано променлив, а сепак најмногу посветен на трговијата и дружењето. Ако застанете во центарот на плоштадот Монастираки и се свртите околу себе добивате потполна слика за минатото и сегашноста на Атина кои се видливи на тие неколку квадратни метри. Неодамна реставрираниот плоштад е поплочен со мозаик од мермер, камен и ковано железо кои ја симболизираат разновидноста на Медитеранот.

    Метро станицата (1895) била изградена за првата надземна линија која ги поврзувала градот и пристаништето Пиреа. Денес има новоизградена подземна линија која директно го поврзува Монастираки со аеродромот.

    „Првата метро станица во Атина била изградена во 1895 година.“

    Градежните работи на новата Метро станица (2004) беа особено комплицирани во овој дел од градот, поради тоа што линијата се вкрстува со реката Херидан, светата река на древните атињани. Во современа Атина Херидан е отворена само во внатрешноста на Керамикос, археолошкото наоѓалиште на антички гробишта. Течението низ внатрешноста на градот било изгубено, но сега повторно е пронајдено и мали делови се оставени отворени во новата станица и на самиот плоштад.

    Џамијата Цистараки (1759) е именувана по отоманскиот управител (војвода) со градот, но во минатото ја нарекувале Џами Като Синтриваниу (џамијата на долната фонтана) низ која течела реката Херидан. После реставрацијата во 1915 се користи како музеј за предмети од рачна изработка, а од 1975 е дом на една колоритна колекција на предмети од теракота од  Грција, Кипар, отоманската и современа Турција. Во внатрешноста се чуваат фотографии и податоци за уметниците и за историското значење на џамијата. Место кое навистина вреди да се посети. Под џамијата и на соседната улица се наоѓаат стари продавници на мајсторите за кожа кои на туристите им нудат и сувенири. Мал совет за посетителите: ценкањето околу цените овде е стандардна процедура па затоа обидете се да бидете што пољубезни…

    „Под џамијата и на соседната улица се наоѓаат стари продавници на мајсторите за кожа кои на туристите им нудат и сувенири.“

    Веднаш до џамијата се наоѓа страничниот ѕид од библиотеката изградена од Адријан во 132 г.н.е. Римскиот Император необично го привлекувала Атина. За време на неговото владеење древниот град бил збогатен со значајна инфраструктура, дел од која сè уште импозантно се издигнува во центарот на Атина. Библиотеката на Адријан била поврзана со римската Агора изградена од Јулиј Цезар во 10 г.н.е. која денес претставува археолошко наоѓалиште. Денес ги имаме остатоците од само еден ѕид и не е лесно да се замисли како изгледала во периодот на доцната отоманска империја. Прометен, полузатворен пазар за животни намирници, житарици, месо и риба, поставен на остатоците на некогашната библиотека заедно со византиска црква изградена среде нив. Старото име на ова место било Като Пазариа (долниот пазар). Но, откако Атина стана главен град на современа Грција (1835) пазарот бил затворен со цел ова историско место да им биде на располагање само на трговците со занаетчиски производи.

    „Дел од градбите кои ги издигнал римскиот император Адријан во ΙΙ век сеуште импозантно се издигнуваат во центарот на Атина.“

    Старите навики тешко умираат … можеби старата продавница за намирници која со години веќе стои на плоштадот воопшто не е случајност!

    Малата византиска капела од 10-от век посветена на Богородица Панатинаиса (Царица на Вселената) е единственото нешто останато од женскиот манастир кој егзистирал сè до добивањето на грчката независност. На негово место е денешниот отворен плоштад кој така го добил и своето име Монастираки (мал манастир). За време на француското владеење во XIII-от и XIV-от век, таа функционирала како римокатоличка капела во приватна сопственост на еден венецијански благородник.

    Салеп е омилениот топол пијалок на атињаните во текот на ладните зимски денови (и раните утрински часови кога гласот на продавачот гарантирано ќе ве разбуди), и така гласно се нуди што едноставно не можете да не го забележите. Овој продавач го истакнува своето потекло од Истанбул што го прави неговиот производ уште попривлечен, но всушност, тој е Сириец.

    Влезот од плоштадот кон улицата Митролеос води кон најпознатите ќебапчилници во Атина. Првата ќебапчилница ја отворил Савас, ерменски бегалец, во 1925, чие семејство и денес раководи со ресторанот. Всушност, атињаните се привикнале на вкусот на ќебапите по приливот на бегалци од Анадолија во 20-тите години од минатиот век. Ерменците во Атина се познати како најдобри готвачи на лахмачун (мелено месо, домати, магдонос и зачини испечени на арапски леб) и сите јадења од пастрма (зачинето, сушено говедско) како што е вкусната пита Кесарија (името го добила по турскиот град). Питата се прави со тенки кори во кои се ставаат тенки парчиња говедско, свежи домати и кашкавал. Савас сè уште ги нуди овие деликатесни јадења на своето мени.

