Театарот е мојот мост меѓу Скопје и Истанбул

Written by

in

Кога би фрлиле поглед на листата на актери што играат во претставите на Турскиот театар од Скопје, едно име за момент ќе ве збуни. Меѓу сите турски имиња и презимиња, името на Македонката Билјана Јовановска секако е невообичаено. Сепак и оваа актерка има врска со Турција. Нејзиниот татко Ѓоре Јовановски бил фудбалер, а подоцна и тренер во оваа земја (играл во тимовите Ankaragucu и во Samsunspor), па така и Турција станала нејзина љубов и судбина.

biljana - balkanot

За да го усоврши јазикот се запишала на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, а веќе неколку години е дел од ансамблот на Турскиот театар.
Турција е дел од мене уште од моето раѓање. Поради работата на татко ми, често се преселувавме на релација Македонија-Турција, така што паралелно израснав со двете култури и двата јазика. Кога решив да се запишам на ФДУ, природно ми дојде да конкурирам во турската класа, со цел да напредувам во јазикот – вели Јовановска.

biljana - zad scena na balchak

Додава дека ја сака мелодијата на турскиот јазик и оти кога оди во Турција, поради нежноста на јазикот, станува друга личност.
-Ги сакам школките што ги продаваат на секој чекор и кои можеш да ги јадеш стоејќи. Го сакам турскиот чај. Ме фасцинира ведрината на луѓето на улица – вели Билјана.

biljana - do balchak

Дипломирала во јуни 2011 кај професорот Елјеса Касо, со претставата „Долго патување во ноќта“. Денес врската со Турција не ја одржува само преку секојдневните проби и претстави во театарот во Старата чаршија во Скопје туку и преку глумење во турски серии.
– Со снимањето на „Збогум Румелија“ и „Последно лето на Балканот“ се стекнав со дисциплина да можам да станам во 6 часот и да бидам подготвена за снимање, без разлика каква вечер сум имала. Се научив брзо да учам текст, зашто сериите се снимаат со светлосна брзина и мораш да се приспособиш ако сакаш подолго време да си дел од тоа – завршува Билјана.

Сребра Ѓорѓијевска