    „Првата ќебапчилница во Атина  ја отворил Савас, ерменски бегалец, во 1925 година.“

    Грчката верзија на ќебапот е наречена суфлаки и претставува најпопуларна и најевтина брза храна. Едноставно мора да пробате ќебапи како што се овие. Најчесто се служат завиткани, но на Монастираки може да побарате отворени – ќебапи на грчка пита со домати, магдонос и кромид. Ако планирате состанок после оброкот, избегнете го кромидот и додатокот цацики (сос од лук и кисело млеко). Барем така сите велат, да не се разбереме погрешно. Совет: шиш-ќебап (каламаки) и донер-ќебап (гиро) вообичаено се прават со свинско или пилешко месо со истиот избор на додатоци. Уште еден совет: оваа терминологија и состојки важат само во Атина… Не нарачувајте суфлаки на ваков начин во Солун (ќе ги збуните).

    На најтивкото место се наоѓаат бетонски згради во стилот кој преовладува во Атина под влијание на градежната легислатива од 60-те. Денес, деловните канцеларии, продавници и банки се затворени и единствено опстојува еден ланец продавници.

    Оваа модерна зграда од 30-те години од минатиот век неодамна беше реставрирана (за волја на вистината не баш успешно) и претворена во хотел со тераса која се промовира како место кое го има “најубавиот поглед во Атина”. Можеби изјавата е малку претерана со оглед на тоа што постојат места со подобар поглед кон Акропол, но сепак е убав (погледнете ја насловната фотографија).

    Оваа куќа во Атина, која во моментов се реставрира, е типичен примерок од неокласичниот стил. Неокласичните градби може да се забележат во многу населби низ Атина, особено во центарот на градот, и претставувале статусен симбол на буржоазијата која го акумулирала својот капитал по независноста на Грција во 1830.

    Последно, но не и најмалку важно: пазарот за стари работи. Влезот од улицата Ифесту го обележува постојаното присуство на оваа старица која продава печени костени или блага пченка во летните месеци. Атињаните го нарекуваат овој пазар Јусурум според добро познатиот сопственик на еврејската антикварница. Овој назив е толку длабоко вкоренет во секојдневниот урбан говор што го инспирираше Николас Асимос, култна фигура од атинската андерграунд сцена од 80-те, да создаде цинична песна за тоа како човечките вредности се продаваат за профит.

     

    Улицата Ифесту е популарно место за купување облека на старо,  вклучувајќи ги секогаш модерните војнички униформи и американскиот пазар каде се продаваат стара но вредна облека и модни додатоци. Патики и фармерки, знамиња на држави и спортски клубови, грчка традиционална уметност и накит, индиска облека и артефакти, монистра и материјал за изработка на накит, опрема за велосипедисти и кампување, секаков вид на маици (почнувајќи од Че Гевара па сè до Ајрон Меиден и многу други) се изложени пред малите продавници кои се појавиле во средината на XIX-от век. Цените се ниски па затоа местово никогаш не изгубило популарност, особено кај помладата популација.

    Во малите странични улички се кријат извонредни продавници за грамофонски плочи. Колекционерите можат да пронајдат стари плочи со добар квалитет и ретки изданија кои се нудат по многу прифатлива цена. Сопствениците се вистински познавачи на џез, соул, рок и поп музиката, особено се услужливи и може да им верувате на изборот. Захариј е најуспешниот од нив кој со текот на времето ја проширил својата продавница низ еден цел пасаж.

    „Во малите странични улички се кријат извонредни продавници за грамофонски плочи.“

    D.J. V и Јусурум Бенд – име на локална продавница за грамофонски плочи кое кажува сè…

    Малку подолу улицата излегува на плоштадот Ависиниас каде било предвидено да се изгради простор за јавно наддавање. Но, денес ќе најдете антикварници и занаетчиски продавници каде се поправа стар мебел и се произведуваат копии на мебел од старите атински домови. Главно обележје на ова место се таканаречените узо и мезе барови каде за време на викендите во попладневните часови традиционалната храна ја придружува веселата музика на еден исклучителен ромски бенд. Во текот на летните ноќи луѓето претпочитаат да се собираат во инди-поп барот од спротивната страна, да седат надвор  помеѓу затворените продавници за мебел, а одвреме навреме и помеѓу парчиња стар мебел, дабови плакари цврсто врзани со ланец.

    „Плоштадот Ависиниас е познат по антикварниците за мебел, но и по узо и мезе баровите.“

    На крајот на улицата Ифесту имате избор да свртите десно кон просторот за продавање стари книги, или лево кон црквата изградена во IX-от век и посветена на свети Филип, каде камбаните бијат за попладневниот домашен сладолед кој лично го прави еден доселеник Италијанец.

    Можете да се вратите до плоштадот Монастираки по улицата која се движи паралелно со старата метро линија, да се одморите во некое од многубројните кафулиња и да уживате во погледот на античката Агора, значајно обележје од класичното атинско демократско уредување. Помеѓу дрвјата се забележува Тисио, храм кој бил изграден во времето на Перикле во 416 г.п.н.е. во чест на богот Хефест, заштитник на занаетчиите.

    И покрај тоа што Монастираки е под влијание на тешката економска ситуација која го осиромашува главниот град, сепак останува мала оаза на трговијата во градот. Ова обележје на обичните луѓе и работничката класа цврсто се одржува на плоштадот и во пасажите, успевајќи и понатаму да опстои.

    Софија Николау

  • „КОЦКАТА” во Гевгелија одамна е фрлена!

    Казина, заболекари, очни лекари, евтин пазар. Ова се причините поради кои грчките граѓани во последните неколку години се одомаќинија во Гевгелија и уште неколку други градови на југот од Македонија, Битола, Струмица… Тие се повеќе од добредојдени, за среќа и задоволство и на двете страни, и на странските муштерии и на домашните стопанственици и лекари.

    Гевгелија се наоѓа на 3 километри од грчката граница и на само 70 километри од Солун. Со околу 16 000 жители овој град во моментов е рекордер по вработеност во Македонија со околу 20% невработени.  Овој процент е  пред се поради отворањето на повеќето казина и хотели во градот, како и малите мешовити компании со странските партнери, најчесто грчки државјани.

    Казината се посебен белег на Гевгелија во последните 30 години.  Иако порано важеше за земјоделски крај, сепак денес многумина ја препознаваат како македонскиот Лас Вегас.  “Коцката” одамна е фрлена во Гевгелија. Првиот хотел-казино е отворен во 1987, во центарот на градот, хотелот Југо со казиното Аполонија.

    Тие имаат и организиран превоз од Солун до граничниот премин Богородица, каде ги чекаат шофери од казината да ги однесат на уште една партија покер, блек џек или рулет, но и на бесплатно јадење и пиење. Во време на светска економска криза, но и на порастот кризата во Грција, бројот на гости во казината варира , па казината се принудени и со големи награди и забави со ѕвезди од грчката естрада, да ги привлечат гостите од соседна  Грција.

    Денес во Гевгелија работат уште 2 големи хотели со казина: Фламинго и Принцес, како и уште неколку помали казина и неколку елкектронски казина.  Најчестите  гости во казината се грчките државјани од северниот дел на Грција, како и случајни минувачи низ Гевгелија, на пат кон или од Грција. Во последните неколку години е забележан пораст и на македонските државјани кои ги посетуваат казината.

    Крајот на 80 тите, казината беа најчестата причина низ Гевгелија да сретнете Грци или по гевгелиските улици да сретнете автомобили со грчки таблички. Денес сликата е сосема поразлична, грчките автомобили ќе ги сретнете речиси низ сите улици во градот.  Најмногу ги има во четврток, кога е пазарен ден во Гевгелија.

    Грчките државјани се многу чести пациенти кај гевгелиските стоматолози, чести гости по гевгелиските кафеани, како и по салоните за нега и разубавување, по супермаркетите, но сепак приматот сеуште го држат казината.

    Кога шетате низ Гевгелија за момент може и да помислите дека сте ја преминале грчката граница, имено гевгелиските дуќанџии, доктори, хотелиери се обидуваат на секој начин да ги привлечат гостите од соседна Грција, дури и со натписите на нивните дуќани, ординации, хотели, како и патоказите  до нив напишани на  грчки јазик .

    Зиме, грчки  туристи исто така може многу често да сретнете и на ски центарот Кожуф, кој е оддалечен на два часа возење од Солун. Ски центарот е атрактивен за грчките скијачи , како за обичните, така и за оние кои се вљубеници во екстремното скијање… Во летниот период, ловиштата на Кожуф и околните планини се исто така атрактивни за  грчките ловџии, кои ги има во се поголем број.

    Од погоре напишаното, но и од самите гевгеличани може да се заклучи дека кога постои заеднички интерес, ниту спорот со името, ниту предрасудите од минатото не можат ништо. “Коцката” уште долго ќе се тркала во Гевгелија, а гостопримливоста на гевгеличани ветува дека не само грчките , туку сите добронамерни гости се добредојдени во  Гевгелија, град чие име потекнува од турките зборови “gel geri”, во превод – ела назад, зборови зад кои стојат гевгеличани со  надеж дека секој кој еднаш бил во Гевгелија ќе сака повторно да дојде.

    Јордан Дуков